13. Од обвинет до светец

13. Од обвинет до светец

Воопшто немало отпечатоци од прсти, а оружјето никогаш не е пронајдено. Никој не видел како влегол убиецот во ординацијата на доктор Михаел Филипс. Никој никогаш не чул истрели. Па сепак, доктор Филипс е пронајден мртов зад неговата работна маса. Тоа било речиси совршено злосторство. Истражителите на почетокот не можеле да најдат никакви траги, но забележале тенка жица што ја поврзувала полицата за моливи со магнетофонот што се наоѓал во фиоката на масата. Сфатиле дека во полицата за моливи се наоѓа скриен микрофон. Истражителите ја пуштиле лентата од почеток и го слушнале целиот тек на злосторството. Човек по име Антонио Инарано влегол во ординацијата и започнал караница со доктор Филипс. Испукал неколку куршуми. Звучниот запис завршил со ужасните издивнувања на психологот додека умирал на килимот.

Бил снимен секој застрашувачки детаљ. Убиецот мислел дека неговото злосторство засекогаш ќе остане тајна. Внимавал да не остави никакви траги. Меѓутоа, постоел невидлив сведок што го запомнил и го раскажал целиот случај.

Во оваа лекција ќе се занимаваме со Божјиот конечен суд, на кој на луѓето ќе им биде судено како „што е запишано во книгите“ (Откровение 20,12). Тоа е тема за која треба да се размислува. Особено ќе бидат изненадени сите оние кои мислат дека нивните злосторства ќе останат тајна. На пример, поединците кои секоја седмица се молат со долги и побожни молитви а дома ги тероризираат своите сопруги и деца, ќе се соочат со строг и точен записник.

Меѓутоа, овде ќе дознаеме зошто Судот е радосна вест за оние кои својата сигурност ја наоѓаат во Христа.

1. На Судот без страв

Кој ќе му суди на светот?

„Таткото не суди никому, туку целиот Суд му го даде на Синот“ (Јован 5,22).

Како смртта на крстот го подготвила Христа да стане наш Судија?

„Кого Бог Го постави за жртва на помирувањето преку вера, во Неговата крв, за да се покаже Неговата правда во пропуштањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение; та да ја покаже Својата правда во сегашно време, за да биде Самиот праведен и да го оправда оној кој е од верата на Исуса“ (Римјаните 3,25-26).

Со својата смрт на крстот што Христос ја искусил за нас, Тој станал наш Судија, а воедно и наш милостив Спасител. На тој начин може да ги застапува Божјите неменливи начела и да ги брани грешниците кои се каат. Кога созданијата во вселената кои нè гледаат, ќе го постават прашање како непристрасниот Судија може да го прогласи виновникот невин, Христос одговара со белезите на своите дланки. Тој на своето тело ја искусил праведната казна за гревот.

Што нуди Исус во замена за нашиот грешен живот?

„Оној, Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во Него“ (2. Коринќаните 5,21).

По заслуга на Христос, Бог може да го изврши чудесното дело на замена. Нашиот грешен живот се заменува, во законска смисла, со Христовиот праведен живот. Христовиот безгрешен живот и Неговата смрт му даваат на семоќниот и праведен Бог право да ни го прости секој грев и да се однесува спрема нас како никогаш да не сме згрешиле. И уште повеќе, Тој „во длабочините морски ги фрла нашите гревови“ (Михеј 7,19), а со својот непорочен живот ги покрива сите наши гревови. Нам токму тоа и ни треба за да можеме да застанеме пред нашиот Бог на Судот.

На Небото се наоѓа записник за животот на секој поединец (Откровение 20,12). Бог го разгледува секое дело (1. Самоилова 2,3). Тој го забележува секој збор што ќе го изречеме (Матеј 12,36). Ова е лоша вест за оние кои мислат дека нивните тајни гревови и злосторства никогаш нема да ги стигнат.

Меѓутоа, радосна вест за сите оние кои искрено го прифаќаат Христа како свој Застапник пред Таткото е дека „…Крвта на Неговиот Син Исуса Христа нè очистува од секој грев“ (1. Јованово 1,7). Исус ги „избришал“ нашите гревови (Делата на апостолите 3,19). Наместо нашето грешно минато, Христос го истакнува својот совршен живот без грев (2. Коринќаните 5,21).

Сега да разгледаме потемелно што му дава право на Исус, нашиот Застапник и Судија, да го решава проблемот на нашите гревови.

2. Христос дошол на време

При своето крштавање, Исус бил помазан со Светиот Дух:

„А кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата. И ете, небесата Му се отворија, и го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: – Овој е Мојот возљубен Син, во Кого Ми е милината!“ (Матеј 3,16-17)

Веднаш по Христовото помазание со Светиот Дух, учениците објавиле дека дошол Месија:

„Го најдовме Месија, што значи Христос (Помазаник)“ (Јован 1,41).

Знаеме дека еврејскиот збор Месија и грчкиот збор Христос значат „Помазаник“, учениците заклучиле дека Исус, при своето крштавање, бил помазан со Светиот Дух како Месија. Лука, Исусовиот ученик, забележува дека Исус бил помазан во петнаесеттата година од владеењето на царот Тибериј (Лука 3,12), значи, во 27-та година по Христа.

Многу старозаветни пророци го прорекле Христовото доаѓање, И Тој дошол навреме за да ги исполни библиските пророштва. Веднаш по своето крштавање, Исус објавил:

„Времето се исполни, и наближи Божјото Царство; покајте се и верувајте во Евангелието!“ (Марко 1,15)

Крштавањето и помазанието на нашиот Спасител се случило точно навреме. Во наведените стихови читаме: „Времето се исполни“. За кое време зборува Исус? За времето во кое треба да се појави како Месија, да биде помазан. Пред повеќе од петстотини години од Исусовото доаѓање на овој свет, пророкот Даниел го прорекол моментот на Неговото доаѓање како Месија.

Дали пророкот Даниел прорекол дека Исус ќе биде помазан како Месија точно во 27-та година по Христа?

Еве го пророштвото на Даниел:

„Знај и разбери: Од мигот кога ќе излезе словото – Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим, па до Кнезот Помазаник ќе бидат седум седмици, и тогаш шеесет и две седмици, и пак ќе бидат изградени улиците и окопот и тоа во тешки времиња“ (Даниел 9,25).

Седум седмици и шеесет и две седмици се шеесет и девет седмици, или 483 дена (7 × 69 = 483 дена). Во симболичкото библиско пророштво секој ден се смета како една година (Езекиел 4,6; 4. Мојсеева 14,34), така што 483 дена значи 483 години. Даниел прорекол дека ќе се објави декрет да се изгради и обнови Ерусалим и дека точно 483 години по објавувањето на овој декрет ќе дојде Месија.

Дали Исус дошол како Месија во точно прореченото време? Артаксеркс го објавил декретот за повторна изградба на Ерусалим во 457 година пред Христа (Ездра 7,7; 13,21-26). Периодот од 483 години истекол 27-та година по Христа (457 години пред Христа + 27 години по Христа = 484 години. Но бидејќи декретот е објавен во текот на 457 година, а Христос е помазан во текот на 27 година, тоа значи дека двете години само делумно изминале, така што точно определениот временски период изнесува 483 години).

Во точно определеното време, точно 27. година по Христа, Исус објавил: „Времето се исполни“. Точното исполнување на ова библиско пророштво е силна потврда дека Исус од Назарет е вистинскиот Месија, Бог кој дошол на Земјата во човечко тело.

Колку време било потребно за да го потврди Исус ова ветување?

„И ќе склучи сојуз со мнозина за една седмица“ (Даниел 9,27, прв дел).

Ако го примениме принципот за толкување на пророчкото време „ден за година“, оваа седмица треба да трае седум години. Според тоа, Исус требало да „склучи сојуз“, или да го исполни ветувањето што му го дал на човештвото, во време од 27. до 34. година од новата ера. Набргу по паѓањето на Адам и Ева во грев, Бог се заветувал дека ќе го спаси човечкиот род со смртта на Некој што Тој ќе го прати (1. Мојсеева 3,15). Ова ветување е исполнето со Исусовата смрт на крстот.

Што требало да се случи во половината на оваа седумдесетта седмица?

„…А во половината на седмицата ќе прекрати жртвата и приносот…“ (Даниел 9,27, втор дел).

Исус бил распнат во 31. година по Христа, во „половината на седмицата“. Во моментот на Христовата смрт, Бог „завесата во Храмот ја расцепи надве“ (Матеј 27,51). Жртвеното јагне (симболот за Христа, „Јагнето Божје“) побегнало од рацете на свештеникот. Со тоа Бог им покажал на Евреите дека веќе не сака принесување на животински жртви. Исполнувајќи го пророштвото до последната буква, Исус со својата смрт го укинал принесувањето жртви и донесувањето приноси (Даниел 9,27). Од мигот на Христовата смрт луѓето не му пристапуваат на Бога со посредство на свештениците и животинските жртви, туку со посредство на Месија, Божјето Јагне, нашиот Првосвештеник.

3. Сигурни во проштавањето на гревовите

Според пророштвото на Даниел, за кого умрел Исус?

„…Помазаникот ќе биде погубен, но не за себе“ (Даниел 9,26).

Исус на крстот бил „погубен, но не за себе“. Тој живеел совршен живот, Единствен на овој свет. Тој не умрел „за себе“ како казна за своите гревови, туку да ја плати казната за нашите гревови, за гревовите на целиот свет.

Како можеме да знаеме дека Бог ни ги простил сите наши гревови и нè прифатил?

„И тоа Божјата правда, преку верата во Исуса Христа, за сите кои веруваат, бидејќи нема разлика; зашто сите згрешија и им недостасува Божјата слава, но се оправдуваат со Неговата благодат, преку откупот во Христа Исуса, Кого Бог Го постави за жртва на помирувањето преку вера, во Неговата крв, за да се покаже Неговата правда во пропуштањето на поранешните гревови“ (Римјаните 3,22-25).

Клучната мисла на овие стихови е: сите згрешивме, но сите кои веруваат ќе бидат оправдани со светата Христова крв која нè чисти сите нас.

Еве што се случува кога ќе бидеме оправдани:

  • Бог нè прогласува за невини, земајќи ја или бришејќи ја вината за сите наши минати гревови.
  • Бог нè прогласува за праведни: „И тоа преку Божјата правда, преку верата во Исуса Христа, за сите кои веруваат…“ (Римјаните 3,22).

Начинот на кој Бог ни дава целосна сигурност е оправдувањето преку верата во Христа. Исус ветува: „Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор“ (Матеј 11,28). Сите ние, кои сме измачени од борбата да бидеме подобри и од обидите да го достигнеме идеалот со лични напори, можеме да најдеме одмор во Христовиот милостив повик. Сите ние, кои носиме белези од минатото и сме оптоварени со бројни недостатоци, можеме да најдеме мир во Христа, кој на крстот го дал својот живот за нас.

4. Време за почеток на Судот

Пророштвата на Даниел во осмата и деветтата глава се тесно поврзани. По низата теми на Дописната библиска школа, ви препорачуваме и понатаму внимателно да ги проучувате библиските пророштва, особено Книгата на пророкот Даниел.

Во осмата глава ангелот му ја покажал целосната слика на иднината на пророкот. Даниел видел (1) овен, (2) јарец и (3) мал рог, кои ги прикажуваат Медо-Персија, Царството на Александар Македонски и Рим (Даниел 8,11-12; 20-26).

А четвртиот дел на пророштвото?

„До кога ќе трае овој привид за секогашната жртва…? Одговори: Уште две илјади и тристотини вечери и утра; тогаш Светилиштето ќе биде очистено“ (Даниел 8,13-14).

Даниел паднал во бессознание пред да може ангелот да го објасни делот на пророштвото од две илјади и тристотини вечери и утра, па затоа осмата глава завршува без објаснување. Меѓутоа, ангелот подоцна повторно се појавува:

„Даниел, еве ме, дојдов да те поучам… Внимавај добро на словото, разбери го видението. Седумдесет седмици им се одредени на твојот народ и на Твојот Свет град, за да се доврши престапот, за да му се стави печат на гревот…“ (Даниел 9,22-24)

Периодот од 2300 дена е 2300 години, бидејќи денот се смета за година (Езекиел 4,6). Седумдесет седмици, или 490 години, го прават првиот дел од периодот од 2300 години. Двата периода почнале во 457 година пред Христа, кога персискиот цар објавил декрет повторно да се изгради и обнови Ерусалим. Ако од 2300 години се одземат 490 години, остануваат 1810 години. Кога периодот од 1810 години ќе продолжиме да го сметаме од 34 година по Христа, кога се завршува периодот од 490 години, ја добиваме 1844 година по Христа.

5. Небесното Светилиште е очистено, почнува судот

Ангелот му рекол на Даниел дека во 1844 година, на крајот од периодот од 2300 години, Светилиштето ќе биде повторно очистено. Што значи тоа?

Од 70-тата година по Христа, кога Римјаните го разурнале ерусалимскиот Храм, Божјиот народ веќе нема храм на земјата. Затоа Светилиштето кое требало да биде исчистено, почнувајќи од 1844 година, може да биде само небесното Светилиште, кое го претставувал земниот Храм.

Што значи чистење на небесното Светилиште? Древните Израелци денот на чистењето на земното Светилиште го нарекувале Јом Кипур или Ден на помирување. Тоа за Евреите бил Ден на судот.

Како што дознавме во 12-тата лекција, Христовото посредување за нас е прикажано во земното Светилиште со два обредни система: 1) дневни жртви и обреди што ги извршувале свештениците во првиот дел, Светињата; и 2) со годишни жртви и обреди кои Првосвештеникот ги извршувал во вториот дел, во Светињата над Светињите (3. Мојсеева 16. и 23. глава; Евреите 9,1-5)

Во земниот храм, додека народот секој ден ги исповедал своите гревови, со крвта на закланите животни бил попрскуван жртвеникот, а свештениците го јаделе месото на жртвата во Светињата (3. Мојсеева, 4. и 6. глава).

Така секојдневните признаени гревови симболично се внесувани во Светињата.

Потоа, Светилиштето секоја година, на Денот на помирувањето, е чистено од сите гревови исповедани во текот на годината (3. Мојсеева 16). За да ја исчисти Светињата, Првосвештеникот принесувал јарец како посебна жртва помирница, ја внесувал крвта на жртвата во Светињата над светињите и служел пред заветниот ковчег во кој се наоѓале Десетте заповеди. Првосвештеникот потоа го попрскувал со крв Помирилиштето, со што покажувал дека Христовата крв, крвта на Откупителот кој ќе дојде, ќе ја плати казната за гревот. Потоа, Првосвештеникот симболично ги изнесувал исповеданите гревови од Светињата и ги ставал врз главата на живиот јарец кого го носеле во пустината да умре (3. Мојсеева 16,20-22).

Со овој годишен обред на Денот на помирувањето се чистела Светињата од гревот. Народот тој ден го сметал за Ден на Судот, затоа што оние кои одбивале да ги признаат своите гревови и да бараат проштавање од Бога, ги сметале за неправедници и затоа биле „истребени од народот“ (3. Мојсеева 23,29).

Она што Првосвештеникот го правел симболично еднаш годишно, Исус го направил еднаш засекогаш како наш Првосвештеник (Евреите 9,6-12). На Денот на Големиот суд тој од Светилиштето ги отстранува исповеданите гревови на сите кои Го прифатиле како Спасител. Ако сме ги признале своите гревови, Тој целосно ќе ги избрише (Дела на апостолите 3,19). Тоа се случува на Судот кој започнал во 1844 година.

Во 1844 година, кога на Небото започнал Судот и кога Исус почнал да го чисти небесното Светилиште, веста за Судот почнала да се проповеда насекаде во светот (Откровение 14,6-7). Следните лекции од нашата низа ќе се занимаваат со оваа посебна вест.

6. Соочување со записникот за личниот живот

Од 1844 година па наваму, според пророштвото од Книгата на пророкот Даниел 8 и 9 глава, Христос ја презел улогата на судија во работата на истражниот Суд, бришејќи ги записите за нашите гревови и чистејќи го небесниот Храм. Апостол Петар мислел на следново кога напишал:

„Затоа, покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат, од лицето на Господа времињата на освежување“ (Дела на апостолите 3,19).

Овој предадвентен Суд, кој сега се одвива на Небото, ги проверува записниците за сите мртви и живи за да реши кој ќе биде меѓу спасените кога ќе дојде Исус. Како наш Судија, Исус ги брише сите гревови на праведните, растерувајќи ги „како магла“ (Исаија 44,22). Тој ги оддалечува од нас „колку исток е далеку од запад“ (Псалм 103,12). Нив засекогаш ќе ги снема од вселената (Откровение 21,1).

Кога би имале можност да го измените записникот за својот живот, какви измени би внеле? Најверојатно би побрзале да го избришете она од што се срамите. Радосната вест е дека Христос тоа го прави потемелно од нас ако Го признаеме како своја Замена и Спасител. Бидејќи Исус е сигурен дека оправданите, кога ќе дојдат на Небо, веќе нема да грешат, Тој ги брише сите гревови од извештајот за нивниот живот и им го пресметува својот безгрешен живот. Потоа се враќа на Земјата за да ги награди:

„И ете, доаѓам скоро, и наградата Моја е со Мене, за да му ја дадам секому според неговото дело! Блажени се оние кои ги перат своите облеки за да имаат право на дрвото на животот и за да можат да влезат во градот низ портите!“ (Откровение 22,12.14)

Дали сте подготвени за Христовото доаѓање? Или можеби постои нешто што криете од Него? Дали вашиот однос спрема Оној што сака да биде ваш Застапник е искрен?

Свеста за Судот не треба да нè принуди загрижено да копаме по своето минато, истражувајќи ги гревовите кои можеби веќе сме ги заборавиле. Тоа сознание треба да нè мотивира сериозно, без тајни и сосема искрено да изнесеме пред Бога сè.

„Ако ги исповедаме своите гревови, Тој е верен и праведен: да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секоја неправда“ (1. Јованово 1,9).

Признавањето значи дека го прифаќаме проблемот онака како што Бог ни укажува на него. Ние сме подготвени да се соочиме со тоа. Го прифаќаме Божјото проштавање и ја признаваме својата потреба за Неговата милост и сила.

Додека бил во посета на затворот во Потсдам, царот Фридрих Вилхелм I ги сослушал бројните молби за помилување. Сите затвореници се колнеле дека пристрасните судии, сведоци и адвокати биле одговорни за нивниот престој во затворот. Од една до друга самица се продолжувала истата приказна за нанесените неправди.

Меѓутоа, во една самица затвореникот немал што да каже. Изненадениот цар се пошегувал: „Претпоставувам дека и ти си недолжен“.

„Не, Ваше Височество“, одговорил затвореникот, „јас сум виновен и во целост ја заслужувам оваа казна“.

Царот се свртел кон стражарот и гласно наредил: „Дојди и бргу ослободи го овој никаквец пред да ги расипе овие невини луѓе“.

Како се подготвуваме за Божјиот суд? Како се подготвуваме за Христовото доаѓање? Најдобро е ако ја признаам вистината – Во целост заслужувам смртна казна за своите гревови, но една драга Личност го зазела моето место и ми дала проштавање!

Одржувајте близок, чесен и искрен меѓусебен однос со Христа, што и да ви се случува.

7. Ослободени од празното живеење

Како Божјо Јагне и наш Првосвештеник, Исус не само што го покрива нашето минато и ни обезбедува иднина, туку ни дава сила успешно да живееме во сегашноста.

„Знаејќи дека не сте откупени со распадливи нешта, со сребро или со злато… туку со скапоцената крв на Христа, како невино и чисто Јагне“ (1. Петрово 1,18.19).

Тој нè ослободува од напразниот начин на живеење. Исус ни нуди „пресадување на срце“ во етичка смисла.

„Ќе ве очистам од сите ваши нечистотии… Ќе ви дадам ново срце, и ќе вдахнам нов дух во вас! Ќе го земам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо“ (Езекиел 36,25-26).

Сите се мачиме со старите навики и склоности, но Бог ни ветува дека новиот дух ќе се спротивстави на нашите стари склоности.

„Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои“ (Езекиел 36,27).

Не заборавајте ги овие ветувања додека тргнувате на своето духовно патување. Дозволете Бог да го промени вашиот начин на гледање на реалноста и Исус со Светиот Дух ќе ве ослободи од празниот живот.

„Драг небесен Татко, Ти благодарам за дарот – Исус Христос – кој умрел за нашите гревови. Ти благодарам што си Го определил за наш Застапник, наш Првосвештеник и Судија. Тоа ни дава надеж и сигурност. Токму сега сакам својот живот да го ставам во Исусовите раце. Го прифаќам Неговото ветување дека ќе ме ослободи од безвредниот начин на живот и ќе ме подготви за Небото. Ти благодарам во името на Исус. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.