19. Почеток на христијанското живеење

19. Почеток на христијанското живеење

Еден од претставниците на Дописната библиска школа во Африка ни го прати следниов извештај. „Пред пет години примив барање од ’Гласот на пророштвото‛ да посетиме еден затвореник, кој по дописен пат ја проучувал Библијата. Барањето ѝ го врачив на затворската управа, која веднаш го одобри. Бидејќи затвореникот сакаше да ја проучува Библијата, редовно го посетував.

Околу шест месеци по мојата прва посета, затвореникот побара да биде крстен и така да стане верник на Црквата. Управата на затворот се согласи да направи крстилница за да може крштевањето да се направи во затворот. Чуварите и другите затвореници се собраа да бидат сведоци на најпотресното крштавање што некогаш сум го направил.

Набргу по оваа случка, нашиот брат беше пуштен од затвор иако требаше да издржува подолга временска казна. Кога побарав објаснување, ми беше кажано дека неговиот живот толку многу се променил што станал убедлив сведок за Спасителот и својата вера, и веќе не можеле да го сметаат за затвореник. Овој човек повторно стана дел од своето семејство и сега е водач на една од нашите поголеми цркви“.

1. Значењето на крштавањето

Кога овој човек станал христијанин и неговиот начин на живот целосно се изменил, зошто било важно да биде крстен? Библијата јасно ја нагласува важноста и вистинската смисла на крштевањето. Исус во разговор со Никодим, верски водач кој дошол ноќе кај Него, објаснил:

„Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото царство“ (Јован 3,3).

Никодим не сфатил што мисли Исус со тоа. Како може „човек да се роди, кога е стар?“

Исус објаснил:

„Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото царство“ (Јован 3,5).

„Ако некој не се роди од вода“, се однесува на крштевањето со вода. „И Дух“ означува почеток на нов живот, промена на умот и срцето. Бидејќи влегувањето во Божјото царство бара целосно нов живот а не само поправен стар живот, таа промена се нарекува ново раѓање. Раѓањето од вода и Светиот Дух е важно и затоа што крштевањето со вода е надворешен, симболичен приказ на внатрешната промена. Нашиот претставник го крштевал затвореникот во знак на неговото предавање на Христос и како симбол на промената придвижена од Светиот Дух која започнала во неговата природа.

2. Зошто треба да се крстиме?

Нашето спасение се заснова на трите Христови возвишени подвизи:

„Дека Христос умре за нашите гревови, и дека е погребан и дека воскресна на третиот ден, според Писмата“ (1. Коринќаните 15,3.4).

Христос им овозможил спасение на луѓето со својата смрт, погреб и воскресение. Тој умре за нашите гревови, потоа беше погребан, и тогаш воскресна од гробот за да ни даде нам нов живот во праведност.

„Или зар не знаете дека сите ние, кои сме крстени во Исуса Христа, крстени сме во Неговата смрт? И така, преку крштевањето во смртта, погребани сме заедно со Него, та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото и така и ние да одиме во нов живот“ (Римјаните 6,3.4).

Чинот на крштевањето покажува дека можеме да учествуваме во Христовата смрт, положувањето во гробот и воскресението. Крштевањето значи умирање со Христa, погреб на стариот живот во грев со Христa и воскресение со Христa за да можеме „и ние да одиме во нов живот“. Така можеме да примиме благослов преку овој спасоносен чин како да сме биле на Голгота, во гробот во градината. Христовата смрт и воскресението стануваат наша смрт и воскресение. Прво, ова се однесува на нашиот однос со Бога. Бог нè гледа како да сме во Христа, Неговата крв ги покрива нашите гревови, Неговиот совршен живот ги покрива нашите недостатоци. Второ, тоа се однесува на нашето искуство. Бог може да стори да умреме за гревот како да сме биле распнати. Тој може да нè направи чувствителни на дејствувањето на Светиот Дух како да сме воскреснале од мртвите.

Физичкиот чин на крштавање впечатливо ги прикажува чекорите на обратувањето. Прво, се спуштаме во вода, целосно се нурнуваме како кога покојникот се спушта во гроб и се покрива со земја. Тоа значи дека сме подготвени да умреме со Христа и да го закопаме својот стар начин на живот. Крштевањето е закоп, смрт на животот со кој владеел гревот. Потоа, проповедникот, кој нè крштева, нè крева од водата како што станува оној кој воскреснува од гробот. Тоа значи дека сме станале „нови суштества“, целосно посветени на „новиот живот“ кој е пред нас.

Единствено крштевањето со нурнување верно го прикажува вистинското значење на крштевањето – смрт, погреб и повторно раѓање. „Крштевање“ со попрскување не претставува ново раѓање на соодветен начин.

Што значи да се умре со Христос?

„Знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот“ (Римјаните 6,6).

Крштевањето е надворешен приказ на она што човекот мора да го направи во својата внатрешност – целосно да му се предаде на Христа и сè да изнесе пред Него. Ако продолжиме да си чуваме тајни, ако нешто задржуваме за себе, ќе останеме „робови на гревот“. Добро е, додека се подготвувате за крштавање, лично да размислите за својот досегашен живот и да му кажете на Бога дека сакате да се промените во согласност со Неговата волја. Промената нема да се случи веднаш. Сепак, ние мора да имаме желба потполно да му се предадеме Нему. Кога целосно ќе му се предадеме на Христа, нашите грешни желби ќе станат беспомошни.

„И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене: а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку верата во Божјиот Син, Кој ме возљуби и Се предаде Себеси за мене“ (Галатјаните 2,20).

Кога со крштевањето ќе се идентификуваме со Христовото распнување, моќна сила ја презема власта во нашиот живот; „Христос живее во мене“. Крстот и празниот гроб се настани кои и денес го менуваат светот.

За да можете во целост да го предадете својот живот во Христови раце, прво гледајте како Христос умира на крстот. Не обрнувајте внимание на гревот кој се заканува да ја задуши вашата волја, не обѕирајте се на своето минато и не очајувајте, туку гледајте на Исус. Ако Го гледате во молитва, тоа ќе ве инспирира. По восхитувањето на Христовиот милостив и смел чин на љубов на Голгота, изразете Му ја својата одлука да Го следите: „Со силата на крстот тврдам дека сум мртов за старите навики, и станувам отворен за Бога. Стојам на Христовата страна. Отсега ќе живеам со вера во Божјиот Син кој ме сака и го даде својот живот за мене“.

Кога ќе ја примиме силата на Христовата смрт и воскресение, сè повеќе ќе согледуваме дека Неговите добри особини ги заменуваат нашите стари навики:

„И така, ако е некој во Христа, тој е ново создание; старото помина, ете: сè стана ново. А сè ова е од Бога, кој нè измири со Себе преку Христа, вложувајќи го во нас словото на измирувањето“ (2. Коринќаните 5,17-18).

Крштавањето е прв важен чекор во овој процес. Со него ја изразуваме желбата да ги здружиме своите сили со Христа и да живееме нов и подобар живот „во Христа“. Исус во нас го прави она што дотогаш ние сами не можевме да го направиме. Ние стануваме од водата како „нови битија“, и Тој ни дава сила да живееме нов живот.

„И така, сега нема осудување за оние кои се во Исуса Христа, и одат не по телото, а по Духот. Зашто законот на Духот на животот во Христа ме ослободи од законот на гревот и смртта“ (Римјаните 8,1-2).

3. Зошто Исус бил крстен?

Не заборавајте дека крштевањето не претставува само умирање на стариот начин на живот, туку го прикажува миењето на нашите гревови со Христовата крв. За време на Педесетница, Петар им рекол на оние кои барале ослободување од гревот:

„А Петар им рече: Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа за проштавање на вашите гревови“ (Дела на апостолите 2,38).

Меѓутоа, тука може да настане недоразбирање бидејќи Исус никогаш не згрешил (2. Коринќаните 5,21). Зошто тогаш Тој дозволил да биде крстен?

„Тогаш Исус дојде од Галилеја до Јордан при Јована, за да се крсти од него. А Јован го одвраќаше, велејќи: ’Јас имам потреба да се крстам од Тебе, а Ти доаѓаш при мене?‘ А Исус му одговори: ’Дозволи го сега тоа, зашто така ни прилега да ја исполниме сета правда.‘ Тогаш тој Му дозволи. А кога Исус беше крстен, веднаш излезе од водата. И ете, небесата Му се отворија и го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: ’Ова е Мојот возљубен Син, во кого Ми е милината‘“ (Матеј 3,13-17).

Исус бил безгрешен. Тој не требало да се покае поради престапите, ниту имал вина која требало да биде очистена. Христос бил крстен од друга причина: „Да ја исполни сета Правда“. Дозволувајќи му на Јован да Го нурне во реката Јордан, Исус ни оставил пример. Тој во целост се идентификувал со слабите, грешни човечки суштества и доброволно ги направил сите чекори кои и ние треба да ги направиме. Христос Спасителот не бара Неговите следбеници да минат по патот по кој Тој веќе не минал. Тој секогаш предводи, Тој никогаш не е на крајот. Така верникот, кога ќе биде потопен во водата, оди по Христовите стапки.

Зошто Исус е крстен? За да може да ја пренесе врз нас својата праведност.

„Оној Кој не знаеше за грев, Бог Го направи грев за нас, за да станеме Божја правда во него“ (2. Коринќаните 5,21).

Со својата смрт и воскресение Христос ни ја дава својата праведност. Променети во Божјите очи, од грешници во свети личности, раснеме во правдата која ни е подарена, и така живееме со нов живот во Христа. Крштевањето било првиот Христов чекор на повикување на човештвото во нов живот. Смртта на Спасителот и воскресението биле Негов последен чекор, кулминација.

4. Зошто треба да се биде нурнат?

Сите податоци упатуваат на тоа дека Христос бил нурнат, а не попрскан или само полиен со вода. Јован Го крстел во реката Јордан кај Салим „зашто таму имаше многу вода“ (Јован 3,23). Кога Исус дошол кај Јован, и „беше крстен (на грчки нурнат или потопен), веднаш излезе од водата“ (Матеј 3,16).

Кога ќе го сфатиме вистинското значење на крштевањето, не е тешко да се препознае неговиот оригинален облик. Самиот збор „крштавање“ е превод на грчкиот збор „баптизо“, и значи нурнување, потопување, покривање со вода. За време на посетата на Џон Веслеј на Америка во 1737 година, црковната порота од 34 члена го осудила поради чудниот престап и поради „одбивањето да го крсти детето на господин Паркер, освен со нурнување“ (запис за ова судење се наоѓа во Судската архива на сојузната држава Џорџија). Очигледно е дека таткото на методизмот ги крштевал своите преобратеници со нурнување.

Историјата на раната Црква јасно вели дека во она време крштавањето се вршело со нурнување. Изјавите на црковните татковци по Никеја покажуваат дека Црквата ги нурнувала крштениците и во вториот и во третиот век. Крстилниците за нурнување на крштениците се наоѓале во многу храмови кои се градени меѓу четвртиот и четиринаесеттиот век во Европа и Азија. Реформаторот Жан Калвин изјавил: „Самиот збор крштавање значи нурнување; и сигурно е дека нурнувањето било обичај на првата Црква“ (Institutes of the Christian Religion, кн. IV, гл. 15).

Дин Стенли, еден од најголемите теолози на Англиканската црква, тврди дека „во текот на првите тринаесет века речиси сеопшт начин на крштевање бил оној што го наоѓаме во Новиот завет, и кој значи исто што и самиот збор крштевање; оние кои биле крштевани се потопувани или нурнувани во вода“ (Christian Institutions, стр. 2).

Крстилниците во Европа сведочат за вистинитоста на овие тврдења, како оние во катедралата во Пиза и катедралата Св. Јован, втора црква по големина во Рим. Катедралата во Фрежис во Франција има добро зачувана крстилница, која е изградена и користена во петтиот век. Во урнатините на црквата од вториот век во Ефес, Мала Азија, исто така е пронајдена крстилница за нурнување на крштениците.

Католичката црква го изедначила крштавањето со попрскување и крштавањето со нурнување дури на почетокот на петнаесеттиот век, на соборот во Равена. Кога се во прашање црковните обичаи, не треба да се следи она што нè учи човекот, туку треба да се следи примерот на Христос и апостолите (Колошаните 2,8).

Што да се каже за крштавањето на новороденчињата? Многу искрени христијани ги ценат обичаите на крштавање на новороденчиња зашто на тој начин му ги посветуваат своите деца на Христа. Посветувањето на децата на Христа од нивното раѓање секако е за пофалба, но постои библиски начин на кој можеме децата да му ги посветиме на Христа.

Крштавањето служи за одредена цел во Новиот завет. Библијата јасно кажува дека личноста, пред крштавањето, треба да биде поучена за патот на спасението (Матеј 29,18), треба да верува во Исуса (Дела на апостолите 8,37), треба да се покае за своите гревови и да ѝ биде простено (Дела на апостолите 2,38). Новороденче не може да верува, да се покае, ни да ги признава гревовите, а сето тоа мора да му претходи на крштавањето.

Библијата не говори посебно за децата кои умираат пред да пораснат доволно за да можат да го изберат Христос за свој личен Спасител и да бидат крстени. Меѓутоа, знаеме дека спасените деца ќе се најдат во Божјото царство (Исаија 11,6). Со сигурност можеме да ја довериме иднината на умрените деца во рацете на Спасителот, кој рекол: „Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство“ (Матеј 19,14).

5. Крштавањето и спасението

Што значи и каква важност има нурнувањето за верникот? Исус вака го укорил Никодим: „Ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото царство“ (Јован 3,5). Крштавањето, според Исусовите зборови, е неопходно за оние кои сакаат да стигнат на Небо.

Исус дозволува само еден исклучок. Разбојникот на крстот бил „роден од Дух“, па иако за него било невозможно да слезе од крстот и да биде нурнат во вода во знак на промена на срцето, Исус му ветил дека ќе биде со Него во царството (Лука 23,42-43). Освен тоа, разбојникот, „роден од вода и Дух“, претставува чистење со Христовата крв, која во тој миг била пролиена за да го исчисти од неговите гревови. Свети Августин забележува: „Постои само еден случај на покајување на смртната постела, случај на покајаниот разбојник, за никој да не очајува и само еден, за никој да не го следи“.

Самиот Исус го дал ова сериозно предупредување:

„Кој ќе поверува и ќе се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден“ (Марко 16,16).

Умирајќи место нас на Голгота, Исус јасно ја покажал својата љубов кон нас. И ние треба Нему да му одговориме со крштавање, јавно изразување на нашата љубов, со отворено признавање на нашето предавање. Дали сте почнале нов живот во Христа? Дали сте крстени? Ако не сте, зошто не почнете да се подготвувате за крштавање?

6. Крштавањето е само почеток

Крштавањето како обред, исто како и обредот венчавање, треба да биде почеток на еден возвишен однос кој се развива. Иако обредот на крштавање може да има блескав учинок на нашето христијанско искуство, не смееме да се занесуваме дека тој засекогаш ќе нè чува од можноста да паднеме во грев. Нашето предавање при крштавањето, само по себе, не трае цел живот.

Прославувањето е пригоден начин за одбележување на раѓањето на детето. Меѓутоа, кога возбудата ќе стивне, новороденчето треба секој ден да се храни, да се бања и некој да се грижи за неговиот напредок. Исто е и со крштавањето. Апостол Павле го изнесува своето искуство: „Јас умирам секој ден“ (1. Коринќаните 15,31). Со секојдневен отпор на себичноста, сè повеќе му се предаваме на Христа. За да раснеме непрекинато, секој ден мораме да Му се предаваме на Христа и секој ден да примаме нов живот со молитва и со проучување на Библијата.

Кое упатство им го дал Исус на своите ученици за крштениците?

„Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот. Амин!“ (Матеј 28,19-20)

Исус ја истакнал важноста на „учењето“ на крштениците да „пазат сè“ што заповедал Тој. Со крштавањето ја изразуваме нашата целосна преданост на христијанскиот начин на живот.

Апостол Павле го наведува своето искуство: „Јас умирам секој ден“ (1. Коринќаните 15,31). Со секојдневно отфрлање на себичноста, стануваме сè попосветени на Христа. Секој ден треба да се предаваме себеси на Христа и секој ден да примаме нов живот преку молитва и проучување на Библијата за да можеме постојано да раснеме.

7. Причина за радост

Филип, лаик во раната христијанска Црква, воден од Светиот Дух, еднаш наишол на висок достоинственик од етиопскиот двор, кој, додека се возел во кочија, го читал пророштвото за Месија во книгата на пророкот Исаија. Кога достоинственикот го запрашал Филипа за кој пророк се зборува тука, Филип му го „проповедал Евангелието Исусово“ (Дела на апостолите 8,26-35).

„А кога патувајќи дојдоа до некоја вода, Етиопјанецот рече: ’Еве вода! Што ми пречи да се крстам?’… И заповеда да застане колата, и двајцата – Филип и Етиопјанецот – слегоа во водата. И го крсти. А кога излегоа од водата, Господовиот Дух го зеде Филипа, и Етиопјанецот веќе не го виде. Но продолжи радосно по својот пат“ (Дела на апостолите 36-39).

Што ја раздвижило радоста на достоинственикот? Тоа сигурно не било само обичното потопување во водата, туку вистината за предавањето на Христа. Достоинственикот посведочил за својата вера во Христовата сила која може да влезе во неговото срце и да го спаси. Филип влегол со него во водата во знак на јавно искажување на новата вера која горела во срцето на овој човек. Тој го нурнал во вода, и со тоа симболично го погребал стариот начин на живот. Филип го кренал достоинственикот од водата и со тоа го обзнанил знакот дека Етиопјанецот е роден во нов живот со Христос. Радоста на крштевањето е голема само затоа што му Го даваме својот живот на Христа. Крштавањето е причина за голема радост, зашто оние кои својата вера ја положуваат во Христа имаат вечен живот. „Кој ќе поверува и ќе се крсти, ќе биде спасен“ (Марко 16,16). Кога сме крстени, се наоѓаме на патот кој нè води во вечна радост со Бога.

Со крштавањето, исто така, ја прославуваме сегашната радост со Христа. Исус им го ветува на крштениците непроценливиот дар на Светиот Дух (Дела на апостолите 2,38), кој со себе го носи „плодот на духот“, љубов, која животот го исполнува со трпение, љубезност, верност, добрина и самоконтрола (Галатјаните 5,22).

Исусовото престојување во нас преку Светиот Дух ни дава цврсто чувство на сигурност и доверба:

„Имено, не го примивте духот на ропството за да бидете пак во страв, туку го примивте духот на посинувањето, со кој викаме: Ава Татко. Самиот Дух сведочи, заедно со нашиот дух, дека сме Божји чеда“ (Римјаните 8,15-16).

Со вера можете да слушнете како ви се обраќа небесниот Татко, како што му се обратил на Исус: „Ова е Мојот возљубен Син“. Или: „Ова е мојата љубена ќерка“ (спореди Матеј 3,17).

Овој однос на блискост со Бога носи многу полезни работи, но не гарантира живот без тешкотии. Всушност, непријателот често ги опсипува со бројни тешкотии оние кои тукушто му се предале на Христа. Меѓутоа, животот со Христа ни дава сигурност во тешките мигови. Кога сме во Божји раце, знаеме дека Тој ќе го употреби сето она што ни се случува, добро или лошо, за да нè поучи и да ни помогне да напредуваме (види: Римјаните 8,28).

Една млада жена решила со крштавање да му го предаде својот живот на Христа и покрај заканите за развод од својот сопруг. Тој не сакал да има дел во нејзината вера, но таа останала со Исуса и се обидела да биде подобра сопруга од кога било претходно. Сопругот некое време правел проблеми во домот, но на крајот попуштил пред несоборливиот доказ – променет живот. И тој подоцна му го предал животот на Христа и се крстил.

Верноста кон Исуса и во добро и во зло прави да станеме силно средство во Неговите раце. Откријте ја радоста на целосното предавање. Ние можеме, без никакви услови, да Му се предадеме Нему, зашто Тој тоа веќе го стори, Тој на крстот целосно се предал за нас. Исус ја платил најголемата цена за да стане наш Спасител. Затоа имаме предност јавно да Му ја изразиме нашата љубов и верност! Ако не сте го сториле тоа досега, зошто сега да не Му го предадете Нему својот живот во молитва:

„Драг небесен Татко, Ти благодарам што Исус умрел за моите гревови, што бил во гробот и станал од гробот за да ни подари вечен живот. Додека Ти го предавам мојот живот умирајќи за себе, дојди во мојот живот и Ти престојувај во мене. Те молам, излеј го својот Дух на мене, како што стори при Христовото крштевање. Исполни го мојот живот со мир и радост и помогни ми секогаш да Те следам. Ти благодарам во Исусово име. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.