3. Историјата на светот во визијата на пророците

„Ете, претскажаното порано се збидна, и ново ќе ви објавам; пред да стане тоа, Јас ќе ви го објавам.“

1. Запознавањето на иднината е надвор од човековата моќ

Завеса пред иднината! На оној кој би знаел што ќе се случи утре, би му се восхитувале цел свет! Но луѓето не знаат што донесува иднината, а тој факт го потврдува и Библијата кога ни се обраќа со зборовите: „Вие, кои не знаете што ќе стане утре“ (Јаков 4,14). Всушност, човекот не само што не знае што ќе се случи утре, туку тој не знае што донесува ни денешниот ден. Погаѓањето на гледачите не е вистинско предвидување на иднината. Ниту луѓето ниту божемните духови на умрените не можат да ја преткажат иднината. Библијата вели дека само Бог може да даде вистинско пророштво и да ги објави настаните што допрва ќе се одиграат: „Ете, претскажаното порано се збидна, и ново ќе ви објавам; пред да стане тоа, Јас ќе ви го објавам“ (Исаија 42,9). Познавањето на иднината е белег на Божеството, а луѓето не се богови! Библијата е светлосен сноп што ја пробива темнината на неизвесната иднина…

2. Најсигурна пророчка Реч

Божји принцип е сите свои намери со светот однапред да им ги објави на своите пророци, за луѓето да го знаат она што ќе се случи за да можат на време да се приготват. Во тоа и се состои Божјата љубов кон луѓето. Библијата ни потврдува дека Бог е искрен и отворен: „Зашто Господ Бог не прави ништо, додека не им ја открие тајната Своја на Своите слуги – пророците“ (Амос 3,7). Библијата е откриена Божја тајна, но иако е така, таа бара трудољубиво испитување на нејзините пророчки длабини, „зашто секој што, моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори“ (Матеј 7,8).

Бог сака луѓето да веруваат во неговата Реч и тоа е една од причините зошто Тој ни ја открива иднината: „Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате дека сум Јас“ (Јован 13,19).

Сигурноста на Божјите пророштва претставува мошне силна основа за луѓето да можат во сè да му веруваат на Бога. Апостол Петар вели: „А освен тоа, ние имаме нешто уште поверно, а тоа е пророчкото слово; и добро правите што нему му обрнувате внимание, како на светило што свети на темно место, додека денот осамне и Деницата засвети во вашите срца“ (2. Петрово 1,19). Библијата, како Божја реч, со сноповите на својата силна светлина ја осветлува темнината на иднината. Не постои можност светлината неочекувано да згасне, зашто нејзин извор е сам Бог кој е Светлина.

3. Завесата отстранета

Постои едно неверојатно пророштво за настаните на сцената на светот. Тоа е објавено на почетокот на 6 век пред Христа, на дворот на вавилонскиот цар Навуходоносор, а напишано е во втората глава во книгата на пророк Даниел во Библијата. Божјата моќна рака ја отстранила завесата што ја крие иднината за да ги видиме патиштата по кои ќе оди светот и патиштата на Божјето провидение.

Оваа најкуса историја на светот почнува со царот Навуходоносор, кој владеел со Вавилонското царство. Шест века пред Христа, кога се наоѓал на зенитот на својата слава, на овој горделив цар Бог му дал на својата перница да сонува пророчки сон за идната историја на светот. Овој самоуверен властодржец требало да биде научен дека вистински Управител на земјата е Бог и дека Тој поставува и соборува цареви и ги открива тајните на иднината и тајните на царевите.

Пророчкиот сон на Навуходоносор му е даден со цел да знаеме дека Библијата однапред опишала како ќе се развива историјата на светот и да се увериме дека Бог постои и ја познава иднината. Таа сликовита лекција на вавилонскиот цар му е дадена како одговор и на нашето прашање: Што ќе биде со нашиот свет? Необично, но вистинито!

„Великиот Бог му даде на царот да разбере што ќе се случи во иднина.“

4. Преткажани се само четири светски царства

Царот Навуходоносор мечтаел за тоа сета земја да биде едно негово царство, и тоа вечно. Тој би бил мошне разочаран кога би слушнал дека неговите желби нема да се обвистинат. Затоа, една ноќ, на сон видел огромен човечки кип. Возбудено го набљудувал чувствувајќи дека овој кип со својата појава сака нешто да му каже. Меѓутоа, кога се разбудил, не можел за ништо да се сети. И кога пропаднале сите негови обиди од своите гледачи и мудреци да дознае за сонот и за неговото значење, пред царот бестрашно застанал пророкот Даниел. Тој не само што го објавил заборавениот сон, туку верно и вистинито на царот Навуходоносор му го пренел толкувањето што го добил од Бога, без оглед на неговата омилена визија за едно сеопшто и вечно Вавилонско царство.

Царот бил мошне изненаден слушајќи го описот на својот сон од устата на пророкот. Тој увидел дека пред него стои пророк на живиот небесен Бог. Даниел објавил: „Твоето видение, царе, беше вакво; ете, некаков си голем, огромен лик, стоеше пред тебе во голема светлина, и изгледот му беше страшен. Главата на тој лик му беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни. Потколениците железни, а нозете делумно железни, делумно глинени. Додека го гледаше, еден камен се откачи од планината сам, удри во ликот, во неговите железно – глинени нозе и го скрши. Тогаш заедно сè се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби ликот стана голема планина и ја исполни целата земја“ (Даниел 2,31-35). Божјата визија за светот често не се совпаѓа со човечката претстава за иднината.

Пророкот Даниел за миг застанал. Сега пред царот требало да ја прелистува лист по лист целата идна историја на светот. Царот втренчено го гледал и, додека пророкот зборувал, му се чинело дека не само што ги слуша, туку и ги гледа сцените на издигнувањето и пропаѓањето на светските царства. Пророкот Даниел го продолжил своето објаснување: „Ти царе, цар над царевите, кому небесниот Бог му подарил царства, власт, сила и слава, и во рацете твои ти ги предал сите човечки синови, каде и да живеат тие, сите ѕверови земни и птици небески и те поставил за господар над сите нив – ти си таа златна глава. По тебе ќе се крене друго царство, послабо од твоето, а и трето царство, бакарно, ќе владее над целата земја. А четвртото царство ќе биде цврсто како железо; зашто како што железото троши и дроби сè, така и тоа ќе дроби и ќе уништува. А тоа што си ги видел – нозете и прстите на нозете направени делумно од грнчарска глина и делумно од железо, тоа царство ќе биде разделено и во него ќе остане само нешто од цврстината на железото, бидејќи си видел железо, измешано со грнчарска глина“ (Даниел 2,37-41). Но со ова уште не било кажано сè. Без трпение нема откровение.

5. Поминливоста на светските царства

Каква необична слика! Историјата на човечкиот род претставена со човечки кип од злато, сребро, бакар, железо и земја – метали од кои сепак се состои човекот! И, како што се сменувале благородните метали со неблагородни, така се сменувале и светските царства – доаѓало послабо на местото на посилното. Толку несфатливо, но сепак толку вистинито и точно. Четири светски царства настапувале и поминувале.

Златната глава на тој таинствен кип го претставувала Вавилонското царство. Навуходоносор од Даниеловата уста ја слушнал божествената потврда за величественоста на своето царство: „Ти си таа златна глава!“ Вавилонското царство Библијата го нарекува најславно меѓу сите земни царства. За неговото богатство, сила и раскош, пишувале и старите историчари Херодот, Страбон и Јосиф Флавие. Но сиот тој златен сјај не траел долго. Наследниците на Навуходоносор биле слаби цареви, предани на страсти и пирување. Иако небесниот Бог им дал докази за својата семоќ, сепак тие со своето горделиво расфрлање му пркоселе на семоќниот Бог. Најпосле, една ноќ – додека последниот вавилонски цар пиел вино со своите кнезови и додека ги фалел своите богови – златната глава нагло паднала врз градите: во Вавилон продреле Персијанците и го убиле царот Валтазар. Над првото царство паднала завесата, а се подигнувала над следната појава на светската сцена.

Персискиот цар Кир го освоил Вавилон 538 година пред нашата ера, и врз неговите урнатини го подигнал второто светско царство. Територијално тоа било поголемо, но по своето внатрешно единство и сјај било помалку вредно од претходното, како што и среброто е помалку вредно од златото. За време на царот Ксеркс, ова царство опфаќало 127 провинции, протегајќи се од Индија па сè до Европа и денешна Етиопија. Но дошол редот и на третото царство, и чистото медо-персиско сребро потемнело.

Царот Александар Велики победоносно настапил на чело на своите борци и во прочуената битка кај Гавгамела 331 година пред нашата ера ја сотрел медо-персиската моќ и го истакнал знамето на третото светско царство – Царството на Александар Македонски. Бакарот го заменил среброто. Александар владеел со моќна империја, но таа била силна додека бил жив тој. По неговата смрт, во борбите на неговите наследници околу престолот, таа се распаднала.

Додека третото царство слегувало, на светската сцена се качувало четвртото, со своите железни копја, шлемови и штитови. Тоа било Римското царство, тврдо и силно како железо. Во 168 година пред нашата ера, Рим ја освоил Македонија, а 146-та ја прогласил за своја провинција. Така исчезнало и третото светско царство, а пророштвото и понатаму живеело.

За Римската империја читаме во 40 стих: „Зашто како што железото троши и дроби сè, така и тоа ќе дроби и ќе уништува.“ Тоа е неверојатно точен опис на „железното“ Римско царство. Оној што не му се покорил доброволно на Рим, немилосрдно бил уништен.

Сите земји што излегувале на Средоземното Море, Средна Европа и делови на Мала Азија, му припаѓале на ова големо царство. Римската власт најдолго траела: од 168 пред Христа, сè до 476 година по Христа. Тогаш и ова царство, под налетите на варварските племиња од исток, престанало да постои.

Секое од овие четири светски царства длабоко му се поклонило на библиското пророштво и му ја признало веродостојноста.

Што рекол пророкот Даниел за периодот по паѓањето на Римското царство? – Патувајќи низ иднината, Даниел понатаму рекол: „И како што прстите на нозете беа делумно од железо, а делумно од глина, така и царството ќе биде делум силно, а делум слабо. А она, пак, што си видел железо, измешано со грнчарска глина, тоа значи дека царевите на тоа царство ќе се обидат да се соединат преку мешани бракови меѓу себе, но нема да се слеат едно со друго, како што железото не се меша со глината“ (Даниел 2,42.43). Ова е опис за наследникот на Римската империја, која се распаднала на десет делови. Историјата ни набројува токму толку племиња кои владееле на територијата на некогашното Римско царство и кои ги претставуваат предците на денешните народи на Западна Европа. Тоа се: Англосаксонците, Франците, Алеманите, Ломбардите, Источните Готи, Западните Готи, Бургундите, Вандалите, Свевите и Херулите. Пророштвото на Божјата реч се исполнило во секоја подробност. На секој прст – по една држава!

Железото и глината претставуваат мешавина која не може да се држи заедно. Имало и несвесни обиди да се побие Даниеловото пророштво – глината трајно да се соедини со железото во соединувањето на државите на Европа. Историски факт е што, наспроти обидите на Карло Велики во 8 век, на Карло V во 16, на Луј XIV во 17, на Наполеон во 19 век и во последните две светски војни, сите овие разделени нации да се обединат во еден свет, до тоа не дошло. Пророштвото укажало на тоа дека луѓето ќе се обидат да се соединат по пат на дворски женидбени врски и со свадби да го постигнат она што не можеле со војна, да ги соединат сите делови на бившото Римско царство. Историјата вели дека и тие обиди не успеале. Таа секогаш ги потврдувала библиските пророштва.

„И верен е тој сон и точно е неговото толкување!“

6. Библиското пророштво за непоминливото царство

Сè уште пророкот Даниeл и царот Навуходоносор ја набљудувале панорамата на поминливоста на човечките царства основани со сила на воени походи. Ненадејно пророкот со восхит го подигнал својот глас и објавил царство што нема никогаш да помине: „И во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш, а тоа царство нема да биде предадено на друг народ; тоа ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниeл 2,44). Ќе биде само, но не и осамено меѓу безбројните Божји царства во галактичкиот бескрај.

Некои нагаѓале дека Христовото царство, споредувајќи го со подобрувањето на земните прилики, постепено ќе се претвори во видливо царство. Други докажувале дека ова пророштво се исполнило со Христовата појава во времето на Римската империја. Меѓутоа, царството на Божјата љубов ќе почне со второто доаѓање на Исуса Христа, кој ќе биде Цар на своето вечно царство.

Даниeл повторно му го спомнал на царот неговиот сон за да може на крајот од толкувањето да заврши: „Додека го гледаше, еден камен се откачи од планината сам, удри во ликот, во неговите железно – глинени нозе и го скрши. Тогаш заедно сè се раздроби: железото, глината, бакарот, среброто и златото станаа како прав на летно гумно; ветрот ги однесе, и трага од нив не остана, а каменот што го разби ликот стана голема планина и ја исполни целата земја“ (Даниeл 2,34.35). Каменот не го удрил кипот во нозете, што ја претставуваат Римската империја, туку во стапалата. Навистина, Христос дошол во времето на Римската империја, но не во своето царство. Тоа царство ќе дојде од небото „во времето на тие цареви“, кои се разделиле како и прстите на стапалата. А второто Христово доаѓање на земјата всушност е тој „камен“ што израснува во голема планина и ја исполнува целата земја. Сонот на Навуходоносор за единствена земја најпосле ќе биде исполнет!

7. Сè повторно создадено

Царството на небесниот Бог всушност е Христовото царство на вечен мир и среќа. Тоа го објавил Оној кој го знаел крајот уште од почеток. Христовото царство доаѓа одозгора и поминува низ небесната врата. Ѕвездите ќе направат премин за Христовото триумфално доаѓање на земјата. На вселенските височини „одекнаа силни гласови кои викаа: ’Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос и Тој ќе царува во сите векови!‘“ (Откровение 11,15). А над сите тие радосни ангелски восклици, ќе се слушне Божјиот глас како труба: „Ете, сè ново создавам. И ми рече: ’Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни‘“ (Откровение 21,5). Библијата е „верно пророчко слово“ (2. Петрово 1,19), историски суд за времето на поминливоста и весник за одгласите на вечноста.

Колку прекрасно ветување! Не може да се сомневаме во него! Бог рекол дека е вистинито и верно. И уште еднаш преку устата на Даниел: „И верен е тој сон и точно е неговото толкување“ (Даниел 2,45). Дека сонот навистина бил вистинит, веднаш потврдил и царот Навуходоносор, зашто паднал на колена ничкум и му се поклонил на Даниел и на неговиот Бог. Божјата реч сè уште се одгласува во нашите уши. Христовото доаѓање е сигурно. Толкувањето на пророштвото е точно и може да му се верува, зашто овојпат царот Навуходоносор не сонувал само обичен сон туку и вистина, што толку многу се разликувала од неговите други соништа. Златниот Вавилон го губел својот сјај…

Кои се граѓани на Божјето царство? Библијата ги опишува во Откровение 7,9: „Потоа видов, и ете, големо мноштво народ кое никој не можеше да го преброи – од сите племиња и колена, народи и јазици; тие стоеја пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки и со палмови гранчиња во рацете.“ Христовите следбеници се облечени во „бела облека“, што ја претставува Христовата правда. Тоа граѓанство можеме да го добиеме ако му припаѓаме на Христа преку Библијата!

Драги пријатели, зар не сте среќни во сознанието дека Бог сè уште ја води историјата на светот и дека еден ден ќе го обнови нашиот стар, уморен свет? Нели се засилува Вашата вера гледајќи ги исполнетите библиски пророштва?

Кратка содржина на лекцијата

  • Само Бог може да ја види иднината со векови однапред. Само Бог наполно го познава сегашниот миг и затоа единствено Тој знае што ќе се случи и во иднина.
  • Само Библијата има сигурна вест на надеж и вистина за иднината на светот и за нашиот личен напредок.
  • Набљудувајќи како се исполнуваат библиските пророштва, се засилува нашата доверба дека Бог води грижа за нашиот свет и за нас лично. Затоа треба да внимаваме на „верното“ пророчко слово во Библијата.
  • Историското пророштво на Даниел е жив доказ дека постои бесмртен Бог. Патувањето низ историјата преку Библијата е патување заедно со Бога.
  • Бидејќи „каменот“ удрил во „стапалата“, тоа покажува дека Христовото царство ќе биде основано многу подоцна од пропаста на Римското царство.
  • Христовото царство не доаѓа со постепено подобрување на земните прилики и услови, туку ненадејно, со второто доаѓање на Исуса Христа.
  • Исполнетите пророштва на Библијата се поттик за испитување на Божјето посредување во текот на историјата и иднината на светот. Само Бог, кој длабоко е заинтересиран за човекот, ја познава историјата уште пред таа да се одигра и само Тој може да ја заврши со спасување на светот.
  • Нема книга како што е Библијата – која точно го отсликува минатото и ја знае иднината додека уште ја нема.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.