14. Библијата за здравјето

14. Библијата за здравјето

1. Библијата, исхраната и моралот

Библијата не е медицински учебник, но сепак нејзиниот Автор е лекар. Таа не се занимава со дијагностика, но сепак зборува за здравјето и болестите, за животот и смртта. Нејзиниот Писател рекол за себе: „Јас сум Господ, твојот исцелител.“ Тој располага со такво знаење, со таква способност и сила, што со право кажал: „Нема да ти пратам ниедна од болестите, што ги пратив над Египет“ (2. Мојсеева 15,26). Мирно и убедливо рекол:

„Синко, не заборавај ја поуката моја и срцето твое да ги чува заповедите мои; зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир“ (Мудри изреки Соломонови 3,1.2).

Всушност, целата Библија е напишана само со една цел што се содржи во желбата и поздравот упатени до секој човек: „Возљубен, се молам да бидеш здрав и во сѐ да ти биде добро, како што ѝ е добро на душата твоја“ (3. Јованово 1,2). Во неа се наоѓа илјадагодишното искуство на оние на кои нејзините совети им биле живот и „здравје за целото тело“ (Мудри изреки Соломонови 4,20-22).

Библиската катедра по медицина и денеска би можела да се постави пред сите поклоници на вистината, на животот и здравјето, зашто паралелно со најсовремената медицинска наука, таа учи за човечката физичка, интелектуална и емоционална природа како целина, не правејќи вештачка разлика меѓу телото, духот и душата. Библијата е наука на најголемиот Лекар, на Исуса Христа, за лекување на целиот човек. Таа изјавува: „И целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок за доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос“ (1. Солуњаните 5,23).

Пред сите, Библијата го објавила законот на причината и последиците, тврдејќи дека никој не може неказнето да им се подбива на божествените закони на физиологијата и биологијата: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6,7). Непознавањето на здравствените закони никого не го изделува од последиците на престапот. Единствен пат кон оздравување Библијата гледа во отстранувањето на причината за болеста и страдањето. Исус, Лекарот над лекарите, исцелувајќи еден болен, му го кажал и начинот како да остане здрав: „Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо!“ (Јован 5,14)

Уште од најраните времиња Библијата зборува за правилната и неправилната човечка исхрана, како и за нејзиното влијание врз религијата, врз човечкото однесување кон Бога, кон самиот себеси и кон другите. За важноста на влијанието што го врши исхраната врз моралот, Библијата концизно го кажува следното:

„И така било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1. Коринќаните 10,31).

Нејзе и неумереноста ѝ е туѓа како и аскетизмот. Како Божја своина, како негов свет храм, стан на неговиот Дух, човечкото тело заслужува соодветно внимание и нега. Библијата кажува: „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе?“ (1. Коринќаните 6,19).

Никој не може да каже каде престанува телото, а каде започнува интелектот, но секој знае дека внесувањето на алкохолни пијалаци може силно да влијае врз моралното однесување. Исто така умот може да се наруши со некоја душевна пренапрегнатост, а телото да страда поради болеста. Духовната природа може да се унижи со јадењето, чувствата да се поматат со пиењето, и целиот човек да се понижи и извалка. Библијата сликовито изнесува пример на четири момчиња кои добро го познавале влијанието на храната и пијалаците врз духовниот напредок, врз физичкото здравје и врз моралните ставови. Еден од нив ја изразил одлуката на сите: „Даниел науми да не се осквернува со јадењето од царската трпеза и од виното што го пиеше царот, па затоа го замоли началникот на дворјаните да не го принудува да се осквернува“ (Даниел 1,8). Од тој ден, овој млад човек, во тоа време сè уште момче, почнал да се издигнува на вавилонскиот двор сè додека не станал прв министер во таа огромна империја и претседател на највисоката институција на таа земја. Него го познаваме како пророк Даниел. Тој мудро и решително ги одбил нечистите јадења и пиења од незнабожечката царска трпеза, заменувајќи ги со лесно вариво и со чиста вода. На десеттиот ден од овој експеримент, резултатот им се читал на лицето: „По десетте дена лицата нивни изгледаа поубави, а и телесно беа пополни од сите оние момчиња, што се хранеа со царските јадења“ (стих 15).

За успехот што го постигнал Даниел, придржувајќи се кон библиските принципи за исхраната и однесувањето, сведочат овие зборови од устата на една царица, мајката на последниот вавилонски цар Валтазар: „Во царството твое има човек, во кого е духот на Светиот Бог; во деновите на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост како мудроста на боговите и царот Навуходоносор, твојот татко, го постави како управник над јасновидците, волшебниците и гледачите, бидејќи во него, во Даниел, кому царот му го промени името во Валтазар, се најде висок дух, знаење и разум способен да толкува соништа, да толкува загадочни работи и да разјаснува тајни“ (Даниел 5,11.12).

Примерот на Даниел во Библијата не е осамен. Долгиот живот, добрите години и мирот, се во тесна врска со послушноста кон моралните и здравствените принципи на Библијата. Еден од првите здравствени принципи е забраната на употреба на алкохолни пијалаци.

2. Влијанието на алкохолните пијалаци врз разумот и однесувањето

Алкохолот е еден од најраспространетите „лекови“ на планетата Земја. Тој уништил милиони луѓе. Не само што им штети на оние што го користат туку тој го зема својот данок од целокупното општество – во разорените домови, смртните случаи и несреќи и сиромаштијата.

Бидејќи Бог комуницира со нас преку нашиот ум, добро е да се запамети дека алкохолот има штетно влијание врз сите негови функции. Пиењето алкохол предизвикува губење на меморијата, намалување на здравото и рационално расудување како и на способноста за учење, помнење и проценување. Во таква состојба човекот станува помалку свесен за своите постапки и потешко ги контролира. Како што се зголемува нивото на алкохол во организмот, така и оној што пие постепено ја губи координацијата, запаѓа во состојба на збунетост, дезориентација, безволност, кома па дури и смрт. Затоа Библијата посебно нагласува:

„Вино и други алкохолни пијалаци да не пиете, ти и синовите твои… за да можете да распознавате што е свето, а што не е; и што е чисто, а што не“ (3. Мојсеева 10,9.10).

Може ли човек во пијана состојба, под дејство на алкохол, да ги распознава моралните принципи што го прават човекот човек? Дејството на алкохолот врз мозочните клетки и центри и денеска, како и во оние одамнешни времиња, е исто. За жал, употребата на жестоки алкохолни пијалаци во голема мера е засилена. Алкохолот ги парализира најделикатните центри на мозочната кора што го регулираат човековиот став кон околината и ги отстранува сите морални кочници. Блудното и насилничко однесување најчесто е резултат на дејствувањето на алкохолот.

Денеска научните собири го известуваат светот дека и „онаа вообичаена чашка во семејниот круг или меѓу пријателите, немилосрдно ги уништува важните клетки на мозокот“, и дека примамливоста предизвикана со алкохолот не е ништо друго освен „миг во кој умираат мозочните клетки, најмалку десет илјади драгоцени клетки на мозочното ткиво“ (Дваесет и осми итернационален конгрес за алкохолот и алкохолизмот).

Библијата не погрешила, иако на овој начин не ја формулирала својата уредба за забрана на алкохолниот пијалак воопшто, а особено на идните мајки. Библијата зборува за пренаталната хигиена и исхрана со векови пред да се појави каков било медицински учебник. Еве ги нејзините совети за сите идни мајки: „Нека не пие вино и друг алкохолен пијалак, да не јаде ништо нечисто и да внимава на сѐ што ѝ заповедав“ (Судии 13,14).

Придржувајќи се кон овие небесни одредби за храната и пиењето, Самсоновата мајка добила син, кој во голема мера бил способен за соработка со Господовиот Дух. Библијата вели: „И жената роди син и го нарече со името Самсон. И детето растеше, и Господ го благословуваше. И Духот Господов почна да дејствува во него“ (Судии 13,24.25).

Кога пораснал, Самсон бил млад човек со необична сила и со големи умни способности. Во еден судир со млад лав, Самсон со голи раце го растргнал, зашто „Духот Господов слезе врз него, и тој го раскина лавот како јаре; а во раката негова немаше ништо“ (Судии 14,6).

Во најтешките мигови од својот земен живот, Исус верно се придржувал кон начелото што забранува употреба на алкохолно вино. Тоа начело самиот Тој го објавил во Библијата. Распнат на крст, одбил да го пие алкохолното вино што му го принеле римските војници. Библијата зборува за тоа: „И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница, Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие“ (Матеј 27,33.34). Исус Христос ја потврдил важноста на заповедта што е дадена уште во Стариот завет: „Вино и други алкохолни пијалаци да не пиете, ти и синовите твои…“

Библијата во коренот ја сече потрошувачката на алкохолните пијалаци, забранувајќи го нивното производство. Таа истакнува: „Како што во гроздот има сок, и велат не го повредувај, зашто во него има благослов“ (Исаија 65,8). Гроздовиот шеќер е благословена храна во гроздовиот сок што габичките на алкохолното вриење го расипуваат и го претвораат во алкохол, првокласен отров за живите клетки, а особено за мозочните. Од таа причина Библијата не дозволува продавање на алкохолни пијалаци, а голема одговорност става врз продавачите на алкохолни пијалаци, како што е виното, ракијата и сл.: „Тешко му на оној што го пои ближниот свој со пијалак измешан со злобата своја, за да го направи пијаница“ (Авакум 2,15).

Употребата на алкохолни пијалаци е сопствено труење. Библијата сака да го спаси човечкото здравје кога предупредува: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие“ (1. Коринќаните 3,16.17).

3. Некои библиски погледи за хигиената на исхраната

Библиските прописи за исхраната што некогаш можеле да се сметаат за составен дел на системот на служба во еврејскиот храм, денеска добиле своја научна потврда. Библијата ја отфрла употребата на животинска маст воопшто, а изрично лојот од говедата, овците и козите: „Кажи им на синовите на Израел, и речи им: не јадете лој ни од вол, ни од овца, нити од коза“ (3. Мојсеева 7,23).

Стотици илјади умираат секоја година од срцев удар, па сепак не може да се слушне ниту еден знак на протест од страна на јавноста, печатот или владините агенции. Во исто време, скоро секој од нас може да го открие тој најжесток масовен убиец во својата чинија!

Главна опасност од употребата на животинска маст е холестеролот, материја што влегува во составот на масните клетки од животинско потекло, а која денешната медицинска наука ја обвинува како една од материите што се одговорни за развојот на артериосклерозата и за сè почестите случаи на ненадејна смрт од срцев и мозочен удар – особено кај оние луѓе кои консумираат прекумерни количества на животинска маст. Всушност, ова во голема мера предизвикува стеснување, зацврснување и понекогаш дури и запушување на виталните артерии кои го снабдуваат срцето со кислород и храна. Затоа Библијата го препорачува растителното масло, како што е маслото од маслинки и од други растителни култури. Денеска е познато дека таквите масла воопшто не содржат холестерол, а по калорична вредност се еднакви со маснотиите од животинско потекло.

Луѓето се раѓаат со чисти, еластични крвни садови. Тие треба да останат во оваа состојба до крајот на животот. Сепак, кај многу луѓе, артериите полека се запушуваат поради холестеролот, маснотиите и калциумот, мешавина која постепено се стврднува и на крајот го оневозможува толку значајниот и повеќе од неопходен витален проток на крвта.

За време и по Втората светска војна, повеќето Европејци биле принудени да ја променат својата исхрана, која се состоела од месо, јајца и млечни производи. Тие морале да се префрлат на „посиромашна“ исхрана со компири, житарки, грав, коренест и друг вид зеленчук. Дали знаете какви биле последиците на ваквата промена? Драматично намалување на болестите поврзани со артериосклерозата како што се срцев удар, мозочен удар, дијабетес, камења во жолчката, некои видови рак и артритис. Значително намалување на бројот на смртни случаи од овие болести е забележано дури 20 години по Втората светска војна.

Исто така, забраната на животинска крв за човечка исхрана некогаш можела да се смета за дел од ритуалниот систем во храмот: „Само не смеете да ги јадете живите суштества додека во нив има душа, односно крв“ (1. Мојсеева 9,4). Меѓутоа, лекарите нашле дека крвта во крвотокот на човекот и животните еднакво содржи, во поголема или помала мера, предизвикувачи на многу болести, како што се вирусите, бактериите и некои видови протозои. Со класичниот начин на колење на животните, крвта во целост истекува од телото на животното, додека современите методи за убивање на добитокот и живината (со удар во чело, со електрична струја или со задушување), секако се нецелисходни од гледиштето на хигиената на исхраната, зашто крвта ја оставаат во телото на загинатото животно или птицата, што во значителна мера го забрзува процесот на распаѓање на мускулното ткиво, односно на месото наменето за човечка исхрана. Така, всушност, Библијата е таа што го чувала и што го чува здравјето на своите читатели, а не обредните церемонии.

Законот за поделба на животинските видови – на животни чиешто месо може да се употребува за човечка исхрана, и животни чиешто месо е штетно за човечкото здравје, го наоѓаме во 3. Мојсеева книга во 11 глава. Првата група ја сочинуваат таканаречени чисти, а втората нечисти животни. Во групата на чисти животни влегуваат сите преживари чиишто копита се разделени, а од рибите дозволено е да се јадат само оние видови што имаат лушпи и перки на грбот и стомакот. Сите птици мршојадци се забранети да се јадат.

Меѓу нечистите животни свињата е специјално спомната и строго забранета за употреба во исхраната, бидејќи е носител на опасност за човечкото здравје. Во Библијата стои: „Не јадете… свиња, бидејќи, иако копитата ѝ се разделени, но таа не прежива: таа е нечиста за вас; месото нивно не јадете го и до труповите нивни не се допирајте“ (5. Мојсеева 14,7.8). И овде причината нема ритуална природа. Оваа посебна забрана на свинското месо наполно е разбирлива кога ќе се земе предвид големата консумација на вакво месо, но и огромната опасност што се заканува од него. Воопшто е познато дека свинското месо му се заканува на човечкото здравје како носител на смртоносната зараза со трихина. Наспроти најстрогиот преглед при преработката на свинското месо, оваа болест сè уште во значителна мера се шири, а смртноста меѓу оние што јадат такво заболено свинско месо се движи од 10 до 40 проценти.

Чудна е и восхитува научната точност на библиската поделба на рибите на чисти и нечисти. Важни се откритијата на научниците кои утврдиле дека исцедокот од месото на рибите што немаат лушпи е отровен, додека исцедокот од месото на рибите што имаат лушпи воопшто не е штетен за опитните глувци и за растенијата. Фармаколошките испитувања ја потврдуваат библиската зоолошка класификација, зашто сите досега проучени риби без лушпи се покажале како отровни. Исто така е докажано дека таквите риби имаат необично висок колититар во своите црева, што е сигурен знак на загаденост и присуство на други бактерии и вируси во таквата риба. Да се јадат тие риби значи ширум да се отвори вратата за влегување на отровните и штетни материи во човечкиот организам.

4. Храна и она што не е храна

Најстариот лист на јадења во Библијата и до денес не застарел. Него го пропишал лично Бог, кажувајќи им на нашите прародители: „Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна!“ (1. Мојсеева 1,29) Вредноста на ваквата исхрана се гледала во речиси илјадагодишниот живот на првите патријарси кои во себе сè уште ја носеле животната сила од „дрвото на животот“ во Едемската градина.

Библијата има причина кога ги прашува сите луѓе на светот: „Зошто да трошите пари за она, што не е леб, и заработката своја – за она, што не наситува?“ (Исаија 55,2). Секој сам треба да разгледа, да оцени и да не го купува она што не е храна. Алкохолните пијалаци, бразилското кафе и кинескиот чај, тутунот и уште поопасните опиумски дроги, не се храна, и тие кај нас не треба да најдат место.

Овошјето и зеленчукот, житото и јаткастите плодови, медот и растителното млеко сè уште претставуваат полновредна храна од прва рака, со првокласен квалитет. Според белковините, оваа храна е подобра од белковините од животинско потекло. Денес е познато дека соодветна смеса на растителни белковини во потполност може да ги замени животинските белковини, дури и во исхраната на малечките деца.

Во својата книга „Моќта на здравјето“, д-р Ханс Дил и д-р Елен Лудингтон тврдат дека ризикот на човекот кој јаде месо, јајца и млечни производи да добие коронарна болест во просек изнесува околу 45%. Ризикот кај човек што се откажал од јадење месо е 15%, додека ризикот од коронарна болест кај вегетаријанец, кој покрај месото ги остава и јајцата и млечните производи, паѓа на само 4%. Тие, исто така, ги изнесуваат и резултатите од трудовите на некои медицински стручњаци кои докажуваат дека исхраната сиромашна со маснотии може да ја излечи артериосклерозата дури и кај пациенти чиишто срцеви садови биле толку запушени што биле кандидати за бајпас.

И на крајот, да се сетиме дека Автор на Библијата е Исус Христос, најголемиот Лекар на светот. Ненадминливата вредност на Библијата за нашето здравје е во Христовиот рецепт:

„Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“

Бидејќи Бог е наш Творец, Тој најдобро ги познава законите на функционирањето на нашиот организам, така што станува мошне важно човекот да ги запознае и да живее во согласност со тие закони. Човекот се стреми да си обезбеди што е можно подобар живот, меѓутоа, честопати прави грешки обидувајќи се да го постигне тоа. Не се зборува залудно дека патот до пеколот е поплочен со добри намери. Затоа, да не заборавиме дека Оној што нè создал најдобро знае што е добро за нас. Затоа вели: „Зашто само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж“ (Еремија 29,11).

Кратка содржина на лекцијата

  • Послушноста кон здравствените одредби донесува мир, здравје и долг живот, зашто здравствените закони се Божји закони.
  • Библијата учи дека многу болести можат да се избегнат со доследно придржување кон нејзините правила на хигиената на исхраната и на хигиената воопшто.
  • Библијата го чува човековото здравје и неговиот живот, а не обредните церемонии.
  • Човечкото тело е Божја творба и негова двојна своина, со создавањето и со откупувањето.
  • Човечкото тело Библијата го издигнува до степен на светост и достоинство на Божји храм. Тој храм треба да се почитува.
  • Попуштајќи ѝ на незаузданата желба за јадење и пиење, дури и кога храната е со најдобар квалитет, човекот го руши своето здравје и се лишува од Божјите дарови.
  • Библијата го осудува секој вид и начин на исхрана што му штети на човечкото здравје и ги намалува човековите способности за служба на Бога и на ближните.
  • Исус умрел за да го спаси својот народ од гревот, а не да ги исчисти нечистите и нездравите животни, рибите и птиците.
  • Од видот и квалитетот на намирниците и напитоците зависи не само физичкото, туку и душевното и духовното здравје и способностите.
  • Алкохолните пијалаци, стимулативните средства, наркотичните дроги и тутунот, во животот на Исусовите верници немаат место.
  • Уморот и пренапрегнатоста на човекот на нашето време единствено може да ги отстрани најголемиот Лекар – Исус. Тој повикува: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.