2. Зошто можеме да ѝ веруваме на Библијата?
Познатите бунтовници, кои го потонале англискиот брод „Баунти“, се населиле на осамениот остров Питкерн. Групата се состоела од девет англиски морнари, шест Тахиќани, десет Тахиќанки и едно петнаесетгодишно девојче. Еден од морнарите ја открил постапката за дестилирање алкохол и наеднаш алкохолизмот ја нападнал оваа островска колонија. Конфликтите меѓу населениците набргу прераснале во насилство.
По извесно време, останал само еден од луѓето кои првобитно го населиле островот. Овој човек, Александар Смит, ја открил Библијата во еден од сандаците што ги пренеле од потонатиот брод. Почнал да ја чита и да ги подучува другите од неа. Правејќи така, го сменил прво својот живот, а потоа и животoт на останатите жители на островот.
Островјаните биле целосно одвоени од надворешниот свет сè до доаѓањето на американскиот брод „Топаз“ во 1808 година. Екипажот на бродот затекнал една напредна заедница на островот, ослободена од алкохол, криминал и затвори. Поранешниот пекол на Земјата, Библијата го претворила во она што Бог сака да направи од светот. Така останало и до денес. Силната радиостаница „Гласот на надежта“ одржува редовна врска со островот Питкерн со помош на краткобраново радио. Том Кристијан, потомок на Флечер Кристијан, бунтовник од бродот „Баунти“, е радиоаматер кој се јавува секој ден од оваа радиостаница.
Дали Бог сè уште им говори на луѓето од страниците на Библијата? Сосема сигурно! Додека го пишувам ова, пред очи ми се одговорите што ги испрати еден ученик на Дописната библиска школа. Во забелешката на дното од страницата може да се прочита следниов потресен текст: „Го чекам извршувањето на смртната казна во затворот на државата Јута. Пред да почнам со проучувањето на Библијата по дописен пат, бев изгубен, но сега имам нешто на што можам да се надевам, најдов нова љубов“.
Библијата располага со сила која вистински може да го промени животот на човекот. Кога луѓето ќе почнат да ја изучуваат Библијата, нивниот живот драматично се менува.
1. Како Бог зборува преку Библијата?
Кога ги создал Адам и Ева, првите луѓе на Земјата, Бог разговарал со нив лице в лице. Но кога ги посетил по падот во грев, како се однесувале?
Гревот го прекинал нивниот близок однос со Бога. По појавата на гревот во нашиот свет, како комуницира Бог со луѓето?
Бог не нè остава во темнината на незнаењето кога е во прашање значењето на животот. Преку своите пророци, луѓе кои ги повикал да зборуваат и да пишуваат во Негово име, Тој одговорил на клучните животни прашања.
2. Кој ја напишал Библијата?
За време на својот живот, пророците усно и писмено ги пренесувале Божјите пораки, а тие, во облик на пророчки книги, продолжиле да живеат и по нивната смрт. Под непосредно Божјо влијание, одделни пророчки книги се собрани во книгата која ја нарекуваме Библија.
Дали овие пророчки записи се сигурни?
Светиот Дух им ги откривал божествените пораки на пророците. Библиските писатели не пишувале по сопствена желба или барање, туку биле поттикнати или водени од Божјиот Дух. Библијата е Божја книга!
Бог во Библијата зборува за себе и ги открива своите намери кон човечкиот род. Библијата е книга на историјата, пророштвата и ветувањата, книга која во целост го објавува Божјиот план на спасение. Таа не е само поглед кон минатото, туку и објавување на иднината, која открива дека проблемот со злото конечно ќе биде решен и дека мирот ќе дојде на оваа Земја.
Дали целата Библија е Божја порака?
Светото писмо, Библијата, врши силно влијание врз луѓето бидејќи „целото писмо е од Бога вдахновено“. Библијата е повеќе од вредна збирка на етички начела, таа е повеќе од убава книга, таа е вдахновен документ, Божја книга (се нарекува и Божја реч, Божјо слово или Божји збор). Пророците со човечки јазик го изразиле она што го виделе и слушнале, но нивната порака дошла директно од Бога.
Ако сакате да ја сфатите суштината на животот, читајте ја Библијата искрено и со молитва. Тогаш ќе видите како вашиот поглед на животот полека се менува. Колку повеќе проучувате, изложени на влијанието на Светиот Дух, вистинскиот писател на Библијата, толку повеќе ќе го стекнувате искуството на мир во животот.
3. Единството на Библијата
Библијата е збирка од 66 книги. Книгите на Стариот завет, 39 на број, настанале меѓу петнаесеттиот и петтиот век пред Христос, а 27-те книги на Новиот завет меѓу педесеттата и стотата година по Христа.
Пророкот Мојсеј ги напишал првите пет книги од Библијата околу 1.400 години пред Христа, додека апостол Јован го напишал Откровението, последната книга од Библијата, околу 95 години по Христа. Во текот на 15 века, колку што поминале помеѓу пишувањето на првата и последната библиска книга, најмалку 38 различни пророци го дале својот придонес за постанокот на Библијата.
Различните библиски писатели живееле во различни времиња, некои биле временски раздвоени стотини години, и во поголем број случаи не се познавале. Некои биле деловни луѓе, а други трговци, потоа овчари, рибари, војници, лекари, проповедници, цареви, луѓе од сите слоеви на животот. Живееле во различни државни управи, во различни култури и во различни животни системи. Сепак, најголемото чудо е што сите 66 библиски книги, со вкупно 1189 глави, или 31173 стихови, се спојуваат во целосна, совршено хармонична порака. Како што забележал големиот научник Ф. Ф. Брус: „Библијата не е обична антологија; во неа постои единство кое ја прави целина“.
Да претпоставиме дека некој човек ќе тропне на вашата врата, и кога ќе го примите, ќе положи на подот во вашата дневна соба парче необично обликуван мермер и ќе излезе без збор. Еден по друг по него доаѓаат и други посетители сè додека сите, околу четириесетмина, не ги остават своите, со број означени парчиња мермер.
Кога ќе си замине и последниот, вие останувате изненадени бидејќи пред себе имате прекрасна скулптура. Дури тогаш дознавате дека поголемиот дел од „вајарите“ никогаш не се сретнале меѓу себе бидејќи доаѓаат од различни делови на светот: од Јужна Америка, Кина, Русија, Африка… Што би заклучиле? Некој ја замислил таа скулптура и на секој човек му дал точен опис на неговото парче мермер.
Целата Библија пренесува единствена порака, исто како и совршената мермерна скулптура. Сето тоа го замислил еден величествен ум – Бог. Зачудувачкото единство на Писмото е доказ дека тоа не е обично книжевно дело, туку вистински Божји збор. Луѓето ги обликувале своите мисли со зборови, но Бог ги вдахнал со својот Дух.
4. Можете да ѝ верувате на Библијата
1. Библијата е зачувана на необичен начин.
Сите оригинални библиски ракописи се препишувани на рака, многу пред да бидат откриени печатниците. Луѓето со препишување ги умножувале оригиналните ракописи, а потоа ги ширеле. И денеска постојат илјадници препишувани ракописи, во целост или делумно зачувани.
Еврејски ракописи на Стариот завет, датирани меѓу 150 и 200 години пред Христа, пронајдени се покрај Мртвото Море во 1947 година. Зачудувачки е фактот што овие две илјади години стари ракописи го содржат истиот текст што постои во современите Библии. Тоа е силен доказ за веродостојно пренесување на светата Божја реч!
Апостолите прво го напишале поголемиот дел од Новиот завет во облик на писма упатени до првите христијански цркви, кои настанале по Христовото воскресение и вознесение (Колошаните 4,16). Повеќе од 4.500 ракописи на целиот Нов завет, или негови одделни делови, се изложени во познати музеи ширум Европа и Америка. Некои од нив датираат од 2. век. Ако ги споредиме овие рани ракописи со современата Библија, веднаш ќе забележиме дека Новиот завет останал речиси неизменет во однос на својот извор. Интересно е дека текстот во нашите Библии е поверодостоен од денешните преводи на драмите на Шекспир.
Поранешниот управник на Британскиот музеј, сер Ф. Кенон, во својата книга „Нашата Библија и старите ракописи“ (Our Bible and Ancient Manuscripts), пишува вака: „Христијанинот може без страв или двоумење за целата Библија да изјави дека в рака држи вистинит Божји збор, кој со поколенија и векови е пренесуван без значителни измени“.
Денеска Библијата или некои нејзини делови се преведени на повеќе од 2.060 јазици и наречја. Божјата реч останува најчитаната книга на светот, бидејќи секоја година се продаваат повеќе од 150 милиони примероци од Библијата.
2. Несекојдневна историска точност на библиските записи.
Во времето на настанувањето на Соединетите Американски Држави многу експерти се сомневале во точноста на Библијата. Се сомневале во библиските записи бидејќи историските документи не ги потврдувале библиските настани. Писмото зборува за битки, градови, па и за цели цивилизации кои тогашните светски историчари не ги ни спомнувале. Денес, многу археолошки откритија ја потврдуваат точноста на библиските записи. Археолозите откриле бројни глинени плочки и камени споменици кои на виделина ги изнеле имињата, местата и настаните што биле запишани исклучиво во Библијата.
На пример, според 1. Мојсеева 11,31, Аврам и неговото семејство „се упатија од Халдејскиот Ур кон Ханаанската земја“. Бидејќи Ур е споменат само во Библијата, некои научници констатирале дека таков град никогаш не ни постоел. Меѓутоа, археолозите ја откриле кулата на храмот во јужен Ирак, чие подножје било испишано со клинесто писмо, а текстот го содржел името Ур. Подоцнежните пронајдоци откриле дека Ур бил напредна метропола со високоразвиена цивилизација. Со текот на времето градот паднал во заборав, а записите за него биле загубени, така што само Библијата го зачувала неговото име, додека многубројните археолози не го потврдиле неговото постоење.
Ур е само еден пример како современите археолошки наоѓалишта ја потврдуваат точноста на библиската историја. Можеби во вашата библиотека може да се најде некоја добра книга од библиската археологија. Ваквите книги со многубројни примери ја потврдуваат веродостојноста на Библијата.
3. Точното исполнување на библиските пророштва докажува дека можеме да ѝ веруваме на Библијата. Нашата доверба во Божјата реч, Библијата, може дополнително да се потврди со проучување на библиските пророштва. Светото писмо содржи многу важни пророштва за идните настани, кои се исполнуваат пред наши очи. Едно од овие возбудливи пророштва ќе проучуваме во седмата лекција. Во неа ќе видиме како Бог однапред го открил текот на историјата од 606 година пред Христа, па сè до нашите дни. Во тоа пророштво, во главни црти се открива иднината која е пред нас и се истакнува што ќе се случи во современиот свет.
5. Како да ја сфатиме Библијата?
Треба да имаме на ум дека Библијата не е само историски документ што е разбирлив само за научниците. Некои од најинтересните библиски вистини доаѓаат од обичните луѓе со скромно образование, кои ја прифатиле Библијата како Христова лична порака. Додека го истражуваме Божјиот збор, да имаме на ум неколку важни принципи:
Да ја проучуваме Библијата со молитва. Ако на Библијата ѝ пристапиме со срце и ум вдахновени со молитва, таа ќе ни помогне да оствариме лична средба со Исуса. Кога ја отвораме Библијата, да не забораваме да го повикаме Светиот Дух да ни биде Учител.
Да ја читаме секојдневно. Апостол Павле ги пофалил христијаните од Верија, зашто „го примија Словото сосем подготвено, и секој ден го испитуваа Писмото дали е така“ (Дела на апостолите 17,11). Редовното проучување на Библијата е клуч за примање на духовна сила во животот (Римјаните 1,16).
Да ја проучуваме внимателно. Апостол Павле му рекол на Тимотеј да ја проучува Библијата како „работник кој нема од што да се срами кога верно го проповеда Словото на вистината“ (2. Тимотеј 2,15). Не земајте случајно избрани текстови, кои само навидум го потврдуваат вашето мислење или наклоност. Секој дел проучувајте го со што поголема објективност и внимание. Кога ја читате Библијата, Вие се сретнувате со Божјиот ум.
Да ги проучуваме библиските книги и глави стих по стих. Додека читате, дозволете ѝ на Библијата сама да зборува. Бидејќи Библијата е Христова порака, таа не содржи само вистина, туку е и мерило за сите останати вистини (Исаија 8,20). Затоа никогаш не смееме да дозволиме некое „верско“ мислење или начело да потисне некој дел од Писмото. Обидот Библијата да се протолкува со некои однапред создадени мислења, само ќе го „изопачат“ Светото писмо за наша „погибел“ (2. Петрово 3,16).
Секоја библиска изјава треба да се разгледува во нејзиниот контекст: кому му се обраќа Библијата, за кој проблем станува збор, дали ја опкружуваат некои други изјави. Клучното прашање гласи: „Што мислел да каже библискиот писател?“ Сите мораме да научиме да го разликуваме она што библискиот писател мислел да го каже од нашите лични впечатоци, на пример, од она што ние мислиме дека сакал да каже. Кога ќе го разбереме значењето на текстот, тогаш можеме да го примениме во секојдневниот живот.
Да ја проучуваме Библијата по теми. За навистина да ги разбереме библиските вистини, мораме да дозволиме Библијата да се толкува самата себеси. Како? Со споредување на библиските стихови. Исус, за да докаже дека е Месија, се послужил со овој метод:
Со проучување на сè што Библијата кажува за некоја тема, добиваме целосен преглед, па така можеме подобро да го сфатиме Божјиот став. На пример, како да се открие тајната на успешната молитва? Соберете ги сите изјави на Исус и на апостолите, сите нивни ветувања и начела кои се однесуваат на молитвата. (Со тоа подетално ќе се занимаваме во 14-та лекција). Ако се молиме, и ѝ дозволиме на Библијата да се објасни сама себе, нема да ни треба да се потпираме на мислењето на другите луѓе или на какво било друго учење, туку сами ќе го разбереме Бога.
Да ја проучуваме Библијата со цел да ја примиме Христовата сила во животот. Во Евреите 4,12 Божјата реч е споредена со меч остар од двете страни. Таа не е само мртов збор на хартија, туку сигурно оружје во нашите раце со кое можеме да се одбраниме од најупорните искушенија.
Да слушаме додека Бог ни говори преку својата Реч. Ако некој сака да ја дознае библиската вистина за некоја тема или учење, тој мора да го следи она што го учи Библијата.
Псалмистот со пример го поткрепува ваквиот став:
6. Библијата може да го промени животот
Какво влијание има Библијата на личниот живот?
Проучувањето на Библијата „вразумува“ како ниедна друга книга. Додека темелно ја проучуваме Библијата и ги воведуваме нејзините учења во нашиот живот, таа ни дава сила да ги победиме разорните навики и нè оспособува да се развиваме како комплетни личности душевно, интелектуално, морално и духовно.
Библијата му зборува на срцето. Таа се занимава со човековото искуство: раѓање, љубов, брак, родителство и смрт. Светото писмо ги лечи најдлабоките рани на човекот – неговиот пад во грев и јадовите што произлегоа од него.
По паѓањето на Берлинскиот ѕид, големо духовно будење ја зафати Русија. Милиони ја прифатија Библијата како книга вдахновена од Бога и станаа христијани. Галина, од Новгород, ги следела предавањата на еден проповедник. Додека солзи се слевале низ нејзиното лице, му рекла: „Пред да дојдам на овие предавања, бев атеист. Не верував во Бога. Сега го прифатив Исус и станав сосема нова личност. Вистините од Библијата што ги проповедавте, ги отворија моите очи“.
Божјата реч не е книга за една раса, време, народ или култура. Иако е напишана на Исток, таа содржи порака и за луѓето кои живеат на Запад. Таа влегува во куќите на сиромашните, но и во вилите на богатите. Децата уживаат во нејзините возбудливи приказни. Нејзините херои ги инспирираат младите. Родителите во неа наоѓаат мудрост за поучување на своите деца. Болните, осамените и старите во неа наоѓаат утеха и надеж за подобар живот.
Библијата има огромна сила. Таа го разбива закоравеното срце. Библијата може да ги промени криминалецот и наркоманот во најголем проповедник. Библијата може да ги престори лажливецот и измамникот во чесен учител. Можеби веќе и сме виделе како Библијата ги спасува луѓето од работ на самоубиството и им дава надеж за нов почеток. Библијата буди љубов меѓу непријателите. Гордиот татко го прави понизен, а себичниот великодушен. Библијата ни дава сила да ги победиме нашите слабости, нè теши во тагата, нè води кога сме несигурни и ја ублажува нашата духовна исцрпеност. Таа ги учи луѓето како да живеат смело и како да ја дочекаат смртта без страв.
Божествената книга, Библијата, може да го промени и вашиот живот. Тоа сè повеќе ќе го согледувате додека ги проучувате овие лекции.
Која е целта и намерата на Библијата? Исус одговара:
Тоа е причината поради која треба да се запознаеме со Библијата и со многуте нејзини слики кои го откриваат Исуса Христа и вечниот живот. Гледајќи го и следејќи го Христа низ Библијата, ние се менуваме и стануваме слични на Него (2. Коринќаните 3,18). Тоа е намената и затоа постои Светото Писмо. Ова ќе ви биде уште појасно кога ќе ги проучувате третата и шестата лекција. Почнете веднаш да откривате дека пишаната Реч е сила која може да Ве промени и да направи да бидете слични на Христа.
За размислување: Бидејќи Библијата го менува начинот на живот на човекот и носи среќа, утеха, спасение и вечен живот преку Исуса Христа, дали сакате и Вие да го откриете новиот живот што го внесува проучувањето на Библијата?