14. Молитвата и реалноста
Анатолиј Левитин, руски писател и историчар, со години престојувал во сибирскиот Гулаг, во кој се чинело дека молбите упатени до Бога остануваат замрзнати вземи. Меѓутоа, тој сепак се вратил духовно жив. „Молитвата е чудо над чудата“, пишува Левитин. „Сè што требаше да направам беше во мислите да се свртам кон Бога. Веднаш ја почувствував силата што проникнуваше во мојата душа, во целото мое битие. Што е тоа? Психотерапија? Не, тоа не беше психотерапија, инаку зошто јас, безначаен старец, уморен од животот, би добивал сила која ме обновува и спасува издигнувајќи ме над земната стварност? Нејзиниот извор не е во мене и нема сила на светов која би можела да ѝ се спротивстави“.
Во оваа лекција ќе размислуваме како молитвата, „дишењето на душата“, може да ни помогне да изградиме подобар однос со Бога и да ни овозможи поздрав христијански живот.
1. Разговор со Бога
Како можеме да бидеме сигурни дека Бог нè слуша кога се молиме?
Како Исус нè уверува дека ги слуша и одговара на молитвите?
Молитвата е двонасочна комуникација. Исус ветува дека ќе нè поддржи и прифати:
Како е можно да се седне, да се вечера и разговара со Исус? Прво, ако во молитва Му кажеме сè што ни е во срцето (без разубавување и побожни фрази) и, второ, со внимателно слушање. Додека размислуваме кога се молиме, Бог може непосредно да ни зборува. Додека ја читаме Божјата реч, Бог ни зборува од нејзините свети страници.
Молитвата за христијанинот може да стане вистински начин на живот.
Како можеме да се молиме „без прекин“? Мора ли цело време да клечиме и постојано да повторуваме изрази на обожавање и молење? Секако дека не мораме. Библијата мисли на начинот на живот со кој сме толку блиску до Исуса што се чувствуваме слободни да разговараме со Него во секој миг и на секое место.
Најдобар начин да се развие близок меѓусебен однос со Бога се огледува во длабокото духовно размислување додека се молиме.
Не е добро за време на молитвата само набрзина да ја наброиме листата со барања. Останете подолго на молитва. Слушајте. Кратко размислување по молитвата може да го збогати вашиот меѓусебен однос со Бога.
Колку сме поблизу до Исуса, толку посилно ја доживуваме Неговата присутност. Не оддалечувајте се надвор од Неговото влијание, не оддалечувајте се толку далеку та да не можете да Го слушнете. Не грижете се за правилното изразување, едноставно, разговарајте со Него искрено и отворено. Разговарајте за сè. Тој ја искусил смртната борба за да стане ваш близок пријател.
2. Како треба да се молиме?
Кога ќе клекнеме на молитва, јавно или лично, можеме да се молиме како што се молел Исус на Гората на блаженствата. Тој, на барање на учениците, им ја дал молитвата „Оче наш“.
Според примерот што го дал Исус во својата молитва, и ние треба да пристапуваме кон Бога како кон свој небесен Татко, барајќи од Него да завладее со нашиот живот како што владее со целото Небо. Го молиме за сопствените телесни потреби, за простување, но и сами да бидеме подготвени да простиме. Секогаш треба да имаме на ум дека нашата сила на спротивставување на гревот доаѓа од Бога. Христовата молитва завршува со израз на благодарност.
Исус во друга пригода ги поучил своите ученици да се молат „во Мое име“ (Јован 16,23), односно како да се молат во согласност со Неговите начела. Тоа е причината поради која христијаните често ја завршуваат молитвата со зборовите: Во Исусово име, Амин. „Амин“ е еврејски збор, што значи „Нека биде така“.
Молитвата „Оче наш“ христијаните ја сметаат за пример. Тие често ја учат напамет и ја повторуваат на глас. „Оче наш“ дава насоки за што и како да се молиме, но нашата комуникација со Бога ќе биде најделотворна кога се молиме спонтано и од срце.
Со анализа на молитвите на библиските ликови доаѓаме до клучната поука: треба да се молиме за сè. Бог нè повикува да се молиме за важни детали: за проштавање на нашите гревови (1. Јованово 1,9); за напредок во верата (Марко 9,24); за животните потреби (Матеј 6,11); за исцелување од болест (Јаков 5,15) и за излевање на Светиот Дух (Захарија 10,1). Тој истовремено нè повикува сите свои грижи и потреби да Му ги кажеме Нему – на Исуса. Не постои ништо неважно, па тоа да биде причина да не се молиме.
Нашиот Спасител се интересира за секој детаљ од нашиот живот. Бог се радува на нашите молитви. Тој со љубов ги прифаќа нашите искрени молитви.
3. Лична молитва
Повеќето од нас имаат нешто што не сакаат да го кажат ни на најблиските пријатели, затоа постојат тајни кои ги криеме во себе. Бог сака во личните молитви целосно да се растовариме. На Бога не му се потребни известувања. Семоќниот Бог подобро од нас самите знае за нашите тајни стравови, скриени побуди и прикриена омраза. Отворете Му ги своите срца бидејќи Тој нè познава поединечно и бескрајно нè сака. Лекувањето може да почне дури кога Исус ќе ги допре раните. Ние мораме да Му ги кажеме своите проблеми и потреби. Растењето може да почне дури кога Исус ќе ги отстрани нашите најголеми слабости. Кога се молиме, Исус, нашиот Првосвештеник, е блиску да ни помогне:
Чувствувате ли вознемиреност, стрес или вина? Кажете му го тоа на Господа. Молитвата нè воведува во Неговата милост и љубов. Тогаш Тој може да ги задоволи нашите потреби. Дали треба да се има посебно место за лична молитва?
Освен молитвите што ги изговараме во себеси додека одиме по улица, ги извршуваме задачите или уживаме во друштво со пријателите, секој христијанин треба да одвои и определено време во текот на денот за молитва. Даниел, еден од првите луѓе на вавилонскиот двор и моќен Божји човек, се молел трипати дневно, наутро, напладне и навечер. Христијаните кои духовно раснат, одвојуваат време и место за проучување на Библијата и молитвата. Подгответе го својот дневен состанок со Бога во време кога сте најсвежи и кога можете добро да се концентрирате.
4. Јавна молитва
Заедничката молитва придонесува за создавање заедница со луѓето и овозможува Бог да ја дарува својата сила на посебен начин.
Не заборавајте дека за кажување на „Оче наш“ ви треба помалку од една минута. Јавните молитви треба да бидат кратки. Не претворајте ги во говори кои оставаат впечаток дека зборувате на група луѓе, а не на Бога. Немојте да зборувате театрално, зашто почитувањето и понизноста се подобар пристап на Царот над царевите и Господарот над господарите.
Една од најважните навики што може да ги создаде едно семејство е навиката за заедничка молитва. Покажете им на своите деца како непосредно да ги изнесуваат своите потреби пред Бога. Тие ќе се радуваат кога ќе видат како Тој одговора на молитвите во секојдневниот живот. Семејните богослуженија нека претставуваат среќни и опуштени мигови на заедништво.
5. Тајните на услишаната молитва
Кога се молел Мојсеј, Црвеното Море се разделило. Кога се молел Илија, оган се спуштил од небото. Кога се молел Даниел, ангел им ја затворил устата на крволочните лавови. Во Библијата се наоѓаат многу возбудливи записи за исполнети молитви. Во неа молитвата се препорачува како начин за употреба на Божјата моќна сила. Размислете за Христовото ветување:
Исус може „да направи прекумерно над сè што ние молиме или мислиме“ (Ефесјаните 3,20). Бог ни ветува: „Повикај ме, и ќе ти одговорам“ (Еремија 33,3). Сепак, некои молитви остануваат неисполнети. Зошто? Постојат ли некои услови за успешна молитва? Еве седум начела кои ќе ви помогнат да се молите поделотворно:
1. Бидете во Христова близина.
Кога нашиот однос со Бога ќе биде на прво место, ние ќе наслушнуваме и ќе бараме одговори на молитвите, кои инаку би останале неуслишани.
2. Секогаш верувајте во Бога.
Верата значи дека нашите молитви не се само обично празноверие. Ние го молиме својот небесен Татко да ги исполни нашите потреби. Ако ве загрижува недостатокот на вера, не заборавајте дека нашиот Спасител направил чудо за човекот кој очајнички се молел:
Сосредоточете се на верата што ја имате, не грижете се за верата што ја немате.
3. Прифатете ја Божјата волја
Не заборавајте дека Бог преку молитвата сака да нè научи на нешто, а не само да ни даде. Затоа Тој понекогаш вели: „Не“, а понекогаш нè насочува на спротивна страна. Така ни помага подобро да се молиме. Молитвата е начин на кој сè повеќе се сообразуваме со Божјата волја. Ние мораме да станеме чувствителни на Божјите одговори и да учиме од нив. Запишувањето на посебните барања и следењето на нивните исполнувања како одговор на молитвата може да биде од голема помош.
Светиот Дух ќе ви помогне да се молите за она што навистина ви треба: „А оној, Кој ги испитува срцата, знае какво е значењето на Духот, зашто по Божјата волја се моли за светите“ (Римјаните 8,27). Не заборавајте дека нашата волја секогаш ќе биде во сообразност со Божјата кога гледаме на потребите и околностите онака како што гледа Тој.
4. Трпеливо чекајте на Бога.
Најважно е да се потпреме на Бога и на неговите решенија. Немојте бргу да ги изговарате своите барања, а потоа сами, во страв, да се соочите со проблемот кој е посилен од вас. Не барајте помош од Бога во некој миг, за веднаш потоа да се обидете да потонете во своите грижи барајќи задоволства. Трпеливо чекајте го Бога. Во нашето време на ручеци од микробранова печка и на забави со далечински управувач неопходен е ваков вид дисциплина.
5. Оставете го гревот.
Гревот кој свесно го повторуваме, му ја одзема Божјата сила на нашиот живот. Тој нè одвојува од Бога (Исаија 59,1-2). Тоа не значи дека мораме да бидеме совршени за да добиеме одговор на молитвата, туку да не се држиме со едната рака за гревот, а со другата едновремено да бараме помош од Бога. Искреното признавање и покајание го решаваат проблемот.
Ако не сакаме да дозволиме Бог да нè ослободи од лошите мисли, нашите молитви нема да имаат дејство.
Бог нема да им каже „ДА“ на себичните, тесногради молитви. Ако вашите уши се отворени за Божјиот глас и за Неговата волја, Тој ќе ги слушне вашите молби.
6. Согледајте ја потребата за Бога.
Бог му одговара на оној кој ја бара Неговата присутност и сила во својот живот.
„Блажени се кои гладуваат и жедуваат за правда, зашто тие ќе се наситат“ (Матеј 5,6).
7. Бидете истрајни во молитвата
Исус ја прикажал потребата за истрајност во молитвата со приказната за упорната вдовица, која му додевала на судијата со своите барања. Судијата најпосле огорчено рекол:
Не обраќајте Му се на Бога само со барања од навика или за секој случај. Расправајте со Бога за своите потреби, надежи и соништа. Барајте посебни благослови. Барајте помош кога ви е потребна. Бидете истрајни во барањето и во слушањето, сè додека не научите нешто од Божјиот одговор.
Ангелите помагаат да се задоволат потребите на оние кои се молат. Кога се молиме, Бог праќа ангели кои не се ограничени ниту со време ниту со простор да одговорат на нашите молитви.
Псалмистот се радувал на службата на Божјите ангели кои одговориле на неговата молитва:
По четириесетдневното искушување, пристигнал одговорот на Исусовата молитва „тогаш ѓаволот Го остави и, ете, ангели дојдоа и Му служеа“ (Матеј 4,11). Кога се молиме, Бог ги праќа своите ангели да одговорат на нашите молитви.
Светото писмо истакнува дека секој христијанин има свој ангел заштитник.
Текстот во 2. Мојсеева 23,20, Евреите 13,2, Псалм 91,11.12 и Дела на апостолите 5,19 зборуваат за ангелите кои им служат на оние кои се молат.
Молитвата е еден од највозбудливите предизвици за секој човек. Затоа, да почнеме уште денес да стекнуваме лични искуства со молитвата, која ќе нè одведе до нови откритија.
„Вашата кротост да им биде позната на сите луѓе! Господ е близу. Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса“ (Филипјаните 4,5-7).
„Татко небесен, сакам подобро да те запознаам и да бидам близу до Тебе. Сакам во молитва секогаш да бидам со Тебе. Научи ме како да се молам. Покажи ми како можам подобро да слушам; да се молам и да го слушнам Твојот одговор. Сево ова, Те молам во името на Исус. Амин.”
6. Христијански начин на живот
Оваа лекција, и лекциите 15 и 20 говорат за христијанскиот начин на живот.
Дали Библијата опишува некој специјален, посебен, христијански начин на живеење?
Христијанинот треба да го напушти стариот начин на живот, исполнет со лажливи желби, и да се облече во „нов човек“. При новораѓањето ние стануваме повторно „создадени“, стануваме нов човек.
Библијата нè повикува да продолжиме да се „облекуваме во новиот човек“ додека Светиот Дух го преобразува нашиот карактер:
Светото писмо овде се служи со слика на арена во која христијаните ја трчаат духовната трка. Гледачите во арената, „облак сведоци“, се великаните на верата кои се опишани во претходната глава (Евреите 11). Ние сме натпреварувачите, учесниците во големата трка.
Како христијани треба да отфрлиме сè што нè забавува, и со сета своја сила да настојуваме да победиме во трката. За да осигураме победа, мораме да гледаме на Христа и да размислуваме за Него, да ги обликуваме своите мисли и дела според Неговиот образец. Неговиот начин на живот и Неговиот дар на вечен живот може да се постигнат, зашто тој ја искусил маката на крстот и поради нас станал победник над гревот и смртта.
Што можеме да научиме од овој „облак сведоци“ од старозаветните времиња? Прочитајте ја 11. глава од Посланието до Евреите, и забележете како верата ги оспособила овие големи луѓе да ги совладаат сите пречки и сите искушенија. Како што тие победувале така можеме и ние, дури и во најтешките животни околности. Додека читате, забележете ги изразите со кои е опишана нивната решителност и упорност.
Овие луѓе, со верата во Месија кој ќе дојде, успеале и покрај сите тешкотии. Клучот на нивниот и нашиот успех се наоѓа во потпирањето на Исуса, зашто Тој е суштина на верата. Христос е силата која придвижува, најважната личност во животот на еден христијанин, двигателот на здравиот напредок на човекот. Христијанскиот начин на живот носи совршен мир, чувство на целосна сигурност и благосостојба.
Тоа секогаш се случува кога во нашиот живот се потпираме на живиот Христос.
Сопругата на еден мисионер во Сингапур му поставила прашање на еден постар човек, кој при крајот на својот живот се преобратил од будизам во христијанство: „Господине, каква е разликата меѓу животот на христијанинот и будистот?“
„На тоа прашање е едноставно да се одговори. Откако го запознав Исус како свој Спасител, имам мир во срцето.“
Новите верници често го слушаат прашањето: „Со што се одликува вашиот живот откако почнавте да живеете со христијански начин на живот?“
Најчестиот одговор што може да се слушне е: „Најдов мир“.
Оваа и следните шест лекции го прикажуваат христијанскиот начин на живот. Тие ги откриваат тајните на среќниот христијански живот. Тие ќе ви помогнат да изградите подобар однос со Бога и ќе ве воведат во поцелосен христијански живот. Затоа, насочете го својот поглед кон Исус и славете и вие величествена победа кога Христовиот мир ќе завладее во вашето срце.