6. Можност за нов живот

6. Можност за нов живот

Писмо, слично на ова, што го испрати (еден) од учесниците на Дописната библиска школа, можат да ни го разубават денот. Еден дел од писмото гласи: „Вие им помогнавте на луѓето кои ги отпишав како губитници (вклучувајќи се и себеси). На еден пријател му помогнавте да се ослободи од наркоманската зависност, на мојата пријателка ѝ помогнавте да излезе од бесмислието (таа беше атеист и со тоа многу се гордееше). Иако не бев атеист, не знаев како да му се приближам на Бога и никогаш не помислив дека тоа треба да го направам преку Исуса Христа. Пред средбата со Него, никогаш во животот не сум бил толку среќен. Ви благодарам.“ Овие млади луѓе добиле уште една животна шанса преку Исуса Христа. Тие го постигнале најважното животно откритие, па иако е страшно да се биде изгубен, искуството за спасение е извонредно доживување.

Дали постои излез за оној кој е фатен во стапицата на гревот?

„Зашто јас не се срамам од Евангелието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин“ (Римјаните 1,16).

Евангелието е сила за спасение на секој грешник кој со сето срце ќе поверува во Исуса и ќе Го прими во својот живот.

Младите луѓе споменати во наведеното писмо, го прифатиле Христа, Му поверувале и Му станале верни. Божјата сила, која постои во Евангелието, го променила нивниот живот и тие сега сигурно напредуваат во пријателството со Исуса кое непрекинато се продлабочува.

1. Што значи да се биде изгубен?

Како што постојат два вида на живот – духовен и телесен, така постојат и две вида на смрт – духовна и телесна. Во согласност со ова сознание, можно е некој човек во телесен поглед да биде жив, да оди по градот, да ги извршува работите, да се радува на животот, а сепак да биде мртов – духовно мртов.

„И вас, кои бевте мртви поради вашите престапи и гревови, во кои живеевте некогаш според животот на овој свет, согласно со кнезот на воздухот, односно на духот, кој сега дејствува во синовите на неверието“ (Ефесјаните 2,1.2).

Сатаната духовно мртвите ги води во пропаст, во грев и непослушност. Меѓутоа, возвишената евангелска вистина открива дека Бог ги љуби и таквите грешници и отуѓени луѓе. Тој ги сака иако се далеку од Него, мртви во гревот, и им нуди целосно и бесплатно ослободување од неволјите во кои се наоѓаат.

„Но Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нè засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживеа во Христос и нè воскресна со Него и нè постави на небесата во Христос Исус, за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус. Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали некој“ (Ефесјаните 2,4-9).

Бог нè сакал и кога не сме заслужувале љубов. Тој со својата милост духовно нè оживува и преку Христа создава нов живот во нас. Ние себеси не можеме да се промениме, но Бог може. Тој ни дава уште една можност да живееме полн живот.

2. Зошто ни е потребно спасение?

За добро да разбереме зошто Христос ни нуди спасение, важно е да знаеме од што сè мораме да бидеме ослободени и спасени.

1. Мораме да бидеме спасени од гревот

Колку луѓе погрешиле?

„Зашто нема разлика, сите згрешија и лишени се од славата Божја“ (Римјаните 3,23).

Според тоа, сите знаеме дека не живееме живот каков што би требало да живееме. Родителите под стрес често прават големи грешки и длабоко ги навредуваат детските чувства. Возачот се лути на друг возач и предизвикува несреќа. Студентот станува љубоморен спрема својот колега и почнува да озборува. Деловниот човек „заборава“ да го пријави приходот при пополнувањето на даночната пријава. „Зашто сите згрешија“ и тоа е состојбата на човечкиот род.

Како Библијата го одредува гревот?

„Секоја неправда е грев“ (1. Јованово 5,17).

Ние мораме да бидеме спасени од сите нездрави навики и стремежи: лажење, гнев, алчност, горчина… Библијата ја одредува неправдата како кршење на Божјиот морален закон кој е резимиран во Десетте заповеди (2. Мојсеева 20 глава).

„Секој што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие“ (1. Јованово 3,4).

Значи, мораме да се ослободиме од беззаконието на кршењето на Божјите заповеди.

2. Треба да ја воспоставиме прекинатата врска со Бога.

„Ете, раката на Господ не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша. Но беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша“ (Исаија 59,1.2).

Непростените гревови ја прекинуваат нашата врска со Бога, Дародавецот на животот. Љубовта не може да постои без вера и доверба во Бога. Затоа, Исус зборувал дека гревот е неверување во Него (види: Јован 16,9). Христос дошол да ја обнови довербата во Бога, довербата што ја разнишал сатаната.

3. Мораме да бидеме спасени од вечната смрт – од казната за гревот.

„Затоа, како што гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот – смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5,12).

Во овој библиски стих се мисли на вечната смрт, смртта по која човекот не може да воскресне.

4. Треба да се спасиме од грешниот и несигурен живот.

Животот на грешникот претставува слепа улица од која нема излез, бидејќи гревот во човековиот живот создава празнина, болка и трагична испразнетост.

5. Треба да се ослободиме од светот, кој е оптоварен и подложен на грев.

Треба да се спасиме од светот, кој тоне во гревот, и од последиците на бедата, болката, самотијата, војните, болестите, злото и смртта што ја носи гревот.

3. Кој може да нè спаси?

1. Исус може да нè спаси од гревот.

„Таа ќе роди Син и ќе Му ставиш име Исус, зашто Тој ќе го спаси народот свој од неговите гревови“ (Матеј 1,21).

Некој Индиец му рекол на својот пријател христијанин: „Во хиндуизмот наоѓам многу од она што не постои во христијанството, но Спасителот го има само христијанството. „Христијанството е единствената светска религија во која се појавува Спасител“.

2. Исус може да ги воспостави нашите искинати врски со Бог.

Бракот е една од сликите кои Бог ги употребува за да го опише својот меѓусебен однос со луѓето. Апостол Павле вака им пишувал на христијаните во Коринт и Ефес:

„Зашто за вас сум љубоморен со Божја љубомора; зашто ве свршив за еден маж, за да ве претставам пред Христос како чиста девица“ (2. Коринќаните 11,2).

„Дека во она време бевте без Христос, отстранети од општеството на Израел, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот; но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова“ (Ефесјаните 2,12.13).

Човекот кој доаѓа кај Христа, ја доживува истата радост што ја доживуваат младич и девојка при запознавање и стапување во брак. Кога човек ќе му го предаде својот живот на Христос, тогаш почнува заедништвото со Христа кое останува цел живот.

Исус е совршен пријател. Тој овозможува нашите најдобри особини да станат видлив дел од нашето секојдневие. Нашите гревови се простени. Тој нè прифаќа и ни ја дава својата сила, со која денес се издигнуваме со гревот во својот совршен живот. За возврат, нашата љубов кон Него создава во нас желба и ние Него да го направиме среќен. Ние сме сигурни дека Тој секогаш е покрај нас за да нè подигне кога ќе потклекнеме.

3. Исус може да нè спаси од вечната смрт, од казната за гревот.

„Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт, а подарокот од Бога е живот вечен во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6,23).

За тоа што го прекршивме Законот, осудени сме на смрт. Вечната смрт е казна за нашите гревови. Но, Исус може да нè спаси од вечната смрт и може да ни даде вечен живот. Како Тој го прави тоа, и зошто?

„Но Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5,8).

Исус умрел за нас од љубов. Прифаќајќи да умре наместо нас, Тој секому му дал проштавање. Тој ја искусил целосната одвоеност од Бога, овозможувајќи ни ние да не ја искусиме. Бог сега може да нè прифати како грешници, бидејќи Христос умрел за нас и ги презел сите последици од гревот.

4. Исус може да нè ослободи од грешниот, несреќен живот.

Бог не ни ги простува само гревовите, Тој нè лекува и нè обновува. Бог ветува дека ќе нè спаси од сите гревови, а не со нашите гревови.

„И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2. Коринќаните 5,17).

Сами не можеме да се спасиме од гревовите, ниту да ја промениме нашата природа, како што ни лавот не може да одлучи да стане јагне (Римјаните 7,18). Гревот е посилен од нашата волја. Меѓутоа, Христос може да направи „да ви даде, по богатството на својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек“ (Ефесјаните 3,16). Тој прави сè за нашите навики и постапки да ги замени со здрави особини кои потекнуваат од Неговата природа зачинета со љубов, мир, радост, љубезност и воздржаност (Галатјаните 5,22.23). Тогаш Христос почнува да живее во нас. За Него нема безнадежен случај.

Петар изгубил секаква надеж дека ќе се промени. Тој неколкупати очајнички се обидувал да престане да пие. Добро знаел дека поради неговите порази во борбата со чашката, жена му и двете ќерки цели десет години да живеат во пекол. Едно студено утро влегол во кадата и ја вперил цевката од пиштолот во својата уста. Пред да го повлече орозот, помислил дека би било добро да му објасни на Бога зошто го прави тоа. Таа негова молитва се претворила во долг, со липтежи испрекинат повик за помош.

Бог дошол на помош. Петар Му се предал на Христа и добил духовна сила за да истрае. Засекогаш престанал да пие и станал добар, внимателен сопруг и татко, а по извесно време успеал да стигне и до високо место во општеството.

Текс сосем отапел од употребата на дрогата и разузданиот живот и не размислувал многу за какви било промени. Набрзо, откако му се придружил на „семејството“ на Чарлс Менсон, учествувал во убиството на Шерон Тејт, кое го вџашило светот. Во затворот се однесувал исто како што се однесувал и надвор од затворските ѕидови, насилно и настрано, сè додека не почнал да го чита Новиот завет. Средбата со Исус за Текс била откритие: „Почнав да увидувам дека и за закоравените злосторници, каков што сум јас, казната е платена… почнав да ја запознавам силата на Божјата љубов која ја победува смртта и разорувањето, Неговата сила која не лечи само теоретски, туку вистински, а особено мене“. Оние кои доаѓаат да го посетат Текс во затворот, се восхитени. Ладнокрвниот, настран убиец, исчезнал. На негово место сега постои добар, чувствителен човек, кој ги предводи другите затвореници во проучувањето на Библијата, помагајќи им да најдат мир во Христа. Текс ја открил најголемата сила на светот која може сè да создаде одново.

5. Исус може да нè спаси од грешниот свет

Следната лекција под наслов „Откријте ја својата иднина”, ќе ни даде целосно толкување како Исус нè спасува од грешниот свет.

4. Човекот станува спасен ако следи три едноставни чекори

1. Чекор: Молете се Исус да го победи гревот во вашиот живот.

Што можеме да преземеме за да се ослободиме од гревот?

„Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши…“ (Дела 3,19).

Што го наведува човека на покајание?

„Или ги презираш: богатството на Неговата благост, кротоста и долготрпеливоста, а не знаеш дека Божјата добрина те води кон покајание?“ (Римјаните 2,4).
„Сега се радувам; не заради тоа што се нажаливте, но дека се нажаливте за покајание…“ (2. Коринќаните 7,9).

Покајанието е жалење поради сторените гревови и напуштање на старите навики, постапки и ставови. Тоа не е тага предизвикана поради страв од казна, туку одговор на Божјата добрина која го навела Исуса да умре поради нашите гревови. Ние го отфрламе гревот бидејќи тој го навредува Бога.

„Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој се кае и ги остава, ќе биде помилуван“ (Мудри изреки Соломонови 28,13).

Што уште треба да се стори, освен да се признае и да се напушти грешниот начин на живот?

„Ако тој грешник го врати залогот, го поврати ограбеното, оди по законот на животот и не врши ништо лошо – тогаш тој ќе живее, нема да умре! (Езекиел 33,15).

Вистинското покајание не е само оставање на гревот, туку и надоместување, колку што е можно тоа, од нанесените штети и направените пропусти во текот на минатиот живот.

Колкав е Божјиот удел во напуштањето на грешниот живот?

„Ако ги признаваме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда“ (1. Јованово 1,9).
„Бог со десницата Своја Го возвиси Него, Зачетникот и Спасителот, за да му даде покајание и простување на гревовите на Израел“ (Дела 5,31).

Подготвеноста за покајание е Божји дар (Дела 5,31). Само Тој може да нè натера на вистинско покајание. Кога ќе Му одговориме, милостивиот Спасител ни ги простува гревовите, ги брише, ги фрла во „морските длабочини”, или како што Тој вели, нè чисти од сите гревови. Нема толку страшен грев кој Христовата смрт на крстот не би можела да ни го прости, ако го побараме тоа од Него.

Нашите гревови направиле клиновите да ги пробијат Христовите раце и нозе и тоа е сериозен факт. Ние учествувавме во распнувањето на Исуса Христа. Секогаш треба да се сетиме дека Христос е „Исус, кој, поради Неговата идна радост претрпе крст“ (Евреите 12,2). Тој доброволно ја платил цената за целосно откупување. Христос сака да го прифатиме Неговиот дар на проштавање и помирување повеќе отколку што можеме и да замислиме со нашиот човечки ум.

Некое момче кое побегнало од дома, слушнало дека мајка му е на смртна постела. Оваа вест го оптоварила со чувство на вина. Брзајќи накај дома, се втурнал во собата и се фрлил на мајчиниот кревет. Давејќи се во солзи, побарал од неа да му прости.

Таа го привлекла поблиску и тивко му кажала: „Сине, јас одамна би ти простила, требаше само тоа да го побараш од мене“.

Ако сте го напуштиле Бога, или ако сè уште не сте Го запознале, бидете сигурни дека вашиот небесен Татко со копнеж очекува да се вратите дома. Тој својата љубов, која проштава, ја обзнанил на Голгота. Тој повеќе од сè сака да ја прифатите Неговата понуда за проштавање и милост. Тој ве сака. Тој умрел за вас. Тој секогаш е подготвен да ви прости.

Одговорете на Неговиот милостив повик и прифатите го покајанието. Признајте ги своите гревови. Верувајте дека Бог ви простува, бидејќи Тој тоа навистина и го прави. Не барајте ја сигурноста во своите чувства и не потпирајте се на нив. Верувајте во јасните Божји ветувања запишани во Библијата.

2. Чекор: Прифатете го новиот живот што го нуди Исус Христос.

Немојте да се сомневате дека Тој ви простил, ги презел вашите гревови и ви дарувал наполно нов, променет живот.

„А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји“ (Јован 1,12).

Кога ќе станете Божјо дете, имате право да добиете нов живот од Исуса Христа. Како што веќе истакнавме, тоа никој не може да го постигне сам, тоа е дар од небесниот Татко!

Исус ни го дава ова сигурно ветување со цел да отстрани секаква несигурност или сомневање. Ако ве мачи сомнеж, сетете се на човекот кој западнал во криза и побарал помош од Исуса, извикувајќи: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ (Марко 9,24). Јакнете ја својата доверба проучувајќи ги Божјите ветувања. Многу е важно колку и како ја користиме нашата вера.

Како Бог ни дава нов живот?

„Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо“ (Јован 3,3).

Според Исусовите зборови, грешникот кој се кае, се раѓа за нов живот. Оваа промена може да се спореди со раѓањето на детето – а тоа чудо кое само Бог може да го направи.

Какви внатрешни промени се случуваат во човекот кога Исус му дава нов живот?

„Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо“ (Езекиел 36,26).

Исус го менува нашето срце, нашите чувства и однесувањето, Тој живее во нас (Колошаните 1,27). Новиот живот не е само убава духовна замисла, тоа е многу повеќе од позитивен начин на размислување, тоа е јасен, видлив чин. Новото раѓање е воскреснување од духовната смрт во сосема нов начин на живот (Ефесјаните 5,14). Двата животни примера, спомнати во оваа лекција, се само два примера на Христовата желба и можност да им дарува втора прилика на луѓето.

КАКО МОЖЕМЕ ДА ПРИМИМЕ НОВ ЖИВОТ ОД ХРИСТА?

1. Со вера го прифаќаме Исуса Христа за Спасител и Господ.
2. Со воспоставување и зачувување на врската со Него (Редовната молитва и проучувањето на Библијата се особено важни).
3. Со дејствувањето на Светиот Дух, Христос ги истиснува нашите лоши навики со своите особини.

 

3. Чекор: Живејте со Исуса секој ден.

Христијанскиот живот бара секојдневна борба против себичноста и зацврстување на пријателството со нашиот Спасител Исус Христос. Ние напредуваме во новиот живот додека го јакнеме нашиот меѓусебен однос со Исуса. Тоа значи дека со Него мораме да разговараме чесно и отворено. Бог ќе ни помогне да растеме духовно ако ја проучуваме Библијата, ако се молиме, ако размислуваме, ако се дружиме со останатите христијани и ги споделуваме своите искуства со другите.

Да се живее во Христа не значи да се биде необичен човек, кој дење и ноќе пее побожни песни и никогаш не греши. Всушност, што значи да се расте? Кога ќе се препнеме и ќе згрешиме, бараме проштавање од Исуса Христа и продолжуваме понатаму. Ние напредуваме брзо или побавно, но длабоко сме свесни дека Христос, кој живее во нашето срце, го следи секој наш чекор (Евреите 7,25; Јуда 24). Исус во духовниот развој ни помага на тој начин што нè уверува и на дело ја потврдува својата безусловна љубов и што нè поттикнува да ја проучуваме Неговата реч која нè вдахновува.

5. Радоста на новиот живот

Некогашниот алкохоличар Петар примил многу признанија за својата служба, но за него најмногу вредело она кое стигнало набргу откако Му го предал својот живот на Христа.

Петар ја проучувал Библијата во својата соба, кога почувствувал како некој го допира неговиот лакот. Се свртел и ги здогледал своите две мали ќерки како тивко стојат во своите ношници. Брзо ги погледнал – толку се промениле, а тој тоа не го забележувал за време на својата борба со чашката.

Потоа, помладата ќерка му рекла: „Тато, дојдовме да те бакнеме и да ти посакаме добра ноќ“.

Неговите очи заблескале. Поминало толку време откако последен пат биле во неговата прегратка. Во нивните прекрасни сини очи веќе немало страв. Татко им се вратил дома.

Исус Христос му дава можност на секој човек. Тој и на очајните им нуди нов почеток (Римјаните 6,23).

Спасителот сака секој од нас да се врати дома. Дали ќе го прифатите Христовиот повик преполн со добрина? Да се прими проштавање од Бога, тоа е исто толку едноставно како кога ќе ги раширите рацете и ќе го прегрнете своето дете.

Ако сè уште не сте му се довериле на Христа како на свој Спасител, кажете:

„Оче, тажен сум поради мојот грешен живот. Ти благодарам што го испрати својот Син на светот да умре наместо мене. Те молам, прости ми ги гревовите, дојди во мојот живот и спаси ме. Дај ми нова животна можност, бидејќи сакам повторно да бидам роден. Сакам да воспоставам постојана врска со Тебе. Ти благодарам што ќе го направиш ова чудо во мојот живот. Ти благодарам за сè, во Исусово име, амин“.

Откријте ја убавината на пријателството со Него и доживејте го вечното спасение!

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.