26. Има ли Бог посебна вест за нашето време?

26. Има ли Бог посебна вест за нашето време?

Статистиките покажуваат дека само во Соединетите Американски Држави дејствуваат 240 различни верски заедници. Во светот ги има повеќе од петстотини. Протестантите се поделиле на повеќе од 200 цркви, а поголемиот дел од нив продолжиле и понатаму да се делат на различни групи. Постојат, на пример, дваесет различни групи на баптисти.

Еден англикански бискуп во една пригода рекол вака: „Поделеното христијанство е извор на слабости од Запад, а во нехристијанските земји тоа е… камен на сопнувањето“. Овој бискуп ја имал на ум збунетоста со која се соочуваат новите верници во хиндуистичките, будистичките и исламските земји, кои, кога ќе решат да го следат Христа, мораат да бираат меѓу големиот број цркви, додека пак тие, од своја страна, се борат за нивната наклоност.

Поради збрката предизвикана со таквата раширеност на верувања, не е ни чудно што Библијата ја опишува верската слика во светот на последното време како „Вавилон“ (Откровение 14,8). По „збрката“ од јазици кај Вавилонската кула, името Вавилон се поврзува со еврејскиот збор „babel“, што значи „да се смеша, да се збуни“. Во библиските пророштва Вавилон станува симбол на религиска збрка. Во овој лавиринт што го прават верските заедници, кои во многу нешта не се сложуваат а многупати и се натпреваруваат меѓу себе, како некој, кој ја бара вистината, може да ја открие нерасипаната, вистинска вера?

1. Која религија спасува?

Рамон Умашанкар е роден како браман. Неговите учители од најраното детство го учеле дека тој им припаѓа на највисоките, и за да го спознае божеството, мора да вежба јога и да медитира. Веќе во тинејџерските години Рамон почнал да се прашува дали тој навистина може да го најде Бога во различните идоли што се наоѓаат во хиндуистичките храмови.

Рамон подоцна се преселил во Соединетите Американски Држави и почнал да ја проучува Библијата и личноста на Исус Христос. Тој отсекогаш го почитувал Исуса поради Неговата понизност, но сега Рамон слушнал дека овој Исус тврдел дека е единствен Божји син. Забележал, исто така, дека многу христијани имаат мир, кој нему ни долгогодишната медитација не му го донеле. Сепак, Рамон решил да ја пронајде вистината во својата хиндуистичка вера. По некое време, тој го гледал филмот за Исусовиот живот. Тогаш за првпат сфатил дека Исус искусил страдања и страв како и секое човечко суштество. Пред тоа, тој мислел дека Исус, на некој начин, употребил натприродни сили за да ја избегне болката од распнувањето. Не можел да го објасни крстот, па се прашувал како можел Исус да претрпи вакви страдања поради грешните човечки суштества?

Размислувајќи за Христовата смрт, Рамон бил совладан од изразот на големата љубов. Решил да го остави својот привилегиран статус на браман и да му го предаде својот живот на Христос Спасителот. Тој рекол дека „сè друго се скршило на многу парчиња“.

Овој млад браман ја открил најважната христијанска вистина: Исус е Спасителот на светот. Тој е Патот, единствениот Пат на спасение.

„Нема спасение ниту во еден друг, ниту има друго име под небото, дадено на луѓето, преку кое мора да се спасиме“ (Дела на апостолите 4,12).

Библијата јасно нè учи дека сме изгубени во гревот и затоа потпаѓаме под казната за гревот, а тоа е смртта (Римјаните 6,23). Сите згрешиле (Римјаните 3,23), и затоа сите се соочуваат со смртта и сите треба да бидат спасени од пресудата за гревот. Исус е единствената личност која може да овозможи спасение.

„Преку Него (Евангелието) и се спасувате… дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата“ (1. Коринќаните 15,2-4).

Нас не нè спасува религијата, ниту нè спасува Црквата. Нас нè спасува Исус Христос, само Тој.

„Зашто тоа е волјата на Мојот Татко, секој што ќе Го види Синот и поверува во Него – да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“ (Јован 6,40).

Апостол Петар му рекол на Исуса:

„Ти си Христос, Син на живиот Бог“ (Матеј 16,16).

Исус на таквото признание на верата возвратил:

„На тој Камен ќе ја изградам Мојата Црква“ (Матеј 16,18).

Верата во Исуса Христа е темел на вистинската религија, Камен на кој е втемелена правата Црква. Како што имаме „еден Бог Отец“, имаме и „еден Господ Исус Христос“, нашиот Спасител (1. Коринќаните 8,6), така што постои само една вистинска религија:

„Еден Господ, една вера, едно крштевање“ (Ефесјаните 4,5).

Христијанството учи за Вистината онака како што таа е откриена во Божјата реч. Исус рекол:

„Вие ги проучувате Писмата, зашто мислите дека имате вечен живот во нив; и тие сведочат за Мене“ (Јован 5,39).

2. Има ли Бог посебна вест за нашето време?

Бог има посебна вест за христијаните на последното време. Оваа тројна вест се наоѓа во Откровение 14,6-16. Според стиховите од 14-16, Исус ќе дојде да ги „ожнее“ спасените, бидејќи тројната вест се проширила по светот:

„И видов, и ете, бел облак, а на облакот седеше Еден сличен на Човечкиот Син, со златна круна на главата и со остар срп во раката. И еден друг ангел излезе од храмот и му извика со силен глас на Оној, Кој седеше на облакот: Испрати го својот срп и жниј, зашто дојде твоето време за жниење, зашто е зрела жетвата на земјата. И Оној, Кој седеше на облакот, го фрли својот срп на земјата и земјата беше пожнеана“ (Откровение 14,14-16).

Проповедањето на оваа вест, која ја објавуваат тројца ангели, достигнува максимум при второто Христово доаѓање. Иако Светото писмо ги покажува овие три вести преку симболите на тројцата ангели, Божјиот народ е тој што ги проповеда низ целиот свет. Да ја разгледаме внимателно секоја од овие три вести.

Првата ангелска вест

„И видов друг ангел како лета посреде небото, имајќи вечно Евангелие, за да им го проповеда на жителите на земјата: и на секоја народност и на секое племе и јазик и народ, и зборуваше со силен глас: Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто дојде часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори“ (Откровение 14,6.7).

Божјиот народ не објавува некое ново Евангелие, туку вечното „Евангелие“ на целиот свет, „секое племе и јазик и народ“. Иако Бог може да има посебна вест за последните денови, ние секогаш мора да внимаваме да не го заборавиме Христовото „вечно Евангелие“. Тоа е истата вест за спасение, која народот со „вера“ ја прифатил во старозаветното време (Евреите 3,16-42; 11,1-40); иста наука што и самиот Исус ја објавувал, истото Евангелие кое го објавувале учениците додека го освојувале светот за Христа, истото Евангелие кое одекнувало во вековите на христијанската ера.

Едноставно и спасоносно, Евангелието на Исуса Христа речиси го снемало од Црквата за време на мрачниот среден век, но реформацијата повторно го оживеала и Божјиот народ денес го проповеда низ целиот свет. Првиот ангел ја објавува истата евангелска вест, но таа, во нови услови, се проповеда низ целиот свет на луѓето кои живеат во последните денови пред второто Христово доаѓање.

За оние кои ќе ја прифатат важи повикот „бојте се од Бога и подајте Му слава“ (т.е. да го возвишат Неговиот карактер). Како живи сведоци, тие му го откриваат на светот Божјиот карактер на љубовта. Тие впечатливо покажуваат што може да направи Бог преку луѓето кои се исполнети со Христовиот дух.

Кога требало овие три ангелски вести да бидат објавени низ целиот свет? Кога ќе дојде „часот на Неговиот суд“. Дванаесеттата лекција истакнува дека Исус го започнал истражниот суд во 1844 година. Таа иста година Исус ги инспирирал луѓето во светот да започнат со проповедање на веста од Откровение 14 глава.

Оваа вест повикува да се „поклониме на Оној, Кој го создал небото и земјата“ (Откровение 14,7). Бог бара од нас: „Помни го саботниот ден, за да го празнуваш… Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата…“ (2. Мојсеева 20,8-11). Додека во 1844 година Дарвин ја изнесува теоријата за еволуцијата, Бог ги повикува луѓето да го обожаваат Него како Творец. Кога теоријата за еволуцијата почнала да го загрозува авторитетот на Божјата реч, оние кои ја објавувале тројната ангелска вест, истовремено во Божјата реч го откриле седмиот ден, саботата, и почнале да го празнуваат во чест на Творецот на Небото и Земјата.

Втората ангелска вест

„И друг, втор, ангел дојде по него, велејќи: Падна, падна големиот Вавилон, кој ги напои сите народи со страсното вино на своето блудство“ (Откровение 14,8).

Втората Божја вест решително се спротивставува на религијата на компромис. Откровението, во 17-тата глава, го прикажува духовниот Вавилон, отпаднатото христијанство како блудница (стих 5). Таа стои наспроти чистата жена од Откровение, 12 глава, која ја претставува правата Христијанска црква.

Вториот ангел предупредува: „Падна, падна големиот Вавилон“. Вавилон е паднатата жена, која со своето „вино“ ги напоила сите народи. Виното на лажната наука ги проникнало лажните облици на христијанството кои ја замаглуваат Божјата реч.

Вавилон претставува мешавина на бројните облици на отпаднатото христијанство. Едно од многуте кривоверја што го опфатило поголемиот дел од христијанството, е легализмот, верување дека се спасуваме со своите добри дела. Во друга крајност се наоѓаат оние кои веруваат во таканаречената „евтина милост“. Тие го одделуваат Евангелието од неговите природни последици – од послушноста кон Христа.

Бог ги повикува луѓето да „излезат“ од Вавилон (Откровение 18,4), и со целото срце да му се предадат на Исуса Христа. Тој сака луѓе кои ќе ја покажуваат силата на послушноста во верата. Господ ги повикува своите следбеници да излезат од духовниот Вавилон и да останат вистински ученици кои се потпираат на Христа и ја следат неговата наука изложена во Светото писмо. Тој од нас бара да ги држиме Божјите заповеди со вера во Исуса Христа (Откровение 14,12).

Вавилон нуди лажна алтернатива. На пример, постојат верски заедници коишто сами одбираат кои делови од библиската наука треба да се следат, а кои да се занемарат. Денес многумина го прифаќаат лабавото христијанство, со што како да велат: „Кажувај ми само убави христијански фрази. Не оптоварувај ми го животот со строгите заповеди од Синајската гора!“

Вавилон е опасен поради ширењето лажни сознанија за Бога. Тој ја искривува сликата за Бога и Го покажува како одмаздољубив полицаец на Небото, кој постојано нешто побарува, или како сентиментален старец кој е премногу мирен за да опоменува некого за гревот. Здравата црква дава урамнотежена слика на сите Божји особини и покажува дека Неговата правда и милост, сувереност и служба, семоќност и трпеливост, заедно, се дел од вистината за Бога кој е полн со љубов. Оние кои ќе „излезат“ од Вавилон, ги отфрлаат небиблиските учења и го обожаваат Бога како што е откриено во Светото Писмо.

Третата ангелска вест

„И друг, трет, ангел дојде по него, велејќи со силен глас: Ако некој му се поклони на ѕверот и на неговиот лик, и прими ознака на своето чело или својата рака, и самиот ќе пие од виното на Божјиот гнев… и не ќе имаат починка, ни дење ни ноќе, оние кои му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик, и кој ја прима ознаката на неговото име. Тука е трпението на светите, кои ги пазат заповедите и верата во Исуса“ (Откровение 14,9-12).

Третата ангелска вест бара одлука. Таа го дели светот во две групи. На една страна стои отпаднатото христијанство кое се „поклонува на ѕверот и неговиот лик, и прима ознака“. На другата страна стојат оние кои го отфрлаат авторитетот на ѕверот, „кои ги пазат заповедите и верата во Исуса“.

Воочете ја спротивноста меѓу овие две наполно различни групи. Оние кои ја примаат ознаката на ѕверот се обожавачи коишто ги следат човечките идеи и обичаи, додека „светите“ ги обележува постојаност, послушност кон Божјите заповеди и верата во Исуса.

Доколку сакатe подетално да се запознаете со идентитетот на ѕверот, неговиот лик и неговиот жиг, проучете го курсот „Тајните на пророштвата“. Во оваа лекција накусо ќе ја истражиме важноста на третата ангелска вест.

3. Христовата Црква на последното време

Дали некогаш сте се восхитувале на некој решителен, постојан христијанин, сте се чуделе на неговата посветеност, трпение и вера, и сте замислувале за слично духовно искуство? Бог дал посебна вест за нашето време во Откровение 14 глава, вест која може да донесе токму такво искуство.

Како што истакнавме во 25-тата лекција, текстот во Откровение 12,17 ги препознава христијаните на последното време во оние „кои ги пазат Божјите заповеди и го имаат Исусовото сведоштво“. Откровение 14,12 ја опишува истата група како „светите, кои ги пазат заповедите и верата во Исуса“. Еве кус приказ на обележјата на христијаните на последното време:

  • Тие го имаат „сведоштвото на Исус Христос“. Дури и тогаш кога сатаната го излева својот гнев врз нив, тие му остануваат верни на Исуса. Пред да се вознесе на небото, нашиот Спасител го ветил дарот – Светиот Дух. Тој, исто така, ветил дека преку верата ќе живее во срцата на христијаните. Нашиот Спасител сака Неговата светлина, љубов и сила на посебен начин да блескаат во светот преку Божјата црква на последното време. Овие христијани не ја создале сами својата вера, таа е дар од Бога (Ефесјаните 2,8). Тие сè појасно го гледаат Христовиот карактер и со вера стануваат живи споменици на Христовата сила која дејствува во нив.
  • Тие ја имаат и ја чуваат Исусовата вера. Христијаните на последното време веруваат во Бога, како што Исус верувал во Својот Татко. Верата што ја имал Исус, верата за која Тој проповедал, верата со која Тој живеел, мора да ги исполни нивните срца. Верниците на последното време не само што ја имаат вистината, туку ја чуваат и ја следат. Религијата за нив е живот, а верата доаѓа заедно со послушноста. Секој христијанин во својот личен живот живее со „верата во Исуса“. Исус го презема нивниот живот додека живеат во хармонија со Божјата реч. Нивното искуство е послушноста, која живее преку верата или „праведноста што доаѓа од верата“ (Римјаните 9,13). Тие ја откриле вистината за која во 18-тиот век пишувал Самјуел Џонсон: „Оној кој се надева дека ќе најде мир верувајќи во Бога, мора да Му биде послушен“.
  • Тие остануваат верни на Исуса, бидејќи откриле дека применувањето на библиските вистини во секојдневниот живот предизвикува христијанскиот живот да напредува многу бргу. Тие сфатиле дека овие големи библиски вистини се љубов и предаденост на Исус, кој ја задоволува секоја потреба и копнеж на човечкото срце.
  • Тие ги „пазат Божјите заповеди“, Десетте заповеди, Божјиот морален закон. Тие се чесен народ, и затоа, над сè, сакаат да ја послушаат секоја Божја желба, секоја Негова света заповед. Тие ја покажуваат својата љубов кон Бога и луѓето со тоа што ги следат сите Божји заповеди, вклучувајќи ја и четвртата, која ги повикува луѓето да го величаат Бога, нашиот Творец, празнувајќи ја саботата, седмиот ден во седмицата.
  • Тие го проповедаат „вечното Евангелие“ во целиот свет (Откровение 14,6). Евангелието објавува дека гревот ги одвојува луѓето од Бога, но и тоа дека Исус умрел за нашите гревови и воскреснал од гробот за да можеме ние да ја доживееме Неговата спасоносна милост. Исусовата смрт и воскресение воспоставува заедница меѓу Бога и луѓето, заедница која нам ни дава животворна сила. Од 1844 година, кога почнал истражниот суд на Небото, Христовата Црква на последното време ги повикува сите луѓе да излезат од верските заблуди и да воспостават врска со Христовата втемеленост исклучиво на библиската вистина.
  • Нив ги придвижува чувството на итност „зашто дојде време за жниење, зашто е зрела жетвата на земјата“ (Откровение 14,15). Долгата ноќ на гревот и духовната темнина е речиси помината, историјата на борбата меѓу доброто и злото се ближи кон својот крај, а милиони луѓе сè уште не го запознале Исуса Христа.
  • Тие се посветени на задачата што им ја дал Бог. Бидејќи „големиот Вавилон“ паднал, тие ги молат сите кои сè уште живеат во верска збрка: „Излезете од неа, народе Мој“ (Откровение 18,4). Тие не сакаат својата заедница со Христа да ја задржат само за себе. Тие копнеат со другите да ја споделат својата сигурност и среќа. Нивната заедница е здрава и ги соединува со Христа во голем народ кој ја објавува Божјата последна порака на светот. Сево ова ги обединува срцата на милиони христијани на последното време, опишано во Книгата Откровение. Нивната радост ги придвижува да му се придружат на апостол Јован во големиот повик: „Она што го видовме и чувме, тоа ви го навестуваме и вам, за да имате и вие заедништво со нас. А нашето заедништво е со Таткото и со Неговиот Син Исус Христос“ (1. Јованово 1,3).

Преку својот Дух и својата Црква, Исус ги повикува сите луѓе да дојдат кај Него:

„Духот и невестата (Црквата) зборуваат: Дојди! И кој слуша, нека рече: Дојди! И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе дарум од водата на животот“ (Откровение 22,17).

4. Две жетви

Трите ангелски вести го достигнуваат својот максимум со Исусовото враќање на Земјата, да ја изврши жетвата на спасените од сите времиња (Откровение 14,14-16). Исус ги собира сите спасени и ги зема во „многуте живеалишта“ на Небото (Јован 14,1-3). Тој засекогаш ги отстранува гревот, болеста, тагата и смртта. Светите започнуваат нов живот во заедница со Него, и секој ден е повозбудлив од претходниот, низ целата вечност (Откровение 21,1-4).

Исус со своето второ доаѓање ќе ги уништи сите безбожници:

„И друг ангел излезе од црквата што е во небото, и тој имаше остар срп. И друг ангел, кој имаше власт над огнот, дојде од жртвеникот, и му извика со силен глас на оној којшто имаше остар срп: Испрати го својот остар срп, и обери го грозјето од земното лозје, зашто неговото грозје веќе е зрело. И ангелот го фрли својот срп на земјата, и го обра земното лозје и го стави во големата каца на Божјиот гнев. И кацата беше изгазена надвор од градот, и од кацата потече крв до уздите на коњите, на растојание од илјада и шестотини стадии“ (Откровение 14,17-20).

Ова ќе биде трагично време на конечното уништување. Тоа е тажен настан за Христа, бидејќи ќе мора да ги уништи оние што го одбиваат спасението. „Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да загине некој, туку сите да се покаат“ (2. Петрово 3,9). За жал, некои и понатаму се одделуваат од Него.

Кога Исус ќе дојде да го жнее она што го посеал по светот, во која жетва ќе се најдеме ние? Дали ќе бидеме меѓу зрелото грозје, меѓу изгубените, кои бегаат од прославениот Христос (Откровение 14,17-20)? Сега е време за одлука. Сега е време да го прифатиме спасението.

„А како Негови соработници, ние ве молиме, да не ја примате напразно Божјата благодат. Зашто вели: Во благопријатно време те послушав и во денот на спасението ти помогнав. Еве, сега е благопријатното време, ете, сега е денот на спасението!“ (2. Коринќаните 6,1-2)

Сè е сосема јасно. Од една страна стои Исус со своите раширени, прободени раце, повикувајќи нè да го заземеме местото со светите кои „ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14,12). Од друга страна, се слушаат гласовите на луѓето кои тврдат дека послушноста кон целата Библија и кон сите Божји заповеди не е важна.

Мноштвото во предворјето на Пилатовата судница се соочило со слично прашање. На едната страна бил Исус, Синот Човечки, но и Богочовек, а на другата стоел Варава, човек кој не можел да си помогне ни себеси, ни на мноштвото што било сведок на овој трагичен настан. Сепак, кога Пилатовите остри зборови одекнале низ мноштвото: „Кого од двајцата сакате да го пуштам“, лутите гласови одговориле: „Варава!“

„Што да направам со Исус, наречен Христос“, прашал понатаму Пилат.

Мноштвото едногласно викнало: „Да биде распнат!“ Така, недолжниот Исус бил распнат, а Варава, злосторник, пуштен на слобода (Матеј 27,20-26).

Кого денес ќе го изберете, Варава или Исус? Сакате ли да ги следите човечките идеи и учења, спротивни на Божјите заповеди и Исусовото вечно Евангелие? Или сакате да бидете оние кои ги „пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос“? Не заборавајте, Тој ветил дека Светиот Дух ќе дојде да ги реши сите наши потешкотии, да ја излечи сета болка во нашето срце и да го задоволи нашиот копнеж за спасение.

„Драг Небесен Татко, повеќе од сè сакам секогаш да те славам и фалам. Сакам да бидам на Твоја страна. Сакам да бидам Твој следбеник, кој ги пази заповедите во последните денови. Копнеам за денот кога ќе бидам со Тебе во Твоето царство. Знам дека тоа ми го овозможува само Твојата голема жртва. Ја прифаќам Твојата милостива понуда и Те молам да станеш Господар на мојот живот. Сето ова Те молам во Исусово име. Амин.“

Ве молиме, по завршување на тестот, контактирајте нè и испратете ни ги вашите информации за да можеме да ви врачиме Диплома.