9. Нашиот дом на небото

9. Нашиот дом на небото

Кога Марко Поло се вратил во Венеција по долгогодишното патување по Истокот, неговите пријатели мислеле дека долгите патувања му го нарушиле менталното здравје. Тоа го помислиле бидејќи неговите приказни им изгледале многу чудни.

Марко посетил град преполн со сребро и злато. Видел црни камења кои согоруваат, но тогаш сè уште никој немал слушнато за јагленот. Видел облека што не може да се изгори во оган, но тогаш никој не знаел за азбестот. Раскажувал за огромни змии, толку големи што можеле да проголтаат човек, за ореви големи колку човечка глава полни со бело млеко и за течност која извира од земјата и се употребува како гориво за ламби. Дотогаш никој никаде не слушнал за крокодилите, за кокосовите ореви, ниту пак за суровата нафта. Сите се смееле на неговите приказни. Многу години подоцна, кога Марко бил пред умирање, еден од неговите пријатели го молел јавно да ги негира сите тие неверојатни приказни. Но Марко тоа го одбил со зборовите: „Сето тоа е вистина, секој детаљ. Всушност, не ви кажав ни половина од она што го видов“.

Судејќи според сè, и библиските писатели, кои ни даваат делумен увид во Небото, имале слични чувства. Тие во виденијата го виделе местото кое е толку блескаво и необично и можеле да опишат само мал дел од тоа што го виделе. И ние се соочуваме со слични предизвици како пријателите на Марко. Мораме да се обидеме да размислиме за она што никогаш не сме го виделе, бидејќи и сликите што ни ги дава Библијата покажуваат дека Небото е многу повеќе од седење на облаци и свирење харфа.

1. Каде е Небото?

Дали Небото постои?

„Да не се вознемирува вашето срце; вие верувате во Бога, верувајте и во Мене! Во домот на Мојот Татко има многу живеалишта; ако не беше така, Јас ќе ви кажев, зашто одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас“ (Јован 14,1-3).

Исус токму сега ни приготвува место на Небото. Затоа Тој доаѓа на нашиот свет, да нè земе во небесниот град кој ги надминува сите наши сништа околу Новиот Ерусалим.

По илјада години поминати на Небото, Христос ќе го спушти овој небесен град на нашава планета Земја. Додека Новиот Ерусалим ќе се спушта, огнот ќе го исчисти целиот свет, согорувајќи ги сите нечистотии и отрови. Токму тогаш нашата обновена планета ќе стане дом на спасените.

Како Јован, писателот на книгата Откровение, ни ги прикажува овие настани?

„И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа и море немаше веќе. Тогаш јас, Јован, го видов Светиот град – Новиот Ерусалим, како слегува од небо, од Бога, стокмен како невеста, која е украсена за својот маж. И чув силен глас од небото, велејќи: – Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и Самиот Бог ќе биде со нив“ (Откровение 21,1-3).

Што сакал Бог кога го создавал светот?

„Да, вака зборува Господ, Творецот на небесата – Тој е Бог – Кој ја вообличи и создаде земјата, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја вообличи за живеење: – Јас Сум Господ и нема друг“ (Исаија 45,18).

Кога го завршил создавањето на светот, Бог заклучил, гледајќи го совршениот свет преполн со живот, дека сè е многу добро (1. Мојсеева 1, 31). Меѓутоа, како минувало времето луѓето станувале сè погрешни, а Земјата сè пооптоварена со последиците од гревот. Оваа состојба на деградирање и пропаѓање продолжува и понатаму, сè додека нашиот свет не се најде на работ од пропаста. Тогаш ќе биде потребно чистењето што го најавил Бог.

По промените што ќе ги донесе огнот, кој, според Исусовите зборови, ќе ја насели Земјата?

„Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат Земјата!“ (Матеј 5,5).

Господ не дозволува да пропаднат Неговите планови. Тие можат да бидат попречувани, можеби и одложени за некое време, но Бог на крајот ќе ја исполни својата првична намера. Тој ќе му ја врати на светот неговата првобитна убавина. Изгубениот Едем ќе биде обновен и кротките „ќе ја наследат земјата“.

2. Дали на Небото ќе имаме вистинско тело?

Небото, кое го спомнува Библијата, не е само место за живеење на натприродни духовни суштества. Небото не е место на духови. Тоа е населено со вистински личности кои уживаат во телесниот и духовниот живот. На Небото ќе го имаме сопственото тело, но ослободено од болести и недостатоци.

„А нашето жителство е на небесата, од каде и го очекуваме Спасителот, Господа Исуса Христа, кој ќе го преобрази нашето унизено тело, да се сообрази со Неговото славно тело, според дејствието на Неговата сила, со која може да покори сè под Себе“ (Филипјаните 3,20-21).

Кога се појавил пред своите ученици со своето воскреснато и прославено тело, како истото го опишал сам Исус?

„Погледајте ги Моите раце и Моите нозе – Јас Сум Истиот! Допрете Ме и видете, зашто духот нема месо и коски, а како што гледате, Јас Имам“ (Лука 24,39).

Исус имал опипливо тело. Тој ги повикал своите ученици да Го допрат (Јован 20,27). Во оваа пригода, Исус влегол во вистинска куќа, разговарал со вистински луѓе и јадел вистинска храна (Лука 24,43). Можеме да бидеме сигурни дека нашето небесно тело ќе биде вистинско како и Христовото по воскресението бидејќи: „Кога ќе се открие, ќе Му бидеме слични“ (1. Јованово 3,2).

Дали ќе можеме на Небото да ги препознаеме своите семејства и пријатели и да создаваме пријателски и роднински врски?

„Зашто сега гледаме како во огледало – нејасно; но тогаш: лице в лице. Сега знам делумно, но тогаш ќе сознам целосно, како што и јас бев самиот наполно познат“ (1. Коринќаните 13,12).

На Небото ќе „сознам целосно, како што и јас бев самиот наполно познат“. Меѓусебно ќе се разбираме и ќе се почитуваме подлабоко, многу повеќе отколку што сме можеле на овој свет.

Учениците Го препознале Исуса во Неговото небесно тело (Лука 24,36-43). Марија Го препознала покрај гробот, бидејќи го препознала гласот кој ѝ се обратил по име (Јован 20,14-16). Двајцата ученици на патот за Емаус Го препознале поради некои негови препознатливи движења. Кога виделе како нивниот гостин ја благословува храната, Го препознале како свој Господ (Лука 24,13-34).

Бидејќи ќе бидат „како и Тој“ (1. Јованово 3,2), откупените ќе ја доживеат сета величественост на небесната средба „лице в лице“. Замислете ја радоста што ќе ја доживеете кога ќе ја препознаете карактеристичната насмевка на својот брачен другар, или гласот на своето дете што сте го изгубиле многу одамна, или движењата на саканиот пријател. Ќе ги снема сите пречки што ги поставува гревот меѓу луѓето. Пред нас ќе биде вечноста низ која ќе можеме да ги продлабочуваме пријателствата што го прават животот вреден и ќе развиваме пријателства со најпознатите личности во вселената.

Ова се однесува и на посебниот, нов однос во животинскиот свет:

„Волкот ќе живее со јагнето, рисот ќе лежи со јарето, телето и лавчето ќе пасат заедно, а мало детенце ќе ги води“ (Исаија 11,6).

3. Што ќе правиме на небото?

Покрај тоа што ќе ги продлабочуваме своите пријателства на начин којшто не можеме ни да го замислиме, животот на Небото ќе биде преполн со разновидни предизвици и активности.

„Зашто, еве, Јас создавам нова небеса и нова земја… Зашто, еве, од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост… Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други… моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце“ (Исаија 65,17-22).

Исус веќе приготвува живеалишта за нас во светиот град, во Новиот Ерусалим (Јован 14,1-3; Откровение 21 глава). Овие стихови кажуваат дека ние ќе ги градиме и обликуваме своите живеалишта, можеби во убави населби опкружени со богати небесни видови растенија. Меѓутоа, ова е само почеток. Пророкот Исаија опишува некои работи на Небото, спомнувајќи ги само занимањата што преовладувале во негово време – градење и садење. Којзнае што нè очекува во Божјата совршена цивилизација? Сегашниот развој на науката и техниката ќе наликуваат на детски играчки кога ќе почнеме да го истражуваме домот на нашиот Татко.

Сакате ли да ги набљудувате убавите шумни водопади или тивките долини, шуми и прекрасни цвеќиња?

„Да, Господ се сожали за Сион, се сожали за неговите урнатини. Неговата пустота ќе ја направи како Едем, а степата како Господова градина. Воскликнувања и радост ќе одекнуваат низ неа и благодарници и глас на пофална песна“ (Исаија 51,3).

Бог ќе ја претвори Земјата во првобитниот едемски рај. Веќе нема да има загадување со нафта, смог или суши; езерата ќе бидат кристално бистри, дрвјата величествени, а убавината на планините ненарушена.

Нема само светот да биде поубав, туку и нашата способност за забележување ќе биде многу посилна. Сè ќе ни изгледа како да сме прв ден во природа по долга и тешка болест. Првите минути на вистинитоста ќе се претворат во најпрекрасна вечност.

Дали уживате во новите искуства, во учење и создавање?

Некој можеби ќе помисли и ќе каже дека животот во совршениот свет не може секогаш да биде предизвик. И најубавиот годишен одмор може да биде здодевен. Не можеме да замислиме дека на Небото ќе има некои посебни тешкотии или предизвици кои треба да се совладаат. Што ќе нè одржува во движење?

Меѓутоа, ни нашите размислувања не се совршени, а не животот во рајот. Елена Вајт, позната христијанска писателка, пишува вака: „Таму бесмртните умови со неуморно воодушевување ќе ги проучуваат чудата на создавачката моќ и тајната на љубовта која спасува… Секоја способност ќе се развива, секој дар ќе се зголемува. Добивањето знаење нема да го заморува умот, ниту ќе ја исцрпува животната сила. Таму ќе можат да се направат најголеми потфати, да се исполнат најголемите желби, да се реализираат највозвишените стремежи и сè уште ќе постојат нови цели кои ќе треба да се достигнат, нови чуда кои ќе бидат предмет на восхитување, нови вистини кои треба да се сфатат, нови предмети да ја поттикнат силата на разумот, душата и телото на развој. Сите богатства на вселената на искупените ќе им бидат достапни за истражување“ (Големата борба, стр. 547).

4. Дали злото некогаш ќе се појави на Небото?

Апостол Јован пишува вака за Новиот Ерусалим:

„И во него нема да влезе ништо нечисто, ни оној кој прави нешто гнасно и лажно, туку само оние кои се запишани во Јагнетовата книга на животот“ (Откровение 21,27).

Откупените нема да ја трошат својата сила борејќи се против намерата за убивање, крадење, лажење… Нашата природа ќе биде променета, па сите намери и себични мотиви засекогаш ќе ги снема. Наместо да се бориме против нездравите склоности, ќе се занимаваме со небесни убавини.

Копнеете ли за место во кое нема да има болести, маки и таги?

„И смрт нема да има веќе, ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе…“ (Откровение 21,4)
„И ниеден од жителите нема да каже – Болен сум!“ (Исаија 33,24)
„И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе…“ (Откровение 21,4).

Бог целосно ќе ги отстрани гревот и неговите страшни последици; тие никогаш повеќе нема да се појават. Ќе ја снема смртта, најголемиот човеков непријател. Во небесната земја на вечна младост откупените се „бесмртни“ (1. Коринќаните 15,33) и ниеден жител никогаш нема да ги искуси разорните последици на староста.

Небото не ги уништува само последиците од гревот, туку и ги лечи. Можете да замислите како ќе им биде на оние кои на Земјата цел живот трпеле несреќа.

„Очите на слепците ќе прогледаат, ушите на глувите ќе се отворат, тогаш хромиот ќе скока како елен, јазикот на немиот ќе воскликнува. Зашто во пустината ќе бликнат води, а во степата потоци“ (Исаија 35,5-6).

5. Што ќе ни причинува најголема радост на Небото?

Можете ли да замислите дека ќе го гледаме Господа лице в лице?

„И Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат негов народ, и Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог“ (Откровение 21,3).
„Ти ми го покажа патот на животот; полнота од радост има пред Твоето присуство; вечно блаженство е во Твојата десница“ (Псалм 16,11).

Семоќниот Бог ветува дека ќе биде наш пријател и водач. Каква ќе биде таа радост и предност да се седи крај неговите нозе! Замислете што би дал некој музичар да помине неколку моменти со Моцарт или Бетовен! Замислете физичар кој би имал можност некое време да помине со Алберт Ајнштајн, или што би значел разговорот за некој сликар или вајар со прочуениот Микеланџело или Рембрант!

А откупените ќе имаат неспоредливо поголема привилегија. Тие ќе разговараат со возвишениот Творец на музиката, науката и уметноста.

Тие ќе уживаат во блискиот меѓусебен однос со најголемиот ум и најчувствителното срце во вселената. Овој однос ќе се претвори во обожавање.

„Од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота, секое тело ќе доаѓа да се поклони пред Моето лице – говори Господ“ (Исаија 66,23).

Во средината на небесниот град се издигнува големиот блескав Божји престол. Опкружен со смарагдно виножито, Неговото лице блескоти како јасно сонце. Под неговите нозе во сите правци се протега кристално море. На таа блескава површина, која ја одразува Божјата слава, откупените ќе се собираат за да ја изразат својата благодарност.

„Ќе се враќаат искупениците Господови. Ќе дојдат во Сион воскликнувајќи од радост, со вечна веселба на челата; радоста и веселбата ќе ги придружуваат, ќе ги победат тагата и воздишките“ (Исаија 35,10).

Во почетните денови од развојот на воздухопловството, тројца племенски поглавари, кои целиот живот го поминале во Сахара, пристигнале во Париз. Водичот им ги покажувал париските знаменитости, како што се Ајфеловата кула и Версајскиот дворец. Меѓутоа, изгледало дека на поглаварите тоа не им оставало силен впечаток. Потоа виделе автомобил, локомотиви, употребувале и телефон, но ни овие изуми не успеале да предизвикаат восхитеност кај гордите жители на Сахара.

По ова, тие отпатувале за да ги видат француските Алпи, каде што виделе сцена која ги оставила без здив: водопад, чии бистри води се слеваат по карпест рид. Поглаварите стоеле како стаписани. Колку пати пешачеле деноноќно трагајќи по мал извор, за неколку литри матна вода.

Водичот се обидел да ги одведе понатаму, но тие не се ни поместиле. Барале да останат уште.

„Да почекаме! Што да почекаме?“

„Крајот!“

Не можеле ни да замислат дека оваа животодавна вода може да тече бесконечно.

Ние ќе доживееме слично искуство кога ќе стоиме на кристалното море пред Божјиот престол, бидејќи ќе бидеме облагородени со Неговата љубов и светост. Денес, со голем напор, успеваме неколку минути да се воздржиме од непримерните желби во себичното трчање низ светот. Меѓутоа, постои некој чија добрина никогаш не престанува. Неговата верност, трпеливост и милост имаат вечни вредности и секогаш се подеднакво силни и бескомпромисни. Ние можеме со својата благодарност да им се придружиме на небесните суштества, кои го пеат својот возвишен славопој: „Свет, свет, свет Господ Бог, Седржител“.

6. Мораме да бидеме таму!

Исус сака и вие да бидете таму, вклучени во возбудливиот поглед на кристалното море. Тој не сака вашиот дом во Новиот Ерусалим да остане празен. Тој копнее за блиска средба со вас. Затоа и бил подготвен да нè спаси од гревот, и покрај големата цена.

„Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот“ (Јован 3,16).

Вие морате да го искористите овој дар. Предајте Му се на Христа како ваш личен Господ и Спасител. Прифатете го простувањето кое ви е понудено на крстот, зашто:

„И нема во него да влезе ништо нечисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние кои се запишани во книгата на животот на Јагнето“ (Откровение 21,27).

Исус нè ослободува од гревот. Тој ни дава сила да дојдеме кај Него и така нè одделува од нечистотиите и подбивот. Исус е нашата лозинка за влез во Неговото царство кое доаѓа.

Почетокот на тоа царство може да биде раздвижено во вашето срце. Кога нè ослободува од гревот, Исус во нас гради мало Небо. Тој може да ни помогне да ги победиме грижите, гневот, страста, стравот и чувството на вина, што било ако нешто од тоа нè мачи. Надежта во Небото не е бегство од животните тешкотии, таа помага уште на Земјата да завладее небесна атмосфера. Многу социолошки испитувања на јавното мислење покажале дека: „Оние кои веруваат во воскресението се посреќни и дека имаат поголема доверба во луѓето“ за разлика од оние кои не веруваат.

Ништо не може толку позитивно да влијае врз човекот како здравиот меѓусебен однос со Исуса Христа. Еве како апостол Петар го опишува влијанието на живата вера:

„Кого го љубите иако не сте Го виделе; во кого верувате сега, иако не Го гледате; и се радувате со неискажлива и прославена радост“ (1. Петрово 1,8).

Исус ни нуди непроценливо богатство, го нуди како вечен дар, и затоа не одбивајте ја Неговата покана за милост и љубов.

„И Духот и невестата велат: ’Дојди!‘ И кој ќе чуе, нека каже: ’Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум!“ (Откровение 22,17).

Исус е сега со вас, и му зборува на вашето срце додека се занимавате со овој текст. Упорно ве повикува: „Дојди!“, „Дојди!“, „Дојди!“ Ако сè уште не сте решиле, овој момент претставува ваша можност да ја испитате Неговата понуда. Кажете Му дека го прифаќате Неговиот милослив дар и дека сакате вечноста да ја поминете со Него. Кажете му дека Го сакате! Заблагодарете му се за сè што сторил за вас и за сè што сака да стори. Ако постои нешто што ве разделува од Бога, побарајте да ве обдари со волја и сила тоа да го отстраните. Денес, додека го слушате Неговиот глас, предајте Му го, без колебање, своето срце. Во молитва кажете: „Исусе, мој Господе, доаѓам. Сè што имам Тебе ти предавам. Твој сум засекогаш! Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.