10. Кога Исус повторно ќе дојде?
Во 1980 година е пронајден чудесен лек кој двојно ја зголемува должината на човечкиот живот, а во 1990 година моторите со внатрешно согорување се забранети со закон во сите големи градови во светот. Од 1994 година нема повеќе наркомани, ниту трговија со дрога.
Дали ви е познат некој од овие важни настани? Сигурно не. Затоа што никогаш не се ни случиле. Но сите нив уверливо ги предвиделе познати футуристи. Сите имаме вроден стремеж да погледнеме во иднината. Сакаме да знаеме што се наоѓа зад хоризонтот. Меѓутоа, точните предвидувања остануваат недосегливи. На човекот му е тешко да предвиди што ќе се случи утре, иако постои Некој чии пророштва се необично точни. Исус Христос, со помош на својата Реч, може да нè поведе во иднината. Тој е верен Водач. Во оваа лекција ќе видиме што рекол Исус за своето Второ доаѓање. Конечно, кој може да знае повеќе за крајот на светот од Оној кој го создал?
1. Знаците на Исусовото враќање
Кога Исус им рекол на своите ученици дека ќе се врати по втор пат на нашиот свет, кое прашање му го поставиле?
Исусовиот одговор бил јасен. Во Евангелието според Матеј, 24 глава, и на Лука, 21 глава, Тој лично ги открил знаците или показателите според кои можеме да знаеме дека Неговото доаѓање е близу. Други библиски пророштва ни помагаат да го дополниме увидот во деталите за состојбата на светот пред самото Негово доаѓање. Како што ќе видиме, овие пророштва токму сега се исполнуваат пред нашите очи; тие укажуваат на фактот дека Христос само што не дошол на нашава планета.
Да ги замислиме сега десетте знаци од библиските пророштва како знаци на патот до Небото, како и прашањата што би можел да ги постави современиот патник кога ќе ги види.
1. Прв знак: Незадоволство. Неизвесност. Страв.
Како би го опишале времето кое изобилува со цела технологија што е потребна за постигнување среќа на луѓето, а сепак е преоптоварено со разводи на бракови и насилство? Пред околу 2000 години, Исус го опишал современиот начин на живот, кој изгледа како да излегол од некои дневни весници:
Точниот опис на атомското време, кое почнало пред неколку децении, не може подобро да се изрази. „Луѓето ќе примираат од страв и од исчекувањето на она што ќе го снајде светот.“ Денешното поколение е израснато под сенка на натрупаното оружје со кое може да се уништи целата планета. Изразот „Што ако дојдат некои терористи до нуклеарно оружје“ е грижа која сè повеќе проникнува во современиот свет.
Меѓутоа, ние, кои живееме во оваа злосреќна доба, Исус не нè остава во безнадежност. Моменталната општа несигурност, „мака и неизвесност“, само ја потврдуваат вистината дека Христовото доаѓање навистина се приближува. Често можеме да слушнеме како нашите современици протестираат: „Гледајте на што спаднал светот!“ Но оние кои ги истражуваат библиските пророштва можат со надеж да речат: „Погледнете кој доаѓа на нашиот свет!“
2. Втор знак: Големи несреќи
Како се вклопуваат природните катастрофи во сликата за настаните во последно време?
Сомничавите можеби ќе забележат: „Па што тогаш! Отсекогаш имало глад и земјотреси!“ Но да застанеме малку кога го спомнуваме гладот. Не е ли чудно, во време кога човекот стигнал на Месечината, две третини од населението во светот да страда од глад? Како репортажите за гладните деца со набабрени стомачиња редовно се појавуваат на вестите на телевизиите, иако многу земји имаат храна повеќе отколку што им треба? Исус знаел дека на крајот од времето гладот ќе земе голем замав поради себичната човечка природа, подмитливите влади и вооружените судири. Сево ова предизвикува проблемот со гладот да станува сè поголем.
Што можеме да кажеме за земјотресите? Дали нивниот број се зголемува, или ние денес сме подобро известени од порано? Одговорот можеме да го пронајдеме во статистиката за силните земјотреси, за оние над седум степени по Рихтеровата скала. Во деветтиот век се случил еден голем земјотрес. А потоа немало силни земјотреси сè до шеснаесеттиот век. Потоа два во осумнаесеттиот и еден во деветнаесеттиот век. Меѓутоа, во првите три четвртини на дваесеттиот век имало девет разорни земјотреси. Бројот на земјотресите двојно се зголемил во однос на сите претходни векови заедно. Доказите и натаму се зголемуваат како се приближуваме до денешниве дни. Од 1975 до 1978 година доживеавме само десет земјотреси со разурнувачка сила. Десет само за три години. И светот сè уште не престанува да се тресе. Ерменија, Индија, Мексико, Сан Франциско, Лос Анџелес… списокот се зголемува. Овие феномени го достигнуваат својот максимум со приближувањето на Божјото царство.
3. Трет знак: Трупање богатство
Што значи податокот дека богатството преминува во рацете на сè помал број поединци додека сè побројното население тоне во сиромаштија?
Спротивно од економскиот просперитет и растот на националниот доход во западните земји, од кои застанува умот, богатите стануваат сè побогати, а сиромашните сè посиромашни. Во деведесеттите години станавме сведоци за лудилото на купување обврзници и трговија со претпријатија. Поединци купувале и продавале претпријатија и фирми како стари автомобили. Резултатот е очигледен – неверојатна концентрација на богатство и моќ во рацете на малкумина, затворање на погони и губење на работни места за многумина. Милијардерите кои станале милијардери само по неколку трансакции се само знак кој покажува дека „зашто доаѓањето на Господ се приближи“ (Јаков 5,8), дека светот забрзано се приближува кон Второто Христово доаѓање.
4. Четврти знак: Немири во светот
Зошто незадоволството и немирите на работниците и службениците забрзано се зголемуваат во спротивност со големиот технолошки напредок и натрупаното богатство?
Откако прорекол натрупување на невидено богатство во нашите денови, апостол Јаков предвидел и немири на незадоволните маси. Напнатоста меѓу оние кои имаат и оние кои немаат постојано се зголемува. Предвидувањето дека ќе владее беззаконие во големите градови е сè поочигледно. Апостол Јаков истакнува дека таквата состојба е уште еден знак дека „доаѓањето Господово се приближува“.
5. Петти знак: Пад на моралот
Зошто се урива моралната структура на општеството?
Можете ли да прифатите поточен опис на современиот свет? Погледнете на која било страна и ќе го видите арогантниот материјализам на дело. Ќе видите незамислив пораст на злоупотребување деца. Ќе видите недоброј глетки што ги прават младите препуштени сами на себе, деца во рана младост, кои без размислување убиваат и осакатуваат. Ќе видите следбеници на задоволствата, кои култот на задоволување на своите страсти го нарекуваат „здрав и вообичаен“. Нашата опседнатост со неограничената слобода е причина за „тешките времиња“. Сиве овие слики формираат мозаик кој гласно објавува дека Исус наскоро доаѓа.
6. Шести знак: Ширење на окултни појави
Зошто во ова посветено време сме сведоци на наглиот пораст на интересот за окултните појави?
Овој стих истакнува дека антихристот пред крај на времето ќе се послужи со разни знаци, чуда и лажни манифестации на натприродното. Оваа сила остро се спротивставува на она што не толку одамна го предвиделе рационалистите, дека разумот ќе го победи празноверјето. Научниот пристап, зборувале тие, ќе извојува победа над таканаречената верска вистина. Науката ќе направи натприродното да изгледа неверојатно и застарено.
Меѓутоа, што забележуваме на почетокот на овој милениум? Луѓето истовремено можат да бидат приврзани и на видеоуредите и на тарот картите. Образованите, научно насочените напредни човечки суштества останале празноверни какви што биле отсекогаш.
Окултните појави не исчезнале, туку напротив, се шират погласно од кога било порано. Паганството тукушто станало белег на цивилизацијата. Вештерки и волшебници се појавуваат на најгледаните телевизиски емисии. Њу ејџ – новата доба – се појавува насекаде со продажба на волшебни кристали и повикување на духовите на умрените. Лажните знаци и чуда се шират на сите страни. Сево ова покажува дека историјата се ближи кон својот максимум и дека, според Исусовото пророштво, живееме во време на „доаѓањето на Човечкиот Син“ (Матеј 24,27).
7. Седми знак: Разбуден свет
Што значи податокот дека современите народи сè повеќе почнуваат да му придаваат важност на својот национален идентитет?
Азија и Африка се разбудиле од сон; се чувствуваат посилни и бараат свое место под сонцето, место во светскиот економски поредок. Земјите на Средниот Исток, збогатени од продажба на нафта, силно го шират своето влијание. Додека различни етнички или религиозни групи ја остваруваат својата сувереност, географските карти застаруваат веднаш по излегувањето од печат.
Сведоци сме на најголемото будење на народите кое кога било е забележано во историјата на светот „зашто е близу Господовиот ден“ (Јоил 4,14)
8. Осми знак: Мировни напори и подготовки за војна
Зошто се наоѓаме во состојба ни на мир ни на војна? Исус вака ги опишал деновите во пресрет на своето доаѓање:
Пред дваесеттиот век никогаш немало светски војни. Но во текот на овој век речиси сите влијателни држави од светот биле вовлечени во светски војни. Од Втората светска војна наваму живееме со сознанието дека само со едно лесно притиснување на копче, светот може да се претвори во голема гробница. Затоа не е ништо необично што Библијата зборува за помор на оние „кои ја расипуваа земјата“ (Откровение 11,18).
Живееме во необичен свет. Сите се согласуваат дека мора да настапи траен мир. Се зборува за мирот, оформени се меѓународни организации за мир, па сепак, вооружените судири пламнуваат и тлеат насекаде околу нас. Скриени непријателства, стари со векови, прераснуваат во отворени судири. Погранични спорови се претвораат во топовски стрелби. Терористичките напади бараат дејствување на брзи сили, а таквите дејства стануваат повод за нови терористички напади. Пророците Михеј и Јоил прорекле дека во тоа време народите ќе зборуваат за мир (Михеј 3,1-3), додека истовремено недовербата во соседите ќе ги присилува тајно да се подготвуваат за војна (Јоил 4,9-13).
Библијата од поодамна ја опишала ваквата состојба ни на мир ни на војна, па објавила дека трајниот мир ќе завладее дури тогаш кога ќе дојде Исус.
9. Деветти знак: Напредок
Зошто по толкава многувековна човечка историја, човештвото дури сега остварува брз научен и технолошки напредок? Зошто средствата за масовна комуникација го направиле светот толку мал?
Освен знаците кои укажуваат на скорешното второ Христово доаѓање, многу знаци почнале да се исполнуваат уште во првиот дел на христијанската ера. Овие знаци се намножиле и го достигнуваат врвот во наше време. Но пророштвото на Даниел е единствено по тоа што се однесува на нашето време, на последното време.
Пророкот Даниел во својот текст изјавува дека неговите пророштва ќе бидат протолкувани во „последното време“. Употребените изрази во ова пророштво јасно упатуваат на нашето информатичко време. Во изминатите педесет години знаењето се зголемило со молскавична брзина. Во еден коментар се вели вака: „Во последните педесет години имало повеќе промени отколку во изминатите две илјади години. Илјада работи кои нè опкружуваат, Велс и Верн не ги ни сонувале во миговите на својата најголема инспирација за создавање“.
„Многумина ќе истражуваат и знаењето ќе се умножи.“ До пред 1850 година луѓето патувале служејќи се со коњски коли, како што се патувало дотогаш. Денес го пробиваме звучниот ѕид и патуваме низ светот со надзвучни млазни авиони и вселенски бродови. Многубројните разновидни технолошки можности и приливот на пронајдоци упатуваат на исполнување на зборовите од Книгата на пророкот Даниел 12,10, докажувајќи дека живееме во „последното време“.
10. Десетти знак: Проповедање на Евангелието низ целиот свет
Исус прорекол дека пред Неговото второ доаѓање Евангелието ќе пристигне во сите краеви на светот:
Историјата бележи големи мисионерски потфати. Меѓутоа, она што се случува во последните неколку години нема конкуренција во пишаната историја на човештвото.
Сведоци сме на буквална духовна револуција која го зафатила целиот свет. Евангелието одговара на сите човечки духовни дилеми. На пример, муслиманите, кои со векови го затворале својот ум за примање на Евангелието, денес се вртат кон Христа и со радост ја прифаќаат надежта во Неговото второ доаѓање.
Евангелието се проповеда „по целиот свет“ како никогаш порано. Со помош на современата технологија, Евангелието може да се пренесе речиси до секоја личност, до секој народ на светот. Симултаното преведување овозможува разбирање и следење на радиоемисии. Живееме во деновите за кои Исус зборувал: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет… и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24,14).
2. Кога ќе дојде Исус?
Современици сме на реализирањето на овие десет големи пророчки знаци кои се исполнуваат пред наши очи. Кога ги опишувал настаните што ќе го обележат времето пред Неговото доаѓање, Исус го завршил својот говор со следниве зборови:
Заклучокот е јасен, поколението опишано во пророштвото ќе го види Христовото враќање на Земјата. Исус многу бргу ќе ги отстрани гревот и маките. Тој ќе дојде и ќе Го воспостави своето вечно царство.
Кој единствено го знае точниот ден на Христовото доаѓање?
Кое важно предупредување го дал Исус?
3. Исус, единствената надеж на светот
Современиот човек е наполно свесен дека светската криза се продлабочува. Некои очајнички се обидуваат да ја спречат. Напреднатата технологија, економските теории и меѓународните организации сè уште се парализирани од светските проблеми. Гласот на разумот и добрата волја се задушени од суровите гласови на националните поделби и од поборниците на расколот. Меѓутоа, и покрај овие гласови, Исус смирено охрабрува: „Јас Сум Патот“ (Јован 14,6) и ветува: „Пак ќе дојдам!“ (Јован 14,3).
Христос е последната и најголемата надеж за нашиот свет бидејќи само Тој може да го тргне гревот кој го разорува. Исус умрел на Голгота, го поразил гревот и ги ослободува сите кои ќе одговорат на Неговата понуда за спасение.
Спасителот отворил излез од овој разбрануван свет, жртвувајќи се себеси и пролевајќи ја својата крв. Тој ист Исус, кој еден ден со уништувањето на гревот ќе ги излечи сите болести во светот, сега сака да го тргне гревот од нашиот живот. Немојте да го чекате неговото второ доаѓање за да се ослободите од чувството на вина, од грижите и лошите навики. Исус сега сака да ви го подари својот мир.
Додека следела серија предавања од Библијата, изнесувањето на Евангелието чудесно ја поттикнало Марија. Слушајќи за скорешното доаѓање на Спасителот, како сè да дошло на свое место. Сè ѝ се чинело разумно. Сфатила дека до тогаш барала љубов, мир и среќа на погрешно место. Исус е одговорот за сè. Утредента, кога пасторот и неговиот помошник ја посетиле, Марија им раскажувала за својот скршен и горчлив живот. Како алкохоличарка, таа стигнала до дното на животот и сега се издржувала со проституција. Кога ги искажала своите проблеми, додала плачејќи: „Сношти ми зборувавте мене!“
Меѓутоа, гласот кој допирал до нејзиното срце бил Божји глас. Тој нежно ѝ зборувал. Марија решила да ризикува сè. Го повикала Христа да дојде во нејзиното срце како Спасител и Господ и цврсто ја прегрнала надежта во Неговото скорешно враќање.
Во седмиците кои следеле, Марија сфатила дека, додека разговара со Исуса, се ослободува од многу стравови и несигурности кои порано се обидувала да ги стивне со алкохол. Исус почнал да ја ослободува од зависноста која неумоливо го уништувала нејзиниот живот.
Марија се срамела од многубројните постапки што ги направила. Меѓутоа, Христовата милост и простувањето се посилни од нејзиниот срам. Многу научила од искуството на разбојникот на крстот. Во своите последни, трагични животни мигови се свртел кон тивкиот Патеник – Спасител крај себе и замолил: „Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето Царство“ (Лука 23,42).
Исус веднаш ја прифатил неговата молба и му ветил место во рајот (Лука 23,43).
Истиот Исус кој и на Марија милосливо ѝ понудил проштавање како и на разбојникот пред смртта, сега и вам ви нуди спасение, целосно простување и мир. Откријте го тоа сами уште денес.
И вие можете да се молите: „Сети се на мене, Господе, кога ќе дојдеш во царството свое“. Исус ќе одговори: „Ќе бидеш со мене во рајот“.
„Драг небесен Татко, Ти благодарам за надежта дека Исус наскоро повторно ќе дојде. Во времето како нашево, кога Твоето доаѓање се приближува, најголем копнеж на моето срце е да живеам за Тебе. Потребна ми е Твојата сила во секојдневниот живот. Помогни ми секој ден да станувам сè посличен на Исус, и да одржувам заедница со Тебе проучувајќи ја Библијата и молитвата. Помогни ми да живеам со таква вера што и другите ќе посакаат да го запознаат Христа. Те молам за сево ова во Исусово име. Амин.“