11. Одмор за душа

11. Одмор за душа

Денешниот начин на живот, кој е премногу забрзан и исполнет со многубројни задачи и општествени обврски, досега предизвикал незабележано ниво на стрес. Ни изгледа како целиот наш свет да го изгубил разумот. А ние од сето тоа се чувствуваме многу несигурни. Исполнети сме со чувство на неизвесност и незадоволство, а и наполно сме свесни дека сме ја изгубиле контролата над сопствениот живот.

Како се губи финансиската сигурност, се зголемува загриженоста поради личните и семејните долгови. Луѓето работат до снеможеност за да ги покријат своите трошоци. Во едно глобално истражување за состојбата на деловните луѓе, фирмата „Грант Торнтон“ известува дека нивото на стрес се зголемило за педесет проценти во текот на дванаесет месеци. Најголемо ниво на стрес е утврдено во Југоисточна Азија. Земјите како што се Австралија (48 отсто), Нов Зеланд (46 отсто) и Соединетите Американски Држави (45 отсто) забележале зголемување на стресот поврзан со работата.

Личните чувства за која било измината седмица се сведуваат на: „Бев премногу зафатен“. Преоптоварените домаќинки зборуваат за недостиг од време. Тие работат преку ден на работа, а потоа продолжуваат да работат втора смена низ дома. Квалитетното време посветено за неопходниот сон се намалува, а стресот на модерното време влијае врз семејствата и врз меѓучовечките односи. Истражувањата што ги спроведе Универзитетот „Корнел“, покажуваат дека секој просечен татко во Америка минува само 38 секунди секој ден во квалитетен однос со своите деца.

Дојдени сме до точка на пукање. Личното здравје трпи, заедно со емоционалната стабилност и способноста за поднесување. Се појави нова состојба наречена „синдромот на Атлас“. Се работи за чувството како товарот на сиот свет да е ставен врз твојот грб.

И додека луѓето бараат одговори, им се нудат многубројни решенија. Хариер Маерс, претседателот на советодавната група која им нуди решенија на работодавците, предложи одреден број интересни тактики кои треба да ги оспособат луѓето како да се справат со стресот. Меѓу нив се: садење дрвја, хранење птици, играње народни игри, бањање во кади со воздушни меурчиња, избегнување да се носи тесна облека.

Дали Бог има некакво решение за современите проблеми со стресот? Дали Библијата нуди некаков практичен план да ни помогне да се одмориме во овој свет без мир и одмор? Што им рекол Исус на оние кои се оптоварени со уморот од тешката работа или од товарот на сопствените грижи? Во овој прирачник ќе ја откриете заборавената тајна која ќе ви помогне подобро да се спријателите со Исуса и да развиете здрава способност за еластичност во овој преоптоварен свет.

1. Што им ветил Исус на оние кои му се обраќаат нему кога се уморни и преоптоварени?

Матеј 11,28: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“

Доколку сакате малку одмор за своето тело, за умот и душата, Исус ве повикува да дојдете кај Него. Тој сака да го минува времето со вас; квалитетно време и редовно време – време што е надвор од лудата трка на животот.

Во целата Библија Божјиот народ секогаш одвојувал квалитетно време за одмор. Тоа време подразбира цел еден ден во седмицата, целосно посветен на богослужението и на одморот, во друштво со својот Бог, Создателот. Во текот на денот за одмор луѓето се освежуваат и се подмладуваат – физички, ментално и духовно.

2. Од каде дошла мислата за денот за одмор и како е наречен тој ден?

1. Мојсеева 2,2: „Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде.“
2. Мојсеева 20,10: „А седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа…“

Бог го воспоставил денот за одмор во почетокот на овој свет. Откако минал шест работни денови во создавањето на планетата Земја, Бог се одморил седмиот ден. Зборот „одмор“ во извештајот за создавањето е преведен од еврејскиот збор „шабат“. На другите места во Библијата седмиот ден едноставно се нарекува „Шабат“.

Токму самиот Бог го славел тој прв „Шабат“. Тоа било најмалку две илјади години пред постанокот на еврејскиот народ, две илјади и петстотини години пред давањето на законот на Синај и околу четири илјади години пред раѓањето на Исуса Христа. Всушност, Библијата вели дека „Шабатот“ е толку важен што е наречен „сабота Господова, ден на твојот Бог“ (2. Мојсеева 20,10).

3. Што направил Бог со седмиот ден, со „шабатот“, за да го одвои од сите други денови во седмицата?

1. Мојсеева 2,3: „И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи  и создаде.“

Бог не само што се одморал седмиот ден, туку и го благословил. Да се благослови буквално значи „да се направи среќен“. Шабатот не е некој здодевен ден полн со ограничувања; Бог го благословил за да биде најубавиот ден во седмицата. Исто така, Бог го посветил седмиот ден. Да се посвети буквално значи „да се одвои за света цел“. Бог го благословил седмиот ден и го прогласил за свет. Бог стекнал толку прекрасно искуство со тој прв ден на одморот што не сакал да го задржи за себе. Тој му го дал како дар на човечкиот род.

Важно е да се забележи дека Бог само еднаш благословил и посветил еден ден. Тој никогаш не го благословил првиот ден во седмицата или третиот ден или петтиот ден. Бог не само што го благословил чинот на одморањето туку го благословил и седмиот ден. Поради тоа, без оглед колку искрено некој празнува некој ден (на пример, муслиманите го празнуваат петок), тој ден никогаш нема да биде Шабат. Ниедно човечко суштество не може да прогласи Шабат или да го промени Шабат. Таа чест е целосно во рацете на Бога Создателот.

Бог го воспоставил денот за одмор на самиот почеток на овој свет.

4. Како знаеме дека Шабатот му останал важен на Бога како ден за одмор?

2. Мојсеева 20,8: „Помни го саботниот ден, за да го празнуваш.“

Бог го издвоил денот за одмор и го сместил во самото средиште на Десетте заповеди (2. Мојсеева 20,2-17). Од сè што сакал Бог да побара од својот народ да прави, Шабатот е вклучен меѓу десетте приоритети на листата на послушноста од љубов. Седмичниот ден за одмор не е некакво „споредно прашање“. Секој човек кој покажува непочитување спрема Шабат, денес покажува непочитување спрема Божјите свети заповеди.

Заповедта за Шабат е единствената која започнува со зборовите „помни го“. Трагичен е фактот дека најзапоставената Божја заповед во денешниот свет е токму заповедта за Шабатот. Во едно британско истражување, над илјада луѓе одговарале на прашања, меѓу другите и на прашањето за важноста на Десетте заповеди. Една од заповедите која најмногу паднала во заборав, заповедта која е изгласана како најмалку важна е токму заповедта за денот за одмор. Само четири отсто од испитаниците воопшто некогаш слушнале за неа.

Вкупниот број на оние кои го празнуваат библискиот Шабат ни открива дека во ова време на стресови и забрзан начин на живот само околу еден отсто од глобалната популација го празнува седмиот ден како ден на одморот. Не е никакво чудо што Бог однапред рекол: „Помни го саботниот ден, за да го празнуваш!“

5. Што претставува денот на одморот во Библијата?

Езекиел 20,12: „Им ги дадов исто така и моите саботи, за да бидат знак меѓу Мене и нив, па да знаат дека Јас сум Господ што ги осветува.“

Седмиот ден како ден на одморот, како Шабат, е многу важен затоа што е богат со симболичко значење. Шабат е знак или симбол кој го претставува Бога како наш Создател и Откупител. Ако го празнуваме библискиот Шабат, објавуваме дека:

а)  Веруваме во Бог Создателот и дека се надеваме на Него.

Шабатот е посебен ден за нас – во таа пригода го обожаваме Создателот, се сеќаваме дека сме создадени според Божјиот лик и дека токму затоа имаме голема вредност во Божјите очи. Шабатот отворено ја отфрлува еволуцијата. Тој го воздигнува моќниот Бог Создател, кој осмислил и создал нешто од ништо, со силата на неговата Реч.

б)  Веруваме во спасението преку Христа, а не преку делата.

Бог го завршил своето дело, а тогаш се одморил на Шабат. Ние го празнуваме седмиот ден како ден за одмор и како симбол на одморање од невозможната задача и од обидот со сопствените дела да го заработиме влегувањето на Небото (Евреите 4,9.10).

в)  Имаме жив меѓусебен однос со Бога

Бог вели дека Шабат е знак на посветувањето (станувањето свет – Езекиел 20,12). Токму како што седмиот ден го прогласил за свет, Бог сега ја презема одговорноста и нас да нè направи свети. Додека поминуваме квалитетно време со Исуса, имајќи доверба во Неговата создателска сила, се менува и нашиот живот станувајќи сличен на Неговиот.

г)  Стануваме предани и верни на Бога

Бог издвоил еден посебен ден во седмицата. Тој бара од нас да го празнуваме и да се одмораме во тој ден. Оние кои го празнуваат денот за одмор според Библијата, покажуваат доверба во Божјата Реч и ја нагласуваат својата преданост Нему со богослужение од љубов и послушност.

Додека поминуваме квалитетно време со Исуса, имајќи доверба во Неговата создателска сила, се менува и нашиот живот за да стане сличен на Неговиот.

6. Дали Шабатот бил наменет само за Евреите?

Марко 2,27: „Потоа продолжи: Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата.“

Исус јасно вели дека Шабатот е направен за човекот – а не само за Евреите. Шабатот е Господовиот ден (Откровение 1,10). Навистина, Исус е господар на саботата (Марко 2,28). Денот за одмор бил издвоен за да нè потсетува на нашиот Бог Создател, Бог кој ги создал Европејците, Африканците, Австралијците, Кинезите и сите други – а не само Евреите.

Шабатот бил создаден илјадници години пред да се појави првиот Евреин и го добил името „сабота Господова, ден на твојот Бог“ (2. Мојсеева 20,10). Тоа не е само некој еврејски ден на одморот – тоа е Божји ден на одморот. Шабатот е посебен дар на секој кој сака да воспостави близок меѓусебен однос со Создателот.

7. Кој ден во седмицата е седми ден, ден за одмор, Шабат?

Лука 23,52 – 24,2: „Па така тој отиде кај Пилат и го измоли телото Исусово; … Тој ден беше петок и саботата веќе настапуваше… а потоа се вратија, приготвија мириси и миро, а во саботата одмараа според заповедта. Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси.“

Библијата е јасна. Денот пред Шабат се нарекува „подготовка“. Денот по Шабат е „првиот ден во седмицата“. Според тоа, Шабат е седмиот ден во седмицата. Исус умрел во петок. Тој се одморал во гробот во сабота и станал од гробот во недела, во првиот ден од седмицата. Важно е да обрнеме внимание во извештајот на Лука на зборовите „според заповедта“. Ова Евангелие е напишано околу 30 години по воскресението. Ако во меѓувреме дошло до промена на денот за одмор, тогаш тоа би била идеална можност за да ја забележи Лука. Наместо тоа, тој едноставно го потврдува седмиот ден како Шабат според заповедта.

Едноставниот увид во разните јазици во светот исто така потврдува дека саботата е библискиот Шабат.

Во над 150 јазици во светот седмиот ден е потврден како Шабат:

шпански – сабадо

италијански – сабадо

руски – субота

бугарски – субота

српски – субота

Евреите го празнуваат библискиот Шабат како ден за одмор веќе илјадници години. Прегледувањето на енциклопедии и речници ќе ви потврди дека седмиот ден во седмицата е сабота, односно библискиот Шабат.

Религиските водачи на сите религии се согласуваат дека Шабатот од Библијата, седмиот ден во седмицата, е денот кој ние го нарекуваме Сабота.

„Според тоа, темелно говорејќи, саботата е Шабат. Тоа е последниот ден во седмицата, седмиот ден, денот во кој нашиот Господ се одморил по шесте дена создавање. Сите современи календари ја имаат саботата како последен ден во седмицата, а неделата како прв ден од новата седмица“ (Catholicism For Dummies, Rev. John Trigilio, Jr., Rev. Kenneth Brighenti).

„Дали постои барем една заповед во Новиот завет со која би се вовела промената на седмичниот ден за одмор од сабота на недела? Не постои!“ (Anglican Manual Of Christian Doctrine, стр. 127).

„Постоела и постои заповед за празнување на денот за одмор, но Шабатот не бил недела … И ќе се зборува, меѓутоа, со некаков победоносен призвук, дека Шабатот бил преместен од седмиот на првиот ден во седмицата … Каде може да се најде извештај за таквата промена? Не во Новиот завет – апсолутно не! Нема никаков библиски доказ за промената на востановениот Шабат од седмиот на првиот ден во седмицата“ (Dr. Edward T. Hiscox, autor The Baptist Manual).

8. Кој ден го празнувал Исус како ден за одмор?

Лука 4,16: „И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот свој влезе еден саботен ден во синагогата, па стана да чита.“

Додека Исус престојувал на оваа Земја, имал обичај да ја празнува саботата и да присуствува тој ден на богослуженијата. Библијата ни кажува дека Исус е нашиот пример за сè, а особено во однос на послушноста кон Божјите заповеди (1. Петрово 2,21.22).

9. Дали Исус нагласувал дека празнувањето на саботата ќе продолжи и по неговото распетие?

Матеј 24,20: „Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота.“

Додека говорел за разорувањето на Ерусалим, Исус побарал од своите следбеници да му се молат на Бога да не мораат да бегаат од непријателот во саботен ден. Ова разорување се случило 70 години по Христа, многу години по животот и смртта на Исуса Христа. Врз основа на овој текст, јасно е дека Исус очекувал од своите следбеници да го празнуваат саботниот ден и многу години по Неговата смрт.

10. Дали и апостол Павле ја празнувал саботата и во тој ден одржувал богослуженија со Евреите и незнабошците?

Дела 13,42-44: „А кога излегуваа Јудејците од синагогата, незнабошците ги помолија овие зборови да им се проповедаат и во следната сабота… Следната сабота се собра скоро целиот град да го слушне словото Божјо.“

Апостол Павле ја празнувал саботата (Дела на апостолите 17,2; 18,4). Тој, заедно со другите апостоли, ја празнувал саботата заедно со Евреите и незнабошците. Ако немало синагога во градот, Павле се состанувал со незнабошците на речното крајбрежје. Тука се молел и говорел од Писмото во саботен ден (Дела 16,13). Саботата сосем сигурно била ден за богослуженија во првата христијанска Црква.

11. Кое ветување им е упатено на оние кои ќе се вратат да ја празнуваат Саботата?

Исаија 58,13.14: „Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите грешни желби и да празнословуваш – тогаш ќе имаш радост во Господа, а Јас ќе те искачам на височини земни…“

Колку прекрасно ветување! Бог ни вели дека ќе ни подари прекрасно искуство на радост и исполнетост ако престанеме да ја прекршуваме саботата. Ќе се чувствуваме како да летаме високо над ритчињата на Земјата. Саботата е прекрасен ден кога можеме да го заборавиме сиот животен стрес. Тогаш можеме да се сосредоточиме на квалитетното време кое ќе го минеме со Исуса и во помагање на ближните.

12. Во кој ден спасените ќе ги одржуваат своите богослуженија на Новата земја?

Исаија 66,22.23: „Зашто, како што новото небо и новата земја, кои Јас ќе ги создадам, ќе бидат секогаш пред лицето мое, вели Господ, така ќе постои и потомството ваше и името ваше; Тогаш од месец на месец, и од сабота во сабота ќе доаѓа секоја плот пред лицето мое на поклонение, вели Господ.“

На новата Земја, Божјиот народ ќе се собира на богослуженија во сабота. Саботата е создадена пред човековиот грев во Едем (1. Мојсеева 2,2.3). Бог и безгрешниот човечки род ја празнувале на безгрешната Земја. Бог барал од својот народ да ја празнува саботата во текот на целата животна историја на оваа грешна планета и Тој повторно ќе ја празнува саботата со својот народ на новата Земја.

Клучни факти кои се однесуваат на Саботата:

а) И самиот Бог ја празнувал саботата во текот на создавањето.
б) Саботата е потврдена на Синај при давањето на Десетте Божји заповеди.
в) Божјиот народ ја почитувал саботата.
г) Исус ја величал саботата.
д) Учениците ја потврдиле саботата како христијански ден на одморот.
ѓ) Саботата ќе се празнува во вечноста.

13. Како би требало да ја празнуваме Саботата според Библијата?

2. Мојсеева 20,8-11: „Сеќавај се на денот на одморот за да го празнуваш.“

Саботата треба да биде најпријатниот ден во седмицата. На тој ден треба да ги заборавиме сите главоболки и сиот стрес од работата и да го минеме целиот ден во одморање и одржување на заедница со Христа. Библијата вели дека и во време кога имаме премногу работа, треба да ги ставиме Божјите барања на прво место и да ја празнуваме саботата (2. Мојсеева 34,21). Саботата треба да се празнува 24 часа, од заоѓањето на сонцето во петок до заоѓањето на сонцето во сабота (3. Мојсеева 23,32). Таа е како некој прекрасен парк во времето – подрачје на здравје и мир со Бога, каде што сме заштитени од сите животни стресови.

Саботата е ден кога треба да се трудиме подобро да го запознаеме Бога проучувајќи ја Неговата Реч, молејќи се и учествувајќи на богослуженијата в црква. Тоа е ден кога семејството и пријателите можат да се сретнат и да уживаат во дружењето во духовна атмосфера. Тоа е голем ден кој може да се мине во Божјата природа, во помагање на други луѓе, на болните или обесхрабрените. Исус ни оставил идеален пример на празнување на саботата. Одел на богослужение во локалниот молитвен дом. Тој ги лекувал луѓето и го враќал духовното здравје на народот (Лука 13,10-17).

14. Дали е навистина важно кој ден го празнуваме како Шабат?

5. Мојсеева 4,2: „Не додавајте ни збор повеќе на она што ви го заповедам, ниту да одземате од него; исполнувајте ги заповедите на Господ, вашиот Бог, кои јас ви ги предавам.“
Дела 5,29: „А Петар и апостолите одговорија и рекоа: ’Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето’.“

Има христијани кои ја празнуваат саботата како ден за одмор. Други христијани се одмораат в недела и тогаш ги одржуваат своите богослуженија. Има искрени и верни христијани и во двете групи. Меѓутоа, повеќето луѓе воопшто не запираат да го прашаат Господа кој ден треба да се празнува во согласност со Библијата. Вие, можеби, ќе помислите: „Па, дали тоа е навистина важно? Во што е разликата, зар не е доволно да празнувам еден ден во седмицата? Секој ден е добар, зар не? Еден како и другите.“

Кога станува збор за човечките празници и годишнини, важно е да се слават на денот кој е поврзан со настанот на кој сакаме да се сетиме. Никој тогаш не би рекол дека секој ден е еднакво добар. Саботата не е востановена како одлука на некоја човечка власт, туку со заповедта на Господ Бог Семоќниот. Тоа е посебен ден што Бог го одвоил од другите денови во седмицата за да се сеќаваме на љубовта и моќта на нашиот Бог Создател и да го славиме.

Опасно е ако се обидуваме да ја менуваме изричната заповед на нашиот Бог. Кога Бог нешто ќе каже, тогаш го мисли токму тоа. Всушност, Бог секогаш е многу конкретен кога бара од нас нешто да направиме или нешто да не направиме.

Да илустрираме – Во Едемската градина Бог им рекол на Адам и Ева дека можат да јадат од секое дрво во градината, освен од едно. Бог сам го одредил тоа дрво. Бог не им ја дал на луѓето слободата да бираат дрво по сопствена желба. На ист начин, Бог не рекол да си избереме сами кој ден сакаме да биде како спомен на создавањето. Ние едноставно ја покажуваме нашата верност кон Бога со својата послушност. Во Едем, ѓаволот се појавил во облик на прекрасна змија и ѝ навестил на Ева дека Бог не го мислел она што го рекол, и дека секое дрво е еднакво добро што се однесува до плодовите.

Па, зар навистина не се сите родни дрвја слични? Во што се состои разликата? Дрво е дрво и важно е да не е отровно. Адам и Ева не умреле поради отров. Проблемот била послушноста, а не дрвото. За несреќа, сиов овој наш свет е во хаос затоа што Адам и Ева се послужиле со својот разум наместо да се потпрат на Божјата заповед.

Некои луѓе веруваат дека треба да го слават христијанскиот Шабат, односно недела, во чест на Христовото воскресение. Во Божјата Реч нема ни најмало навестување за тоа. По тој систем на размислување, зошто не би го славеле петок во чест на Христовото распетие?

Според Библијата, кршењето на Десетте заповеди е грев (1. Јованово 3,4). Заведените луѓе се обиделе да ја променат саботата во недела, меѓутоа, кога е во прашање прославувањето на Господа, би требало повеќе да го слушаме Бога отколку луѓето, зар не? Бог бара нашиот ден за одмор да биде седмиот ден во седмицата, саботата, Шабат од Библијата.

15. Дали Божјата црква на последното време ќе го празнува денот за одмор што е пропишан со четвртата заповед од Декалогот?

Откровение 12,17: „И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос.“

Божјата Црква на последното време негува совршена хармонија меѓу послушноста и Исусовата вера. Во целото Писмо, секогаш Исус и Божјите заповеди претставувале темел на Црквата. Оние кои се подготвени и го чекаат Исуса да дојде, тоа се оние кои го сакаат повеќе од сè и ја покажуваат својата љубов кон Него држејќи ги Неговите заповеди. Една од тие заповеди е прекрасниот дар – саботата. Тоа е траен симбол на Божјата создателска сила и благодат за човечкиот род.

Оние кои се подготвени и го чекаат Исуса да дојде, тоа се оние кои го сакаат повеќе од сè и ја покажуваат својата љубов кон Него држејќи ги Неговите заповеди.


Три факти што треба да ги запомниме:

  • Бог ја создал саботата и самиот се одморал во тој ден.
  • Седмиот ден во седмицата, сабота, е вистинскиот Шабат.
  • Шабатот е важен бидејќи го претставува Бога како наш Создател и Откупител.

Случка:

Еднаш, некој човек стоел пред голем број луѓе, зел парче црвено платно и јавно го запалил. Мноштвото воопшто не реагирало. Луѓето само си помислиле дека човекот е малку чуден. Тој тогаш зел парче сино платно и го запалил пред луѓето. Повторно луѓето не се поместиле. Потоа зел парче бело платно, им го покажал на присутните и го запалил. Мноштвото помислило дека се работи за некаква шега. Никој не се возбудил – само сето тоа им било здодевно. Почнале да се смеат и да му дофрлуваат навреди или досетки на човекот.

Најпосле, човекот го извадил државното знаме. Пред стотина луѓе го запалил знамето и го изгазил. Меѓутоа, овој пат мноштвото реагирало гневно и го нападнало човекот, а властите го затвориле. Во што се состоела разликата? Впрочем, знамето било само разнобојно парче платно. Малку бело, малку црвено, малку сино платно. Човекот се бранел дека едно парче платно е исто како и секое друго парче. Меѓутоа, кога тие парчиња платна се составени така што формираат државно знаме, нивното симболичко значење станува многу големо. Тоа знаме претставува држава и сè што се смета за важно.

На кој начин, според вашето мислење, овој настан ја опишува важноста на седмиот ден за одмор?

Неколку лични прашања:
1. Што мислите, зошто саботата му е важна на Бога?
2. На кои начини можете да се подготвите за саботниот ден во текот на седмицата?
3. На кој начин можете да постигнете саботата да ви биде пријатна, наместо да се состои од забрани и дозволи?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.