8. Отворена врата

8. Отворена врата

1. Од грешник до патријарх

Пријателството меѓу човекот и Бога било прекинато со гревот на првата човечка брачна двојка. Гревот бил бунт против Творецот, причина за нарушување на добрите односи меѓу соседите и прекин на пријателството меѓу Бога и човекот, меѓу родителите и децата, меѓу братот и братот. Гревот е болест на душата, но Бог нашол лек – Исус Христос станал помирувач меѓу него и луѓето. За таа голема вистина Библијата вели:

„Но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова. Зашто Тој е нашиот мир… Зашто преку Него и едните и другите имаме пристап кај Отецот во еден Дух. И така, вие веќе не сте туѓи и придојдени, туку сте им сожители на светиите и членови на Божјето семејство.“

Библијата е мировно писмо, а Исус посредник на помирувањето меѓу човекот и Бога, меѓу земјата и небото. Во Библијата е обележан патот на помирување. Бог бил готов да го заборави човековиот престап, готов да помилува и да прости. Да појдеме по патот на еден покајник кој од грешник станал праведник и повторно Божји пријател. На тој млад човек му се затворила вратата на домот, а му се отворило небото. Се борел со Бога, се победил себеси, стекнал ново име и станал еден од првите патријарси.

Животот на овој млад човек бил полн со неочекувани настани и непредвидени пресвртници, иако тој не ги барал ниту пак бил наклонет кон возбудувања. Библијата го опишува како младич кој бил „човек кроток кој живееше во шатори“ (1. Мојсеева 25,27). Единствено за што копнеел тој било небото, но, барајќи ја вистината, се послужил со лага и затропал на вратата на гробот. Иако не бил свикнат на патување, тој дошол „пред небесната врата, во Божјата куќа“ (1. Мојсеева 28,17). На неговиот подем му претходел пад, но тој станал и на мнозина им помогнал да станат и да се помират со Бога.

Во борбата за духовно првенство тој ја искористил слабоста на својот брат, близнак, и за чинија јадење го купил правото на неговото првенство. Сакал да стане Божји пријател, но станал непријател на Бога. Лажејќи го татка си, му згрешил на Бога; од мајчин галеник, станал бегалец, но и еден од најпримерните покајници што ги познава Библијата, еден од првите кој се сретнал со Христа, го сфатил својот грев, со покајнички солзи го признал својот престап и повторно станал Божји пријател.

Се родил како и сите други, но бил меѓу првите кои сфатиле дека „без вера не е можно да му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат“ (Евреите 11,6). Живеел во шатори, но „го очекуваше оној град што има основи, чиј градител и творец е Бог“ (стих 10). Почнал со една измама, а завршил како патријарх и како еден од татковците на верата во Христа. Се викал Јаков.

2. Гревот носи несреќа

Под мирните шатори на хананските дојденци една измама внела немир, една лага расцеп. Несреќата почнала со една навидум невина купопродажба на првенство, а завршила со измама и лага и се заканила со братоубиство. Постариот син и брат Исав бил „ловец и земјоделец“. Своето право на првенство тој лекомислено го продал за една чинија јадење. Сепак, купопродажбата ја сметал за неполноважна и решил да му се одмазди на брата си. Рекол: „Се наближуваат деновите на оплакувањето за таткото мој; тогаш ќе го убијам Јаков, братот мој“ (1. Мојсеева 27,41).

На помирување и не помислувал. Тој не се уплашил ниту од Бога што го продал своето првородство и не барал да се помири ниту со Бога ниту со својот брат. Исав го направил својот избор, но и Бог својот. Библијата зборува за Божјиот избор: „Зар Исав не е брат на Јаков, вели Господ, но сепак Јас го засакав Јаков, а Исав го намразив…“ (Малахија 1,2.3). Исав го продал она што му го доверил Бог и затоа Библијата го нарекува нечестив: „Да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестив како Исав, кој за една манџа се откажа од своето право на првородство“ (Евреите 12,16).

Голем грев е заради јадење човекот да се откаже од Бога, но исто така е грев и да се посака она што е туѓо; грев е да се има идоли, но грев е и да се излаже. Јаков го престапил Божјиот закон и неговиот грев го разделил од Бога, го скарал со брат му, го одвоил од родителскиот дом и го терал како бегалец и бездомник во мрачна неизвесност. Двајцата браќа грешеле, но сепак постоела разлика меѓу нив: Јаков веднаш го увидел својот погрешен однос кон Бога и барал помирување и проштавање.

Со жалост и немир во срцето, Јаков бегал по патот за Харан, кај вујко му Лаван. Колку се оддалечувал од родителскиот дом, сè повеќе се спуштала завесата над неговото среќно детство и совеста сè посилно го мачела. Сакал да стекне пријателство со истиот Бог кому му служеле и неговите татковци, но предизвикал непријателство и тоа ја притискало неговата чувствителна душа…

Брзајќи низ ноќта и управувајќи се според ѕвездите, Јаков се плашел да не го загубил Бога засекогаш. Набљудувајќи го ѕвезденото небо, му се сторило како да е понедостижно од кога и да е порано, зашто неговото толку сакано пријателство со Бога било раскинато. Сепак, во неговото срце се одгласувале зборовите на неговиот татко за добрината Божја како далечно ехо на уште неизговорените зборови во Библијата:

„Ве молиме во името на Христос: помирете се со Бога“ (2. Коринќаните 5,20).

Никој не требало да го моли Јаков да се помири со Бога. Но неговиот дом, во којшто пораснал, за него бил затворен, небото многу високо и далеку, а тој бегалец! Тогаш, изморен, застанал и побарал засолниште да преноќи, но никаде немало. Над бреговите што го опкружувале се спуштил мрак, а ноќните ѕверови ги сечеле сите патишта. Каде да се засолни? Иако не видел никаков знак на Божје присуство, сепак чувствувал дека е „близу е Оној, Кој ме оправдува“ (Исаија 50,8). Каде и да отиде, не може да се скрие од Божјиот поглед!

3. Небото – отворено

Поради својот грев, Јаков наполно ја загубил довербата во себе. Го притискале мрак и очај и одвај се осмелувал да се моли. Бил жалосен поради гревот, а не поради последиците што настапиле. За вистинската жалост поради гревот – за покајанието што донесува спасение – Библијата вели: „Бидејќи жалоста што потекнува од Бога предизвикува неопходно покајание за спасение, а световната жалост доведува до смрт“ (2. Коринќаните 7,10). Исав жалел само поради последиците на гревот, а жалоста на Јаков била спасоносна, зашто го довела до обратување, а обратувањето всушност е промена на ставот кон Бога и повторно воспоставување на пријателство со него.

Изморен, тој го зел најблискиот камен и го ставил под глава. Стварноста била мрачна, но визијата што ја добил таа ноќ на сон била сјајна! Заспал, и „виде сон: ете, скала стои на земјата, а со врвот допира до небото, и ангели Божји се качуваа по неа и слегуваа“ (1. Мојсеева 28,12).

Така пред еден млад човек се отворило небото, и во својата трагична осаменост тој наеднаш се нашол меѓу ангелите – меѓу светите небесни жители! Кога погледнал кон врвот на скалата, речиси не можел да поверува: „А ете, Господ стоеше на неа, Кој му рече: ’Јас сум Господ Бог на таткото твој Авраам и Бог Исаков… И сите племиња на земјата ќе бидат благословени поради тебе и поради потомството твое. И еве, Јас сум со тебе, и ќе те чувам насекаде каде и да појдеш‘“ (1. Мојсеева 28,13-15).

Пријателот на неговите татковци, Господ Бог, останал и негов пријател! Господ ја расветлил ноќта на неговата тага и го утешил. Јаков ја видел скалата и таа ноќ дознал дека Бог треба да слезе од небото за да го спаси светот од гревот, од злото и од болката. Бог ќе слезе, а грешникот ќе биде подигнат! Бог и човекот ќе се сретнат и ќе се помират! Повторно ќе се воспостави пријателство! Бог почнал да му го открива на Јакова величествениот план на спасението на грешниците од гревот, од силата на гревот и од неговите последици. Небото му се отворило на грешникот кој се покајал!

Христос ги сврзал небото и земјата. Таа спасоносна скала – најславниот мост на светот што кога и да е изграден – го претставувала Христа. Тој мост му светел на Јакова како симбол на Посредникот на помирувањето меѓу Бога и човекот. Библијата тоа го потврдува со зборовите:

„Зашто еден е Бог и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето – човекот Христос Исус, Кој се даде себе како откуп за сите.“

Јаков барал помирување и тоа го нашол во Посредникот на помирувањето на човекот со Бога – во Исуса Христа. Го признал гревот и примил проштавање. Патот на Јаков во Харан бил пат на помирување со Бога и тој среќно стигнал. Јаков знаел дека „ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда“ (1. Јованово 1,9). Признавањето на гревовите пред Бога и заземањето на вистински став кон Него, отсекогаш биле услов за помирување со Него.

4. Радосна вест за секого

Таа ноќ за Јаков била светла како ден – најголем ден во животот! Во најтешкиот миг од неговиот живот му се јавил неговиот најмил Пријател, и без збор и прекор ја прифатил неговата покајничка рака подадена за помирување, примајќи го како Авраамов и Исаков син – како син на татковците на верата во Исуса Христа, Спасителот на светот. Јаков бил грешник, но и покајник; почнал како измамник, но не завршил така. Бог ја прифатил неговата вера во Христа како единствен Помирувач на луѓето со Бога и му простил.

Така Јаков, до вчера отуѓен од Бога и престапник на Законот, добил помирување и благослов. Тоа била радосна вест за него. Тоа било објавување на Христовото евангелие – радосната вест за помирување со Бога. За помирувањето Библијата кажува: „И вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бога, и непријатели поради помислите кон лоши дела, сега ве примири во телото на Неговото тело, преку Неговата смрт, за да ве претстави пред Себе свети, непорочни и без вина, само ако останете во верата тврди и непоколебливи, и бидете неотклонливи од надежта на Евангелието што го чувте“ (Колошаните 1,21-23). Библијата е документ на радосната вест, повелба на помирувањето! Радосната вест за Јакова е и радосна вест за секого. Господовиот глас од скалата е глас на проштавање, на утеха и надеж. Единствен пат кој води кон Бога е Христос. Сè уште во Библијата се слушаат Христовите зборови:

„Јас сум Патот, Вистината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот освен преку Мене“ (Јован 14,6).

5. Нема безнадежен случај

Кога Јаков се разбудил, сè уште бил потресен и извикнал: „Колку е страшно ова место! Ова е дом Божји, ова е вратата небеска!“ (1. Мојсеева 28,17). Небото е Божји дом, а земјата – нејзин праг. Небесната врата е Исус Христос. Тој рекол:

„Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси“ (Јован 10,9).

Бог им ја отворил вратата на сите грешници на светот и таа е доволно голема низ неа да влезе и најголемиот грешник, само ако појде по патот на помирување, како што кажува Библијата: „Тогаш го признав гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: ’Ќе му ги исповедам на Господ моите престапи‘, и Ти ми ја прости вината на гревот мој“ (Псалм 32,5).

Тоа ново утро, охрабрен и утешен, Јаков го продолжил патот, и „отиде во земјата на синовите на исток“ (1. Мојсеева 29,1). Стигнал во Харан. Таму стекнал семејство и за време од дваесет години – големо богатство. Тогаш пак му се јавил Бог и му рекол: „Стани сега и оди си од оваа земја, и врати се во родниот крај“ (1. Мојсеева 31,13). Понекогаш Бог го враќа човекот по ист пат за да ја провери неговата вера, да ја види неговата постојаност и да ја испита неговата доверба во Неговата моќ да го избави.

Веста дека Јаков се враќа на својот имот го возбудила Исав, кој татковиот посед одамна го сметал за своја законска своина. Јаков се враќал по истиот пат по кој си заминал, и неговиот одамнешен грев повторно му излегол пред очи. Меѓутоа, и сега не барал господство, ниту имот, ниту пак се враќал по своја волја. Се враќал по Божја наредба и кога слушнал дека Исав му иде во пресрет со оружје, тој сесрдно му се обратил на Бога: „Не сум достоен за сите милости и добрини што му ги направи на слугата Твој;… Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, зашто се плашам од него да не би, кога ќе дојде, да ме убие мене, и мајките и децата“ (1. Мојсеева 32,11.12).

Јаков не се надевал повеќе во себеси, ниту пак примал човечки совети. Првиот тест успешно го положил. Но дали ќе оди напред? Дали ќе му го довери на Бога својот живот и животот на своето семејство? Тоа и го сторил. Потокот Јавок бил граница. Јаков решил да му се довери на Бога. Таа ноќ тој своето семејство и богатство ги префрлил преку потокот, во пресрет на опасноста. Библијата вели: „И го премина потокот Јавок“ (1. Мојсеева 32,23).

Останувајќи сам, Јаков се сетил за Божјето ветување и за посредничката скала. Длабоко бил загрижен. Сторил сè што можел за да го смилува својот брат, но не помогнало. Устата му била полна со горчина на гревот од минатото. Таа ноќ останал сам на молитва. Единствена негова надеж бил Бог. Единствено Тој можел да го смекне тврдото срце на Исав.

Ненадејно врз неговото рамо се спуштила тешка рака. Во мракот не можел да го види лицето за кое веднаш помислил дека е некој разбојник од пустината. Со сета своја сила тој стапил во бескомпромисна борба со него. Се борел молчејќи, се борел за својот живот. Борбата била жестока, но не можело да се насети кој ќе биде победник, зашто силите биле изедначени. Библијата кажува дека „се бореше со него до зори“ (1. Мојсеева 32,25). Јаков не знаел каков ќе биде резултатот на борбата. Тој не знаел ниту кој му бил противник. Но во текот на борбата неговиот поранешен грев постојано му излегувал пред очи. И секогаш кога се појавувал, му се појавувал како непростлив, и Јаков повторно го признавал и барал проштавање од Посредникот. Не останал ниеден грев што не го признал! И кога зазорила зора и божемниот соперник сакал да го напушти, Јаков сфатил дека се борел со Пријателот од врвот на скалата – со Исуса Христа – и тогаш грчовито го стегнал барајќи проштавање: „Нема да Те пуштам сè додека не ме благословиш!“ (1. Мојсеева 32,27)

Но Јаков не го држел Господа, туку Господ него! Неговото признавање било посилно, неговото плачење надвладеало, неговата молитва победила. Библијата вели: „А кога порасна, тој се бореше и со Бога. Тој се бореше против ангел и го победи; заплака и го замоли“ (Осија 12,4.5). Повторно патријархот Јаков плачел, и повторно молел. Тогаш го слушнал божествениот глас на милоста, гласот на проштавањето и ослободувањето: „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израел; зашто се бореше со Бога, и со луѓето и ги победи“ (1. Мојсеева 32,29).

Не постои безнадежен грешник! Христос е тој кој ја победил силата на гревот и ѓаволот, а покајникот добива проштавање и ново име. Новото име е христијанин, победник над гревот, над себеси!

И Бог сторил чудо. Исав пристигнал и го прегрнал Јаков. Библијата вели: „Исав истрча пред него и го прегрна, па му обеси околу вратот и го бакна, и заплакаа“ (1. Мојсеева 33,4).

Многу подоцна, кога Бог му се јавил на Мојсеј, рекол: „Јас сум Бог на таткото твој, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов“ (2. Мојсеева 3,6). Господ е Бог на покајникот – Бог на Јакова, Бог на радосното помирување! Сакаме ли и ние да се помириме?

Кратка содржина на лекцијата

  • Историјата на Јаков ги илустрира чекорите што човекот мора да ги преземе како свој дел во помирувањето со Бога, за да прими проштавање на гревовите: да жали поради сторениот грев, да го признае и да престане да греши.
  • Јаков стекнал убедување дека му згрешил на Бога, го исповедал својот грев и длабоко жалел поради тоа што лажел, навредувајќи го Бога.
  • По признавањето, Јаков се изменил: повторно станал послушен на Бога.
  • Јаков доброволно поднел страдање поради својот грев, се помирил со својот брат Исав и бил готов да ја надомести штетата.
  • Сонот на Јаков за скалата е проповед за Христа како Посредник во помирувањето на човекот со Бога.
  • Јаков верувал во Бога и го прифатил Исуса Христа како единствен помирувач и Посредник за гревот пред Бога.
  • Христос проповедал дека покајанието е неопходен услов за проштавање на гревот и спасението.
  • Исус Христос е единствениот исповедник на тајните гревови и Посредник меѓу Бога и луѓето. Јавниот грев треба да се признае јавно.
  • Со Божја милост Јаков ја отфрлил својата грешна природа, станал победник над гревот и добил ново име и нов живота.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.