20. Во сојуз со Христа

20. Во сојуз со Христа

1. Божјиот закон како основа на заветот

Библијата е книга во која е запишан и потврден заветот меѓу Бога и луѓето, книга на два завета, на Стариот и Новиот завет. Новиот завет е временски постар од стариот, што е чудно, но е објаснет на прекрасен начин. Двата завета или двата сојуза всушност се два договора. Создадени се во различни времиња, но сепак имале една иста цел: да се обнови Божјиот лик во човекот и да се врати вечниот живот на земјата.

Прекинувањето на врската меѓу Бога и луѓето настанала како последица на човековиот грев. Првиот чекор кон помирување го презел Бог. Тој склучил завет со човештвото, чии претставници на почетокот биле само еден човек и една жена. Сала во која бил склучен договорот била Едемската градина, а проширениот текст на договорот гласел:

  • Божјиот Син ќе дојде да ги уништи делата на ѓаволот (1. Јованово 3,8).
  • Ќе биде роден од жена за да ги откупи оние кои се под Законот (Галатјаните 4,4.5)
  • Со својата смрт ќе го победи оној што има власт над смртта – односно ѓаволот (Евреите 2,14).
  • Царството на сатаната ќе биде заменето со Божје царство во кое вечно ќе живеат мноштво спасени луѓе (Откровение 12,10).

Сите овие точки биле опфатени и во првиот Божји завет со првите луѓе:

„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (1. Мојсеева 3,15).

Ова бил прв завет што го склучил Бог со побунетите жители на нашата планета. Праведниот Бог – во сојуз со неправедници! Тоа била речиси невозможна вест за сите небесни жители и значела помирување на Бога со луѓето, а објава на војна со сатаната. Каснувањето на змијата во пета значело пролевање на крв – смрт на Божјиот Син, но и уништување на ѓаволот, на Божјиот и човековиот непријател. Пролевањето на крвта нема да биде бесцелно: со крвта на Божјиот Син ќе биде извршена првата духовна трансфузија во вселената. Бог на човекот ќе му ја даде својата крв и својот Дух за да му го спаси животот.

Многу векови подоцна, Христос како Бог го обновил овој прв или едемски завет пред своите ученици во горната соба во Ерусалим. Обновен е затоа што бил речиси заборавен. Станал нов, зашто порано не бил така сфатен како сега кога го изрекол Божјиот Син. Подигајќи ја чашата со чист гроздов сок – со безалкохолно вино – Тој им рекол: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите“ (Матеј 26,27.28).

Четири илјади години Бог го памтел својот завет. А „кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот“ (Галатјаните 4,4). Договорот за повторно соединување на Бога со човекот и за соединување на земјата со небото, можел да се изврши само „со смртта на Неговиот Син“ (Римјаните 5,10). Било потребно Тој да загине за луѓето што ќе веруваат – за „секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16). Со овој договор Бог презел врз себе најсвечена обврска дека ќе го посини човекот и ќе му го предаде наследството. Божјиот завет Библијата го споредува со тестамент што се отвора и реализира дури по смртта на оној што го остава. Таа кажува: „Зашто, каде што има завет, таму е неопходно да следува смртта на заветувачот, бидејќи заветот добива сила само по смртта; тој нема никаква сила додека заветувачот е жив“ (Евреите 9,16.17). Божјиот закон бара смрт за грешникот, како плата за гревот. Човекот стапил во непријателство и бунт против Бога и тој самиот никогаш не би можел да се помири со Бога. Но, со пролевањето на крвта на Божјиот Син Бог нашол пат за помирување со човекот: „Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку верата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови“ (Римјаните 3,25). Така, само смртта на Божјиот Син можела да го ослободи човекот од смртта, да му овозможи помирување со Бога, проштавање на гревовите и посветување – обновување на Божјиот лик во него.

Заветот склучен во Едем бил извршен на Голгота, четириесет векови подоцна: „Затоа и Христос, за да ги освети луѓето со крвта Своја, пострада надвор од градските порти“ (Евреите 13,12). Бил распнат на крст за човекот да може во Него да добие „откуп преку Неговата крв, простување на гревовите по богатството на Неговата благодат“ (Ефесјаните 1,7). Целата Библија е само проширен извештај за Божјиот завет и за неговото исполнување.

Во временскиот период меѓу Едем и Голгота, меѓу склучувањето на заветот и неговото потврдување, неговото извршување на крстот, Бог склучил завет со Авраамовите потомци, прифаќајќи ги на тој начин како свој народ. Тие тогаш ветиле послушност кон Божјиот закон кој е темел на заветот. Тој сојуз или завет настанал две илјади години по Божјиот завет во Едем и истиот бил несовршен како што е несовршен и човекот, краткотраен и неуспешен како и сите човечки настојувања со своја сила да ги држат Божјите заповеди. Затоа тој сојуз или завет е наречен „стар“, зашто набргу е раскинат, а подоцна и прогласен за неважен. За разлика од првиот, или Едемскиот, овој е наречен и Синајски завет, зашто е склучен на подножјето на Синајската гора, по излегувањето на Израелците од Египет.

2. Воспитниот карактер на Синајскиот (стариот) завет

Синајскиот завет меѓу Бога и неговиот стар народ е склучен само три месеци по излегувањето од Египет. Најнапред Бог се обврзал со свечено ветување. Во текстот на договорот бил и условот на заветот: „Ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој, ќе Ми бидете избран народ меѓу сите народи, зашто Моја е целата земја. И вие ќе Ми бидете царство на свештеници и свет народ“ (2. Мојсеева 19,5.6). Договорот бил условен со исполнување на преземените обврски од страна на народот.

Народот доброволно се обврзал дека ќе биде послушен кон сите зборови Божји и кон сите Негови заповеди: „Дојде Мојсеј и му ги повтори на народот сите зборови Божји и сите заповеди. И сиот народ одговори во еден глас, и рече: ’Сите наредби што ги кажал Господ, ќе ги извршуваме‘“ (2. Мојсеева 24,3). Тогаш Мојсеј приготвил „заветна книга“ во која ја внесол обостраната заклетва и условите. Основен услов на заветот или сојузот бил држењето на Десетте Божји заповеди кои Бог ги напишал на камени плочи. Извршувањето на Божјето ветување било условено од извршувањето на Законот. Библијата укажува на Божјиот закон како темел на заветот: „И Тој ви го објави Својот завет, и ви заповеда да ги исполнувате Десетте заповеди и ги напиша на две камени плочи“ (5. Мојсеева 4,13). Плочите на Законот се наречени „плочи на заветот“ (Евреите 9,4).

Народот два пати едногласно ја потврдил својата готовност да живее според одредбите на Божјиот закон, повторувајќи ја заклетвата: „Сѐ, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни“ (2. Мојсеева 24,7). Тој бил голем ден на блескави изгледи за иднината на еден народ. Бог се согласил да ги чува „како зеницата на окото свое“ (5. Мојсеева 32,10) и да ги „носи на своите крилја“ (стих 11). Им ветил дека ќе им точи „мед од камен и масло од тврда карпа“ (стих 13). Нив ги очекувал живот на мир и благосостојба: „И Господ ќе ти го отвори доброто Свое сокровиште – небото, за да дава тоа на време дожд на земјата твоја и да ги благословува сите работи на рацете твои.“ Сето тоа, и уште многу други благослови, ветувања за среќа и радост со Бога, народот можел да ги има „ако ги извршуваш заповедите на Господ, твојот Бог, и одиш по патиштата Негови“ (5. Мојсеева 28,12.9).

Ако се случило некој од народот да згреши, тој морал да го признае гревот (3. Мојсеева 5,5) и според правилата „за богослужение во земното светилиште“ (Евреите 9,1) да принесе жртва за грев. Сите правила на церемонијалниот закон за службата во земното светилиште имале исклучително воспитен карактер, укажувајќи му на грешникот со своите симболи на Христа. Затоа Библијата за церемонијалниот закон вели: „И така, Законот беше за нас воспитувач да нѐ доведе до Христос, за да бидеме оправдани преку верата“ (Галатјаните 3,24). Бог бил Учителот на својот стар народ: „Тој го најде во пустината, во земја дива и пуста, го заштитуваше, се грижеше за него, го чуваше како зеницата на окото свое“ (5. Мојсеева 32,10).

3. Неуспехот на човечката праведност

Но овој народ во пустината не го одржал своето ветување, и како целина го раскинал својот завет со Бога. Светата историја го бележи раскинувањето на Синајскиот завет: „Но тие набргу ги заборавија делата Негови, не го дочекаа Неговото решение… Ја заменија својата слава со лик на теле, што јаде трева. Го заборавија Бога, својот Спасител… Тие ја презреа саканата земја; не Му веруваа на зборот Негов; и роптаа во шаторите свои, не го послушаа гласот Господов…“ (Псалм 106,13.20.21.24.25).

Не поминале ниту четириесет дена, а израелскиот народ веќе го погазил својот завет и Божјиот закон. Сам Бог рекол: „Брзо се отклонија од патот, што им го определив; си направија теле, и му се поклонија, па му принесоа жртви, и рекоа: ‚Еве го, Израеле, твојот бог што те изведе од земјата египетска“ (2. Мојсеева 32,8).

Така почнала историјата на стариот Божји народ и така со векови се одвивала во знак на раскинатиот сојуз со Бога: „Тој Мој завет тие го нарушија“ (Еремија 31,32). Не можеле со своја сила да ги држат Божјите заповеди; Не верувале во Бога и не го барале Господа, затоа и не можеле да ја видат Божјата добрина што би ги повела кон покајание. Не се понизиле пред Бога сфаќајќи ја својата грешност и затоа се надевале во својата сопствена сила да бидат праведни.

Прскањето на заветната книга со крвта на жртвите ништо не им помогнало, туку се покажало дека „телешката и јарешката крв не може да ги отстрани гревовите“ (Евреите 10,4). Конечно луѓето требало да увидат дека со својата праведност не можат да се откупат и дека без Христовиот Дух не можат да ја совладаат својата грешна природа. Уште од времето на пророците, Господ објавил дека врз урнатините на Стариот завет ќе создаде „Нов“ завет, проширувајќи го сојузот од Едем: „Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израелов и со домот на Јуда нов завет“ (Еремија 31,31). Се покажало дека Бог мора да го напише својот Закон во човечките мисли и на плочите на човечкото срце. Тој рекол:

„Ќе ги врежам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам.“

Новиот договор нема веќе да се склучува групно, туку поединечно, и „напишано не со мастило, туку со Духот на живиот Бог, не на камени плочки, туку на човечки срца“ (2. Коринќаните 3,3).

4. Новиот завет – завет без мана

Првиот завет или сојуз бил склучен со Адам и повторен на Ное по потопот, како и на Авраам по неговото заминување од старата во нова татковина. Бог му рекол на Ное: „Го поставувам завет Мој со вас… Еве го знакот на заветот, што го поставувам меѓу Мене и вас… божилак (виножито) Свој поставувам во облакот, за да биде знак на заветот меѓу Мене и земјата“ (1. Мојсеева 9,11-13). Својот завет со луѓето пред и по потопот Бог го основал на Својата милост. Виножитото станало знак на Божјата милост.

Божјиот сојуз со луѓето бил вечен сојуз. По Адам, Ное и Авраам, му го повторил и на Исак: „Ќе ја потврдам заклетвата, со која му се заколнав на Авраам, таткото твој“ (1. Мојсеева 26,3). За тој сојуз и за таа заклетва, непроменлива и вечна, зборува и апостол Павле: „Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше јасно да им ја покаже Својата неизменлива волја, посведочи со клетва, та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои прибегнуваме да се прифатиме за надежта што ни е дадена“ (Евреите 6,17.18).

Заветот од Едем го обврзувал Божјиот Син да умре за човекот за да може човекот да добие живот вечен со вера во Господа Исуса Христа кој умрел за него. Зборувајќи за доаѓањето на Спасителот на светот, за Христа, Мојсеј рекол: „Господ Бог ваш од браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте го за сѐ што ќе ви рече! И секој што не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребен од народот“ (Дела на апостолите 3,22.23). Без вера и послушност на Христа нема живот. Тоа била основна мисла на Едемскиот завет.

Апостолите својата надеж во спасение ја ѕидале врз Едемскиот завет, што му е повторен на Авраама, а реализиран дури со Христовата смрт на крстот, како што Бог однапред објавил „преку устата на сите пророци Свои, односно дека Христос ќе пострада, тоа и го исполни“ (Дела на апостолите 3,18). Виножитото на Божјата милост почнува во рајот, неговиот врв е над Голгота, а завршува во рајот на обновената земја. Со Христовата смрт, Стариот завет конечно и засекогаш е раскинат и од Божја страна, и Бог „го укинува првото за да го воспостави второто“ (Евреите 10,9). Тој ги укинал и последните остатоци од стариот човечки и колеблив сојуз и ја извршил својата заклетва од рајот – го остварил првиот вечен сојуз. Библијата зборува за тоа: „Ако првиот завет беше без недостаток, тогаш немаше да се бара втор“ (Евреите 8,7).

Исполнувањето на Едемскиот завет е суштина на Библијата – тоа е запишување на Божјиот закон во човечкото срце, што е постигнато со доброволната жртва на Исуса Христа, кој умрел за гревовите на светот за да може, со Својата скапоцена крв, да го напише Божјиот закон во човечките срца и во нивниот живот. Склучувајќи го Новиот завет со луѓето врз таа основа, Бог вели: „Ќе ги врежам законите Свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (Евреите 8,10). На оние што му го отвораат своето срце на Светиот Дух да ги напише во нив Божјите заповеди, дадено им е следното ветување: „Ќе бидам милостив кон нивните неправди, а за гревовите и беззаконијата нивни нема веќе да си спомнувам“ (стих 12). Со Божјето извршување на Едемскиот завет, на човекот му е овозможено обновување на Божјиот лик во него и вечен живот со вера во Исуса Христа. Тоа е суштина на радосната вест на Христовата наука, на евангелието:

„И во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме.“

5. Христос – првосвештеник на вечниот сојуз

Со Христовата смрт на крстот конечно се укинати и Стариот завет и сите правила на обредно-церемонијалната служба заедно со левитското свештенство. Ерусалимскиот храм е срамнет со земја, со цел погледот на човештвото да се подигне кон Христа на небото, во небесното светилиште, каде што Тој „посредува за нас пред Божјето лице“ (Евреите 9,24). Христос не станал посредник и првосвештеник на човештвото „по силата на телесна заповед, туку по силата на вечниот живот“ (Евреите 7,16). Христос е „вечен свештеник“ (стих 17) според првиот, Едемскиот завет.

Кажано е дека „се воведе подобра надеж, преку која се доближуваме до Бога… Затоа Исус стана залог на толку подобар завет… Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив“ (Евреите 7,19.22.25).

Со ова повторно доаѓаме до главната мисла на Едемскиот завет и на суштинската точка на библиското учење за спасение со вера во Исуса Христа – човечкиот Застапник пред Божјето лице: „Имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек“ (Евреите 8,1.2). Човекот не може да биде изгубен ако со вера го прими Христа за свој личен Спасител и целосно се предаде во Христовите раце како што е глината во рацете на грнчарот. Церемонијалот на жртвите на Стариот завет е укинат, но не и Божјиот морален Закон. Тој останал темел на заветот од Едем, како и Голгота што била темел на кој бил подигнат Христовиот крст заради нас. Послушноста кон Божјите заповеди само ја докажува човековата вера во Христа. Таа послушност во човекот се остварува со силата на Светиот Дух.

Ова е порака на Библијата, порака на „вечниот сојуз“: „А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го воздигна од мртвите големиот Пастир на овците – нашиот Господ Исус Христос, нека ве усоврши во секое добро дело за да ја исполните Неговата волја, вршејќи го во вас она што Му е Нему благоугодно, преку Исус Христос, Нему слава во вечни векови, Амин!“ (Евреите 13,20.21)

Кратка содржина на лекцијата

  • Во Библијата постојат два завета (два сојуза) што меѓусебно се разликуваат и по времето кога настанале и по содржината, по трајноста и по значењето за човековото спасение. За разлика од Стариот, Новиот завет не зборува со симболички јазик, туку јасно ја нагласува старата вистина дека човекот во сојуз со Христа се спасува со вера, а не со своите дела, со милоста, а не со Законот, со Христовата правда, а не со своите сопствени жртви.
  • Божјиот закон бил основа и на Стариот и на Новиот завет. Една од суштествените разлики меѓу нив е таа што во Новиот завет човекот не се обидува да ги држи Божјите заповеди со своја сила, туку го отвора своето срце за божествениот Помошник – Светиот Дух да може да живее во него, давајќи му сила да живее нов живот во Христа. За него заветот со Христа не е само студено слово на договор, туку љубовта кон Христа е поттик што го стимулира да му биде верен и послушен.
  • Првиот Божји завет со човекот е воспоставен во Едем, над урнатините на погазениот Божји закон. Тој ист Едемски сојуз е обновен врз урнатините на Стариот завет – врз човековиот обид својата правда да ја постигне без Божја помош.
  • Најсуштествената разлика меѓу Стариот и Новиот завет се состои во тоа што Новиот завет со Христа е потврден со Христовата крв пролеана на Голгота за откуп на човештвото.
  • Укинувањето на Стариот завет (сојуз) и склучувањето на Новиот со Христовата крв, во никој случај не значи дека е укинат Законот на Божјите заповеди. Новиот сојуз со Христа е склучен токму поради тоа, со Негова помош човекот да стане учесник во божествената природа и светост и така да го држи Божјиот закон.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.