16. Христос – слава на Законот

16. Христос – слава на Законот

„Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целиваат.“

1. Христос – Правда и Милост на Законот

Библијата е ризница на бисерни вистини, на дијамантска правда и на златна милост! Таа е извор на божественото право и морал, според кои се знае што е право и добро, а што неисправно и лошо. Библијата е духовен компас, чијашто игла постојано е свртена кон вистината. Нејзин Закон е Божјиот закон, „непоколеблива скинија; столбовите нејзини никогаш нема да се помрднат, и ниедно од јажињата нема да се скине“ (Исаија 33,20). Столбови се заповедите на Законот, јажиња се јажињата на милоста, „јажињата на љубовта“ (Осија 11,4). Под нашето променливо небо единствено Бог може да каже: „Јас, Господ, не се менувам!“ (Малахија 3,6) Во Библијата Бог и Божјиот закон се непроменливи.

Библијата е центар на книжевноста, а Христос средиште на историјата. Местото на Библијата под небото е осигурено. Нејзиното „мирно живеалиште“ е заштитено (Исаија 33,20). Во Библијата зборува Христос како Бог, но и како човек, и никој „говорел така“ (Јован 7,46). Во Библијата се слуша „Гласот на Бога, Кој говори“ (5. Мојсеева 4,33). Кога Христос ја возобновил со гревот прекинатата врска меѓу небото и земјата, ненадејно светот повторно чул „глас од небесата: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Матеј 3,17).

Не само првиот човек, Адам, туку и сите луѓе „како Адам го прекршија заветот“ (Осија 6,7). Адамовиот завет бил завет на послушност кон Божјиот закон. Со непослушноста „гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта“ (Римјаните 5,12). Преку Адам „платата, што ја дава гревот, е смрт“, а преку Христа „живот вечен“ како плата за послушноста (Римјаните 6,23).

За смртникот помислата на вечен живот е нешто толку далечно колку што е оддалечено небото од земјата. Но Библијата досегнува и до тие далечини и објавува дека „колку е големо растојанието од небото до Земјата, толку е голема милоста на Господ спрема оние што се бојат од Него; колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечува Тој од нас нашите престапи“ (Псалм 103,11.12). Бездната на гревот меѓу небото и земјата е надсводена со виножитото на Божјата милост, со божилак околу Божјиот престол „кој прилегаше на смарагд“ (Откровение 4,3). Зелената боја е боја на Божјата милост над огнениот Закон што се наоѓа во темелот на неговиот престол.

Милоста е слава на Законот, а само Христос можел да биде божествено милослив, зашто само Тој бил и совршено праведен. Само Тој можел со право да му каже на Бога како што и кажал, поаѓајќи од небото на земјата: „со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот закон е во срцето мое“ (Псалм 40,8). Христос останал Бог и тогаш кога станал човек, исполнет со правда и благост и „облечен во величественост“ (Псалм 93,1). Не се срамел да се нарече втор Адам, иако „правдата“ на првиот Адам со гревот станала како „извалкана облека“ (Исаија 64,5). Единствено за Христа Бог рекол во Библијата: „Еве го Мојот Слуга, Кого Го поддржувам, Мојот Избраник, љубимецот на душата Моја. Ќе Го положам Духот Свој врз Него, и Тој ќе им донесе правда на народите“ (Исаија 42,1). Христос е олицетворение на Божјата правда, олицетворение на Божјиот закон, но и на Божјата милост.

Во Библијата човекот присуствува на разговорот на небесната власт за славата на Божјиот закон како основа на неговото праведно владеење во вселената. Бог му се обраќа на Христа, на својот Син, како на Бог со зборовите: „Твојот престол, Боже, е вечен и жезолот на правдата е жезол на царството Твое. Тебе Ти омиле правдата, а го намрази беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со масло на радоста повеќе од Твоите придружници“ (Евреите 1,8.9; Псалм 45,6.7).

Христос станал слава на Законот поради милоста со која го помилувал грешниот човек. Неговата правда се покажала во „извршувањето на заповедите“, а неговата милост во засметувањето на својата правда во полза на човекот: „Зашто, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни“ (Римјаните 5,18.19).

Во Христа се исполнило ветувањето дадено во Едем и повторно во Псалмот: „Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат“ (Псалм 85,10). Христос станал слава на Законот заменувајќи ја својата правда за човековата вина и примајќи го на себе Божјиот гнев. Засветил со ненадмината слава на крстот, висејќи распнат меѓу небото и земјата, како Бог и како човек, како праведник којшто ја прима платата на грешникот за да може грешникот да ја прими платата на праведникот.

2. Законот врежан во гранитна карпа

Библијата однапред го гледала Христа како претставник на Божјиот закон. Со векови однапред таа ја опишала неговата преданост кон Божјата волја и неговата приврзаност кон неговиот Закон: „Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов“ (Малахија 2,6).

Духот на Библијата е дух на правдата и правото. Да го научиме за миг нејзиниот глас: „Слушајте, бидејќи ќе говорам важни работи, и устата моја ќе изрече правда“ (Мудри изреки Соломонови 8,6). Само вистината го зборува она што е право.

Светиот Дух не само што ја објаснувал Библијата, туку и напишал „важни закони“ (Осија 8,12). Само вистината е голема. Библијата му се обраќа на човекот, Бог зборува во неа: „О, човеку, речено ти е што е добро, и што бара од тебе Господ; да работиш праведно, да сакаш милосрдни дела и понизно да врвиш пред твојот Бог“ (Михеј 6,8). Енох е пример за ова. Тој „постојано живееше според Божјата волја“ (1. Мојсеева 5,24). Божјата волја е вистина што секогаш е иста.

Мојсеј бил човекот што ги примил напишаните „животворни зборови нам да ни ги предаде“ (Дела на апостолите 7,38). Да се биде „жив преку нив“ (Галатјаните 3,12) значи да се има живот. Давајќи му го својот Закон на Мојсеја, Бог на сите им рекол: „Пазете ги сите Мои заповеди и сите Мои закони и извршувајте ги, и секој што ги извршува жив ќе биде. Јас сум Господ“ (3. Мојсеева 18,5). Кога би се укинал Законот, би се укинал и животот!

На првите луѓе во Едем Бог им ги дал „законите Свои во мислите нивни“, а со векови пред Мојсеја, својот Закон на народите им го напишал на „срцата нивни“ (Евреите 8,10). Мојсеевиот предок, Авраам, немал пишан препис на Божјиот закон, но сепак тој во него нашол живот и се сретнал со Бога како со пријател. Бог посведочил за Авраама: „Авраам го послуша гласот Мој и се покоруваше на заповедите Мои, на наредбите Мои и на законите Мои“ (1. Мојсеева 26,5).

За да го добие Божјиот закон, Мојсеј морал да се качи на Синајската гора. Големите места се на височините! Божјиот закон бил далеку повисок од секоја човечка возвишеност, далеку поголем од секоја човечка мисла. Кога Мојсеј се качил на врвот, громовите уште посилно „загрме и молњи засветкаа, и настана густ облак над планината, и затруби труба со многу силен глас, така што затрепери сиот народ, кој беше во логорот“ (2. Мојсеева 19,16).

Господ Бог, и пред и по Синај, бил Исус Христос. Облечен во огнен облак, Тој му се покажал на Мојсеја. Неговата слава била „како оган што гори“ (2. Мојсеева 24,17). Мојсеј ја видел Божјата десница: „а во десницата Негова огнен Закон за нив“ (5. Мојсеева 33,2). Бог бил „обвиен со облак, над главата виножито“. Огнената десница подала огнен Закон! Во раката Закон, над главата смарагдно виножито, лицето „како сонце, додека нозете како огнени столбови“ (Откровение 10,1). Тоа е слика на Исуса Христа, слика на правдата и милоста кон луѓето.

Среде блескот на молњи и татнежи на громови, Бог на највозбудлив начин ја покажал владеачката сила и моќта на својата власт изразена во Законот. Народот го слушал громовниот Божји глас. Кога Господ го изговорил Законот и „престана да зборува со Мојсеј на Планината Синајска, му ги даде двете плочи на заветот – камени плочи, напишани со прст Божји“ (2. Мојсеева 31,18). Кога сите човечки срца биле испишани од двете страни со моливот на гревот, кога умот се скаменил за правдата и милоста, Бог на две гранитни плочи го врежал својот Закон за никогаш да не се избрише, за никогаш да не се промени. Пишувајќи по нив, како по плочи на човечко срце, Бог изјавил пред небесата: „О, да имаа тие такво срце, та да се плашеа од Мене и да ги слушаа сите заповеди Мои во сите денови, тогаш ќе им беше добро ним и на синовите нивни во веки“ (5. Мојсеева 5,29). Мудроста станала срцевина на Законот: „А кој греши против мене, нанесува штета на душата своја: сите што ме мразат мене, ја сакаат смртта“ (Мудри изреки Соломонови 8,36).

3. Божјиот закон – огледало на душата

На плочите на Божјиот закон засекогаш останала светлината на Божјата природа, одблесокот на неговиот карактер, „зборовите на Господ се зборови чисти, сребро во оган исчистено од земја, седумпати пречистено“ (Псалм 12,6). Затоа „Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите“ (Псалм 19,8). Додека го студирал Божјиот закон, славата на Законот го осветлила Мојсеевото лице и тој бил прв човек чиешто лице светело, човек кому „лицето му зрачи“ (2. Мојсеева 34,30) со светлина што зрачела од Адам пред да падне во грев. Божјиот закон никогаш не бил обично огледало на кое човекот, „ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил“ (Јаков 1,24).

Сепак, дури и еден поглед на Божјиот закон како на огледало веднаш покажува дека цел свет е „виновен пред Бога“ (Римјаните 3,19). Пред него „нема праведен ниту еден“ (стих 10). „Нема кој да прави добро, нема ниту еден“ (стих 12). Божественото огледало има своја намена – „преку Законот се познава гревот“ (Римјаните 3,20). Законот нè води кон познавање и признавање на гревот. Ако не ги признаеме гревовите, „ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас“ (1. Јованово 1,8). Со помош на солзите на човечкото покајание, светлината на Божјиот закон создава виножито, виножито на Божјата милост. Христос е слава на Законот, зашто Тој е и виножито на Божјата милост. Законот нè води кон Христа, за во Него да најдеме милост и помирување.

Библијата јасно го изнесува односот меѓу Законот и Божјата милост. Таа вели:

„Сите згрешија и лишени се од славата Божја. Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос. Него Бог Го постави со крвта Своја да биде жртва за помирување преку верата, за да ја покаже Својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение“ (Римјаните 3,23-25).

Признавањето, покајанието и обратувањето водат кон бришење на гревовите, но не и кон бришење на Законот. Библијата сведочи дека „крвта на Исус Христос, Неговиот Син, нѐ очистува од секаков грев“ (1. Јованово 1,7), но не затоа пак да се валкаме во гревот. Законот е огледало, но не за да се скрши.

Христос како човек не дошол на светот да го укине Законот, туку да го исполни. Самиот Тој кажува: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам (Матеј 5,17). Тој дошол за да го „возвеличи и прослави“ Законот (Исаија 42,21), зашто ги почитувал сите заповеди и можел да каже дека ги „запазив заповедите на Мојот Отец“ (Јован 15,10). За Исуса посведочиле неговите ученици дека „Тој не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петрово 2,22). Тој слободно можел да ги праша своите непријатели: „Кој од Вас може да Ме обвини за неправда?“ (Јован 8,46). Никој не можел да каже ништо, зашто Христос бил „свет, непорочен, неосквернет, одвоен од грешниците и возвишен над небесата“ (Евреите 7,26). Неговата правда била доволна за вистината да се сретне со милоста и мирот да се прослави со помирувањето. Законот не може да го стори она што може Христос: да избели, да оснежи и да повика: „Гревовите ваши да се и алово црвени – како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели“ (Исаија 1,18).

4. Христос – Слава на Законот и Светлина на светот

Милоста е потврда за непроменливоста на Законот, зашто таа не го укинува, туку го потврдува. Божјата слава лежи во проштавањето, но помилувањето не ги укинува ниту земните, ниту небесните закони. Напротив, тоа го обврзува престапникот на доживотно почитување на Законот, чијшто Законодавец го помилувал. Христос го покажал Отецот. Со својата послушност кон Неговата волја и кон Законот, Тој останал „одблесок на Божјата слава и отпечаток на Неговата суштина и држи сѐ со Својот моќен збор. Откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на Севишниот во висините“ (Евреите 1,3). Христовата правда и милост доаѓаат преку Христа, зашто Тој „беше Вистинската Светлина која го осветлува секој човек“ (Јован 1,9).

Кога Христос би сторил и најмалечок грев, Тој не би можел да „ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник“ (Исаија 53,12). Својата безгрешност ја сочувал среде беззаконијата околу себе. Неговиот карактер откривал полна омраза кон гревот. Поради својата праведност, Тој против себе ги подигнал сите демони под небото и станал „потсмев за луѓето и презир во народот“ (Псалм 22,6). Но Исус не му давал никаква предност на сатаната, ниту влегувал во расправија со него.

Целта на Христовото доаѓање на светот не била стапување во преговори со злите. Божјиот закон, свет како и Бог, непроменлив и траен како и неговиот престол, барал послушност, а не сомневање, верност, а не расправии. За целта на своето доаѓање сам Исус рекол: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените; да ја проповедам благопријатната година Господова“ (Лука 4,18.19).

Библијата изјавува: „Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто – зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината – за темнина, горчливото – за слатко, а слаткото – за горчливо“ (Исаија 5,20). Христос не дошол да укине „ниту една буквичка или црта од Законот“ (Матеј 5,18). Божјиот закон е вистина над секоја променливост на времето. За неговата непроменливост Библијата кажува: „Твојата праведност е вечна праведност, и Твојот закон е вистина“ (Псалм 119,142).

Христовите ученици биле просветлени со Христовиот Дух. Со децении подоцна, неговиот некогашен најмлад ученик, сега во својата длабока старост, зборувал:

„Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5,3).

И тој го држел законот.

На совршеното не му се потребни измени, на вистината не ѝ се потребни исправки. Со таков обид Луцифер го загубил небото, а човекот е истеран од рајот. Адам излегол од Едем затоа што се обидел да го менува Божјиот закон, и никој нема да се врати во рајот ако ги прекројува Божјите заповеди. „Совршен е законот Божји – душите ги укрепува; верно е откровението на Господ – ги учи неуките, и Господовите повелби се праведни – го веселат срцето; Господовата заповед зрачи светлина; ги просветлува очите“ (Псалм 19,7.8).

Идејата за некакво несовршенство на Божјиот закон потекнува од Луцифер, кој е „таткото на лагата“ (Јован 8,44), кој е без вистина во себе, без Законот. И за свештениците во Христово време е запишано дека „ги кршат законите“ (Софонија 3,4). Исус ги прекорил: „Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание?“ (Матеј 15,3) „Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сѐ“ (Јаков 2,10). За безвредноста на обичаите, традициите и преданијата, спротивни на Божјите заповеди, Христос недвосмислено рекол: „Овој народ… напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби“ (Матеј 15,8.9).

Христос не изменил ниедна Божја заповед, не сторил ниту еден грев, туку „Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија“ (Исаија 53,5). Напуштајќи ја земјата, Тој на своите ученици им оставил аманет да ги учат луѓето „да пазат сѐ што сум ви заповедал“ (Матеј 28,20). Негова заповед е: „да ги држиме неговите заповеди“ (1. Јованово 2,3).

Христовиот судија, Пилат, рекол: „Што напишав, напишав“ (Јован 19,22). Но Бог, Судија над судиите, одамна пред Пилат рекол: „Нема да го повредам Мојот завет и нема да го изменам она, што излегло од устата Моја“ (Псалм 89,34). Зошто би ја гасел светлината кога е добра, и зошто би го менувал Законот кога е „свет, и заповедта света, справедлива и добра“ (Римјаните 7,12)?

Кратка содржина на лекцијата

  • Кај Бога, Творецот на вселената, нема „ни сенка од измена“ (Јаков1,17). Бог е непроменлив.
  • Правдата и праведноста на Божјето владеење се потпираат врз Божјиот закон. Луцифер се обидел да го собори Божјето владеење со газење на Божјиот закон.
  • Виножитото што болскоти над Божјиот престол (Откровение 4,3) ја претставува Божјата милост.
  • Христос е слава на Законот зашто во себе си ја поврзал божествената правда со божествената милост. Тој го дал својот живот за да ја издигне честа и целовитоста на Законот и за да го спаси светот.
  • Христос им го објавил својот Закон на луѓето уште во Едем, а повторно го прогласил и го напишал на камени плочи во Синајската пустина.
  • Газејќи само една единствена заповед, човекот станува престапник на целиот Закон.
  • Христос дошол на светот како човек за да ја прими на себе смртната казна поради погазениот Закон што ја заслужил човекот како престапник.
  • Божјиот закон може да се спореди со духовно огледало кое ни покажува колку многу сме извалкани со гревот. Единствено средство за чистење од гревот е Христовата драгоцена крв, пролеана на крстот на Голгота.
  • Преку Христовата милост и благодат Божјиот закон ќе биде напишан во срцето на човекот.
  • Со својата правда и милост, Христос ја објавил радосната вест (евангелието) која е „благопријатната година Господова“, не укинувајќи при тоа „ниту една буквичка или црта од Законот“ (Матеј 5,18).

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.