23. Спасението на Карпа

23. Спасението на Карпа

1. Црква изградена на карпа

Обземен од гнев, Мојсеј удира во карпата со жезолот што е во неговата рака. Потоа се свртува кон израелскиот народ и извикува гневно: „Чујте ме, бунтовници! Зар може од оваа карпа да ви извадиме вода?“ (4. Мојсеева 20,10) Поток вода бликнува од карпата за потребите на народот. Но, наместо да го прослави Бога, Мојсеј си ја припишува славата на себе. Господ му се јавува на Мојсеј и му кажува: „Поради тоа што не Ми поверувавте, и не ја засведочивте Мојата светост пред очите на синовите израелски, вие нема да го воведете тој народ во земјата, што Јас му ја давам“ (4. Мојсеева 20,12). Карпата била симбол на Исуса Христа. Апостол Павле тоа го опишува на следниот начин: „Браќа, не сакам да не знаете дека татковците наши сите беа под облак и сите минаа преку морето, и сите во Мојсеј се крстија во облакот и во морето; и сите јадеа иста духовна храна; и сите пиеја исто духовно пиење; зашто пиеја од духовната карпа, што ги придружуваше; а таа карпа беше Христос“ (1. Коринќаните 10,1-4).

Исус Христос ќе го даде Својот живот како жртва за гревовите на светот – тоа е симболично претставено со удирањето на Карпата. Лично Исус се претставува како карпа кога зборува за Својата црква: „На таа карпа ќе ја изградам црквата своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Матеј 16,18). Тој ја изградува христијанската црква врз себеси, „живиот камен, од луѓето отфрлен, но од Бога избран, драгоцен“ (1. Петрово 2,4). Апостол Павле, пак, сведочи дека „никој не може да постави друга основа, освен положената, а таа е Исус Христос“ (1. Коринќаните 3,11). Христовата црква е цврсто изградена на единствената основа, на самиот Исус Христос.

Црквата е Божје семејство на земјата. За сите што стапуваат во неа Библијата кажува дека „вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјото семејство, зашто се утврдивте на темелите поставени од апостолите и пророците, имајќи Го како камен темелник Самиот Исус Христос“ (Ефесјаните 2,19.20). Затоа, црквата на живиот Бог е „столб и потпора на вистината“ (1. Тимотеј 3,15). Таа е тврдината што ја носи и заштитува вистината од нападите на нејзините безбројни непријатели. Божјата вистина е откриена во Библијата, единствената света книга која е непогрешлив водач и мерило на верата, делата и животот. Според тоа, во Христовата црква се почитува правилото дека „Библијата и само Библијата“ е единствениот апсолутен авторитет и стандард за верата, правдата, животот и секоја наука и доктрина.

Според Библијата, црквата е Христово стадо. Таа го фали Него: „Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, Тој ме одмора на зелени пасишта и ме води на тихи води, ја закрепнува душата моја, ме води по патот на правдата заради името свое. Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезол и Твојата палка ме успокојуваат“ (Псалм 23,1-4).

И во Стариот и во Новиот завет, црквата е едно исто Христово стадо. Тој е нејзин пастир.

2. Aпостолската црква почива врз Христа

Апостол Петар бил еден од градителите на првата апостолска црква. Тој Христа го одбележал како карпа на спасението и темелен камен на вистината. Соочен со неверството на членовите на Синедрионот (еврејски црковен совет), тој го подигнал својот вдахновен глас во слава на Христа: „Тој е оној камен што од вас ѕидарите беше отфрлен, Кој стана камен темелник; и во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела на апостолите 4,11.12).

Правоверноста на Христовата апостолска црква никогаш не се мерела со нејзината популарност, ниту пак вредноста на вистината се проценувала според бројот на нејзините следбеници. Сам Исус Христос рекол: „Влезете низ тесната врата; зашто широки се вратите и широк е патот што води во пропаст, и мнозина минуваат низ нив; а тесна е вратата и тесен е патот што водат во животот, и малкумина го наоѓаат“ (Матеј 7,13.14).

Постои само една апостолска црква и само еден пат на спасението. Самиот Исус Христос изјавува: „Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене.“

Патот на спасението не е создаден ниту според апостол Петар, ниту според апостол Павле, туку според Исуса Христа. Апостол Петар го истакнува Христа и неговото име како единствено „име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“. Спасител на црквата е Христос, а не Петар. Името Петар доаѓа од грчкиот збор „петрос“ – именка од машки род и, за разлика од зборот карпа, значи „лесно подвижен камен, камен што се тркала и се оштрбува“. Затоа апостол Петар и не е карпа на спасението. Во Библијата само Христос е вистинската карпа. Во грчкиот јазик зборот „карпа“ е именка од женски род – „петра“ – и значи планинска карпа, џиновска тврдина, огромен масив што не може ништо да го помести, од кој се разбиваат големи и силни морски бранови и пред кој се запираат силни планински ветришта и луњи и кој опстојува пред сите временски бесови.

Библијата кажува дека црквата преодолеала пред притисоците на гревот однадвор и одвнатре затоа што Христос ги поставил нејзините „темели на камен“ (Лука 6,48), на самиот себе. Вистинската Христова црква не е втемелена врз песок, врз човек – туку врз небесната Карпа – врз Исуса Христа и врз неговото Слово. Затоа таа (црквата) станала несовладлива карпа на спасението среде морето на гревот.

3. Црквата во задача на спасување

Вистинската апостолска црква нема свој поглавар на земјата. Нејзиниот Поглавар се наоѓа на небото, во небесното светилиште. Поглавар е лично Христос, „кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата“ (Евреите 8,1). На небото Христос посредува за спасението на сите луѓе кои ќе поверуваат во Него и ќе го прифатат за свој личен Спасител. Црквата, и на небото и на земјата, ги објавува „совршенствата на Оној Кој ве повикал од темнина во Својата чудесна светлина“ (1. Петрово 2,9).

Единствено вистинската Христова земна црква го објавува Христа и неговата посредничка мисија на небото. Апостол Павле тоа го изразува со зборовите: „Па така, ние сме Христови пратеници, како Бог да зборува преку нас“ (2. Коринќаните 5,20). Според Библијата, вистинска Христова црква е само онаа чиишто верници во целост и поединечно се „избран род, царско свештенство, свет народ“ (1. Петрово 2,9). Христова црква е само онаа во која Христос е единствениот Учител, а верните сите се меѓусебно браќа. Самиот Исус Христос кажува: „А вие немојте да се нарекувате ‚Рави‘, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа“ (Матеј 23,8).

Преку црквата светот треба да го запознае Христа и темелно да се подготви за Неговото второ доаѓање за „секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16). Црквата на светот му зборува за второто Христово доаѓање: „Еве го младоженецот, излезете да го пречекате“ (Матеј 25,6). Тоа е вест упатена на „жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14,6-12). Христовата света и апостолска црква претставува Божје семејство на земјата. Единството на Христовата црква се темели врз единството со Христа, а не врз компромиси со гревот. Дури во заедница со Христа заснована на Божјите заповеди сите верници можат да бидат „едно стадо“ на кое Христос е „еден пастир“ (Јован 10,16).

Христовата мисија и улогата на неговата црква се исти: „раскини ги оковите на неправдата, одврзи ги врските на јаремот, и угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; раздели го лебот свој со гладните, и бездомните сиромаси закрили ги во домот свој.“ Должност на секој верник е „ако видиш гол, – облечи го, и од крвните сродници не криј се“ (Исаија 58,6.7). Христовата црква го прифаќа учењето на Библијата дека сите луѓе се од „една крв“ (Дела на апостолите 17,26), и затоа доброчинството на црквата е универзално дело. Исусовиот пример истовремено е и налог за неговата Црква: „И одеше Исус по цела Галилеја… проповедајќи го Евангелието на Царството и лекувајќи секаква болест и немоќ кај народот“ (Матеј 4,23).

Задача на црквата е да прави добро и во секое време да биде подготвена „за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3,17), за да може да се каже за нејзиниот живот дека се состои од „милостина и добри дела што ги правеше“ (Дела на апостолите 9,36).

4. Некои обележја на Христовата црква

Како што кажавме, во црквата Библијата е единствено правило за верата и единствена наука за спасението. Морал и дисциплина на црквата е „словото Божјо“ и „сведоштвото на Исус Христос“ (Откровение 6,9; 12,17). „Сведоштвото на Исус Христос“ е „Духот на пророштвото“ (Откровение 19,10). Сведоштвото на Духот на пророштвото е Христов дар што Тој ѝ го дал на својата црква на „остатокот“ (Откровение 12,17), свршенички дар со чија помош нејзините верници ќе бидат „утврдени во сегашната вистина“ (2. Петрово 1,12).

Христовата црква ја изнесува Христовата наука „не со зборови научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух: толкувајќи го она што е духовно со духовни поими“ (1. Коринќаните 2,13). Таа во себе има „ум Христов“ (1. Коринќаните 2,16). Иако изгледа слаба и несовршена, сепак Христос стои пред нејзината врата и чука:

„Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.“.

Христовата црква вратата на своето срце му го отвора само на Христа.

Сите жители на небесата го набљудуваат делото на Божјата црква на земјата. Преку неа треба „многуликата мудрост Божја да им се објави сега… на началствата и властите небесни“ (Ефесјаните 3,10). Црквата објавува дека „Бог не е Бог на безредие, туку на мирот“ (1. Коринќаните 14,33). Христос е поглавар на црквата на земјата и поглавар на небото:

„И Тој е глава на телото, односно на Црквата. Тој е почеток, првороден од мртвите, за да има првенство во сѐ“ (Колосјаните 1,18). Библијата кажува дека Бог го поставил Христа за „глава над сите во Црквата, која е Негово тело“ (Ефесјаните 1,22.23). Само Христос така ја „засака Црквата и се предаде Себе за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна“ (Ефесјаните 5,25-27).

Христос својата црква ја облекол во својата правда како во облека за да може и на небото и на земјата „да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус“ (Ефесјаните 2,7). Верниците на црквата се Божји домашни само тогаш ако ги „држат заповедите Божји и верата Исусова“ (Откровение 14,12).

5. Организација и ситуирање на Христовата црква на Земјата

Уште од почеток црквата имала задача да го води кон Христа за спасение „секого што верува“ (Римјаните 1,16). За да може секому да му служи за спасение, Христос во неа „постави едни за апостоли, други за пророци, трети за благовестители, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не го достигнеме единството на верата и познанието на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота“ (Ефесјаните 4,11-13).

Библијата кажува дека Светиот Дух раководи со изборот на луѓето за одредени служби во црквата. Тој ја усогласува волјата на мнозинството при изборот, слично како и некогаш во црквата во Антиохија кога рекол: „Одвојте ми ги Варнава и Савле за дело, за кое ги повикав“ (Дела на апостолите 13,2). Овие луѓе, проповедници на радосната вест, среде морето на народите требало да ја објават Карпата на спасението, Христос, добивајќи од црквата средства за својот живот според Божјата наредба: „Така и Господ заповедал проповедниците на Евангелието да живеат од Евангелието“ (1. Коринќаните 9,14).

За да им се помогне на весниците на евангелието во проповедањето на радосната вест, секој верник на Христовата црква на земјата има право и предност да каже како и некогаш што кажал Јаков на патот за Харан: „Ако Бог биде со мене и ме зачува на овој пат, по кој одам, и ако ми даде леб да јадам и облека да се облекувам, и се вратам мирно во домот на таткото мој, и ми биде Господ мој Бог… И од сѐ, што ќе ми дадеш, Тебе ќе Ти давам една десетина“ (1. Мојсеева 28,20-22).

Бог бил со Јакова, зашто и Јаков бил со Бога. По дваесет години од својот завет со Бога, кога се враќал дома, тој можел да каже: „Само со стап го минав овој Јордан, а сега сум господар на два табора“ (1. Мојсеева 32,10.11). Бог и денеска дозволува да го испробаме:

„Донесете ги сите десетоци во ризницата, па да има храна во Мојот дом, и потоа испитајте Ме, вели Господ Саваот: зар нема да ги отворам отворите небески за да излијам благослов на вас, па да имате и на претек? Заради вас ќе им забранам на оние, што ги изедуваат плодовите земни, и лозата ваша во полето нема да остане без плод, вели Господ Саваот“ (Малахија 3,10.11).

Десетокот (десетина) е знак на Божјата своина над целината:

„Господова е земјата и сѐ што ја исполнува, вселената и оние што живеат во неа“ (Псалм 24,1).

Во Христовата црква на оваа земја „смртни луѓе земаат десетоци“ (Евреите 7,8), но ангелите водат бесмртна евиденција за сите десетоци, за сите дарови и прилози во црквата. Во знак на признание дека Бог е Господар на сè, ние нему му даваме десеток како долг, а не како милостина. Законот за давање и примање во Библијата гласи: „кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее; а кој богато сее, богато и ќе жнее. Секој да дава како што одлучил во срцето, а не со жал или принуда; зашто Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Коринќаните 9,6.7).

6. Црквата – Божји град на земјата

Од својата куќа на песок, апостол Павле пристапил кон Христовата црква – кон куќата на карпа, „кон Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон безбројните ангели, на свечениот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите“ (Евреите 12,22.23). И на него се однесувале овие Христови зборови, овој повик: „И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир“ (Јован 10,16). Апостол Павле дошол. Дали ќе го послушаме и ние Христовиот глас? Дали сакаме и ние да му се придружиме?

Кратка содржина на лекцијата

  • Црквата на земјата е дел на семејството на небесниот Бог-Отец. Таа е „свечениот собор, собранието“ на новородените Божји деца „кои се запишани на небесата“ (Евреите 12,22.23).
  • „Карпата“ врз која е изградена црквата е Исус Христос, и Тој е единствениот поглавар на црквата.
  • Постои само една вистинска црква како што постои и само „еден Господ, една вера и едно крштавање“ (Ефесјаните 4,5). Бог не е Бог на безредие туку Бог на ред, и Тој признава само „едно тело“ и едно „стадо“.
  • Светиот Дух ѝ е даден на вистинската Христова црква да ги соедини сите христијани во „една вера“, кога „Духот на вистината ќе ве упати во сета вистина“ (Јован 16,13).
  • Преку својата вистинска црква Христос сака да ги соедини своите синови и ќерки во верата, во науката, во добрите карактерни особини и во службата.
  • Лесно е да се препознае вистинската Христова црква, зашто таа ги држи сите Божји заповеди, ја има верата Исусова и сведоштвото на Исуса Христа, кое е Духот на пророштвото.
  • Со библиската десетина од сите свои приходи верниците на вистинската Христова црква признаваат дека „Господова е земјата и сѐ што ја исполнува“ (Псалм 24,1).
  • Според Библијата, прилозите на црквата се даваат доброволно, не сосила, туку секој „како што одлучил во срцето“ (2. Коринќаните 9,6.7). Давањето и примањето е закон на животот и на љубовта кон Бога и кон ближните.
  • Припадноста кон вистинската Христова црква е залог за спасението и за вечното граѓанство (жителство) во идното вечно Христово царство.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.