22. Зоштo имa тoлку мнoгу цркви?

22. Зоштo имa тoлку мнoгу цркви?

Авионот на летот број 93 на „Јунајтед ерлајнс“ се приближувал кон својот трагичен крај на 11 септември 2001 година. Машината за снимање ги снимила последните зборови на терористите кои го грабнале: „Алах е најголем!“„Алах е најголем!” Зборовите преполни со емоционален набој продолжувале да течат, сè додека не ги прекинала смртта кога авионот удрил во пенсилваниската почва.

Ако се случило вака, ова не би било првпат религијата да покренува омраза и крвопролевање. Во 1669 г. Жан Леже, познат историчар на религијата, отпечатил низа кратки текстови со слики, опишувајќи го религиското прогонство со кое се соочувале „еретичките“ христијани во валденжанските долини на Северна Италија.

Една од сликите што ги објавил Леже прикажувала старец од 90 години, Исаија Гранд, кого го фатиле крстоносците и ладнокрвно му ја пресекле главата. Другите слики прикажувале жени и деца растргнати на парчиња или набиени на кол. Телата биле носени на копја како предупредување за локалните жители – покорете ѝ се Римската црква или ќе бидете убиени.

Религијата секогаш била спорно прашање. Врвен извор на страста, одушевувањето и насилството. Историчарите оцениле дека само средновековната Црква на Запад убила над 50 милиони луѓе само поради тоа што припаѓале на „погрешна“ црква.

Религискиот свет денес е многу поделен, како никогаш порано. Во рамките на 19 светски религии, Светската енциклопедија на религии проценува дека има вкупно 270 одвоени религиски групи. Во самото крило на христијанството има 34 илјади разни религиски тела. И сите тие тврдат дека се Божја Црква и дека ја имаат целата „вистина“.

Дали Бог денес навистина има своја Црква? Ако е така, која е таа? Треба ли да се придружам на некоја црква или е подобро да останам независен верник?

Во овој прирачник ќе го пронајдете пророштвото кое ги опишува историјата и карактеристиките на Божјата права Црква. Тоа пророштво, кое се наоѓа во дванаесеттата глава на книгата Откровение, многу го олеснува препознавањето на Божјата Црква на овие последни денови.

1. Колку е важно за еден христијанин да припаѓа на црква?

Дела 2,47: „А Господ секој ден ги придодаваше спасените кон нивното мноштво.“

Целокупниот аспект на прифаќањето на Христа е крштавањето во Неговото Тело, Црквата (1. Коринќаните 12,13). Црквата не е совршена. Чувство на доверба и ранливост ве исполнува кога се придружувате на заедница верници – понекогаш заедницата може и да ве рани, но и да ја оправда вашата доверба. Меѓутоа, според Божјата Реч, најважно нешто што можете да сторите е да стекнете искуство со Црквата (Евреите 10,25).

Постојат три клучни придобивки од пристапувањето кон Црквата:

  • Црквата може да го поттикнува вашето духовно издигнување.
  • Вие можете да им служите на другите како охрабрување на нивното духовно патување.
  • Црковната заедница и организација овозможува многу поуспешно проповедање на евангелието.

Историјата на христијанската Црква

2. Со кој симбол е претставена Црквата во Библијата?

Еремија 6,2: „Јас ја разубавив ќерката Сионова, прекрасна и разнежена.“

Во целата Библија Црквата ја претставува жена. Добрата жена ја претставува Божјата права Црква, а блудницата ја претставува отпаднатата Црква (2. Коринќаните 11,2; Откровение 17,1-6).

3. Како е претставена Божјата права Црква во книгата Откровение?

Откровение 12,1: „И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди.“

Овде ја наоѓаме Божјата Црква опкружена со Сонце, Месечина и ѕвезди – симболот на Црквата како „светлина на светот“ (Матеј 5,14). Сонцето го претставува Исуса (Малахија 4,2). Месечината ја претставува Библијата и ја одразува Исусовата светлина. Ѕвездите го претставуваат водството на Божјата Црква – 12-те племиња во старозаветната Црква и 12-те апостоли во новозаветната.

4. Кој се обидел да ги уништи жената и нејзиното дете штом се родило тоа?

Откровение 12,4: „Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино.“

Овде го наоѓаме ѓаволот, симболички претставен како змев, како дејствува преку силата на Рим за да ги постигне своите цели (Откровение 12,3.4.9). Царот Ирод, покорен владетел на Рим, слушнал за раѓањето на Исуса Христа и веднаш ги осудил на смрт сите машки новородени бебиња во Витлеем (Матеј 2,16). Исус и Неговите родители побегнале од Витлеем – но ѓаволот не се откажувал. На крајот, змевот ги вдахнал злите луѓе да го распнат Исуса на крст. Радосната вест на евангелието ни покажува дека гробот не можел да го задржи Исуса. Тој станал од мртвите и целосно го победил ѓаволот!

5. Кого сатаната го нападнал откако не успеал да го уништи Исуса?

Откровение 12,13: „А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете.“

Ѓаволот знаел дека најдобар начин да го рани Исуса е да ги ранува оние кои Тој ги сака (запрашајте кој било родител што го боли повеќе: кога самиот е ранет, или кога страдаат неговите деца). Првата христијанска Црква многу страдала од рацете на паганскиот Рим и милиони луѓе, христијански верници, станале маченици. Секој кој го прифатил Христа можел да биде фрлен пред гладните лавови во Колосеум, да биде распнат, да биде изгорен на клада или дури да биде растргнат на парчиња.

Последиците биле чудесни. Наместо да ја уништат Божјата Црква, прогонствата станале средство за нејзиното растење. Карактерот на христијаните во секојдневниот живот, дури и тогаш кога се соочувале со смртта, бил толку силен сведок што и други биле вдахнати да се придружат на христијанската Црква.

Тогаш ѓаволот ја сменил својата тактика. Римската управа го прекинала прогонството на Црквата. Таа почнала дури со добредојде да ја поздравува христијанската вера. Преку императорот Константин, Рим почнал да создава сојуз меѓу државата и Црквата. Сатаната одлучил да ѝ се придружи на Црквата и да јa расипе токму затоа што не може да ја уништи.

6. Што се случувало со христијанската Црква во текот на Средниот век?

2. Солуњаните 2,3: „ Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта.“

Во текот на првите триста години христијанската Црква останала релативно чиста и верна на учењата на Исуса Христа и Неговите апостоли. Меѓутоа, кога склучила сојуз со државата, паганството почнало силно да влијае на Црквата. Традициите, учењата и симболите на паганските божества навлегле во Црквата, додека непорочноста, послушноста и обожавањето на живиот Бог полека се губеле од неа.

Во текот на средниот век, повторно е воведено прогонството на правата Божја Црква. Овде сатаната ја употребил Црквата против Црквата! ѓаволот пратил „поплава“ од армии против оние кои одбивале да ги прифатат паганските учења и обичаи. Секој кој одбивал да биде дел од Римската црква бил или протеран или убиен (Откровение 12,15).

7. Каде отишла правата Црква кога била изложена на прогонство?

Откровение 12,6.14: „А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена… И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни едно време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата.“

Во 538 година по Христа, римскиот император Јустинијан издал декрет со кој ќе ја наметне силата и присутноста на папството. Одбивањето на верниците да ѝ се придружат на Црквата само по себе повлекувало прогонство од империјата и одземање на целокупниот имот. Декретот ги принудувал вистинските Христови следбеници да бегаат од големите градови во Европа и да наоѓаат прибежиште во планините и пештерите во помалку населените краишта – осамените подрачја во Италија, Франција, Британија, Швајцарија, па дури и на Средниот Исток. Токму таму во тие „пустини“ Црквата можела повторно да се состанува, да одржува богослуженија и да ја проучува Библијата.

Важно е да се нагласи дека Божјата Црква постоела и во тие времиња, но не како призната, масовна организација. Црквата била во „пустина”. Се состоела од верници кои му останале верни на Бога по цена на прогонства и смрт.

8. Колку долго Божјата права Црква ќе остане под заштита на пустината?

Откровение 12,6.14: „А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена… И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата.“

Пророштвото го прорекло периодот од 1260 години што ќе го мине Божјата Црква во пустина. Тоа пророштво совршено се исполнило кога Црквата се криела во текот на средниот век, од 538 година до 1798 година.

Пред да дојде до падот на папството, се создало движење кое ја преобразило христијанската Црква. Љубовта спрема вистината се јавила во срцата на луѓето, како што биле Мартин Лутер, Џон Виклиф, Жан Калвин и Јан Хус. Библијата била преведена на народните јазици и народите почнале да ги разбираат библиските пророштва и Исусовото евангелие. Папството го отфрлило тоа движење како „ерес“, но искрата на реформацијата била запалена. Постепениот процес на напуштањето на пустината започнал.

Во понатамошниот текст имате листа на учења и Цркви кои настанале како последица на реформацијата. Ќе видите како секоја нова Црква се градела врз вистините на претходната. Откривањето на вистината било прогресивно. Тоа е една од причините зошто денес има толку многу христијански Цркви. Духот на реформацијата се ширел низ целиот свет сè додека не била воспоставена Божјата Црква на последното време – Црква која се вратила на сите првобитни учења на христијанската Црква.

9. Како ќе се однесува ѓаволот спрема Божјата црква на последното време?

Откровение 12,17: „И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос.“

Ѓаволот посебно се разгневил на „остатокот на семето нејзино“ или, со други зборови, на Црквата на последното време. Во текот на последните две илјади години сатаната имал време и можности да ја усоврши својата тактика. Тој е полн со измами и зла кога прогласува сеопшта војна против Божјата последна Црква. Ѓаволот ќе стори сè што е во негова моќ да измами и да обесхрабри што е можно повеќе припадници на Божјиот народ, затоа што знае дека му е кратко времето и дека тоа е војна која на крајот ќе ја изгуби.

Божјата последна Црква

10. По кои особини може да се препознае Божјата последна Црква?

Откровение 12,17: „И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос.“

Пророштвото од 12. глава на Откровение ја опишува историјата на Божјата Црква од времето на Исуса Христа. Оваа глава завршува со опишување на Црквата на последното време, Црква која се нарекува „другите (остатокот) од семето нејзино“. Тоа е последната Црква која го претставува Исуса и Неговата вистина во завршните моменти на времето пред Исусовото доаѓање.

Бог дал извесен број јасни особини на таа Црква за да ни овозможи лесно да ја пронајдеме. Црквата на адвентистите на седмиот ден верува дека Бог има припадници на својот спасен народ во сите Цркви. Меѓутоа, Бог посебно го покренал движењето на Адвентистите на седмиот ден за да се претстави себеси и својата завршна порака вo последното време. Клучните текстови кои ја идентификуваат Божјата последна Црква се наоѓаат во Откровение, во 12 и 14 глава. Ајде да ги прегледаме тие обележја.

Клуч број 1 – Таа ќе се појави по 1798 година (Откровение 12,6.14).

Видливата Божја Црква останала во пустината сè до 1798 година. По тоа време, Бог ќе ја изведе својата права Црква од засолништето и ќе ја оспособи да биде глобална претставничка на Неговата љубов и вистина.

Доказ: Црквата на адвентистите на седмиот ден може да ги следи своите верувања наназад преку Црквата во пустината сè до првата христијанска Црква, иако видливо се појавила во средината на 19. век и била службено организирана во 1863 година.

Клуч број 2 – Таа ќе верува во првобитните учења на христијанската Црква (Откровение 12,17).

Некои добри преводи на Библијата го преведуваат овој текст како „остаток од семето нејзино“ (Откровение 12,17). Остатокот на материјалот кој се употребува за правење облека обично е мал. Тој има иста боја и примероци како и оригиналниот материјал. Овде ја наоѓаме Божјата последна Црква со истите обичаи и учења што ги проповедале Исус и првата Црква.

Доказ:  Црквата на адвентистите на седмиот ден е продолжение на реформацијата. Со правилото да ја зема Библијата и само Библијата како единствено мерило за верата, таа ги обновила сите основни вистини на првобитната христијанска Црква.

Клуч број 3 – Ќе биде втемелена на Исус Христос и на радосната вест на евангелието (Откровение 14,6.12).

Темелот на последната Црква ќе биде љубовта и благодатта на Исуса Христа. Исус ќе биде претставен како конечно одредиште на секое духовно патување и како одговор на секој животен предизвик.

Доказ: Христијанската адвентистичка црква верува дека спасението е целосно, стопроцентно, втемелено на жртвата и заслугите на Исуса Христа. Исус е средиштето на секој аспект на адвентистичката вест – дури и библиското пророштво е претставено како „Откровение на Исуса Христа“ (Откровение 1,1). Секое повикување на послушност и на почитување на Десетте заповеди е направено во контекст на љубовта и обожавањето на Исуса Христа.

Клуч број 4 – Таа верува во сите десет Божји заповеди, вклучувајќи ја и четвртата заповед за денот на одмор, саботата (Откровение 12,17; 14,12).

Божјата Црква е Црква која ги држи сите десет Божји заповеди. Тоа значи дека таа е Црква која го празнува библискиот ден за одмор. Божјата Црква верува дека Божјиот закон е одраз на Неговиот карактер и дека секој кој вистински го сака Исуса ќе сака да го држи Неговиот закон.

Доказ: Црквата на адвентистите на седмиот ден ги проповеда и ги држи сите десет заповеди, вклучувајќи го и седмиот ден, Шабат, од Библијата.

Клуч број 5 – Таа ќе му ја објавува последната порака на светот (Откровение 14,6-12).

Непосредно пред глобалниот Потоп, Бог го подигнал Ное да ја проповеда јасната и драматична порака на опомена – „Светот наскоро ќе биде уништен. Влезете во ковчегот!“ При крајот на времето, Бог поттикнал движење кое објавува посебна порака. Првата порака се наоѓа во Откровение 14,6-12 и треба да му се објави на светот кој се соочува со уништување во текот на второто Христово доаѓање.

Оваа единствена порака се сосредоточува на „вечното евангелие“ и има три аспекти:

  1. Имајте страхопочит и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд (Откровение 14,7).
  2. Падна Вавилон (Откровение 14,8).
  3. Немој да го примиш жигот на ѕверот (Откровение 14,9-11).

Секоја Црква која е Божја последна Црква ќе ја проповеда оваа животно важна порака.

Доказ: Пораките на тројцата ангели од Откровение 14,6-12 се наоѓаат во средиштето на веста и мисијата на Црквата на адвентистите на седмиот ден. Пораката е јасна: Божјото судење е започнато во 1844 година, споменот на Бог Создателот е саботата, излезете од мрежата на лажните религии на Вавилон и воопшто не прифаќајте никаков облик на лажно богослужение – вклучително и жигот на ѕверот.

Клуч број 6 – Таа ќе проповеда дека смртта е мирно почивање сè до воскресението (Откровение 14,13).

Последната Црква ја проповеда пораката за смртта со која ги штити луѓето од измамите на натприродниот спиритизам во последните денови. Смртта е сон и затоа не може да има никакви врски меѓу живите и мртвите со посредување на спиритистичките медиуми.

Доказ: Едно од најважнијите учења на Христијанската адвентистичка црква е идејата дека смртта е како сон. По смртта човекот останува во гробот сè до воскресението.

Клуч број 7 – Таа ќе биде глобално движење кое проповеда по целиот свет (Откровение 14,6).

Божјата Црква ќе им ја проповеда конечната порака на „жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ“ (Откровение 14,6).

Доказ: Христијанската адвентистичка црква е активно вклучена во проповедањето на евангелието во 220 земји во светот, практично во секоја земја во светот. Таа е глобално посветена на настојувањето пораката да се проповеда со сите можни средства, вклучувајќи сателити и интернет, во секое делче од планетата.

Клуч број 8 – Таа ќе верува во зборовите на пророците и ќе има пророчки дар во својата средина (Откровение 12,17; 19,10).

Божјата Црква отсекогаш покажувала целосна доверба во Божјата Реч. Библијата е центар и темел на секое разбирање на вистината. Божјата последна Црква ќе биде длабоко посветена на пророштвата. Пророштвото е од животно значење и обезбедува правилно разбирање на Бога и нашата иднина. Последната Божја Црква ќе биде карактеристична по тоа што ќе го има „сведоштвото Исусово“ – симбол со кој е претставен „духот на пророштвото“ (Откровение 12,17; 19,10). Секоја Црква која е Божја Црква на последните денови ќе има во својата средина посебен духовен дар – пророчки дар.

Доказ: Христијанската адвентистичка црква верува во Библијата и само во Библијата како темел на секоја вистина. Еден важен аспект на библиската вистина е пророштвото. Во рамките на Црквата Бог подигнал посебен весник, Елена Г. Вајт, како еден од пионерите на Црквата. Бог на таа личност ѝ дал посебен дар  пророчки дар, за да помогне на тој начин во насочувањето на Црквата. Списите на Елена Г. Вајт не ја заменуваат Библијата. Тие ништо не ѝ додаваат на Библијата. Едноставно, тие ја поддржуваат и ја издигнуваат Библијата. Библијата останува срцето и темелот на верата, но, исто така, Библијата пророкува и дека последната Црква ќе има пророчки дар.

Библијата е средиште и темел на секое разбирање на вистината

11. Колку црковни организации Исус сака да има на оваа Земја?

Ефесјаните 4,4.5: „Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден Господ, една вера и едно крштение.“

Последно нешто што Господ би сакал е постоењето на стотици религии. Вистинска трагедија е што има толку многу цркви со различни учења, обичаи и начини на живот. Бог сака една Црква – Црква која е втемелена на трите столба на вистината: на Исуса Христа, на Божјата Реч и на Десетте заповеди.

12. Бог го опишува конфузниот систем на религиите во последните денови како „Вавилон“. Кој повик им го упатува Исус на оние што се наоѓаат надвор од неговата последна црква?

Откровение 18,4: „И чув друг глас од небото како вели: Излезете од неа, луѓе мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини!“
Јован 10,16: „И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир.“

Зборот „Црква“ доаѓа од грчкиот збор „еклезија“, кој значи „повикани да излезат“. Бог има припадници на својот спасен народ во сите Цркви, луѓе кои го сакаат и кои живеат во согласност со светлината што ја имаат. Меѓутоа, бидејќи се приближуваме кон крајот на времето, Исус го повикува својот народ во „едно стадо“ – во Неговата последна Црква на последните денови.

Наскоро ќе има само две глобални религии. Една ќе го обожава и ќе го слуша Исуса Христа. Другата ќе ги обожава и ќе ги слуша религиските сили во светот. Сега е време да го чуеме Исусовиот повик и да ја избереме Божјата последна Црква.


Три факти што треба да ги запомниме:

  • Важен дел од настојувањето да бидеме христијани е да бидеме активни верници на Божјата Црква.
  • Во текот на целата историја Бог секогаш имал своја Црква.
  • Христијанската адвентистичка црква е Божја Црква за овие последни денови.

Случка:

Од првиот ден на обуката сите сфатиле дека Дезмонд Дос, херојот од Втората светска војна, е поинаков од другите војници. Не само што клекнувал крај својата постела за да се моли, туку секој ден ја читал својата Библија. Дос одбил да носи оружје и никогаш не вежбал ниту работел во текот на седмиот ден во седмицата, во сабота, иако лекувал во саботите како што тоа го правел и Исус. Неговите другари војници го исмејувале. Го предизвикувале и го мачеле. Дос се чувствувал осамен, чувствувал дека сите се против него. Во еден момент, еден од неговите офицери се обидел да го отпушти од војска, сметајќи го ментално болен.

Меѓутоа, не поминало долго време а овај војник, почитувач на саботата, прогласен е за човек кој бил пратен од самиот Бог. Секогаш одново Дос се изложувал на непријателскиот оган за да ги лекува и спасува ранетите војници. Дури и кога снајперите го насочувале својот оган кон него, тој и понатаму се изложувал на жестокоста на битката. Иако и самиот бил ранет со дел од граната, извлекол 50 ранети војници на сигурно. Дезмонд Дос стана единствениот неборец кој примил Орден на честа на Соединетите Држави во Втората светска војна. Дос го прославил Бога со тоа што ги држел Неговите заповеди, дури и тогаш кога тоа барало изложување на опасност. Тој сметал дека послушноста е важен дел од љубовта спрема Исус и попрво би умрел отколку да прекрши една од Неговите заповеди.

Дезмонд Дос бил меѓу малкутемина. Тој останал на Божја страна и покрај тоа што бил изложен на исмејување, злоставување, па дури и смрт. Ако се приклучите на Божјата права Црква, и вие веројатно ќе се соочите со противење. Што би можеле да научите од искуството на овој човек што би ви помогнало да се одлучите за Христа?

Неколку лични прашања:
1. Што би му кажале на некој кој мисли дека не е важно во што верувате, или на која Црква ѝ припаѓате, сè додека сте добра личност?
2. Колку вам ви е важна Божјата Црква? Што мислите, зошто Црквата му е толку важна на Бога?
3. Ако одлучите да се придружите на Божјата Црква, како на таа ваша одлука ќе реагира ѓаволот? На кои сè начини ќе се обидува да ве рани и да ве обесхрабри? На кој начин можете да се подготвите за неговите напади?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.