15. Со надеж во бесмртност

1. Бог страда со човекот

„ТВОИТЕ МРТОВЦИ ЌЕ ОЖИВЕАТ!“

Така гласи Божјата порака упатена до ужаленото човечко семејство. За ова спасоносно божествено сочувство Библијата вели: „Во секоја нивна жалост Тој не ги оставаше и Ангелот на Неговото присуство ги спасуваше“ (Исаија 63,9). Полн со сожалување и решителност, Исус како Бог ѝ рекол на сестрата на својот починат пријател Лазар: „Твојот брат ќе воскресне“ (Јован 11,23). Сите три лица на Божеството зборуваат со ист јазик и проникнати се со иста љубов кон човекот. Светиот Дух вели во Библијата: „Браќа, не сакаме да бидете во незнаење за оние кои се упокоени, за да не тажите како и другите, што немаат надеж. Зашто, ако веруваме дека Исус умре и воскресна, така Бог и упокоените преку Исус, ќе ги доведе со Него. Ова, пак, ви го велиме преку словото Господово, дека ние, живите, што ќе останеме до доаѓањето на Господ, нема да стигнеме пред упокоените. Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите во Христа“ (1. Солуњаните 4,13-16).

Исус Христос е Спасител како во Стариот, така и во Новиот завет. Неговите утехи ги лекуваат ранетите срца на човечките синови и ќерки исто „како што некого го утешува мајка“ (Исаија 66,13). Тој ја подига секоја душа скршена од болка и зборува со ангелски јазик: „Зар паднатите не стануваат, и оние што скршнале од патот не се враќаат?“ (Еремија 8,4). Живиот човек станува, а мртвиот воскреснува, оживува! Единствено бесмртниот Бог можел да го даде својот збор како залог дека ќе „ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21,4). Затоа и е кажано за Божјата заклетва дека: „тие не се за вас празни зборови, туку ваш живот“ (5. Мојсеева 32,47). Бог ќе го исполни своето ветување во свое време.

2. На Бога му е мил животот на човекот, а не смртта

На човекот Бог му рекол во Библијата: „Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто во тоа е твојот живот и долговечност“ (5. Мојсеева 30,19.20). На луѓето Бог им е живот, а љубовта кон Него е нивно спасение. Смртта е Божји непријател како што е непријател и на човекот.

Смртта е поврзана со гревот, а не со Бога. Гревот е причина за смртта. Библијата вели дека „платата за гревот е смрт“ (Римјаните 6,23). На човекот гревот му задал смртен удар, а не Бог. Смртта е суштина на гревот! Затоа Бог во Библијата им објавил на луѓето: „Зашто не ми е мила смртта на оној што умира, вели Господ Бог; но обратете се за да живеете!“ (Езекиел 18,32)

Исус не се радувал на смртта на својот пријател Лазар од Витанија. Сестра му на Лазар, Марија, скршена од болка за својот брат, при средбата со Христа паднала пред неговите нозе и почнала да липа: „Господи, да беше ти овде, немаше да умре брат ми“ (Јован 11,32). Таа знаела дека Бог е живот, и дека во Христова близина смртта нема место. Човечката тага и јад го вознемириле Христа. Библијата зборува за Бога кој плачел за човекот: „Исус се натажи и се потресе… Исус просолзи“ (стихови 33,35).

Божјата тага е поголема од човечката, неизмерно подлабока и поширока од тагата за умрениот. Исусовите солзи течеле за цел свет. Тоа била нема осуда на гревот како на небото така и на земјата. Гревот го потресол Божјето срце и целото небо, ги ожалостил сите живи суштества на вселената и ги усмртил сите човечки синови и ќерки – прекрасното човечко семејство кое Бог го создал да има живот и среќа. Бог ја мрази смртта, зашто таа и Него болно го потресла одземајќи им го животот на неговите созданија, на неговите пријатели. Кажано е во Библијата: „Скапа е во очите на Господ смртта на Неговите светии“ (Псалм 116,15). Тој тоа и го докажал воскреснувајќи го Лазар од Витанија, својот верен пријател. Библијата вели: „Излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и нозете; а лицето забрадено со крпа.“ Исус ги раскинал врските со кои смртта го врзала. Уште додал: „Одвиткајте го и оставете го да оди!“ (Јован 11,44)

На оние, кои вината за смртта неправедно ја фрлаат врз Бога, Бог во Библијата им вели: „Зашто не ми е мила смртта на оној што умира, вели Господ Бог; но обратете се за да живеете!“ (Езекиел 18,23).

3. Исус Христос – воскресение и вечен живот

Библијата вели: „И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.“

Животниот дух не бил истовремено и бесмртен дух, и човекот не станал „бесмртна душа“, туку само „жива душа“. Тој можел да живее вечно под услов да се храни со плодовите од дрвото на животот, што би го продолжувале неговиот живот во бесконечност. Но човекот го погазил Божјиот збор и неговите наредби и се одделил од Богa кој е живот и затоа не можел вечно да живее. По паѓањето во грев, вечниот Судија морал да застане на страна на правдата и Законот, пресудувајќи ја вината: „Со пот на лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3,19).

Бесмртен е само Бог кој постои од вечноста, кој нема ниту почеток ниту крај. Човекот е создаден од земја, но не е создаден да умре. Тој е создаден да живее вечно, но под услов да биде послушен жител на Божјето царство засновано на Божјиот закон – кој е основа на неговото владеење. Единствено Бог има бесмртност, и никој друг. „КОЈ Е ЕДИНСТВЕН БЕСМРТЕН и живее во непристапна светлина, Кого никој од луѓето не Го видел, ниту може да Го види“ (1. Тимотеј 6,16).

Библијата вели дека Исус Христос е Творец на светот: „Сè стана преку Него и без Него ништо не стана од она што постана“ (Јован 1,3). Пред творечката сила на бесмртниот Бог, откриен во лицето на Исуса Христа, на човекот му застанува здивот. Како извор на животот, единствено Тој можел да создаде живот. Само Тој е грнчар кој можел да ја оживее својата ракотворба – човекот. Библијата вели: „Господи, Ти си наш Татко; ние сме глина, а Ти – наш грнчар, сите сме дело на Твоите раце“ (Исаија 64,7).

Ниедно грне не е вечно, па дури и кога е најдобро испечено во грнчарска печка. Човекот не е создаден од правот на ѕвездите за да може во мигот на смртта да им се врати на ѕвездите. Библијата кажува дека човекот е создаден од „правот на земјата“ и дека по смртта тој се враќа во првобитната состојба – во правот. Како голем грнчар, Бог го формирал човечкото тело од глина и во него дувнал животен дух. На тој начин во него запалил животен оган кој никогаш не би згаснал кога човекот би останал послушен на законот кој бил втиснат во него како знак и печат на Божја своина. Штом животната енергија затреперила во сите влакна на неговите нерви и мускули, човекот оживеал; глината добила живот! Аритметички тоа може да се изрази на следниот начин:

ГЛИНА (тело) + ЖИВОТЕН ДУХ (животна енергија) = ЧОВЕК (душа жива)

Човекот, како „жива душа“, е создаден совршен и слободен, но не и бесмртен. Како врховен господар, Бог му ја поставил послушноста како услов за вечно постоење. Условот за човекот да остане бесмртен била послушноста кон Бога. Кога човекот станал „жива душа“, тој станал човек кој живее само дотогаш додека му се покорува на Божјиот закон. Бог му рекол на првиот човек: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш, освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2,16.17).

Божјиот закон бил напишан во човековото срце и во неговата совест. Бог, кој е љубов, на човекот му дал слобода и слободен избор: човекот може да одлучи да бидел послушен или не. Бог сака послушност од љубов. Тој ја предвидел можноста да се појави бунт и нашол решение ако тоа се случи. Библијата јасно зборува дека Бог, откако човекот паднал во грев и се побунил против Него, со една мерка на безбедност, го спречил грешникот да биде бесмртен. Во божествениот Совет е кажано: „Ете, човекот стана како еден од Нас, знаејќи што е добро и што е зло; но сега, да не ја испружи раката своја и да земе пак од дрвото на животот, и да вкуси, па да заживее вечно!“ (1. Мојсеева 3,22) Гревот го препречил патот кон дрвото на животот, но сепак Бог нашол излез човекот пак да се врати во живот. Уште тогаш Исус Христос можел да им каже на првите луѓе: „Јас сум Патот, Вистината и Животот“ (Јован 14,6).

Смртта не е заминување во бесмртност. Патот во вечен живот е отворен со доаѓањето на Исуса Христа на светот во човечко тело. Тој ја платил откупнината за целиот човечки род. Смртта е последица на гревот, казна, а не награда, зашто Библијата кажува: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Езекиел 18,4).

Смртта не е пријател, туку непријател. Со своето доаѓање Исус „ја уништи смртта и го осветли животот и нераспадливоста преку Евангелието“ (2. Тимотеј 1,10). Во случајот на Лазар од Витанија, со неговото воскресение од гробот, Исус уште тогаш ја „уништил“ смртта. Тогаш, не само на Лазар, туку и на сите луѓе, Исус им го објавил животот и им понудил бесмртност под услов да веруваат во Него и да бидат послушни на неговиот закон. Исус рекол дека Тој е единствениот и вистинскиот пат кој води во бесмртност: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11,25.26). Ние треба да веруваме „како што е речено во Писмото (Библијата)“ (Јован 7,38).

4. Човекот, во мигот на смртта?

Човекот кој верува во Христа онака „како што е речено во Писмото“, ќе биде „како градина напоена со вода и како извор, чии води никогаш не пресушуваат“ (Исаија 58,11). Тој нема од што да се плаши, како што не се плашел и библискиот цар Давид, кој во својот псалм вели: „Кога би тргнал и по долината на смртната сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезол и Твојата палка ме успокојуваат“ (Псалм 23,4).

Мнозина се прашувале како и праведниот Јов, а истото прашање и денеска им се поставува на сите: „А човекот умира и истлејува; си оди, и каде е тој?“ (Книгата за Јов 14,10). Отсекогаш смртта ги гасела сите надежи, отсекогаш била толку неумолива и стварна, што Јов морал уште еднаш да праша: „Кога ќе умре човек, ќе живее ли пак?“ (стих 14). Може ли човекот да излезе од гробот и повторно да живее?

Наесен, кога се сее пченица, се сее со надеж во нејзино воскресение, и низ матните магли сејачот однапред ги гледа златно разбранетите полиња и синото топло небо. Малечките грутки над секое пченично зрно ќе бидат квасени од есенските дождови и натопувани од пролетните снегови, а потоа ќе настане промена! Житата ќе озеленеат и ќе бујат, од грутките ќе никне живот, воскресението ќе се нарече пролет! Праведниот Јов себеси се видел во фрленото пченично зрно. Тој не се сомневал во воскресението. Веднаш по своето прашање дали човекот повторно ќе живее откако умре, тој додал: „Во сите денови на одреденото време би чекал додека ми дојде смената. Ти би викнал, и јас би Ти дал одговор, и Ти би покажал благоволение кон созданието на Твоите раце“ (Книгата за Јов 14,14.15). Праведниот слуга Јов знаел дека „мртвите не знаат ништо“ (Проповедник 9,5). Каде е човекот кога е во гроб? Библијата кажува дека не постои повеќе и не живее во никаков облик, дека е таму каде што се и водите кога „истечат од езерото“, таму каде што и „реката секнува и пресушува“ и ја нема веќе (Книгата за Јов 14,11). Во мигот на смртта човекот се враќа во земниот прав, од кого е и земен, а не оди на небото. Тој слегува таму каде „изнемоштените наоѓаат починка. Таму затворениците заедно се насладуваат од спокојство и не ги слушаат викотниците на надзирателот. Мал и голем таму се рамни; робот е слободен од господарот свој“ (Книгата за Јов 3,17-19).

Библијата вели дека во мигот на смртта, човекот, односно телото „ќе се врати… во земјата, како што си бил; а духот ќе се врати кај Бога, Кој го дал“ (Проповедник 12,7). Кај умрените „љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што се случува на земјата“ (Проповедник 9,5.6). Иако нивниот дух, како животна сила, е примен од Бога, во мигот на издивнувањето мртвите не одат меѓу ѕвездите, туку нивниот дух се враќа кај Бога. Небото е место на живи, а не на мртви. Библијата вели дека ниту царот Давид, во мигот на својата смрт „не отиде на небесата“ (Дела на апостолите 2,29.34).

Идејата за задгробен живот нема библиска основа; учењето за мачилиште на „бесмртните“ души во некаков бестелесен облик има митолошко потекло, без никаков темел и доказ во Библијата. Библијата не учи дека човекот по смртта живее во вселената иако спомнува примери на такво човечко верување што потекнува од незнабожечките религии. Дури и Исус, кој умрел и три дена поминал в гроб, за тоа време не бил во некоја рајска населба, што се гледа од неговите сопствени зборови во мугрите на неговото воскресение. На Марија, која плачела крај празниот гроб, Исус ѝ се јавил и ѝ рекол: „Не допирај се до Мене, зашто уште не сум се вратил кај Мојот Отец“ (Јован 20,17).

Праведниот Јов верувал во воскресение на човекот и тоа е единствено вистинско библиско учење:

„Но знам дека е жив мојот Откупител и дека на крајот ќе застане над правот. И кога ќе се распадне кожата моја, пак во моето тело ќе го видам Бога. Истиот јас ќе го видам, и очите мои ќе го гледаат, а не очи на друг“ (Книга за Јов 19,25-27).

5. Бесмртност – при второто Христово доаѓање

Тома бил последен ученик кој во кругот на апостолите се сомневал во Христовото воскресение од мртвите по тридневниот престој во запечатениот гроб. Секое уверување од страна на неговите браќа тој го дочекувал со зборовите: „Додека не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам!“ (Јован 20,25)

Воскреснатиот Исус тоа го слушнал и му било жал за неверниот ученик. Тома би бил загубен кога до крај не би сакал да верува. Затоа при првата средба Исус му се обратил и му рекол: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверлив, туку поверувај!“ (Јован 20,27)

Откако се уверил лично, Тома паднал и му се поклонил на Исуса со полно признание и вера во Христа како свој воскреснат Спасител: „Господ мој и Бог мој!“ (Јован 20,28)

Библијата вели: „И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани“ (1. Коринќаните 15,22). Христос го покажал патот во бесмртност – преку воскресението!

Кратка содржина на лекцијата

  • Библијата зборува за трагичниот крај на човековиот живот, за смртта на која сите се подложни. Само Бог може да го утеши човекот со воскресението на мртвите.
  • Само Бог е животна надеж на човекот, единствена негова утеха пред гробот.
  • Преданоста кон Христа, љубовта, верата и послушноста кон Бога, се вистинска основа на надежта во бесмртност.
  • Човековото битие е целина. Бог го создал од правот на земјата и го оживеал со својот животен дух.
  • Смртта е човеков непријател што го уништува целото негово битие.
  • За време на смртта нема свест, размислување ниту сеќавање, зашто смртта ги прекинува мислите и го разорува телото.
  • Смртта е несвесна состојба, без соништа, без љубов, без омраза или завист.
  • Библијата за смртта зборува како за сон, од кој човекот ќе биде разбуден со Божја интервенција.
  • За време на првото воскресение, при второто Христово доаѓање, оние што „заспале во Господа“ ќе станат во бесмртно тело.
  • Човекот се раѓа смртен, но има надеж во бесмртност. Таа надеж ја дава единствено Бог.
  • Библијата зборува дека смртта ќе биде уништена како последен непријател. Тогаш ќе почне бесмртниот живот на новосоздадената земја.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.