18. Спомен-ден на создавањето

18. Спомен-ден на создавањето

1. Христос – Творец на светот

Библијата почнува со Христа, а Христос е „уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде Земјата“ (Изреки 8,22.23). Христос е Творец на светот, Тој ја создал земјата и ѝ го поставил „аголниот камен“ (Јов 38,6). Библијата сведочи дека „преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо… Тој е пред сѐ, и сѐ во Него стои“ (Колошаните 1,16,17). Христос е најголемото откровение на Библијата и врховен Господар на световите. Нему му должиме сè. Набљудувајќи го нашиот свет од најголема близина, како Бог, и како човек меѓу луѓето, Христос се прашува зошто е „понижен меѓу нив“? Самиот Тој нашол и одговор: „Од саботите Мои ги покриваат очите свои, и Јас сум понижен меѓу нив“ (Езекиел 22,26). Саботата е спомен-ден на Христа и на создавањето, ден со кој му се укажува чест нему како Творец.

Еден од праведниците во Библијата, патријархот Јов, се прашувал: „Покажете ми во што сум згрешил“ (Јов 6,24). Својот одговор Христос го започнал како Бог-Творец со прашањето: „Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? – кажи, ако знаеш“ (Јов 38,4). Клучно прашање за секој човек е прашањето за неговото татковство, за потеклото и за името. Најдлабоки прашања што се поставуваат во Библијата се прашањата за Творецот на светот. Сам Христос во дијалогот со Јов веднаш се претставил како Творец на светот. Сè што е создадено има свој почеток, но не и Христос, кој како Бог-Творец нема почеток.

Библијата го огласува почетокот на нашиот свет и на луѓето им ги открива нивните должности. Во неа се наоѓа и Христовиот дневник за создавањето на нашиот свет. Своето чудно будење земјата го почнала со расветлување на „темнина над бездната“ оној миг кога Христос рекол: „Нека биде светлина!“ (1. Мојсеева 1,2.3). Кога станал човек и живеел на земјата, Христос изјавил:

„Јас дојдов како светлина на светот, за ниеден кој верува во Мене да не остане во темнина“ и „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“

Создавајќи ја светлината, Христос го создал денот – својот прв работен ден на земјата. Уште во првиот ден од создавањето Тој сторил чудо што на луѓето не можат да му го објаснат ниту сите векови на вечноста! Делото е запишано, но научното толкување изостанало. Првиот ден почнал со темнина, но осамнал со утро и траел сè до новата вечер. Неговиот завршок е одбележан со зборовите: „И настапи вечер, и настапи утро – прв ден“ (1. Мојсеева 1,5).

Христовата работна седмица почнала со првиот, а завршила со шестиот ден од создавањето на светот. Толку величествено кусиот период на создавањето на светот имал достојно концизен и возвишено едноставен краток дневник, а сепак во него шест пати се повторува суштествениот и значаен извештај дека секој ден имал своја вечер и свое утро. И кога четвртиот ден е создадено сонцето и пуштено во работа, дневникот на секој следен ден се завршува на ист начин како и претходниот, со исти зборови. Деновите на создавањето биле денови како денешните, од дваесет и четири часа, од дневен и ноќен дел. Денот на создавањето не бил ден од илјада години на светлина и сончева горештина, ниту ноќта од илјада години на темнина и мраз за да смрзне сето она што би го спржил денот! Не! Во Библијата нема ниту трага од некакво Божје експериментирање со светлината, нема преодни облици на животот. Она што Христос би можел да го стори за време од илјада години, може да го стори и само за еден обичен наш, и свој работен ден. Библијата прашува: „Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Бог, Кој ги создал краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е неиспитлив“ (Исаија 40,28).

2. Седмиот ден – седми дел од седмицата на создавањето

Библијата јасно кажува: „Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина“ (2. Мојсеева 20,11). Потоа, Господ Исус Христос го ставил човекот на проверка. Дури имал и време за миг да констатира дека „сето она што го создаде е многу добро. И настапи вечер, и настапи утро – шести ден“ (1. Мојсеева 1,31). Ние луѓето не можеме да го разбереме Бога со нашиот ограничен човечки разум. Но, со „верата која дејствува преку љубовта“ ние можеме да го примиме откровението кое Бог лично ни го дава. Библијата вели: „Преку верата разбираме дека вековите се создадени со Божји збор и дека од невидливото произлегло видливото“ (Евреите 11,3). Човекот кој се потпира на својот разум сака веднаш да ги дознае нештата и не може да чека. Оној, пак, кој со вера се потпира на ветувањата дадени во Библијата, ќе прими Божје откровение. Еден ден ќе види „што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло“ (1. Коринќаните 2,9).

Библијата продолжува да нè восхитува со Христовата семоќ. Со небесна ведрина таа зборува: „Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде“ (1. Мојсеева 2,2). Еден нов свет запловил во вселената пред восхитените вселенски набљудувачи. Создавањето било завршено, работата прекината, но не се разотишле ниту ангелите, ниту претставниците на вселенските светови, ниту Христос! Творецот требало да го втисне својот творечки печат на своето ремек-дело. За седмиот ден на создавањето Библијата зборува како за печат или знак. Тоа е авторскиот знак на Христос, Творецот и Откупителот на светот. Еве ги Христовите зборови:

„Празнувајте ги Моите саботи за да бидат знак меѓу Мене и вас, па да знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог.“

Во Христовата сликарска галерија седмиот ден е изложбен ден во кој „она што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божественост, согледливи се уште од создавањето на светот, гледано според Неговите дела, па така тие немаат изговор“ (Римјаните 1,20).

Седмиот ден е спомен-ден на Христовата починка, на творечката сила и на неговата светост со која го посветува човекот и го преобразува во Негов лик. За тоа Библијата со свечен глас зборува: „И си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде“ (1. Мојсеева 2,2.3).

Така седмиот ден станал ден на сеќавање на Божјето шестдневно создавање на светот, на неговата починка, ден на неговиот благослов и посветување, на неговата моќ и сила преку која со збор ги доведува во постоење световите и го посветува за себе сè она што го создал. Сеќавањето на Христа како Творец на светот е овековечено со седмиот ден, со денот на неговата починка. Со заоѓањето на сонцето зад Едем, започнувала саботата, односно починката, седмичното славење, празникот на Творецот, празникот што Тој му го подарил на човекот како свој син. Со стивнувањето на дневната светлина започнувало рајското празнување кога „ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост“ (Книгата за Јов 38,7).

3. Заповед за седмиот ден во Законот

Прв нов ден на човекот на земјата бил седмиот ден – сабота – славен ден на радост, среќа и блаженство, ден на собирање на Христовото семејство, како на небото така и на земјата. Седмиот ден станал светлосна алка меѓу Христа како Творец и човекот како ремек-дело на неговата творечка вештина и моќ. На тој начин, седмиот ден, како знак на вистината за потеклото на човекот и на Христовата творечка сила, влегол и во Законот со кој Христос како Бог го регулирал човековиот однос кон себеси како Творец и човековиот однос кон човекот.

Адам го празнувал рајскиот ден на сеќавање на Творецот и тогаш кога по гревот изградил изгнанички дом крај Едемската градина. Седмиот ден бил ден на посебна утеха, посебна свеченост и расположение. Членовите на целото прво семејство ги слевале своите гласови во химните што ги понеле од Едем. Тој ден им се чинело дека се враќаат назад во изгубениот дом.

Од Адам до Авраам, сите патријарси го празнувале седмиот ден, возвишувајќи го Христа како свој Творец. Сам Христос како Бог рекол за Авраам: „Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои“ (1. Мојсеева 26,5). За првпат Христос на неговите потомци им го дал својот пишан Закон од десет свети заповеди во чијашто средина четвртата заповед била наредба за седмиот ден, поставена тука со цел и понатаму да биде светла алка меѓу Бога и човекот. Лично Христос како Бог, со својот огнен прст ги врежал на камени плочи следните зборови:

„ПОМНИ ГО САБОТНИОТ ДЕН, ЗА ДА ГО ПРАЗНУВАШ. ШЕСТ ДЕНА РАБОТИ, И ВРШИ ГИ ВО НИВ СИТЕ СВОИ РАБОТИ; А СЕДМИОТ ДЕН Е САБОТА ГОСПОДОВА, ДЕН НА ТВОЈОТ БОГ; ТОГАШ НЕМОЈ ДА ВРШИШ НИКАКВА РАБОТА, НИ ТИ, НИ СИНОТ ТВОЈ, НИ ЌЕРКАТА ТВОЈА, НИ СЛУГАТА ТВОЈ, НИ СЛУГИНКАТА ТВОЈА, НИ ДОБИТОКОТ ТВОЈ, НИТУ ПРИДОЈДЕНИОТ, КОЈ СЕ НАОЃА КАЈ ТЕБЕ. ЗАШТО ЗА ШЕСТ ДЕНА ГИ СОЗДАДЕ ГОСПОД НЕБОТО И ЗЕМЈАТА, МОРЕТО И СЀ ШТО Е ВО НИВ; А ВО СЕДМИОТ ДЕН СИ ОТПОЧИНА: ЗАРАДИ ТОА ГОСПОД ГО БЛАГОСЛОВИ СЕДМИОТ ДЕН И ГО ОСВЕТИ.“

Сабота како седми ден излегла од Едем и како седми ден на седмицата неизменета дошла до Синај. Понатаму, својот пат до вечноста саботата го продолжила и го продолжува врежана со Божји прст во камен. Четириесет години е врежувана во срцето на Авраамовите потомци како „ден за одмор посветен на Господ“ (2. Мојсеева 16,23). Христос како Бог им зборувал: „Пазете ги душите свои и не носете товар во саботен ден“ (Еремија 17,21). Саботата од рајот, како знак на Божјиот лик во човекот, својот од го продолжила и низ пустината како знак на Христовата сила која посветува, сила со која го обновува својот лик во грешниот човек.

4. Христос – Творец и на човекот и на саботата

Посветувањето значи обновување на Христовиот лик во човекот уште овде на земјата, и целосно преобразување во бесмртна слава при второто Христово доаѓање. Саботата е знак на Христовите следбеници, знак на нивното ново раѓање и облекување во нова природа, во Христовиот карактер. Таа исто така е знак на нивната послушност и посветеност на својот Творец – Бог, документ дека му припаѓаат на Христа. Бог рекол во Библијата: „Јас им ги дадов моите саботи како знак меѓу мене и нив, за да знаат дека јас сум Господ кој ги посветувам… Празнувајте ги моите саботи; тие нека бидат знак меѓу мене и вас, за да се знае дека јас сум Господ, Бог ваш“ (Езекиел 20,12.20).

Христос го создал човекот и му ја дал саботата како непроценлив дар, ден кога тој ќе може да има посебна заедница со својот Творец. Кога човекот паднал во грев, Христос ја прифатил задачата во човекот да го пресоздаде и обнови Божјиот лик. За тоа ново создавање Библијата кажува вака: „И така, кој е во Христос, тој е ново создание“ (2. Коринќаните 5,17). За новородениот Христов верник, седмиот ден добива уште поголемо значење. Саботата го потсетува дека тој е Христова своина на два начина: со создавањето и со откупувањето.

Исус Христос е Бог „вчера, и денес, и во вечни векови“ (Евреите 13,8). Кај Него „нема промени, ниту сенка од измена“ (Јаков 1,17). Авторот не го брише својот авторски знак од своето ремек-дело! Христос како Бог немал причина да го избрише седмиот ден од својот дневник на создавањето. Напротив, Тој имал причина уште повеќе да го издигне како знак дека Тој е Творецот и вистинскиот сопственик на светот, зашто луѓето биле тие кои „кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија“ (Римјаните 1,21).

Кога Христос дошол на светот како Бог во тело, Тој како човек својот живот го ставил во смртна опасност затоа што својот ден за починка почнал да го ослободува од традициите и човечките обичаи. Саботниот ден го ослободил од фарисејското лицемерство, лекувајќи ги парализираните, слепите, куците, „зашто од него излегуваше сила и ги лекуваше сите“ (Лука 6,19). Саботата била знак на создавањето; седмиот ден бил создаден за добро на човекот, духовно да му го збогати животот овозможувајќи му посебна заедница со својот Творец, да му создаде радост, да му донесе здравје и мир. Правејќи Божји дела и одржувајќи го животот, Христос дал пример како да се празнува саботата: „Во сабота е допуштено да се прави добро“ (Матеј 12,12). Доброчинствата се дела и на човечкото и на божественото милосрдие. Христос, Творецот на човекот и на саботата, рекол:

„Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата. Па така, Синот човечки е господар и на саботата“ (Марко 2,27).

Исус Христос на седмиот ден му го вратил неговиот вечен сјај како златна алка во Законот меѓу Бога и човекот. Некогаш Едемската градина, а сега храмот станал место за саботен семеен состанок меѓу Бога и луѓето. Бог рекол во Библијата: „Во шесте дена да работите, а седмиот ден е сабота – ден за одмор, свето собрание“ (3. Мојсеева 23,3). Она што го правел Христос во своето детство, го правел и како возрасен. Библијата пишува: „И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па стана да чита“ (Лука 4,16). Седмиот ден е Христов празник, радосен празник за секое семејство.

Необична е историјата на последниот Христов ден пред воскресението. Кога умрел „тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше“ (Лука 23,54). Уште пред почетокот на седмиот ден, Тој бил положен „во гроб издлабен во камен, во кој уште никој не беше положен“ (стих 53). Според законот за саботниот ден, Христос почивал во мир и во гробот. Жените кои донеле разни мирисни масла за да го полеат Христовото тело, „во саботата одмараа според заповедта? (стих 56). Со својата смрт Христос не го укинал Законот ниту пак го осквернил седмиот ден на својата починка. Напротив!

Четириесет години по Христа, првите христијани празнувале сабота и се молеле на Бога „бегањето… да не стане зиме или во сабота“ (Матеј 24,20). На Маслинската гора Христос на своите ученици им рекол дека Ерусалим ќе биде разурнат и дека треба да се молат да побегнат од него пред да настапи сабота за во саботата „да одмараат според Законот“. Историјата сведочи дека Бог ги примил нивните молитви.

5. Седмиот ден – потсетник на Творецот

Праведниот Јов не знаел во што грешел и молел тоа да му биде откриено. Му одговорил сам Бог, Исус Христос. Лично Бог бил гласник и толкувач на својата Реч и на Законот. И денеска, Тој лично му зборува на секој човек: „Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш, – тогаш ќе имаш радост во Господ, а Јас ќе те искачам на височини земни и ќе ти дадам да вкусиш од наследството на Јаков, твојот татко: устата на Господ го изрече тоа“ (Исаија 58,13.14). Земните височини всушност се небесните долини.

Ако досега во нашата средина Христос бил „без чест“, време е да му укажеме чест како на Творец на небото и земјата со тоа што ќе ја празнуваме саботата според зборовите на Библијата:

„Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори“ (Откровение 14,7).

Уште од времето на првата апостолска црква, апостол Павле ни порачува: „Но, за народот Божји сѐ уште останува саботна починка. Зашто, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од Своите“ (Евреите 4,9.10).

А кога еднаш поминливоста ќе се замени со вечноста, тогаш Божјиот народ „од сабота во сабота“ (Исаија 66,23) ќе доаѓа да му се поклони на Христа, на својот Творец и Откупител. Дали сакаме и ние да бидеме на тој „свет собор“?

Кратка содржина на лекцијата

  • Знак на Божјата власт над светот е сабота, седмиот ден уште од создавањето на светот.
  • Со законот за седмиот ден во четвртата заповед Христос се прогласил за Творец и Господар над светот.
  • Христос како Бог го исполнил законот за празнување на седмиот ден на седмицата, одморајќи се лично во тој ден и изделувајќи го со тоа од останатите денови во седмицата со посебен благослов и посветување.
  • Сабота како седми ден е спомен на Творецот и на создавањето; знак на Христовата слава, на неговата сила и чест меѓу луѓето.
  • Сабота е ден на сеќавање на „вечната Негова (Божја) сила и Божественост“ (Римјаните 1,20).
  • Саботната починка настапува на крајот од шестиот ден во седмицата (во петок) „од вечер до вечер“ (3. Мојсеева 23,32).
  • Христос и како човек на земјата го празнувал седмиот – саботниот ден – „според заповедта“ (Лука 23,56). Саботата е непроменлив „свет ден Господов“ (Исаија 58,13).
  • Четириесет години по Христовото вознесение, Христовите апостоли и ученици празнувале сабота и, според Христовата наредба, се молеле за слободно саботно празнување.
  • Со својот пример и заповед, Христос и неговите апостоли сведочеле дека за „народот Божји сѐ уште останува саботна починка“ за да може да се одмори од своите дела и да стапи во посебна и благословена заедница со Бога во саботниот ден (Евреите 4,9.10).

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.