24. Што по смртта?

24. Што по смртта?

Се повлекуваме кога детето првпат ќе праша: „Што значи зборот умре?“ Сакаме да го избегнеме разговорот или размислувањето за смртта. Ние не само што се плашиме од умирање, туку се спротивставуваме и на самата помисла за смртта на некој кој ни е драг. Смртта е заеднички непријател на сите луѓе.

Тогаш, какви се одговорите на прашањата за смртта? Се раѓаат ли луѓето само за да умираат? Дали смртта е крај на животната приказна? Постои ли живот по смртта? Какво е искуството на оние во гробот? Можеме ли да им помогнеме? Можеме ли да разговараме со нив? Дали повторно ќе ги видиме своите умрени роднини и пријатели? Што е, всушност, смртта?

Противречните гласини надгласуваат нудејќи ни одговори. Медиумите на „новата доба“ учат дека духовите кои им пренесуваат пораки од умрените луѓе, се битија кои преминале во повисок степен на постоење. Хиндуистите ја проповедаат реинкарнацијата во низата на животот во која се ослободуваме од лошата судбина и продолжуваме да напредуваме во повисок степен на совршенство. Будистите веруваат во богот во нас, кој нè просветлува и нè пренесува во повисока состојба на постоење. Атеистите ја негираат надежта во вечен живот и тврдат дека смртта е вечен крај на сè. Мнозина христијани веруваат дека, всушност, не се мртви затоа што одат на небото, во пеколот или на некое друго место на свесно постоење.

Каде можеме да ја дознаеме вистината за тоа што се случува при смртта, каде можеме да добиеме одговор на толку важното прашање исполнето со чувства? Одговорот се наоѓа во Библијата, одговорот со кој Господ, кој знае сè за животот и смртта, ќе нè утеши со веста за надежта.

1. Бестрашно соочување со смртта

Секој од нас, во одреден момент, можеби непосредно по смртта на некој пријател или сакана личност, чувствува празнина во желудникот, чувство на осаменост кое нè обзема кога ќе доживееме крај на нечиј живот. За среќа, дел од христијанското послание на Земјата е „да ги избави оние, кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство“ (Евреите 2,15).

Исус во Библијата јасно одговара на вашите прашања за смртта, за воскресението и идниот живот. За да можеме да ја разбереме правата вистина за смртта од Божјата реч, да почнеме од почеток и да дознаеме како Бог нè создал.

2. Како Бог нè создал?

„Господ Бог го обликува човекот од земниот прав“ (1. Мојсеева 2,7).

Творецот првиот човек морал да го создаде од некоја натприродна, небесна состојка, но тоа не го сторил. Тој го создал Адам од „земниот прав“. Откако ги споил земните елементи за да го создаде Адамовиот мозок, коски и тело, Бог, со својата творечка енергија, му вдахнал живот на неподвижниот кип. Требало нешто повеќе за да може тоа совршено тело да се претвори во жива душа, а тоа „нешто повеќе“ бил „здивот на животот“.

„Господ Бог го обликува човекот од земниот прав, и му дувна здив на животот во носалките. Така човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2,7).

Кога Бог му вдахнал здив на животот на Адам, животот од Бог почнал да тече низ сложениот систем на човечкиот организам. Неговите мускули се стегнале и отпуштиле, неговите бели дробови и срце почнале да се движат во ритам. Телото и „здивот на животот“ станале човек, живо суштество или „жива душа“.

Забележете дека Библијата не вели дека Адам добил душа, туку вели дека човекот „стана жива душа“.

Заради тоа, човечката равенка можеме да ја напишеме вака:

„земен прав“ + „животен здив“ (животна енергија) = „жива душа“

безживотно тело + Божји здив = човек / живо суштество

Секој од нас има тело, мозок, помнење, мислење, совест и волја. Секој од нас има своја личност и карактер. Така, секој од нас е неделива целина, а не два различни дела составени заедно. Сè додека дишеме ќе бидеме живо човечко суштество, жива душа.

3. Што се случува кога некој ќе умре?

Смртта е процес спротивен на создавањето кое е опишано во 1. Мојсеева 2,7:

„И се врати правот во земјата како што дојде од неа; а духот се врати при Бога, кој го даде“ (Проповедник 12,7).

Библијата често наизменично го употребува еврејскиот збор за „здив“ и „дух“. Кога луѓето умираат, нивното тело станува „прав“, а „здивот“, „духот“ или „животниот здив“ се враќа кај Бога, кај својот извор. Но што се случува со душата?

„Животот Ми Мој, говори Господ Бог, Никој од вас нема веќе да ја повторува во Израел таа поговорка, зашто, сите животи се Мои… И еве, оној кој ќе згреши, тој ќе умре“ (Езекиeл 18,3.4).

Душата умира! Таа не е бесмртна, бидејќи може да ја снема. Претходните два библиски стиха покажуваат дека равенката од 1. Мојсеева 2,7, која настанала кога Бог нè создал, го менува резултатот кога ќе умреме:

„земен прав“ – „животен здив“ = „мртва душа“

безживотно тело – Божји здив = мртво суштество

Смртта е престанок на животот, губење на духот, душата и телото. Телото се распаѓа во земен прав, а здивот или духот се враќа кај Бога. Во животот сме живо суштество, жива душа, а во смртта само тело, мртва душа. Кога Бог го зема назад здивот на животот што ни го дал, нашата душа умира.

Меѓутоа, благодарение на Бога, приказната не завршува овде. Со Христа има надеж. Но пред да кажеме нешто повеќе за таа надеж, да одговориме на следното прашање:

4. Што знае мртвиот човек?

По смртта мозокот се распаѓа, па затоа процесот на сознание е невозможен.

„Зашто во смртта не спомнуваат за Тебе: кој ќе Те слави во Подземјето?“ (Псалм 6,5)

Во смртта се губат сите човечки чувства:

„Одамна ги снема: нивната љубов и нивната омраза и зависта, и веќе немаат учество во нешто што станува под сонцето“ (Проповедник 9,6).

Мртвите не се свесни за она што се случува на Земјата. Тие немаат никаква врска со живите:

„Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо, ниту имаат веќе награда, зашто се заборава и споменот за нив… Уживај го животот… зашто нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето во кое одиш“ (Проповедник 9,5.9.10).

Смртта е како длабок сон. Всушност, Библијата 54 пати смртта ја нарекува сон. Псалмистот вели: „Просветли ги моите очи за да не заспијам во смрт“ (Псалм 13,3). Исус, исто така, учел дека смртта е сон. Тој им рекол на своите ученици:

„Нашиот пријател Лазар заспа; туку, одам да го разбудам. Тогаш учениците Му рекоа: Господи, ако заспал, ќе стане. Но Исус зборуваше за неговата смрт, а тие мислеа дека зборува за починка во сон. Тогаш Исус им рече јасно: Лазар умре“ (Јован 11,11-14).

Телото на Лазар било во почетен стадиум на распаѓање бидејќи умрел четири дена пред Христос да дојде. Но кога Синот Човечки дошол до гробот, сите можеле да се уверат дека на Бога му е лесно да го подигне умрениот, исто како што нам ни е лесно да разбудиме заспана личност.

Сознанието дека нашите сакани кои умреле сега „спијат“, кои мирно се одмораат во Исуса, е голема утеха. Тунелот на смртта, низ кој еден ден и ние ќе минеме, е мирно и тивко место.

Божјиот пат е најдобриот пат. Да претпоставиме дека добрата мајка по смртта заминува на Небото. Според раширеното учење, таа од Небото би можела да ја гледа нашата Земја. Ако нејзиниот син е тврдоглав, таа би гледала безнадежен алкохоличар или наркоман кој умира од сида. Или, да претпоставиме дека нејзиниот сопруг умрел пред неа. Според вообичаеното верување, ако нејзиниот сопруг бил безбожен, таа би можела да погледне во пеколот и да го види како се мачи во вечен оган. Спасението во такви околности нуди повеќе болка отколку среќа. Му благодариме на Бога што смртта е тврд, мирен сон.

5. Дали Бог ги заборава умрените кои спијат?

Смртта е сон, но не и крај на приказната. На гробот на својот пријател Лазар, Исус ѝ рекол на Марта:

„Јас Сум Воскресението и Животот; кој верува во Мене – и да умре – ќе живее“ (Јован 11,25).

Оние кои умираат во Христа спијат во гробовите, но пред нив е блескава иднина. Нашиот неспоредлив Творец ја чува целосната слика, може да се каже, ДНК на секој поединец што го создал. Тој, што го брои секое влакно на вашата глава и нè држи на дланката од својата рака, не заборава.

Јов имал доверба во Божјото непогрешливо памтење. Тој изразил надеж во повторен живот:

„О, кога би сакал да ме скриеш во Шеолот… Зашто, кога човекот умре, зар може да оживее? Би те чекал во сите денови на своето војување, додека не дојдеш да ми дадеш смена. Би ме повикал, а јас би се одѕвал; имаш желба за делото на Своите раце“ (Книгата за Јов 14,13-15).

„Смена“ доаѓа за оние кои се одмораат во гробовите. Бог нема да ги изгуби податоците ниту за едно свое дете. Ние можеме да умреме и да се вратиме во прав, но записот за нашата личност засекогаш останува во Божјиот ум.

Нашиот „живот е сокриен во Христа Бога“ (Колошаните 3,3), и Тој сигурно ќе нè крене од мртвите, како што го кренал Лазара.

„А кога ќе се јави Христос, нашиот живот, тогаш и вие ќе се јавите со Него во слава“ (Колошаните 3,4).

Кога Исус ќе дојде, умрените праведници ќе бидат разбудени од сон.

„Не сакаме, браќа, да останете во незнаење за умрените, за да не жалите како другите, кои немаат надеж. Зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво. Потоа ние живите, ние кои останавме, ќе бидеме грабнати заедно со нив на облаците, во воздух, во пресрет на Господа; и така засекогаш ќе бидеме со Господа“ (1. Солуњаните 4,13.16-18).

На денот на воскресението смртта ќе изгледа како кус одмор. Мртвите не се свесни за минувањето на времето. Оние што го прифатиле Христа за свој Спасител ќе се разбудат од сонот кога ќе го слушнат Неговиот глас, кога ќе дојде по втор пат.

Надежта во воскресението оди во чекор со надежта во небесниот дом, „заради надежта која се чува за вас на небесата“ (Колошаните 1,5). Библијата е преполна со вистини за совршениот дом во Татковата куќа. Нејзините жители радосно „ги пазат Божјите заповеди и го имаат Исусовото сведоштво“ (Откровение 12,17). Бог „ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка…“ (Откровение 21,4).

Оние кои го сакаат Бога не треба да се плашат од смртта. По неа доаѓа вечен, вистински, физички, радосен живот со Бога. Исус ги држи „клучевите на смртта“ (Откровение 1,18). Без Христа, смртта би била еднонасочна улица која се завршува во заборав, во амбис кој се наоѓа на крајот на патот од гревот. Но Христос може да го отвори гробот. Со Христа постои надеж, блескава, светла надеж.

6. Дали сега сме бесмртни?

Библијата никаде не тврди дека душата е бесмртна, дека не е подложна на смрт. Во почетокот Адам, како создаден Божји син, не добил смрт, туку вечен живот. Да останел Адам послушен на Божјата волја, никогаш не би умрел. Но кога Адам и Ева згрешиле, се откажале од правото на живот, и поради непослушноста станале подложни на смрт. Нивниот грев го заразил сиот човечки род (Римјаните 5,12). Бидејќи „оној кој ќе згреши, тој ќе умре“ (Езекиел 18,4), сега сите луѓе се смртни, подложни на умирање.

Еврејските и грчките зборови за „душа“, „дух“ и „здив“ се појавуваат во Библијата 1700 пати, но затоа човечката душа, дух или здив не се спомнуваат како бесмртни или вечни. Библијата не познава „вечен човечки дух“, ниту пак постои навестување дека човечката „душа“ или „дух“ на каков било начин може да постои без телото.

Само Бог има бесмртност.

„Цар над царевите и Господар над господарите, Кој единствено има бесмртност…“ (1. Тимотеј 6,15.16).

Светото писмо нагласува дека сите луѓе во овој живот се смртни, подложни на умирање. Меѓутоа, кога Исус ќе се врати, нашата природа ќе биде целосно изменета.

„Еве! Ви кажувам тајна: не ќе умреме сите, но ќе се измените во еден миг, во миг на окото, при гласот на последната труба: имено, трубата ќе затруби и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме, зашто треба ова распадливото да се облече во нераспадливо; и ова смртното да се облече во бесмртност. А кога ова, распадливото, ќе се облече во нераспадливост; и, ова, смртното ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното слово: Победата ја проголта смртта“ (1. Коринќаните 15,51-54).

Како човечки суштества, сега сме смртни. Но со вера во Исуса можеме да го примиме ветувањето за бесмртноста. Христијанинот е сигурен дека ќе прими бесмртност при Неговото доаѓање.

Ветувањето за бесмртност се исполнило кога Исус станал од гробот.

„А сега се открива преку јавувањето на нашиот Спасител Исус Христос, Кој ја уништи смртта и ги осветли животот и бесмртноста преку Евангелието“ (2. Тимотеј 1,10).

Учењето дека сега сме бесмртни е поврзано со верувањето во огнот на пеколот, кој гори вечно. Замислата за бесмртноста и пеколниот оган кој вечно гори, се заснова на лага која сатаната ѝ ја кажал на Ева во Едем: „Навистина, не ќе умрете“ (1. Мојсеева 3,4). Божјиот став за човековото конечно престојувалиште е јасен – вечна смрт за оние кои го отфрлаат Исуса и остануваат со гревот, а дарот на бесмртноста, кога Исус ќе дојде, на оние кои Го прифаќаат за свој Спасител.

7. Соочување со смртта на нашите сакани

Стравот со кој природно се бориме кога се соочуваме со смртта, станува посебно изразен кога ќе умре некој од нашите сакани. Самотијата и чувството на загуба може да нè скршат, и сите, без разлика, преживуваме тешки мигови на болка. Некои толку силно ја чувствуваат одделеноста од своите сакани што се обидуваат да воспостават контакт со својот сакан покојник. Таквите потпаднуваат под влијание на спиритуалните медиуми или канализатори на „новата доба“, кои тврдат дека можат да разговараат со мртвите.

Меѓутоа, Библијата посебно ни укажува да внимаваме на ваквите обиди за смирување на болката предизвикана од смртта на саканата личност:

„Ако ви речат: Прашајте ги духовите и оние кои пророкуваат за иднината, што шепотат и мрморат – одговорете: Зар народот не треба да Го праша својот Бог? Зар мртвите се прашуваат за живите? Покрај Законот! Покрај сведоштвата! Ако не зборуваат според ова слово, нема светлина во нив“ (Исаија 8,19.20).

Вистинско решение за болката предизвикана со разделбата од нашите сакани е утехата што ни ја дава само Исус Христос. Христос е тој, а не некој медиум, кој ги чува нашите сакани на својата дланка. Творецот Христос е тој што чува верна слика на секој поединец.

Времето минато во разговор со Христа претставува најдобар начин за совладување на тагата. Неговите погледи полека почнуваат да нè обземаат. Неговото ветување ги осветлува нашите темни мисли. Не заборавајте дека нашите сакани спијат, а ноќта, на оној кој спие, му изгледа како неколку мига. Следното свесно воочување на реалноста од страна на оние кои спијат во Христа, ќе биде огласувањето на Второто доаѓање.

Вашите сакани кои почиваат во Христа, ќе станат во „воскресение за животот“, кога Исус повторно ќе дојде. Во тој славен ден нашите најблиски и нашите пријатели ќе бидат воскреснати за да се сретнат со Исуса Христа.

Бог подготвува прекрасни средби. Децата ќе бидат вратени кај одушевените родители. Брачните другари повторно ќе се сретнат. Сите сурови разделби од овој живот ќе исчезнат во восхитот на небесните средби. Вистината ќе се оствари:

„Победата ја проголта смртта“ (1. Коринќаните 15,54).

8. Ослободени од стравот од смртта

Нема сомневање дека смртта е суров непријател бидејќи нè лишува од сè. Меѓутоа, единствено нешто што не може да ни го земе е Христос, а Христос може да надомести сè. Смртта нема секогаш да владее со овој свет. Ѓаволот, безбожниците, смртта и Подземјето ќе ги снема во огненото езеро, кое е втора смрт (Откровение 20,14).

Во меѓувреме, еве четири едноставни предлози за храбро соочување со смртта:

  • Живејте со живот исполнет со надеж и доверба во Христа и ќе бидете подготвени да гледате на смртта како на секојдневна појава.
  • Со силата на Светиот Дух бидете послушни на Христовите заповеди и ќе бидете подготвени за вториот живот, во кој никогаш нема да доживеете смрт.
  • Сметајте ја смртта за краток сон од кој ќе ве разбуди Исусовиот глас при Неговото Второ доаѓање.
  • Негувајте ја сигурноста дека во текот на целата вечност ќе бидете со Христа во Неговиот дом.

Библиската вистина нè ослободува од стравот од смртта бидејќи ни Го открива Исуса, Тој кого ни смртта не може да го победи. Кога ќе влезе во нашиот живот, Исус го исполнува нашето срце со мир:

„Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои“ (Јован 14,27).

Исус нè прави подготвени да се фатиме во костец со трагедијата поради загубата на саканата личност. Исус минал низ „долината на смртта“; Тој ги познава темните ноќи низ кои минуваме и ние. Тој умрел и воскреснал од гробот и така ни дал непоколеблива надеж.

„Бидејќи пак децата имаат учество во месото и крвта, така и Тој зеде учество во тоа, и со смртта да го уништи оној, кој ја имаше власта над смртта, односно ѓаволот, и да ги избави оние, кои заради стравот од смртта, цел живот беа во ропство“ (Евреите 2,14.15).

Доктор Џон Симпсон, славен лекар кој ја открил анестезијата, доживеал ужасна загуба кога му умрело најстарото дете. Страдал длабоко, како што би страдал секој родител. Но тогаш го пронашол патот до надежта. На гробот на своето дете подигнал мал споменик во облик на спирала која се издига кон Небото. На споменикот биле врежани зборовите: „Јас сепак живеам“.

Со тоа сè е кажано. Личната трагедија може, навидум, да го ничкоса небото над нас, но Исус, сепак, живее! Нашето срце можеби се крши, но Исус, сепак, живее!

Во Христос имаме надеж за вечен живот. Тој е „воскресението и животот“ (Јован 11,25), и Тој ветува: „Зашто Јас живеам, и вие ќе живеете“ (Јован 14,19). Кога повторно ќе дојде, Христос ќе ни даде бесмртност. Никогаш повеќе нема да живееме во сенката на смртта зашто имаме вечен живот. Дали сте ја откриле оваа голема надеж, која може да нè охрабри во најтешките животни мигови? Ако сè уште не сте го прифатиле Христа за свој Спасител, сторете го тоа сега.

„Боже и Татко, благодарен сум Ти за Твојата праведност и милост во постапувањето кон слабите и смртните човечки суштества. Јас Те сакам и копнеам по денот кога со Твојата милост ќе добијам бесмртност, заедно со сите Твои деца. Помогни ми целосно да Ти се предадам и со целото мое срце да верувам во библиската наука. Направи побргу да дојде денот кога ќе се сретнеме со своите сакани во големото утро на воскресение. Те молам во името на Исус. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.