22. Спомен на Христовото воскресение

22. Спомен на Христовото воскресение

1. Еден Господ и едно крштавање

Библиската вистина може концизно да се изрази во овие три нејзини кратки, но значајни зборови: „Еден Господ, една вера и едно крштение“ (Ефесјаните 4,5). И додека старите Латини зборувале дека „сите патишта водат во Рим“, Библијата на мноштвото различни религиски правци им противставува само еден – единствен пат на надежта, објавувајќи им на сите дека во Христа сите се „повикани кон една надеж?“ (Ефесјаните 4,4). Само еден е Господ – постои само една вера во Него и само едно крштавање, и „Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен“ (Марко 16,16). Верата и крштавањето се Христов услов и наредба.

Од денот на Христовата смрт, од неговото положување в гроб и од воскресението, крштавањето станало слика на таа вистина, спомен на големата драма на спасението. Значењето на крштавањето е многукратно и длабоко. Науката за крштавањето влегува во темелите на Христовата наука.

Во прочуениот полноќен дијалог меѓу Никодим и Христос, вчудовидениот учител на еврејската религија кристално јасно ги слушнал Христовите зборови:

„Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо.“

На правоверниот припадник на еврејската црква не можело да му се каже потежок збор од овој! Зар припадноста на црквата на неговите татковци не е сама по себе доволна гаранција за влегување во царството небесно? Зар веќе со своето раѓање, по прататкото Авраам, не станал и наследник на ветувањето на вечниот живот?

Но, бидејќи претходно веќе признал дека Христос е „Учител, дојден од Бога“ (Јован 3,2), тој морал да го задуши своето незадоволство кон овие Христови зборови. Јудејскиот началник прашал како дете: „Како може човек да се роди кога е стар?“ (стих 4). Речиси бил навреден и неговото прашање без малку звучело како навреда, но Христос на тоа не се осврнувал. Јасно му покажал и уште еднаш нагласил: „Не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора“ (стих 7).

Сè уште била ноќ кога двајцата учители се разделиле кај маслинките. Сепак, во срцето на Никодим се појавиле првите знаци на духовна зора како плод на Христовите зборови: „А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени“ (Јован 3,21). При нивната повторна средба, но не и видување, Никодим веќе „работел“ – живеел според вистината. Денот бил петок, времето толку кратко, што сонцето веќе заоѓало – Исус веќе бил распнат на крст на Голгота.

За тоа Библијата известува: „Потоа Јосиф од Ариматеја, таен Исусов ученик, поради страв од Јудејците, го замоли Пилат да го симне телото и Пилат му дозволи. Тој дојде и го симна телото Исусово. А дојде и Никодим, кој порано беше отишол ноќе кај Исус, и донесе околу сто литри смеса од смирна и алој. Го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со мирисите, како што е обичај кај Јудејците да погребуваат. На она место, каде што беше распнат, имаше градина и во градината – нов гроб, во кој уште никој не беше полаган. Таму Го положија Исус поради петокот јудејски, зашто гробот беше близу“ (Јован 19,38-42).

Солзи течеле низ образите на Никодим, зашто навистина тој сега станал дете на верата. Сега за него Исус Христос не бил веќе само Учител, туку Божји Син. Зар тој да го закопува Божјиот Син, Бога? Со свои очи гледал како бил „подигнат Синот човечки“ (Јован 3,14), а сега со свои раце го положувал в гроб. Тоа го преобразило неговото старо и тврдо срце. Драмата на спасението кулминирала.

Никодим, иако бил стар, повторно се родил! Светиот Дух повторно го родил – му го зел старото, а му дал ново срце! Му преостанало уште да се крсти со вода. И додека бил положуван во водниот гроб, додека се крштавал на реката Јордан, Никодим живо си спомнувал за Христовото положување во камениот гроб. Вечно соединет со Христа! Љубовта му станала „силна како смрт“ (Песна над песните 8,6). Крштавањето било негово венчално признавање на верата во Христа. Никодим станал христијанин пред да го прими крштавањето, но со крштавањето тоа јавно го признал и го потврдил во вид на „добра потврда пред многу сведоци“ (1. Тимотеј 6,12).

2. Крштавањето – отворање на изворот

Христијанството почнало да се остварува со исполнувањето на пророштвото за крштавањето кое кажува дека „ќе се отвори извор за домот Давидов и за жителите ерусалимски, за да се измијат од гревовите нивни и од нечистотијата“ (Захарија 13,1). Требало да се појави пророк кој ќе крштава и ќе зборува: „Јас не сум пророк!“ (стих 5). Требало да се чуе гласот на Христовиот предвесник: „Гласот на оној што вика во пустината: ‚Пригответе го Господовиот пат и исправете ги патеките Негови; секоја долина нека се исполни и секоја планина и секој рид нека се снизат; кривините нека се исправат и нерамните патишта нека се израмнат, и секое тело ќе го види спасението Божјо!“ (Лука 3,4-6). Во определеното време почнала христијанската стварност со исполнување на пророштвото за крштавањето. Во Јудејската пустина се појавил Јован Крстител, Христовиот предвесник, „така како што е напишано во Книгата, според зборовите на пророкот Исаија“ (стих 4).

Кога свештениците и Левитите го прашале: „’Кој си ти?‘ Тој призна и не одрече, туку објави: ’Не сум јас Христос… И го прашаа: ’Кој си тогаш?… Пророк ли си?‘ Одговори: ’Не сум‘“ (Јован 1,20.21). Тој бил оној „за кого што е напишано: ‚Ете, јас го испраќам пред лицето Твое ангелот Мој, што ќе го приготви патот Твој пред Тебе“ (Лука 7,27). Тој не бил пророк туку предвесник, но „меѓу родените од жена нема ниеден поголем пророк од Јован Крстител“ (стих 28). Никој не бил поголем затоа што Јовановото проповедање одело пред Христовото, Јовановото крштавање пред Христовото, а сепак Јован останал зад Христа со зборовите: „Тој треба да расте, а јас да се смалувам!“ (Јован 3,30)

Јовановото доаѓање на Јордан било исполнување на пророштвото. Библијата сведочи: „Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите. И доаѓаа кај него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и тој ги крштаваше сите во реката Јордан, а тие ги исповедаа своите гревови“ (Марко 1,4.5). На крштавањето му претходела наука за признавање на гревот, наука за покајание и обратување. Крштавањето било „знак на обраќање“.

Крштавањето било не само „знак на обраќање“ туку и знак дека оние што се крштаваат ја „познаа Божјата праведност“ (Лука 7,29) – показ на вера во Христа како Месија. Христос бил средишна мисла на Јовановата мисија: „Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крсти со Дух Свети“ (Марко 1,7.8). Христос е Бог, зашто само Бог може наново да го роди човекот со духовно раѓање. Крштавањето со вода Исус им го предал на своите посветени ученици: „Самиот Исус не крштаваше, туку учениците Негови“ (Јован 4,2).

Учените доктори на еврејската религија не се оѕвиле на Јовановиот повик. Зар да ги учи човек облечен во „облека од камилски влакна“? (Марко 1,6). Незнајник! – така мислеле тие. Иако Јован им ја покажал својата библиска легитимација: „Оној, што ме прати да крштавам со вода, ми рече…“ (Јован 1,33), фарисеите и познавачите на законот „ја отфрлија Божјата волја за нив, и не се крстија од него“ (Лука 7,30).

Божемните законици го отфрлиле крштавањето. Го презреле тој „знак на обраќање и признавање на Бога“. Тогаш неочекувано од народот се изделил Еден кој со својата појава незапирливо го привлекол Јовановото внимание. Во скромна облека на еден Галилеец, благороден и силен, мирно зачекорил кон Јордан. Понесен од вдахновението, Јован го погледнал и со силен глас на пророк од пустината, рекол: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! Овој е, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, бидејќи постоеше пред мене. Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за Тој да му биде објавен на Израел“ (Јован 1,29-31).

Крштавањето ја објавува Христовата смрт, неговиот закоп и неговото воскресение.

Безгрешното Божје Јагне, Исус, му одговорил на Јован – на неговата воздржаност да го крсти: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Матеј 3,15). Крштавањето значи извршување на Божјата волја; „зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки“ (1. Петрово 2,21). Небесниот Отец објавил дека е задоволен со Христовото крштавање. Небото се огласило со грмотевица кога Отецот објавил: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (Матеј 3,17).

Од крштавањето на Јордан, до гробот на Јосифа од Ариматеја во градината, Христос поминал по трнлив пат. Со својот пример Христос покажал дека и на трњето можат да мирисаат трендафили зашто „кога на Него хулеа, Тој не им одвраќаше со хули; кога страдаше, не се закануваше“ (1. Петрово 2,23). Сето тоа го сторил за да ни даде пример, следејќи го Него, „ослободени од гревовите да живееме за правдата“ (стих 24).

Крштавањето значи смрт на гревот и воскресение за праведноста.

3. Крштавање со вода, но во вода!

На правоверниот Никодим отпрвин тешко му било да ги сфати и да ги прими Исусовите зборови за потребата од крштавање со вода. Уште потешко му паѓало кога ќе се сетел дека така требало да бидат крштавани незнабошците кои ја прифаќале израелската религија. Обратениците од незнабоштвото требало да бидат крстени од еврејските учители на верата за да бидат „испрани“ од духовните нечистотии. Зар тој, Никодим, да биде изедначен со „новородените“ од незнабожечките земји? Најнапред тоа го дочекал со недоверба, а потоа, сфаќајќи го значењето на крштавањето, го прифатил со сето срце.

И Христос е крстен – потопен во вода на реката Јордан, зашто водното крштавање се вршело со нуркање во длабока вода. Библијата вели: „И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата“ (Матеј 3,16). Грчкиот збор „баптизо“ секогаш значи нуркање или ставање под вода, а не прскање. Јован му помогнал да се качи на брегот. Секаде каде што имало крстилници, морало да има и „многу вода“ (Јован 3,23), најмалку толку колку што е долг и длабок еден воден гроб. Зашто – крштавањето е „закоп“ на стариот човек. За „закопот со крштавање“ Библијата зборува така што јасно може да се види значењето на нејзините зборови: „една вера и едно крштавање“. „И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот“ (Римјаните 6,4).

Крштавањето е спомен на Христовата смрт, на неговиот закоп и на неговото воскресение. Библијата за крштавањето зборува како за спомен на делото на спасението: „Образецот на таа вода – крштавањето, но не отстранувањето на телесната нечистотија, туку ветувањето на Бога добра совест – нѐ спасува сега и нас преку воскресението на Исус Христос“ (1. Петрово 3,21). Христос воскреснал во првиот ден на седмицата – во недела – умрел во шестиот ден и почивал во седмиот – во сабота – но ниту петок, ниту сабота, ниту недела, не се спомен на Христовиот триумф над гробот. Спомен на Исусовиот закоп и на неговото воскресение е обредот крштавање – завршна слика на големата борба за спасението на човештвото.

Иако во Стариот завет целиот израелски народ, излегувајќи од Египет, бил крстен во Црвеното Море, „сите во Мојсеј се крстија во облакот и во морето“ (1. Коринќаните 10,2), но мнозинството припадници на стариот Израел во Синајската пустина „не беа по волјата Божја“ (1. Коринќаните 10,5) и тие не влегле во ветената земја. Крштавањето значи припадност на Божјиот народ и знак за влегување во Христовото духовно царство дури тогаш кога тоа е доказ за стварноста дека некогашните грешници се „мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус“ (Римјаните 6,11). Крштевањето не е „капење“ за еден ден, туку припадност на Бога за цел живот. Затоа нему мора да му претходи темелна подготовка.

Mестото на Исусовото крштавање на реката Јордан, според мислењето на историчарите.

4. Подготовка за крштавањето со вода

За да му припаѓаме на Христа, потребно е да се крстиме во името на сите три лица на Божеството. Некои Јованови ученици во времето на апостол Павле се крстиле со „Јовановото крштевање“, но „не сме ни слушнале дека има Дух Свети“ (Дела на апостолите 19,2). Тие не биле темелно подготвени. Нивното крштавање не било полноважно, зашто требало да примат крштавање „во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28,19). По една куса Павлова проповед, повторно се „крстија во името на Господ Исус“ (Дела 19,5). Дури тогаш „слезе Духот Свети на нив“ (стих 6).

Ако на овие возрасни луѓе им било потребно повторно крштавање откако потполно ја запознале вистината, зар тоа не им е уште повеќе потребно на сите што се крстени како бебиња, кога не биле во состојба ниту да згрешат, ниту да ги признаат гревовите, ниту да веруваат ниту да не веруваат дека е „еден Господ, една вера и едно крштавање“ (Ефесјаните 4,5).

Со менувањето на формата секогаш се менува и суштината, а со менувањето на начинот на крштавањето се менува и неговото значење. Но Христос и сега не е без милост кон оние кои „ги прекршија законите, го изменија уставот, го нарушија вечниот завет“ (Исаија 24,5). Изменетиот „устав“ е уредбата за крштавањето. Исус своите ученици ги упатил во светот со зборовите: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28,19.20).

Извршувајќи ја оваа последна уредба и наредба на својот Господ, апостол Петар во својата прва апостолска беседа на денот на излевањето на Светиот Дух објавил:

„А Петар им рече: ’Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух’.“

Крштавањето истовремено значело и присоединување кон Христовата апостолска црква: „И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души“ (стих 41). Никој не може да биде полноважно крстен без свесна одлука и без слободна волја. Крштавањето го примил и еден гостин од Етиопија. Враќајќи се дома од Ерусалим, тој во својата кочија ја читал Библијата. Светиот Дух влијаел на него да му каже на евангелистот Филип: „Еве вода! Што ми пречи да се крстам?“ (Дела на апостолите 8,36).

На усните на Филипа се нашол Христов одговор: „Ако веруваш од сè срце – можеш“ (стих 37). Верата во Христа како Божји Син го вовела во водата за крштавање: „Па слегоа во водата обајцата, и Филип и евнухот, и го крсти“ (стих 38). Потоа „излегоа од водата“ и Етиопјанецот „радосно го продолжи патот“ (стих 39).

Етиопјанецот го прифатил крштавањето како спомен на Христовата смрт и на неговото воскресение. Го продолжил својот пат со Христа, радувајќи се за влегувањето во Христовото духовно царство.

Кратка содржина на лекцијата

  • Библиски спомен (меморијал) на закопот и воскресението на Исуса Христа не е неделата, туку КРШТАВАЊЕТО (Римјаните 6,3.4).
  • Смртта е непобитен доказ дека секое човечко суштество е родено во грев. „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо“ (Јован 3,5).
  • Крштавањето е јавно признавање на „новото раѓање“ – на измената на животот што е извршена под влијание и водство на Светиот Дух.
  • Крштавањето е знак на вистинска, а не на привидна смрт на гревот и на грешното минато, и знак на воскресението во нов живот во Исуса Христа.
  • Според Христовите зборови, крштавањето е битен услов за спасението. Секој што доаѓа кај Христа треба да се крсти со водно крштавање.
  • „Крштавањето“ значи дека оној што се крштава за миг ќе биде целосно нурнат во вода и веднаш потоа изваден од водата (грчки збор „баптизо“).
  • Полевањето и прскањето со вода не е исправен начин на библиско крштавање зашто тоа на ниеден начин не може да ја одбележи смртта и закопот на нашиот стар живот во гревот, ниту воскресението за нов живот во Христа.
  • Крштавањето на слаби и малечки дечиња – на бебиња, нема библиско потекло, зашто вистинското крштавање претставува доброволен обред на кој му претходи признавање, покајание и раскинување на врските со гревот. Тоа може да го стори само возрасен човек што копнее да биде примен во Божјето семејство на земјата.
  • Јавното крштавање со вода е јавно признавање на Исуса Христа, радосен и свет чекор при обратувањето.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.