7. Најголем добротвор на човештвото

7. Најголем добротвор на човештвото

1. Раздор заради Христа

Библијата е Божје писмо што патувало илјадници години и поминало огромни далечини за на крај да ни биде врачено толку ново, како вчера да е пишувано! Во никој случај тоа не може да се загуби зашто е проникнато со вистината, напишано со правдата и запечатено со љубовта. Библијата е Христово писмо, но во неа се слушаат и гласови на неговите противници. Сите не го фалеле Христа. За поделбата на луѓето за и против Христа Библијата го вели следното: „И многу расправии имаше меѓу народот за Него; едни зборуваа: ’Добар е‘, а други велеа: ’Не, туку го заблудува народот!‘“ (Јован 7,12).

Исус Христос бил Бог и човек! Но не мислеле сите така. Едни велеле: „’Навистина Овој е пророк!‘ Други велеа: ’Овој е Христос.‘ А некои рекоа: ’Зар од Галилеја ќе дојде Христос?‘…“ (Јован 7,40.41). Некои решиле да го приведат Христа како измамник. Пратиле црковна стража да го фати додека се наоѓал во храмот учејќи го народот. Слушајќи ги Христовите зборови, тие заборавиле зошто дошле. Подоцна се правдале: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек“. Еврејските свештеници и поглавари им префрлиле: „Да не се прелагавте и вие?“ (Јован 7,46.47).

Очигледно, луѓето се поделиле поради Христа. Библијата повеќе пати нагласува: „И така настана меѓу народот раздор за Него“ (Јован 7,43). Додека едни верувале и зборувале:

„Овој е навистина Пророкот кој требаше да дојде на светот“ (Јован 6,14).

Други не примале никаков доказ, па дури ни тогаш кога Исус воскреснал мртовец! Исус сторил чудо и отворил очи на човек слеп од раѓање, но неговите противници сепак го нарекле измамник. Тоа дело било јасен знак за Христовото божество, но сепак тие изјавиле: „Ние знаеме дека Овој Човек е грешен!“ Човекот кому му бил вратен видот им се противставил со зборовите: „Откако е веков, не се чуло некој да отвори очи на слепороден“ (Јован 9,24.32).

Се исполниле Христовите зборови: „За суд дојдов Јас во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи“ (Јован 9,39). Неговите чудотворни дела биле најдобар доказ за неговото божество, но на некои сатаната им ги „ослепи очите нивни, ги скамени срцата нивни, за да не гледаат со очите и со срцето да не разбираат…“ (Јован 12,40). Сепак постоел раздор.

2. Христос, „другар на цариниците и грешниците“

Христос знаел за таа поделба поради него, но Тој не дошол да раздели туку да откупи. Библијата ги забележала неговите зборови: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените кај тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како квачката што ги собира пилињата свои под крилјата, а вие не сакавте“ (Матеј 23,37). Бидејќи тие не го сакале тоа, за нив секој изговор изгледал добар. Но Библијата ни ја открива вистинската причина за нивното одбивање: „Зашто им беше помила човечката слава отколку славата Божја“ (Јован 12,43).

Исус е Светлината што го осветлува светот. Многу луѓе почнале да се собираат околу Него: „Се приближуваа кон Него сите цариници и грешници за да Го слушаат“ (Лука 15,1). Христос се свртел кон грешниците кои биле анатемисани од неговите противници, им се обратил на цариниците од кои тие го свртувале својот поглед. Во тоа време било несфатливо она што го кажал Христос: „Зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“ (Матеј 9,13). Божемните праведници безгрешниот Божји Син го нарекувале грешник само затоа што се мешал со грешниците и цариниците. Тие не се воздржале да кажат за Исуса: „Еве човек, ненаситен и пијаница, пријател на цариниците и грешниците“ (Лука 7,34).

Околу Исуса се собирал презрен и понижен народ. Крај неговите нозе седеле ненаспани рибари, изморени земјоделци, слаби кожари, ткаачи, перачки, старци, жени и деца. Од Христовите усни излегувале зборови што влевале мир и охрабрување. Библијата вели дека Тој „ги поучуваше многу со параболи“ (Марко 4,2). Ги учел како „Оној Кој има власт, а не како книжниците“ (Матеј 7,29). Наместо да му се восхитуваат, неговите противници му завидувале поради таа чудесна власт со чија помош правел добро.

Исус бил „пријател на цариниците и грешниците“. Самиот Тој изјавил дека дошол да го „побара и да го спаси она што е загубено“. На отфрлените и загубените Тој им го отворал светот на проштавањето и милоста, а тие ги отворале своите тврди срца. Библијата зборува за тоа чудно и прекрасно пријателство:

„И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, фатени и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели, така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израелов.“

Така Бог во Христа се дружел со луѓето.

3. Бог во Христа меѓу луѓето

Сепак, од врвот на горделивите, богатите и учените, се изделил еден началник јудејски, фарисејот Никодим и скришно дошол кај Христа. Бидејќи не сакал јавно да го видат со Исуса, тој дошол кај него ноќно време. Кога настапила ноќта, тој отишол на Маслинската гора и таму меѓу маслинките, во вечерната тишина и под ѕвезденото небо го нашол Исуса. Тој Христа го сметал за учител, но не и за Месија, за Спасител и Бог. Го ословил: „Рави! Знаеме дека си Ти учител дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чуда што ги правиш Ти, ако Бог не е со него“ (Јован 3,2). Најпосле признание од еден јудејски началник, од еден угледен и учен човек. Еден од спротивниот табор признал дека Христос прави чуда. Изјавил дека со Христа е Бог. Сам дошол, сам рекол и сето тоа било вистина!

Одгласи од вдахновените пророци се разлевале од сите брегови и долини на неговата земја. Уште од своето детство Никодим внимателно ослушнувал. Но таа топла ноќ тој се приближил до самиот Извор на сите пророштва на својата древна земја, ја слушал изворната наука на Оној чиешто „потекло е од дамнина, од вечноста“ (Михеј 5,2). Христос бил она славно небесно знаме, чиешто подигање на земјата пророците од далеку го поздравиле со радосни восклици:

 „Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот.“

Никодим никогаш не ја заборавил ниту светлината, ниту сенката под месечината онаа ноќ меѓу маслинките. Од тој час почнало неговото тивко преобразување од горделив фарисеј во верен и несебичен Христов ученик.

Никодим не бил привлечен кон Исуса поради ѕвездениот сјај на неговото божество. Тој му се предал целосно на Христа кога Го видел Божјиот Син како виси на крстот. Таа темна ноќ, во домот на Никодим во Ерусалим почнал да осамнува ден. Христос дошол како зора за човештвото. Така го опишал и пророкот: „И така, сега да се стремиме да Го познаеме Господа; а Тој сигурно ќе дојде кај нас, како утрена зора, ќе ни дојде како дожд; како доцен и ран дожд ќе ја натопи земјата“ (Осија 6,3).

На земјата осамнала небесната Зора. Вековите минувале, светот се менувал, но Бог останал ист – пријател и добротвор на човештвото. Иако својата божествена слава ја засолнил со наметка на човечко тело, сепак во лицето на Исуса Христа Бог останал ист. Неговата творечка сила и слава можеле да се видат во неговите силни и славни дела. Исус Христос бил и останува Бог, „ист вчера, и денеска, и во вечни векови“ (Евреите 13,8).

Но сите не го виделе денот! Роден во Витлеем, израснат во Назарет, слегувајќи од светите висини, Христос се вмешал меѓу луѓето. Библијата зборува за неговата посета на Назарет: „А штом дојде во Својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: „Од каде кај Него ваква мудрост и моќ?“ (Матеј 13,54).

Сепак, имало и такви кои го примиле како ветен Избавител на светот, како Месија. Една жена од народот му рекла: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светот“ (Јован 11,27). Од верата до стварноста не требало многу. Истиот час Исус го воскреснал од мртвите нејзиниот брат – Лазар – по четири дена поминати во гроб.

Најпосле и Христовите непријатели морале да признаат: „Овој Човек прави многу чуда!“ Но, заслепени од омразата, „од тој ден се согласија да Го убијат“ (Јован 11,47.53).

4. Христовите славни дела

Ако отвориме која било од четирите Христови биографии во Новиот завет, ќе ги слушнеме небесните хорови – радосни восклици и благодарност упатени на Христа како Бог кој „одеше по цела Галилеја, поучувајќи по синагогите, проповедајќи го Евангелието на Царството и лекувајќи секоја болест и немоќ кај народот“ (Матеј 4,23). Возвишен, а сепак крајно понизен и благ, достоинствен и љубезен, сериозен и нежен, Христос одел како Пастир пред човечкото стадо. Со своите пророчки очи, Библијата одамна го видела Исуса како божествен Пастир: „Како пастир ќе го пасе Тој стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Тој во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води доилките“ (Исаија 40,11).

Небото се симнало на земјата! Светот во своја средина го имал Бога! И кога Исус изговарал зборови на утеха и надеж, „сите што беа против Него се засрамија; и целиот народ се радуваше за сите славни дела извршени од Него“ (Лука 13,17).

Сиромасите се радувале, а оние што мислеле дека се силни се срамеле. Оние што сакале, својата вера во Христа можеле да ја ѕидаат врз Карпата на исполнетите пророштва. На сите Христос им зборувал исто како и на Јован: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието“ (Матеј 11,4.5). Луѓето го гледале и го слушале тоа што никогаш порано не го имале видено, ниту слушнато! Делата што ги гледале можеле да им помогнат да постават сигурен темел за верата во Бога кој не може да се види на друг начин освен во лицето на Исуса Христа. Основа на верата на Христовите следбеници била:

„Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот – и животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ви го навестуваме вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави“ (1. Јованово 1,1.2).

Како можеле да го видат Животот? Еден од настаните кога светот го видел и го опипал Животот бил кога еврејскиот кнез Јаир дошол кај Исуса со молба: „Го молеше многу, говорејќи: ’Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа за да оздрави и да биде жива!‘“ (Марко 5,23). Исус се оѕвил. Влегол во домот на Јаир, но девојката била умрена. Смртта како да била побрза од Божјиот Син и изгледало дека ништо не може да се направи. Таа бдеела над перницата на девојчето, но – напразно! За Христа Библијата го вели следното: „И кога ја фати раката на девојчето, рече: ’Талита, куми!‘ – што значи: ’девојче, тебе ти велам, стани!‘“ (Марко 5,41). Девојчето станало и седнало, гледајќи во Христовото лице што било посветло и од родителското! Смртта била поразена и луѓето го виделе Животот! Ќерката на Јаир имала само дванаесет години кога големиот Пастир ја зел во своите прегратки. Не само ова девојче – Христос вратил во живот и едно момче! Сретнал погребна поворка што излегувала од градот Наин, ја запрел и му рекол на умреното момче: „Момче, тебе ти велам, стани!“

И другиот мртовец веднаш станал. Се дигнал од постелата на „вечната куќа“ што всушност е само привремена. Така Исус носел едно девојче и едно момче од прегратките на смртта во прегратките на животот, од царството на темнината во царството на светлината! Библијата зборува за тој зачудувачки миг: „И страв ги обзеде сите, и Го славеа Бога и велеа: ’Голем пророк се јави меѓу нас’ и ’Бог го посети Својот народ‘“ (Лука 7,14.16).

Солзите на луѓето Исус Христос ги претворал во солзи радоснички, жалоста во радост, проклетството во благослов. По патиштата течела река на благослови; неговата трпеза на ливадата била небесна трпеза на проштавање и помирување, неговиот чамец станал команден мост на вселената, морето го слушало, ветерот му се покорувал. Дури и на сатаната му заповедал, и тој доцна сфатил дека за првпат по долго време бил присилен да слуша: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ’На Господ, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“ (Матеј 4,10).

Исус ги хранел гладните, им давал одмор на уморните, ги утешувал расплаканите, ги напојувал жедните, ги благословувал децата, а самиот останал гладен четириесет дена во пустината, со часови седел жеден крај бунарот на Јакова, страдал, потклекнувал, но никогаш не паднал и на Бога не му згрешил. Најпосле, кога дозволил да биде распнат на крст, неговите непријатели му се подбивале: „Се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ’Син Божји сум!‘“ (Матеј 27,43).

Божјиот Син бил и Син човечки. На луѓето им правел добро како Божји Син, но не направил ништо да си помогне себеси. Не ги претворил камењата во лебови, не се симнал од крстот. Жеден, молел една жена за малку вода. Библијата тоа го забележала: „Дај Ми да пијам!“ (Јован 4,7), но не добил да пие. Во разговорот со него, Самарјанката ја заборавила неговата молба! Христос се одрекувал од себе во полза на своите несреќни земни деца. На сите им помагал, а себеси не сакал да си помогне. Решил да страда заедно со своите деца, зашто страдањето било цена за нивното спасение.

Евреите подигнале високи огради од традиции, ѕидови од нетрпеливост, сметајќи ги незнабошците за недостојни дури и за трошките од трпезата на светите вистини. Тогаш дошол Исус и ги урнал ѕидовите на поделбите меѓу луѓето и нетрпеливоста меѓу народите, ги урнал и оградите на разликите меѓу класите, расите и имотот. Бога го објавил како Татко на сите народи, а сите луѓе ги нарекол едно семејство. Еве го одгласот на неговите зборови во Библијата: „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус“ (Галатјаните 3,28).

Разбојникот распнат на крст од десната страна на Исус, го признал за Христос: „Тој ништо лошо не направил“ (Лука 23,41). Римскиот судија објавил: „Јас не најдов кај Него никаква вина“ (стих 14).

И на крстот Исус бил Цар, небесен и земен Цар, Спасител и добротвор на човештвото. Умирајќи според провидението на крст како човек, Тој на разбојниците им проштавал како Бог. На разбојникот десно од него му дал свој божествен збор дека ќе го прими во своето идно царство. Така Другарот на цариниците и грешниците станал и другар на разбојниците што се каат.

Погледот ни се запира на Исуса Христа кој ги спасувал другите, а не себеси, кој ги љубел своите пријатели и противници до крај и така станал Спасител, пријател и добротвор сè до смртта, и така го отворил патот за човекот да може да влезе во вечниот живот.

Кратка содржина на лекцијата

  • Христовата наука, неговата премудрост и моќ, ги уверува луѓето дека во личноста на Исуса Христа Бог слегол на светот.
  • Христовите натприродни дела биле знак за неговото божество.
  • Исус Христос не дошол да му служат, туку да го „побара и да го спаси она што е загубено“.
  • Христос ги урнал сите расни, имотни и традиционални пречки меѓу луѓето и ги прогласил за едно семејство.
  • Ниту Евреите, ниту Римјаните, не нашле вистинска кривица кај Исуса.
  • Дури и тогаш кога го распнале на крст, Исус правел добро, давал утеха и ветувал спасение.
  • Библијата е писмено сведоштво на очевидците дека Исус Христос е воскресение и живот на светот.
  • Исус Христос, најголемиот добротвор на човештвото, на луѓето им донел радосна вест за мир и за вечен живот.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.