25. Дали постои Божја црква во современиот свет?

25. Дали постои Божја црква во современиот свет?

Католиците и протестантите во Северна Ирска со децении прибегнуваа кон насилство и меѓусебни судири, иако и двете страни се колнат во верноста на Библијата. По познатите случувања во Источна Европа, православните, католичките и протестантските христијани и муслимани често се убиваат во име на својата вера. Напнатоста на Средниот Исток со векови се подгрева на еврејските и исламските верувања, иако и обете религии потекнуваат од Светото писмо и Стариот завет.

Затоа, не зачудува фактот што луѓето ги избегнуваат оние кои се повикуваат на целосна верност на една вистина и една вера. Но во исто време бараме „цврст темел“, вистина во која би можеле целосно да веруваме.

Некои поединци денес упорно повикуваат да ја „откриеме својата лична вистина“, и нè уверуваат дека „бог“ се наоѓа во најскришната внатрешност на душата. Меѓутоа, не звучи баш утешно и полетно да се создава сопствена вистина. Ако размислиме добро, би било застрашувачки да се верува дека на нашиот хоризонт нема поголема вистина од нашата, лична.

Тоа е недоумицата во која се наоѓаме денес. Копнееме по место на кое ќе ја најдеме смислата, и дека постои нешто на што би можеле да се потпреме во овој свет, но се плашиме дека ќе наидеме на место кое е запоседнато од фанатици.

За среќа, Бог има посебна порака за нас, современите луѓе. Бог и во минатото многупати упатувал посебни пораки: на Адам и Ева по паѓањето во грев, на светот пред потопот, на Израел кога му се заканувале Асирија и Вавилон.

Исус дојде со посебна вест за своите потомци, но Тој и за нас има посебна порака во која можеме да веруваме. Ја наоѓаме во пророчките книги – Книгата на пророкот Данило и во Откровението. Две глави од Откровението, 12. и 14., во кратки црти ја изнесуваат Божјата порака за денес. Во оваа и во следната лекција внимателно ќе ја проучиме оваа порака.

1. Исус, основач на Црквата

Исусовиот живот и наука претставуваат темел на единството на верувањата и блиската апостолска Црква која Тој ја основал. Апостолите знаеле кои се тие и смело ја проповедале својата вера. Тие одржувале близок меѓусебен однос со воскреснатиот Спасител. Апостол Павле го споредил тој однос со оној што постои во бракот.

„Зашто за вас сум љубоморен со Божја љубомора; зашто ве свршив за еден маж, за да ве претставам пред Христос како чиста девица“ (2. Коринќаните 11,2).

Според зборовите на Павле, Црквата е чиста Христова свршеница. Чиста свршеница е соодветен симбол за Христовата сакана Црква.

Во Стариот завет се појавува истата метафора со која се прикажува Израел, Божјиот избран народ. Бог вака му се обраќа на Израел: „Оди и извикај во ушите на Ерусалим – вака вели Господ: ‚се сеќавам на посветеноста во младоста твоја, на твојата љубов, кога како невеста тргна по Мене во пустината, во незасеана земја‘“ (Еремија 2,2) и: „’Вратете се деца – отстапници‘, вели Господ, ’зашто Јас сум ваш Господар и ќе земам од вас по еден од град и по двајца од племе и ќе ве одведам на Сион‘“ (Еремија 3,14). Иако во Стариот завет не се употребува изразот „црква“, Новиот завет зборува за Израел како за „црква во пустина“ (Дела 7,38).

Апостол Јован во книгата Откровение исто така зборува за Црквата, ставајќи го поимот жена во метафоричка служба:

„И се покажа голем знак во небото: жена, облечена со сонцето и месечината под нејзините нозе, а на нејзината глава круна од дванаесет ѕвезди“ (Откровение 12,1).

Описот на жената укажува дека апостол Јован на ум го имал преобликувањето на Божјиот народ, Израел, од Стариот завет во Неговата Црква во Новиот завет:

  • „Жена, облечена во сонце“. Ова упатува на Црква која блеска како пладневно сонце, зашто е облечена во Христова слава. Исус, „светлината на светот“ (Јован 8,12), блеска преку верниците на својата Црква, па и тие стануваат „светлината на светот“ (Матеј 5,14).
  • „Месечината под нејзините нозе.“ Месечината го претставува одблесокот на Евангелијата во жртвите и обредите на Божјиот народ во Стариот завет. Месечината, која е „под нозете нејзини“, упатува на фактот дека светлината на старозаветното Евангелие е заменета со стварноста на Христовиот живот, службата, смртта и воскреснувањето.
  • Жената на глава има „круна од дванаесет ѕвезди“. Ѕвездите ги претставуваат дванаесетте апостоли, луѓето со благороден карактер, чиишто сведоштва за Исус блескаат сè до денешен ден. Јасно е дека апостол Јован го опишува преминот од Божјиот старозаветен народ на христијанската новозаветна Црква што ја основал Исус.

Сонцето, Месечината и ѕвездите, употребени во описот на карактерот на жената, ја нагласуваат службата на Христијанската црква која свети, и нејзината најважна улога – проповедањето на Евангелието.

2. Драмата на поразот на сатаната

Појавата на жената го означува почетокот на драмата:

„Таа беше бремена и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди. Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни; И опашката негова повлече една третина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино. И таа роди машко дете, кое ќе ги пасе сите народи со железен жезол; и детето нејзино беше грабнато и однесено кај Бога и Неговиот престол. А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена“ (Откровение 12,2-6).

Во оваа драма учествуваат три главни ликови:

  • Жената која веќе ја препознавме како Божја црква.
  • Машко дете кое жената веќе го родила и кое „беше грабнато и однесено кај Бога и Неговиот престол“ и тоа еден ден „ќе ги пасе сите народи“. Исус Христос е единственото дете родено на овој свет, кое се вознесло до Божјиот престол и кое еден ден ќе владее со сите народи.
  • Змевот (ламјата) симболички ја претставува активноста на ѓаволот или сатаната.
„Настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборена на земјата, и заедно со неа и ангелите нејзини беа исфрлени“ (Откровение 12,7-9).

Сликата станува појасна кога ги сфаќаме симболите. Кога ѓаволот и неговите ангели го изгубиле своето место на Небото, биле фрлени на Земјата. Кога Исус се родил на овој свет пред две илјади години, сатаната се обидел да го убие Исуса, „машко дете“, штом бил роден. Не успеал во тоа и Исус се вознесол до Божјиот престол. Сатаната тогаш се обидел да ја уништи Црквата што ја основал Исус. Меѓутоа, тој не успеал да ги уништи ни Христа ни Неговата црква.

Апостол Јован добил ограничен увид во оваа голема борба меѓу Христа и сатаната што беснее на Земјата. Додека борбата го достигнува врвот во мигот на Исусовото распетие, апостол Павле слуша глас од Небото:

„И чув висок глас на небото како зборува: ’Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе‘“ (Откровение 12,10).

Исус на крстот го победи сатаната. На крстот е потврден денот „на спасението“, Бог ја осигури „силата“ со која можеме да се спротивставиме на измамите на сатаната. „Божјото царство“ е осигурано и потврдена Спасителовата „власт“ да биде наш Првосвештеник и Цар.

„Сега настана спасението“ – оваа група зборови објавува дека настапил врвот на историјата. Христовото раѓање на овој свет веќе се случило (Откровение 12,5). И покрај сатанските искушенија, Исус живеел безгрешен живот. Исус умрел и станал од гробот како Победник над гревот и смртта (стих 10). Така сатаната бил поразен засекогаш (стихови 7-9). Крстот ја достигнал полнотата на својата сила (стихови 10-11).

За прогласот „сега настана спасението“ не е заинтересиран само апостол Јован, туку и целото Небо:

„Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12,12)

Целото Небо ја славело Исусовата победа. Исус го направил ништовно сатанското барање да добие место на Небото, а поразениот сатана засекогаш го загубил правото на нашиот свет. Христијанската црква настапила победнички напред, во чекор со Христа.

3. Црквата во судир со сатаната

Пред да се вознесе на Небото, Исус ја основал Христијанската црква. Тој ја оживеал и го жртвувал својот живот за неа. Христовата смрт на крстот ѝ дала сила на Христијанската црква да го порази сатаната.

„Тие го победија со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт“ (Откровение 12,11).

Христос сега може да ѝ даде на својата Црква и сила, плодот на својата победа. Во силата на крстот можеме да ја освоиме територијата која некогаш му припаѓала на сатаната. Како што го победил сатаната на крстот, Исус продолжува да го победува преку својата Црква.

Постојат три обележја на победничката Христијанска црква.

  • „Тие го победија со крвта на Јагнето.“ Исус се качи до Божјиот престол за да може Неговата крв да стане делотворна во животот на Неговите следбеници. Тој може да го избрише записот за нашите гревови и да нè спаси со својата пролеана крв (1. Јован 1,7). Животодавната крв на воскреснатиот Спасител, исто така ни дава сила секојдневно да живееме здрав христијански живот (1. Петрово 1,18-20).
  • „И не се грижеа за животот свој дури до самата смрт.“ Крвта на Јагнето ги подготвила да умрат за Христа и тие не бегале од смртта. Влијанието на крстот ги оспособило мачениците да ја задржат почитта на должноста да го објавуваат Евангелието и покрај неволјите. Бог бил мачен, и тие биле подготвени да искусат мачење.

Дури и деца ги жртвувале своите животи. Зачувана е една приказна за една христијанка-мајка, која била фрлена пред лавови во римската арена, затоа што решила да му остане верна на Христа, а не на земниот владетел. Нејзината малолетна ќерка морала да ја гледа страшната глетка. Но, наместо да се исплаши од ужасната сцена, девојчето почувствувало дека во неа се разгорува огнена преданост. Додека умирала мајка ѝ, таа станала и повикала: „И јас сум христијанка!“ Римските војници веднаш ја фатиле и ја фрлиле на гладните лавови.

Тертулијан, црковниот отец од вториот век, вака напишал за христијаните:

„Делувањето на вакви луѓе нè обележува нас, зашто ’гледајте‘, велат паганите, ’колку тие се сакаат меѓусебно што го даваат дури и животот еден за друг‘.“

Восхитува и вдахновува примерот на христијаните кои се држеле за библиската вистина и покрај тоа што биле соочени со смртта. Еве извештај за страдањето на верниците кои истрајале во крштевањето на верниците како што учи Светото писмо:

„Во 1160 година такви христијани дојдоа во Оксфорд. Хенрик II нареди да се жигосаат со вжарено железо на челата, јавно да се камшикуваат на градските улици, нивната облека да се исече и да ги вратат на полињата. Селаните не смееја да им пружат засолниште ни храна, па тие починаа од студ и глад“ (Moore: Earlier and Later Nonconformity in Oxford, p. 12).

„Тие го победија… со словото на своето сведоштво.“ Тоа го сториле не само со празни зборови, туку со зборови на своето сведоштво, живите сведоци на Исусовата сила и силата на Неговото Евангелие. Во текот на најмрачните мигови на христијанската ера цела армија христијани, од отците на раната Христијанска црква до протестантските реформатори, ги победувала најтешките ѓаволски искушенија со живото сведоштво на својот живот.

Текстот Откровение 12,11 ја прикажува победничката Црква. Од нејзините редови победници се апостолите, мачениците, реформаторите и другите верни христијани. Сведоштвата за нивната добрина, храброст, верност и победи, одекнувале со векови и го придвижувале светот.

Бидејќи не успеал да го уништи Божјиот Син, додека живеел на Земјата во тело, сатаната сега се обидува да го уништи Христа додека живее во својата Црква. Затоа Црквата добива охрабрување и предупредување:

„А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете. И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата. И змијата од устата своја испушти по жената вода како река, за да ја одвлече со реката“ (Откровение 12,13-16).

Како што е претскажано, во текот на мрачниот среден век сатаната ја испуштил „реката“ прогонства да ја однесе Црквата. Ова е сериозна духовна битка. Сатаната сака да го уништи Христовото влијание, обидувајќи се да ја избрише Црквата и користејќи ја секоја измама што може да ја измисли неговиот лош дух.

Змевот во прв ред го претставува сатаната. Меѓутоа, не заборавајте дека сатаната, во улога на змев, користи човечки установи за да го нападне Божјиот народ. Тој го употребил царот Ирод во обидот да го убие детето Христос веднаш штом се родило. Тој дејствувал преку Христовите љубоморни религиски ривали за да Го нападне и да Го оневозможува и на крајот да ја предизвика Неговата смрт на крстот. Меѓутоа, привидната победа на сатаната се претворила во Христовата најголема победа. Разгневен од поразот на крстот, сатаната својот бес го насочил против Црквата што ја основал Исус.

Со децении по Исусовото распетие, илјадници христијани умреле во римските амфитеатри, во арените, на градските плоштади, во затворите и пустинските сокровишта. Овие прогонства го организирале световните власти.

Но по смртта на апостолите, Црквата почнала да се менува. Во вториот, третиот и четвртиот век многумина во Црквата започнале да се приспособуваат, па дури и да ги отфрлаат вистините на кои ги учеле Христос и Неговите апостоли. Отпаднатите водачи почнале да ги прогонуваат христијаните кои упорно ја чувале чистотата на новозаветното верување.

Историчарите, познавачите на тој период, проценуваат дека настрадале околу 50 милиони верници. Во неуспешниот обид да ја задуши и целосно да ја уништи Црквата, ѓаволот пратил „река“ прогонства и лажно учење да ја „одвлече“ Црквата. „И ѝ помогна земјата на жената, ѝ ја отвори земјата устата своја и ја проголта ’реката‘ прогонства и лажни учења“ (Откровение 12,16).

За време на овие средновековни прогонства, вистинската Црква се одвоила од отпаднатите водачи и се скрила во „пустината“, во своето засолниште. Божјиот верен народ имал приготвено место од Бога „за да ја хранат таму илјада и двеста и шеесет денови“ (Откровение 12,6). Ова пророштво се исполнило во текот на 1260 години, почнувајќи од 538, па до 1798 година по Христа. Да се потсетиме дека во библиското пророштво (Езекил 4,6) еден ден означува една година.

Во сите овие мрачни векови верните христијани, кои верувале во Библијата, наоѓале засолниште каде и да можеле, на пример, во Валдежанската Долина во западна Италија, во јужна Франција и под закрилата на Келтската црква на Британските Острови. Луѓето, како што бил Патрик Ирски, ја проповедале Божјата реч во тајни образовни центри во кои младите луѓе се обучувале да го проповедаат чистото Евангелие во време на незнаење, празноверие и нетрпеливост.

Минувајќи низ вековната црковна историја, како што е прикажано во книгата Откровение, доаѓаме до нашите дни и до вистинската Христова црква од 1798 година наваму.

4. Божјата црква во нашето време

Како што може да се очекува, змевот сè уште е гневен на големиот Божји народ, а невидливата војна продолжува. Пред Исусовото доаѓање, сатаната ќе го изведе најголемиот напад на Црквата. Воочете го последниот чин на оваа драма на крајот од пророштвото:

„И се разлути змевот на жената и отиде да војува со остатокот од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос“ (Откровение 12,17).

Ова пророштво се сосредоточува на нашето време. Сатаната е гневен; тој води војна „со остатокот од семето нејзино“, со Божјиот народ на денешното време. Забележете дека последната христијанска Црква има некои препознатливи обележја: „ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос“.

  • Овие верници на последното време „го имаат сведоштвото на Исус Христос“. Држејќи се верно до изворното учење на Божјото слово, тие сведочат за Исуса со својот христијански живот. Тие откриле дека големите библиски вистини ја придвижуваат љубовта и посветеноста на Исуса. Како совесни луѓе, тие сакаат со другите да ја споделуваат радоста на животот во Христа.
  • Овие христијани на последните денови се луѓе на пророштвата. Прифаќањето на „Сведоштвата на Исус Христос“ го оспособило апостолот Јован да ја напише книгата Откровение (Откровение 1,1-3). Последната група верници прима сличен дар – непосредно сведоштво од Бога преку земски весник. Јован го дефинира „Сведоштвото на Исус Христос“ како „Духот на пророштвото“ (Откровение 19,10). Дарот на пророштвото им дава јасна визија на нивната мисија и конечната судбина.
  • Овие христијани на последното време се препознатливи и по почитувањето на „Божјите заповеди“. Тие не само што ја бранат целокупноста на Десетте заповеди, туку ги почитуваат. „Надежта пак, не посрамотува. Зашто љубовта Божја е излеана во нашите срца преку нам дадениот Свети Дух“ (Римјаните 5,5). Божјата љубов создава радосна послушност (Римјаните 13,8-10). Апостолската црква е верна на Божјите заповеди, а христијаните на последните денови го заземаат истиот став: ги следат Христовиот пример и примерот на раната Црква во почитувањето на Божјите заповеди. Тоа особено го разгневува нашиот непријател, змевот. Ѓаволот води војна со „остатокот од семето нејзино“, зашто тие сведочат за големата вистина, а вистинската љубов спрема Бога создава послушни ученици. Исус вака вели:
„Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди!“ (Јован 14,15)

Дали тоа го откривте во својот живот? Животот на христијаните што живеат во последните денови покажува дека, во Христа, е можно да се сака Бог со целото свое срце, а ближните како себеси. Овие одлики, љубовта спрема Бога и спрема луѓето, ја прават суштината на Десетте заповеди (Матеј 22,35-40).

Четвртата заповед нè повикува да ја славиме саботата, седмиот ден на седмицата, како Божји ден. Бидејќи Исусовата љубов ги всадила сите Десет заповеди во нивните срца, христијаните на последното време ја празнуваат саботата. Ѓаволот на различни начини се обидел да ја избрише четвртата заповед која Бог ја запишал на камените плочи, но не успеал да ја оттргне од срцето на посветените верници.

Бог има движење во последното време, кое ги води луѓето во послушност на Неговите заповеди. Тој има Црква на последното време која ги повикува луѓето на верност кон Бога. Саботата е знак дека Бог воедно е и Создател и Господар на овој свет и на нашиот живот. Саботата е во средиштето на Божјиот последен повик на Неговиот народ, изразен од 12-тата до 14-тата глава на книгата Откровение.

На христијаните на последното време им стојат на располагање сите небесни извори кои се опишани во овие глави. Тие навидум се издвоени во светот, но на нивните молитви се одѕиваат војските небесни ангели, живиот Спасител е нивниот постојан придружник, а Светиот Дух ги поттикнува да ги совладаат искушенијата. Ветувањето е сигурно. Тие ќе го победат сатаната со „крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво“ (Откровение 12,11).

Сакате ли да бидете христијанин на последното време кој „ги пази заповедите Божји и го има сведоштвото на Исус Христос“? Зошто сега не ја донесете таа одлука?

„Најмил Татко, Ти благодарам за јасното сведоштво што ни го дава Светото писмо, како и за упатството како можеме да станеме дел од победничкиот Божји народ на последното време. Помогни ми да го посветам својот живот на вечното Евангелие, да ги почитувам заповедите и да ја имам Исусовата вера. Помогни ми секогаш да бидам близу до Исуса, да живеам во послушност и со доверба во Твојата вечна милост. Те молам и Ти се заблагодарувам во името на Исус. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.