7. Чекори кон духовата слобода

7. Чекори кон духовата слобода

Помалку од половина од сите земји на планетата Земја имаат на располагање целосна слобода (барем според западните извори!). Многу земји, да не набројуваме кои, и понатаму чувствуваат недостаток на човековите права, немаат слобода на говор, правда за сите и изборна демократија.

Земјата која веќе со години се наоѓа на црната листа е Ирак. Војната, диктатурата, грабнувањата и мачењето со векови претставувале дел од животот. Во текот на несреќната американска војна во Ирак, Даглас Вуд, австралиски инженер и деловен човек, бил грабнат во Багдад. Во текот на следните 47 денови Вуд го тепале, го врзувале и го принудувале да трпи мачења еднакви на погубување.

Даглас Вуд успевал да ги преживее тие денови размислувајќи за својот омилен фудбалски тим и за своите внуци. Не бил сигурен дека ќе биде спасен, но никогаш не загубил надеж.

Даглас Вуд најпосле бил спасен на најнеобичен начин. Имено, една американска и ирачка патрола рутински пребарувала едно од најопасните багдадски предградија.

Вуд ги слушал пукотниците меѓу ирачката војска и грабнувачите на покривот, а потоа војската продрела и во самата зграда. Вуд слушал нови пукотници, но сфатил дека се наоѓа на патот кон слободата. Кога се вратил во својата земја, одржал неколку предавања, го раскажувал своето искуство и им се заблагодарувал на своите спасители; на крајот од еден говор на своите слушатели им ја испеал потресната песна под наслов: „Сакам да бидам слободен!“

Дали и ти сакаш да бидеш слободен? Библијата вели дека и жителите на оваа планета се заложници – не на некои грабнувачи, туку на самиот ѓавол. Дали понекогаш се чувствуваш како заробеник на вината, обесхрабрувањето, на своите длабоко вкоренети зависности, злоупотреби, насоченоста спрема себеси и на својата себичност?

Радосната вест гласи дека Бог кој е полн со љубов, осмислил план да те избави.

1. Кој е изворот на правата духовна слобода?

Јован 8,36: И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.“

Библијата е извештај за љубовта и го опишува најголемото избавување на сите времиња. Ние ќе го отпочнеме тој извештај од самото создавање на светот. Како што ќе се одвива понатаму, така вие ќе откривате зошто сте толку драгоцени во Божјите очи и зошто Исус ви е толку битен.

2. Кој ја создал вселената?

1. Мојсеева 1,1: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.“

Планетата Земја не настанала со еволуција. Бог планирал и ја создал Земјата. Зборот „Бог“ во овој текст е еврејскиот збор „Елохим” во множина и се однесува на Божеството – на Отецот, Синот и Светиот Дух. Како Бог може да биде еден Бог, а едновремено да се појавува како три одделни личности е тајна сама по себе.

Едноставна илустрација на овој концепт може да се најде во скромното јаболко. Јаболкото има три дела: кора, средина и семе. Сите тие се одделни делови на јаболкото, а сепак сочинуваат едно јаболко. Тие не се лимон, круша или нешто друго. Имаат разни цели и намени, но едноставно претставуваат една целина, едно јаболко. На сличен начин, и Божеството се состои од три личности. Сите тие имаат различни улоги, но сочинуваат еден Бог.

Создавањето е важно, бидејќи ја открива Божјата сила и ни кажува зошто човечките битија се толку драгоцени во Божјите очи. Бог со свои раце ги обликувал и ги создал Адама и Ева, да бидат негови лични пријатели и другари. Ние сме посебни за Бога – ние дури сме создадени според неговиот лик (1. Мојсеева 1,26).

Библијата е извештај за љубовта, која го опишува најголемото избавување на сите времиња.

3. Што се случило кога Адам и Ева згрешиле?

1. Мојсеева 2,17: „Освен од дрвото за познавање на доброто и на злото, од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш.“

Римјаните 6,23: „Зашто платата што ја дава гревот е смрт.“

Кога Адам и Ева одлучиле да не му бидат послушни на Бога, сосем природно дошло до одвојување. Божјата непорочност веднаш формирала ограда против гревот внатре меѓу човечкиот род. Природата на Адам и Ева се променила и сè на планетата Земја ги трпело последиците од тој прв грев. Природниот и неизбежниот резултат на гревот е смртта. Според тоа, ако Бог не реагирал, Адам и Ева би умреле таму и тогаш и тоа би го обележало крајот на животот на оваа планета.

4. Како гласи првото големо пророштво во Писмото?

1. Мојсеева 3,15: „И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата.“

Овде имаме евангелие – радосна вест – споменато првпат во Библијата. Бог ѝ се обраќа на змијата – ѓаволот – опишувајќи го големиот судир кој ќе се води на планетата Земја меѓу потомствата на жената, Исус, и потомствата на змијата, ѓаволот и неговите следбеници. Врвот на овие збиднувања е Исусовата смрт на Голгота. Токму на крстот Исус ја претрпел смртта – симболички претставена со каснување во петата, но сатаната бил победен – симболички тој пораз бил претставен со столчување на главата.

5. Кој симбол е употребен за да се претстави Исус како наша жртва?

Јован 1,29: „На другиот ден го виде Јован Исус како доаѓа кај него и рече: ’Еве го Јагнето Божјо, кое ги зеде гревовите на светот врз себе’.“

Исус е Божјото Јагне, „заклано од создавањето на светот“ (Откровение 13,8). Тој бил непорочен, кроток и нежен. Не се противел да биде убиен. Книгата на пророкот Исаија вели: „Како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стрижачите стои безгласна, така и Тој не ја отвори устата своја“ (Исаија 53,7).

Кога Исус умрел, бил физички злоставуван (на судењето е камшикуван речиси до смрт). Бил злоставуван и морално (во текот на судењето и распетието го оставиле необлечен пред мноштвото кое му се подбивало). Бил злоставуван духовно (крстот многумина го гледале не само како паганска жртва, туку распетието било прогласено и за знак на божественото проклетство – Галатјаните 3,13). Исус наместо нас го претрпел највисокото ниво на понижување и малтретирање што може да се замисли.

Читај за Исусовата смрт во Марко 15 глава. Барај од Господа да ти ја покаже длабочината на Неговата љубов спрема нас за да ти помогне да сфатиш колку му значиш на Бога.

6. Дали Исус навистина се грижи за мене лично?

1. Петрово 1,18.19: „Знаејќи дека со пропадливо сребро или злато не сте искупени од суетниот живот, кој ви се предаде од татковците ваши, туку со скапоцената крв на непорочното и чисто Јагне – Христос.“

Сè поголем број припадници на нашето општество боледува од комплексот на пониска вредност, то ест, себеси си придава многу мало значење. Тоа чувство на безвредност може да доведе до обесхрабрување и депресија. Бог сака да знаете дека имате безгранична вредност во Неговите очи. Кога Бог би го вложил сето сребро и злато од Небото за да нè спаси, тоа би била голема жртва. Меѓутоа, ние пред Бога сме толку драгоцени што за нас го вложил највредното што го имал на располагање, „Исусовата драгоцена крв“. Бог не само што нè замислил и создал, туку ја дал и крвта на својот Син за нас.

Стариот автомобил „форд ескорт“ од 1975 година, што му припаѓал на папата Бенедикт, бил продаден на аукција за речиси 900 илјади долари, додека стаповите за голф на Џон Кенеди се продадени за повеќе од милион долари. Зошто? Тие предмети сами по себе немале толкава вредност. Нивната вредност потекнува од фактот дека припаѓале на некој важен. И ти припаѓаш на некој важен – на Царот на вселената! Исус те сака и се грижи за тебе лично. Тој сака да бидеш Негов пријател и да живееш засекогаш со Него.

7. На кој начин Христовата смрт ги отстранила нашите гревови?

Евреите 2,9: „А гледаме дека Исус Христос, кој за кратко време беше поставен пониско од ангелите, поради претрпената смрт беше овенчан со слава и чест, та, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите.“

Исус „вкусил смрт за сите“. Библијата вели дека плата за гревот е смрт, не само физичката смрт, туку и смртта која Библијата ја нарекува „втора смрт“ (Откровение 20,14.15). Тоа е смртта која само Исус ја искусил; тоа е конечната смрт која доаѓа како последица на нашите гревови – подоцна ќе зборуваме повеќе за тоа во поуката под наслов „Каде е пеколот на Земјата?“

Причината зошто Христовата крв го прави проштавањето можно објаснување, ни е дадена во чинот на замена. Ако некому вистински му простите, тогаш сте подготвени и да ги претрпите последиците на злото што ви е направено, но без одмазда. Илустрација: кога некој би ве удрил по око, да му простите на тој човек значи да ја почувствувате болката што ви ја нанел со своето злодело, без обид да му возвратите со удар.

Ние сме згрешиле против Бога и Неговиот закон. Праведноста бара казна со смрт, а милоста може да ја обезбеди единствено Бог чиј закон сме го прекршиле. Исус решил да ја претрпи полната казна за нашиот грев за да ни го осигури патот на спасението.

Библијата вели дека платата за гревот е смртта, не само физичката смрт, туку и смртта која Библијата ја нарекува „втора смрт“.

8. Колку е важно тоа што Христос станал од мртвите?

1. Коринќаните 15,17: „Ако, пак, Христос не воскреснал, напразна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови.“

Апостол Павле рекол: Да останел Христос во гробот, ние не би имале никаква надеж за спасение. Иако Христовата смрт ја платила казната за нашите гревови, мртвиот Христос не би можел да ни ги прости нашите сегашни гревови. Само жив Спасител може да ни ги даде слободата и надежта. Токму затоа и нема „друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме“ (Дела на апостолите 4,12).

9. Што можам да направам за да имам полза од Христовиот живот и од неговата смрт?

Јован 3,16: „Зашто Бог толку го возљуби светот, што го даде својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.“

Овој познат текст кажува сè што треба да се каже! Бог дал од љубов. Ние не можеме да си го заработиме спасението. Ние никогаш нема да бидеме достојни за него. Никогаш нема да бидеме „доволно добри“. Ние единствено можеме да го прифатиме спасението верувајќи во Христа. Вечниот живот е дар што денес Бог ни го нуди нам.

Исус одлучил да ја претрпи полната казна за нашите гревови за да ни овозможи спасение.

10. Со кои чекори се приближуваме на духовната слобода?

Ние ја примаме духовната слобода примајќи го дарот на спасението. Ние го прифаќаме спасението прифаќајќи го Исус како свој личен Спасител и Господар на нашиот живот. За да ви помогнеме да разберете како да го прифатите Исуса, ви наведуваме седум практични чекори:

а) Признај дека си грешник

Римјаните 3,23: „Сите згрешија и лишени се од славата Божја.“

Прво што треба да сфатиме е дека ни е потребен Христос. Многумина се „добри и морални граѓани“ кои ни насоне не би украле ниту би убиле некого, но сепак секој од нас стекнал свои искуства со гревот. Ние сме го прекршиле Божјиот закон или со мисли или со дела, што автоматски се вбројуваме меѓу грешниците. Библијата вели дека „платата“ за нашите гревови е вечна смрт (тоа е она што сме го заслужиле со своите гревови!). Единствено Исус Христос може да го разреши нашиот проблем со гревот.

б) Дојди кај Христа
Матеј 11,28: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“

Колку прекрасно ветување! Без оглед колку грешни се чувствувате понекогаш, само сетете се дека Исус е далеку поголем Спасител отколку што вие сте грешник. Немојте да чекате да бидете „добри“, немојте да чекате извесно време да не грешите. Исус ве повикува кај себе такви какви што сте.

Кога ќе „дојдете кај Исуса“, едноставно кажете му дека признавате дека сте грешник, дека ви е потребна помош во животот и дека ви е јасно оти единствено Тој може да ви ја пружи.

в) Верувај

Дела 16,31: „А тие му одговорија: ’Верувај во Господ Исус Христос, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом‘.“

Да веруваме во Христа значи да имаме доверба во Него. Тоа е многу повеќе отколку само некое интелектуално верување, зашто и „ѓаволите веруваат“ (Јаков 2,19). Да веруваме значи да имаме таква доверба во Исус што сме подготвени да го правиме сето она што Тој ќе ни го каже. Да илустрираме – лекарот ви препишува лек. Ако му верувате на тој лекар, вие ќе го земете лекот. Исус има терапија за гревот, и ако верувате во Исуса, вие со радост ќе ја прифатите Неговата терапија.

г) Покори му се на Христа
Јаков 4,7: „Па затоа, покорете му се на Бога.“

Тоа е моментот кога барате од Исус да биде ваш личен Спасител. Има многу луѓе кои одат во црква секоја седмица, а никогаш не го замолиле Исуса да биде нивен Спасител од гревовите.

Исус вели дека стои пред вратата на вашето срца и тропа. Тој сака да влезе во вашиот живот и да воспостави секојдневна заедница со вас (Откровение 3,20). Кога најбогатиот човек на светот би затропал на вашата влезна врата и би ви понудил милион евра ако го пуштите внатре, колку би ви требало да се решите да го повикате да влезе? Вие го знаете одговорот. Исус ви нуди нешто далеку поголемо од милион евра. Тој ви нуди вечност исполнета со мир и среќа.

д) Покај се и признај ги своите гревови
1. Јованово 1,9: „Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда.“

Исус сака да се покаеме, да се покаеме за своите гревови. Исповедањето (во други преводи признавањето) треба да му го упатиме непосредно на Бога и Тој ветува дека ќе ни прости. Тој ги откупил вашите гревови со својата крв. Можете да бидете сигурни дека Тој, доколку му го испорачате она што го купил, ќе ја прифати испораката.

Исповедањето или признавањето треба да биде конкретно. Ако сте повредиле друго човечко суштество, треба да го признаете својот грев и на таа личност. Вистинското признавање доаѓа од срцето кое е тажно поради гревот и решено да стори сè што е неопходно за да престане со животот во грев.

ѓ) Искусете го новото раѓање
2. Коринќаните 5,17: „И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото.“

Еден аспект на „божествената тајна“ е „Христос, надежта на славата, е во нас“ (Колошаните 1,27). Христијанскиот живот не е само делумно преиначување или реформа на стариот живот – тоа е преобразба. Вие станувате ново суштество. Стариот живот го снемува, и вие сега живеете со новиот живот; всушност, Исус живее во вас.

Библискиот симбол за таквата промена во животот е крштавањето. Да се биде крстен во вода со целосно нурнување претставува смрт и погреб на стариот живот и воскреснување во нов живот во соработка со Христа (Римјаните 6,3-6).

Оваа промена на животот и трајното растење на духовен план може да се постигне со дејството и силата на Светиот Дух (Галатјаните 5,22.23).

е) Прифати го Исуса како Господар на својот живот
Колошаните 2,6: „Како што го примивте Господ Исус Христос, така и одете по Него.“

Многумина денес се среќни што го имаат Исуса како свој Спасител, како план за избавување од пеколот. Меѓутоа, Исус сака да биде Господар на вашиот живот. Тој рекол: „Ако ме љубите, пазете ги моите заповеди“ (Јован 14,15). Нам ни е неопходно да го прифатиме Исуса како Господ и тогаш да „одиме по Него“. Со други зборови, да бидеме послушни и да одиме по Неговите стапки кон среќен и победоносен христијански живот. Тоа не е легализам; тоа едноставно е одговор на нашата љубов кон Исуса.

11. Дали христијанскиот живот е здодевен и исполнет со ограничувања?

Јован 10,10: „Крадецот доаѓа само да украде, да убие и да погуби. Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие.“

Ѓаволот се обидува да ви го украде животот. Тој вели дека христијанскиот живот е за луѓе кои се досадуваат бидејќи немаат ништо попаметно да прават. Тој нагласува што „сè ќе пропуштат“ или што „не можат веќе да прават“. Исус вели дека животот со Него е полн со доживувања и откритија. Тоа е сериозен живот во кој луѓето од сите времиња и култури можат да ја откријат вистинската среќа и исполнување во животот.

12. Кое ветување го имаат оние кои веруваат во Исуса?

1. Јованово 5,13: „Ова ви го напишав вам, кои верувате во името на Синот Божји, за да знаете дека имате живот вечен и да верувате во името на Синот Божји.“

Вечниот живот не е нешто на што допрва ќе можеме да се „надеваме“. Вистинското верување во Исуса ја опфаќа сигурноста дека вечниот живот го имате уште сега. Причината зошто можете да имате таква сигурност се гледа во тоа што евангелието е засновано на силата и ветувањата на Бог Создателот.

13. Што им ветил Бог на оние кои ќе решат да живеат христијански живот?

Филипјаните 4,13: „Сè можам преку Исус Христос, кој ме крепи.“

Ефесјаните 3,20: „А на Оној кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сè што ќе побараме или помислиме.“

Нема ограничувања на Божјата сила. Без оглед од каде доаѓате, без оглед колку сте биле зли, без оглед со какви гревови се борите – Бог има доволно љубов и моќ да стори далеку повеќе отколку што бараме од Него, со силата која дејствува во нас.


Три важни факти што треба да ги запомниме:

  • Сите човечки суштества се грешници и без Исуса Христа се изгубени за вечноста.
  • Ти можеш да бидеш сигурен дека ќе имаш вечен живот ако го прифатиш Исуса Христа како свој Господ и Спасител.
  • Бог сака денес да ти дарува доволно сила да живееш победоносен христијански живот.

Случка:

Некој железничар, свртничар, добил задача да управува со командите кои го кревале и го спуштале мостот на некоја голема река. Еден ден, во мигот кога сонцето се спуштало кон запад, тој видел и чул како му се приближува воз. За несреќа, командите не работеле во тој момент и тој побрзал кон шините за да го спушти мостот рачно. И додека со сета своја сила се трудел да го спушти, зачул извик од далечина. На свој најголем ужас, го видел своето четиригодишно дете како трча преку мостот и вика: „Тато, тато, каде си?“ Неговиот прв нагон бил да му довикне на својот син: „Трчај, сине, трчај!“, но сфатил дека за тоа е премногу доцна. Неговиот син никогаш нема да успее да стигне до другата страна на мостот пред да стигне возот. Човекот сега морал да ја донесе најтешката одлука во животот. За миг морал да се одлучи меѓу возот и својот син. Ако не го спушти мостот за да го спаси својот син, возот ќе се урне во реката и ќе загинат стотици луѓе. Но, ако го спаси возот, неговиот син сигурно наскоро ќе го загуби животот на мостот.

Додека очајниот татко со сета своја сила се обидувал да го спушти мостот, гледал како тркалата на возот го газат невиното мало тело на неговиот син. Со солзи во очите гледал во прозорците на возот и го набљудувал однесувањето на патниците. Тие не знаеле за одлуката која тукушто ја донел овој татко. Тие или играле карти, или се смееле, спиеле или јаделе. А кога возот протатнил по мостот, таткото со скршено срце и понатаму ги притискал командите за спуштањето на мостот.

Бог морал да донесе слична одлука. Што ви говори оваа случка за Божјата љубов кон нас?

Неколку лични прашања:
1. Што треба да направиш кога ќе помислиш дека не си доволно добар за Небото?
2. Што ни кажува Христовата смрт на крстот за Бога? Како крстот би можел да стане уште позначаен за тебе?
3. Мислиш ли дека е тежок христијанскиот живот? Зошто? Зошто не? Што мислиш, зошто повеќемина луѓе не ја прифаќаат Божјата бесплатна понуда за живот?
4. Што мислиш, во што се состои тајната на живеење христијански живот? Што ти би можел да направиш за да се зголемува твојата љубов кон Христа од ден на ден?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.