23. Исполнет живот

23. Исполнет живот

Дали би сакале да доживеете сто години и да уживате во секој момент од животот? Кон крајот на 2005 година, списанието „Национална географија“ објави статија за долговечноста и за квалитетот на животот. Авторот, Дан Битнер, околу себе собрал екипа истражувачи и тргнал по светот да бара здрави општества. Неговиот план бил да пронајде делови во светот во кои луѓето живеат сразмерно подобро отколку во другите.

Она што го открил Битнер навистина било вџашувачко. Четири подрачја во светот се истакнати како „сини зони“. Тоа се заедници во кои луѓето обично живеат над сто години. Моменталните сини зони се: Окинава во Јапонија, Сардинија во Италија, Никоја, полуостров во Костарика, и Лома Линда во Калифорнија. Истражувањата покажале дека сите од тие четири групи уживаат во долговечноста и виталноста. Тие се свежи, енергични и среќни. Изгледа како да умираат млади – иако во длабока старост.

Во што се состои нивната тајна на здравјето и благосостојбата? Истражувањата покажале дека нагласокот е ставен на семејството, меѓучовечките односи, растителната исхрана и вежбањето. И што е многу важно, секоја група била свесна за важноста на верата и учествувала во духовниот живот на заедницата.

Заедниците од сината зона се мирољубиви и задоволни. Но сепак, во нив владее јасна свест за целта. Својата животна цел Костариканците ја нарекуваат „план да вида“. Окинавците ја нарекуваат „икигаи“, што значи зашто станувам секое утро. Тоа се луѓе кои создале опкружување на благосостојба.

Од овие четири групи, Битнер ги прогласува адвентистите на седмиот ден во Лома Линда за „ѕвезди“ на долговечноста. Нагласувајќи го здравјето на целокупното човечко суштество, бројот на болестите што се поврзани со староста кај оваа група се далеку под просекот. Тајната на виталноста на овие адвентисти ги опфаќа саботниот одмор, свеста за заедништвото и, според Битнер, „исхраната вдахновена од Библијата“.

Според тоа, што говори Библијата за здравјето? Постои ли некаква врска меѓу физичкото здравје и духовното здравје? Овој прирачник го открива библискиот клуч за среќен и здрав живот. Не можеме да ви ветиме дека ќе ја доживеете стотата година, но на искуството на животот ќе гледате многу поведро.

1. Колку е важно нашето здравје?

3. Јованово 2: „Возљубен, се молам да бидеш здрав и во сè да ти биде добро, како што и е добро на душата твоја.“

Здравјето е една од најважните библиски теми. Причината за тоа? Човечките суштества се една сложена целина – тело, ум, срце и дух. Апостол Јован му посакал на својот пријател да напредува и физички и духовно. Сè што влијае на здравјето на телото влијае и на целата личност. Тоа подразбира како се чувствуваме, како мислиме и како се однесуваме спрема другите.

Кога го негуваш своето тело физички, и твојот ум ќе биде активен. Бистриот ум помага да се поврземе со Бога во духовна смисла. Духовниот живот му дава смисла на животот, смисла која можеме сесрдно да ја застапуваме. Тие фактори ја претставуваат основата за вистинско здравје и среќа.

2. Зошто Бог на својот народ му дал здравствени закони?

2. Мојсеева 23,25: „Служете му на Господ, вашиот Бог, и Тој ќе го благослови лебот твој, и водата твоја; и ќе те чувам од секаква болест.“

Бог на својот народ му дал здравствени закони за да го заштити од болести, за да го заштити од прерана и непотребна смрт. Како Создател, Бог најдобро знае што е најдобро за нашето здравје. Бог преку пророкот Мојсеј дал низа правила кои се многу значајни и денес.

Некои од тие начела се однесуваат и на исхраната (3. Мојсеева 11,46.47), хигиената (3. Мојсеева 14,8), стерилизацијата (4. Мојсеева 31,22.23), моралот (2. Мојсеева 20,14), одморот (2. Мојсеева 20,8-11) и карантинот (4. Мојсеева 5,1-4).

Бог на својот народ му дал здравствени закони за да го заштити од болести, за да го заштити од прерана и непотребна смрт.

3. Како би сакал Исус да живееме?

Јован 10,10: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие.“

Здравјето не е само отсуство на болка и болести. Тоа е и присутност на виталност. Изобилие на животот!

Божјиот концепт за здравјето почива на размената. Нешто лошо за нешто подобро. Нешто што разорува за нешто што обновува. Празно за полно.

Бог сака да напредуваме и да цутиме. Да поседуваме енергија, виталност, да зрачиме со оптимизам, да покажуваме отпорност на животните удари, одушевување, да имаме смисла и цел на постоењето, исполнување, радост, активност, сила, инспирација, задоволство. Во основа – да го сакаме животот!

Изобилниот живот ја опфаќа Исусовата лична присутност. Всушност, здравјето без Христа и не е вистинско здравје. Исус ни дава мир, сигурност и надеж. Не само исцелување и обновување. Многу повеќе од тоа. Живот исполнет со здравје и среќа над секакво очекување.

4. Како Библијата го нарекува нашето тело?

1. Коринќаните 6,19.20: „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе?… Затоа прославете го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.“

Некои луѓе се однесуваат на овој начин: „Ова е моето тело. Со него можам да правам што и да посакам.” Меѓутоа, човечкиот живот треба да послужи како престојувалиште на Светиот Дух. Ние имаме обврска да го негуваме и храниме своето тело за да го одржиме во најдобра можна состојба и да си овозможиме себеси најдобра можна врска со Бога.

Ако умот станал нечувствителен поради болест, тогаш врската со Бога станува отежната и духовното растење е запрено. Ако сте витални и со добро здравје, вие сте во состојба да ја разберете Библијата и да воспоставите блиска заедница со Бога.

5. На кои практични начини можете да го унапредите своето здравје?

1. Коринќаните 10,31: „И така било да јадете, или да пиете, или нешто друго да правите, сето тоа правете го за слава Божја.“

Овде имаме десет практични правила за среќен и здрав живот. Сите десет се во согласност со библиските принципи и многу од нив се и непосредно спомнати во Библијата.

ВДИШУВАЈТЕ СВЕЖ ВОЗДУХ

Чистиот воздух во белите дробови дејствува прекрасно на здравјето. Нашите бели дробови се чистат, крвотокот се чисти и мозокот добива посебна „доза“ енергија. Свежиот воздух ги смирува нервите и предизвикува нашето расположение да биде позитивно и оптимистичко.

Ние поминуваме предолго време со правлив и застоен воздух во становите, училиштата и канцелариите. Многу е важно да ги проветруваме своите простории и да излегуваме на свеж воздух. Излезете на утринска прошетка. Прошетајте се покрај морски брег или качете се на планина и дишете длабоко. Ќе се чувствувате многу добро.

ОДМОРАЈТЕ СЕ

Денес животот стана премногу забрзан. Просечниот ден е исполнет со задачи, обврски и средби. За да го вградиме сето тоа во својот распоред, често мораме да се откажеме од доволно одмор, опуштање и сон.

Кога Исус им рекол на своите ученици: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку” (Марко 6,31), знаел за што зборува. Батериите на животот мора да се наполнат. Во текот на одморот телото се обновува и се подмладува. Умот станува посмирен и побистар. Нема ништо подобро од тоа човек да се разбуди освежен по еден добар длабок сон.

Стручњаците даваат неколку добри совети како да си обезбедите себеси добар ноќен сон. Прво, настојувајте просторијата за одмор да има пријатна температура, да не е исполнета со пречки како што се ТВ, радио и на располагање да имате добар кревет. Второ, избегнувајте обилен оброк, алкохол, никотин и кофеин пред спиење. Кога ќе се разбудите, отворете ги завесите и излезете на сонце.

Ако ви е животот премногу забрзан, земете одмор. Во најмала рака, најдете време да се одморите во природа и да се опуштите.

Исус ни го дал саботниот одмор. Тоа е време за нашата „цела личност“ да се одмори, да воспостави врска со Бога, со семејството и пријателите.

ИЗЛОЖЕТЕ СЕ НА СОНЧЕВИ ЗРАЦИ

Многу е важно да излеземе и да се изложиме на сонце. Секако, премногу сончање може да предизвика рак на кожата, така што мора да бидеме многу внимателни. Меѓутоа, изложувањето на сончевите зраци доведува до создавање на многупотребниот витамин Д. Витаминот Д му помага на телото да го апсорбира калциумот кој ги јакне коските.

Изложувањето на сончеви зраци до 15 минути дневно го јакне имунолошкиот систем на организмот и помага да се намали опасноста од рак. Сончевите зраци придонесуваат за менталната концентрација, даваат повеќе енергија и можат дури и да го намалат крвниот притисок. Сонцето ги негува нашите емоции и умот. Тестовите покажале дека сончевите зраци можат да им помогнат на луѓето кои се борат со депресијата и нервните кризи.

УЖИВАЈТЕ ВО ЖИВОТОТ

Нашиот ментален став спрема животот влијае и на здравјето. Библијата вели: „Веселото срце е благотворно како лек, а паднатиот дух коски суши“ (Мудри изреки 17,22). Бидете оптимист и насмејте се весело одвреме-навреме.

Според Џејн Кемпси, „возрасните во просек се смеат 15 пати на ден, додека децата уживаат да се смеат до 400 пати на ден“. Смеењето ги ублажува симптомите на стресот затоа што предизвикуваат да се лачи ендорфин во мозокот. Според истражувачите д-р Ли Берк и Вилијам Фрај од Универзитетот Лома Линда, „среќното, радосно смеење предизвикува мерливи промени во одбранбениот систем на личноста која се смее“.

Има и многу други начини да се стекне искуство за уживања во животот. Обиди се да се занимаваш со каква било уметност (свири, компонирај или пеј, напиши песна или книга, направи краток филм за Јутјуб или насликај слика). Излези на плажа. Пуштај змејови. Оди на пазарување со пријателите. Читај добра книга. Откриј што ти причинува задоволство и занимавај се со тоа.

Една од најголемите човечки потреби е потребата за љубов – секој човек има потреба да сака и да биде сакан. Луѓето кои одржуваат квалитетни односи, кои редовно се дружат, имаат изгледи да бидат поздрави и посреќни.

НЕГУВАЈТЕ ГИ МЕЃУЧОВЕЧКИТЕ ОДНОСИ

За да ги негувате своите меѓучовечки односи, треба да му посветите време на тоа. Кажувајте им на оние кои ви се блиски колку ви значат. Напишете им писмо или пратете им кратка СМС порака. Ако имало несогласувања, обидете се да не негувате лутина. Дозволете си себеси да простувате и да барате проштавање.

Една од најголемите човечки потреби е потребата за љубов – секој човек има потреба да сака и да биде сакан. Луѓето кои одржуваат квалитетни односи, кои редовно се дружат, имаат изгледи да бидат поздрави и посеќни.

Врските со општествената заедница можат да го подобрат здравјето. Придружете се на некоја локална група. Пријавете се доброволно да им помагате на другите. Зошто да не направите заедничка градина во својата општина?

За христијанинот, најдрагоцениот однос е воспоставување пријателство со Бога. Додека поминувате време со Него, ќе утврдите дека напредуваат вашето здравје и среќа.

БИДЕТЕ АКТИВНИ

Во текот на создавањето, Бог на Адам и Ева им определил да работат (1. Мојсеева 2,15). Ако сте активни, значи дека сте му обезбедиле сестрана поддршка на своето здравје. Вежбањето го намалува стресот, ги обликува мускулите, ги намалува маснотиите, ни помага да се чувствуваме добро и ја намалува опасноста од заболувања.

За жал, денес многумина меѓу нас имаат професии кои не им даваат голема можност за вежбање. Многу е важно во нашиот забрзан живот да си обезбедиме време да го придвижиме телото. Ако токму сега почнувате, почнете побавно. Целта на вежбањето е да се забрзаат отчукувањата на вашето срце додека вежбате. Одењето често се смета за најдобар начин на вежбање и целта е секојдневно да се направат најмалку 10 илјади чекори. Вежбањето е кумулативно така што, ако вежбате по 15 минути неколку пати на ден, ќе имате голема полза од тоа.

Најважно од сѐ: пронајдете активност во која навистина уживате. На тој начин не само што ќе бидете во добра кондиција туку ќе чувствувате задоволство додека работите.

Првобитната исхрана што му ја дал Бог на човековиот род се состоела од здрава растителна храна. Започнувала со овошје и жита, а потоа се проширила за да го вклучи и зеленчукот.

ХРАНЕТЕ СЕ ПРАВИЛНО
„И Бог рече: ’Еве, ви дадов секакви билки што даваат семе по целата земја, и секакви дрвја што во себе имаат семе според својот род и вид; тоа да ви биде за храна!’“ (1. Мојсеева 1,29).

Првобитната исхрана што му ја дал Бог на човечкиот род се состоела од здрава растителна храна. Започнувала со овошје и жита, а потоа се проширила за да го вклучи и зеленчукот (1. Мојсеева 3,18). Исхраната што се состои од повеќебојно овошје, зеленчук, семиња, мешунки и јаткасти плодови може да биде многу вкусна, а освен тоа го обновува и го храни телото. Непреработената растителна храна има хранливи состојки што помагаат да се спречат многу хронични болести, како што се срцевите заболувања, ракот и дијабетесот. Таа помага и да се одржи здравата тежина на телото и човекот добро да се чувствува.

Човековата исхрана заснована на растенијата траела речиси 1500 години. Во текот на тој период просечната должина на животниот век изнесувала 912 години. По Потопот, растенијата очигледно биле ретки, па Бог им дозволил на луѓето да јадат месо. Меѓутоа, им дал и јасни упатства како да го зачуваат здравјето. Бог го поделил месото на чисто и нечисто и им рекол на луѓето никогаш да не јадат месо од нечисти животни. Освен тоа, Бог им наредил крвта и салото од чистите животни никогаш да не ги употребуваат за исхрана (3. Мојсеева 3,17).

Во Библијата, Бог многу прецизно објавува која храна не е соодветна за луѓето. Чисти животни се оние кои имаат одвоени чепунки и преживаат. Чисти риби се оние кои имаат крлушки и перки. Месото од животните како што се свињи, ракови, стаорци и зајаци не треба да се зема како храна. Другите видови месо, како што е месото од говеда и овци, биле дозволени (3. Мојсеева 11; 5. Мојсеева 14). Бог е толку сериозен кога станува збор за ова прашање, што изјавил дека за време на своето Второ доаѓање ќе ги истреби оние што јадат свинско месо (Исаија 66,15-17).

Во последните денови од историјата на Земјата и понатаму е разумно да се определите за храна што се темели на растенија. Непреработените растителни производи имаат хранлива вредност што им е потребна на луѓето, без штетните последици што ги предизвикува месната храна. Одгледувањето растителна храна бара помалку енергија и други ретки извори отколку производството на месо. Тоа е разумен и паметен избор и за човековата околина.

Храната е едно од задоволствата во животот. Бог ни дал сетила така што можеме да уживаме во неа. Тој ни дал изобилие од разни видови растенија по градба, бои и вкусови така што можеме да бираме што и како ќе јадеме.

Во својата книга „Правила за исхраната“ (Food Rules), авторот Мајкл Полан дава една интересна изјава: „Јадењето на она што стои на една нога (печурки, спанаќ) е подобро од она што стои на две нозе (пилиња) и далеку подобро од она што стои на четири нозе (добиток).“

ПИЈТЕ ДОВОЛНО ВОДА

Човечките суштества не можат да опстанат долго време без вода. Телото се состои барем од 60% вода и таа е од животно значење за неговото секојдневно функционирање. Водата ги пренесува хранливите состојки до важните органи во телото. Таа го чисти телото од отпадните материи. Водата ги подмачкува нашите зглобови и помага при варењето на храната.

Ползата од пиењето многу вода е: помалку главоболки, подобрено памтење, ја обновува кожата, го јакне одбранбениот систем, ја намалува опасноста од некои видови рак, ја контролира тежината. Стручњаците велат дека треба да пиеме најмалку од 8 до 10 чаши вода дневно.

Водата може да послужи и како природно лековито средство против болестите. Хидротерапијата е прастар облик за лекување со вода, која се служи со стимулативното дејство на наизменично пуштање на топла и ладна вода на кожата. Хидротерапијата го јакне одбранбениот систем, ја подобрува циркулацијата на крвта и го намалува стресот.

ПОЧИТУВАЈТЕ ГО СВОЕТО ТЕЛО

Бог сака да се грижиме за своето тело и да избегнуваме сè што би можело да му наштети.

„Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие“ (1. Коринќаните 3,17).

Стручњакот за фитнес Тревор Ромен го поставува прашањето: Ако не се грижите за своето тело, каде мислите да живеете? Тоа е многу добро прашање. Ако го злоставуваме своето тело, нема да добиеме некоја друга можност за живот. Да илустрираме: да претпоставиме дека знаете оти во животот ќе имате само еден единствен автомобил. Како ќе се грижите за него? Ќе се погрижите да го добие најдоброто гориво, добро масло, добро одржување. Ние имаме само едно единствено тело на располагање! Затоа треба да се грижиме за своето тело како најдрагоцено богатство на Земјата.

Некои опасности кои би морале да ги избегнуваме:

Алкохол

Пиењето алкохол е неразумно и неспоиво со христијанскиот начин на живот.

„Виното е потсмевка, ракијата – бунтовник; и секој, кој им е потчинет, не е разумен“ (Мудри изреки 20,1).

Постојат истражувања кои наведуваат некои здравствени ползи од умерената употреба на виното. Меѓутоа, многу од тие наведени ползи можат да се добијат од други пијалаци и производи. Освен тоа, алкохолот негативно влијае на виталните органи на телото. Меѓу нив се вбројуваат мозокот, црниот дроб и бубрезите.

Во 2005 година, Сидни Морнинг Хералд известува за новите истражувања под наслов: „Истражувањата за трезвеноста покажуваат дека дури и еден пијалак може да нанесе штета“. Истражувањата укажуваат дека дури и мали количества алкохол ја зголемуваат опасноста од срцеви заболувања.

Уште во 1999 година истражувачите утврдиле дека „дури еден или два пијалака ја намалуваат способноста на мозокот да собира информации… ги оштетува памтењето, перцепцијата и расудувањето“ (Look up and live: A guide to health, стр. 66). Со сите привлечности и искушенија во светот на кои сме изложени, нам ни е потребен бистар ум усогласен со Бога.

Во Библијата зборот „вино“ може да значи и ферментирано вино и чист сок од грозје. Бог е толку изричен во своето противење за ферментираното вино што вели дека не би требало ни да го погледнеме (Мудри изреки 23,29-32). Виното што Исус го создал на свадбата во Кана било „добро вино“ – истото она вино кое пророкот Исаија го опишува како „ново вино“ што се наоѓа во гроздот (Исаија 65,8). Со други зборови, свеж сок од грозје. Едвај би можело да се замисли дека Исус би создал неколку буриња алкохол за да можат луѓето да се напијат!

На последната вечера Исус им рекол на учениците дека нема да пие „од овој лозов плод“ сè додека не се сретнат повторно на Небото (Матеј 26,29). И повторно, нема да има ферментиран пијалак ни алкохол на Небото – според тоа, сосем е јасно дека Исус пиел само чист сок од грозје, свеж, од лозов плод.

Дроги и никотин

Иако цигарите и современите дроги не се изрично спомнати во Библијата, во неа го наоѓаме начелото за неуништување на телото (1. Коринќаните 3,17). Дрогите и цигарите се најголемото проклетство за здравјето на народот во нашето општество. Овие отрови влијаат на крвта и предизвикуваат низа опасни болести. Бог те создал да бидеш здрав и среќен – последното што би можел да го очекува од тебе би било да пушиш или да користиш дроги.

Постојат многу подмолни облици на дрога кои предизвикуваат болести. Пиј некаков чај од билки како замена за кинески чај и кафе, или свеж сок како замена за таканаречените енергетски напивки – и твоето тело веднаш подобро ќе се чувствува.

ДОВЕРБА ВО БОГА

Довербата во Бога ги отстранува грижите и стресот од животот. Познато ни е дека многу болести имаат свој почеток во умот. Особено чувството на вина и стравот можат да влијаат на целото тело. Довербата во Бога донесува внатрешен мир и надеж за иднината.

Дури и ако ги следиме законите за здравјето, Бог е тој кој донесува здравје и исцелување.

„Благословувај го, душо моја, Господа, и не заборавај ги сите Негови добрини, на Оној кој ги очистува сите твои беззаконија, кој ги исцелува сите твои болести; кој го избавува од пропаст твојот живот, кој те овенчува со милост и со добрини“ (Псалм 103,2-4).

Луѓето можеби страдаат од некоја хронична болест и немаат никакви изгледи за исцелување. Ако станува збор за тебе, Исус ти дава ветување: „Доста ти е мојата благодат“ (2. Коринќаните 12,8.9). Ние живееме во свет кој е оштетен од гревот. Меѓутоа, ако се надеваме на Исуса, Тој ќе ни ја даде својата поддршка во сите наши предизвици. На новата Земја ќе имаме ново и совршено тело и нема веќе да има ни „смрт, ни тага ни плач“ (Откровение 21,4).

6. Во што се состои тајната на промената на начинот на живот?

Филипјаните 4,13: „Сè можам преку Исус Христос, кој ме крепи.“

Денес предајте му ги на Исуса сите свои грижи, вина, страв, зависности и лоши навики. Исус чека да дојдете кај Него такви какви што сте. Побарајте Тој да ви даде ново срце и сила да се ослободите од штетните навики на кои им робувате. Стекнатиот и здрав живот е патување. Зошто денес да не го направите првиот чекор?


Три факти што треба да ги запомниме:

  • Бог сака да бидеме здрави и среќни.
  • Божјиот првобитен план за здравјето и сега е најдобар.
  • Во Христа, Бог може да ти даде сила да ја совладаш секоја лоша навика.

Случка:

Еден деловен човек, христијанин, по име Ѓорѓи летал од Лос Анџелес за Оукленд. Веднаш покрај него седел неговиот близок пријател Тони. Откако Ѓорѓи го изел својот вегетаријански оброк, Тони се наведнал и му ставил малку од своето печено свинско месо на неговата чинија. Ѓорѓи само се насмевнал и го вратил месото во чинијата на својот пријател Тони помислил да го стави својот пријател на проверка, па рекол: „Остави го тоа, Ѓорѓи! Не можеш со начинот на исхрана да си го обезбедиш својот пат до Небото.“ Ѓорѓи брзо одговорил: „Тоа можеби е точно, но ти со својот начин на исхрана можеш да отидеш на спротивната страна“. Со тоа сакал да каже дека лошата исхрана може да влијае на нашиот ум и расудувањето. Тоа, од своја страна, може да придонесе човек да донесува погрешни одлуки и да греши.

Продолжил да му објаснува на Тони зошто избрал исхрана што се базира на растенија. Ѓорѓи ја изразил и својата желба да биде здрав и среќен во овој живот и да се подготви за животот кој ќе дојде. Го завршил своето излагање со зборовите: „Јас не те осудувам, Тони. Меѓутоа, јас сум христијанин и планирам да стигнам на Небото. Колку што сум јас известен, таму горе сите се вегетаријанци. Мислам дека е добро уште отсега да се привикнам на условите коишто владеат таму!“

Иако ова беше само попатен разговор, кои важни вистини можеме да ги пронајдеме во него?

Неколку лични прашања:
1. Како ја одржуваш рамнотежата меѓу прифаќањето на здравиот начин на живот и настојувањето да не станеш фанатик или да почнеш да ги осудуваш другите?
2. Дали установи кој е клучот на победата над нездравите навики?

Ве молиме да го изработите тестот за да преминете на следната лекција.