8. Кога Исус ќе дојде по нас?
По повеќегодишен престој в затвор, само затоа што верувал во живиот Бог, Армандо Валадарес решил да го исполни ветувањето што ѝ го дал на младата жена Марта. Се запознале и се засакале додека бил в затвор. Ја привлекол со својата длабока и цврста вера. Набргу склучиле брак во затворскиот двор. Марта наскоро била принудена да се пресели во друга земја.
Разделбата била болно доживување. Но Армандо од затворот успеал да прошверцува ветување до својата сакана. На парче истуткана хартија ѝ напишал порака: „Ќе дојдам кај тебе и тогаш веќе нема да се разделуваме“.
Овој затвореник сакал тој и Марта да ја потврдат својата брачна заклетва и в црква, пред Бога. „Ти си секогаш со мене“, ѝ велел. Ветувањето што го дал, го одржувало Армандо и покрај тешкиот затворски живот. И на Марта тоа ѝ давало сила да истрае. Никогаш не ја губел надежта.
1. Ветување
Постојат мигови кога се сомневаме во второто Христово доаѓање. Дали Тој навистина еден ден ќе слезе од Небото и ќе ни дојде во пресрет? Веќе долго сме разделени. Можеби зборовите за таков славен и среќен крај на долгата трагична историја на оваа Земја звучат премногу убаво за да бидат вистинити. Меѓутоа, постои нешто што ни дава сила да истраеме; постои нешто што ја одржува жива надежта во нашите срца. Тоа е ветувањето. Оној што сака да оствари целосно единство со својот народ, ветил дека ќе се врати. Пред самото вознесение, Исус тоа ветување им го оставил на своите ученици.
„Да не се вознемирува вашето срце; вие верувате во Бога, верувајте и во Мене! Во домот на Мојот Татко има многу живеалишта; ако не беше така, Јас ќе ви кажев, зашто одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам при Себе, за да бидете и вие каде што Сум и Јас“ (Јован 14,1-3).
Непосредно пред да се вознесе, Исус ги уверил своите ученици: „Пак ќе дојдам“. Тој сака сите да бидеме со Него и затоа ветил дека ќе се врати, ќе ги земе оние кои веруваат во Него и ќе им го даде местото што го подготвува за нив.
Второто Христово доаѓање е библиски факт. Библијата околу 2.500 пати зборува за неговото враќање. Интересно е да се напомне дека Библијата го споменува Неговото второ доаѓање повеќе пати од првото. Фактот дека Христос по втор пат ќе дојде на овој свет е сигурен како и фактот дека живеел на Земјата пред две илјади години. Затоа апостол Павле со длабоко уверување можел да проповеда дека поради Христа, кој „се дал себеси место нас“ на крстот, можеме да доживееме „блажена надеж и славното јавување на нашиот Семоќен Бог и Спасител, Исус Христос“ (Тит 2,13).
Бог одамна ветил дека ќе дојде Месија, Ослободителот, кој ќе ги земе врз себе нашите гревови и ќе ни подари проштавање на гревовите. За многумина, кои во минатото тешко се пробивале низ животот, ова ветување изгледа премногу убаво за да биде вистинито. Меѓутоа, Исус дошол и умрел на крстот. Ветувањето се остварило на начин на кој Евреите никогаш не можеле ни да замислат.
Неговото ветување дека ќе се врати на Земјата, исто така ќе се исполни. Можеме да бидеме сигурни дека ќе се врати Оној што нè сака и ќе ги земе оние за кои платил неспоредлива цена.
Во текот на издржувањето на затворската казна, Армандо продолжил кришум да ѝ испраќа писма и цртежи на Марта. Таа успеала да објави некои од неговите писма. Силата на нивниот израз го привлекла вниманието на светот и конечно, во октомври 1982 година, Армандо Валадарес бил ослободен. По две децении страдање и исчекување, Армандо потрчал во прегратката на Марта.
Неколку месеци подоцна, среќната двојка ја повторила брачната заклетва пред Бога. Нивното заедништво станало целосно. Ветувањето – Ќе дојдам, засекогаш и конечно, било исполнето.
Можете ли да замислите како ќе изгледа тоа соединување кога ќе го видиме Христа лице в лице? Неговото јавување во слава ќе ги прекрие сите наши таги и маки, ќе ја избрише сета болка што сме ја криеле во своите срца. Христовото враќање ќе ги реализира нашите најдлабоки копнежи и нашите најголеми очекувања. Ќе започне вечно, блиско пријателство со најдрагата личност во вселената – Исус. Исус скоро ќе дојде! Сакате ли да се сретнете со Него?
2. Како ќе се врати Исус?
Дали Исус ќе дојде тајно?
„Ете, ви реков однапред! И така, ако ви речат: – Ене Го во пустината! не излегувајте! – Ене Го во една од внатрешните соби! – не верувајте. Зашто, како што молњата излегува од исток и светка до запад, така ќе биде и доаѓањето на Човечкиот Син“ (Матеј 24,25-27).
Болскотот на молњата далеку се гледа. Исусовото доаѓање нема да биде некое тајно или лично случување. Затоа Исус нè предупредува да не дозволиме некој да нè заведе со тврдењето дека Тој кришум ќе се врати да земе само неколкумина од оние што го чекаат.
Дали Исус ќе се врати како вистинска личност?
„И како што гледаа кон небото додека Тој се вознесуваше, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа: ’Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото‘“ (Дела на апостолите 1,10-11).
Исус ќе се врати како видлива личност. На денот на Неговото вознесување, два ангела ги уверувале учениците дека „истиот Исус“ кој се вознел на Небото, а не некој друг, ќе дојде да ги земе кај себе.
Христос, кој ќе се појави како Цар над царевите, ќе биде истиот Исус кој лекувал болни и им ги отворал очите на слепите. Истиот Исус кој милосливо ѝ зборувал на жената фатена во прељуба. Истиот Исус кој им бришел солзи на натажените и ги земал децата во својот скут. Истиот Исус кој умрел на крстот на Голгота, се одморал во гробот и третиот ден, како Победник, станал од мртвите.
Дали ќе го видиме Исуса кога ќе доаѓа?
Ангелите ветиле дека „овој Исус“ ќе се врати, „како што Го видовте да оди на небото“.
Како ќе дојде Исус?
Учениците јасно виделе како нивниот Господ се издигнува во прославеното човечко тело. Многу сведоци Го виделе како си оди. Христос ќе дојде на истиот начин, видливо и отворено. Колку луѓе, според зборовите на апостол Јован, ќе бидат сведоци на Исусовото враќање?
И праведниците и безбожниците ќе го гледаат Неговото второ доаѓање. Сите кои ќе се затекнат живи во мигот на Исусовото доаѓање ќе бидат сведоци на Неговото славно враќање.
Колку луѓе, според зборовите на Исус, ќе бидат сведоци на Неговото повторно доаѓање?
Секое суштество на нашата планета ќе биде сведок на Исусовото доаѓање. Повидливо отколку слетувањето на Месечината, кое со помош на сателити го пренесуваше телевизијата, повпечатливо од затворањето на олимписките игри што ги гледаат милиони луѓе, Христовото враќање ќе го надмине секое друго случување на оваа планета.
Како Исус ќе го објави своето доаѓање?
Кој ќе му се придружи на Исус при Неговото доаѓање?
„Кога Човечкиот Син ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава“ (Матеј 25,31).
Појавата на само еден ангел во текот на Христовото воскресение ги кутнала римските војници (Матеј 28,2-4). Замислете ја глетката што ќе настане кога Исус ќе се врати во целата своја слава, опкружен со сите ангели.
Можеме ли точно да го определиме времето на Второто Христово доаѓање?
„А за оној ден никој не знае, ни небесните ангели, а само Мојот Татко. Затоа и вие бидете готови, зашто Човечкиот Син ќе дојде во час кога не мислите“ (Матеј 25,36.44).
Иако сите ќе го видат и слушнат Исусовото славно доаѓање, многумина нема да бидат подготвени. Дали сте подготвени за Исусовото доаѓање?
3. Што ќе направи Исус кога повторно ќе дојде?
1. Исус ќе им донесе спасение на оние кои Го очекуваат.
„Така и Христос, откако беше принесен еднаш за да ги земе гревовите на мнозина, ќе се јави втор пат без грев, а за спасение на оние кои го очекуваат“ (Евреите 9,28).
„И Тој ќе ги испрати Своите ангели со силен глас на труба и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот крај на небото до другиот“ (Матеј 24,31).
Ако му дозволите на Исус да ги подготви вашето срце и вашиот живот, ќе можете радосно да го поздравите како свој Спасител.
2. Исус ќе ги подигне праведните кои спијат во гробовите.
„Не чудете се на тоа зашто доаѓа час во кој сите кои се во гробовите, ќе го чујат Неговиот глас и ќе излезат од нив, кои правеле добро, ќе воскреснат за живот; а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5,28-29).
„Зашто самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво“ (1. Солуњаните 4,16).
Исус ќе се симне од Небото со повик кој ги крева мртвите. Тој моќен глас ќе се слушне насекаде во светот и ќе воскресне милиони луѓе кои во текот на минатите векови го прифатиле Христа. Колку прекрасен ден ќе биде тоа!
3. Исус при своето Второ доаѓање ќе ги преобрази сите праведници.
Апостол Павле истакнува дека Исус не се враќа само заради мртвите, туку заради живите праведници.
За да нè подготви за вечноста, Христос ова грешно, болно, истрошено тело ќе го преобрази во здраво, бесмртно тело. Повеќе нема да има ни артритис, ни парализа, ни рак. Болниците ќе бидат затворени. Христос дојде!
4. Исус при своето доаѓање ќе ги земе праведниците на Небото.
Самиот Исус ветил додека бил на Земјата:
Новиот завет јасно покажува дека Исус, во текот на своето Второ доаѓање, ќе ги земе спасените на Небото. Апостол Петар зборува за наследството на откупените „кое е запазено во небесата“ (1. Петрово 1,4). Апостол Павле зборува за надежта „која се чува за вас на небесата“ (Колошаните 1,5). Можеме да се надеваме на откривањето на чудото на Божјиот град, Новиот Ерусалим, во средиштето на вселената, и запознавањето на нашиот Татко лице в лице. Во следната лекција ќе видиме како откупените, по илјадагодишниот живот со Христос, ќе се вратат со Него да поминат вечност во целосно обновениот и совршен свет (Откровение 20-22).
5. Исус со своето доаѓање целосно ќе ги отстрани злото и страдањата.
Што ќе се случи, според Исусовите зборови, со безбожниците кои живи ќе го дочекаат Исусовото доаѓање?
Безбожниците, кои постојано ја отфрлувале Исусовата милост, самите на себеси ќе си ја изречат пресудата. Додека го гледаат славното лице на Спасителот кој слегува од Небото, ненадејната свест за сопствените гревови и за рамнодушноста ќе стане неподносливо болна; затоа тие вака ќе ги повикуваат планините:
Безбожниците повеќе ќе ја сакаат смртта отколку да стојат пред Исусовиот семоќен поглед. Тие знаат дека гласот, кој тогаш ќе се слушне од Небото, некогаш милостиво ги повикувал да ја прифатат божествената милост. Оние кои се изгубиле во трката по пари, задоволствата или кариерата, сега сфаќаат дека ја занемариле единствената вредност во животот.
Тоа е сознание кое уништува. Ниеден од нив не требало да се соочи со изгубеноста. Самиот Бог вели: „Мене не ми е до смртта на безбожникот“ (Езекиел 33,11). Тој нè сака: „Некој да пропадне, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3,9). Исус нè повикува: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28). Меѓутоа, тешко е да се сфати фактот дека некои го отфрлаат Неговиот милостив повик.
4. Дали сте подготвени за Исусовото доаѓање?
Исус сторил сè за да ни помогне да ја избегнеме вечноста без Него. Тој платил голема цена со која ни гарантира славна иднина „во домот на Мојот Татко“. Тоа го платил со својот живот.
Спасителот кој умре на крстот за да ги земе нашите гревови, ќе се појави по втор пат „за спасение на оние кои го очекуваат“. Христос ја поднел маката за да му понуди спасение на секој од нас. Затоа сака повторно да дојде; сака да ги земе оние кои се скапо откупени. Без Второто доаѓање, крстот би бил залуден. Христос сака да ни го даде својот вечен, сигурен дом. За навистина тоа да се оствари еден ден, мораме да Му дозволиме уште сега, како Спасител и Господ, да завладее со нашето срце.
Утрото, на 16 август 1945 година, мало момченце трчало низ логорот Шантунг во северна Кина викајќи дека видело авион на небото. Сите логораши истрчале да гледаат во небото. Овие луѓе трпеле повеќегодишна беда и неизвесност. Тоа биле Европејци, кои Јапонците ги затвориле како свои непријатели. Само едно го одржувало нивниот дух: надежта дека еден ден војната ќе биде завршена. Како електрична струја да минала низ големата група од 1.500 преживеани кога сфатиле дека можеби овој авион доаѓа по нив. Додека звукот на моторот станувал сè посилен, некој извикал: „Гледајте, се гледа едно од сојузничките знамиња на трупот на авионот!“ Веднаш потоа возбудените луѓе со неверба повикале: „Гледајте, ни мавтаат! Тие знаат кои сме ние! Тие доаѓаат по нас!“
Во тој момент возбудата толку се зголемила што овие слаби и изгладнети луѓе веќе не можеле да се контролираат. Настанало вистинско безредие. Луѓето почнале да трчаат во круг врескајќи, мавтајќи со рацете и плачејќи. Еден од логорашите се сеќава на своите чувства во тие моменти: „Овој авион беше наш авион. Тој е пратен по нас, да ни каже дека војната е завршена, дека повторно сме дел од светот“. Мноштвото одеднаш отстапило и во тишина ја набљудувало глетката. Долниот дел од трупот на авионот се отворил и од него почнале да скокаат падобранци. Глетката била неверојатна. Нивните спасители немале намера да дојдат за неколку дена; тие доаѓаат денес, сега, да бидат во нивната средина!
Луѓето потрчале кон логорската порта. Никој не ги сопрел пред пушките што биле вперени во нив од логорските кули. Годините на страдање и самотија ги преобразиле во човечка лавина. Ја пробиле логорската порта и потрчале кон местото на кое дошле падобранците.
Наскоро, оваа маса возбудени луѓе се завртела и се вратила во логорот, носејќи ги војниците на своите плеќи. Заповедникот на логорот се предал без борба. Војната навистина била завршена. Слободата дошла. Светот повторно бил нивен.
Наскоро нашиот Бог, нашиот Спасител, ќе дојде на облаците да нè спаси. Долгата засташувачка приказна за суровоста на човека кон човек конечно ќе биде завршена. Тој ден ќе почне прослава и ќе се слушнат извици на радост: „Тој се приближува, гледам ангели како трубат!“ Звукот се засилува, облакот на славата станува сè посветол, толку многу што тоа едвај можеме да го издржиме. Но не престануваме да гледаме, бидејќи сфаќаме дека тој нè гледа, дека нè познава. Тој доаѓа да нè земе кај Себе.
Сакаме да потрчаме викајќи и мавтајќи со рацете. Ќе се преобразиме во порој од луѓе кој незадржливо ќе тргне во пресрет на Божјиот Син. Ќе извикуваме засилени со неопислива радост: „Ова е мојот Бог. Тој доаѓа по мене, не за неколку дена, туку за цела вечност!“
Дали сте подготвени со добредојде да го пречекате Царот во целата Негова слава?
Дали сте ја откриле живата надеж која ги исполнува вашите срца? Зошто сега не би го повикале Исус во својот живот? Како што Исусовото доаѓање ќе ги реши сите наталожени проблеми, така неговото доаѓање во вашето срце ќе ви помогне да ги решите своите секојдневни проблеми. Тој може да ве ослободи од вината и товарот на гревот, дарувајќи ви спасение. Исусовото доаѓање во вашиот живот ќе донесе многу позитивни измени, исто како што неговото доаѓање целосно ќе го смени овој свет. Потпрете се на Исуса. Тој ќе ве подготви за своето Доаѓање и за бескрајно среќен живот во вечноста.
„Мил небесен Татко, го чекам Исусовото повторно доаѓање. Мил Исусе, дојди денес во моето срце. Подготви ме да бидам спремен кога повторно ќе дојдеш. Ти благодарам. Амин.“