18. Тајната на здравиот начин на живот

18. Тајната на здравиот начин на живот

На современите научници им било потребно многу време за да ја потврдат вистината што прва ја утврдила Библијата: човечките суштества претставуваат неделива целина. Тоа што често го делиме на телесни, умствени, општествени и духовни компоненти на човекот, всушност се тесно поврзани и неделиви карактеристики. Со други зборови, тоа што дејствува врз умот, дејствува и врз телото.

Нашиот дух дејствува врз нашето тело и обратно. Тоа што дејствува на еден дел од човечкото битие, дејствува и на сите други. Ние сме целосни суштества, личности.

На пример, научниците д-р Берк од Универзитетот „Лома Линда“ и д-р Фрај од Универзитетот „Стенфорд“ откриле дека среќната, радосна смеа создава мерлива промена во човечкиот имунолошки систем (Loma Linda Scope, Jul-septembar 1992., стр. 55). Можете да му помогнете на своето тело во борбата против болеста ако сте задоволни и радосни! Ова, и уште некои истражувања покажуваат дека умот и телото се тесно поврзани.

Илјадници години пред тоа, Божјата реч укажувала на оваа клучна поврзаност, која дури неодамна добила целосна научна потврда.

„Веселото срце е одличен лек, а невеселиот дух ги суши коските“ (Мудри изреки Соломонови 17,22).

Според зборовите на апостол Јован, каква поврзаност постои меѓу умот и телото и нашата духовна благосостојба?

„Возљубен мој, ти посакувам да ти биде добро во сè и да бидеш здрав, како што ѝ е добро на твојата душа“ (3. Јованово 2).

Божјата реч може благотворно да влијае на човекот на повеќе начини. Таа може да служи како извор на здравје и како извор на вечен живот. Во оваа лекција ќе разгледаме неколку клучни здравствени начела.

Бидејќи умственото и телесното здравје одат во чекор со нашата духовна благосостојба, апостол Павле на христијаните им го упатува следниот повик:

„Според тоа, јадете ли, пиете ли, или ако правите нешто друго, правете сè за Божја слава!“ (1. Коринќаните 10,31)

Евангелието ја вклучува и телесната и душевната обнова. Творецот сака „во сè да ни биде добро и да бидеме здрави“ (3. Јованово 2). Тој знае дека здравиот начин на живот ни помага да бидеме вистински, живи христијани.

Како можеме да го оствариме и да го одржуваме доброто здравје? Еве осум начела кон кои треба да се придржуваме ако сакаме да живееме поздрав и корисен живот.

1. Чист воздух

Чистиот свеж воздух е важен фактор за доброто здравје. Во текот на денот, а и ноќе додека спиеме, со проветрувањето на куќата и работната просторија нашата крв внесува доволно кислород во секој дел на нашето тело.

Многу е важен составот на воздухот што го вдишуваме. Внимавајте да не вдишувате чад, издувни гасови или бактерии од некој скриен извор. Длабокото дишење за време на утринската прошетка е исклучително добар начин своето тело да го снабдите со кислород, под услов воздухот што го вдишувате да е чист. Пушењето е еден од современите убијци. Научните истражувања ја утврдиле причинската врска меѓу тутунот и ракот на белите дробови, срцевите и други заболувања. Телесната зависност од никотинот од цигарите го прави пушењето навика која тешко се остава. Ако продолжи сегашната тенденција, пушењето ќе убие речиси три милиони луѓе оваа година, а дванаесет милиони годишно во 2020 година.

2. Сончева светлина

Ползата од сончевата светлина има повеќекратно значење:

  • Петнаесет до триесет минути сончање дневно, рано наутро или доцна попладне, му помага на телото преку кожата само да го синтетизира витаминот Д, важна хранлива состојка. (Витаминот Д учествува во искористувањето на калциумот и фосфорот и се вградува во коските).
  • Сончевата светлина ги уништува бактериите и другите микроорганизми.
  • Сончањето по патување со авион низ неколку временски зони, помага што побргу да се совладаат тешкотиите предизвикани од временската разлика.
  • Сонцето дава енергија со чија помош растителниот свет ги претвора јаглеродниот диоксид и водата во јаглени хидрати… Без овој процес животните и луѓето би доживеале смрт од глад.
  • Сончевата светлина помага човекот полесно да се приспособи на ноќната работа, и ја намалува депресијата која обично ја предизвикуваат мрачните зимски денови.

Сончевата светлина може да биде и штетна. Долгото изложување на сонце може да предизвика изгореници на кожата, ја зголемува опасноста од појава на рак на кожата, го забрзува процесот на стареење, го оштетува сетилото за вид.

3. Одмор

Речиси сите луѓе се нестрпливи кога е здравјето во прашање. Сакаме таблета која брзо ќе ја отстрани болката или симптомите на болест, па веднаш да го продолжиме животот со вообичаената брзина. Меѓутоа, на телото му е потребен одмор за да се обнови, а лековите можат само да му помогнат на телото да закрепне. Многупати симптомите од кои се обидуваме да се ослободиме претставуваат обид на телото да се одбрани од болеста. Треската и уморот се докази дека телото се бори против причинителот на болеста. Дозволете му да ја заврши својата работа. Одморајте се.

Одморот е најдобар природен лек против злоупотребата на нашиот ум и тело. Ние мораме да одвоиме време за рекреација и одмор кои ќе ни помогнат да се ослободиме од деловната напрегнатост и тешкотиите на семејните одговорности. Без доволно одмор, луѓето често запаѓаат во депресија или нервоза.

Тоа може да предизвика појава на заболување кое ќе нè принуди да го направиме она што телото веќе одамна го бара, да се одмориме. Нема замена за добро проспиена ноќ. Ниеден лек, ни стимулации не можат да го надополнат недостигот од сон.

Исто така, редовното дополнување на нашите духовни батерии е важен услов за одржување на телесното здравје. Редовното размислување, проучување на Библијата и молитвата ги лечат и душата и телото. Нам, покрај дневниот одмор,  потребни ни се и седмичен и годишен одмор, кои ја внесуваат потребната промена во нашиот живот.

4. Телесни вежби

Бог на Адам и Ева им определил работа која претставува телесна вежба. За жал, многумина денес ги извршуваат работите, а притоа сосема ја забораваат телесната активност. Сепак, фактот дека телесните вежби се важни во напорите за одржување на здравјето, останува вредност која не се изменила. Еве што може вежбањето да направи за нас:

  • Придонесува при регулирањето на крвниот притисок.
  • Дозволува да дојде поголемо количество крв во сите делови на телото, одржувајќи ја топлината во екстремитетите
  • Ја намалува емоционалната и телесната напнатост и ни помага да живееме порелаксирано. (Телесните вежби обично се најдобриот лек против грижите и стресот.)
  • Создава електричен импулс што им е потребен на мозочните ќелии. Го одржува здравјето со стимулирање на имунолошкиот систем. Кога телото се одржува со редовно вежбање, мислите стануваат поделотворни и целисходни.
  • Вежбањето нè прави поцврсти и на тој начин го одложува телесниот и душевниот замор.
  • Го поттикнува излачувањето на хемиски супстанции во мозокот, кои создаваат чувство на задоволство и ја зголемуваат границата на издржливост кон болка.

Оваа делумна листа би требало да нè убеди дека е време да престанеме со изговори и да почнеме да вежбаме. Почнете полека, но постепено зголемувајте го напорот, така и вашата издржливост ќе се зголемува. Би било добро пред почетокот на програмата за вежбање да се посоветувате со својот лекар. Високиот крвен притисок и зголемениот холестерол можат да бидат нарушувања без симптоми, но можат да бидат многу штетни кога ќе ја започнете програмата за вежбање. Одберете кој било вид на вежби или рекреација која одговара на одење пеш два километри за петнаесет минути, четирипати или повеќепати седмично.

5. Вода

Бидејќи водата е основна состојка на секоја телесна ќелија, треба да консумираме многу вода. Водата е совршено природно средство за целосно чистење на организмот.

Водата е важен фактор за одржувањето на нашето тело:

  • Околу 70% од вкупната телесна тежина се состои од вода.
  • Крвта содржи околу 83% вода, а коските речиси 22%.
  • Водата е составен дел речиси на 75% од мускулната маса.
  • На телото му се потребни околу 2,5 литри вода дневно за да може успешно да ги извршува сите свои функции. Некои од овие функции се циркулација на крвта, излачување на отпадни материи, пренесување на хранливите материи и варењето. (Вода внесуваме со пиење и со храна.)
  • Просечна личност има од 15 до 40 милијарди мозочни ќелии. Секоја од нив содржи од 75 до 85% вода. Доволно количество вода за снабдување на овие ќелии ни помага да останеме ментално будни и ја спречува појавата на депресија и нервоза.
  • Не е важна само водата што ја пиеме. Секојдневното бањање или туширање со ладна или топла вода ја подобрува циркулацијата и така ги јакне телото и умот. Туширањето или бањањето ги смирува напнатите нерви и го спречува слабеењето на нервниот систем. Со капење се отстранува нечистотијата од кожата и се намалува можноста за заболување од грип.

6. Исхрана

При создавањето Бог ги поучил Адам и Ева да се хранат со зрнести плодови, со жито и овошје (1. Мојсеева 1,29). Кога паднале во грев, кон нивната исхрана е додаден и зеленчукот (1. Мојсеева 7,2.3; 9,1-6).

Бидејќи вегетаријанците живеат подолго и поздраво, многу специјалисти за храна повикуваат да размислиме за враќањето на првобитната човечка исхрана со зрнести плодови, жито и овошје, со додаток на зеленчук. Животинското месо содржи заситени масни киселини и холестерол, кои го зголемуваат ризикот од висок крвен притисок, мозочен удар, срцеви заболувања, рак, дебелина, дијабетес и други болести. Многу лекари ги советуваат своите пациенти кои во својата исхрана користат месо, да јадат само безмасно, варено месо и тоа да го прават умерено. Ако сакате да почнете со вегетаријанска исхрана, погрижете се да дознаете како можете да остварите урамнотежена исхрана без месо.

Еве неколку корисни предлози за подготовка на вегетаријанска храна, или храна со ограничена употреба на месо:

  • Купувајте најсвежо и најквалитетно овошје, зрнести плодови и зеленчук, и оставете ги на студено и суво место, но само кратко време.
  • Јадете одредено количество пресна храна секој ден. Кога варите одредени производи, правете го тоа што пократко и со што помалку вода.
  • Колку што можете повеќе избегнувајте да користите преработена храна. Купувајте или сами правете леб од црно брашно. Јадете нелупен ориз. Продуктите богати со скроб и сложените јаглени хидрати треба да се користат што почесто. Во таа група влегуваат и семките и јужното овошје.
  • Консумирајте пет или повеќе оброци дневно, како и овошје и зеленчук. Зелениот и жолтиот зеленчук, заедно со овошјето кое содржи витамин Ц, се мошне важни. Настојувајте да консумирате што повеќе сезонско овошје и зеленчук.
  • Заменете ја употребата на маснотии од животинско потекло (путер, павлака, маст, лој и др.) со растителни маснотии. Вкупното количество маснотии треба да биде помало од 30% од сите калории што ги трошите.

Исхраната што ја опишавме опфаќа потрошувачка на едноставна, добро приготвена храна и распределена на редовни оброци во текот на денот. Јадењето меѓу оброци и прекумерното јадење можат да бидат причина за дебелеење, како и за дегенеративни заболувања. Пиењето течности за време на јадење го забавува варењето, па ако пиете за време на оброкот, правете го тоа во што помали количества. Зачинетата и масната храна ја дразнат желудочната слузокожа. Пијалаците кои содржат кофеин можат да предизвикаат чир, желудочна киселина, ждригавица, нервоза и депресија.

Оние кои ќе решат да користат месо, би требало да јадат само од оние видови меса кои Библијата ги смета за „чисти“ или погодни за човечка употреба. Кога Бог по потопот им дозволил на луѓето да јадат месо (1. Мојсеева 7,2.3; 9,1-6), Тој определил „чисти“ и „нечисти“ видови месо и му заповедал на својот народ да јаде месо само од чистите животни.

Прочитајте ја во 3. Мојсеева 11-тата глава и во 5. Мојсеева 14-тата глава со листата на птици, континентални животни и риби кои Бог ги прогласил за непогодни за исхрана. Според овие глави, животните за човечка исхрана мораат да имаат раздвоени копита и да преживаат. Рибите кои можат да се јадат мораат да имаат крлушки и перки. Птиците од фамилијата мршојадци се забранети.

Меѓу нечистите животни посебно е истакната свињата:

„А свињата, иако има раздвоени копита, не прежива; нека биде нечиста за вас. Не јадете од нејзиното месо, ниту допирајте ја нејзината мрша“ (5. Мојсеева 14,8).

Научните истражувања потврдуваат дека Бог е во право кога предупредува дека не е добро да се јаде свинско и месо од другите нечисти животни. Човечките ткива врз кои е извршена обдукција биле заразени со висок процент трихинелоза. Овие ситни паразити се пренесуваат на луѓето со јадење на заразено свинско месо. Современите научни истражувања сè повеќе ги откриваат причините поради кои Бог некои видови ги прогласил за нечисти. Една од причините е, веројатно, ризикот од ширење зарази, како во спомнатиот случај на трихинелоза во свинското месо и сланина. Другата причина би можела да биде разорниот ефект на заситените масни киселини во човечкиот организам.

Разликата меѓу чистите и нечистите животни е актуелна и денес, и ќе остане сè до Исусовото доаѓање:

„Зашто, еве, Господ доаѓа со оган… кои јадат свинско, нечисто и глувци, – сите ќе загинат заедно, говори Господ“ (Исаија 66,15.17).

7. Избегнување штетни напивки

Кои предупредувања ги дава Библијата за алкохолните пијалаци?

„Виното е потсмевнувач, жестокиот пијалак е буен; и кој им се оддава, не е разумен“ (Мудри изреки Соломонови 20,1).
„Кому: ах? Кому: леле? Кому: препирки? Кому: воздишки? Кому: рани за ништо? Кому: заматени очи?“ (Мудри изреки Соломонови 23,29)
„Ни крадците, ни лакомците, ни пијаниците, ни клеветниците, ни разбојниците нема да го наследат Божјото царство“ (1. Коринќаните 6,10).

Само еден или два алкохолни пијалака ја намалуваат способноста човечкиот мозок да прибира информации… го оштетува помнењето, способноста за забележување и расудување. Алкохолот дејствува на следниве телесни системи:

  • Имунолошкиот систем: алкохолот ја намалува способноста на белите крвни зрнца да се борат против болеста и така го зголемува ризикот од воспаление на белите дробови, туберкулоза, хепатитис и неколку видови рак.
  • Ендокриниот систем: само две или три чашки алкохол дневно ја зголемуваат опасноста за абортус, раѓање мртви деца и предвремено породување.
  • Крвотокот: користењето алкохол го зголемува процентот на маснотиите во крвта и тоа има силно влијание за зголемување на притисокот во артериите.
  • Системот за варење: алкохолот го дразни желудникот и придонесува за појава на гастритично крвавење… Редовното користење алкохол ја зголемува опасноста од појава на хепатитис и цироза на црниот дроб.

Алкохолот е причина за околу 30% од сите самоубиства; 55% смртни случаи во сообраќајни несреќи; 60% малтретирање деца и 85% насилство во домот. Алкохолизмот е светски проблем, кој само американската нација ја чини 100 милијарди долари годишно и покосува 105 илјади жртви секоја година. Тој годишно убива трипати повеќе луѓе отколку хероинот, хашишот и сите други дроги заедно.

8. Доверба во Божјата сила

Овие седум начела го прикажуваат здравиот начин на живот, но не се целосни без осмото, најважно начело: доверба во Божјата сила. Човек гонет од страв или чувство на вина тешко дека во целост ќе ги усвои здравите навики кои тукушто ги опишавме. Меѓутоа, личност која има верба во Бога ќе разбере дека овие начела заедно придонесуваат за животната благосостојба. Не заборавајте го основниот извор на добрината:

„Благословувај го Господа, душо моја, и не заборави ги Неговите добротворства: Тој ги проштава сите твои гревови, Тој ги исцелува сите твои болести, Тој ти го спасува животот од распадливост, те овенчува со добрина и љубов“ (Псалм 103,2-4).

Давид Ларсон, советник на Американскиот национален институт за ментално здравје, спровел опширни истражувања за религијата и здравјето. Неговото истражување покажува поврзаност меѓу посветеноста на Христа и здравјето. Тој бил изненаден со сознанието дека оние кои редовно одат во црква живеат подолго од оние кои не го прават тоа. Одењето во црква ги намалило случаите на срцев удар, стеснување на артериите, висок крвен притисок и други заболувања. Ларсон, исто така, открил дека оние кои веруваат во Бога живеат покорисно, зашто е мала веројатноста дека ќе бидат депресивни, дека ќе станат алкохоличари, ќе одат во затвор поради сторени злосторства или ќе станат заробеници во несреќен брак.

Здравјето не е само отсуство на болест, туку израз на хармоничен развој на телесните, умствените, душевните и духовните компоненти на нашата личност. Довербата во Божјата сила е камен-темелник на вистинскиот напредок, здравиот и среќен живот. Оние што ќе се придржуваат кон овие осум здравствени начела опишани во оваа лекција, ќе живеат не само подолго туку и поквалитетно. Катедрата за превентивна медицина на Универзитетот „Лома Линда“, со истражувачки проект на примерок од населението кој сè уште трае, документирала што се случува кога се применуваат овие начела: „Резултатите од истражувањето, кое е спроведено на околу 50.000 христијани адвентисти, првенствено во Калифорнија, во период од триесет години, покажале дека мажите адвентисти живеат 8, 9 години, а жените 7,5 години подолго од просечен Американец“. Истражувањата на адвентистичките христијани во Холандија, Норвешка и Полска покажале слични резултати.

Истражувачите го припишуваат подолгиот животен век на адвентистите на примената на здравствените начела опишани во оваа лекција.

Примената на библиските начела во животот донесува резултати во сите практични видови на живот, нудејќи убедливи докази дека христијанството е најпрактичната и најразумна религија на светот. Таа ги менува луѓето, го менува нивниот начин на размислување и дејствување и создава нов начин на живот. Поради тесната поврзаност на умот, телото и духовниот живот, христијаните кои живеат во согласност со Божјата реч сакаат да ги следат начелата на здравиот живот додека се подготвуваат за Второто Христово доаѓање. Христос сака не само да бидеме подготвени кога Тој ќе се врати туку и да го унапредуваме квалитетот на сегашното живеење. Тој ќе ни помогне во примената на Божјите темелни здравствени начела.

Исус ветува дека ќе нè ослободи од сите лоши навики „со Својата сила, што дејствува во нас“ (Ефесјаните 3,20). Ако ви е потребна помош да совладате некои лоши навики кои го уништуваат вашето тело; како што се пушењето или алкохолот, побарајте помош преку молитвата:

„Драг небесен Татко, сакам да живеам како што живеел Исус, во светост и чистота. Подари ми ја својата милост да ги оставам сите штетни навики. Ти знаеш колку често се уриваат моите најдобри решенија како кула од карти. Ти ја вети Својата сила што ’дејствува во нас‛. Јас Те сакам и сакам да бидам сличен на Тебе, сакам да бидам подготвен за Христовото второ доаѓање. Те молам, дај ми сила да ги победам моите навики и да живеам само за Тебе. Те молам во Исусово име. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.