17. Растење и сведочење

17. Растење и сведочење

Марко уживаше во пријатниот разговор, чајот и колачите од ориз во домот на господин Комори кога другите гости почнаа да ги земаат своите Библии. Сите го погледнаа со исчекување. „Можете ли сега да проучувате со нас?“, љубезно го праша господинот Комори.

Марко речиси се засркна пиејќи чај. Мислеше дека целта на собирањето е добра забава. Освен тоа, не можеше да пронајде вистински одговор.

Марко предаваше библиски предмети во христијанско училиште во Јапонија. Но таму сè беше испланирано. Таму лесно можеше да предава за Библијата, но спонтан разговор за Бога… тоа е нешто сосема друго.

Уште во детството ги слушаше сите библиски приказни, меѓутоа, тие, лично нему, многу малку му значеа. Го правеше сето она за што знаеше дека е погрешно во Божјите очи. Затоа и се држеше повлечено. Како можеше на другите да им говори за Бога кога ни самиот не Го познаваше доволно!

Сега, додека седеше на отоманот опкружен со луѓе кои чекаа, неговиот свет се уриваше. Во миг на страв, на памет му дојде еден библиски стих, нешто за Светиот Дух кој зборува за тоа што ќе кажеме кога ќе нè повикаат да посведочиме пред луѓето (Лука 12,12). Изговори очајничка молитва за помош и почна со најпознатата приказна на која можеше да се сети: со приказната за изгубениот син.

Додека опишуваше колку Бог ги сака дури и оние кои заталкале од Него, Марко сфати дека зборува од длабочината на срцето. Неговите зборови дејствуваа. Првпат во животот сфати колку Бог го сака.

Таа ноќ клекна крај креветот и му го предаде својот живот на Бога, кој конечно за него стана вистински Бог. Проповедањето на Божјата љубов беше повеќе од вообичаено апстрактно размислување. Сега тоа беше вистина која завладеа со него.

1. Исус нè повикува да сведочиме за Него

Спроти своето враќање на Небото, Исус ги задолжил учениците да бидат Негови претставници: „Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци… и сè до крајот на земјата“ (Дела на апостолите 1,8).

Учениците минале три и пол години слушајќи ги и следејќи ги Исусовите зборови и дела за најпосле да станат сведоци на Неговата смрт и воскресение.

„Бог Го воскресна Овој Исус, за кое ние сите сме сведоци“ (Дела на апостолите 2,32).

Кога отворено Му ги предадоа своите срца на денот Педесетница, воскреснатиот Исус со силата на Светиот Дух им го промени животот на своите следбеници. Тие станаа сведоци не само на Христовото телесно воскресение и вознесение туку и на Неговата животодавна сила која им го сменила животот.

Исто така, како христијани ние сме сведоци на Исусовото воскресение бидејќи сме ја искусиле Неговата сила на обновување во својот живот.

„Но Бог, Кој е богат во милост – поради Својата голема љубов со која нè возљуби нас, нè оживе заедно со Христа и нас, кои бевме мртви поради нашите гревови, – по благодат сте спасени! – и со Него нè воскресна и со Него нè седна во небесните места, во Христа Исуса, та во идните векови да го покаже преголемото богатство на Својата благодат, според Својата добрина кон нас во Христа Исуса“ (Ефесјаните 2,4-7).

Ние оживеавме со Христа и затоа можеме да го прикажеме богатството на Неговата милост. Исус бара од своите следбеници на целиот свет да му ја носат радосната вест за тоа што може да стори Тој во човечкиот живот и ветува дека ќе биде со нас додека го правиме тоа.

„Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28,19.20).

Како објавувачи на Евангелието, ние сме „управители на Божјите тајни“ (1. Коринќаните 4,1). Наша предност е да ја проповедаме силата на Евангелието. 

„Видов промена во срцата на луѓето кои слушнале за Христовото Евангелие. Патував по земјите во кои името на Бога и на Христос не беше познато, сè додека Црквата не почна да го објавува Евангелието. Видов како луѓето се чистат од својата нечистотија и стануваат чисти, како болните стануваат здрави, како по долготраен страв од зли духови ја доживуваат радоста на христијанскиот живот. Видов промени на положбата на жените. Видов како од темнината на многубоштвото се раѓаат примерни христијански домови. Знам дека Христовото Евангелие е ’Божја сила за спасение‛ (Римјаните 1,16). Знам дека, додека Црквата го објавува Евангелието, се случуваат промени во срцата на луѓето и во нивните домови, промени видливи во животот на оние кои одговараат на неговиот повик“.

Х. М. С. Ричардс, основачот на радиопрограмата Гласот на пророштвото

Сите можеме да се вклучиме во оваа привлечна работа. Бог нам, на слабите човечки суштества, ни доделил посебна улога бидејќи давањето е важен дел од нашето растење. За да остане верата цврста, таа мора да се објавува. Како што Марко открил дека разговорот за Бога ни помага Бог да стане наша стварност. Чинот на објавувањето на нашата вера ни помага да ја доживееме поцелосно. Сведочењето прави да раснеме.

Освен сведочењето со зборови, постојат и други начини на кои можеме успешно да ја извршуваме оваа задача:

2. Христа го проповедаме со начинот на кој живееме

Едно момче кое израснало во дом во кој имало насилство, еднаш забележало: „Ги гледав своите родители кои со својот пример ми даваа искривена слика за Бога. Никој од крв и месо никогаш не ми пружил љубов“. Луѓето околу нас постојано бараат некој кој ќе им ја покаже вистинската слика на Бог, тие очекуваат некој „од крв и месо“ кој ќе им ги открие божествените особини.

Нашиот начин на живот често е нашата највлијателна проповед. Пред некој да се заинтересира за она што го зборувате, тој сака да знае колку го сакате. Апостол Петар повикува вака:

„Однесувајте се добро меѓу народите, така што токму во она за што ве клеветат како злосторници; врз основа на вашите добри дела, кога ќе ги видат, да Го прослават Бога во денот на посетата. Зашто за тоа сте повикани, зашто и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да врвите по Неговите стапки“ (1. Петрово 2,12.21).

Бидејќи Христос „страдаше за нас“, Тој ни е пример за пожртвуваната љубов. Таа љубов, која се огледува во нашите дела на милосрдија што им ги правиме на другите, може да стане моќна сила која ги предава луѓето во Христови раце.

3. Христа го проповедаме со нашиот начин на размислување

Отпорот кон искушенијата на сатаната, телото и овој свет изгледа невозможно. Исус бил: „Искушуван во сè како нас, освен во гревот“ (Евреите 4,15). Како успеал Тој онаму каде што многумина паднале?

Кога сатаната го искушувал Исуса во пустината, Исус успешно се бранел цитирајќи го Светото писмо (Матеј 4,4.7.10). Христос бил подготвен затоа што својот ум го исполнил со библиските вистини. Нашиот ум е местото каде што се добива или губи битката. Ние обично се обидуваме да им се спротивставиме на искушенијата кога тие веќе ќе ги исполнат нашите мисли и речиси ќе нè совладаат. Така ги губиме повеќето битки. Меѓутоа, можеме да успееме ако ги нападнеме лошите навики кои се зачнуваат во нашите мисли.

„Зашто тој е таков како што мисли во себе си: ’Јади и пиј, ти вели, но неговото срце не е со тебе‘“ (Мудри изреки 23,7).

Христијаните кои растат, ги насочуваат своите мисли кон Небото. Бог е поголем од проблемите кои ги опкружуваат луѓето. Тие треба да се насочат кон позитивните особини кои сакаат да ги усвојат, а не на лошите навики кои сакаат да ги победат.

„’Радувајте се секогаш во Господа!‘ Пак велам: ’радувајте се! Господ е близу. Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса. Впрочем, браќа, сè што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас – ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба – мислете на тоа. Она што го научивте, и примивте, и чувте, и видовте на мене – правете го тоа, и Бог на мирот ќе биде со вас!‘“ (Филипјаните, 4,4.6-9)

Она со што го храниме својот ум, ќе го обликува нашиот карактер. Ако го внесуваме она што е минливо, минливост ќе излегува од нас. Ако ја внесуваме Божјата реч, ќе живееме според Божјата волја.

4. Христа го проповедаме со својот изглед

Христијанинот, како Христов сведок, избегнувајќи ги крајностите, ќе биде одмерен во облекувањето. Еве како го опишува Библијата:

„…Та ако некои не му се покоруваат на словото, да бидат придобиени без слово, со однесувањето на своите жени, кога ќе го видат вашето поведение во страв и чистота. Вашиот украс да не биде надворешен: во плетење на косата, во ставање на злато или во облекување на разни облеки – туку: сокриениот човек на срцето во непропадливиот украс на кроткиот и мирен дух, што е од голема вредност пред Бога. Зашто така некогаш се украсуваа светите жени, кои се надеваа на Бога и им се покоруваа на своите мажи“ (1. Петрово 3,1-5).

„Исто така и жените да се украсуваат во пристојна облека, скромно и претпазливо, не со плетенки и злато, или со бисери или со скапоцени облеки, туку со добри дела, како што им прилега на жените, кои исповедуваат дека се побожни“ (1. Тимотеј 2,9-10).

Едноставноста во облекувањето и украсувањето отсекогаш ги красела вистинските христијани. Опседнатоста со надворешниот изглед обично упатува на фактот дека во нечија внатрешност ништо не се случува. Затоа христијаните го одбегнуваат снобизмот и секој облик на неумереност. Едноставниот, добар вкус сите го забележуваат. Добро е другите да ги привлекуваме не со начинот на своето облекување, туку со она што нашиот живот го зборува за Христос.

„Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!“ (Матеј 5,5)

5. Христа го проповедаме со своето однесување

Историчарот Е. Гибон раскажува како на некој војник, додека Галериј го ограбувал персискиот логор, му се допаднала кожена торба полна со бисери. Војникот ја задржал употребуваната торба, но ги фрлил драгоцените бисери.

Сите кои им подлегнуваат на површните задоволства кои ги нуди овој свет, а ги отфрлаат Христа, Бисерот од непроценлива вредност, и вечното царство кое Тој го нуди, се во потешка положба од војникот кој го ограбувал логорот. Не се работи само за богатство кое може да ни се оттргне од рацете, туку и за вечно спасение. Затоа, Светото писмо нè предупредува:

„Не сакајте го светот, ниту она што е во светот. Ако некој го сака светот, љубовта од Бога Таткото не е во него, зашто сè што е во светот: – похотта на телото, похотта на очите и гордоста на животот, не е од Таткото, туку од светот. А светот поминува и неговата похот, а кој ја извршува Божјата волја останува довека“ (1. Јованово 2,15-17).

Сатаната напорно работи да ги позлати најразорните гревови и нè наведува да ги прифатиме најлошите навики. Понекогаш помислуваме дека гревот незадрживо се шири низ светот. Зошто проститутките во различни програми изгледаат привлечно? Никогаш не гледаме измачено, исплашено суштество со збрчкано лице, кое ноќе изгубено чекори по улиците. Зошто само млади, стројни, задоволни и здрави луѓе рекламираат алкохолни пијалаци? Никогаш во таа реклама не гледаме човечко суштество како се тетерави од кафеана, не знаејќи каде оди.

Се чини дека денес најразорните задоволства најгласно се шират со помош на најмасовните и најпривлечните медиуми. Ние не можеме лесно да го прифатиме сето она што го нуди светот. Христос бара од нас, додека избираме, да бидеме „мудри како змии и безопасни како гулаби“ (Матеј 10,16).

Потребно е да ги одбегнуваме и средините кои се судираат со нашите христијански начела:

„Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверниците! Зашто, што има правдата заедничко со беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?“ (2. Коринќаните 6,14)

Христос сака секогаш да им проповедаме на своите пријатели кои не се христијани. Добрите лични односи претставуваат основен начин за проповедање на нашата вера, но затоа мораме да бидеме сигурни дека пријателите нема да се вратат на стариот начин на живот. Ако чувствувате потреба да ја скриете својата вера додека се дружите со луѓето, нешто не е во ред во вашата духовност.

Сето она на што му дозволуваме да нè преокупира, па дури и забавите кои ги избираме, има влијание врз нашиот духовен живот. Ние мораме да ја знаеме вредноста на она со што го храниме својот ум.

„Не ќе оставам, пред моите очи, ништо подмолно. Мразам човек кој прави зло: тој не ќе биде покрај мене“ (Псалм 101,3).

Денешните облици на забава се презаситени со насилство и телесност. Живееме во свет на минливи вредности. Сепак, сè уште постои многубројна извонредна литература која лежи неоткриена. Многу литературни, ликовни и музички дела се занимаваат со основните вистини и ги раздвижуваат нашите најдлабоки чувства. Ако останеме во вакуум, ќе нè преплави она најлошото и ќе ја исполни празнината во нас. Овој факт посебно се однесува на нашите деца. Меѓутоа, ако своите мисли ги храниме со најдобра храна, злото нема да успее да нè совлада.

Задржувањето на високите критериуми, кога е во прашање она што го внесуваме во својот дом и во својот ум, нема да ја намали нашата слобода. Ако се занимаваме со она што е вистинско, благородно и добро, ќе ги прошириме своите видици. Постојат многу предности кои христијанинот можат да го направат среќен.

„Ќе ми го покажеш патот во животот, во Твоето присуство има полнота на радоста, десно од Тебе – вечно блаженство“ (Псалм 16,11).

6. Христа го проповедаме со она што го даваме

Непосредно пред крштевањето на еден верник, пасторот Ричардс забележал дека крштеникот сè уште го чува преполниот паричник во својот џеб. Пасторот го запрашал дали можеби заборавил своите пари да ги остави во собата за подготовка. „Мојот паричник и јас ќе се крштеваме заедно“, објаснил човекот. Тој го усвоил вистинскиот дух на христијанството – помагање на другите. Христијанинот расте додека дава и затоа и самиот Исус рекол: „Поблажено е да се дава, отколку да се прима“ (Дела на апостолите 20,35).

Како можеме да вложиме во небесната банка?

„Не собирајте си богатства на земјата, каде што молецот и ‘рѓата ги уништуваат, и каде што крадци поткопуваат и крадат; туку собирајте си богатства во небото, каде што ни молец, ниту ‘рѓа ги уништува, и каде што крадци не поткопуваат и крадат; зашто каде е твоето богатство, таму ќе биде и твоето срце“ (Матеј 6,19-21).

Некои луѓе го минуваат целиот живот трупајќи богатство, а сè ќе снема кога работата ќе пропадне или ќе се случи „црн петок“ на берзата. Тоа што го даваме за напредокот на Божјото царство има вечна вредност.

Колку од тоа што го имаме му припаѓа на Бога?

„Господова е земјата и сè што е на неа, светот и сите кои живеат во него“ (Псалм 24,1).
„Златото е мое, среброто е мое – зборува Господ над Воинствата“ (Агеј 2,8).

Ние му припаѓаме на Бога од две причини: Тој нè создал, и со својата крв нè спасил од нашите гревови.

„Не си припаѓате само на себеси, зашто скапо сте купени“ (1. Коринќаните 6,19.20). Колку ни дал Бог од сè што поседуваме?
„Тој, Самиот, им дава на сите: живот, здив и сè“ (Дела на апостолите 17,25).
„Спомни си за Господа, својот Бог! Па Тој ти даде сила за да го спечалиш богатството“ (5. Мојсеева 8,18).

Распнатиот и воскреснат Христос нè повикува „како Негови соработници“ да им го проповедаме Евангелието на другите (2. Коринќаните 6,1).

Колку бара Тој да му дадеме за поддршка на Неговото дело?

„Смее ли човек да му задржува на Бога? А вие Ми задржувате Мене и прашувате: Во што Ти задржуваме? Во десетокот и во приносот… Донесете ги сите десетоци во ризницата за да има храна во Мојот Дом. Тогаш испитајте Ме – зборува Господ над Војските – не ќе ли ви ги отворам небесните брани и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка“ (Малахија 3,8-10).

Десетокот е десеттиот дел од нашата заработувачка (5. Мојсеева 14,22; 1. Мојсеева 28,22). За земјоделецот или трговецот заработката е приходот кој ќе остане кога ќе се одземат работните трошоци. За вработениот тоа е целата плата. Начелото за давање десеток е морално начело зашто во него се огледува нашиот карактер. Ако не даваме десеток, му задржуваме на Бога. За нас исто така е важно чесно да му враќаме на Бога десеток, како што е важно да бидеме чесни во плаќањето данок на државата или во какви било други деловни трансакции.

Додека живеел на нашиот свет, Исус забележал дека фарисеите одвојуваат десеток и за најситната семка. Иако не ја одобрувал нивната легалистичка религија, Тој, во Новиот завет, ја потврдил исправноста за давањето десеток:

„Горко вам, книжници и фарисеи, лицемери, кои давате десеток од нане, копра и кимин, а го оставивте поважното во Законот: правдата, милоста и верата. Ова требаше да се прави, а она да не се остава“ (Матеј 23,23).

Десетокот му припаѓа на Бога и треба да се употребува единствено за поддршка и довршување на Христовото дело на Земјата, на која Тој ќе се врати:

„Така, Господ им нареди на оние, кои го проповедаат Евангелието, да живеат од Евангелието“ (1. Коринќаните 9,14).
„И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде свршетокот“ (Матеј 24,14).

Колку треба да се даде во приносите?

„И така, сметав за потребно да ги замолам браќата да отидат пред нас при вас, и да го приготват однапред вашиот отпорано најавен дар на благослов, така што да биде готов како благослов, а не користољубие. А ова го велам: кој сее скржаво, скржаво и ќе жнее; кој сее во благослов, во благослов и ќе жнее! Секој нека даде како што одлучил во срцето, а не со жал и не од принуда, зашто Бог го љуби радосниот дарител“ (2. Коринќаните 9,5-7).

Приносите или даровите претставуваат израз на лично решение. Тие се употребуваат за финансирање на проповедањето на Евангелието, покрај десетокот кој е наменет единствено за таа цел.

Божјиот план за систематско давање го потпира ширењето на Евангелието, но и нашиот личен христијански раст. Исус дава вакво ветување:

„Давајте и ќе ви се даде: добра мерка – набиена, натресена, преполнета, ќе ви биде дадена во скутот, зашто со каква мерка мерите, со таква ќе ви се одмери“ (Лука 6,38).

Верниците неброено пати се увериле дека Бог многукратно ги наградува додека даваат. Пасторот С. Ричардс, во една пригода, ја раскажал следнава случка:

„Еден човек, кој цел живот го минал во коцкање, присуствуваше на евангелски состаноци во Лос Анџелес, и никогаш нема да ги заборавам миговите кога разговарав со него во дното на салата. Зеде куп пари од џебот, 500 долари, и сите ми ги даде велејќи: – Ова е мојот прв десеток!

Тоа беше човек кој во последните триесетина години не работел ништо. Живеел од коцкање, па затоа го запрашав: – Како мислите да живеете?

– Не знам, – возврати, – но знам дека на Бога морам да му дадам десеток, а Тој ќе се погрижи за мене.

И Бог се погрижи. Покајанието на човекот беше искрено. Тој целосно се освести и стана среќен во својот христијански живот. Бог сè до смртта се грижеше за неговите парични потреби“.

Бог не ветил дека сите верници ќе станат богати. Но, Тој нè уверува дека ќе ни го даде најнеопходното за живот. Христос дал сè за нас. Затоа сега можеме целосно да му го предадеме своето срце. Да откриеме колкава радост доживуваме кога на другите им зборуваме за Христа, за Радосната вест и колку тоа го збогатува нашиот духовен живот.

„Најмил Татко, Ти благодарам за ветувањето дека ќе ми дадеш радост во животот. Ти благодарам за Твојата милост и Твојата љубов која ме оспособи да растам. Помогни ми да Те проповедам со својот начин на живот, со давање и работа. Помогни ми да дозволам Исус секогаш да живее во мене. Помогни ми да се подготвам за денот кога Христос ќе дојде. За сè ова Те молам во името на Исус. Амин.“

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.