12. Симболот на Сонцето

12. Симболот на Сонцето

Во текот на историјата, многу древни култури го обожавале Сонцето. Светлината и топлината биле важни елементи во културите што зависеле од полјоделството. Како последица од тоа, големата сила на Сонцето станала предмет на обожавање. Обожавањето на Сонцето започнало во Вавилон во ликот на богот Шамаш и се проширило на Египет (Амон-Ра), на Асирија (Вал), на Персија (Митра), на Ханан (Молох). Со текот на времето, обожавањето на Сонцето се проширило и на Грција, дошло и до Астеките, Инките, Јапонија, Индија и до Римската Империја.

Сонцето со своите животодавни зраци станало сеопшт религиски симбол. Овој симбол може да се види во уметноста и архитектурата речиси во секоја стара цивилизација на светот.

Во време на паганскиот Рим, богослуженијата во чест на богот Сонце се одржувале на првиот ден во седмицата. Додека Евреите деновите во седмицата ги обележувале со бројки (освен седмиот ден кој го носел името „одмор“ – Шабат), паганските религии на деновите им давале имиња на своите пагански планетарни божества. Првиот ден во седмицата така станал ден на Сонцето, зашто Сонцето било најголемо од сите планети и ѕвезди.

Бог бил мошне јасен во своето противење на сите лажни богослуженија:

„Па тргне и почне да им служи на други богови, и им се поклонува ним, или на сонцето, или на месечината, или на сето воинство небеско, што е спротивно на моите заповеди“ (5. Мојсеева 17,3).

Во првата Црква постоела јасна разлика меѓу Божјиот народ и околните пагански народи. Оние што го следеле Бога, го славеле во седмиот ден, во сабота, и на тој начин го обожавале својот Создател. Незнабошците ги обожавале своите богови во првиот ден од седмицата, славејќи го она што било создадено – Сонцето.

Во книгата „Кодот на Да Винчи“ сер Ли Тибинг изрекува една интересна забелешка: „…првобитно …христијаните го славеле еврејскиот Шабат во сабота, но Константин го поместил празникот за да не се поклопи со паганскиот ден на обожавање на Сонцето … До денешен ден, многу посетители на црквите присуствуваат на службите во недела наутро, воопшто немајќи поим дека тука се нашле поради оддавање седмична почест на паганскиот бог на Сонцето – на Сончевиот ден“ (стр. 314, 315).

Дали Ли Тибинг има право со својот поглед на историјата? Дали Шабат навистина се поместил од сабота на недела? Ако е така, кој ја наложил таа промена и кога се случила? Треба ли христијаните да ја празнуваат неделата во чест на воскресението? Дали навистина е можно дека христијаните денес му оддаваат чест на богот на Сонцето наместо на Божјиот Син? Во овој прирачник ќе ја откриете извонредната тајна зад една од најголемите измами во прикривањата во текот на целата историја – промената на денот за одмор.

Христијаните го славеле еврејскиот Шабат во сабота, но Константин го поместил празникот за да не се поклопи со паганскиот ден на обожавањето на Сонцето.

1. Според Библијата, кој ден во седмицата е „Господов ден“?

Мојсеева 20,10: „А седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог.“
Марко 2,28: „Па така, Синот Човечки е господар и на саботата.“

Според последната книга на Библијата, Господ има свој посебен ден (Откровение 1,10). Тој ден бил благословен и прогласен за свет. И во Стариот и во Новиот завет Господовиот ден е саботата. Ни еден единствен пат Библијата не говори за неделата како за Господов ден – тоа е само уште еден работен ден во седмицата.

2. Дали Библијата укажува дека неделата е нов ден за одмор и богослужение за христијаните?

Темелното начело низ прирачникот „Тајните на пророштвата“ настојува секое верување да биде засновано на еден единствен темел – на Божјата Реч. Во целата Библија неделата се споменува само девет пати. Сега ќе ви пружиме можност да го испитате секој таков текст и сами да се уверите што кажува Библијата за првиот ден во седмицата.

Создавањето на светот

1. Мојсеева 1,5: „Бог светлината ја нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И настапи вечер, и настапи утро – прв ден.“

Првата книга Мојсеева дава историски извештај за тоа како Бог го создавал светот. Бог работел во текот на првите шест дена од седмицата, и тогаш се одморил во седмиот ден (1. Мојсеева 2,2). Деновите на создавањето укажуваат каде и како седмиот ден бил воспоставен како Шабат.

Исусовото воскресение

Матеј 28,1: „Кога измина саботата, на осамнување во првиот ден на седмицата, дојдоа Марија Магдалена и другата Марија да го видат гробот.“
Марко 16,1.2: „Штом мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и да го помазаат Исус. И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето.“
Марко 16,9: „А Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони.“
Лука 24,1: „Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси.“
Јован 20,1: „Во првиот ден од седмицата Марија Магдалена дојде на гробот рано, уште додека беше темно, и виде дека каменот од гробот е поместен.“

Овие пет текста за првиот ден во седмицата пружаат историски контекст за Исусовото воскресение. Ниеден од нив не укажува дека неделата била или ќе биде свет ден.

Други интересни мисли од овие текстови би биле:

  • Првиот ден во седмицата е денот по Шабатот, па според тоа неделата не може да биде Шабатот од Библијата Матеј 28,1; Марко 16,1.2).
  • Жените дошле во недела да ја извршат работата бидејќи не биле подготвени да ја извршат во сабота (Марко 16,1.2; Лука 23,56; 24,1).
  • Евангелието според Јован, кое е напишано околу 60 години по воскресението, воопшто не навестува некоја промена за денот на богослужението. Првиот ден не се спомнува како Господов ден, или како нов Шабат. Исус почивал во гробот за време на Шабат и повторно станал во текот на првиот работен ден во седмицата – в недела.

Првиот ден во седмицата е денот по Шабат; според тоа, неделата не може да биде библискиот Шабат.

Исплашени ученици

Јован 20,19: „А вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради, дојде Исус, застана насреде и им рече: Мир вам!“

Групата обесхрабрени ученици се собрала во собата бидејќи тие биле исплашена од Евреите, а не за да одржат некое богослужение! Биле сведоци на Исусовото распнување и се плашеле дека ќе ја доживеат истата судбина. Учениците дури не ни верувале дека Исус станал од мртвите (Марко 16,14), така што е сосем сигурно дека не одржувале служба во чест на воскреснатиот Христос.

Павловото проповедање

Дела 20,7.8: „И во првиот ден на седмицата, кога се собравме да прекршиме леб, Павле, бидејќи на другиот ден сакаше да тргне, расправаше со нив и го продолжи словото до полноќ. Во горната одаја, каде што се бевме собрале, имаше доста светилки.“

Овде го наоѓаме Павле како држи многу долга проповед. Како патувачки евангелист, Павле проповедал речиси секој ден во седмицата. Во таа пригода, тој проповедал во ноќта на првиот ден од седмицата. Според Библијата, денот почнува и завршува со заоѓањето на сонцето (1. Мојсеева 1,5; 3. Мојсеева 23,32), така што најпрво доаѓа темниот дел од денот. Според тоа, Павле проповедал во сабота навечер. Продолжил да говори сè до полноќ. Следното утро (во недела наутро) Павле одел речиси 30 километри од Троада да го фати бродот за Асос. Сигурно дека тој ден не постапувал како да е во прашање денот на одморот или новиот ден за богослужение.

Некои христијани веруваат дека, поради тоа што стои наведено дека во првиот ден меѓу верниците на Црквата „се кршел леб“, тоа значи дека неделата била свет ден. Факт е дека Исус „кршел леб“ во четврток непосредно пред своето распнување. Истото тоа секојдневно го правела и раната црква кога верниците се состанувале на различни места во нивните домови  (Дела 2,46). Уште еднаш сме осведочени дека ниту овој текст не може да претставува доказ дека неделата ја заменила саботата или станала нов ден за богослужение.

Личните дарови за Црквата

1. Коринќаните 16,1.2: „А што се однесува до собирањето милостина за светите, правете и вие онака, како што одредив по црквите во Галатија; Во секој прв ден од седмицата секој од вас да оддели и остави кај себе колку што може, така што собирањето да не се врши кога ќе дојдам.“

Ова барање на Павле во недела да се собира и да се остава на страна стоката (наверојатно храна и облека за сиромашните во Ерусалим), не се однесува на собирањето дарови за време на богослужението. Ова е собирање дарови на светите за светите. Ова писмо веројатно било прочитано пред верниците во сабота, и првата можна пригода, кога тие можеле да го исполнат Павловото барање по сабота, била следниот ден, во недела. Тој едноставно барал од црквата сè да се организира со работа во недела за да нема проблеми со тоа кога ќе дојде во Коринт.

Во деветте текстови во Библијата кои се однесуваат на првиот ден во седмицата, на недела, ниеден не говори за некаква промена на денот за одмор. Ниеден од нив не вели дека неделата е свет ден, ниту нуди благослов за оние кои би ја празнувале. Ниеден од нив не ја забранува работата тој ден и ниеден од нив не спомнува дека некој воопшто го празнувал тој ден наместо саботата.

Јасно е оти врз основа на Библијата нема никаков доказ дека неделата е нешто друго освен обичен работен ден. Секој христијанин кој се труди да ја празнува неделата како ден за одмор ја крши заповедта за Шабатот и тоа го прави без никаква библиска поддршка.

3. Според Библијата, со што симболички се претставени Исусовата смрт, погребот и воскресението?

Римјаните 6,3-6: „Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов.“

Постои општо мислење дека празнувањето на неделата е воведено како спомен на Христовото воскресение. Од библиска перспектива, крштавањето е христијанско искуство со кое се слави воскресението. Кога се крштаваме, ние симболички повлекуваме паралела меѓу нашиот нов христијански живот и Христовата смрт, погреб и воскресение. Нема ниту еден текст во Библијата кој би укажувал дека некој ден станал свет во слава на Исусовото воскресение.

4. Дали Саботата е укината во Новиот завет?

Евреите 4,4-10: „Зашто негде за седмиот ден е речено вака: И во седмиот ден Бог се одмори од сите свои дела … Но, за народот Божји сè уште останува саботна починка.“

Шабатот е совршен симбол на меѓусебниот однос на доверба што сме го воспоставиле со Исуса. Шабатот е одмор од нашите задолженија. Тоа е богослужение на кое го славиме Бога и ја покажуваме нашата љубов кон Него. Зборот „починка“ во 9. стих е грчкиот збор „sabbatismos“. Тој буквално значи „саботен одмор“.

Библијата е јасна – саботниот одмор им останува на новозаветните христијани.

5. Дали апостолите и во првата црква ја празнувале Саботата?

Павле и апостолите ги одржувале богослуженијата во сабота.

Дела 17,1-4: „Павле, по својот обичај, влезе кај Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото.“
Дела 18,4.11: „И секоја сабота тој зборуваше во синагогата и ги убедуваше Јудејците и Елините.“

Павле и другите апостоли решиле да ја празнуваат секоја сабота, секој седми ден во седмицата, како свој ден за одмор. Тоа бил ден што го минувале проповедајќи им и на Евреите и на незнабошците. Речиси 15 години по Христовото воскресение, книгата „Дела на апостолите“ бележи над 80 саботи што ги празнувале апостолите.

Дела 16,13: „А во саботата излеговме надвор од градот покрај една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени.“

Апостолите в сабота оделе во природа, која претставува совршена околина за богослужение и проповедање на евангелието. Очигледно, тоа било место на кое често се собирале жените во сабота за да се молат и да минуваат квалитетно време со Господа.

Незнабошците одржувале богослужение во сабота

Дела 13,42-44: „А кога излегуваа Јудејците од синагогата, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и во следната сабота … Следната сабота се собра скоро целиот град да го слушне словото Божјо.“

Незнабошците ја знаеле Павловата посветеност за празнување на саботата и богослуженијата во тој ден. Не го молеле да дојде и да им проповеда следниот ден, во недела. Тие го молеле да дојде и да им проповеда следната сабота.

6. Како празнувањето на Шабатот се преместило од сабота на недела?

Во текот на животот на апостолите и пишувањето на новозаветните списи не наоѓаме никакви докази дека во Црквата се празнувала неделата. Првата Црква верно го празнувала седмиот ден – Шабат, но Павле ги опоменал христијаните дека во Црквата ќе дојде до „голем отпад“ од вистината (2. Солуњаните 2,3). Црквата ќе дозволи бројни отстапки од вистината со своето оддалечување од животот и учењето на Исуса Христа.

Процесот на воведување на неделата траел многу векови и започнал со годишното прославување на денот на воскресението, недела. Како минувало времето, црквата во Рим сè повеќе поттикнувала тоа славење да стане седмичен празник наместо само годишен празник. Во средината на вториот век извесен број христијани ги празнувале двата дена – саботата била ден за одмор и пост, додека неделата станала ден за религиско празнување.

Со текот на времето, религиските водачи се обидувале да се одвојат од Евреите (кои се прогласувани за елемент на немир во империјата и народ кој е крив за Исусовата смрт). Така неделата добивала сè поистакнато место, а саботата станувала сè помалку важна. Првиот ден во седмицата бил празник на световните незнабошци во Рим – празник во чест на големиот бог Сонце. Секое определување за недела секако претставувало дипломатски политички потег.

Римскиот император Константин прв издал закон со кој во 321 година по Христа неделата е издигната над саботата.

Токму римскиот император Константин во 321 година по Христа прв го прогласил законот со кој неделата е ставена над библиската сабота.

„На почитуваниот ден на Сонцето властите и народот кои се наоѓаат во градот нека си отпочинат и сите работилници нека бидат затворени“ (The Codex Justinianus, книга 3, член 12,3. во Philip Schaff, History of the Christian Church, vol. 3, 5. издание, стр. 380).

Овој закон на Константин го потврдила Црквата во средината на четвртиот век на Сoборот во Лаодикеја. Со одлука од тој сoбор, Црквата службено го прогласила пренесувањето на благословите и светоста на Шабатот од сабота на недела.

„Христијаните нема да јудаизираат и да бидат без работа во сабота, туку во тој ден ќе работат; меѓутоа, тие Господовиот ден треба посебно да го почитуваат и како христијани, колку е можно, нема да работат тој ден. Меѓутоа, ако се фатат дека јудаизираат, треба да се исклучат од Христа“ (Karl Joseph von Hafele, A history of the Christian councils, vol 2, стр. 316)

Тоа довело до соединување на христијаните и незнабошците на подрачјето на денот на одморот и празнувањето. Христијаните прифатиле да го празнуваат денот посветен на богот Сонце наместо денот што е посветен на Божјиот Син.

„Како соларен празник, неделата била свет ден на Митра; а интересно е да се забележи дека, бидејќи Митра е нарекуван ’Доминус’, ’Господ’, неделата била Господов ден дамна пред христијанските времиња“ (Arthur Weigall, The Paganism in Our Christianity, стр. 145).

Католичкиот доктринален катехизам тоа изрично го кажува:

„Прашање: Кој ден е Шабат?

Одговор: Саботата е ден на Шабатот.

Прашање: Зошто ние ја празнуваме неделата наместо сабота?

Одговор: Ние ја празнуваме неделата наместо сабота затоа што Католичката црква на Концилот во Лаодикеја ја преместила светоста од сабота на недела“ (Peter Geiermann, The Convert’s Catechism of Catholic Doctrine, издание 1950 7, стр. 50).

Обрнете внимание на оваа изјава на еден католички великодостојник:

„Можете да ја читате Библијата од 1. Мојсеева до Откровението и нема да најдете ни еден единствен ред кој ќе го потврди посветувањето на неделата. Библијата го наметнува религиското празнување на саботата, ден кој ние никогаш не сме го посветиле“ (James Cardinal Gibbons, The Faith of Our Fathers, стр. 89).

„Католичката црква била таа која, со власта на Исус Христос, го преместила тој одмор на недела како спомен на воскресението на нашиот Господ. На тој начин празнувањето на неделата кај протестантите е израз на почитување што, спротивно на самите нив, го искажуваат на авторитетот на Римокатоличката црква“ (Louis Gaston de Ségur, Plain talk about the Protestantism of Today, стр. 225).

Јевсевије Поповиќ, професор на Богословскиот факултет во Черновице, во својата Општа црковна историја, преведена и издадена на српски јазик во 1912 година, запишал: „Саботата, како одличен седмичен ден, сè уште се празнувала на исток со држење на јавно заедничко богослужение“ (кн. I стр. 424).

Јасно е дека христијанскиот свет го прифатил авторитетот на човечките суштества во Црквата наместо авторитетот на Библијата. Голем број христијани денес не се свесни за тој голем фалсификат и Бог не ги смета за одговорни за она што не го знаат. Меѓутоа, кога некој ќе ја открие вистината, должен е веднаш да ги отфрли заблудите и да го следи Господа во љубов и послушност.

7. Ако неделата не е дел од библиската доктрина, тогаш што претставува таа симболички?

Марко 7,7.9: „Но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби…. И им рече: ’И така ја отфрлате Божјата заповед, за да го запазите вашето предание‘.“

Празнувањето на неделата не е само симбол на паганско богослужение. Тоа е и симбол на традицијата. Традицијата никогаш не смее да се стави над Библијата или над Божјите заповеди. Неделата е чиста традиција и човечка заповед – таа нема авторитет или каква било улога во христијанското богослужение.

8. Што мисли Бог за религиските старешини кои ја занемаруваат саботата?

Езекиел 22,26.31:  „Свештениците нејзини го нарушуваат мојот закон и ги осквернуваат моите светињи, не одвојуваат свето од несвето и не прават разлика меѓу чисто и нечисто; од саботите мои ги покриваат очите свои, и Јас сум понизен меѓу нив…. па затоа, ќе го излеам врз нив мојот гнев, со огнот на Мојата јарост ќе ги истребам..“

Една од најголемите причини зошто празнувањето на неделата станала традиција се крие во фактот што религиските водачи и свештеници ги затвориле своите очи за јасните учења на Библијата. Отфрлањето на неделата и празнувањето на саботата е чекор кој го менува животот, особено кога станува збор за верските водачи. Меѓутоа, Бог таквите водачи ќе ги смета за одговорни поради непочитувањето на саботата.

9. Која е главната причина за празнувањето на библиската сабота?

Јован 14,15: „Ако ме љубите, пазете ги моите заповеди.“

Секоја послушност која не е придвижена од љубовта кон Христа, претставува безвреден облик на богослужение. Христос копнее да го сакате со сето свое срце и да му бидете послушни во поглед на богослужението упатено во негова чест. Исус ја искажал својата љубов спрема вас со тоа што умрел на Голгота. Вие можете да ја покажете својата љубов кон Него со своето богослужение, со верноста и послушноста. Дали сте волни да ги држите Божјите заповеди?

Зошто денес не донесете одлука да воспоставите лична заедница со Исуса и да поминувате време со Него; и на тој начин подобро ќе го запознаете празнувајќи го вистинскиот Божји седмичен ден за одмор – Саботата.


Три факти што треба да ги запомниме:

  • Во Библијата не постои ниту еден единствен текст кој го поддржува празнувањето на неделата како ден за одмор.
  • Римокатоличката црква тврди дека светоста на саботата е пренесена на неделата.
  • Празнувањето на неделата симболички претставува послушност кон човекот наместо кон Бога.

Случка:

Aна се сретнала со Лука додека делела христијански списанија во близина на железничката станица во Бризбен, во Австралија. Започнале разговор и неосетно преминале на прашањето за денот за одмор. Лука одел в црква секоја недела, така што за него помислата да ја празнува саботата наместо неделата била многу необична.

Ана ја отворила својата Библија и го опишала проблемот со денот за одмор многу јасно. Му покажала на Лука дека и самиот Бог прв ја празнувал саботата уште при создавањето. Му покажала како пророците го предупредувале Божјиот народ во текот на вековите дека треба да ја празнува саботата. Изнела и прекрасен пример за самиот Исус Христос и за првата Црква околу празнувањето на саботата. Конечно, му укажала на Лука дека саботата ќе биде славена и на новата Земја. И додека Лука го проучавал секој од тие текстови од Библијата, Ана забележала како му се слеваат солзи низ неговото лице. Осетила дека Светиот Дух дејствува на него чекор по чекор, осведочувајќи го од љубов да го послуша Исуса. Затоа му го поставила прашањето: „Лука, зошто не би ми се придружил во славењето на истиот седми ден кој го славел и Исус?“

На нејзино големо изненадување, тој ја погледнал со солзи во очите. Тогаш рекол: „Гледам дека Библијата е сосем јасна во поглед на славењето на саботата, но чувствувам дека Светиот Дух во мене ми говори да ја славам неделата!“ Трагично. Лука го направил својот избор. Си заминал и никогаш повеќе не се виделе.

Што мислите, што всушност се случило при овој настан? Што би му кажале вие на Лука?

Неколку лични прашања:
1. Што мислиш, зошто толку голем број христијани не се свесни за фактите што се објавени во овој прирачник?
2. Според твое мислење, дали е тешко човек да го промени својот ден за одмор и богослужение?
3. Како би можеле да им ја претставите оваа вистина на другите, но тоа да го сторите така за да не стекнат впечаток дека ги осудувате?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.