9. Обновување на храмот

9. Обновување на храмот

Историјата на Ерусалим, „Градот на мирот“, е обележана со крвопролевања и уништувања. Во текот на илјадници години војските на целиот свет се бореле околу тој град, па и денес Ерусалим е едно од местата во светот со најмногу промени. Најценетото место во градот е таканаречениот Рид на храмовите. Тоа мало подрачје на планетата претставува свето место на трите најважни светски религии. Судирот околу таа локација има сила да го подели светот или дури да започне нова светска војна.

Ридот на храмовите засега е под муслиманска власт. Тоа свето место е признаено како место од кое пророкот Мухамед отишол во рајот. Ако го посетите Ридот на храмовите, ќе забележите две прекрасни муслимански светилишта – Омар џамијата или уште позната како Куполата на карпа и џамијата Ал-Акса.

За Евреите, тоа е најсветото место на светот. Тоа е местото на двата нивни најсвети храмови: Соломоновиот храм – што го разурнале Вавилонците – и Иродовиот храм, кој Римјаните го изгореле до темел. Ова место е средиште на духовноста на Евреите. Тие се решени повторно да го здобијат тоа место и одново да го изградат својот храм. Многумина христијани, кои исто така го сметаат ова место за свето, соучествуваат со Евреите и го поддржуваат повторното подигнување на храмот.

Пред неколку години еден австралиски религиски ревнител, Мајкл Роан, дошол на Ридот на храмовите и подметнал оган под џамијата Ал-Акса. Откако прочитал некоја статија во религиските весници, се обидел да им помогне на Евреите повторно да го изградат својот Храм. Обидот пропаднал и само предизвикал уште поголемо непријателство. 

Последниве години, Евреите сериозно се зафатиле со планирање. Институтот на Храмот, сместен во еврејскиот дел на стариот град, веќе има изработено 60 свети храмовни предмети, вклучувајќи ја и менората – седумкрак свеќник и скапоцени камења за градникот на првосвештеникот. Имаат изготвено и далеку напреднати архитектонски планови за самиот нов храм. Нема компромис. Овој храм мора да се изгради на првобитното место на Ридот на храмовите.

Две талмудски школи, сместени во близина на Западниот ѕид, сега поучаваат стотици ученици за симболите и службите на старото светилиште. Постојат и планови повторно да се воведе жртвување животни кога ќе биде изграден храмот, со некој нов вид црвени јуници кои веќе се одгледуваат во јужен Израел.

Што навистина ќе се случи како резултат на таа толку чувствителна ситуација, останува да се види. Меѓутоа, според Библијата, треба ли храмот одново да се подигне? Каква била целта на стариот Храм – познат и како шатор или светилиште? Што претставувале сите тие симболи? Дали и денес ни се потребни животински жртви и свештеници?

1. Од што се состоела основната цел на еврејското Светилиште?

2. Мојсеева 25,8: „Да Ми направите светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам.“

Еден друг превод вели: „Нека Ми изградат светилиште, за да можам да престојувам меѓу нив“. Бог ги создал луѓето од љубов и поради дружење. Тој дури и нè создал според „својот лик“ за да го разбереме подобро и да научиме да го сакаме повеќе. Кога згрешиле нашите прародители, блиското дружење со Бога било отежнато. Наместо разговор „лице в лице“, поради гревот се создала бариера меѓу човештвото и чистиот и свет Бог (Исаија 59,2).

Светилиштето станало средство за да може Бог повторно да живее со својот народ. Неговата присутност – славата на Шекина – трајно се чувствувала во Светилиштето. На тој начин, Бог одел таму каде што идел Неговиот народ. Бог го насочувал, го снабдувал и го штител својот народ. Симболите на Светилиштето и неговите служби им помагале на луѓето да го запознаат и да го разберат Бога.

2. Што му покажувал Бог на својот народ преку Светилиштето и неговите служби?

Псалми 77,13: „Боже, твојот пат е свет. Кој Бог е толку голем, како нашиот Бог?“

Светилиштето било тридимензионален модел што им бил даден на Евреите да им ги покаже Божјите патишта; особено, Неговиот пат на спасението. Темата за Светилиштето покрива речиси една половина од Библијата и опфаќа широка разновидност на симболи и церемонии.

Светилиштето е и пророштво кое ја опишува до најситни подробности целокупната историја на евангелието. Тоа го воведува Бога како Судија и покажува како Бог на крајот конечно и вечно ќе го разреши проблемот на гревот.

Многу други пророчки книги, вклучувајќи ги Даниел и Откровението, ги темелат своите пророштва на темата за Светилиштето. Всушност, Светилиштето и неговите служби само во Откривението се спомнуваат над 90 пати. Има многу малку други важни библиски теми кои би требало да ги сфатиме толку добро како темата за Светилиштето.

3. Што било централно учење на Светилиштето?

Евреите 9,22: „И речиси сè според Законот со крв се очистуваше, и без пролевање крв нема проштавање.“

Службата во Светилиштето била втемелена на жртвувањето животни. Таа непривлечна церемонија говорела дека пролевањето крв е неопходно за да се добие простување, бришење на гревовите и очистување од гревовите.

Крвта е симбол на животот (3. Мојсеева 17,11). Единствено крвта на Оној кој никогаш не згрешил против Бога и Неговиот закон можела да обезбеди проштавање за грешниците.

Исус бил Јагнето Божјо кое ја дало својата крв за да ги преземе на себе гревовите на светот. 

Преку Светилиштето, Бог ја покажал високата цена за гревот. Преку крвта на животните, Бог укажал на ветениот Спасител и Заменик, Исус Христос.

4. Од каде Mојсеј ги добил плановите што му овозможиле да го изгради Светилиштето?

2. Мојсеева 25,9: „Сè, (направете) како што ќе ти покажам Јас на планината: и образецот на скинијата, и образецот на сите предмети во неа – така да направите.“

Кога Мојсеј го градел Светилиштето, познато и како шатор, не му била потребна помош од најдобрите архитекти. Бог му ги дал плановите на планината Синај. Бог прецизно го испланирал Светилиштето, а секој симбол и секоја церемонија имале свое значење.

Првобитното Светилиште не било огромен храм сместен на Ридот на храмовите. Тоа бил шатор во пустината (види 2. Мојсеева 25-40). Било преносливо и Евреите го преместувале своето Светилиште додека патувале низ пустината. Пред неколку години таков шатор во оригинални димензии бил изграден во еден кибуц во Јудејската Пустина. Секоја година илјадници туристи го посетуваат тој модел.

Пустинското Светилиште било направено од разновиден материјал, вклучувајќи багремово дрво, јарешка кожа, овча кожа обоена со црвена боја, кожа од јазовец, заедно со сребро и злато. Светилиштето се состоело од три дела:

Двориштето претставувало ограден простор околу Светилиштето. Постоел само еден влез – низ предната завеса (вел). Токму низ таа завеса влегувал грешникот со својата жртва. Во двориштето се наоѓал олтар за жртвите паленици (2. Мојсеева 40,6) каде што се спалувале жртвите. Тука бил и мијалникот (2. Мојсеева 40,7), во кој свештениците си ги миеле рацете и нозете пред да влезат во самото Светилиште.

Во Светињата се наоѓал седумкракиот свеќник – менора (2. Мојсеева 25,31-40), кој постојано горел и бил снабдуван со масло. Тука бил и кадилниот олтар (2. Мојсеева 30,7.8) на кој непрестајно горел темјан. Тука била поставена и масата со лебови (2. Мојсеева 25,23-30), на која се наоѓале 12 бесквасни тенки лебови.

Во Светињата над светињите се чувствувала Божјата присутност. Тоа било местото на ковчегот на заветот (2. Мојсеева 40,3). На ковчегот стоеле два ангела направени од чисто злато, стражарејќи над престолот на милоста на ковчегот (2. Мојсеева 25,17-22). Во ковчегот се чувал најпочитуваниот дел на Светилиштето – Божјиот закон – Десетте заповеди напишани со прстот Божји (5. Мојсеева 10,4.5).

5. Како грешникот добивал проштавање на своите гревови?

3. Мојсеева 4,33: „И нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, па (свештеникот) нека ја заколе поради гревот на она место, каде што се колат жртвите сепаленици.“

Кога некој ќе згрешел, имало страшни и крвави последици. Грешникот ќе земел јагне (по можност она кое било омилено на целото семејство) и ќе се упател кон Светилиштето. Можете само да ги замислите озборувањата и гласините додека грешникот минувал покрај своите пријатели. Грешникот го земал јагнето, ќе поминел низ завесата и ќе се приближел до олтарот за жртвите паленици. Тогаш ја ставал својата рака врз главата на јагнето и го признавал својот посебен грев над јагнето (3. Мојсеева 5,5). Грешникот симболички го пренесувал својот грев на јагнето и тоа тогаш морало да умре. Но, најтешко било што грешникот морал сам да ја заколе својата жртва за гревот.

Во зависност од видот на жртвата, свештеникот или би изел дел од жртвата или би ја земал нејзината крв и со неа би ја испрскал внатрешноста на светињата. Така гревот бил пренесуван од грешникот на јагнето, на свештеникот и во светињата. Грешникот тогаш можел да си замине ослободен од казната за гревот.

6. По чиј пример било направено еврејското Светилиште?

Евреите 8,1-5: „А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек…“

Земското Светилиште било копија на Светилиштето на Небото. Светилиштето што го направил Мојсеј било само „сенка“ на вистинскиот и величествен храм што го подигнал Бог. Писателот на Посланието до Евреите им велел на Евреите дека на Небото постои првосвештеник кој ја изведува службата за спасение во небесното Светилиште. До денешен ден, нема потреба да се гради нов храм во Ерусалим. Вистинското Светилиште веќе е изградено. Тоа се наоѓа на Небото. Треба да се сосредоточиме на тоа. Не е никакво чудо што сите временски пророштва го опишуваат Светилиштето на Небото, а не на Земјата.

7. Што направил Исус во „предворјето“ на оваа земја?

Јован 1,29: „Еве го Јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот врз себе!“

И Бог го направи Светилиштето за да овозможи простување. Многу поскапоцен од јагнето, омиленото семејно галениче, бил Исус, Божјиот Син. Токму во предворјето на земското Светилиште било жртвувано јагне, и токму на оваа Земја Исус, Божјото Јагне, се принел себеси на жртва. Христовата смрт била совршена жртва, која, за разлика од животинските жртви, била побарана само еднаш. Завесата во земското Светилиште се скинала од врвот до дното (Матеј 27,51) кога Исус со својата смрт го обележил крајот за принесување жртви (Даниел 9,27).

8. На кој начин мебелот во Светилиштето го претставувал Исуса?

Секое парче мебел во Светилиштето претставува еден аспект од Исусовата задача за спасување на луѓето од гревовите.

Да го илустрираме тоа:

Олтарот за жртвите паленици = Исусовата жртва на Голгота (Јован 1,29)

Мијалникот = Исус како жива вода (Јован 4,10; Тит 3,5)

Свеќникот = Исус како видело на светот (Јован 1,9)

Поставените лебови = Исус како леб на животот (Јован 6,48)

Кадилниот олтар = Христовата праведност измешана со нашите молитви (Откровение 8,3)

Ковчегот на заветот = Христовата милост за оние кои го кршат Неговиот закон (1. Јованово 2,1)

9. Кој е денес твој Првосвештеник?

Евреите 4,14-16: „Имајќи го големиот Првосвештеник кој преминал преку небесата, Исус, Синот Божји, ние треба да се држиме за исповедувањето на верата.“

И денес за спасение ни е потребен свештеник, но не свештеник на Земјата. Кога Исус бил на Земјата, станал жртва за тебе. Кога се вратил на Небото, станал твој свештенички Поглавар. Голем број луѓе денес се молат на Бога преку земските свештеници и светци. Библијата вели дека постои „само еден посредник меѓу Бога и луѓето, човекот Исус Христос“ (1. Тимотеј 2,5). Исус денес е нашиот единствен посредник – и не ни требаат други.

10. Што прави Исус како наш голем првосвештеник во небесното Светилиште?

Евреите 7,25: „Затоа Тој и може за вечно да ги спаси оние што преку Него доаѓаат кон Бога, бидејќи е секогаш жив за да се моли за нив.“

Основната улога на првосвештеникот е благословите на жртвата (спасението) да ги претвори во стварност во нашиот живот. Спасението сè уште не било довршено на крстот – всушност, моделот на Светилиштето покажува дека жртвата била само почеток на евангелската историја. Исус како Јагне кое умрело за нас станал Свештеник кој сега живее за нас.

Во Стариот завет, свештеникот стоел пред Божјата светиња (иако со завеса која ги раздвојувала), и станувал посредник меѓу Бога и грешникот. На тој начин грешникот имал постојан пристап до Бога, а Бог постојан пристап до својот народ.

Кога Исус се вратил на Небото, сам ја презел задачата, заедно со Таткото, да ни обезбеди спасение. Исус е врската меѓу човечката минливост и божествената бесмртност. Исус обезбедува проштавање на грешниците нудејќи ја својата крв и праведност наместо нашите гревови. Исус го обновува нашиот однос со Бога и ни дава духовна сила да живееме победоносен христијански живот.

Кога Исус бил на оваа Земја, станал жртва за вас. Кога Исус се вратил на Небото, станал твој Првосвештеник.

11. Што тоа Ден на помирувањето?

3. Мојсеева 23,27: „И десеттиот ден од седмиот месец, Денотна очистувањето, нека ви биде ден за свето собрание: смирувајте ги душите ваши и принесувајте му жртва на Господ.“

Денот на помирување или Јом Кипур се славел само еднаш годишно. Тоа бил единствен ден кога првосвештеникот влегувал во светињата над светињите. Тоа бил ден на судењето. Божјиот народ ја „мачел својата душа“. Со други зборови, тоа било свечено време на покајание. Тоа бил ден на настојувањето да се воспостави целосна хармонија меѓу Бога и Неговиот народ. Оние што одбивале да учествуваат тој ден во настаните биле исклучувани од Божјиот народ (3. Мојсеева 23,29).

Секој ден првосвештеникот ја принесувал жртвата и го пренесувал извештајот за гревовите (симболички јадејќи месо и прскајќи крв) во светињата. Денот на помирување бил ден за чистење на Светињата од гревовите. Пророкот Даниел го прорекол времето кога и Светињата на Небото ќе биде исчистена (Даниел 8,14). Пред второто Христово доаѓање ќе се одржи судење кога и ние треба да бидеме сигурни дека нашиот живот е доведен во согласност со Христа – за тоа ќе зборуваме подетално во лекцијата под наслов „Судење“.

12. Што се правело на Денот на помирувањето, со што симболички се прикажувало конечното отстранување на гревовите?

3. Мојсеева 16,7-10: „…Арон нека фрли жрепка за двата козела (јарци), нека го одреди едниот со жрепка за Господа, а другиот за отпуштање…“

На Денот на помирувањето се бирале два јарца, еден за Господа, а другиот за Азазел (име за сатаната). Господовиот јарец бил принесуван како жртва за Божјиот народ. Првосвештеникот ја земал неговата крв, ја внесувал во светињата над светињите и со неа прскал пред престолот на милоста на ковчегот. Тоа ја претставувало Исусовата крв и Божјата милост која нè спасува од нашите гревови.

Потоа, гревовите од Светињата биле симболички пренесувани на јарецот за Азазел. Тој јарец потоа е носен далеку во пустината (3. Мојсеева 16,21.22) за да умре таму со смрт на осаменик. Тоа го претставувало сатаната, кој, на крајот на судењето, конечно ќе ги понесе последиците на сите гревови на целиот човечки род.

Во текот на милениумот, сатаната ќе биде фрлен во пустината на оваа Земја на илјада години. Тој конечно ќе биде уништен во огнено езеро (Откровение 20). Ова конечно дело покажува дека ѓаволот е одговорен за сите гревови, болки и страдања во текот на историјата.

13. Што го прави Исус наш совршен првосвештеник денес?

Евреите 2,17: „Затоа Тој мораше во сè да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот.“
Евреите 4,15: „Зашто, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да сочувствува во нашите слабости, туку таков кој искусил сè како и ние, освен грев.“

Исус е наш брат. Тој дошол во човечко тело и бил искушуван да згреши, исто како и ние. Исус разбира што значи тоа да се биде изложен на привлечностите на искушенијата. Тој разбира дека ние сме само луѓе и дека ни е многу лесно духовно да паднеме. Како последица, Тој е полн со милост и со сочувство кога му ги признаваме своите гревови.

Исус се спротивставил на искушението. Останал сосем совршен, без гревови (Евреите 7,26). Исус постигнал победа над искушенијата со своето лично искуство. Тој е подготвен да ни укаже помош кога ни е најпотребна. Бидејќи Исус ги исполнил совршените барања на законот, може нашиот грешен живот да го замени со својот совршен живот. Благодарение на ова, ние можеме „слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош” (Евреите 4,16).


Три факти што треба да ги запомниме:

  • Светилиштето го прикажувало планот на спасението;
  • Светилиштето прикажува како Бог го решава проблемот на гревовите;
  • Небесното Светилиште е местото на кое сега служи Исус за да ни донесе спасение.

Случка:

Некој археолог посетил грнчарска работилница во Египет. Тој пред тоа имал можност да разгледа илјадници ќупови, па сметал дека ништо повеќе не може да го заинтересира. Тогаш неговиот поглед паднал на ќуп кој бил апсолутно исклучителен. Боите му биле изразити – сите нијанси на пурпурно и црвено околу целиот ќуп. Археологот го прашал трговецот колку чини ќупот, оти имал намера да го купи.

„О, не! Никогаш нема да го продадам тој ќуп!“

„Зошто, што е тоа што го прави толку посебен?“ 

И така грнчарот ја започнал својата приказна. Приказната како еден ден седнал покрај своето грнчарско тркало, зел парче глина, го фрлил на тркалото и почнал да го обликува. Неволјата била во тоа што глината била толку тврда што воопшто не можела да се обликува. Едноставно, останувала тврдо парче. Откако се обидувал петнаесетина минути, грнчарот бил толку очаен што ја фрлил глината наземи и наместо неа зел друго парче. По некое време повторно го зел „тврдоглавото“ парче глина и повторно се обидел. Така тоа продолжило неколку часови.

Но, при осмиот обид се случило нешто необично. Грнчарот вложил толку голем труд што во текот на вртењето на тркалото остро каменче од парчето глина со врвот му ја засекло дланката на неговата рака. И додека крвта се мешала со глината, грнчарот видел дека глината омекнала. Утврдил и дека може убаво да се обликува, па го изработил едниот од најубавите ќупови во својата работилница, кој бил украсен со најживописни бои.

„Не можам да ви го продадам“ – му рекол на археологот. „Тој ќуп во себе има моја крв и затоа е непроценливо вреден за мене.“

Што ви говори овој настан за вредноста што ја имате во Христовите очи и за Неговата желба да ве спаси?

Неколку лични прашања:
1. Зошто Бог внел толку поединости во самото Светилиште и при службата во Светилиштето?
2. Што мислиш, зошто учењето за небесното Светилиште е толку важно за сегашното време?
3. Што ни говори Светилиштето за Бога?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.