13. Кој е Антихрист (1. дел)

13. Кој е Антихрист (1. дел)

Стотици години религискиот свет бил преокупиран со поимот „антихрист“ и се плашел од него. Таа таинствена личност ја сметале за претставник на ѓаволот – за политичка и религиска сила поврзана со злото и измамите.

Личноста на антихрист се појавувала во филмови, книги и видеоигри. Од хорор трилери до религиски филмови – антихрист е извор на интриги и мистерии.

Многубројните претпоставки за идентитетот на антихрист произвеле широка лепеза кадидати. Некои од првите претенденти биле владетелите на Римската империја кои ги прогонувале христијаните, а посебно Нерон и Диоклецијан, кои убиле безброј христијани и ги претставувале противниците на обожавањето на Исуса Христа.

Многумина христијани веруваат дека антихрист ќе биде политичка личност која ќе се појави при крајот на времето. Тој политички и воен гениј ќе воспостави светска влада и ќе владее со целиот свет. Неговата престолнина ќе биде во Ерусалим, каде што ќе се наоѓа и седиштето на култот на неговото обожавање и славење.

И муслиманите имаат свое посебно гледиште за антихрист. Таа личност, или Деџал, е зла сила која навидум ќе ги поддржува љубовта и вистината, но со своите моќи за измама всушност ќе шири смрт и зло.

Нострадамус објавил неколку пророштва за антихрист. Всушност, тој навестил тројца антихристи. Неговите следбеници верувале дека Наполеон бил првиот антихрист, а Хитлер вториот. Третиот, наречен со таинственото име Мабус, допрва треба да дојде.

Со толку широк спектар на погледи за ова прашање, како би можеле точно да го препознаеме антихрист? Дали антихрист е поединец или сојуз на силите на злото? Дали антихрист ќе се појави дури во иднината, или тој веќе живее сега? Каква улога ќе има антихрист во завршните настани од светската историја и како можеме да бидеме сигурни дека ќе избегнеме да паднеме како жртви на мрачните планови на таа мамлива сила?

Во овие двe лекции ќе се задлабочиме во „Тајните на пророштвата“ и ќе ѝ дозволиме на Библијата јасно да објави кој е антихрист од библиските пророштва.

„Aнтихрист“ буквално значи „наместо Христа“, некој кој ќе се појави претставувајќи се како Христос.

1. Што вели Библијата за антихрист?

2. Јованово 1,7: „Бидејќи во светот влегоа мнозина измамници, кои не исповедаат дека Исус Христос дошол во тело; таков човек е измамник, Антихрист.“

Поимот „антихрист“ се појавува само во четири текста во Библијата – и сите четири се наоѓаат во посланијата на Јован. Во секој од тие четири случаи, поимот е употребен да го опише лажниот учител или измамничката сила која ја расипува верата во пазувите на Црквата.

„Aнтихрист“ буквално значи „наместо Христа“ или „како Христос“. Јован вели дека се појавувале многумина антихристи уште во редовите на верниците на првата Црква (1. Јованово 2,18) и сите тие антихристи застапувале погрешни гледишта за Исуса Христа.

Првобитниот „антихрист“ е самиот сатана. Токму Луцифер барал да го заземе Христовото место (Исаија 14,12-14) и токму тој постојано му се противи на Христа и погрешно го претставува.

Антихрист во пророштвото:

Во рамките на библиското пророштво сепак се појавува еден посебен „антихрист“, кој е опишан многу подробно. Таа сила ќе се појави по времето на првата Црква и ќе одигра драматична улога во историјата на светот и во Црквата.

2. Како гласи името на Антихрист кој ќе се појави по времето на првата црква?

2. Солуњаните 2,1-4: „…Никој да не ве измами на ниеден начин; зашто оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓање и не се открие Човекот на гревот, Синот на погибелта…“

Во пазувите на првата Црква имало верници кои говореле и верувале дека Исус ќе се врати на Земјата во нивно време.  Апостол Павле го отфрлил тоа сфаќање. Тој самиот прорекол дека пред Исусовото доаѓање Црквата ќе доживее голем духовен отпад. „Отпадот“ ќе го покаже „човекот на беззаконието“. Тој голем антихрист ќе се воздигнува себеси и ќе биде преокупиран со кршењето, со отфрлањето на Божјиот закон.

Интересно е да се забележи дека антихрист од пророштвата ќе се појави во пазувите на Црквата. На сличен начин, Исус својот ученик Јуда го нарекол „синот на погибелта“ (Јован 17,12). Јуда бил старешина „во Црквата“, човек кој ја сакал власта повеќе од Христа. Многумина мислат дека антихрист ќе биде световна политичка личност. Меѓутоа, Библијата е јасна – антихрист доаѓа од светот на религијата.

Најголемиот дел од пророштвата кои се однесуваат на антихрист се наоѓаат во книгата на пророкот Даниел и во Откровението.

Во тие пророштва се појавуваат цела низа симболи со кои се опишуваат особините и дејноста на антихрист. Во Книгата на пророкот Даниел, силата на антихрист симболички е претставена како „мал рог“ (Даниел 7). Во книгата Откровение, истата сила е опишана како „ѕвер“ кој се појавува прв (Откровение 13) и „Вавилон“ (Откровение 17). Во секој случај, обележјата за препознавање се многу слични – укажуваат дека станува збор за една иста сила која се прикажува од различни агли.

Фокусот на ова проучување ќе биде истражувањето на текстот во седмата глава од Книгата на пророкот Даниел. Таа глава е многу важна затоа што ги опишува империите од историјата и ги наведува мошне изразитите особини на антихрист. Освен тоа, ова го поставува темелот за идните описи на антихрист во книгата Откровение. Ве молам да ја прочитате седмата глава во Книгата на пророкот Даниел – само 28 стихови. Обрнете особено внимание на описот и особините на „малиот рог“.

Најголемиот дел од пророштвата кои се однесуваат на антихрист се наоѓаат во книгата на пророкот Даниел и во Откровението.

Видението за четирите ѕверови (Даниел 7,1-7)

3. Што видел Даниел како излегува од морето кое го разбранувале ветришта?

Даниел 7,2.3: „Велеше вака: ‘Видов во ноќното свое видение, а таму, четири небесни ветра го брануваа Големото Море, и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот’.“

Додека се наоѓал во видение, Даниел видел четири големи животни како излегуваат од морето. Секој од тие четири ѕверови бил поинакво животно и имал свои посебни, единствени карактеристики.

4. Што претставуваат следниве симболи во библиското пророштво?

Ветришта

Еремија 49,36.37: „И ќе испратам против Елам четири ветра од четирите краишта на небото… и ќе испратам врз нив несреќа, гневот мој, вели Господ, и по нив ќе испратам меч, додека не ги истребам.“

Ветриштата се симбол на судир, уништување и војна. Разбранувано море од ветер е простор на кој има многу немири и мешаници.

Море
Откровение 17,15: „И ми рече: ‘Водите што ги виде ти, каде што седи блудницата, тоа се луѓето и народите, племињата и јазиците’.“

Морето претставува густо населено подрачје, место на кое живеат мноштво луѓе кои потекнуваат од многу народи. Дури и ние денес таквата група ја нарекуваме „море од луѓе“. Ѕверовите од Даниеловото видение се појавуваат од густо населеното подрачје на планетата Земја.

Ѕвер

Даниел 7,17: „Овие големи ѕверови, четири на број, означуваат дека четири царства ќе се издигнат од земјата.“
Даниел 7,23: „…Четвртиот ѕвер го означува четвртото царство што ќе постои на земјата, различно од сите царства…“

Ѕверот е симбол на царство или политичка сила. И денес се употребуваат животни за да се претстават различни држави. На пример, орелот ги претставува Соединетите Држави. Кенгурот ја претставува Австралија. Мечката ја претставува Русија. Поимот „ѕвер“ не мора да биде негативен симбол – едноставно, тоа е животно чии карактеристики потсетуваат на определен народ.

Во седмата глава од Книгата на пророкот Даниел четири големи народи или политички сили, секој многу поинаков од другите, се појавуваат на многу густонаселените подрачја на Земјата на кои доаѓало до војни и уништувања во текот на историјата.

Кога ќе го споредиме пророштвото од втората глава на Книгата на пророкот Даниел со неговото пророштво од седмата глава, станува сосем јасно дека Даниел ја гледа истата низа од светски царства. Тие пророштва совршено се согласуваат. Меѓутоа, пророштвото од седмата глава дава многу повеќе подробности, пружа низа интересни дополнителни факти. Во втората глава металите се употребени како симболи на царствата, додека во седмата глава се појавуваат „ѕверови“ со истата намена.

Да ја илустрираме врската меѓу овие две пророштва: четвртиот ѕвер од седмата глава има „железни заби“ и се нарекува „четврто царство“ (Даниел 7,7.23); силата претставена со железо во втората глава исто така се нарекува „четврто царство“ (Даниел 2,40). Четирите империи што се опишани и во втората и во седмата глава се:

  • Вавилон
  • Медо-Персија
  • Царството на Александар Македонски
  • Рим

Ѕверот е симбол на царство или политичка сила.

5. Кој ѕвер симболички го претставува првото царство, Вавилон?

Даниел 7,4: „Првиот беше како лав, но со крилја орлови…“

Царот на животните е совршен симбол на надуениот и моќен Вавилон и е идеална паралела за „златната глава“ од втората глава во Книгата на пророкот Даниел. Пророкот Еремија исто така го опишува вавилонскиот цар како сличен на „лав“ (Еремија 50,43.44).

6. Кое животно е употребено за да се претстави симболички второто царство, Медо-Персија?

Даниел 7,5: „И ете, уште еден ѕвер, втор, сличен на мечка, стоеше од едната страна и имаше три ребра во устата негова, меѓу забите…“

Заедничкото владеење на Медите и Персијците било „накривено“, зашто Персијците биле многу помоќни од Медите. Мечката имала три ребра во устата што покажува дека изела некои други ѕверови. Трите големи сили што ги покориле Медите и Персијците биле: Вавилон, Лидија и Египет.

7. Кое животно е земено за да се претстави симболички третото царство, Царството на Александар Македонски?

Даниел 7,6: „Потоа видов, пак, уште еден ѕвер, како леопард; на грбот имаше четири крилја од птица, и четири глави имаше тој ѕвер, и му беше дадена власт.“

Леопардот или рисот со четири крилја ја претставува мошне подвижната и напаѓачки расположена империја. Забележете дека овој леопард имал четири глави. По смртта на Александар, царството било поделено меѓу неговите четворица генерали: Птолемај, Селеук, Касандар и Лизимах.

8. Четвртото царство, паганскиот Рим, симболички е претставено како силно суштество со железни заби и десет рогови. Што претставуваат тие десет рогови?

Даниел 7,24: „Десетте рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви.“

Како што железните нозе на Рим се поделиле на железни и глинени стапала и десет прсти во втората глава на Книгата на пророкот Даниел, сега Даниел гледа како излегуваат десет рогови од силата на Рим. „Рогот“ е втор симбол за царство (Даниел 7,24; 8,22). Десетте рогови се десетте сили што ќе настанат од поделената Римска империја. Овие држави го претставуваат она што денес се нарекува Западна Европа.

Малиот рог (Даниел 7,8-28)

9. Што видел Даниел дека излегува од десетте рогови?

Даниел 7,8: „И ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа од корен истргнати пред него; на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што горделиво се фали.“

Малиот рог и судењето се во средиштето на вниманието во остатокот од поглавјето. Оваа сила претставува дополнително известување од пророштвото на втората глава на Даниеловата книга. Сега ќе се обидеме да ги откриеме особините и моќта на малиот рог, големиот антихрист од библиското пророштво.

10. Кои особини јасно ја прикажуваат силата на Антихрист олицетворен во малиот рог?  

Клуч број 1 – Се појавува од Западна Европа.

Малечкиот рог се појавил меѓу десетте рогови и израснал „меѓу нив“ – на главата на четвртиот ѕвер (Даниел 7,8). Тоа известување ни ја дава географската локација на појавата на малиот рог. Бидејќи десетте рогови ја претставуваат поделбата на Римската империја на државите на Западна Европа, малиот рог ќе се појави некаде на тоа подрачје.

Клуч број 2 – Тоа е „мало царство.“

Оваа политичка сила има единствени карактеристики како малечкиот рог (Даниел 7,8). Овде имаме мала држава која ќе прави големи дела.

Клуч број 3 – Се појавува по создавањето на десетте држави на Европа.

Малечкиот рог, антихрист, не само што израснува од десетте рогови, туку стекнува власт по појавата на десетте рогови: „Дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг“ (Даниел 7,24). Десетте рогови конечно се утврдиле во 476 година по Христа, па, според тоа, ја бараме силата што стекнала политичка превласт по тоа време.

Клуч број 4 – Победува три политички сили додека ја здобива превласта.

Библијата вели дека трите првобитни рога се „од корен истргнати пред него“ (Даниел 7,8). Малиот рог ќе совлада три племиња во Европа на својот пат кон доминацијата. Три од десетте првобитни рогови биле отстранети до 538 година по Христа. Имено, оваа сила ќе ја здобие превласта околу 538 година по Христа.

Клуч број 5 – Се разликува од другите десет рогови.

Десетте племиња во Западна Европа биле политички сили. „Малиот рог“ бил единствен – имало нешто поинакво во таа сила.

Клуч број 6 – На своето чело ќе има човек кој ќе зборува во негово име.

Иако оваа сила е од политичка природа, ќе има „очи, како човечки очи“ (Даниел 7,8). Во средиштето на таа сила ќе биде човек и ќе има апсолутно право да ја застапува (Даниел 7,8).

Клуч број 7 – Ќе зборува богохулни зборови и ќе станува против Бога.

Оваа сила е поврзана со религијата, зашто „ќе зборува против Севишниот“ (Даниел 7,25).

Клуч број 8 – Ќе го прогонува Божјиот народ.

Силата на „малиот рог“ ќе ги прогонува „светите на Севишниот“ (Даниел 7,25). Ние, значи, ја бараме силата која е одговорна за смртта на припадниците на Божјиот народ, верните христијани.

Клуч број 9 – Власта на оваа сила ќе трае 1260 години.

Оваа сила ќе владее „за време од три и пол години“ (Даниел 7,25; во некои преводи „за едно време, и за две времиња и за половина време“). Споредувајќи ги текстовите во Даниел 7,25 и Откровение 12,6.14 станува јасно дека тоа временско пророштво уште еднаш го наведува истиот временски период од 1260 денови. „Времето“ е една година, „две времиња“ се две години и „половина време“ е шест месеци. Земајќи предвид дека еден месец има 30 дена, како што тоа се користи во старите списи, три години и шест месеци се 1260 денови.

Во библиските пророштва, ден е симболичка шифра за една календарска година (Езекиел 4,6). Според тоа, 1260 денови претставуваат 1260 буквални години. Во Книгата на пророкот Даниел и во Откровението седумпати се појавува истиот временски период, иако се изразува на различни начини, за да се претстави должината на владеењето на оваа сила на антихрист.

Клуч број 10 – Оваа сила ќе се обиде да ги промени времињата и законите.

Силата на „малиот рог“ ќе се обиде да ги „ да ги измени празниците и законите“ (Даниел 7,25; или во некои преводи „времињата и законите“). Во потрагата по идентитетот на антихрист, мораме да откриеме која сила се обидела да ги промени празниците или времињата означени во законот.

Во следната лекција ќе имате можност да ги истражувате фактите и јасно да го откриете идентитетот на антихрист. Ќе го согледате влијанието што го имала таа сила во светот и ќе добиете практични совети како да ги избегнете измамите кои наскоро ќе се појават на светот.


Три факти што треба да ги запомниме:

  • „Aнтихрист“ е личност или сила која се противи на Исуса Христа и која се обидува да го заземе Неговото место.
  • Aнтихрист во пророштвото се нарекува „човек на беззаконието“.
  • Седмата глава на Книгата на пророкот Даниел нуди најмалку десет јасни клучеви за откривање на идентитетот на антихрист од пророштвата.

Случка:

Даниел е проповедник и само што доби ново работно место во една црква. Брат му-близнак на Даниел, Павле, има дар за успешно проповедање. Даниел реши на верниците да им пружи графички приказ за темата на „фалсификатот“, па го замоли својот брат да проповеда следната седмица. Во таа проповед Павле изјави дека антихрист ќе измами многу души во последното време. Кога беше на половина од проповедта, Павле ги запраша верниците дали веруваат дека тој е нивниот проповедник Даниел. Сите тие ги кренаа рацете и почнаа да се смеат. На нивно крајно изненадување, проповедникот Даниел се појави од соседната просторија и застана покрај својот брат-близнак. Црквата, која не ни помислила дека може да се случи нешто такво, беше измамена.

Каква поука можеме да извлечеме од оваа случка?

Неколку лични прашања:
1. Кое однесување е карактеристично за антихрист?
2. На кои начини некои христијани го покажуваат однесувањето што е карактеристично за антихрист?
3. Кое однесување, според твое мислење, е карактеристично за вистинскиот Исус Христос и како ти би можел да го покажеш во својот живот?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.