2. Бог го љуби светот

2. Бог го љуби светот

„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос.“

1. Знаење за Бога

Кога Крез, најбогатиот човек во историјата, го прашал Талес, еден од најмудрите филозофи на сите времиња: „Кој е Бог“, мудрецот побарал еден ден за да состави одговор. Тогаш тргнал од еден до друг човек, поставувајќи му го секому истото прашање. Најпосле се вратил кај Крез и признал дека, колку повеќе го бара Бога и размислува за него, сè потешко му е да најде одговор. И Тертулијан, од времето на првата христијанска црква, изјавил дека никој не може да го познава Бога ако најнапред не го запознае Христа. Божјата личност и неговиот карактер ние можеме да ги запознаеме само во Библијата, во лицето на неговиот Син Исус Христос кој рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17,3).

Бог не сака да биде непознат Бог. Покрај сознанието што ни го дава Библијата, и светот на природата ни дава величествен одговор на ова најголемо прашање. Бог нè повикува да го набљудуваме преку неговите дела: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Тој сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига“ (Исаија 40,26). Ѕвезденото небо над нас ни зборува за Бога. Библијата е Божји глас.

Денешниот свет, повеќе од кога и да е во својата историја, се приближил до ѕвездите. Моќните телескопи го насочуваат испитувачкиот поглед на астрономите кон ѕвездите што се оддалечени милиони светлосни години. И покрај тоа што од нашата родна планета ги набљудуваме оддалечените светови, неодамна и од вселенските далечини можевме да ја набљудуваме нашата земја како плови низ небесната шир. Кога астронаутите поаѓаат на пат со страшниот татнеж на моќните ракетни мотори, тие со сигурност се потпираат врз законите на небесната механика. До денес тие не ги изневериле.

Така небесниот ред ни зборува за семоќното и недостижно Божје битие, а од друга страна, уште повеќе ја истакнува загатката за нашето сопствено битие: „Кој вложи мудрост во срцето, и кој му даде смисла на разумот?“ (Книгата за Јов 38,36).

И златните полиња на разбранетото жито и цвркотот на птиците по дрвјата му сведочат на отвореното човечко срце дека Бог е заповедник на природата: „Од сега, па се дури постои земјата, нема да престанат сеењето и жнеењето, студот и горештината, летото и зимата, деновите и ноќите“ (1. Мојсеева 8,22). Така Библијата и природата ни сведочат за Бога, давајќи ни мудрост и знаење што на чуден начин нè поврзуваат со Невидливиот.

Од Библијата го дознаваме сè она што Бог во својата мудрост го објавил за себе. Библијата е извор на нашето сознание за Бога, но исто така и потврда за Божјата недостижност: „Она што е тајно Му припаѓа на Господ, нашиот Бог, а она што е јавно – нам и на синовите наши довека, за да ги извршуваме сите зборови на овој закон“ (5. Мојсеева 29,29). На секое човечко суштество Божјата реч во Библијата му е сосема доволна за да ја запознае големината и добрината на својот Творец. Но сепак, и во Христово време имало луѓе кои во сознанието за Бога сакале да се изедначат со него. Меѓутоа, Исус Христос им рекол: „Кога за земни работи ви зборувам и не верувате, како ќе поверувате кога би ви говорел за небесните?“ (Јован 3,12) Секој што искрено и без предрасуди ќе го прифати библискиот одговор на прашањето за Бога, всушност ја прифаќа светлината на животот. Бог ќе му се открие како бесконечна добрина и љубов. Луѓето кои ја откриле љубовта станале мажи и жени кои „не се грижеа за животот свој дури и до самата смрт“ (Откровение 12,11). Љубовта е суштина на Бога, „зашто Бог е љубов“ (1. Јованово 4,8).

2. Трите лица на Божеството

Библијата нè учи дека постои еден Бог: „Сепак, ние имаме само еден Бог Отец…“ (1. Коринќаните 8,6). Таа ни кажува дека Бог постоел пред постоењето на земјата, пред почетокот и пред секое време. Првите зборови на Библијата велат: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1,1). За Бога и за неговата мудрост Библијата кажува: „Господ ме имаше од почетокот на Својот пат, пред сите Свои творби, ме постави уште од вечноста, во почетокот, пред да ја создаде Земјата“ (Мудри изреки Соломонови 8,22.23). Библијата поттикнува најдлабоки мисли и отвора најшироки хоризонти за размислување. Таа го развива умот и го облагородува срцето со вистината. Мудроста на човекот се состои во тоа да верува во Бога и во неговата Реч.

Првиот збор за Бога што се појавува во Библијата, во оригиналниот јазик е напишан во множина: ЕЛОХИМ. Тоа значи дека Бог-Отецот не бил сам кога го создавал нашиот свет. Со него бил и Бог-Синот и Бог-Светиот Дух кои, заедно со Бог-Отецот, го сочинуваат Божеството. Оваа тајна ни ја открива апостол Павле: „Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, од Кого се именува секој род на небесата и на земјата, да ви даде, по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек“ (Ефесјаните 3,14-16). Во овој текст на апостол Павле се споменуваат сите три Божји лица кои го сочинуваат светото Тројство, божествениот Совет, како три посебни личности, одвоени, но никогаш разединети. Нивното единство се гледа во единството на мислите, на зборовите и делата. Библијата вели дека биле заедно при создавањето на светот: „Потоа Бог рече: ’Да создадеме човек според Нашиот образ, според Нашето подобие, како што сме Ние‘“ (1. Мојсеева 1,26). Тие биле единствени при создавањето на човекот и единствени при неговото спасување, кога тој, поради гревот, заслужил смрт. Ние сме деца на Бог-Отецот, преку Бог-Синот сме откупени за спасение, а со помош на Бог-Светиот Дух се утврдуваме во вистината сè додека Божјиот лик не се обнови во нашиот „внатрешен човек“, во душата, во духот и телото. Библијата е дадена за спасение; таа не е филозофија; нејзиниот Автор не е филозоф, туку Спасител.

„Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос.“

3. Отецот и Синот заедно на светот

Бог толку го милее светот, што дури и тајната на своето битие ја приближил до нас, така што можеме да го запознаеме како „Бог во тело“. Тоа се случило тогаш кога Господ Исус Христос дошол на светот во наше тело. Зошто дошол? – Да го помири човештвото со Бога. За тоа читаме во Библијата: „Зашто Бог го измири светот со Себе преку Христос“ (2. Коринќаните 5,19). За Исуса Христа зборува и Стариот завет на Библијата: „Кој ги поставил сите краишта на земјата? Како му е името? И кое е името на синот негов? Знаеш ли?“ (Мудри изреки Соломонови 30,4). Така, уште пред своето раѓање во Витлеем, Исус Христос се споменува во Стариот завет како Божји Син. Отецот и Синот се единствени. Тие биле единствени во создавањето на светот и на крстот на Голгота. Исус Христос во човечко тело бил Бог во тело. Библијата ни ја открива таа тајна: „Тој е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание; бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено. Тој е пред сè, и сè во Него стои“ (Колошаните 1,15-17).

Задлабочувајќи се во тајната на Божјето битие, ние се задлабочуваме во недостижната длабина на Божјата љубов кон луѓето. Величествени се и мошне длабоки Христовите зборови: „Јас и Отецот сме едно“ (Јован 10,30). Тоа значи дека секој може да го запознае Бога, ако се запознае со неговиот Син, со Исуса Христа. Токму тоа сакал и Христос да ни го каже кога рекол: „Ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаевте и Мојот Отец“ (Јован 8,19).

За Христовиот ученик Филип, иако било многу едноставно да го разбере тоа, не можел да сфати дека Отецот може да го запознае ако го гледа неговиот Син – Исус Христос. Затоа рекол: „Господи, покажи ни Го Отецот!“ Исус му одговорил со призвук на благ укор: „Толку време сум со вас, и зар не си Ме познал, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел Отецот, па како ти велиш: ’Покажи ни Го Отецот?‘“ (Јован 14,9). И денеска во лицето на Исуса Христа Бог „не е далеку од ниеден од нас“ (Дела на апостолите 17,27).

Библијата – книгата на Божјето откровение – ни го открива Исуса Христа за да ни го покаже Бога. Да се запознае Бог преку Христа, значи да се добие вечен живот. Исус рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17,3). Нема вистина надвор од Библијата, ниту живот, освен во Бога преку Синот. Нели вечниот живот е најдлабока и најголема потреба и копнеж на човечкото срце?

4. Божји дар на светот

Човечките срца често имаат погрешна слика за Бога. Постои мислење дека Бог е строг судија, кој одвај чека некого да го казни. Но тоа е прастара невистина што потекнала уште од рајот, а ја изговорил Божјиот непријател, сатаната. Тој криво го претставува Бога, припишувајќи му ги нему своите сопствени опачни особини. Но Исус Христос дошол да ги „урне делата ѓаволски“ (1. Јованово 3,8) и на луѓето да им го објави Божјиот карактер во неговата вистинска светлина. Бог е наш Татко и најголем добротвор. Еден добар татко на своите гладни деца не им дава змија наместо риба, ниту камен наместо леб. А кога грешните татковци, вели Исус, своите деца ги даруваат со леб, колку повеќе безгрешниот Бог е подобар кон нас! Бог ги сака своите деца на овој свет. Затоа Христос ги кажал овие возвишени зборови: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16).

Бог имал само еден Син и кога ни го дал него, Тој ни дал сè. Библискиот Бог е Бог со нежна татковска љубов кон нас. Тој дозволил неговиот премил Син да го остави небото со неискажлива слава и да дојде на овој свет изопачен со грев и затруен со беззаконие, на свет потемнет од сенката на смртта. Нашиот небесен Отец дозволил неговиот Син да ја симне од себе својата божествена наметка и да облече човечка природа, да поднесува срам и исмевање, да биде понижен и распнат на крст и – сето тоа да биде цена за откупување на човештвото од ропството на гревот и сатаната. Откупот од гревот е откуп од смртта, а откупот од смртта е можен! Го овозможила Божјата љубов!

Христос не ја принел таа голема жртва за да го смилува Бога кон нас луѓето. Не, никако! Бог решил да ја поднесе најтешката жртва за нас, да го предаде својот единствен Син, зашто неговото големо срце биело за нас: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син…“ Отецот ја принел најголемата жртва, бидејќи неизмерно нè сака! Христос бил единствениот посредник преку кого бесконечната Божја љубов му се открила на светот. Бог страдал заедно со својот Син. Секое страдање на неговиот Син било и негово страдање, зашто „Бог го измири светот со Себе преку Христос“ (2. Коринќаните 5,19).

Восхитен од погледот во висината, длабината и широчината на љубовта на небесниот Отец кон нашиот одметнички свет, апостолот се исполнил со страхопочит и не нашол зборови со кои би можел во потполност да ја изрази топлината на Божјата љубов. Тој само воскликнал: „Гледајте колку голема љубов ни дал Отецот – да биеме наречени чеда Божји, а тоа и сме!“ (1. Јованово 3,1) Божјите синови и ќерки се негови домашни во вселената, каде што животот тече во време кое никогаш не поминува.

Колку повеќе го запознаваме Божјето битие во светлината на крстот, сè повеќе нашата душа ја проникнува светлината на милосрдието, љубовта, проштавањето, правичноста, правдата и вистината. Пронаоѓаме сè помногубројни докази за Божјата љубов кон нас, за татковското сожалување и за сомилоста што ја надминува мајчинската љубов кон нејзиното непослушно дете. Библијата прашува, но и одговара: „Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам. Ете, на Своите дланки сум те врежал; твоите ѕидишта секогаш се пред Мене“ (Исаија 49,15.16).

Нашиот небесен Отец нè привлекува кон себе со безбројни докази на својата љубов.

5. Бог се грижи за нас

Исус покажал дека љубовта е белег на Божјата личност. Љубов е неговиот карактер. Тој не само што создал сè, туку и за сè најсовесно се грижи. И тоа не само за нас, туку и за малечкиот врабец, за неугледниот гавран и за обичната трева. „Погледнете ги птиците небески: тие ни сеат, ни жнеат, ниту собираат во амбари, но вашиот небесен Отец ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив?“ (Матеј 6,26). Во својата љубов Бог го изедначил човекот со својот Син, со Исуса Христа!

Бог е Творец, управител и одржувач на вселената. Тој создава огнени ѕвезди, ги поставува во орбитата околу себе и ги води низ просторот и низ вековите, но Тој е и наш Татко, кој нè сака толку многу, како само ние да постоиме во вечните пространства. Набљудувајќи ги вселенските простори, некои луѓе заклучуваат дека е тешко да се верува oти Творецот лично се грижи за зрнцето на правот, како што е земјата во вселената, и за невидливата трошка на неа, како што е човекот! Но, да не ја ограничуваме нашата вера во Бога кој рекол: „Зашто вака вели Високиот и Возвишениот, вечно Живиот, Чие име е Светец: ’Јас живеам на небесната височина и во светилиштето, но Јас сум и со оние што имаат скршено срце и понизен дух, за да го оживувам духот на понижените и да ги оживувам срцата на поразените‘“ (Исаија 57,15).

„БОГ Е ЉУБОВ“ – е напишано на секоја пупка, на секоја тревка. Прекрасните птици, чиишто весели песни се разлеваат низ воздухот, цветовите со нежни бои, кои ја исполнуваат атмосферата со пријатен мирис, високите шумски дрвја со своите густи и зелени лисја – сето тоа ни зборува за љубовта и нежната татковска грижа на нашиот Бог и за неговата желба да ги усреќи своите деца.

6. Не сме сами!

Библијата ни соопштува дека Бог ги посетувал првите луѓе во рајот пред гревот, „во времето на дневниот ветрец“ (1. Мојсеева 3,8). Предвечер, по зајдисонце, човекот се сретнувал со својот Творец, го слушал неговиот глас, а Бог се радувал „со синовите човечки“ (Мудри изреки Соломонови 8,31). Човековиот грев го прекинал тоа небесно пријателство и во неговото срце влеал страв. Луѓето го загубиле Едем, својот прв цветен дом. Човечките гревови го засолниле Бога, како облакот што го засолнува сонцето од нашиот поглед, но Христос дошол да ги растури нашите гревови како магла, за повторно да го видиме Бога во неговата вистинска слика – во сликата на вечната љубов. И нема веќе место за страв. Ние не сме препуштени сами на себе. Иако доживуваме неволји и болки и не можеме да ги разбереме Божјите патишта, можеме да бидеме сигурни дека имаме Бог кој нè љуби како нежен татко. Тој нè уверува: „Со вечна љубов те засакав затоа останав милостив кон тебе“ (Еремија 31,3).

Божјата љубов не се дели од човекот, како и мајката што не се дели од своето доенче.

Нашиот небесен Отец нè привлекува кон Себе со безбројни докази на својата љубов и на небото и на земјата. Тој сака да го препознаеме Него во сите добри животни дарови кои ни ги дал на нас и кои се наоѓаат околу нас; да го чуеме неговиот глас во песната на птиците, во шумолењето на треперливото лисје и во неговата жива Реч – Библијата. Токму затоа Исус и дошол на земјата и живеел меѓу луѓето, да ни ја покаже безграничната Божја љубов и да ја отстрани сенката што ја фрлил сатаната врз Бога. Тој ја растерал густата темнина со која сатаната сакал да го засолни Божјиот престол. Благодарение на Христа, светот повторно го запознал Отецот како светлина и радост на животот, Отецот – чијашто љубов и добрина нè земаат за рака и како загубено дете нè враќаат назад во неговите прегратки: „Не знаеш ли дека добрината Божја те води кон покајание?“ (Римјаните 2,4). Божјата љубов објавена преку Божјиот Син нè води кон помирување со Бога и ни овозможува повторно да се соединиме со него. Зар ќе ја отфрлиме љубовта? Ќе го отфрлиме ли животот? Не, никако!

Кратка содржина на лекцијата

  • Верата во Бога почива врз доказите на осведочувањето од Светиот Дух, на природата и Библијата. Вселената е ѕвезден часовник на Божјата рака, чии отчукувања се слушаат и во нашите гради. Часовникот е гигантски доказ за постоењето на мајсторот-часовничар, а природата е очигледен доказ за постоењето на Бог.
  • Насекаде во природата се гледа силата на Разумот и моќта на една семожна Волја. И микроскопот и телескопот ја докажуваат моќта и интелигенцијата Божја. За вселенскиот состав на еден единствен атом луѓето допрва почнуваат да создаваат поими.
  • Во секој човек, без разлика, Бог ја вложил „вечноста во срцето“ (Проповедник 3,11) што му укажува на постоењето на Бога.
  • Божественото Тројство го сочинуваат Бог-Отецот, Бог-Синот и Бог-Светиот Дух, кои се едно во мислите, во зборовите и делата.
  • Отецот, Синот и Светиот Дух постојат од „вечни времиња“, и заедно создале сè.
  • Исус Христос ја објавил љубовта на небесниот Отец кон луѓето. Во неговата личност ние го запознаваме карактерот на Бог-Отецот.
  • Бог го дал најголемиот дар за спасение на светот – својот единороден Син. Со Христовата жртва што ја принел Тој за човечкиот род, ние повторно стануваме Божји деца – негови синови и ќерки.
  • Божјата љубов и добрина нè водат назад кон Бога.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.