17. Симболи на спасението

17. Симболи на спасението

1. Тајната на спасението објавена во симболи

Целата Библија е „откровение на Исус Христос“ (Откровение 1,1), расветлување на тајната „криена од векови во Бога, Кој создаде сè“ (Ефесјаните 3,9). Во почетокот ниту ангелите ниту луѓето не можеле да сфатат дека Бог толку го милее светот што „Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16). Дури и на бившиот херувим – Луцифер – не му било јасно како Бог може да остане праведен, правдата задоволена, Законот неизменет, а сепак човекот спасен. Библијата ја открила таа голема тајна!

Во почетокот Божјата љубов кон луѓето можела да се изрази само со слики, знаци и симболи. Првото ветување за спасение на светот било дадено со симболички јазик. Меѓу жената и „змијата“ поставено е непријателство и ветено е дека потомок на жената ќе ѝ ја здроби главата на „змијата“, но во таа прилика таа смртоносно ќе го касне (1. Мојсеева 3,15). Тој сликовит приказ сатаната многу го загрижил, а луѓето ги ставил во состојба на радосно очекување.

Тајната на спасението почнала да се расветлува. Бог на луѓето им го дал првото богослужение. Зел јагне за жртва и им го дал на луѓето. Тоа била прва невина жртва на жртвеникот, претслика на Христа на крстот. Им објаснил дека „душата на секое тело е во неговата крв“. Кога истекла крвта на закланото јагне, Господ рекол: „И Јас ви ја дадов за жртвеникот за откупување на душите ваши, бидејќи таа крв ја откупува душата“ (3. Мојсеева 17,11). Во факелот на првиот оган на жртвеникот, луѓето го препознале Божјиот гнев против гревот, а во јагнето на олтарот го виделе неговиот единец – Синот – во пламени маки на крстот за спасението на светот.

Првото богослужение е извршено пред вратата на Едемската градина. Библијата вели дека Авел верувал во Месија, во ветениот Спасител кој ќе дојде, и својата вера ја докажал на дело: „Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, од Каиновата; преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови; преку неа, иако мртов, тој уште зборува“ (Евреите 11,4). На ист начин на Бога му биле угодни и Енох, Ное и Авраам. Патријархот Јаков исто така со вера го чекал доаѓањето на Оној „Кому ќе Му се покоруваат народите“ – Исус Христос (1. Мојсеева 49,10).

Секоја нова утринска жртва пред нивните шатори, симболично, но сепак јасно, ги учела дека „платата, што ја дава гревот е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6,23). За смртниот човек вечниот живот значел спасение, а спасението значело обновување на Божјиот лик во него. Само некој што е толку свет, како што е Бог, можел со својата смрт да го откупи човекот. Тој „Некој“ бил Божјиот единороден Син, Исус Христос. Кога Христос стапил на својата однапред преткажана и доброволно прифатена должност на Божје Јагне, Јован Крстител на реката Јордан го пречекал со зборовите:

„Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јован 1,29).

2. Изградба на старозаветното светилиште

Од Адам до Мојсеј, секој татко на семејството бил и негов свештеник. Семејниот олтар бил место за молитва, за размислување и учење за верата во доаѓањето на Спасителот. Од Мојсеја почнува јавното богослужение проширено и дополнето со значајни обреди и церемонии. Од Аврамовите потомци Бог подигнал за себе народ кој ќе го прославува Бога со посебна служба. На највеличествен начин, од среде пламенот и чадот на гората Синај, Тој им го изговорил својот морален Закон од десет заповеди, склучил сојуз со својот народ и им објавил дека ќе подигне свое престојувалиште меѓу луѓето. Тој му рекол на Мојсеј: „Да Ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам. Сѐ, како што ќе ти покажам Јас на планината: и образецот на скинијата, и образецот на сите предмети во неа – така да направите“ (2. Мојсеева 25,8.9). За делото што требало да се изврши, народот донел приноси и дарови во толкаво количество, што „имаше доста принесено за секакви работи што требаше да се направат, дури и преостануваше“ (2. Мојсеева 36,7).

За градење на светилиштето Бог одредил и посебно надарил луѓе што ги „исполни со Божји Дух, со мудрост и со разум, со знаење и со секоја умешност“ (2. Мојсеева 35,31). Еден од нив бил оспособен „да изработува планови, и да прави работи од злато, сребро и бакар; да реже камења, да реже и обработува дрво, и да прави секакви уметнички работи“ (стихови 32,33). Бог никогаш немал недостиг од вистински човек во вистинско време.

За неколку месеци сè било готово. За подигањето на Божјето светилиште (Божје престојувалиште, шатор за состанок или скинија) под Синајската гора, Библијата вели: „И Господ му рече на Мојсеј велејќи: „Во првиот ден од првиот месец подигни ја скинијата на собранието, потоа постави го таму ковчегот на заветот и засолни го со завесата; внеси ја трпезата, и постави сѐ што треба да се намести на неа; внеси го и светилникот, а стави ги и кандилцата на него; постави го златниот жртвеник за кадење пред ковчегот на заветот; и закачи завеса пред влезот во скинијата. Постави го и жртвеникот за жртви сепаленици пред влезот во скинијата; стави го мијалникот меѓу скинијата и жртвеникот, и налеј вода во него; огради го дворот наоколу, и закачи ја завесата на вратата од дворот“ (2. Мојсеева 40,1-8). Светилиштето било подигнато и стоело како модел на небесното светилиште, на Божјето, неизмерно поголемо и пославно живеалиште на небесата.

3. Божјата служба во светилиштето на земјата

Богослужението во светилиштето ја опфаќало сета народна заедница. Тоа се состоело од жртви за покајание, од жртви за грев и од други жртвени дарови што ги принесувала целата заедница, од жртви на самите свештеници, како и од жртви што ги принесувале поединците од народот. Жртвата за грев на поединците од народот била едно јагне или јаре (3. Мојсеева 5,6). Индивидуалната служба: верникот во дворот на светилиштето ја ставал „раката своја врз главата“ на жртвата за грев, го признавал гревот и морал да го заколе јагнето. Потоа свештеникот го извршувал својот дел од обредот. Библијата кажува дека тој требало да земе „крв од неа на прстот свој и нека ги помаже роговите на жртвеникот за сепаленици“ (3. Мојсеева 4,29.30).

Ставајќи ја раката на главата на жртвата, покајникот го исповедал својот грев според уредбата: „Кога, пак, некој е виновен за некоја од овие работи нека го признае гревот свој“ (3. Мојсеева 5,5).

Секој поединец од народот требало да научи дека „без пролевање крв, нема проштавање“ (Евреите 9,22). Истовремено морал да знае дека „не е можно телешката и јарешката крв да ги отстрани гревови“ (Евреите 10,4). Секој морал да го знае она што го кажал апостол Петар многу подоцна:

„Знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос“ (1. Петрово 1,18.19).

Жртва за покајание на гревот принесувал секој престапник, па и секој свештеник кога го погазувал Божјиот закон – Десетте заповеди. Осудата поради гревот условно можела да се поништи само со крвта на жртвата принесена за грешникот. Крвта, симболот на животот, укажувала на смртта на Божјето Јагне, на Исуса Христа, и на Неговата крв што во свое време ќе се пролее за откуп на грешниците од вечната смрт.

Кога целиот народ ќе направел некој грев, свештеникот го извршувал обредот на помирување преку крвна жртва за грев. Во овој церемонијал, еден дел од крвта на закланото животно се внесувал „во шаторот за состанок“ (3. Мојсеева 4,16). Влегувајќи во првиот дел од светилиштето (шаторот), свештеникот требало со крвта да ја испрска „предната страна на завесата пред Господа“ (стих 17). Прскањето со крв е вршено спроти ковчегот на сведоштвото што се наоѓал зад завесата, во вториот и најсветиот дел од светилиштето, наречен „светиња над светињите“. Бидејќи погазениот Закон барал крв – ја барал смртта на престапникот – со ова симболично прскање со крв требало да се задоволат барањата на Законот. И оваа симболика укажувала на Христовата крв што ќе се пролее на крстот.

На овој симболичен начин, гревовите на целата заедница – на свештениците, поглаварите и верниците од народот – се пренесувале во првото одделение на светилиштето (светињата). Гревовите биле условно простени, но не и конечно избришани. Бришењето на гревовите или чистењето симболично се вршело на големиот Ден на помирување (очистување), со кој се завршувала религиската година.

Покрај жртвите за грев и останатите крвни жртви на благодарност и жртвите што се јаделе, во еден од најсвечените богослужбени обреди спаѓала и секојдневната жртва паленица што се принесувала „секој ден без прекин“ (2. Мојсеева 29,38), едно јагне наутро и едно предвечер. Тоа било свето време на утринско и вечерно богослужение. Во тие свечени мигови целата народна заедница размислувала за себе и ги испитувала своите срца пред огледалото на Законот. Во јагнето за жртва го гледале Исуса Христа, вистинското Јагне, кое ќе се принесе за гревовите на светот.

4. Чистењето на гревовите во светилиштето – чин на помирување

Со признавањето на гревот над главата на жртвата и со внесувањето на нејзината крв пред завесата на најсветиот дел од светилиштето, Божјето земно престојувалиште – истото, на симболичен начин, се полнело со гревовите што биле само условно простени. Светилиштето требало да се очисти од внесените гревови и грешниците конечно да се помират со Бога. За сите Израелци требало „да се извршува обредот очистување еднаш годишно поради сите нивни гревови“ (3. Мојсеева 16,34). Помирувањето и очистувањето на светињата се вршело пред кадилниот олтар што бил „голема светиња пред Господ“ (2. Мојсеева 30,10) и пред ковчегот на сведоштвото во најсветиот дел на светилиштето, а обредот го вршел првосвештеникот (врховниот свештеник).

Библијата кажува дека „при ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја; а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себе и за гревовите на народот, направени поради незнаење“ (Евреите 9,6.7). Ова влегување на првосвештеникот во светињата над светињите бил најсвечен дел на израелското богослужение. Библијата кажува дека првосвештеникот поминувал низ последната завеса и, застанувајќи пред ковчегот на сведоштвото, „да попрска врз очистилиштето и спрема очистилиштето“ (3. Мојсеева 16,15). Таков бил обредниот церемонијал со кој првосвештеникот го чистел „светилиштето од нечистотиите на синовите израелски и нивните престапи во сите нивни гревови“ (стих 16). Таков бил обредот на помирување во светилиштето.

Првосвештеникот со себе ги изнесувал гревовите на народот од светилиштето и во неговиот двор симболички ги пренесувал врз главата на одреден јарец. Овој јарец го претставувал архидемонот – сатаната – врз чија глава ќе се урне вината за сите гревови на верните. Јарецот е одведен в пустина и таму оставен. Симболично тоа го претставува конечното уништување на сатаната.

5. Исус – извршител на сите симболи на спасението

Библијата сведочи дека „Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на нашите предци преку пророците, во последниве денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите“ (Евреите 1,1.2). Еден од начините на кој Бог зборувал во старо време биле симболите на спасението. Жртвите и свештенството, обредите и земното светилиште, биле само збир на симболи што зборувале дека „еден е Бог и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус“ (1. Тимотеј 2,5). Тој „се принесе Себе на Бога непорочен“ (Евреите 9,14). Од небесното светилиште – од Божјиот престол – Христос дошол во небесното предворје – на земјата – и крстот на Голгота бил оној жртвеник на кој горела невината жртва – Христос – со цел, „преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2,14). Старозаветниот жртвеник е заменет со крстот на Голгота. Сега Исус е Божјето Јагне, жртва, но и првосвештеник, кој „кога стана Првосвештеник на идните добра, со поголемо и со посовршено светилиште, неракотворено, односно не онакво какво што се прави на земјата, ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп“ (Евреите 9,11.12).

Исус умрел наместо човекот, но со својата смрт не ги избришал и гревовите на покајниците од небесните книги. Вознесувајќи се, Тој влегол „во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бога за нас“ (Евреите 9,24). Библијата отворено им зборува на Исусовите верници:

„Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот; а Тој е жртва за измирување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2,1.2).

Денеска Исус веќе е во светињата над светињите на небото. Во неа влегол во големиот Ден на очистување на небесната светиња, каде што се врши испитување на сите признати гревови и нивно конечно бришење. Библијата со пророштво (Даниел 8 глава) го објавила тоа време. Ние денеска живееме во тој најсвечен период од човечката историја, односно во времето на небесниот суд и судското бришење на гревовите на сите праведници, почнувајќи од „Божјиот дом“ (1. Петрово 4,17).

6. Исус – најдобар толкувач на симболите на спасението

Земното светилиште е укинато со Исусовата смрт на крстот. Во тој миг завесата во ерусалимскиот храм „се расцепи на две, одозгора додолу“ (Марко 15,38). Церемонијалниот левитски закон е укинат и патот кон Бога е ослободен, така што секој може слободно и независно, во секое време „да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат“ (Евреите 10,19).

Исус е најдобар толкувач на својата служба. На двајца свои ученици Тој им рекол: „’Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?‘ Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо“ (Лука 24,26.27). Христос ги исполнил симболите и делото на спасението го продолжил во небесното светилиште. Библијата кажува: „А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек“ (Евреите 8,1.2). Но доаѓа време кога помирувањето и на небото исто така ќе заврши и ќе се изврши чистење на небесното светилиште. Тогаш Христос ќе излезе од своето свето живеалиште за повторно да дојде на земјата – во небесното предворје – но сега да им донесе „спасение на оние кои нестрпливо го очекуваат“ (Евреите 9,28).

Кратка содржина на лекцијата

  • Земното светилиште му е дадено на човештвото за подобро да го разбере големиот Божји план на спасението на светот.
  • Со помош на симболите и по пат на церемонијалот, светот требало да се запознае со фактот дека секој грев на земјата се бележи на небото и претставува долг што на грешникот може да му се прости и конечно да се избрише од Божјите книги.
  • Светилиштето и службата во него овозможувале увид во три фази од планот на спасението: (1) во Христовата жртва што ја дал наместо човекот, (2) во неговата служба на небото за условно проштавање на гревовите што ги признал грешникот, и (3) во службата за конечно бришење на гревовите од небесните книги.
  • Големиот годишен Ден на чистење оддавал слика на идниот конечен „истражен суд“ што ќе го испита и ќе го избрише секој признат грев.
  • Христос се наоѓа во небесното светилиште каде „се јави сега пред лицето на Бога за нас“ (Евреите 9,24).
  • Со Христовата жртва на крстот конечно е укината посредничката служба на симболите и церемонијалите, и секому му е овозможен пристап кон Бога и помирување „преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат“ (Евреите 10,19).

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.