1. Библијата – жива Реч

1. Библијата – жива Реч

„Бог е најголем научник.“

1. Дадена од Бога

Прочуениот математичар и професор по физика Алберт Ајнштајн, над каминот во својата работна соба напишал: „Бог е најголем научник.“ Но, не е потребно да бидеме професори за да можеме да го запознаеме Бога и неговата Реч. Доволно е со љубов и внимателно да ја читаме Библијата па да го примиме како вистина сведоштвото на апостол Павле: „Целото Писмо е од Бога вдахновено…“ (Второ послание до Тимотеј 3,16).

Библијата содржи највисоки морални принципи, што во никој случај не можат да ѝ се припишат на белата ниту на сивата супстанца на човековиот мозок. Нејзините принципи не се човечки, бидејќи тие се спротивставуваат на природните човечки наклоности кон злото; тие не ѝ припаѓаат ниту на една нација, па ниту на Евреите, зашто тие ја отфрлиле Библијата, истата ја презреле и дури ги убивале нејзините претставници. Потполно спротивна на човечките природни наклоности кон гревот, Библијата сама ни дава докази за своето натприродно потекло.

Ајнштајн го запознал Бога од законите на физиката, а апостол Павле од сведоштвото на Библијата. Раскажувањето во неа ги разбираат и децата, а мудреците ѝ се восхитуваат и шепотат над неа: „О, длабочино на богатство, мудрост и знаење Божјо! Колку се несфатливи Неговите судови и неистражливи Неговите патишта!“ (Римјаните 11,33) Иако и вечноста не може наполно да ги испита Божјите патишта, нашиот краток век сепак е доволен за да го послушаме Авторот на Библијата: „Ги истражувате Писмата, зашто вие мислите дека во нив имате живот вечен“ (Јован 5,39). Длабината на реката на животот не може да се процени според плиткото крајбрежје, и не можеме да пливаме ако не загазиме подлабоко. Река на животот на земјата е Библијата.

Библијата ја сочинуваат книгите на Стариот и Новиот завет. Тие се како двокрилна врата „на Божјата премудрост и богатство“. Да влеземе низ таа врата со вера во божественото вдахновение на Библијата. Со вера ние ја препознаваме Божјата реч во Библијата. Човекот со своите сетила го осознава светот на природата, а со верата она што е натприродно. Разликата меѓу научните теории и библиската вера се состои во тоа што теориите се менуваат, а верата е непроменлива, зашто Божјата реч е вистина што не се менува. Библијата ги повикува сите што се сомневаат во неа да ја испитаат: „Сè испитувајте, за доброто држете се“ (1. Солуњаните 5,21).

Апостол Петар зборува за настанокот на Библијата: „Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух“ (2. Петрово 1,21). Уникатноста на Библијата е во нејзиното потекло. Библиските писатели изјавуваат дека тие не се изворот на своите вести, туку ги добиле од Бога. Еден од нив, пророкот Езекиел изјавува: „И слезе на мене Духот Господов и ми рече: ’Кажи – така вели Господ‘“ (Езекиел 11,5) Ниедна друга книга не преживеала толкави опасности како Библијата. Сепак, таа низ сите векови сè до денеска ја сочувала својата содржина, останувајќи неизменета.

2. Силата на Божјата реч

Библијата е вдахновена од онаа иста Реч (грчки „Логос“ ‒ се мисли на Христа) која го создала светот. Таа Реч е истата семожна Сила која ги исполнила атомските јадра со енергија, ги ставила во движење електроните, ги изградила молекулите и ја довела материјата во постоење. Псалмистот ни сведочи: „Преку Словото на Господ беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни“ (Псалм 33,6).

Библијата нè воведува во творечката лабораторија на Семожниот. Секогаш кога Библијата не се совпаѓала со „науката“, се покажувало дека е во право. Библијата е основа на секоја вистина, па и на научната.

Божјата реч е побрза и од молњата, побрза од окото и ја престигнува мислата. Од изговорениот збор до создавањето на материјата не било потребно да помине ниту еден миг, ниту милијарди години. Божјата реч станува дело истиот миг кога е изговорена: „Зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа“ (Псалм 33,9).

Како што видовме, истата реч што ја изговорил Бог е напишана во книга што ја викаме Божја реч или Библија, која исто така содржи сила. Таа ни дава вистински одговори на прашањата што ја мачат нашата душа. Без Библијата ние би биле како без очи. Библијата е Божја светлина што ни свети сè посилно додека не осамне вистинскиот ден. Нема светлина, нема зора, нема ниту видело во окото, ниту мир во срцето додека не го најдеме Бога во неговата Реч. Библијата вели: „Ќе ме побарате, и ќе Ме најдете, ако ме побарате од сè срце“ (Еремија 29,13).

3. Библијата го открива Христа

Бога можеме да го запознаеме само преку неговиот единороден Син, Исус Христос. Тој дошол меѓу луѓето преку патиштата и патеките на Библијата, и затоа единствено таа може да ни го покаже Бога, покажувајќи ни го неговиот Син, кој станал човек и се дружел со луѓето. Зборувајќи за него, за главната личност на Библијата, евангелистот Јован вака го почнал своето Евангелие: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог… И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1,1.14). Всушност, Исус Христос е Словото Божје кое станало тело.

„Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог… И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава како на Единороден од Отецот.“

Со внимателно прелистување и испитување на Стариот завет, ние добиваме слика за животот на Исуса Христа, а со внимателно проучување на Христовиот живот во Новиот завет, ние се здобиваме со нова слика која се совпаѓа со онаа што сме ја добиле читајќи го Стариот завет. Во Стариот завет во подробности се зборува за доаѓањето на Исуса Христа. Секој истражувач на Библијата однапред можел да знае за времето на Христовото раѓање, како и за тоа кој ќе го роди, каде ќе се роди, каде ќе живее како дете а каде како возрасен, како ќе страда, како ќе умре, а потоа и како ќе воскресне. Стариот завет е Христова биографија напишана пред Тој да се роди, а Новиот завет во целост ‒ потврда на таа биографија.

4. Христос ја потврдува Библијата

Библијата и Христос стојат во совршена хармонија. Библијата сведочи за Исуса, а Исус ја потврдува Библијата. Тој рекол: „Ги истражувате Писмата… Токму тие сведочат за Мене“ (Јован 5,39). Во почетокот на својата служба Исус една сабота читал во храмот од Книгата на пророк Исаија, кој однапред напишал што ќе зборува Исус. Кога тоа се обвистинило, Исус рекол: „Денес се исполни ова Писмо што го чувте“ (Лука 4,21). Христос ја потврдил Библијата, а целата Библија ни сведочи за Христа. Сите книги на „Писмото“ (Стариот завет, зашто Новиот во тоа време уште не бил напишан) зборувале за Исусовиот живот и за неговата работа. Кога тоа е така, тогаш Стариот завет е книга за Исуса, Исусова книга. Стариот завет важел до Христа, за време на Христа, а важи и сега, по неговата мисија на нашата планета.

Од Христа почнува нова ера во историјата на човештвото, а со Исуса почнува нов живот во човекот, зашто Тој е „Вистинска Светлина, која го осветлува секој човек, што доаѓаше во светот“ (Јован 1,9). Зошто Тој нè осветлува? ‒ Псалмистот кажува дека во Исусовата „светлина ние гледаме светлина“ (Псалм 36,9). Библијата ни го открива Оној, Исус Христос, кој единствено може да нè преобрази ‒ да го обнови Божјиот лик во нас: „Ние, пак, сите со откриено лице, како во огледало, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во истиот лик, од слава во слава, како од Духот Господов“ (2. Коринќаните 3,18). Преобразувањето на гасеницата во пеперутка не е еволуција, туку ново раѓање.

Библијата е Христова книга. Напишана е со цел да го препознаеме Исуса како Божји Син. Во Библијата човекот го гледа Исуса и самиот станува сличен на него, оспособувајќи се еден ден да стигне таму каде што е Тој, во славата што надминува секоја слава, во онаа слава што ја имал Христос „пред да настане светот“ (Јован 17,5).

5. Правило на животот

Еден млад човек добил Библија од својата мајка, но набргу го заборавил мајчиниот подарок. По нејзината смрт и по многу талкање во животот, најпосле ја нашол книгата меѓу своите предмети. Ја отворил и со возбуда ја прочитал посветата што му ја напишала мајка му: „Оваа книга ќе те одвои од гревот, или гревот ќе те одвои од Библијата.“ Да се одвоиме од гревот ‒ поетски кажано би значело да ја совладаме силата на земјината тежа и да се вивнеме низ бесконечните светови кон Божјето срце!

Сите зла доаѓаат од гревот, а заштита од гревот и извор на секое добро наоѓаме во Библијата. Мајка му многу добро знаела дека Библијата ќе му биде потребна на нејзиниот син. И апостол Јован на младите им ја посветил Библијата со овие зборови: „Ви напишав вам, момчиња, зашто сте силни, и словото Божјо пребива во вас, па го победивте лукавиот“ (1. Јованово 2,14). Божјата реч дава сила со која се победува злото. Силата на животот на човекот се наоѓа во Библијата ‒ таа е небесен леб!

Силата на момчињата и чедноста на девојките, чесноста на мажите и жените, на младите и старите, лежат во правилата на Библијата. Таа вели: „Како момчето ќе го запази во чистота патот свој? ‒ Ако ги пази зборовите Твои.“ А кога ќе може да ги пази, односно да се однесува според Божјите зборови? Псалмистот одговара на ова прашање: „Во срцето свое ја сокрив речта Твоја за да не грешам пред Тебе“ (Псалм 119,9.11). Идеал на Библијата е да создаде срце што непогрешно бие, ум што безгрешно мисли и живот што бесконечно тече.

Мислите и чувствата, волјата и срцето на човекот се инфицирани со болеста што се вика грев, а единствен лек и противотров за гревот е Божјата вистина откриена во неговата Реч. Исус три пати бил искушуван во пустината за да згреши, но ниту еднаш не сторил грев, зашто се бранел со зборовите на Библијата, спротивставувајќи се на секое искушение со нејзините зборови: „Напишано е!“ (Матеј 4,4.7.10) Библијата била правило на Христовиот живот. Кога бил искушуван, напаѓан од нечестивиот, Тој победил со „духовниот меч, кој е словото Божјо!“ Библијата не е само духовниот меч, туку и „штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот“ (Ефесјаните 6,16.17).

6. Божја заклетва

Божјата реч е Божја заклетва. Ништо од напишаното во Библијата не може да се измени ниту да се уништи. Исус рекол: „Писмото не може да се урне“ (Јован 10,35). Сè што ќе каже и што ќе стори Бог, трае вечно. Христос го потврдил тоа: „Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата ниту една буквичка или црта од Законот нема да помине, додека не се исполни сè“ (Матеј 5,18). Библијата содржи Божје ветување дека на човекот ќе му се даде нова можност да добие вечен живот. Божјите ветувања не се исто што и променливите човечки ветувања; тие се вистински и сигурни. Библијата зборувала дека Бог ќе го прати својот Син на овој свет кој со својата смрт на крст ќе го откупи паднатото човештво ‒ што и се обвистинило, и таа повторно нè известува за тоа. Библијата исто така ни зборува дека Исус повторно ќе дојде во слава. Божјето ветување и неговиот завет со ништо не можат да се уништат. Бог рекол: „Нема да го повредам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја“ (Псалм 89,34).

„Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата ниту една буквичка или црта од Законот нема да помине, додека не се исполни сè.“

7. Како да се разбере Библијата?

Исус рекол: „Кој верува во Мене од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода“ (Јован 7,38). Библијата е извор на вода „што тече во живот вечен“ само тогаш кога веруваме онака како што е напишано во неа. Напразно го почитуваме Бога ако тоа го правиме на свој начин, а не според Библијата. Исус рекол: „Но напразно ме почитуваат, зашто проповедаат човечки повелби. Зашто, вие, оставајќи ја Божјата заповед, го држите преданието човечко“ (Марко 7,7.8). Заповедите Божји „не се тешки“ (1. Јованово 5,3).

Библијата е правило на верата само тогаш ако се постапува така како што пишува во неа. Таа нè предупредува да не толкуваме произволно ниту еден збор, ниту едно нејзино пророштво: „Ниедно пророштво од Писмото не е сопствено толкување на пророкот“ (2. Петрово 1,20). Мора да ѝ дозволиме на Библијата да се толкува самата себеси.

Меѓутоа, постојат некои работи што тешко можат да се разберат, како што кажува и апостол Петар зборувајќи за посланијата на апостол Павле: „Како што зборува и во сите свои посланија, во кои има некои работи тешки за разбирање, што неучените и неутврдените ги изопачуваат, како и другите Писма, за своја погибел“ (2. Петрово 3,16). Божјите вистини можат да се разберат само со трудољубиво испитување на Библијата и со секојдневно проучување.

Писателот на книгата „Дела на апостолите“ ги пофалил христијаните кои живееле во Верија затоа што тие секојдневно ја истражувале Библијата: „Овие беа поблагородни од солуњаните; тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го проверуваа Писмото, за да се уверат, дали е тоа така“ (Дела на апостолите 17,11). Резултатот на таквото испитување на Библијата е изнесен во следниот стих: „И мнозина од нив поверуваа – од Елините не мал број угледни мажи и жени“ (Дела на апостолите 17,12).

Со секојдневно проучување на Библијата ние ќе ја запознаеме Божјата вистина. Таа ќе нè ослободи од заблудата, зашто е пишано: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8,32). Библијата ќе нè сочува во таа слобода. Апостол Павле ни пишува: „Стојте во слободата, со која Христос нè ослободи, и не се подавајте пак под ропски јарем!“ (Галатјаните 5,1) Заблудите се тежок јарем. Човекот не сака да биде измамен, ниту да се измами. Кога човекот може да се измами? ‒ Исус рекол: „Се лажете, зашто не ги познавате Писмата, ниту силата Божја“ (Матеј 22,29). Познавањето на Писмата нè ослободува од заблудите.

Библијата не треба да се чита како што се читаат весници или некои други книги. Да се истражува Библијата значи да се споредуваат текстовите што зборуваат за иста тема или за ист предмет. Христос се служел со таа метода кога ги споредувал сите стихови што зборуваат за него во Стариот завет: „Па им рече: ’Ете, тоа е она за што ви зборував уште додека бев со вас, зашто треба да се исполни сè што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите. Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата‘“ (Лука 24,44.45). Исус ги поврзал сите стихови и ги водел чекор по чекор, од писмо до писмо, додека не ја разбрале Божјата реч по тој предмет. Затоа и ние така да ја испитуваме Библијата, молејќи се на Бога, на небесниот Учител, Светиот Дух да ни помогне да ја разбереме.

Некои луѓе не се подготвени да го послушаат Божјиот глас. Се оправдуваат дека не можат да веруваат во библиската наука, бидејќи ја пишувале луѓе. Меѓутоа, вистинската причина што некои ги отфрлаат Божјите книги е нивното одбивање својот живот да го доведат во согласност со нејзините упатства. Исус кажал голема вистина кога ги изговорил овие зборови: „И ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога, или Јас Самиот од Себе зборувам“ (Јован 7,17).

Ако искрено сакаме да го почитуваме Бога, тогаш нема само да бидеме задоволни со откривање на богатствата кои се наоѓаат во Библијата, туку и ќе ги примаме нејзините совети и ќе се поправаме. Над нас ќе се исполнат зборовите на Библијата: „Затоа е речено: ’Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли!‘“ (Ефесјаните 5,14) Духовното воскресение е премин од „смрт во живот“ (Јован 5,24).

Апостол Јован, како искусен учител, за тоа вели: „И секој што ја има таа надеж во Него, се очистува самиот себе, како што е чист Тој“ (1. Јованово 3,3). Со нашата доброволна послушност кон упатствата на Библијата, ние ќе стекнеме карактер сличен на Христовиот свет карактер. Апостол Јаков исто така вели: „Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи не е заборавлив слушател, туку извршител кој дејствува, ќе биде блажен во своето дејствување“ (Јаков 1,25). Бог не бара формална побожност, туку делотворна вера. Затоа да ја прифатиме Божјата реч и да живееме според неа! Библијата е жива зашто е Божја реч, а не човечка, жива зашто на сите клетки на човечкото суштество им дава животна сила, правејќи го на тој начин човекот земен жител на небото и небесен на земјата.

„Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“

Кратка содржина на лекцијата

  • Целата Библија е вдахновена од Бога. Кога ја читаме Библијата, ние го слушаме Божјиот глас кој му зборува на нашето срце.
  • Библијата е извор на вистината што гасне секоја душевна и духовна жед.
  • И Стариот и Новиот завет го откриваат Исуса Христа. Лично Христос го потврдил божественото потекло на Библијата.
  • Библијата не треба да се отфрли поради нејзините длабоки тајни. Но, немаме причина да се сомневаме во Божјата реч само затоа што не можеме да ги разбереме тајните на Божјето провидение. И најскромните облици на животот претставуваат проблем кој ни најмудрите филозофи не се во состојба да го објаснат.
  • Библијата, и само Библијата, е единствено сигурно правило на животот. Да се отфрли Библијата, значи да се отфрли Христос.
  • Библијата се објаснува самата себеси и забранува секакви лични толкувања.
  • Светите и длабоките вистини на Библијата не можат да се досегнат со површно испитување. Библијата треба да ја истражуваме споредувајќи стих со стих.
  • Делови од Библијата треба да се читаат секој ден, наутро и навечер во одредено време, по можност и со цело семејство. Секојдневното читање на Библијата ќе нè запознае со Божјата волја и со Божјата љубов ‒ со Бога.
  • Пред проучувањето на Библијата, секогаш треба да бараме Божја помош.
  • Бог Библијата ја дал „за нас и за нашите деца“, а не само за великодостојниците на науката и религијата.
  • Празното срце може да се исполни само со Библијата. Објективното, чесното и отворено студирање на Библијата го исполнува умот со вистина, а срцето со мир што не може никаде да се најде.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.