12. Секогаш присутен Спасител

12. Секогаш присутен Спасител

Една темна ноќ, кога младичот Петер Маршал се загубил во мочуриштата во близина на Бамбург, Шкотска, Бог го повикал по име: „Петер!“ Кога небесниот повик повторно се огласил, Петер застанал, погледнал долу и сфатил дека се наоѓа само на еден чекор од напуштениот каменолом.

Колку е убаво кога Бог нè повикува по име! Не е ли прекрасно да се биде близок Божји пријател, толку близок што можеме заедно да седиме и долго да разговараме за сè?

1. Неограничен пристап до Исуса

Верувале или не, сега можеме да бидеме поблизу до Исуса, отколку кога живеел како видлива личност. Секако, би било идеално Исус во тело да живее во нашиот град, но размислете за огромното мноштво кое би се туркало за да Го види, размислете за Неговиот недостиг од време. Поединец, за време на целиот свој живот, би можел да помине со Него најмногу неколку минути во непосреден разговор. Меѓутоа, Христос сака да одржува лична врска со секој од нас и тоа е причината за Неговото вознесување на Небото, каде што врши посебна служба за нас.

Исус бил близу до Петер Маршал на работ на каменоломот. Тој го водел да стане пастор. Бидејќи Исус не е ограничен само на едно место, како додека бил во тело на Земјата, Тој сега е подготвен да управува со животот на секој човек.

Со кое ветување Исус ги охрабрил своите следбеници непосредно пред да се вознесе?

„Дадена Ми е сета власт на небото и на земјата… Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на векот“ (Матеј 28,18.19)

Што прави Христос на Небото?

„И така, бидејќи имаме Голем Првосвештеник, кој поминал низ небесата – Исуса, Божјиот Син, да се држиме цврсто за исповедувањето! Зашто, немаме Првосвештеник кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку Кој бил искушуван во сè како нас, освен гревот. И така да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и за да најдеме благодат, за помош, во време на потреба“ (Евреите 4,14-16).

Во текстот впечатливо е нагласена сигурноста што ја имаме во Исуса, нашиот Застапник на Небото: „Искушуван во сè како нас, ’Сочувствува со нашите слабости‘“, „Да најдеме благодат, за помош, во време на потреба“. Со Исус, како наш Првосвештеник, не сме одвоени од Небото, со Него можеме да влеземе во Божјата присутност. Затоа, не е ништо необично што сме повикани да „пристапуваме кон престолот на благодатта“.

Кое место го зазема Исус на Небото?

„Но Тој принесе само една жртва за гревовите, и засекогаш седна оддесно на Бога…“ (Евреите 10,12).

Христос е жив и Тој нè разбира; Тој е наш Застапник пред Божјиот престол.

Како Исус се подготвил за свештеничката должност додека престојувал на Земјата?

„Затоа требаше во сè да стане како Своите браќа, за да биде милостив и верен Првосвештеник пред Бога, за да изврши помирување за гревовите на луѓето. Бидејќи, затоа што и Самиот трпеше кога беше искушуван, може да им помогне на оние кои се искушувани“ (Евреите 2,17-18).

Нашиот „брат“, кој зел човечко тело и бил искушуван како и ние, сега е наш Првосвештеник кој се наоѓа оддесно на Бога. Бидејќи станал сличен на нас, Тој знае што преживуваме. Тој бил гладен, жеден и исцрпен. Чувствувал потреба за сочувство и разбирање. Ги искусил неволјите предизвикани од тешки искушенија, но, над сè, Исус станал наш Првосвештеник затоа што Тој, како Божјо Јагне, умрел за нашите гревови.

„Еве го Божјото Јагне Кое ги зема гревовите на светот!”

Како жртвено јагне, Исус ја искусил најисцрпувачката болка. Тој го допрел дното на телесното и душевното страдање.

„За нашите престапи беше прободен, сотрен, за нашите беззаконија. Казната за нашиот мир падна врз Него, преку Неговите рани ние се исцеливме“ (Исаија 53,5).

Исус ја презел вината за нашите гревови и умрел место нас. Секој од нас со вера може да ја прифати Неговата жртва, со која го избришал нашиот долг за гревовите. Тоа е Евангелието – Радосна вест за сите човечки суштества, на секое место и во секое време.

Кога нашата најмлада ќерка имаше три години, го стави прстот меѓу стол на склопување и го скрши. Додека брзавме на лекар, нејзините болни крици ги кинеа нашите срца. Нашата постара петгодишна ќерка беше посебно растажена. Никогаш нема да ги заборавам нејзините зборови што ги изговори откако лекарот ја згрижи повредата на нејзината помала сестра и ја стави в кревет. Таа рече плачејќи: „Тато, барем мене да ми се случеше тоа!“

Кога целото човештво беше скршено од гревот и осудено на вечна смрт, Исус рекол: „Татко, барем да сум тоа Јас!“ Таткото ја исполнил Исусовата желба на крстот. Нашиот Спасител доживеал смртна борба и умирање кое секој од нас би го пропатил, а и многу повеќе!

2. Радосна вест во Стариот завет

Додека израелскиот народ логорувал во подножјето на планината Синај, Бог му наредил на Мојсеја да изгради подвижно светилиште за богослужение „според образецот што ти беше покажан на гората“ (2. Мојсеева 25,40). Дури околу петстотини години подоцна, големиот храм од камен што го изградил Соломон го заменил подвижното Светилиште. Меѓутоа, Храмот бил изграден според истиот образец како и подвижното Светилиште.

Бог дал точно упатство за изгледот на земното Светилиште и во детали објаснил како треба да се одржува службата во него. Старозаветните обреди сликовито ги подучувале Евреите за тоа што ќе се појави во Новиот завет како стварност во Христовиот живот и смрт и во Неговата првосвештеничка служба.

За што требало да служи Светилиштето кога Бог му дал на Мојсеја упатство да го изгради?

„Нека Ми изградат Светилиште, за да можам да престојувам меѓу нив“ (2. Мојсеева 25,8).

Гревот ги одвоил човечките суштества од Творецот. Светилиштето е начин на кој севишниот Бог сакал да покаже како може повторно да живее меѓу нас. Тоа го прикажува Неговиот план на спасението.

Светилиштето, а подоцна и Храмот, станало средиште на старозаветното богослужение и на верскиот живот. Обредите откриваат како Бог разговара со нас и како ние можеме да комуницираме со Него. Секое утро и секоја вечер народот се собирал околу Светилиштето со молитва да стапи во контакт со Бога (Лука 1,10), барајќи исполнување на ветувањето дека Бог ќе се состане со нив (2. Мојсеева 30,6).

Можеби ќе ве изненади фактот дека Стариот завет го објавува истото спасоносно Евангелие како и Новиот завет. Старозаветната симболика во израелското Светилиште ја прикажува Христовата свештеничка служба што ја извршува за нас во небесното Светилиште. Ако правилно ги сфатиме Светилиштето и неговите обреди, ќе откриеме што прави сега Исус кога ќе Го повикаме да управува со нашиот живот.

3. Исус во Светилиштето посредува за нас

Земното светилиште е направено според небесниот образец и тоа го одразува небесното Светилиште во кое нашиот Спасител Исус Христос посредува за нас. Текстот во 2. Мојсеева, од 25 до 40 глава детално ја објаснува службата и обредите што биле изведувани во Светилиштето кое постоело во пустината. Краток опис на мебелот во Светилиштето наоѓаме и во Новиот завет: „Секако, и првиот завет имаше наредби за богослужение и земно Светилиште. Зашто беше приготвен првиот дел на Шаторот, во кој беше светилникот и трпезата, и положените лебови, што се вика Светиња. А зад втората завеса на Шаторот беше другиот дел, наречен Светиња над Светињите, со златниот жртвеник за кадење и ковчегот на заветот, опкован со злато од сите страни, во кој беше златниот сад со мана и со расцутениот Аронов жезол, и Плочите на заветот“ (Евреите 9,1-4).

Светилиштето се состоело од Светиња и Светиња над Светињите. Предворјето се наоѓало пред самото Светилиште. Во предворјето стоел жртвеник од бронза, на кој свештениците принесувале жртви, и мијалникот во кој ги миеле рацете.

Жртвите принесени на жртвеникот го прикажувале Исуса, кој со својата смрт на крстот станал „Божјото Јагне, Кое ги зема гревовите на светот!“ (Јован 1,29) Кога грешникот ќе се покаел, ќе појдел до жртвеникот и ќе ги признаел своите гревови, тој добивал исчистување. На истиот начин грешникот денес се чисти со Христовата крв – со крвта на Божјото Јагне.

Во првото одделение на Светилиштето, во Светињата, постојано горел свеќник со седум краци прикажувајќи го Исуса како светлина која не може да згасне, како „Светлината на светот“ (Јован 8,12). Масата со посветените лебови, со лебот на Божјата присутност, укажувала на Христа кој може да го задоволи нашиот телесен и духовен глад како „Лебот на животот“ (Јован 6,35). Златниот жртвеник со темјан ја прикажувал Исусовата молитвена служба што ја врши за нас во Божја присутност (Откровение 8,3-4).

Во другата просторија, во Светињата над Светињите, се наоѓал Ковчегот на заветот прелеан со злато. Тој го прикажувал Божјиот престол, а неговиот поклопец – Престолот на милоста, го претставувал Христовото посредување во полза на грешните човечки суштества кои го прекршиле Божјиот морален закон. Двете камени плочи на кои Бог со својот прст ги врежал Десетте заповеди, се наоѓале под Престолот на милоста. Меѓу нив светела блескава светлина – симболот на Божјата присутност.

Завесата ја криела Светињата од погледите на народот додека свештеникот служел за нив во предворјето. Другата завеса била пред Светињата над Светињите и ја засолнувала од погледот на свештеникот додека влегувал во Светињата.

Што се случило со таа друга завеса кога Исус умрел на крстот?

„И ете, завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа“ (Матеј 27,51).

Светињата над Светињите, во која некогаш се наоѓал Ковчегот на заветот, била отворена за погледите на луѓето кога умирал Исус. По Неговата смрт веќе не постоела никаква завеса меѓу светиот Бог и искрениот верник. Исус, нашиот Првосвештеник, нè воведува во самата Божја присутност.

„И така, браќа, кога имаме слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат, што Тој ни го отвори низ завесата, односно преку Своето тело, имаме Врховен свештеник над домот Божји. Затоа да пристапиме со искрено срце, во полна вера, откако ќе ги очистиме срцата од зла совест со попрскување и откако ќе го измиеме телото со чиста вода“ (Евреите 10,19-22).

Ние имаме пристап до небесниот престол бидејќи Исус, нашиот Првосвештеник, е оддесно на Бога. Тој не се наоѓа таму за да нè заштити од Таткото, туку да нè оспособи да влеземе во Божјата присутност, во Татковото срце на љубовта. Затоа, „да пристапиме со вистинско срце“. Зошто? Затоа што Бог сите ги прима со добредојде, како што рекол и Исус: „…и не ви велам дека Јас ќе Го молам Мојот Татко за вас, зашто Самиот Татко ве љуби…“ (Јован 16,26-27).

По Исусовата служба на Земјата и враќањето на Небото, апостол Јован добил видение за „храмот на Шаторот на Сведоштвото на небото“ (Откровение 15,5), за вистинското небесно Светилиште, за кое шаторот на Мојсеј бил само слика. Во Светињата над Светињите Јован го забележал „Ковчегот на заветот“ со вечниот Божји морален закон, Десетте заповеди (Откровение 11,9; Евреите 9,4). Тој, исто така, забележал дека „на Небото… пред престолот гореа седум огнени светила, тоа се седумте Божји Духови“ (Откровение 4,1-5), и златен кадилник и жртвеник (Откровение 8,3). А што е најважно, го видел Исуса како чекори среде седумте светилници (Откровение 1,12.13).

4. Симболиката на светилиштето го открива Исуса кој умира за да нè спаси

Како што земното Светилиште е смалена слика на небесното, во кое Исус посредува за нас, службите изведувани во земното Светилиште исто така биле „слика и сенка на небесните нешта“ (Евреите 8,5). Меѓутоа, постои значителна разлика:

„И сега доби толку повозвишена служба, колку што е посредник на подобриот завет, што е озаконет врз подобри ветувања“ (Евреите 8,6).

Свештениците кои служеле во земниот Храм не можеле сами да ги проштаваат гревовите додека Исус на крстот „се јави еднаш, за да го отстрани гревот со Својата жртва“ (Евреите 9,26).

Старозаветната Трета книга Мојсеева (Левит), детално ги опишува службите вршени во Светилиштето. Обредите се делеле на дневни и годишни. (Лекцијата 13 се занимава со годишните обреди).

Во дневните обреди свештениците принесувале жртви за поединци и за сиот народ. Кога некој поединец ќе згрешел, носел животно без недостаток како жртва за грев, ја ставал својата рака врз главата на жртвата, а свештеникот ја колел жртвата на местото за жртвите паленици (3. Мојсеева 4,29). Кога цел народ ќе згрешел, свештеникот го вршел речиси истиот обред. По колењето на жртвеното јагне, свештеникот ја внесувал крвта на жртвата во Светилиштето, и со неа ги прскал роговите на олтарот за кадење. Овие крвни жртви укажувале на вистината дека гревот води во смрт и дека грешникот може да ја избегне конечната смрт само ако некоја друга личност умре наместо него.

Укажувањето на Христовата жртва е најважниот дел на жртвениот систем. Животното што било жртвувано морало да биде без недостаток, зашто укажувало на оној кој е „свет, невин, непорочен, одвоен од грешниците и повозвишен од небесата“ (Евреите 7,26).

Второ, вината на грешникот морала да биде пренесена врз невиното животно со исповедувањето на гревот и положување на раката врз животното. Тоа го прикажувало Христа кој ја зел врз себе нашата вина и ја изнел на Голгота. Безгрешниот така „Бог го направи грев за нас” (2. Коринќаните 5,21).

Трето, жртвеното животно морало да биде заклано а неговата крв пролеана, со што се укажувало на конечната казна што ја поднел Христос на крстот.

Тоа што секогаш повторно се случувало во старозаветното Светилиште, упатувало на Христовото големо дело на помирување. Со својата смрт за нас, Тој влегол во Светињата над Светињите „преку својата крв, и ни прибави вечен откуп“ (Евреите 9,12).

5. Зошто крв?

Некои приговараат: „Во христијанството има премногу крв“. Зошто „без пролевање на крв нема проштавање“? (Евреите 9,22) Зошто крвта е толку важен симбол во Библијата?

Иако можеби на прв поглед не ни се чини како симбол за пример, Христовата крв јасно ни проговара и нам.

1. Христовата крв претставува живот.

„Зашто животот на телото е во крвта. Таа крв ви ја дадов вам за жртвеникот за да ги покривате од грев вашите души, зашто оваа крв прави покривање на гревот за душата“ (3. Мојсеева 17,11).

Во одредена смисла Христовиот живот бил поважен од Неговата смрт. Да не бил Неговиот безгрешен живот, крстот не би имал цел. Да не воскреснал по смртта, Неговата смрт не би можела сите да ги спаси. Апостол Павле вели:

„А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера“ (2. Коринќаните 15,14).

Кога Христос ја пролеал својата крв на крстот, Тој го дал својот безгрешен живот за човештвото. Тој го дал својот живот на совршена послушност во замена за нашите гревови.

2. Христовата смрт е симбол на Неговата смрт.

Кога ја пролеал својата крв на крстот, Христос ја примил „платата за гревот“ – смрт, вечна смрт. Тој ја искусил целосната одвоеност од Бог-Отецот. Бог-Синот зачекорил во историјата за да ги земе врз Себе последиците на гревот и да ги разоткрие сите негови стравотии. Затоа единствено Тој може да им проштава на грешниците, и да го заборави гревот.

3. Христовата смрт е симбол на Божјето напатено срце.

Крстот открива колку болка му нанел гревот на Бога. Тој не е сурово божество кое бара жртви. Тој самиот станал жртва. Кога Таткото и Синот биле разделени на Голгота, Отецот, со срце што се кине од болка, го свртел својот поглед од Синот и неговиот возљубен Син умрел со скршено срце.

Христовата смрт ја покажува целата драматичност на помирувањето, тој чудесен чин кој овозможил Бог „преку него да измири кон Себе сè што е на земјата или на небото…“ (Колошаните 1,20).

4. Откровението за Исус, кој живее за да нè спаси.

Во старозаветно време жртвите што биле принесувани во Храмот ја прикажувале Христовата смрт за нашите гревови. Свештеничката работа ја прикажувала Христовата првосвештеничка служба. Како изгледала службата на свештеникот во еврејското Светилиште, во споредба со Христовата првосвештеничка служба во небесното Светилиште?

„Зашто Христос не влезе во ракотворна Светиња, која е образ на вистинската, туку во самото небо, за да се јави сега пред Божјото лице за нас… зашто инаку би требало да страда многупати од создавањето на светот. Но сега, кон крајот на вековите, Тој се јави еднаш за да го отстрани гревот со Својата жртва“ (Евреите 9,24-26).

Тоа е навистина несфатливо. Бог ги поднел страшните маки на крстот на Голгота. Тој се принел себеси, бидејќи ништо друго не би можело да вреди.

5. Што прави Исус секој ден во небесниот Храм?

„Затоа и може наполно да ги спасува оние, кои преку Него доаѓаат при Бога, зашто секогаш живее, за да посредува за нив“ (Евреите 7,25).

Исус сега живее за да ја дарува својата крв, својата жртва во наша полза. Тој неуморно работи за да го спаси секое човечко суштество од пропаста на гревот. Некои погрешно мислат дека нашиот Посредник, Исус, на Небото го моли колебливиот неодлучниот Бог да ни прости. Меѓутоа, Бог е Тој кој радосно ја прифаќа жртвата на својот Син во наша полза. Таткото и Синот заедно дејствувале на реализацијата на ваквото помирување.

Како наш Првосвештеник на Небото, Христос се моли за целото човештво. Тој им помага на рамнодушните уште еднаш да размислат за милоста. Тој им помага на очајните грешници да најдат надеж во Евангелието, а верниците да го истражуваат богатството на Божјата реч и силата на молитвата. Исус го обликува нашиот живот во согласност со Божјите заповеди и ни помага да развиеме цврсти убедувања кои ќе ги издржат сите искушенија што ќе навалат на нас.

Исус го дал својот живот за секој човек што некогаш живеел на овој свет. Тој живее и сега, па како наш Застапник и Посредник ги води луѓето да ја прифатат Неговата смрт како замена за нивните гревови. Меѓутоа, човекот е слободно суштество и може, ако сака, да го одбие проштавањето што му го нуди Исус. Иако Исус на крстот го помирил со Себе целиот паднат човечки род, Тој не може да го спаси оној што не ја прифаќа Неговата милост. Никој нема да биде изгубен затоа што е грешник, туку затоа што не го прифаќа проштавањето што му го нуди Исус.

Гревот ја разорил тесната врска што некогаш ја имале Адам и Ева со Бога. Но Исус, Јагнето Божјо, умрел за да ги ослободи Адама и Ева и целото човештво од ропството на гревот и да го обнови изгубеното пријателство. Сакате ли да Го прифатите како свој Првосвештеник, како Оној кој живее вечно за да одржува со нас жива и блиска врска?

Христовите маки на крстот и Неговата небесна служба се неспоредливи. Само Исус може да нè приближи до Бога. Само Христос може да овозможи Божјиот Дух да престојува во нашите срца. Тој ја заслужува нашата преданост, нашата верност. Да Го прифатиме целосно како свој Спасител и Господ.

„Драг небесен Татко, Ти благодарам што открив дека сакаш да ме привлечеш кон себе. Благодарен сум Ти што со Христовото посредништво во Храмот постојано управуваш со мојот и со животот на другите луѓе. Помогни ми во целост да го прифатам Твоето милостиво дело – да ни дариш спасение и нов живот. Те молам во Христово име. Амин.“

За размислување: Исус умре како Божјо Јагне за нас и како Првосвештеник нè приближува до Бога. Што мислите за Исуса – за сè она што го направил и што сè уште го прави за нас?

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.