7. Откријте ја својата иднина

7. Откријте ја својата иднина

Како лекари, Патриција и Давид Мразек секојдневно биле сведоци на големи страдања. Работејќи како педијатри во еден центар за имунологија и пулмологија, тие лекувале голем број тешко болни деца. Биле мошне погодени од фактот дека некои деца успешно закрепнуваат, додека други болеста целосно ги совладува. Зошто? Зошто, на пример, некои деца почнуваат да употребуваат дрога, додека други се запишуваат на факултет? Зошто некои злоупотребувани деца и сами стануваат сурови луѓе, додека други стануваат добри родители?

Оваа лекарска двојка што ја споменавме, спровела низа истражувања обидувајќи се да го пронајде одговорот на ова прашање. Нивното истражување открило дека децата кои успеале да ги совладаат траумите и станале успешни во животот, имале една заедничка карактеристика: нивниот поглед на светот бил исполнет со оптимизам и надеж.

Надежта ја направила разликата. Надежта, повеќе од сè друго, му помага на човекот да ги победи тешкотиите со кои се соочува.

Како можеме да ја најдеме надежта? На што се темели таа? Човекот често очајнички трага по розовите балони на неостварените желби. И секогаш кога ни се чини дека ќе успееме да ги дофатиме, нешто ги поткрева на поголема височина. На сите ни се чини дека современата технологија, навидум, ја отвора вратата за неспоредливи можности, кои ја отвораат иднината без граници, но тогаш се случува експлозија на некој вселенски брод на нашите телевизиски екрани, и сè се враќа во неизвесноста.

Човечките суштества очајнички трагаат по надежта. Но во нашиот свет тешко може да се најде надежта, сè додека не ја согледаме во светлината на библиските пророштва. Оваа лекција на Дописната библиска школа се занимава со пророштво кое на многумина им ја вратилo надежта во животот. Пророштвото од книгата на пророкот Даниел, 2. глава, јасно открива дека Бог навистина го надгледува нашето постоење и дека Тој ги има насоките на иднината во свои раце.

1. Восхитувачко библиско пророштво

Петстотини години пред Христовото раѓање, Бог преку пророкот Даниел му овозможил на човечкиот род восхитувачки увид во иднината, во токот на историјата на светот од времето на овој пророк па сè до наши денови.

Пророштвото е запишано во втората глава од Книгата на пророкот Даниел. Објавувањето на пророштвото започнува со сон што Бог му го дал на вавилонскиот цар Навуходоносор пред околу 2.500 години. Овој сон многу го вознемирил споменатиот владетел, но кога се разбудил, не можел да се сети што сонувал! Кога сите вавилонски мудреци не успеале да го потсетат царот на сонот што го сонувал, ниту пак да го протолкуваат, пред царот излегол млад Евреин, вавилонски заробеник, кој тврдел дека небесниот Бог може да ги открие сите тајни.

Стоејќи пред царот, Даниел смело рекол:

„Твоето видение, царе, беше вакво; ете, некаков си голем, огромен лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и изгледот му беше страшен. Главата на тој лик му беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни. Потколениците железни, а нозете делумно железни, делумно глинени. Додека го гледаше, еден камен се откачи од планината сам, удри во идолот, во неговите железно – глинени нозе и го скрши. Тогаш заедно сè се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни целата земј“ (Даниел 2,31-35).

На прв поглед изгледа дека овој кип нема никаква врска со барањето „надеж“, толку карактеристично за нашето време. Вавилонскиот сликовит говор премногу е оддалечен од ракетите и терористите кои го мачат современиот свет. Меѓутоа, ќе се обидеме да протрчаме низ милениумите на човечката историја, длабоко почитувајќи го Бога кој управува со нејзиниот тек.

2. Толкување на пророштвото

Кога го потсетил Навуходоносор на сè што видел во својот сон, пророкот Даниел го започнал непосредното толкување на сонот:

„Ете, тоа е сонот, а сега да кажам пред царот и што означува тој“ (Даниел 2,36).

Глава од злато

Која светска сила, според зборовите на Даниел, ја претставува златната глава?

„Ти царе, цар над царевите, кому небесниот Бог му подарил царства, власт сила и слава, и во рацете твои ти ги предал сите човечки синови, каде и да живеат тие, сите ѕверови земни и птици небески и те поставил за господар над сите нив, – ти си главата од злато“ (Даниел 2,37-38).

Даниел, всушност, зборувал за најголемото тогашно светско царство: „Навуходоносоре, во твојот сон се наоѓа Божја порака. Тој твоето царство го претставил со златната глава на кипот“. Златната глава вистински го отсликува древниот Вавилон; историчарите го спомнуваат како „златно царство од златното време“. Побогато и посилно од сите други царства кои му претходеле, Вавилон гордо владеел со светот сè до 539 година пред Христа.

Гради и раце од сребро

Гледано од аспект на човек, а особено со очите на гордиот Навуходоносор, Вавилон можел да биде сфатен како царство кое вечно ќе трае. Но што најавувало пророштвото?

„По тебе ќе настане друго царство, послабо од твоето…“ (Даниел 2,39).

Како исполнување на Божјето пророштво, Навуходоносоровото царство пропаднало кога Кир, персиски владетел, го урнал во 539 година пред Христа. Така градите и рацете од сребро го прикажуваат Медо-персиското царство, уште едно силно царство со кое подоцна завладеала Персија.

Стомак и бедра од бакар

Што претставува овој дел од огромниот кип составен од различни метали?

„…и трето царство, бакарно, ќе владее над целата земја“ (Даниел 2,39).

Стомакот и бедрата од бронза го прикажуваат Царството на Александар Македонски, кое ги победило Персијците во битката кај Арбела во 331 година пред Христа. Александар Велики ги покорил Медите и Персијците, создавајќи трето по ред светско царство кое владеело со светот од 331 до 168 година пред Христа.

Потколеници од железо

Кое царство ќе се создаде по Македонското царство?

„А четвртото царство ќе биде цврсто како железо, како железо што здробува и сотрува сè; како железо што крши, ќе ги скрши и ќе ги разбие сите оние царства“ (Даниел 2,40).

По смртта на Александар Велики, царството ослабнало поради поделби и борби за власт, сè додека конечно, во 168 година пред Христа, во битката кај Пидна „железното“ Римско царство не го совладало царството на Александар. Бог ја употребил сликата „потколеници од железо“ на големиот кип за да го прикаже четвртото светско царство. Цезар Август владеел со Римското Царство во времето кога се родил Исус, речиси пред 2 000 години (Лука 2,1). Христос и неговите ученици живееле во време кое во пророштвото е прикажано со железни потколеници. Гибон, историчар од 18. век, веројатно го имал на ум пророштвото на Даниел кога напишал вака: „Рацете на Римската Република, која изгубила по некоја битка но секогаш ја добивала војната, напредувала со застрашувачка брзина кон Еуфрат, Дунав, Рајна, Атлантскиот Океан. Киповите од злато, сребро или бронза, кои ги претставувале народите и нивните цареви, железното Римско Царство ги кршело едно по друго“ (E. Gibbon: The History of the Decline and the Fall of the Roman Empire; John D. Morris and Company, b. 4, p. 89).

Да го разгледаме за момент ова пророштво од човечка гледна точка. Како можел Даниел, кој живеел во времето на Вавилонското царство, да знае по кој редослед ќе се менуваат светските царства, како и за настаните што се случуваат стотини години во иднината? Денес е тешко да се предвиди како ќе се движи пазарот на хартии од вредност идната седмица. Па сепак, Вавилон, Медо-Персија, Царството на Александар Велики и Рим доаѓале едно по друго токму онака како што е проречено, како послушни ученици во ред.

Дали Бог ја надгледува иднината? Можеме ли да ја втемелиме својата надеж на Неговиот голем план? Даниел одговара потврдно во втората глава. Меѓутоа, тоа не е сè.

Стапала од железо и глина

Која сила ќе следи по Рим?

„А тоа што си ги видел – нозете и прстите на нозете направени делумно од грнчарска глина и делумно од железо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане само нешто од цврстината на железото, бидејќи си видел железо, измешано со грнчарска глина. И како што прстите на нозете беа делумно од железо, а делумно од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо“ (Даниел 2,41.42).

Пророкот не најавил петто светско царство, туку поделбата на железното Римско царство. Рим е поделен на десет царства, како што покажуваат стапалата и прстите на големиот кип.

Дали ова навистина се случило? Се разбира, точно е. Во текот на четвртиот и петтиот век на христијанската ера, варварски народи од север го нападнале ослабеното Римско царство задавајќи му удар по удар. На крајот, десет племиња, кои освоиле најголем дел од Западното Римско царство, десет различни, независни народи се утврдиле внатре во неговите граници. Така прстите и стапалата ги прикажуваат народите на модерна Европа. Пророштвото се исполнило до збор, а историјата се покорува на она што го прорекол Бог. Седум од десетте народи кои го срушиле и поделиле Римското царство постојат и денес на картата на Европа и непосредно се поврзани со пророштвото на Даниел.

Десетте прсти, десетте народи кои се пробиле во Западното Римско царство:

  • Англо-Саси (Англија)
  • Франци (Франција)
  • Алемани (Германија)
  • Лангобарди (Италија)
  • Источни Готи (настанале подоцна)
  • Западни Готи (Шпанија)
  • Бургунди (Швајцарија)
  • Вандали (Северна Африка, настанале подоцна)
  • Свеви (Португалија)
  • Херули (исчезнале по неколку века)

3. Нашето време во библиското пророштво

Дали во Даниеловото пророштво се зборува за напорите за обединување на народите што се создале по распадот на Римското царство под еден владетел?

„А она, пак, што си видел железо, измешано со грнчарска глина, тоа значи дека царевите на тоа царство ќе се обидат да се соединат преку мешани бракови меѓу себе, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не се меша со глината“ (Даниел 2,43).

Многу влијателни политичари отсекогаш се обидувале да ја обединат Европа, но и секогаш се откажувале пред да стигнат до целта. „Тие ќе се мешаат со човечкото семе, но нема да се држат заедно“, одредува пророштвото. Пророштвото вели дека Европа никогаш нема да стане една голема сила, ниту ќе остане обединета.

По многу векови во кои доминирале големи светски царства, тешко е да се сфати како Даниеловото пророштво го препознало решавачкиот пресврт во историјата на светот. Сè до падот на Римското царство, почнувајќи од Египет и Асирија, со светот владееле големи царства. Но по пропаѓањето на Рим, светот се поделил на национални држави и поделбата останала. Само Божјиот ум можел со толкава точност да го предвиди текот на историјата.

Исус рекол: „…Писмото не може да биде нарушено“ (Јован 10,35).

„Небото и земјата ќе поминат, но Моите зборови нема да поминат“ (Матеј 24,35).

Историјата на изминатите 14 века докажува дека ни човечка сила, ни сојуз на сили не можат да ја скршат силината на библиското пророштво. „Тие ќе се мешаат со човечкото семе, но нема да се држат заедно…“

Меѓутоа, не се работи за премалку напори во овој период. Неколку големи војсководачи направиле големи напори со цел да ја обединат Европа. Наполеон Бонапарта, најмногу од сите други, се приближил кон таа цел. На почетокот на својот воен успех, тој се фалел: „За пет години ќе бидам господар на светот“. Јасно ги изнел своите цели: „Освојување на Русија и цела Европа, а потоа и светот“.

Наполеоновите сили во својот прв налет изгледале непобедиви, па бргу освоиле голем дел од Европа. Меѓутоа, во маршот кон Москва острата зима и руските сили ја десеткувале војската на Наполеон. Зошто не ја исполнил својата цел? Бог рекол: „Тие ќе се мешаат со човечкото семе, но нема да се држат заедно“. Наполеон ја имал најсилната војска во Европа, но таа не можела да се спротивстави на Божјата реч. Додека го напуштал бојното поле кај Ватерло, извикал: „Боже, Ти победи!“

Царот Вилхелм II и Адолф Хитлер имале најсилни војски на своето време. Но ни тие не успеале да завладеат со Европа. Зошто? Затоа што Божјата реч истакнува: „Тие ќе се мешаат со човечкото семе, но нема да се држат заедно“.

Диктаторите кои со фанатично залагање успеале да вооружат цели народи, не успеале да го изменат Даниеловото пророштво. Крајот на светските војни го потврдува фактот дека Бог ја надгледува иднината. Тоа е доволно за да имаме доверба во Неговите намери.

4. Поглед во иднината

Само еден дел од ова Даниелово пророштво останал неисполнет. Што претставува каменот во 34. и 35. стих, кој удира во стапалата на големиот кип, го крши кипот и станува голем рид кој ја исполнува целата Земја?

 „И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниел 2,44).

Изразот „овие цареви“ може да се однесува само на царевите кои ги прикажуваат прстите и стапалата, односно државите на современа Европа. Заклучокот е неизбежен. Зборовите: „Во времето на овие цареви“ се однесува на денешното време. Современиот свет стои на прагот на најголемите случувања на сите времиња.

Исус наскоро ќе слезе од Небото за да „подигне царство“, сопствено царство на среќа и мир. Каменот што ќе го урне и скрши кипот, ќе ја исполни целата земја. Тогаш Христос, Карпа и Цар над царевите, ќе го подигне Своето вечно царство. (За Божјето царство ќе проучуваме во 9. лекција). Ова е врвот на Даниеловото пророштво. Сè е насочено кон овој настан кој има вселенски размери. Сигурноста со која нè вдахнува ова пророштво, додека непогрешливо нè води низ историјата, ја зацврстува надежта во нас за Второто Христово доаѓање. Сите настани од Даниеловото пророштво, кое е запишано во втората глава, се исполниле, освен последното – уривањето на кипот. Според Божјиот распоред, сега се приближуваме кон врвот, кон Христовото враќање на Земјата. Исус Христос, Божјиот Син, наскоро ќе ја доведе до крај долгата крвава борба со која е испишана човечката историја и ќе го воспостави своето вечно царство на љубов и милост.

5. Бог ги води народите

Кога Бог го пренел пророштвото на Даниел, овој еврејски пророк веднаш ја видел Божјата рака која ги подига и ги урива народите (Даниел 2,20-22). Бог го знае минатото, а библиското пророштво јасно покажува дека Тој ја знае и иднината.

Понекогаш ни се чини дека Бог е толку зафатен со бескрајната вселена што не е во можност да ѝ пружи поголемо внимание на нашата мала планета, додека, пак, за поединечни судбини не треба ни да зборуваме. Но Бог направил сè за да нè увери дека тој се грижи и влијае на човечката историја и на животот на секој поединец. Божјата реч е полна со охрабрување:

„А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што нему му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца“ (1. Петрово 1,19).

Во духовната темнина на овој свет, библиските пророштва можеме да ги споредиме со автомобилските светла кога возиме ноќе. Бог ни покажува каде треба да одиме. Тој ни открива што се наоѓа пред нас. Затоа можеме да бидеме сосем сигурни дека историјата се одвива по Неговиот пат. Бог во секој миг го води животот на секој поединец. Исполнетите библиски пророштва нè упатуваат да го повикаме Исуса, „ѕвездата Деница“, да престојува во нашите срца. Со Него, како наш Господ, нема да постои страв во нашиот живот.

6. Царевиот сон и ние

Светот може да стане место на очај. Терористите можат да нападнат каде било. Старите непријателства можат да се разгорат и да пролеат невина крв. Насилниците сè уште смислуваат заговори во своите тврдини.

Меѓутоа, лесно можеме да го докажеме фактот кој е поважен од сите написи во весниците: историјата напредува кон средбата со Исус. Сè треба да се подготви за кулминацијата на историјата. Истата рака која го водела пророкот Даниел додека опфаќал илјадници години од човечката историја само во неколку стихови, може да го поведе секој човек кој посакува да ја сфати. „Господ ги води и зацврстува чекорите на добриот човек и мил му е неговиот пат. И ако се сопне, нема да падне, зашто Господ го држи за рака“ (Псалм 37,23-24).

Кога Бог непосредно ја надгледува човечката историја, тогаш може сигурно да го води животот на секој поединец.

„Не се продаваат ли две врапчиња за асариј? Па ниедно од нив не паѓа на земјата без волјата на вашиот Татко. А вам ви се изброени дури и влакната на главата. И така, не бојте се. Вие сте поскапи од многу врапчиња“ (Матеј 10,29-31).

Божјиот дар – верата – може да стане лек за сите наши грижи и стравови. Надежта, со која Тој нè вдахнува, служи како сидро на нашите души (Евреите 6,19).

Еразмо Ротердамски, филозоф од шеснаесеттиот век, зборува за една поморска несреќа која длабоко се врежала во неговото сеќавање. Бродот со кој патувал се насукал за време на бура, па под налет на брановите и ветерот почнал да се крши. Морнарите ги фатило паника, а патниците панично врескале. Поголемиот дел од нив ги повикувале и светците заштитници, пееле фалбоспееви или гласно се молеле. Меѓутоа, Еразмо Ротердамски забележал една патничка која се однесувала поинаку. „Од сите нас“, запишал Еразмо, „најмирна беше жената која во рацете држеше дете кое го хранеше. Единствено таа не викаше, не плачеше, ниту се договараше со Небото. Само тивко се молеше, додека во рацете го држеше своето дете.“

Оваа молитва, вели Еразмо, била само продолжение на нејзината секојдневна молитва. Таа немала некои посебни молби. Таа во целост му се предала на Бога.

Кога бродот почнал да тоне, младата жена ја спуштиле на една штица, а наместо весло ѝ дале парче обло дрво. Така била препуштена на брановите. Додека со едната рака го држела своето дете, со другата се обидувала да весла. Малкумина верувале дека ќе ги издржи ударите на брановите.

Меѓутоа, нејзината вера и смиреност добро ѝ послужиле. Жената со детето прва стигнала до брегот.

Надежта во семоќниот Бог може да има чудесен резултат, дури и светот околу нас да изгледа како да се распаѓа.

Ние не сме сами. Силна рака нè држи и нè води. Ако дојдете кај Христа и му се предадете целосно, Тој ќе ви даде вера која ќе ве одржува во секоја бура. Откријте го и доживејте го возвишениот мир што ни го ветил Исус:

„Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои“ (Јован 14,27).
„Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28).

„Мил небесен Татко, Ти заблагодарувам што лично се заземаш за мене. Ти благодарам што однапред си одговорил на нашите прашања за иднината на нашиот свет, и што во неговата историја го водиш и нашиот живот. Ти благодарам за вистинитоста на библиските пророштва. Помогни ми да ги прифатам и да поверувам дека тие се Твои зборови. Помогни ми своето срце сега да му го предадам на Исус, кнезот на мирот. Те молам во Негово име. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.