24. Откријте ја блискоста

24. Откријте ја блискоста

Другари

Паро е слатка мала бела фока. Сепак, Паро е робот – од оние чија улога е да им прави друштво на постарите луѓе. Навистина, Паро е направен од една единствена причина – да биде сакан и драг пријател, како домашно галениче, но без недостатоците што ги имаат галеничињата.

Она што нè одушевува кај Паро е тоа што тој бушав, мал и мазен робот навистина може да развесели човек. Затоа сè повеќе се користи да им прави друштво на постарите луѓе. Постојат неколку понапредни верзии од Паро, кого Гинисовата книга на рекорди го нарече „најлековитиот робот на светот“.

Големиот еп

Сепак, Бог не нè создал како роботи. Ни Бог не е робот. Како што проучувавме, сите ние сме вистински жртви, поголеми или помали губитници во овој судир од епски размери – во големата борба. Секако, преку Исуса ни е обезбедена – дури и гарантирана – конечната победа; сепак, до тогаш сме секојдневни учесници во оваа буквална драма од космички размери.

Со овие лекции ја подигнавме завесата која прекриваше многу настани. Исто така, библиските учења ни открија многу работи за причините на сите тие случувања и за нивниот краен исход.

Секако, најважно е она што го дознавме за Исуса – за Неговата љубов, Неговата смрт и благодат, за проштавањето и исцелувањето што Тој ни го нуди. Исто така, дознавме и за големото ветување за Неговото второ доаѓање, како и за новото Небо и новата Земја, кои очекуваат спасение кога Тој ќе дојде. Видовме што сè се случува со царствата вклучени во оваа борба (Даниел 2,36-45), која досегнува до денешни дни.

Видовме дека секое големо пророштво завршува со најавата дека „светите на Вишниот ќе го преземат царството, и ќе го држат царството за навек“ (Даниел 7,18).

Со други зборови, овој свет е секако бурно и сурово место, но Божјите луѓе на крајот ќе живеат во царството на мирот кое вечно ќе трае.

Радосната вест гласи дека преку Исуса ќе имаме можност да бидеме таму.

„И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Mатеј 28,2).

„А животот вечен е тоа…“

Дотогаш треба да се избориме со суровоста, борбите, битките и разочарувањата во самите себеси, кои се дел од нашата лична епопеја. И покрај сево ова, ние не сме препуштени самите на себеси. Напротив, нам ни е овозможен длабок и траен однос со Исуса, како и доживувањето на Неговото присуство и утеха не само затоа што Го познаваме, туку и затоа што знаеме дека Тој нас нè сака и дека е со нас во нашите искушенија и борби, сè до крајот.

„И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28,20).

Како луѓе можеме да доживееме многу работи – вклучувајќи ги и добрите искуства. Сепак, како такви кои тоа го сфатиле, можеме да посведочиме дека ништо, ни одблизу, не може да се спореди со фактот дека Бог не е само стварен, туку и нè сака – лично нас. Да се запознае лично таа љубов, да се доживее таа љубов, претставува големо искуство кое го менува животот на човекот.
Овде не станува збор само за односот со Паро. Зборуваме за грешното, паднатото човечко суштество кое со Бога има личен однос, еден со друг – толку близок, толку присен, небаре секој човек е единствено суштество на Земјата!

„А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17,3).

Што е вечен живот? Тој кажува дека вечниот живот се состои во тоа луѓето да ги запознаат Него и Таткото – со други зборови, да воспоставиме меѓусебен однос со Него, и лично да Го запознаеме.

Библиските учења можат да ни дадат објективен темел, кој ни помага да Го запознаеме Бога. Сознанието дека Бог нè сака и дека Христос умрел на крстот поради нас, зборува многу за Неговиот карактер. Сознанието дека Тој нема вечно да ги држи луѓето во оганот на пеколот зборува многу каков е Тој. Сиве овие учења, како и многу други, ни помагаат да Го запознаеме Бога.

Меѓутоа, како и во секој друг однос, клучот е во тоа да минеме време со личноста којашто сакаме да ја запознаеме. Значи, за да го запознаеме Бога, за да се увериме лично каков е Тој, за да ја запознаеме лично неговата љубов, треба да минуваме време со Него, а еден од најдобрите и најплодоносните начини за тоа е личната молитва.

Предностите на молитвата

„Молитвата е отворање на срцето пред Бога како на пријател. Не затоа што би било неопходно да му откриеме што сме, туку да се оспособиме да го примиме. Молитвата не го спушта Бога кај нас, туку нас нè издигнува кон Него“ (Патот кон Христа, стр. 93).

Колку често низ едноставен разговор со некого подобро сме ја запознале и сме ја засакале таа личност? Тогаш замислете како е да се разговара со Бога и да го запознаеме Него!

За почеток, да истакнеме дека Исус многу се молел.

„Еднаш беше Тој на едно место и се молеше. Кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: ’Господи, научи нè да се молиме, како што ги научи Јован учениците свои’“ (Лука 11,1).
„Тие денови се искачи на една гора за да се помоли, и ја помина целата ноќ во молитва кон Бога“ (Лука 6,12).
„Па штом го распушти народот, Тој се искачи на планината за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам“ (Матеј 14,23).

Ако на Божјиот Син, кој е безгрешен и без мана, му било потребно да се моли, колку молитвата е значајна за нас грешниците?

Исусовата молитва во Гетсиманската градина

Што се постигнува со молитвата?

Молитвата е како квантна физика – не знаеме како дејствува, но дека дејствува – тоа го знаеме. На пример, нашите мобилни телефони ги користат начелата на квантната физика, но ниту еден жив квантен физичар не може да ги објасни појавите што настануваат во квантната сфера.

Слично на тоа, не можеме целосно да го сфатиме начинот на кој, кога се молиме, сериозно и со жар, нашите срца се приближуваат кон Бога. Самиот чин на молитвата е средство со кое ние, како паднати суштества, се стремиме горе кон Него. Молитвата го оддалечува нашот ум од овој свет и го сосредоточува на она што е горе, над нас – нешто што би требало да го правиме постојано!

„Мислете за небесното, а не за земното“ (Колошаните 3,2).

Додека се молиме, ние исто така ја спознаваме дека сме целосно зависни од Силата поголема од нас, Сила која за нас може да го стори она што ние никогаш не би можеле да го сториме за себе. Молитвата постојано нè потсетува на тоа дека сме само прав – минливи, слаби и на удар на силите-учеснички во големата борба која сме немоќни да ја сопреме. На тој начин во молитвата – по правило – сè повеќе стануваме зависни од Бога, а помалку од нас самите.

„Бидете будни и молете се да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо“ (Марко 14,38).

Кога се молиме, се стремиме да се испразниме себеси од своето его – од себичноста и самољубието – за да биде што поприсутен Христос во нашиот живот. Молитвата води кон предавање себеси на Бога, таа ни помага да ја сфатиме нашата потреба за благодат, простување и промена за да се грижиме повеќе за другите, а помалку за себе.

„Зашто вие умревте, и вашиот живот е сокриен со Христос во Бога“ (Колошаните 3,3).

Само оние кои го пробале тоа и го доживеале, знаат како молитвата нè одвраќа од насоченоста кон себеси и ни помага да живееме за Бога.

Кога се молиме, ние ја признаваме стварноста на Божјата присутност, Неговата благодат и фактот дека постои Бог пред кого ги полагаме сметките. Накусо, и покрај сè што ни го
одзема вниманието, и покрај сите работи на овој свет кои можат да нè поразат, да нè одвојат од Бога и да нè наведат да го заборавиме она што е важно – молитвата помага не само да останеме поврзани со Бога, туку и непрестајно нè потсетува на потребата од таа врска, поради што ни е речено да бидеме „во молитвата постојани” (Римјаните 12,12) и „во сè преку молитва и молба со благодарност изнесувајте ги пред Бога своите барања“ (Филипјаните 4,6).

Исто така, молитвата ни нуди голема сила против гревот. Кога го излеваме своето срце пред Бога во молитва, никави сили на сатаната и неговите симпатизери не можат да нè надминат. Кога се молиме, со што и да се занимаваме, ние нема да згрешиме. Преку молитвата се поврзуваме со Бога кој ни ветува:

„Друго искушение вас не ве зафати, освен човечкото; но верен е Бог, Кој нема да допушти да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да издржите“ (1. Коринќаните 10,13).

Всушност, можеби единствен начин за остварување на тоа ветување е молитвата.

Преку молитвата се поврзуваме со Бога

Сила

Поради сето ова, потребна е истрајност во молитвата. Треба да вложиме секаков напор за да не ја прекинуваме оваа комуникација. Исто така, одлично е и тоа што можете да се молите практично кога било и каде било – можете да бидете во сала за состаноци преполна со деловни луѓе кои донесуваат одлуки вредни милијарди долари, и да се молите. Можете да одите по преполна улица, но и да се молите. Ако можете да размислувате, можете и да се молите. Всушност, животот сред големата борба сигурно веќе ни има покажано дека ни треба постојана поврзаност со Бога.

Овде не зборуваме за формалната молитва, туку за личен разговор со Бога – не за читање молитвени текстови или рецитирање зборови научени наизуст. Со пријател така не се разговара. Тоа не е ни природно ни спонтано. Значи молитвата е едностран разговор со Бога како со пријател.

И уште нешто: иако многупати ни е речено да се молиме за работите кои ги сакаме, суштината на молитвата не е во тоа да го наведеме Бога да го прави она што го сакаме, туку да бидеме со отворен ум за Божјата волја. Молитвата нè менува нас. На крајот на краиштата, како можеме да бидеме поврзани со Бога на вселената, а тоа да не нè смени? Со молитва исполнет живот, кој по правило доведува до предавање на Бога, ќе нè подготви да ја прифатиме Божјата волја. Колку често слушаме „Бог ми ја услиши молитвата“ со значење „Бог го стори она што го сакав!“ Значи, кој кому служи?

Несомнено, најдобар пример од овој вид бил Исус во Гетсиманија. Тој три пати се молел со зборовите:

„Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; сепак, нека биде не како што сакам Јас, туку како што сакаш Ти“ (Матеј 26,39).

На оние на кои молитвата им преминала во навика точно знаат како функционира овој клучен принцип. Според многу работи, ова е и најважната причина за молитва.

Бог зборува преку Библијата

Како што молитвата е средиште на нашиот живот со Бога, така и проучувањето на Библијата, времето посветено на Божјата Реч, е од суштинска важност. Во молитвата ние му се обраќаме на Бога, а преку читањето на Речта Бог ни се обраќа нам.

„Ги сокрив во срцето свое заповедите Твои, за да не грешам пред Тебе“ (Псалм 119,11).

Што правел Исус постојано кога сатаната Го искушувал во пустината? Ја цитирал Библијата:

„А Исус му одговори: ’Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот (туку и со секој збор Божји)’“ (Лука 4,4).

Павле му рекол на Тимотеја:

„Бидејќи уште од малечок ги познаваш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христос Исус“ (2. Тимотеј 3,15).

Во целата Библија, особено во Новиот завет, самиот библиски текст е средишно место. Во секое евангелие, откако го опишува чудесното Исусово раѓање, Матеј веднаш го поврзува со библискиот текст:

„А сето тоа стана за да се исполни кажаното од Господ преку пророкот, кој вели: ’И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил – што значи: со нас е Бог!’“ (Матеј 1,22.23)

Дури и нешто толку чудесно, што дури и само по себе можело да убеди многумина дека овој настан е од Бога, не било доволно: требало породувањето на девицата да се поврзе со Светото писмо, да се потврди со Божјата Реч; ова начело е присутно во целата Библија.

„Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука…“

Проучување на Библијата

Во Библијата, секако, има и содржини кои тешко се разбираат. Дури и Петар предупредува на тоа во 2. Петрово 3,16. Доколку на Библијата ѝ пристапиме со критички став, со сомнеж и со внимание, уште повеќе ќе затврднеме во ваквиот став. За жал, многумина тоа токму и го прават. Дури во текот на милениумот ќе ги дознаеме тажните случаи на оние кои ја уништиле својата вера потчинувајќи ја на своите лични ставови и морални сфаќања, наместо тие свои гледишта и морални ставови да ги потчинат на Божјата Реч. Тоа е како неписмен човек да му кажува на Шекспир како да пишува.

Наместо тоа, на Библијата треба да ѝ пристапиме понизно, како грешници на кои им е потребна благодат, понизно во верата да бараме да дознаеме што ни говори Божјата Реч. 

„Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност“ (2. Тимотеј 3,16).

Самата Библија укажува на својот голем авторитет. Од клучно значење е како верници да го прифатиме Писмото како такво.

Секогаш во Библијата ќе има содржини што не ги разбираме. Бог го открил она што ни е потребно за спасение, а она што е тајно му припаѓа на Бога (видете 4. Мојсеева 29,29). Треба ли да бидеме изненадени поради деловите од Божјата Реч кои не ги разбираме?

Кога ќе наидеме на она што не го разбираме, треба во молитва да ја прифатиме неговата содржина како таква, барем привремено, а потоа да продолжиме со тоа што го разбираме. Често, дури подоцна ни станува јасен одговорот на овие прашања. Секој христијанин минал низ такво искуство. Во некои случаи, можеби нешто нема никогаш да го разбереме, сè додека не настапи вечноста. Што тогаш? Нашиот однос со Бога се заснова на доверба, а не само на докази.

Постојат различни начини на проучување на Библијата, вклучувајќи го и овој што се користи во овој курс. Некои сакаат да продрат длабоко во текстот, користејќи други извори како што се конкорданси и коментари.

Меѓутоа, во најмала рака, секој треба посветено да ја чита Библијата. Тоа значи да ја читате со цел да го запознаете Бога и Неговата волја за вашиот живот. Мнозина ја читаат и ја проучуваат Библијата рано наутро, на самиот почеток на денот. Уште еднаш потсетуваме, клучно е да се отвора Речта со понизен став, со став на грешник кому му е потребен благодат. Ние мораме да ѝ се потчиниме, но никако обратно.

Библијата во суштина е збирка од стории – за Бога и за луѓето. Ние учиме за Бога посматрајќи го на дело; додека читаме, нурнуваме во делата и чувствата кои ги обележуваат луѓето на кои Тој им се обраќа, луѓе како што сте вие и јас.

Во природа можеме да научиме многу важни работи за Бога, но ништо во природата не ни говори, на пример, за крстот, за воскресението или за ветувањето за Неговото второ доаѓање.

Некој еднаш рекол дека би било добро секој ден да се помине време од еден час во размислување за Христовиот живот. На крајот на краиштата, колку и да поминуваме време во проучување на Библијата и кои и да било аспекти, најважно е следново начело: времето поминато во читање на Библијата со понизност и со восхитеност, со молитва и славење на Бога – основен дел од она што го нарекуваме христијански живот. Тоа е основен начин на лично запознавање на Господа – запознавање на Неговата љубов, Неговата добрина, Неговото сочувство и – исто така – Неговата праведност и Неговиот гнев против злото.

Кога ова ќе го искусите – едноставно сакате тоа да им го кажете на другите, токму како и Христовите ученици, зашто:

„Зашто ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4,20)

Во тек е борба за вашиот ум. Кој ќе победи?

Познавање на Бога

Во текот на Втората светска војна, еден шведски деловен човек по име Ерик Ериксон ги шпионирал нацистите. Тој, најверојатно, им бил највредниот адут на сојузниците. Еднаш, во некој ресторан во Шведска, му пристапил еден пријател Евреин. Знаејќи дека треба да изигрува жесток нацист, Ериксон едноставно го искарал човекот, викајќи му пред присутните: „Тргни ми се. Јас немам ништо со Евреите!“ Не можел да постапи поинаку; сè друго би ја загрозило неговата мисија, па дури би бил загрозен и неговиот живот.

Додека Ериксон излегувал од ресторанот, Евреинот му пришол, му уфрлил белешка во капутот и излегол. Ериксон брзо ја извадил и прочитал: „Не знам зошто го правиш ова, но никогаш нема да поверувам дека навистина така мислиш. Ако можам да сторам нешто за тебе, те молам, само кажи ми.“

Ериксон веднаш ја запалил белешката.

Поентата е во следново: Евреинот го познавал Ериксон доволно долго за да знае, што и да се случи, дека може да му верува.

Исто е и со Бога. Кога ни се вели дека вечниот живот е „тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос“ (Јован 17,3), колку би морале и ние повеќе да Го познаваме Господа Исуса Христа за да Му веруваме без оглед на околностите?

Ден по ден се испишува нашата лична приказна. За кого живеам? На чија страна сум денес? Како се приближува завршниот космички судир на планетата Земја, а сиот свет треба да се определи за силата на ѕверот или за Исус – каква ќе биде вашата одлука? Тогаш за лично и искуствено запознавање со Бога ќе биде предоцна. Предоцна ќе биде од Божјата Реч да се дознае значењето на она што се случува на Земјата.

Довербата се стекнува само преку искуство – заеднички разговор, заемно слушање и заедничко дејствување. Размислете за тоа! Бог сака да биде близок со нас.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.