12. Темелите на бракот и семејството

12. Темелите на бракот и семејството

1. Бракот – божествена установа

Бракот е установа со рајско потекло. Првиот основен закон за бракот го издал Бог и тој се наоѓа во Библијата. Творецот го основал првиот брак и првиот дом во рајот и го замислил како матица и благослов за идното човештво. Исус Христос е божествениот градител на бракот и затоа Библијата вели: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини“ (Псалм 127,1). Сам Бог ги искажал и во срцата на луѓето ги всадил следниве зборови:

„Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело“ (Матеј 19,5; 1. Мојсеева 2,24).

Единството на бракот е прогласено за светиња, а едноженството за закон што обезбедува среќа во бракот и станува вечен темел на домот. Така Христос го основал бракот и го втемелил семејството, давајќи му наследство: „Ете, наследството Господово се синовите, дар од Него е породот“ (Псалм 127,3).

Понатаму во Библијата читаме: „Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (1. Мојсеева 1,27). Првиот човек, Адам, Бог го поставил за господар над рајот, над цветниот храм на миризливите бои, чии ѕвонци биле моќните Божји дрвја. Сета природа и нејзините жители биле раскошно облечени, а меѓу нив посебно се истакнувал Адам, овенчан како владетел со слава и чест: „Со слава и чест си го овенчал, и си го поставил над делата од рацете Твои, и сѐ си потчинил под нозете негови“ (Псалм 8,5.6). Бог го оформил човекот, му вдахнал дух од својот дух и живот од својот живот.

Набргу Адам видел дека меѓу сите суштества во рајот нема ниту едно еднакво со него. Библијата вели: „Но за човекот не се најде помошник сличен на него“ (1. Мојсеева 2,20). Бог сакал Адам сам да го увиди тоа и дури тогаш го решил тој прв проблем на штотуку создадениот човек. Библијата нè воведува во најсвечената операциона сала: „Затоа Господ му прати на човекот длабок сон; па кога заспа, му извади едно ребро, и местото го пополни со месо. Од реброто, што го зеде од човекот, Господ Бог создаде жена и ја доведе кај човекот“ (1. Мојсеева 2,21.22).

Бог ја дал првата анестезија и врз Адам ја извршил првата безболна операција. Кога Адам се разбудил, неговиот краток сон станал прекрасна стварност! Тој добил свој другар, еднаков со него. Тоа била најмилата и прекрасна жена на светот! Адамовите зборови, изговорени во мигот кога на Ева ѝ дал име, дишат со божествена љубов: „Еве, тоа е коска од моите коски, и плот од мојата плот. Нека ѝ биде името жена, зашто е земена од мажот“ (1. Мојсеева 2,23).

Облечени во слава и чест, во сила и убавина, во зрелост и мудрост, првите брачни другари – првата брачна двојка – покажувала неопишана радост кога застанала пред својот Творец. Оној кој ги здружил нивните раце, кој ги венчал и благословил, бил Исус.

И додека сè уште пурпурното вечерно Сонце се пробивало низ миризливите дрвја во градината, Бог со тивка радост ги гледал првите сопружници во длабината на Едем и, опфаќајќи го со својот поглед сè она што го создал, бил среќен! Библијата вели: „И Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ (1. Мојсеева 1,31). Божјиот поглед, Божјите мисли, неговите добри намери за човекот, за бракот и за семејството, останале неизменети сè до денеска: „Зашто само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж“ (Еремија 29,11).

Така човекот во рајот бил слика Божја и член на небесното семејство. По четириесетина векови, кога и Господ станал Син човечки, опкружен со луѓе, укажал на тоа дека мажот и жената во бракот „веќе не се двајца, туку едно тело“ (Матеј 19,6). Бог ја повторил својата творечка мисла дека божествената Љубов од двајца прави еден. Жената била земена од мажот, од местото што е најблизу до срцето, душата најблизу до душата. Љубовта ги усогласува мислите, ги обединува погледите, ја удвојува среќата. Сопружничката љубов Библијата ја опишува со следните бесмртни зборови: „Положи ме како печат на срцето свое, како прстен на раката своја, зашто љубовта е силна како смрт… огнен жар на нејзиниот пламен“ (Песна над песните 8,6).

2. Бракот соочен со непријател

Но Адам и Ева останале Божја своина и тогаш кога во светата брачна врска си припаѓале еден на друг. Бог ги соединил мажот и жената за никогаш да не се разделат, но сатаната се противставил на тоа! Полн со завист, овој вселенски бездомник решил да го уништи и човековиот дом. Ја одвоил Ева од Адам и со лукавство и измама ја навел на грев. Библијата жали кога кажува: „И Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап“ (1. Тимотеј 2,14).

Погазувајќи ја строгата Божја наредба, Адам му се придружил на Божјиот непријател, со што се одделил од Бога, а последица на тоа било затемнување на сјајот на неговата љубов кон Ева. Сатаната ги употребил сите свои сили да ги раздели од Бога и еден од друг, да го разурне бракот и да го уништи семејството. Таа страшна задача им ја доверил на демоните и на заводниците. Но, и по четири илјади години од паѓањето во грев, бракот сè уште постоел. Исус дошол и повторно ги зацврстил неговите разнишани темели. Тој заповедал: „А Бог што соединил, човек да не разделува“ (Матеј 19,6).

Божја намера била не само да создаде семејство во бракот, туку и опстанок на вистинската религија и мисла за еден Бог. Неопходен во рајот, бракот станал уште понеопходен кога човекот се нашол надвор од него. Создаден во рајот, тој требало да создава рај и да ги врати првите форми на љубовта и довербата, доблестите и чедноста на човечкото општество.

Бракот требало засекогаш да остане под божествена заштита, чесна врска во законските односи на брачните другари. Библијата го издигнува: „Бракот да се почитува од сите, и брачното легло да се пази неосквернето“ (Евреите 13,4). Прељубата е обесчестување на бракот и уривање на оградата што го штити моралот и чистотата на човечкото семејство. Бог станал заштитник на бракот кога заповедал: „Не врши прељуба!“ (2. Мојсеева 20,14) Бог ги чува и мажот и жената кога наредува: „Не пожелувај ја жената на ближниот свој“ (стих 17).

Децата на разведените родители умираат од тага за љубовта на двајцата родители, нивниот млад живот страда и трагедијата на таквите деца го погаѓа целото човештво. Дури и самиот поглед исполнет со похот, упатен преку Божјата ограда на бракот, Исус го нарекува грев: „Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5,28). Прељубата е одвратен грев, а од заводништвото и разведувањето страдаат невините потомци на виновниците. Исус е Спасител на светот и заштитник на семејството. Единствено Тој знае што е најдобро за среќата на човекот.

Бракот заснован врз божествените темели сè уште ја чува човечката раса и нејзините општествени односи. Спасувајќи го семејството, жената се спасува себеси. Во жената Библијата гледа мајка и учителка кога вели: „Но ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во верата, љубовта и во светоста со разборитост“ (1. Тимотеј 2,15). Жената како мајка има најистакнато место во семејството и во воспитувањето на децата. Спомнувајќи си за домот во рајот, таа треба да создава рај во својот дом. Мајка му на пророк Самоил е жив пример за мајчинските должности и за религиозното воспитување. Нејзиниот став се гледа во зборовите: „За ова дете се молев, и Господ ја слушна молбата моја, за што Му се молев; и јас го предавам сега на Господ за сите денови на животот негов – нека Му служи на Господ“ (1. Самоилова 1,27.28). Децата на мудрата жена што ги применува здравствените принципи во семејството, никогаш нема да паднат на товар на општеството. Библијата ја истакнува потребата од мудро родителско однесување и вели: „Разумна жена е дар од Господ“ (Мудри изреки Соломонови 19,14).

Времето за склучување на брак е период на полна животна зрелост на девојката и момчето, период на психофизичка рамнотежа и на материјална самостојност. Библијата божествено соопштува: „Сè има свое време, и секоја работа под небото има свое време.“ Мислата за тоа кога да се стапи во брак, Библијата ја крунисува со овие зборови: „Сето тоа Тој го направил да биде прекрасно во свое време“ (Проповедник 3,1.11).

3. Исус на свадба

Опкружен со неколку свои ученици, Исус со задоволство се оѕвил на повикот на својата мајка Марија да присуствува на една свадба во Кана Галилејска. Во своето подоцнежно учење, небесното царство Исус често го споредува со свадба, со еден од најрадосните денови во човечкиот живот. А тогаш во Кана Галилејска Исус седел како божествен Татко меѓу своите земни деца, благословувајќи ги младенците, бракот и семејството. На свадбата го сторил своето прво чудо. Библијата тоа го истакнува: „Така направи Исус почеток на Своите чуда во Кана Галилејска“ (Јован 2,11). Исус го дал и својот свадбен дар, претворајќи вода во вино – правејќи на тој начин чудо за да нè наведе на размислување за Божјите дела, чудесни и прекрасни како што се „патиштата на орелот по небото, ползењето на змијата по карпите, патеките на бродот среде море и патот на маж кон девица“ (Мудри изреки Соломонови 30,19).

Среќни се оние свршеници што ќе ги зближи Бог, и оние младенци кои на својата свадба ќе го повикаат Христа. Бог е оној кој и денес прави секој од младенците да може да каже: „Тој ме воведе во куќата за гозба и знамето негово над мене беше љубов“ (Песна над песните 2,4).

Само со Христа брачното ветување станува заклетва пред Божјето знаме, само со Исуса љубовта меѓу сопружниците станува знаме за кое се гине. Под знамето на Божјиот закон сопружничката љубов е начело, а не похот, меѓусебно разбирање а не заслепеност, знаме а не крпа! Само со Христа младите и старите сопружници сè до својата смрт можат да зборуваат еден на друг: „Нема ни дамка на тебе!“ (Песна над песните 4,7). Вистинската љубов не е слепа дури ни тогаш кога ги „покрива сите гревови“ (Мудри изреки Соломонови 10,12).

Животот започнува со раѓањето и продолжува со венчавањето, а побожните родители сè уште се најдобри советници на своите деца, и нивниот благослов даден под Божјо водство, треба да се смета за Божји благослов. Само Исус може да ги наполни врчвите на животот со сладок гроздов сок на брачна слога и разбирање. Човечкото несовршенство станува совршенство само со Исусовата чудесна делотворност во срцата на младенците, ако го послушаат непогрешниот совет на Христовата мајка крај масата на свадбата: „Сè што ќе ви рече, направете!“ (Јован 2,5) Оние што го сакаат Исуса и ги слушаат неговите совети, во домот ќе бидат како сонце: „А оние, кои Го сакаат, да бидат како сонце кога изгрева во сета своја сила!“ (Судии 5,31)

Исус на свадбата, Исус крај семејната трпеза, Исус како единствен посредник! Единствено Тој знае да ја прифати тагата и радоста на сопружниците. Радоста на сопружниците Библијата ја споредува со Божјата радост во доброчинството кон луѓето: „Како што младоженецот се радува за невестата, така ќе ти се радува тебе твојот Бог“ (Исаија 62,5). Мажот се радува и жената се весели кога ќе научат дека „љубовта е долготрпелива, полна со добрина… сè покрива, во сè верува, на сè се надева“ и дека „никогаш не пропаѓа“ (1. Коринќаните 13,4-8). Исус дал златно правило за брачната среќа: „Сè што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“ (Матеј 7,12).

Нема оган ниту срце без топлина, ниту вистинска љубов во бракот без насмевка и љубезност, без укажување на внимание и признание. Водата го гасне огнот, но не и принципите. Времето не може да ја угасне вистинската љубов. Изразите на љубов не се слабост туку сила. Гледајќи во Исуса, љубовта се продлабува и никогаш не старее. Некогашните младенци ќе ги лулкаат своите внуци и ќе шепотат: „Јас му припаѓам на мојот возљубен, а мојот возљубен мене“ (Песна над песните 6,3).

Брачните другари кои се темелат на Исуса ќе уживаат во сјајот на неговото присуство и ќе бидат опкружени со божествена атмосфера. Свесни за своите човечки слабости, тие ќе му се молат: „Фатете ни ги лисиците, лисичињата, зашто тие ги пустошат лозјата, а лозјата ни цутат“ (Песна над песните 2,15).

Исус меѓу сопружниците значи несебичен дух во однесувањето, благородно разбирање во очекувањата, мудра воздржаност во правата и сето тоа со вистинска великодушност. И кога ќе дојде тешкотија како поплава, кога ќе наиде искушение, несигурност и страв како силна вода, тогаш „големата вода не може да ја угасне љубовта, и реки нема да ја потопат. Ако некој го дадеше сето богатство на својот дом за љубов, тој би бил отфлен со презир“ (Песна над песните 8,7). Вистинска убавина е убавината на карактерот.

4. Исус – на децата и на родителите

Виновата лоза и маслинката се знаци на Божјиот благослов. Со мирисот на расцутената лоза и со бојата на златното маслиново масло, Библијата ја слика вистинската семејна среќа: „Жената во домот твој ќе биде како лоза плодовита, синовите твои – како новонасадени маслини околу трпезата твоја. Ете, така ќе биде благословен оној човек кој се бои од Господ“ (Псалм 128,3.4).

Генијален градинар и ненадминат вајар е Исус. Единствено Тој може да стори ќерките да бидат „како столбови во храмот“, а синовите „како нови насади во младоста своја“ (Псалм 144,12). На беспомошните родители Исус и сега им зборува: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на таквите е царството Божјо“ (Марко 10,14). Истиот час, кога за првпат им го кажал тоа на сите родители на светот, Исус покажал дека неговата љубов е најдобриот начин за воспитување на децата, зашто „прегрнувајќи ги, ги положи рацете врз нив и ги благословување“ (стих 16).

Блажени се младите кои уште од своето детство се дружат со Христа и со родителите преку Библијата. Домот е прва, вистинска и најдобра библиска школа за карактерот и за убавината на срцето, за воспитувањето и за човечкото достоинство. Блажени се сите оние кои се учат на Исусовиот пример кој како момче со родителите „слезе со нив, па дојде во Назарет и им беше послушен“ (Лука 2,51). Послушноста е небесен израз на љубовта. Полно со љубов кон Бога, со ведрина и послушност, детето Исус „напредуваше во мудроста и возраста и во милост кај Бога и кај луѓето“ (стих 52).

Мудроста и разумот, успехот и спасението, се награда за послушните синови и ќерки. „И сите твои синови ќе бидат научени од Господ, и голема среќа ќе има меѓу синовите твои“ (Исаија 54,13).

На оние што својата вера, својот брак и своето семејство ги ѕидаат врз Исуса, Тој им ветува: „Ете, Јас ќе ги положам твоите камења врз смарагд и ќе ги направам твоите основи од сафири; и ќе ги направам твоите прозорци од рубини и твоите порти – од бисер, а целата ограда твоја – од скапоцени камења (Исаија 54,11.12). Кој од нас ќе го овласти за тоа?

Кратка содржина на лекцијата

  • Бракот е божествена установа која потекнува од рајот и претставува основна заедница на човечкото општество и законски однос меѓу мажот и жената.
  • Божествените темели врз кои почива, бракот го обезбедуваат како доживотна врска на еден маж и една жена, врска заснована на меѓусебна љубов како Божје начело.
  • Во своето учење за бракот, Христос ги зацврстил неговите божествени темели, укажувајќи дека само прељубата може да биде причина за раскинување на бракот.
  • Времето за склучување на брак е „свое време“, односно период на полна морална и материјална подготвеност на идните сопружници да одговараат за своите постапки пред Бога, пред семејството и пред општеството.
  • Љубовта во бракот е божествено начело кое „никогаш не престанува“, начело кое се темели на златното правило дека секогаш најнапред треба да се укажат оние доблести и вниманија што се посакуваат. Тешкотиите, искушенијата и туѓите влијанија ќе бидат преслаби да ги згаснат благородните чувства во домот чиешто средиште е Исус.
  • Библијата Христа го прикажува како најголем педагог, кој атмосферата во домот ја прави светла и градителска, кој од домот создава работилница во која се формираат нескршливи карактери на младите поколенија, и децата ги подготвува како за овој живот, така и за оној што претстои во вечноста.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.