16. Тајната на небесниот одмор

16. Тајната на небесниот одмор

Пред неколку децении социолозите предвидувале дека човекот наскоро ќе има толку слободно време што нема да знае што да прави со него. Во расправата што се одржала пред пододборот на Сенатот на САД во 1967 година, можеле да се слушнат тврдења дека луѓето од 1985 година ќе работат само 22 часа неделно.

Постоеле добри причини за ова мошне уверливо предвидување. Компјутерите за дел од секундата ги решавале задачите за кои некогаш требало цел месец. Роботите ги извршувале најтешките работи во тешката индустрија.

Меѓутоа, многу години по појавата на компјутерите и сателитите во Земјината орбита и роботите кои автоматски ја извршуваат работата, луѓето сè уште не можат да земат здив од работа. Како што тврдел еден архитект: „Технологијата ја забрзува работата на нашето срце“.

На современите луѓе времето им бега од рацете. На пример, меѓу 1967 и 1985 година слободното време на просечен Американец се намалило за 37%, а повеќе од 40% американски работници работат повеќе од 40 часа неделно. Речиси 20% од нив имаат уште една работа, а таа тенденција се зголемува.

Освен тоа, на семејствата им недостига време. Брачните другари сè повеќе комуницираат преку телефонски секретарки. Тешко се наоѓа време за сопствените деца, а уште помалку за другите.

Мајката на една четиринаесетгодишна тинејџерка открила дека нејзината ќерка е заразена од венерична болест. Оваа вест за мајката претставувала тежок удар кој не можела да го поднесе, па ѝ се доверила на пријателката: „Знам дека таа има премногу слобода, но јас не можам да го запоставам својот општествен живот за да можам цело време да ја надгледувам“. Распоредот на вредностите е спротивно поставен. Времето ни бега.

Спроведено е едно истражување на мала група луѓе во Америка кое покажало дека дневниот просек на времето што го минува таткото со своите два сина изнесува 37 секунди! На семејствата им недостига време за заеднички живот.

Што треба да направиме за меѓусебно да се зближиме?

1. Лек против животната преоптовареност

Исус ги сфаќа тешкотиите во кои живеат семејствата оптоварени со стресот и сака да ги сознаеме сите вредности на духовниот одмор.

„Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11,28-30).

Библијата предлага да реализираме ваков вид одмор на два начина: дневно и неделно дружење со Христа.

2. Секојдневна поврзаност со Христа

Исус секогаш имал недостиг на време. Постојано Го следела толпа народ. За краток временски период од три и пол години, Тој морал да изврши коренита духовна промена која засекогаш ќе го смени начинот на живеење на планетата Земја. Притоа, постојано ги избегнувал фарисејските шпиони и стапици.

Па сепак, Исус, и покрај сето тоа, на сè околу себе пренесувал дух на мир и стабилност. Како? Тој секојдневно поминувал определено време во разговор со својот Небесен Татко. Постојано зависел од својот Татко, од кого добивал сила да се соочи со животните предизвици.

„Како што Мене Ме испрати живиот Татко, и Јас живеам преку Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене, ќе живее преку Мене“ (Јован 6,57).

Нашиот Спасител зависел од својот Татко. Ако сакаме да живееме смирен живот, по Неговиот пример, ние секојдневно мора „да се храниме со Христа“, мора да дозволиме да нè исполни и обликува Неговата Реч и Дух. Најдобар начин за да им одолееме на силите кои нè уништуваат како поединци и ги разоруваат нашите семејства е времето минато со Христос. Тој вака вели:

„Останете во Мене како Јас во вас… зашто без Мене не можете да направите ништо“ (Јован 15,4-5).

Една од најголемите потреби на нашето време ќе се реши тогаш кога луѓето ќе се приклучат на духовниот извор кој им стои на располагање, и чие благотворно дејство се огледува во секојдневниот однос со Исуса. Четиринаесеттата и петнаесеттата лекција покажуваат како можеме да го направиме тоа со редовно проучување на Библијата и со молитва.

Еве уште една важна мисла која треба да се нагласи кога размислуваме за личното заедништво со Христа. Тој го довршил спасоносното дело на крстот. Вистинскиот одмор и вистинската сигурност постојат само во Него, бидејќи само Тој можел да каже: „Сè сврши!“ (Јован 19,30). Со други зборови, Неговото дело на откупување тогаш било довршено.

„Но сега, кон крајот на вековите, Тој се јави еднаш за да го отстрани гревот со Својата жртва“ (Евреите 9,26).
„Осветени сме преку приносот на телото на Исуса Христа еднаш засекогаш… Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние кои се осветуваа“ (Евреите 10,10.14).

Исус со својата смрт го „сотрел гревот“. Сатаната веќе не може да нè обвинува поради нашите гревови бидејќи нашата Замена на Голгота ни обезбедила целосно проштавање. Бидејќи Исус: „Ги направи совршени оние кои се осветуваа“, сатаната веќе не може да нè обвинува за нашите пропусти и недостатоци.

Затоа верникот кој ги признава своите гревови, може да се одмора во делото што го остварил Христос. Ние сме го направиле тоа и ние сме прифатени. Чувството на вина е сила која нè принудува да се однесуваме неприродно. Во заднината на забрзаниот современ живот стои чувството на вина.

Меѓутоа, Исус на крстот еднаш засекогаш го решил и проблемот со вината. Исусовиот извик; „Се сврши!“ го запечатил Неговото ветување: „Јас ќе ви дадам одмор“ како готов факт. Исус на Голгота го довршил делото за нашето спасение, а в сабота одморал во гробот за во недела наутро да стане од гробот како Победник над гревот и смртта. Христијанинот не може да има поголема сигурност од одмор во делото кое го завршил Христос.

„И така, браќа, кога имаме смелост да влегуваме во Светињата преку крвта на Исуса, кој ни го отвори новиот пат низ завесата… да го држиме непоколебливо исповедувањето на нашата надеж, зашто е верен Оној Кој ветил, и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела!“ (Евреите 10,19-24).

Бидејќи е „верен Оној Кој ветил“, можеме да влеземе во спокојот на спасението што го ветил Исус. Стабилноста, мирот и одморот што ги доживуваме од ден на ден во Исуса не се последици на нашите напори, туку на тоа што Тој го направил на крстот.

Можеме да се одмораме во Христа бидејќи нашето спасение е осигурено. Таа сигурност, која произлегува од доброволната послушност, нè мотивира секојдневно да минуваме време со Христа хранејќи се од Неговата реч, доживувајќи го влијанието на Небото додека се молиме. Средбата со Исуса помага животната преоптовареност да ја претвориме во мирен и делотворен живот.

3. Седмична поврзаност со Исуса

Бидејќи за шест дена го создал светот (Колошаните 1,16.17), Исус го создал и саботниот одмор како неделна поддршка за нашиот меѓусебен однос со Него.

„И Бог виде сè што направи, и ете, беше многу добро. И бидна вечер, па утро – шести ден. Така беа довршени небото и земјата со сето свое воинство. И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во него се одмори од сите Свои дела, кои ги создаде Бог и ги направи“ (1. Мојсеева 1,31 – 2,3).

Исус, кој првата сабота се одморал со Адама и Ева, го благословил и го осветил тој ден.

Бог не го воспоставил седмичниот циклус за своите лични потреби, туку поради Адама, Ева и нас денес. Грижејќи се за мажот и жената кои ги создал, Тој го одвоил седмиот ден на седмицата за нивно заедништво со Творецот. Секоја сабота, како што Тој го нарекол денот, за нив требало да биде ден за телесен одмор и духовна обнова.

Појавата на гревот на нашиот свет само ја зголемила потребата за саботниот одмор. Истиот Спасител, кој на Адама и Ева им ветил спасение, околу две илјади години подоцна, го дал Законот на планината Синај (1. Коринќаните 10,1-4). Исус решил заповедта за саботниот одмор да ја стави во средината на Десетте заповеди. Четвртата заповед гласи:

„Помни го саботниот ден, за да го осветуваш. Шест дена ќе работиш и ќе ги вршиш сите свои работи. А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог. Тогаш никаква работа не ќе работиш: ни ти, ниту твојата ќерка, ни твојот слуга, ниту твојата слугинка, ниту твојот добиток, ниту странецот што е внатре во твоите порти. Зашто во шест денови Господ ги направи небото и земјата, морето и сè што е во нив, а на седмиот ден се одмори. Затоа Господ го благослови и освети саботниот ден“ (2. Мојсеева 20,8-11).

Саботата е ден за сеќавање на Господа, кој ги „создал небото и земјата“. Саботниот одмор, секоја седмица, нè поврзува со Творецот кој го одделил и благословил овој ден.

Додека живеел на земјата, Исус ја користел секоја можност да одржува заедница со Таткото. Евангелистот Лука опишува како Исус го поминувал саботниот одмор:

„И дојде во Назарет, каде што беше пораснал; влезе во саботен ден во синагогата, според Својот обичај, и стана да чита“ (Лука 4,16).

Ако на Богочовекот Исус му бил потребен одмор и Татковата близина во сабота, колку повеќе тоа ни е потребно нам, на човечките суштества? Кога Исус ги отстранил ограничувањата што ги наметнале Евреите околу празнувањето на саботата (Матеј 12,1-12), нагласил дека Бог ја воспоставил саботата за доброто на човекот:

„И им рече: ’Саботата е воспоставена заради човекот, а не човекот заради саботата. Така, човечкиот Син е Господар и на саботата‘“ (Марко 2,27-28).

Исус го истакнал значењето на саботата дури и при неговата смрт. Тој умрел во петок, на „денот на подготовката”. Кога саботата зазорувала, Тој веќе бил во гробот (Лука 23,54). Во тој миг, Тој објавил: „Се сврши!” Неговото дело за спасение на човештвото било довршено (Јован 19,30; 4,34; 5,30). Големото дело на откупување било извршено. Исус, за време на саботата, се одморал во гробот. Како што своето дело на создавање го завршил за шест дена, за седмиот ден да одмори, така со помирувањето на крстот, во шестиот ден, го завршил своето дело на повторно создавање, обнова, по што се одморил во сабота.

Во недела наутро Исус излегол од гробот како Победник и Спасител (Лука 24,1-5). Уште пред распнувањето побарал од своите ученици и по Неговото воскресение да одржуваат саботни средби со Него. Зборувајќи за разорувањето на Ерусалим, што ќе се случи четириесет години по неговата смрт, тој Ги повикал:

„Молете се вашето бегство да не биде во зима или во сабота“ (Матеј 24,20).

Нашиот Спасител сакал Неговите ученици, а подоцна и верниците, да го пренесуваат обичајот што Тој им го оставил. Тој сакал да го доживеат одморот на спасението и саботниот одмор, и тие не Го разочарале. Учениците продолжиле да ја држат саботата и по Христовото воскресение (види Лука 23,54-56; Дела апостолски 13,14; 16,13; 17,2; 18,1-4).

Саканиот апостол Јован продолжил секоја сабота да се сретнува со Христа. Во својата старост напишал: „Во Господов ден бев во Духот“ (Откровение 1,10). Според Исусовите зборови „денот Господов“ е саботата, „зашто Синот Човечки е Господар и на саботата“ (Матеј 12,8).

Во сабота прославуваме два најголеми настана: нашето создавање и нашето спасение. Вакво прославување на саботата ќе продолжи и на Небото:

„Зашто, како што новата небеса и новата земја, што ќе ги создадам, ќе траат пред мене – слово е Господово – така ќе ви траат и името и потомството. Од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота, секое тело ќе доаѓа да се поклони пред Моето лице – говори Господ“ (Исаија 66,22-23).

Бог во почетокот ја воспоставил Саботата како ден на сеќавање на создавањето, затоа е разбирливо што во својата вест за последното време нè повикува на послушност на Неговите заповеди како чин на обожавање (Откровение 14,7.12). Оваа вест од последната книга на Библијата го опфаќа запазувањето на заповедта за саботата како ден на сеќавање на Творецот..

4. Благослови на саботниот одмор

На оние кои ѝ се радуваат на саботата, Бог им дава големо ветување:

„Ако ја воздржиш ногата за да не ја изгазиш саботата, и да не вршиш работи во светиот ден; наречеш ли ја саботата милина и чесен денот посветен на Господа; почитуваш ли го откажувајќи се од пат, од занимање со работа и од празни зборувања – тогаш ќе ја најдеш својата радост во Господа, и Јас ќе те изведам по земните височини, ќе ти дадам да уживаш во наследството на твојот татко Јаков, зашто Господовата уста зборуваше“ (Исаија 58,13-14).

Овие стихови истакнуваат дека саботата е слична на врата која нè пропушта на местото на кое можеме да ги доживееме најубавите животни искуства: тогаш „ќе ја најдеш својата радост во Господа и Јас ќе те изведам по земните височини“, и ќе уживаш во „наследството“. Современиот човек гази преку другите луѓе во обид да стекне што повеќе. Под разни притисоци паѓаат поединци, а семејствата се распаѓаат. Меѓутоа, Бог нагласува дека со празнувањето на саботата, уште овде, на Земјата, може да се оствари животно задоволство.

Да разгледаме неколку придобивки од празнувањето на саботата:

  • Саботата е ден на сеќавање на создавањето, па, чувајќи ја нејзината светост, ние го негуваме споменот на нашиот Творец. Нејзините свети часови ни нудат прекрасна можност да се вратиме на своите почетоци во светот што Бог го создал. Кога последен пат со своето семејство сте имале можност да уживате во тивката убавина на шумските патеки или планинскиот поток? Денес е тешко да се почувствува и доживее природата зашто во современиот свет има толку многу што ги заглушува ненаметливите звуци и глетки. Саботата ни овозможува повторно да го видиме Бога во чудата што ги сторил за нас.
  • Во сабота ја доживуваме радоста на богослужението и заедницата со другите христијани. Саботата нè насочува кон Небото. Нам ни е неопходно секоја седмица да ја преиспитуваме насоката на својот живот. Тоа треба да го правиме заедно. Заедничкото славење на Бога носи благослов, а тој благослов не може да дојде на ниеден друг начин. Ние треба јавно, пред заедницата, да ја изразиме својата вера исто така како што тоа го правиме потајум во своето срце. Саботата го овозможува тоа посебно време на заедништво, како црква за да ја обновиме својата духовна сила. Пророкот Исаија ја искусил радоста на саботното богослужение:
„Блазе му на човекот кој прави така и на синот човечки што се придржува за тоа: кој ја чува саботата за да не ја онечисти… Нив ќе ги доведам на Мојата Света Гора и ќе ги развеселам во Мојот Молитвен Дом… Зашто Мојот Дом ќе се нарече Дом на Молитва на сите народи“ (Исаија 56,2.7).
  • Саботата ни пружа можност да правиме дела на љубов. Дали вашиот сосед минатата недела беше болен, а вие немавте време да го посетите? Кога на вашиот пријател му беше потребен некој да го сослуша по смртта на сопругата, дали во тоа ве спречија натрупаните обврски? Ние природно сме наклонети постојано да ги одложуваме делата на милосрдие. Саботата вели: „Направи го тоа“. А Исус советува:

„Затоа е дозволено да се прави добро во сабота“ (Матеј 12,12).
  • Саботата ги зајакнува семејните врски. Кога наредил: „Тогаш никаква работа не ќе работиш“ (2. Мојсеева 20,10), Христос не можел да им даде подобар совет на презафатените татковци или на преморените мајки. Саботата е голем знак СТОП за семејството. Престанете да трчате еден крај друг, немојте да дозволите итните работи да ги задушат најважните потреби. Саботата е единствениот ден кога забавата можете да ја замените со меѓусебно запознавање, брзањето со молитва, работата со радост, преоптоварениот дневен распоред со тивко размислување. Саботниот одмор е можност целото семејство да се поврзе со Христа и да прими духовна сила од Него.
  • Саботата е време кога Исус му е посебно близок на секој човек. За секој однос треба да се одвои време, и затоа нашиот однос со Христа не е исклучок. Посветувајќи Му еден цел ден на Христа еднаш седмично, нашето пријателство со Него го продлабочуваме, го одржуваме возбудливо и свежо на најдобар начин. Саботата ни дава повеќе време за проучување на Библијата и за молитва, повеќе време да бидеме насамо со Христа.

Исус го „благослови седмиот ден и го освети“ со посебен белег на својата присутност (1. Мојсеева 2,3). Затоа е важно да се празнува саботата, седмиот ден во седмицата, зашто тоа е денот кој Христос посебно го одвоил при создавањето за да разговара со нас на посебен начин.

Кога Исус ја создавал саботата, изгледа мислел и на нашите поколенија. Во окружение исполнето со стрес, потребен ни е токму ден кој ни овозможува вистински одмор, целосен одмор од сè, ден за почитување на Бога, за допир со создаденото, за унапредување на нашите меѓусебни односи. Саботата е како свеж воздух во нашиот загаден живот.

5. Слика на небесниот одмор

Благословите на поврзување со Христа во дневните и седмичните средби можеме да ги изразиме само со еден збор – одмор. Зборот „сабота“ потекнува од еврејскиот збор кој значи „одмор“, затоа не е ништо необично што Светото писмо седмиот ден го нарекува „сабота – ден на потполн одмор“ (3. Мојсеева 23,3). Таа е слика на совршен одмор кој ќе го доживееме на Небото.

„Зашто негде за седмиот ден е речено вака: ’И во седмиот ден Бог се одмори од сите Свои дела… Но, за народот Божји сè уште останува саботна починка. Зашто, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од Своите’“ (Евреите 4,4.9.10).

Саботниот одмор, искуството што го доживуваме со празнувањето на саботата, ни дава увид во радоста на вечниот одмор кој го овозможува Небото. Овој одмор не е само мирување, тој внесува чувство на сигурност, мир и благосостојба и го прави животот вистински содржаен. За да го цениме саботниот одмор, мораме да го искусиме, а сведоштвото на оние кои го доживеале одморот на спасението и саботниот одмор е единствено: кој го прифаќа Исусовиот одмор и кој ќе го доживува секојдневно, ќе ја открие најголемата животна радост!

Самиот наш Господ ни ја дал саботата при создавањето. Таа не им е дадена само на Евреите, туку на сите луѓе две илјади години пред појавата на Евреите. Исус ја благословил и осветил саботата. Тоа е посебен ден што Бог го одвоил за освежување на нашиот духовен живот. Саботата е составен дел на Десетте заповеди. Бог заповедал: „Помни“, но поголемиот дел од светот тоа го заборавил.

Сакате ли да му се заблагодарите на Исуса за Неговиот дар на одмор? Зошто не би Му кажале дека сакате да ја празнувате Неговата сабота секоја седмица? Кажете Му: „Да, Господе! Сакам да најдам задоволство во денот кој си Го воспоставил“.

„Драг небесен Татко, Ти благодарам за ветувањето за одморот за да можам да се соочувам со секојдневните животни предизвици, и за ветувањето за саботниот одмор секоја седмица за јакнење на моето заедништво со Тебе. Ти благодарам што си ветил дека ќе ми дадеш сила одозгора, која ќе ги промени моето срце, моите намери и наклоности. Те молам, направи да му бидам верен на Спасителот, кој оставил сè за да можам да ја доживеам смислата на животот. Помогни ми да Ти бидам послушен. Помогни ми со задоволство да го прифатам искуството на небесниот одмор. Ова те молам и Ти благодарам во Исусово име. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.