16. Жигот на ѕверот

16. Жигот на ѕверот

Жигот на ѕверот е една од најинтересните и најважни теми во Библијата. Ова пророштво го опфаќа ѕверот, иконата на ѕверот, таинствениот број 666, но и смртната рана на ѕверот.
Библијата се служи со прилично застрашувачки и шокантен јазик кога ги опишува последиците од обожавањето на ѕверот или примањето на неговиот жиг. Оној што ќе го прифати овој жиг, ќе биде загубен засекогаш.
Трагично е што голем дел од мнозинството сепак ќе го прими жигот на ѕверот. Тоа е тема која не смее да се превиди. Ако не успееме да го идентификуваме ѕверот, или неговиот жиг, ќе завршиме со жиг на раката или на челото, а нема да бидеме дури ни свесни дека го носиме.

Што е тоа жиг на ѕверот? Забележете некои интересни размислувања што можат да се најдат на интернет:

  • Невидлива ласерска тетоважа која може да се види само со електронско око
  • Микрочип под кожа или на коските на главата или на рацете
  • Нова монета која ќе произлезе од европскиот долар
  • Сеопшта шифра на производи истетовирана на чело
  • Црвена комунистичка ѕвезда истетовирана на чело
  • Истетовирано име на антихриста, напишано со еврејски букви, бидејќи антихрист мора да биде Евреин
  • Бројот на вашата кредитна картичка истетовиран на вашето чело
  • Број втиснат со врело железо како кога се жигосуваат говеда.

Кога имаме толку можности за бирање, како да ја препознаеме вистината? Што означува бројот 666 и како да го избегнеме секој допир со него? Дали денес некој го има жигот на ѕверот? Ако е така, дали е изгубен? Дали и Бог има свој печат и ако е така, кој може да го прими?

Овој прирачник го идентификува жигот на ѕверот и открива како можеме да бидеме апсолутно сигурни дека ќе го избегнеме.

1. Што видел пророкот Даниел дека се случува на планетата Земја при крајот на времето?

Даниел 12,1: „И ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сè до денес…“

Пред Второто Христово доаѓање, Земјата ќе биде боиште на катастрофи и судири. Властите во светот ќе го наметнат жигот на ѕверот и ќе им се заканат со смртна казна на Божјите вистински следбеници (Откровение 13,15-17). Кога Бог ќе го види нападот насочен против Неговата Црква, ќе ги излее седумте смртоносни последни зла кои ќе доведат до Армагедон (Откровение 16,16).

2. Кој ќе го преживее ова време на неволји и каква ќе биде нивната награда?

Откровение 15,2: „И видов нешто како стаклено море, измешано со оган; и оние што го победија ѕверот и неговата биста, неговиот белег и бројот на неговото име, стоеја на тоа стаклено море и имаа харфи Божји.“
Откровение 7,2.3: „И видов друг ангел како се подигаше од исток кој имаше печат на живиот Бог … Не пакостете ѝ на земјата, ниту на морето, ниту, пак, на дрвјата, додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог.“

На конечниот судир ќе преживеат оние кои го избегнале жигот на ѕверот и кои, наместо него, го примиле Божјиот печат. Таквите ќе ја примат наградата – ќе влезат во Божјото царство, а во прашање ќе бидат обожавањето и послушноста.

Секој човек на планетата Земја наскоро ќе прими определен знак. Оние кои го обожаваат и го слушаат ѕверот, ќе примат жиг на ѕверот. Оние кои го обожаваат и го слушаат Создателот, ќе примат печат Божји. (Изразите печат, жиг, белег и знак се заемно заменливи – види 1. Мојсеева 17,11; Римјаните 4,11; Откровение 7,3; Езекиел 9,4).
Двете обележја се ставаат во исто време и двете обележја имаат симболичка природа. Тие претставуваат авторитет и верност, потврда и сопствеништво.

Добрата вест гласи дека, ако го примите Божјиот печат, автоматски ќе избегнете да го примите жигот на ѕверот.

Бидејќи овие обележја се меѓусебно спротивни, кога го дефинираме Божјиот печат треба само да ја погледнеме неговата спротивност и така да го пронајдеме жигот на ѕверот.

Божјиот печат

3. Каде се става Божјиот печат?

Откровение 7,3: „…додека не им ставиме печат врз челата на слугите на нашиот Бог….“

Божјиот печат се става на чело. Челото е место зад кое стои фронталниот лобус на мозокот – тоа е подрачјето на мозокот каде што се донесуваат одлуки. Секој што ќе го прими Божјиот печат, донел неотповиклива одлука да застане на Божја страна.

4. Што ќе напише Бог на челата на оние што ќе го примат неговиот печат?

Откровение 22,4: „И ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни.“
Откровение 14,1: „…Што го имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец.“

Прастарите печати ги употребувале владетелите за да го означат својот авторитет и потврда. Дури и денес, личниот потпис на вашето име на чек го прогласува чекот за законско средство за плаќање. Овде го наоѓаме Бога како го става својот потпис, своето име на челата на спасените како знак на својот авторитет и гаранција за заштита и вечен живот. Тоа не е никакво буквално обележје, некој печат кој секој би можел да го види. Тоа е знак кој им е познат единствено на Бога и на Неговите ангели.

Божјото име го претставува Неговиот карактер. Кога Бог му рекол на Мојсеј што претставува симболички Божјото име, му го открил еден од најпривлечните аспекти на својот совршен карактер: „…дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински“ (2. Мојсеева 34,5.6). Совршениот Исусов карактер ќе биде длабоко втиснат во мислите на оние што ќе го примат Божјиот печат.

5. Кои се клучните аспекти на обожавањето на Бога означени со Божјиот печат?

5. Мојсеева 11,1.18: „И така, сакај го Господа, твојот Бог, и внимавај – она што го заповедал да го пазиш, и наредбите Негови, и законите Негови, и заповедите Негови …  И така, ставете ги овие мои зборови во срцето свое и во душата своја, врзете ги на раката своја како знак, и нека бидат тие врзулка меѓу очите ваши.“

Односот во кој вие го сакате Бога и ги држите Неговите заповеди е најголемиот знак за обожавање на Бога и верност спрема Него. Тоа се зборови или идеи кои Бог сака Неговиот народ да ги покажува со своите дела и кои треба секогаш да ги има на прво место во своите мисли. Бог ветува:

„Но овој е заветот што ќе му го дадам на домот Израелов во оние дни, вели Господ: ќе ги врежам законите свои во мислите нивни, и во срцата нивни ќе ги напишам, и ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат мој народ“ (Евреите 8,10).

Ова е искуството на сите што ќе го примат Божјиот печат. Тие ќе ги прифатат Божјото ветување и Неговата сила и ќе ги имаат Божјите заповеди напишани на своите срца и во мислите.

6. Kого бара Бог да го обожаваме наместо ѕверот?

Откровение 14,6-12: „…И поклонете му се на Оној кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори.“

Во Откровение 14,6-12 му се упатуваат три клучни пораки на светот непосредно пред второто Христово доаѓање. Првата порака повикува на правото богослужение. Завршната порака предупредува против лажното богослужение. Од човекот се бара да направи конечен избор: или да го слави Создателот и да го прими Божјиот печат, или да го обожава ѕверот и да го прими жигот на ѕверот.

Од која заповед е цитиран повикот да го обожаваме Бога? Од четвртата заповед на Декалогот, од заповедта за денот на одморот, за Шабат (Види 2. Мојсеева 20,11). Составен дел од вистинското богослужение е празнувањето на правиот ден за одмор во чест на Бога и Неговата создателска моќ!

7. Кој аспект на Божјиот закон претставува посебен знак за Неговиот авторитет?

Езекиел 20,12.20: „Им ги дадов исто така и моите саботи, за да бидат знак меѓу мене и нив, па да знаат дека Јас сум Господ што ги осветува… празнувајте ги моите саботи за да бидат знак меѓу мене и вас, па да знаете дека Јас сум Господ, вашиот Бог.“

Саботата е знак или печат кој го означува Божјиот авторитет. Тие што го примаат „знаат” дека Бог е Тој кој управува со нивниот живот. саботата ја претставува Божјата сила да го создаде светот и да влее сила во вашиот живот. Оној што ја празнува саботата покажува дека му е верен на Бога, на Создателот, и дека го прифаќа Неговиот целосен авторитет.

8. Зошто Саботата е наречена Божји печат?

2. Мојсеева 20,11: „Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.“

Божјиот печат го претставува Неговиот авторитет како наш Создател и Откупител, и се наоѓа во самото срце на Неговиот закон (Исаија 8,16). Службениот печат на некоја власт се состои од три елементи: име, титула и територија. Пример: Џејмс II, крал на Англија.

Причината зошто саботата е наречена Божји печат се гледа во тоа што таа заповед во себе ги содржи сите три елементи на Божјиот печат (2. Мојсеева 20,11).

9. Kого го видел пророкот Eзекиeл дека го прима Божјиот печат?

Езекиел 9,4: „И му рече Господ: ‘Мини по средината на градот, по средината на Ерусалим, и стави им знак на челата на луѓето, оние што жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат во него’.“

Израелскиот народ западнал во длабок отпад и лажно богослужение. Неговите припадници дури се оддале на обожавање на богот на Сонцето (Езекиел 8,16). Бог одлучил да ги уништи оние кои го прифатиле лажното богослужение. Меѓутоа, Тој ги заштитил своите верни следбеници. Луѓето што го примиле Божјиот печат биле оние кои го сакале Бога, кои го слушале и биле длабоко вознемирени поради лажното богослужение и обожавање на Сонцето во Храмот.

Во последните денови, вистинските Божји следбеници ќе одбијат да учествуваат во лажното богослужение. Оваа група ќе го прими Божјиот печат како заштита од казната на седумте зла.

Сиже:

Божји печат е симболичка ознака која ги обележува вистинските Божји следбеници. Овој печат ќе им биде ставен на оние кои го сакаат Исуса над сè и ги држат сите Божји заповеди, вклучувајќи ја и саботата. Тие одбиваат да учествуваат во лажното богослужение. Тие попрво би умреле отколку да го посрамотат Бога.

Божјиот печат е симболичка ознака што ги обележува Божјите вистински следбеници.

Жигот на ѕверот

10. Кој е тој ѕвер кој има свој сопствен знак на авторитет?

Откровение 13,12: „Ја извршува сета власт на првиот ѕвер во негово присуство и ја присилува целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила.“

При утврдувањето на жигот на ѕверот, најважно е прво да се одреди кој е ѕверот. Кога тоа ќе стане јасно еднаш, тогаш лесно ќе се одредат и ознаките на тој посебен ѕвер.
Иако вториот ѕвер од Откровение 13 го наметнува жигот на ѕверот (Откровение 13,16), тој тоа го прави по овластување дадено од првиот ѕвер (Откровение 13,12-15). Токму првиот ѕвер, папството, ужива глобално обожавање и има свое посебно обележје на авторитет. Тоа е знак на преданост и верност кој ќе им биде наметнат на сите луѓе (разгледај го прирачникот под наслов „Последната суперсила“ за да го установиш идентитетот на секој ѕвер).

11. Кој број претставува обележје на ѕверот?

Откровение 13,18: „Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест.“

Бројот на ѕверот е 666. Бројот шест имал значајна улога во животот и религијата на старите пагански култури. Вавилонците голем дел од своите мери за тежина, време и должина ги делеле со бројот шест. Токму Вавилонците го поделиле кругот на 360 степени, часот на 60 минути, минутата на 60 секунди. Бројот шест имал и таинствено значење меѓу свештениците на култот на Сонцето. Старите религиски печати на богот Сонце, кој се викал „Sigila Solis“, биле откриени неодамна. Тие прикажуваат таблица од 36 цифри кои се собираат за да се добие бројот 666.

Симболичкиот назив „Вавилон“ во Книгата Откровение претставува расипана христијанска Црква (Види Откровение 17,1-6). Библијата го истакнува бројот 666 како дополнителен симбол за да ја покаже врската меѓу лажната религија и богослуженијата на старите народи и лажната религија и богослуженијата во последните денови.

Бројот 666 не е жигот на ѕверот! Тоа е бројот на „човекот“ и може да се „изброи“ (Откровение 13,17.18) за да се покаже кој е ѕверот. Некои теолози ја пресметувале бројната вредност на папската универзална титула „Vicarius Filii Dei“ (Заменик на Божјиот Син) во римските бројки и установиле дека нејзината вкупна вредност е навистина 666.

12. Каде се става жигот на ѕверот?

Откровение 13,16: „И ќе направи на сите – мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови – да им се стави белег на десната рака или на челата нивни.“

Раката, како симбол, претставува дејствување или акција (Проповедник 9,10). Челото претставува ум, место каде што се носат одлуки. Овде наоѓаме луѓе кои ќе покажат верност на ѕверот или во мислите или во постапките.

Жигот на ѕверот е симбол на преданост кон лажната религија во последните денови.

13. Што прогласува ѕверот за посебен знак на својот авторитет?

Според изјавите на нејзините великодостојници, најголемата ознака на авторитетот на Црквата и нејзините водачи е промената на денот за одмор, од сабота на недела. Исто како што саботата е знак кој го претставува Божјиот авторитет, така и неделата е знак кој го претставува авторитетот на Црквата.

Постојат многу изјави на црковни великодостојници што го поткрепуваат ова тврдење. Еве само неколку:

„Црквата отсекогаш негувала многу силна свест за својот авторитет … можеби најсмелиот потег, најреволуционерната промена што ја направила Црквата некогаш … е тоа што светиот ден, Шабат, бил променет од сабота на недела. Денот Господов (диес Домини) не бил избран врз основа на некое упатство пронајдено во Писмото, туку врз основа на свеста на Црквата за својата сила“ (St. Catherine Catholic Church – Sentiel, вол. 50, #22, Algonac, Mich, 21 мај 1995 година).

„Секако, Католичката црква тврди оти промената на Шабат (од сабота на недела) била нејзино дело … Ова дело е жиг на нејзината црковна моќ и на нејзиниот авторитет во верските работи“ (Одговор на писмото на кардиналот Гибонс од 28 октомври 1894 година, што го дал канцеларот Ц. Ф. Томас)

Црквата тврди дека промената на саботата со недела е жиг на нејзиниот авторитет бидејќи речиси сите христијански Цркви ја празнуваат неделата. Единствена основа за празнувањето на неделата е авторитетот на Католичката црква. Нема никаква потврда ни наредба во Светото писмо за празнување на неделата.

Најважниот проблем во одредувањето на жигот на ѕверот е најпрво да се утврди кој е ѕверот.

14. Што смета папството дека може да прави во своето владеење?

Даниел 7,25: „…дури ќе си помисли да ги измени празниците нивни и закони.“

Промена на Божјото време

Папската столица се обидела да го промени Божјиот закон на два начина:

1. Времето за Шабат е променето од сабота на недела.

2. Траењето на денот за богослужение е променето, па така, библиското сметање на времето, според кое денот почнува и завршува со заоѓање на сонцето, односно од зајдисонце до зајдисонце (3. Мојсеева 23,32), е заменето со паганскиот обичај на сметање, од полноќ до полноќ.

Промена на Божјиот закон

Катихизмите на Католичката црква покажале дека постои намера да се промени Божјиот закон на три начини:

а) Отстранета е втората заповед, која забранува обожавање на икони и кипови.
б) Намален е текстот на заповедта за саботата, од отприлика 90 зборови на само осум.
в) Десеттата заповед е поделена на две заповеди.

Токму таа промена на времето и законот го означува жигот – жигот на ѕверот.

15. Дали верниците кои сега ја празнуваат неделата го добиваат жигот на ѕверот?

Откровение 13,17: „Та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово.“

Има мнозина христијани кои сега ја празнуваат неделата, кои го сакаат Бога и кои ќе примат вечен живот. Тие не го примиле жигот на ѕверот. Наметнувањето на жигот на ѕверот уште останува прашање на иднината. Во тоа време властите во светот ќе издадат закони со кои ќе се наметне празнувањето на неделата. Со нив селективно ќе се запре купувањето и продавањето – со намера да се изгладни Божјиот народ и да се натера на покорност. Можно е и современата технологија на микрочипови да биде употребена во тој процес, меѓутоа, самиот микрочип не е жиг на ѕверот. Нема ниту еден текст кој зборува дека жигот на ѕверот посебно ќе се однесува на технологијата – вистинскиот проблем ќе биде богослужението!

Жигот на ѕверот ќе биде ставен на секој што ги прифаќа и слуша лажните религии во светот. Ова трагично сценарио опишува како мнозина меѓу оние што ќе го примат жигот искрено ќе мислат дека го прават она што е исправно. Тој жиг не се става само на очигледните „обожаватели на ѓаволот“. Клучниот проблем со жигот на ѕверот е токму фактот дека луѓето ќе бидат „измамени“ да го прифатат лажното богослужение (Откровение 19,20).

Секој од нас треба да избере да го слуша Бога во време кога големо мноштво од целиот свет го слуша човекот, иако е уверено дека го слуша Бога.

Има многу христијани кои сега ја празнуваат неделата, кои го сакаат Бога и кои ќе примат вечен живот. Тие не го примиле жигот на ѕверот.

16. Кои се карактеристиките на оние кои одбиваат да го прифатат жигот на ѕверот?

Откровение 14,9-12: „Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус.“

Веднаш по најсвечената порака на предупредување во Библијата, Бог ги опишува карактеристиките на оние кои ги прифаќаат Неговите опомени и одбиваат да го примат тој омразен жиг. Доколку и вие сакате да го избегнете жигот на ѕверот, треба да ги држите Божјите заповеди, вклучувајќи ја и саботата. Тоа успева ако се одржува однос на жива вера со Исуса. Всушност, секој кој ќе го стекне тоа искуство никогаш нема да го прими жигот на ѕверот.

17. Kаков меѓусебен однос воспоставува Исус со оние кои го примаат Божјиот печат?

Откровение 14,4: „Тие се оние што го следеа Јагнето каде и да оди.“

Колку прекрасна слика за меѓусебен однос втемелен на љубов! Тоа се спасените на Небото кои го следат Исуса каде и да појде Тој, учејќи постојано за Него и минувајќи што е можно повеќе време со Него. Но, за да го следиме Исуса на Небото, прво мораме да го следиме овде на Земјата.

Исус одржува со својот Татко меѓусебен однос проникнат со љубов и ги држи сите Негови заповеди. Исус сака да го следиме на тој начин што секој ден во нашиот живот ќе живееме онака како што живеел Тој.

Сиже:

Жигот на ѕверот е симболичка ознака на оние кои ги обожаваат и слушаат лажните религии на овој свет. Тој ќе биде ставен на раката или на челото на таквиот човек, покажувајќи ја неговата верност спрема ѕверот во мислите и во делата. Жигот на ѕверот ќе биде ставен на оние кои учествуваат во лажно богослужение. Тие луѓе ги слушаат човечките закони, но се непослушни на Божјите.


Три факти што треба да ги запомниме:

  • При крајот на времето секоја личност на Земјата ќе прими одреден знак.
  • Ако примите Божји печат, автоматски ќе избегнете да го примите жигот на ѕверот.
  • Божјиот печат се става на оние кои го сакаат Исуса со сето свое срце и кои се послушни на сите Божји заповеди, вклучувајќи ја и саботата.

Случка:

Во текот на една евангелска програма, говорникот веднаш по предавањата се соочил со предизвик. Темата била за денот на одморот, за саботата. Висок, добро облечен човек му пристапил на говорникот и му се претставил како верен христијанин. Еднаш дури и се сретнал со папата и познавал многумина црковни теолози.

Ја продолжил својата приказна и рекол: „Сè што кажавте вечерва за саботата е вистина. Знам дека Шабат е сабота. Светоста на саботата црквата ја пренела на недела. Меѓутоа, имам еден проблем.“ „Само еден?“ – се пошегувал говорникот. „Да, мојот проблем е во тоа што вие ја оценувате вистината со Библијата и само со Библијата“ – одговорил човекот.

Говорникот ги сфатил овие зборови како пофалба. Меѓутоа, видел дека човекот е сериозен, па му рекол: „Врз која основа вие одредувате што е вистина?“

Човекот му одвратил: „Јас определувам што е вистина со помош на Библијата, традицијата и изјавите на Светиот отец. Ако се појави разлика меѓу Црквата и Библијата, тогаш јас го слушам папата, зашто тој има најнови откровенија од Бога.“ Овој човек си заминал дома и никогаш повеќе не дошол на ниедно предавање.
Што би му кажале вие на тој човек? Какви опасности демнат во погледите на тој човек?

Неколку лични прашања:
1. Дали само празнувањето на саботниот ден ви гарантира дека ќе го избегнете жигот на ѕверот? Зошто мислите така?
2. По што се препознава дека некој му е послушен на Бога од цело срце наместо од сушта формалност?
3. Како би можеле да се подготвите уште денес за да избегнете да го примите жигот на ѕверот?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.