14. Кој е Антихрист (2. дел)

14. Кој е Антихрист (2. дел)

Протестантската реформација претставува еден од најголемите настани во светската историја. Во средината на шеснаесеттиот век ова движење ја преплавило Германија и продолжило да напредува кон Швајцарија, Англија, Франција, Австрија и многу други делови на Европа.

Реформацијата била заснована на идејата „сола Скриптура“ – Библијата и само Библијата. Проучувајќи ја Библијата, реформаторите ја откриле и освежиле убавината на спасението со вера наместо со дела.

Исто така, пророштвата станале предмет на внимателно истражување. И додека реформаторите ја истражувале книгата на пророк Даниел и книгата Откровение, темата за антихрист им го преокупирало нивното внимание. Според нивното мислење, токму водството на нивната Црква ги исполнило сите мерила да стане антихрист од пророштвата. Ова откритие ги запрепастило реформаторите бидејќи длабоко ја почитувале својата Црква.

Меѓутоа, реформаторите биле сигурни во своите заклучоци, па станале многу гласни во своето противење на папството. Главната струја на христијанството се расипала. Црковниот живот станал формален и традиционален наместо да претставува живо искуство со Христа.

Во Лутеровиот музеј во Витенберг е изложена мала книга која го носи насловот „Маките Христови и Антихристови”. Во оваа сатирична книга, уметникот Лукас Кранах ги споредува постапките на Исусa Христa со постапките на папата во Рим. Да илустрираме: Кранах на еден дел од страницата го насликува Исуса Христа како им ги мие нозете на учениците. На друг дел од страницата папата ја подава својата нога да му ја бакнат верниците. На друга страница Кранах го црта Исуса како ги истерува лихварите од Храмот. Тогаш тоа го споредува со папата кој седи заедно со своите бискупи и пребројува огромен куп богатства стекнати на сметка на сиромашните.

Мартин Лутер сметал дека таа книга е многу добра литература за обичните верници. Уметноста била во состојба успешно да ја воспостави врската и со научниците и со земјоделците во Европа.

Многу години подоцна, секоја протестантска Црква јавно го искажувала своето убедување за антихрист. Тоа убедување било објавувано, иако на оние кои го поддржувале им се заканувала смртна казна.

Вестминстерската конфесија (признавање на верата) вели:

„Нема друг поглавар на Црквата освен Господ Исус Христос; папата во Рим не може во ниедна смисла да биде нејзин поглавар, туку само антихрист, човек на беззаконието и пропаста, кој себеси се воздигнува во Црквата против Христа и на сето што се вика Бог“ (Поглавје 25, член 6).

Дали овие тврдења на реформаторите имаат некаква вредност? Дали е воопшто христијански да се нарекува друг христијанин антихрист? Зошто библиското пророштво се служи со такви живописни слики и негативни изрази? Во што се состои денешната важност на пророштвата за антихрист?

Во оваа лекција, со став на понизност и молитва, ние ќе ги испитаме тврдењата на реформаторите служејќи се со јасните ознаки што ги наведува Библијата. Освен тоа, ние ќе ги примениме начелата на тоа пророштво за да си овозможиме себеси да растеме во своето секојдневно дружење со Христа.

1. Како можеме да ја откриеме и да ја разбереме вистината во Библијата?

Дела на апостолите 17,11: „Овие беа поблагородни од солуњаните; тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го проверуваа Писмото, за да се уверат, дали е тоа така.“

Многу е важно секоја нова вистина да се потврди со истражување на Писмото. Личните нагаѓања и толкувања никогаш нема да ги отклучат тајните на пророштвата. Нам ни е потребно внимателно и со молитва да го проучуваме Писмото, разгледувајќи ги неговите страници во нивниот контекст и споредувајќи стих со стих.  

Единствено секојдневната врска со Христа и проучавањето на Светото Писмо со молитва ќе нè оспособат да ја откриеме вистината.

2. Зошто библиското пророштво се служи со толку сликовити и негативни изрази кога опишува некои глобални сили?

Откровение 3,19: „Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се!“

Библијата ги опишува и добрите и лошите страни на политички водачи, народи и религии. Нецензурираната историја и иднината на поединците и настаните ќе ни стави на располагање сликовити детали за злото и гревовите на поединци. Ние можеме да извлечеме поука од минатите грешки и така да ги избегнеме идните опасности. Во рамките на Библијата, Бог бил особено отворен во своите предупредувања во врска со отпадот во пазувите на својот народ. Тој е толку строг во своите изрази токму затоа што е толку силен и во својата љубов.

Во оваа низа од прирачници можевме да видиме како Бог укажува на грешките на своите следбеници и во еврејската и во христијанската вера, независно дали се во прашање протестанти, католици или православни верници. Бог има свои верни следбеници во сите тие религии и ограноци на христијанството. Неговите искрени следбеници во сите тие религии ќе ја видат опасноста и ќе се оѕвијат на Неговиот повик да се вратат на првобитната вера опишана во Библијата.

Препознавање на антихрист

3. Според кои знаци можеме да го препознаеме антихриста?

Библиското пророштво објавува низа јасни карактеристики кои ни помагаат да го препознаеме антихрист:

Да илустрираме: замислете дека ве замолил некој пријател да одите на аеродром и да пречекате некого кого не го познавате. Никогаш не сте се сретнале со таа личност. Првото прашање што би го поставиле би било: Како да ја препознаам таа личност? Впрочем, на аеродромот ќе има стотици мажи и жени, па затоа е неопходно да знам сè за оној што го чекам.

„О, тоа е многу лесно!“ – ви вели вашиот пријател. „Тој ќе носи светол костум, светложолта вратоврска, ќе има црвена коса, ќе биде стар околу 80 години и ќе има само една нога.“ Дали мислите дека ќе имате проблеми да го препознаете? Секако, овој опис е многу впечатлив и исклучително карактеристичен. Меѓутоа, на многу сличен начин Бог ни дава низа многу јасни знаци за секоја личност која има некаква посебна улога во пророштвата. Меѓу нив може да се вброи и антихрист.

Во претходнaтa лекција (Кој е антихрист – 1. дел) ние ги нагласивме следниве негови особини врз основа на Книгата на пророкот Даниел:

Клуч број 1 – Се појавува на подрачјето на Западна Европа.
Клуч број 2 – Се работи за мало царство.
Клуч број 3 – Се појавува откако ќе се утврдат десетте племиња.
Клуч број 4 – Победува три племиња додека ја здобива превласта.
Клуч број 5 – Се разликува од сите десет племиња.
Клуч број 6 – Ќе има човек на своето чело, човек кој ќе зборува во негово име.
Клуч број 7 – Ќе говори хулни зборови за Семожниот.
Клуч број 8 – Ќе го прогонува Божјиот народ.
Клуч број 9 – Ќе има власт 1260 години.
Клуч број 10 – Ќе се обиде да ги промени празниците и законите.

4. Кого претставува силата на антихрист што е опишана во седмата глава од книгата на пророкот Даниел?

Кога протестантските реформатори ја проучувале Книгата на пророкот Даниел, дошле до заклучок дека папскиот Рим е силата на „малиот рог“. Овие чесни истражувачи не се обиделе да ги обвинат своите соверници (многумина меѓу нив сè уште биле римокатолички свештеници или монаси). Тие едноставно ги проучувале пораките на љубов и опомени што ги објавувал Бог преку својот пророк во Писмото.

Ние сега ќе ги разгледаме доказите и ќе видиме во која мера одговара папството на клучевите што ни ги дава пророштвото:

Клуч број 1 – Се појавува на почвата на Западна Европа.

Факт број 1 за антихрист: Папството навистина се појавува на теренот на Западна Европа. Седиштето на папството е во Рим, во Италија – во самото средиште на Западна Европа.

Клуч број 2 – Тоа ќе биде мало царство.

Факт број 2 за антихрист: Ватикан навистина е „мало царство“. Ватикан навистина е многу мала независна држава во Европа. Целокупната држава се простира на површина од само нешто повеќе од 40 хектари.

Клуч број 3 – Се појавува дури откако ќе се утврдат десетте племиња.

Факт број 3 за антихрист: Папство добило политичка власт во 538 година по Христа. Десетте племиња се утврдиле околу 476 година по Христа. Папството добило голема политичка власт кога ги совладало ариевските Остроготи во 538 година по Христа.

Клуч број 4 – Совладал 3 политички сили додека ја задобивал превласта.

Факт број 4 за антихрист: Папството искоренило три племиња: Вандалите, Херулите и Остроготите.

Со текот на времето, најголемиот дел од десетте племиња го прифатило римското христијанство. Меѓутоа, три од овие племиња му се противеле на Рим и одбивале да соработуваат со него. Тие три племиња биле победени од католичките владетели: Херули (493 г. по Христа), Вандали (534 г. по Христа) и Остроготи (538 г. по Христа). Сите три племиња биле „откорнати од корен“ – ги снемало од Европа.

Клуч број 5 – Ќе се разликува од сите други.

Факт број 5 за антихрист: Папството е религиска сила.

Папството се разликува од сите други сили по тоа што е религиска сила. Црквата која ја контролира политиката секако се разликува од сите останати (Даниел 7,24). Сите други племиња имале граѓанска управа.

Клуч број 6 – Ќе има човек на своето чело кој ќе говори во негово име.

Факт број 6 за антихрист: Папата е апсолутен поглавар на Црквата.

Папството на своето чело има еден човек. Папството не претставува демократски облик на владеење; папата е конечен авторитет кој говори во името на Црквата.

Клуч број 7 – Ќе говори хулни зборови против Семоќниот.

Факт број 7 за антихрист – Папата тврди дека е „Бог на Земјата.“

Според Библијата, богохулењето е присвојување на правото за простување на гревовите (Лука 5,21) или ставањето себеси наместо Бога (Јован 10,33). Папството го прави и едното и другото. Во 1870 година, на Ватиканскиот собор е одлучено дека папата е непогрешлив кога и да говори од своето службено место. Забележете ги овие интересни цитати:

„Ние (папата) го заземаме на оваа Земја местото на Богот Семожен” (Големото енцикличко писмо на папата Лав XIII, стр. 304).

„Папата не само што го претставува Исуса Христа туку тој самиот е Исус Христос, сокриен под наметката на телото“ (Catolic National, јули 1895 година).

„На тој начин свештеникот може да се нарече создател на Создателот, бидејќи изговарајќи ги овие зборови на посветувањето го создава самиот Исус во сакраментот“ (Duties & Dinities of the Priest., St. Alphonsus, стр. 27).

Клуч број 8 – Ќе го прогонува Божјиот народ.

Факт број 8 за антихрист: Папството прогонувало и убило милиони луѓе.

Во текот на мрачниот среден век, Римската црква убила повеќе луѓе отколку Хитлер во текот на Втората светска војна. Умерените процени говорат за убивање на 50 милиони мажи, жени и деца, додека некои стручњаци ја креваат таа бројка на повеќе од 150 милиони луѓе. Милиони луѓе биле спалувани на клада поради „ерес“, иако едноставно ги следеле библиските вистини наместо диктатот и традицијата на Црквата.

Клуч број 9 – Ќе биде на власт 1260 години.

Факт број 9 за антихрист – Папството навистина владеело 1260 години.

Папство добило врховна власт во 538 година по Христа кога е отстранет конечниот противник, Остроготите. Црквата потоа владеела 1260 години сè додека папата Пие VI не бил однесен во заробеништво по наредба на Наполеоновиот генерал Бертие. На папата му била одземена световната политичка власт. Токму како што претскажало пророштвото, антихрист задобива „смртна рана“ во 1789 година, кога завршува времето на превласта на папството.

Во текот на мрачниот среден век, Римската црква убила повеќе луѓе отколку Хитлер во текот на Втората светска војна.

Клуч број 10 – Ќе се обидува да ги промени празниците и законите.

Факт број 10 за антихрист: Папството се обидело да го промени Божјиот закон, Десетте заповеди.

Обидот на папството да го промени Божјиот закон претставува восхитувачко исполнување на пророштвата. Прво, католичкиот катихизам заповедта за Шабатот ја скратил од речиси стотина зборови на само осум. Втората заповед е целосно изоставена. Таа заповед го забранува обожавањето на статуи и слики. За да го пополнат бројот, ја поделиле десеттата заповед на два дела.
Покрај сето тоа, Црквата тврди дека го променила Шабатот од сабота на недела. Четвртата заповед за денот на одморот е единствена заповед која е поврзана со времето. Секој обид да се промени Божјиот закон претставува богохулење.

Папството совршено се вклопува во сите десет клучеви. Ниедна друга сила во историјата не можела да ги задоволи сите десет услови кои ги поставила Книгата на пророкот Даниел.

5. Kако одговорила црквата на предизвикот на реформацијата?

Римската црква била длабоко загрижена поради реформацијата. Имала муслимани кои ја загрозувале однадвор и протестанти кои се бореле против неа однатре. Црковните водачи одржувале низа состаноци во градот Трент на северот од Италија со намера да покренат бројни иницијативи за да се спротивстават на реформацијата /противреформацијата.
Една од клучните точки на расправата се водела околу авторитетот на Библијата во однос на авторитетот на црковната практика и традиција.

Надбискупот на градот Регио одржал говор на Соборот во Трент, во кој тврдел дека и протестантите веруваат во авторитетот на Црквата и традицијата. Надбискупот укажал на фактот дека и протестантите ја празнуваат неделата, денот кој е прогласен со авторитетот на Црквата и традицијата. Тој нагласил дека неделата не е ден за богослужение втемелен на Библијата.

„Шабат, најславниот ден во законот, е променет во Господов ден … Ова и други слични прашања не ја укинале вредноста на Христовото учење (зашто рекол дека дошол да го исполни законот, а не да го укине), но го промениле со авторитетот на Црквата“ (Gaspare Ricciullo del Fosso, надбискуп на градот Реџо, говор на 17. седница на Соборот во Трент, 18 јануари 1562 година).

Ова многу ја охрабрило Црквата и ја осведочило за темелот на нејзината вера. Знаела дека протестантите имаат слаба алка во својата теологија.

Соборот потоа се позанимавал со прашањето во врска со антихрист. Тоа било Ахиловата пета на Црквата.

За реформаторите библиските пророштва биле како карта на патување низ времето. Пророштвото ја опишувало иднината од времето на видението, па сè до крајот на времето. Реформаторите од Книгата на пророкот Даниел знаеле дека многу империи доаѓале и си заминувале. А потоа го одредиле своето време во библиското пророштво и го идентификувале папата како антихрист.

6. Што направила црквата за да го осуети таквиот пристап кон библиските пророштва?

Езуитскиот ред предложил две можности за гледање на пророштвата. Еден Шпанец по име Алказар изразил мислење дека сите пророштва од Книгата на пророкот Даниел се однесуваат на Евреите и на паганскиот Рим. Применувајќи ги сите пророштва на минатото, пристапот познат под името „претеризам“, довел до тоа што Црквата на тоа време воопшто не се осврнувала на пророштвата.

Вториот пристап го формулирал друг Шпанец, Франциско Ривера. Ривера објавил коментар од петстотини страници за библиските пророштва, применувајќи го првиот дел од книгата Откровение на паганскиот Рим, а сите други делови на далечната иднина.

Ова „футуристичко“ гледиште го поддржал друг езуит по име Роберт Белармин. Белармин особено го сосредоточил својот напад на протестантскиот пристап на начелото ден за година во библиското пророштво. Тој рекол дека антихрист е Евреин кој ќе владее три и пол буквални години при крајот на времето. Овие езуити 1260-те години на владеењето на антихрист го префрлиле од своето време на времето на последните денови, непосредно пред крајот на историјата на оваа Земја. И така повторно и папата и Црквата биле ослободени од каква било врска со антихрист од библиските пророштва.

За несреќа, многумина христијани на нашето време и понатаму веруваат во една од овие две алтернативи.

7. Дали силата на антихрист ќе учествува во настаните на последното време?

Откровение 13,3: „И видов дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот.“

Папството ја здобило својата смртна рана кога папата бил однесен во заробеништво во 1798 година. Пророкот Јован го видел времето кога таа рана ќе се излекува. Силата на антихрист ќе се врати. Јован видел како „целиот свет се восхитува на ѕверот и ѝ се клања на змијата“ која ѝ ја дала власта. Улогата и влијанието на папството во случувањата на последните денови ќе го обработуваме во прирачникот под наслов „Последната суперсила“.

8. Како начелата на реформацијата да ги примениме во нашиот живот денес?

Мудри изреки 4,18: „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сè повеќе и повеќе, дури не настане ден.“

Христијанскиот живот е искуство на растењето. Исто како што реформаторите раснеле во своето познавање на вистината и љубовта спрема Исус, и нам ни е потребно да растеме секој ден. Ние не би смееле да бидеме задоволни со познавањето на вистината што го имаме сега. Треба да ги проучуваме Писмата и да учиме за Исус и за Неговата љубов.

Кога ќе го примениме сето она што сме го научиле од Библијата, и нашиот живот ќе искуси лично будење и реформа. Ние повеќе ќе го сакаме Исуса и ќе ја покажуваме Неговата љубов кон другите. Ќе научиме да го мразиме гревот, а ќе сакаме да го правиме она што е право. Со време, Бог ќе стави таква љубов спрема вистината во нашето срце што ќе бидеме поподготвени да умреме отколку да го ожалостиме Бога.

Многу е важно, кога објавуваме толку значајни вистини како што е вистината за антихрист, да не го покажеме и сами духот на антихриста. Треба да бидеме скромни, полни со љубов и сосредоточени на Христа. Не смееме да се занимаваме со слабостите на другите, туку треба да го воздигнуваме Христа. Многу е важно да го знаеме ова пророштво, зашто тоа сознание ќе нè зачува од измами и заблуди. Меѓутоа, познавањето на идентитетот на антихрист нема да нè спаси, но познавањето на Исуса Христа сигурно ќе нè спаси.


Три точки штo треба да ги запомниме:

  • Протестантските верници сметаат дека пророштвата се „патна карта“ низ времето.
  • Фактите за дејствувањето на Римската црква во историјата говорат дека таа ги исполнува библиските обележја на антихрист.
  • Неопходно е да го покажеме Христовиот Дух кога се занимаваме со чувствителните пророштва.

Случка:

Кога Мартин Лутер станал да ја брани вистината, тој тоа го сторил потпирајќи се на Христа. Лутер буквално се молел со часови секој ден и скромно и сериозно го прочувал Писмото. Меѓутоа, се соочил со големо противење.

Папскиот делегат Алеандер рекол за Лутер: „Во Лутеровите заблуди има доволно причини да се спалат стотици илјади еретици!“

Кога бил повикан да се појави на соборот во Вормс, пријателите го одвраќале да не оди.

Лутер им одговорил: „Би одел во Вормс и кога би знаел дека таму има толку ѓаволи колку што има ќерамиди на покривите. Кога Хус бил спален, вистината не била спалена заедно со него!“

„Нема да се плашам ни од десет илјади папи, зашто Оној кој е со мене е поголем од него кој е во светот!“

Кога Лутер се соочил со судот, застанал пред своите судии и одржал силен двочасовен говор. Ги бранел своите списи, постојано повикувајќи се на Писмото. По два часа проповедање, царот го запрел Лутера и побарал јасно да одговори на прашањето:
„Сакате ли да ги повлечете своите изјави или не сакате – одговорете само со да или не!“

Тогаш Лутер го изговорил својот прочуен одговор.

„Бидејќи Вашето царско величество бара јасен, едноставен и одреден одговор, јас ви го давам, а тој гласи вака: дека морам да се осведочам или врз основа на Писмото или на јасните докази. Јас не можам да ја потчинувам мојата вера ниту на папата ниту на соборот, зашто е јасно како ден дека често паѓале во заблуди и си противречеле едни на други. Значи, ако не ме уверат со докази од Светото Писмо и со јасни причини, ако не ме осведочат со истите места што ги цитирав и ако на тој начин не ја потчинат мојата совест на Божјата Реч, јас не можам и не сакам да се откажам, зашто е опасно за христијанинот да зборува против својата совест. Овде стојам и не можам поинаку, Господ да ми помогне! Амин!“

Што значи да се застане на Божја страна, како што тоа го сторил Лутер?

Неколку лични прашања:
1. Како им покажувате на луѓето кои не го делат вашето мислење дека сепак ги сакате и ги прифаќате?
2. Што би им одговориле на оние кои ви велат дека овие библиски докази се само „ваше толкување“ на текстовите за антихрист?
3. Како би им одговориле на оние кои би ви кажале дека библиското пророштво нема право да му суди на поединецот или на религиското тело?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.