4. Библијата и науката

4. Библијата и науката

„Во почетокот Бог ги создаде…“

1. Библијата – карпа на вистината

„Колку повеќе ја проучувам природата, сè повеќе им се чудам и восхитувам на делата на Творецот. Јас се молам и додека работам во мојата лабораторија“, рекол Луј Пастер, прочуен француски хемичар и биолог и еден од најзначајните пронаоѓачи од областа на медицината. Така мислат и веруваат повеќето научници на нашето време. Од десет научници кои ги признава цел свет, деветмина веруваат во Бога. Библијата – проверената карпа на вистината – повторно ја придобила довербата на луѓето од наука. Сè уште „дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè“ (Матеј 5,18). Овенчана со слава, од своите страници таа како сонце зрачи со своите моќни зраци на вистината.

Да се бара од науката да ни каже кој е Творец на природата и на нејзините закони, значи да се тропа на погрешна врата. Ниту прашањето, а ниту одговорот спаѓаат во подрачјето на науката, туку наполно се во рамките на религијата. Кога науката и религијата би ги вршеле своите испитувања само на своето подрачје, никогаш меѓу нив не би дошло до судир. За научникот, кој се обидува да ѝ противречи на Библијата, важат овие нејзини зборови: „Зближи се со Бога – и ќе бидеш спокоен; преку тоа ќе ти дојде доброто“ (Книгата за Јов 22,21).

Задача на науката е да го испитува светот на природата и законите што владеат во него. Како научна вистина ги нарекуваме оние факти што се докажани и потврдени со експерименти, со методи за кои се верува дека можат да нè доведат до вистинските факти. Често теориите или научните претпоставки неоправдано се нарекуваат наука. Научната претпоставка или теорија сè уште не е научна вистина, и може да се прифати или да се отфрли како и секое друго мислење што не е поткрепено со докази и факти.

Во многу случаи мислењата на научниците, кои живееле само пред еден век, денеска се само застарени заблуди. Она што денеска ние понекогаш го нарекуваме „наука“, веќе утре може да се покаже како неоснована претпоставка. Методите на испитувањето сè повеќе се усовршуваат и се усложнуваат, а инструментите со кои тие се вршат стануваат сè попрецизни. Сè она што научниците мислат дека го знаат, подложно е на постојана ревизија, а се случува дури и од основа да се менува. Но тоа е разбирливо. Библијата вели: „Можеш ли во длабочините Божји да проникнеш? Можеш ли да го достигнеш совршенството на Седржителот?“ (Книгата за Јов 11,7).

Кога Библијата би се согласила со тврдењата на средновековните научници, таа денеска би била побиена. Кога би се согласила со научните теории само од пред еден век, денеска исто така би ја сметале за научно застарена. Но Библијата никогаш не се согласила со погрешните претпоставки и теории од минатото, без оглед како тие „научно“ изгледале. Од каде Библијата толку одамна знаела што е вистина?

Науката е подложна на измени, но Божјата реч не се менува. Научниците се присилени дури и јавно да се откажуваат од своите довчерашни уверувања, но Библијата останува непроменета и вистинита, зашто таа е Божја реч. Псалмистот вели: „Ти постоиш вечно, Господи; Твоето слово засекогаш е утврдено на небото“ (Псалм 119,89). Божјата реч е непобитна вистина, „верно е откровението на Господ – ги учи неуките, и Господовите повелби се праведни – го веселат срцето“ (Псалм 19,7.8).

Додека науката сè уште се наоѓа во развој и натаму трага по вистината, Библијата дава вистински одговори за настанокот на човековиот живот, за смислата на неговото постоење, за неговата иднина, а открива и многу вистини од областа на природните науки. Библијата со векови одела пред науката. Таа, на пример, уште пред многу столетија го кажала својот збор за положбата и формата на нашата планета: „Го послал Тој северот над празнината, ја закачил земјата на ништо“ и, понатаму: „Тој е Оној, Кој седи над кругот на земјата“ (Книгата за Јов 26,7; Исаија 40,22). По многу испитувања, научниците најпосле ја утврдиле вистинитоста на овие факти што се одамна кажани во Библијата. Исус Христос го потврдил авторитетот на Библијата со овие зборови: „Твоето слово е вистина“ (Јован 17,17). Во вистинитоста на Библијата лежи и тајната на нејзината бесмртност како книга што никогаш не ги занела ниту ги измамила своите читатели.

2. Библијата е основа на научното испитување

Божјата реч не е дадена како научен учебник, но таа не е ниту ненаучна. Пред сè, таа содржи наука за спасение на човештвото, но истовремено дава и точни податоци за потеклото на материјалниот свет, создавајќи ја на тој начин и основата на вистинската наука. Таа зборува: „Од земјата никнува жито, а под неа сè е испревртено, како оган“ (Книгата за Јов 28,5). Меѓутоа, кога Библијата би ја испитувале поаѓајќи од гледиштето на различните „научни“ теории, тоа би било исто како кога би ги набљудувале ѕвездите од погрешната страна на телескопот! Ако не почнеме вистината да ја проучуваме набљудувајќи ја науката преку зголемителното стакло на Божјата реч, ние никогаш не ќе можеме да добиеме вистинска претстава за почетокот на животот и за потеклото на светот. Некој земјоделец рекол: „Немојте да ја ставате колата пред коњот!“ Ако ја бараме вистината во Библијата, тогаш ќе ни станат јасни многу факти што до тогаш ни изгледале матни и таинствени. Луѓето не можат да гледаат „во светлината кога таа ќе заблести на небото“ (Книгата за Јов 37,21) ако Библијата не ги оспособи за тоа.

Библијата е таа што повикува на научно испитување со тоа што кажува: „Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Тој сите нив ги нарекува по име… (Исаија 40,26). Ништо друго не може во толкава мера да го отстрани сомневањето и неизвесноста колку што може еден јасен поглед фрлен преку објективот на силниот телескоп насочен кон ѕвездите, чија несфатлива прецизност во движењето ги надминува сите наши поими за точноста. Нашиот дух не може да се задоволи со ништо друго, освен со вистинскиот одговор на прашањето: КОЈ ГО СОЗДАЛ СЕТО ТОА?

Библијата е наполно научна кога ни одговара: „Небесата ја објавуваат Божјата слава, а за делата на рацете Негови известува сводот небесен. Ден на денот објавува, и ноќ на ноќта знаење открива. Нема јазик, ниту, пак говор, во кој не се слуша нивниот глас“ (Псалм 19,1-3). Божјата реч го буди човекот од духовен сон: „Секое утро Тој го разбудува увото мое, за да слушам како оние што се учат“ (Исаија 50,4).

Она што псалмистот го напишал под вдахновение, денеска се докажува со радиоастрономијата. Таа прима и регистрира радиобранови од многубројни точки во вселената, од далечните ѕвезди и ѕвездени острови. Науката ја потврдува Библијата, а Библијата сесрдно ја поттикнува науката. Таа е темел на вистинската наука, зашто најголемиот и вистински научен факт на сите времиња се наоѓа во првите пет збора на Библијата: „Во почетокот Бог ги создаде…“ (1. Мојсеева 1,1).

„Колку повеќе ја проучувам природата, сè повеќе им се чудам и восхитувам на делата на Творецот. Јас се молам и додека работам во мојата лабораторија.“

3. Библијата упатува на природните закони

Кога науката би тргнала од овие први и основни научни факти – прифаќајќи ја стварноста за Бога како Творец – тогаш би имало многу помалку талкање, помалку грешки и помалку коренити измени во научните теории од минатото. Иако Библијата не е напишана со научен јазик, науката мораме да ја мериме со Библијата, зашто во неа се напишани основните научни факти. Научните теории не се повикани да ја оценуваат Библијата. Библијата е мерка што суверено ја потврдува вистинитоста на вистинската наука.

Да ја земеме Книгата за Јов како пример. Јов бил еден од големите мислители на стариот свет и сестран испитувач на природата. Сметал дека е способен да одговори на многу прашања што во негово време биле предмет на научни испитувања. Но, кога Бог почнал да му поставува прашања од науката, Јов видел дека неговото знаење е сосема малечко. Тој признал: „Ете, јас го говорев она што не го разбирав, за чудни дела што не можев да ги знам“ (Книгата за Јов 42,3). Многу од тие одамнешни прашања и денеска ги збунуваат најсјајните умови на светот. Сè уште без одговор е прашањето што Бог и денеска секому му го упатува: „Ги знаеш ли законите на небото?“ (Книгата за Јов 38,33).

Вдахновената библиска реч, уште пред три и пол илјади години на луѓето им открила дека со вселената управуваат природни закони, што ние денеска ги нарекуваме закони на небесната механика. Сè уште науката се занимава со испитување на „небесниот ред“, односно со природните закони. Библијата ни кажува дека Бог не е само врвен научник кој ги познава тие закони, туку дека Тој е и нивни законодавец. „Тој создава дела големи и неиспитливи, чудни и без број“ (Книгата за Јов 5,9).

Нема никакво создавање без разум. Не е можно да се замисли создавање без создател. Вселената и нашиот свет во неа не настанале како продукт на некоја случајност. Еден научник вели: „За настанокот и развојот на животот на нашата планета потребен е толку голем број на битни услови, што математички гледано невозможно е да се создадат и сите „случајно“ да се стават во правилен меѓусебен однос, па макар за која било планета да се работи и за кое било време. Од тоа произлегува дека во природата мора да постои еден врвен Ум.“

Како што не е можно со просто мешање на илјадници ноти да се создаде прекрасната Бетовенова „Пасторална симфонија“, така и целисходноста на природата не може да се објасни ниту со некаква случајност, ниту со некакво совпаѓање на околностите. Редот и планот во природата се очигледни, а секој план има свој автор. Природните закони се исткаени во создавањето и претставуваат средство со кое Бог владее и управува со она што е создадено. Владеењето на Божјите закони во вселената Библијата го опишува со овие зборови: „Господ се зацари; се облече во величественост, Господ се препаша со сила, Тој вселената ја зацврсти и нема да се разниша“ (Псалм 93,1).

Како што ништо на нашиот свет не настанува само од себе, така и настанокот на светот не може да се објасни на друг начин, освен дека излегол од рацете на големиот Мајстор и Творец. Еден научник, кој во својот кабинет имал уметнички изработен глобус, бил запрашан од еден негов пријател кој се сомневал во постоењето на Бога: „Кој ти го изработи овој глобус?“ – „Никој“, одговорил научникот. „Настана сам од себе!“ – „Се шегуваш?, му префрлил пријателот и додал: „Сигурно тој мајстор бил голем уметник.“ – „Што“, ја завршил дискусијата научникот, „ти не си подготвен да веруваш дека една обична копија на земјината топка може да настане сама од себе, а тоа го тврдиш за целата вселена и се сомневаш во постоењето на нејзиниот Творец!“ За намерното затворање на очите пред вистината, апостол Петар вели во Библијата: „Тие намерно забораваат дека небесата и земјата од порано беа создадени од вода и преку вода, со силата на Божјето слово“ (2. Петрово 3,5).

Нас нè изненадуваат научните гледишта на старите Грци, чии многубројни идеи биле спротивни на Божјата реч. Како можел човекот во своето научно испитување толку многу да се оддалечи од вистината? Библијата ни одговара: „Зашто кога Го познаа Бога, тие не Го прославија како Бог, ниту пак, Му благодарија, туку се заблудија во своите помисли, и нивното неразумно срце им се помрачи… и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе отколку на Создателот“ (Римјаните 1,21.25).

Свесно одбивајќи да го прослават Бога, луѓето почнале да му служат на создаденото или, со други зборови, на природата: „И славата на непропадливиот Бог ја заменија со лик на смртен човек, на птици, на четириножни животни и на лазачи“ (Римјаните 1,23). Му се клањале на Сонцето, на дрвја, на камења и на разни животни, додека најпосле секој камен што им паѓал во очи не станал нивен бог. И додека нивните потемнети умови талкале водени од нивните претпоставки и традиции, Божјата реч непоматено блескала со сјајот на вистината, постојано потсетувајќи го човекот на Бога кој го создал. Среде длабоката темнина на старогрчкото празноверие, како ненадминат беседник од Акропол, Апостол Павле извикнал: „Преку верата разбираме дека вековите се создадени со Божји збор и дека видливото произлегло од невидливото“ (Евреите 11,3). Павле вели дека Бог го создал видливото од невидливото, односно – како што би се рекло денеска – материјата од невидливи честички. Тој вели дека светот е создаден со Божјата реч, или – научно кажано – материјата произлегува од енергијата. Да размислиме малку за тоа! Уште пред две илјади години апостолот знаел дека материјата произлегува од енергијата и дека се состои од честички што не се видливи за човечкото око!

Денеска ние знаеме дека атомите се темелен камен на материјата. Секој, па и оној кој воопшто не ѝ верува на Библијата, мора да признае дека со целиот материјален свет владеат невидливи сили, збиени во структурата на бескрајно ситните атоми. Тој праизвор на енергија, Библијата го нарекува Слово: „Во почетокот беше Словото… Сè стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана“ (Јован 1,1.3). Модерната наука не сакајќи се приближува кон Бога, отстранувајќи една по една од завесите на тајните на материјата и на нејзините закони. Но, додека научниците сè уште трагаат, Библијата одамна ни ја открила врската меѓу материјата и енергијата со следните зборови: „Преку словото на Господа беа создадени небесата, и преку Духот на устата Негова – сите сили нивни“ (Псалм 33,6).

Творец на нашиот свет е Исус Христос: „Бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо… сè е преку Него и за Него создадено“ (Колошаните 1,16). Прекрасно е сознанието дека Исус Христос во исто време е и Творец и наш Избавител и Пријател.

„Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив.“

4. Библијата и биологијата

Биологијата е наука за животот. Во каков однос се Библијата и биологијата?

Библијата вака зборува за настанокот на видовите и за создавањето на човекот: „Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив“ (2. Мојсеева 20,11). Овде е даден еден јасно одреден период за создавањето на светот и за обемот на делата и наведено е името на Творецот. Само живиот Бог можел да даде живот. Животот може да настане само од живо. Никому уште не му успеало лабораториски да создаде живот. Тврдењето дека животинскиот или растителниот свет настанал спонтано е безуспешно исто толку колку што биле несфатливи и безуспешни и настојувањата на алхемичарите на средниот век да добијат злато со варење на жаби во солена вода. Животот останува тајна! Библијата вели: „Сето тоа Тој го направил да биде прекрасно во свое време. Ја всадил и вечноста во срцето на човекот, но пак не може човекот да ги разбере докрај делата Божји што Тој ги врши од почетокот до крајот“ (Проповедник 3,11). На кој начин настанала таа таинствена и величествена жива материја, не можат да објаснат ниту најистакнатите еволуционисти на светот.

Големиот шведски природонаучник Лине напишал дека во природата постојат толку видови колку што ги создал Бог во почетокот. Така, овој прочуен биолог се согласил со Библијата која далеку пред него објавила: „И рече Бог: ’Нека израсне од земјата зеленило – трева што дава семе, плодоносни дрвја кои во себе имаат семе!‘“ – Значи, сиот растителен и животински свет е создаден според своите видови: „Пак рече Бог: ’Нека изведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, лазачи и ѕверови земни според нивниот род!‘ И стана така“ (1. Мојсеева 1,11.24).

Растителниот и животинскиот свет е создаден „според своите видови“ и тоа се основните видови на живиот свет исто како што во хемијата основни елементи се оние што ја сочинуваат Менделеевата таблица на основните елементи. Како златото што не може да се претвори во железо, ниту железото во злато, така и од кој било растителен или животински вид не може да се добие друг. Границите меѓу видовите ги поставил Бог, и тие се непремостиви. Но, Библијата никаде не кажува дека во рамките на еден вид не се можни варијации. Со вкрстување на една раса коњи може да се добие друга раса коњи, но никако африкански ној. Меѓутоа, варијациите во рамките на еден вид не се еволуција. Постоењето на различни раси само ја докажува стабилноста на видовите и можноста за варијации во нејзините рамки.

Со биохемиска анализа на една капка крв може да се одреди на кој животински вид ѝ припаѓа. Секоја крв е специфична за својот вид. На еден болен при трансфузија му се дава само човечка крв, а никако животинска. Меѓутоа, сите човечки раси имаат исти крвни групи и подгрупи, зашто сите луѓе се од една крв. Тој научен факт Библијата одамна го обелоденила, зборувајќи за Бога како Творец на човекот: „Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата“ (Дела на апостолите 17,26). Така, експерименталната биологија се согласува со учењето на Библијата за тајната на настанокот на животот.

Чудата во природата сè уште се чуда, иако сме свикнале нив да ги прифаќаме како нешто сосема природно. Меѓутоа, за Бога е потполно природно да прави натприродни дела. Зошто човекот му ја одречува на Бога неговата чудесна творечка моќ? Само затоа што Тој не му објаснил сè во детали. Бог секогаш ќе остане обвиен во превез на тајна. Нашата љубопитност никогаш нема во потполност да биде задоволена, но тоа не е причина пркосно да го одречуваме нашето божествено потекло за кое нè известува Библијата: „И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2,7).

5. Необорливи докази за Бога како Творец

Набљудувајќи го светот на природата и величествената структура на живата клетка со нејзините функции, можеме да кажеме како што кажува и Библијата: „Велик е Господ и достоен за голема похвала и величието Негово нема крај“ (Псалм 145,3). Колку поголеми се научните сознанија на човекот, тој е сè помалечок во присуство на вечниот Бог. Набљудувајќи го небото над нас и светот на природата околу нас, насекаде ги гледаме делата на Творецот, кој е бескрајно мудар во сè и совршен во знаењето и добрината. Наспроти наездата на гревот и злото во нашиот свет со сите нивни разорни последици, земјата сè уште носи печат и потпис на својот Градител и Автор. И, колку и да гледаме и да знаеме, сепак знаеме многу малку. За величественоста на Божјите дела Библијата вели: „Ете, тоа се делови од патиштата Негови; а колку малку сме слушнале за Него! И кој може да го разбере громот на Неговата моќ“ (Книгата за Јов 26,14)?

Вистинската наука и Библијата се согласуваат, зашто изворот и на науката и на Библијата е ист – вечниот Бог! Библијата единствено не се согласува со фалсификуваната наука и не се надговорува со спротивните човечки кажувања. Уште пред две илјади години, големиот апостол Павле упатил предупредување против теориите и традициите што се противат на Библијата: „Бегај од нечисти и празни разговоти и од расправии на лажната наука“ (1. Тимотеј 6,20).

Бог не само што создал сè, туку и „држи сè со Својот моќен збор“ (Евреите 1,3). Истата сила која создала сè, го одржува светот и нас. Ние сме создадени суштества и со нашиот ограничен ум можеме да сфатиме само дел од величественоста и тајните што нè опкружуваат. Но, она што не можеме да го сфатиме со разумот, можеме да го примиме со вера. Можеме да кажеме со Библијата: „Преку верата разбираме дека вековите се создадени со Божји збор“ (Евреите 11,3). Прифаќајќи го ова совршено научно гледиште, Бог е достоен да ги наведнеме главите пред Него и со восхит и страхопочит да посведочиме: „Големи и чудесни се делата твои, Господе Боже Седржителе!“ (Откровение 15,3)

 

НАУЧНИЦИТЕ ЗА БОГА

 

„„На човечкиот род Творецот му дал две книги. Во едната ја покажал својата големина, а во другата својата волја. Прва е овој видлив свет што го создал Тој за да може човекот, гледајќи ја големината, убавината и хармоничноста на неговото дело, да ја признае божествената семоќ. Втора е Светото писмо. Во неа е изнесена Божјата намера за нашето спасение. Втората ја објаснуваат учителите на верата, а првата физичарите, математичарите, астрономите… Науката и религијата се родени сестри, ќерки на Севишниот Родител. Тие никогаш меѓу себе не можат да дојдат во судир… Напротив, науката и верата заемно се дополнуваат и меѓусебно се потпираат… И проповедниците на Светото писмо и научниците нè уверуваат не само дека постои Бог, туку ни ги откриваат и неговите безбројни доброчинства кон нас.“

Михаил В. Ломоносов, хемичар и физичар


„Науката веќе има доволно долга историја од која може да се види како изгледале кулите во воздух што таа некогаш ги ѕидала! И веќе на прв поглед може да се забележи големата вистина: теоријата што се раѓа денеска, утре станува модерна, задутре класична, четвртиот ден застарена, а петтиот – заборавена!“

Анри Поенкаре, математичар и физичар


„Земјата се врти околу себе со периферна брзина на екваторот од 465 метри во секунда и во исто време лета низ просторот околу Сонцето со брзина од околу 30 километри во секунда. Нејзиното движење е сообразено со гравитацијата на сите останати планети на нашиот сончев систем. Таа без колебање ја одржува својата одредена и непроменлива брзина на вртење околу својата поларна оска. Здравиот разум мора да заклучи дека зад сето тоа стои еден Гениј кој ги надгледува и ги одржува сите тие движења со најпрецизна точност и совршенство.“

Харолд Џефри, астроном


„Првобитните причини за движењето во никој случај не можеле да лежат во самата материја. Таа е само примател на движечката сила и нејзин пренесувач, но не и нејзина причина. Сите физички тела остануваат во состојба на мирување сè додека не бидат придвижени однадвор, и тие не вршат никаква работа без влијание на волјата на некое разумно суштество. Јас сум уверен дека една волја – Бог – е двигател на вселената и животодавец на природата.“

Жан Жак Русо, книжевник


„Восхитувачкиот поредок во вселената може да му се припише само на едно семоќно и премудро Суштество. Ова возвишено Суштество управува со светот не како негова суштина, туку како Господар на сè! Поради таа своја власт, Господ Бог се нарекува семоќен и сеопшт господар. Вистинскиот Бог е жив, премудар и сеопфатен Бог! Тој е над сè и безгранично совршен…“

Исак Њутн, математичар, физичар и астроном


„Нашата наука, откривајќи ни ги чудата на природата, треба да нè поттикне да му се восхитуваме на Оној кој ги создал…“

Мајкл Фарадеј, физичар и математичар


„Науката не ѝ ја одречува на религијата ниту вредноста, ниту правото на постоење. Иако науката се потпира само врз разумот и има подруги методи и пошироко подрачје одошто религијата, меѓу нив нема непријателство ниту судир. Научниот дух не е непријател на духовноста и на религијата, како што не им е непријател ниту на уметноста, ниту на поезијата.“

Енциклопедија Ларус


Кратка содржина на лекцијата

  • Додека научните теории постојано се менуваат, Библијата никогаш не се менува.
  • Научниците често не се согласуваат еден со друг, додека меѓу писателите на Библијата постои меѓусебна хармонија.
  • Библијата не е научен учебник, но никогаш не е ненаучна.
  • Бог е голем научник и творец на вселената, и сиот живот и движења во вселената ги организирал врз основа на вечните закони на природата што самиот ги поставил.
  • Вистинската наука се темели врз вечните вистини на Божјата непоминлива реч.
  • Ниеден научник до денеска не докажал дека кое било тврдење во Библијата е неточно.
  • Астрономијата ни дава најочигледни докази за постоењето на Бога.
  • Биологијата и Библијата се согласуваат дека нема битна разлика во составот на крвта кај луѓето од различните раси.
  • Во целиот физички свет, пред очите на непристрасниот набљудувач, можат да се најдат „Божјите стапки“.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.