11. Откријте ја слободата

11. Откријте ја слободата

Денешниот морал 

Општиот морал денес на Запад подразбира дека можете да верувате во што сакате и да се однесувате како сакате сè додека со тоа не повредувате никого. Според тоа, речиси сè доаѓа предвид. Тоа значи дека нема апсолутни морални вредности – сè е релативно. Ова многу зборува за тоа каква е моменталната морална состојба на западното општество. Делумно, тоа е логична последица на современиот поглед на светот.

Очигледно е дека, на крајот на краиштата, колку убаво и да звучи, малкумина од нив навистина веруваат во тој вид морален релативизам, а уште помалку од нив се подготвени таквиот морал да го доведат до неговите крајни консеквенции.

Според тоа, останува прашањето: постојат ли морални граници во оваа епска борба чиј дел сме и ние?

Сообраќајни знаци

Пред неколку години, неколкумина пријатели, обични млади луѓе на дваесет и нешто години, решиле да се забавуваат, па на една раскрсница го урнале знакот за задолжително запирање. Едноставно, застанале зад знакот, го отшрафиле од металната прачка и го фрлиле наземи.

Мислеле дека тоа ќе биде забавно. Уште повеќе, дека тоа ќе биде едно правило помалку за придржување.

Не поминал ни еден час подоцна, еден возач на камион, немајќи го знакот пред себе, удрил во патничко возило. Во искршениот автомобил имало тројца осумнаесетгодишници кои тукушто се враќале од куглање.

Сите тројца загинале.

А, сепак, тоа било едно правило помалку, зар не?

Само едно правило помалку?

Нешто над нас

Оваа приказна за тројцата тинејџери ја носи суштинската порака – постои потреба од закон, од правила, од нешто што нè надминува, што е над нас да нè води, да нè ограничи, да ни каже што можеме а што не можеме да правиме.

Во наше време, несомнено, помислата на ограничувањето на луѓето со правила и закони може да звучи непријатно за ушите навикнати да слушаат само приказни за лична слобода, морална независност и лични права. Па, сепак, ниедно општество не може да функционира без вакви ограничувачки правила и закони. Никој не сака да живее во општество кое ги нема. Парадоксот се состои во тоа што вистинската слобода се наоѓа само во средина во која владее законот!

На пример, замислете општество без сообраќајни знаци – без знаци за запирање, без црвени светла, без знаци за првенство, без пешачки премини, без ограничување на брзината и без првенство на минување – без ништо што би ве спречило да правите што сакате зад воланот – освен, можеби, да ве здроби полутеренско возило или џип. Дали вие и вашето семејство би сакале да се возите по такви патишта?

Секако дека не би сакале.

Исто е и со моралот. Кога веќе зборуваме за моралниот релативизам, дали би сакале да живеете во општество без закони кои ги забрануваат кражбите, убиствата, киднапирањата, подметнувањето пожари, мачењето, силувањето, злоупотребувањето деца, трговијата со бело робје итн.?

Секако дека не сакате. А кој би сакал?

Тоа значи дека на сите нам ни е потребно да живееме во согласност со законите и правилата кои нè надвишуваат, на кои сме подредени и кои ни кажуваат што треба а што не треба да правиме.

Меѓутоа, ова нè враќа на претходно поставеното прашање. Во ред, потребни ни се извесни правила и закони да нè водат. Тоа е убаво, дури е и очигледно. Туку, од каде се тие закони и правила?

Правилата и законите ни се потребни.  „…Кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сè.“

Заповеди

Прочитајте ги следниве текстови:

„Господовиот Закон е совршен – ја крепи душата“ (Псалм 19,7).
„Јазикот мој нека ги разгласи Твоите зборови, зашто сите Твои заповеди се праведни“ (Псалм 119,172).
„А суштината на сè е: имај страв од Бога и пази ги Неговите заповеди, зашто тоа му е сета должност на човекот“ (Проповедник 12,13).

И Новиот завет зборува за тие заповеди.

„Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5,3).
„Кој вели: ’Го познав‘, а заповедите Негови не ги чува, тој е лажливец и во него нема вистина“ (1. Јованово 2,4).
„Зашто, кој го пази целиот Закон, а згреши само во едно, виновен ќе биде за сè. Зашто Оној, Кој рекол: ’Не прави прељуба!‘, рекол и: ’Не убивај!‘ Па затоа, ако не вршиш прељуба, а убиеш, ти ќе станеш престапник на Законот“ (Јаков 2,10-11).
„Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус“ (Откровение 14,12).

И во Стариот и во Новиот завет Библијата е јасна. Божјите заповеди мора да се почитуваат.

Еве ги – едноставни, содржајни, јасни и сеопфатни. Тие претставуваат еден дел од Библијата кои лично Бог ги испишал со своја рака. Споредете ги со 2. Мојсеева 31,18.

I
Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата египетска, од домот на ропството. Немој да имаш други богови освен Мене!
II
Не прави за себе идол, ниту некаква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се поклонуваш, ниту да им служиш, бидејќи Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата до третото и четвртото колено, ако тие Ме мразат; Кој покажува милост на илјадници поколенија, што Ме сакаат и ги чуваат Моите заповеди.
III
Не изговарај го напразно името на Господ, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори Неговото име.
IV
Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни добитокот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. Зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.
V
Почитувај ги таткото свој и мајката своја, (за да ти биде добро и) за да поживееш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.
VI
Не убивај!
VII
Не врши прељуба!
VIII
Не кради!
IX
Не сведочи лажно против својот ближен!
X
Не пожелувај го домот на ближниот свој, не пожелувај ја жената на ближниот свој, (ниту неговата нива), ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни магарето негово, ниту нешто друго, што му припаѓа на ближниот твој!“
(2. Мојсеева 20,2-17)

Тоа е Божјиот закон и затоа се нарекува царски (Јаков 2,8).

„Мене тоа не ми се допаѓа!“

Размислете за следново: кога природно би се стремеле да го држиме Божјиот закон, тогаш не би имало потреба од заповедите кои нè повикуваат да го почитуваме тој закон и кои предупредуваат да не го кршиме – бидејќи тогаш не би ги кршеле. Кога Божјиот закон сериозно ќе се прифати, ние набрзо во него го откриваме и она што не ни се допаѓа. Тоа е така бидејќи Божјиот закон – кој опишува како Бог сака да живееме – се судрува со начинот на кој ние спонтано сакаме да живееме. Некои мислат дека вистинската слобода значи да живееме без ограничувањата на законите. Тоа е погрешно. Кога некој еднаш ќе ги отфрли ограничувањата на Божјиот закон, едноставно тој станува роб на законот на себичноста – и тоа е најлошиот вид ропство што постои.

„Зашто мудрувањето на телото (природното човечко) е непријателство против Бога (во војна е со него), бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може“ (Римјаните 8,7).

Негативецот од оваа епопеја не се двоуми да вложи секаков вид приговор или аргумент за да ги убеди и измами луѓето дека Божјиот закон е безначаен, или еврејски, или застарен и каков било, само за луѓето да го отфрлат бунејќи се против Бога и грешејќи.

Божјиот закон е начин на живот лишен од тиранијата и од робувањето на своите лични замисли и на ужасните последици од погрешниот избор. Затоа тој се нарекува закон на слободата (видете: Послание на апостол Јаков 1,25 и 2,12).

Дали законот е стар и надминат?

Кога претходно споменатите текстови зборуваат за заповедите, па дури и за Божјите заповеди, дали се однесуваат на Десетте заповеди? Знаете веќе, Мојсеј, Чарлтон Хестон, на Синајската Гора? Тие десет стари и надминати заповеди од пред неколку илјади години?

Да, токму така! Но, пред да побрзаме со предубедувањето дека се застарени, би било добро за миг темелно да размислиме за нив.

Прашајте ги децата на разведени родители, деца чии домови се уништени од родителското непочитување на седмата заповед – која вели „Не врши прељуба“– дали оваа посебна забрана ја прави старомодна и застарена.

Се сеќавате ли на Дин Шилингсворт? Тоа е двегодишно момченце чие тело е пронајдено во куфер што плови во езерото Амбарвејл во Сиднеј во 2007 година. Запрашајте се што би рекол малиот Дин, да можел да одговори, за застареноста на Десетте заповеди.

Запрашајте кого било кому животната заштеда му ја проголтала лажна шема, колку се застарени Десетте заповеди, особено онаа што се однесува на кражбата.

Застарени? Напротив. Веројатно не ви требаат ни пет минути за да се сетите на некој чиј живот е во голема опасност затоа што некојси прекршил некоја од Десетте заповеди.

Всушност, секој од нас најверојатно лично се запознал со болката, повредата, страдањето и вината – било туѓа било наша – поради кршењето на некоја од Божјите заповеди.

Секако, никој не успеал да ги избегне ужасните последици што ги предизвикало кршењето на Божјите заповеди меѓу луѓето. Сите сме жртви, сите ние, и тоа колку.

Што ни откриваат расистичките закони?

„За да ти биде добро“

Прочитајте ги следниве текстови:

„И сега, Израеле, што бара од тебе Господ, твојот Бог? Само да… ги пазиш заповедите на Господ, твојот Бог, и наредбите Негови, кои денес ти ги заповедам, за да ти биде добро“ (5. Мојсеева 10,12-13).

Во овие стихови пронаоѓаме тема од клучно значење, особено при крајот. Бог му вели на Израел да го послуша, а причината е – „за да ти биде добро“. За твое добро.

Тоа се однесува на секој одделно. Господ го повикува секого од нас поединечно да биде послушен кон неговите заповеди заради лично добро. Преку тоа ги наѕираме контурите на Божјиот карактер.

На ист начин некој родител би му рекол на своето дете, обраќајќи му се лично, заради негово добро – да не пие апчиња од ормарчето со лекови.

Во суштина, законот ни го открива карактерот на Законодавецот. Родителите на своите деца им поставуваат граници, правила и закони затоа што ги сакаат и посакуваат сè најдобро за нив. Исто е и со Бога и неговиот закон. Тој закон ни го открива Божјиот карактер и неговата љубов спрема нас, зашто законот постои за наше добро. Бог е љубов, а неговиот закон ја одразува таа љубов.

Ова можете да го разберете и на следниов начин: што откриваат расистичките закони во нацистичка Германија или на американскиот Југ за карактерот на луѓето кои ги напишале тие закони?

Наспроти тоа, Божјиот закон открива каков е Бог. Тој покажува дека нè сака, дека се грижи да нè заштити и дека ни го посакува најдоброто. Непослушноста спрема Бога никогаш не е добра. Последиците на беззаконието се ужасни.

А тука е и сатаната, кој нè наведува да го кршиме Божјиот закон, да грешиме. Зошто? Поради таканаречената слобода. Нему не му пречи што непослушноста е смртоносна, а покрај тоа, на тој начин ние стекнуваме лошо мислење за Бога. На крајот на краиштата, кому на крајот му се припишува вината за сите таги и страдања на овој свет – таги и страдања кои најчесто се директни последици на кршењето на Божјиот закон? На многу начини, оваа борба е насочена на самиот Божји карактер, карактер кој, барем делумно, е откриен во неговиот закон.

Законот и гревот

Не е ли ова нагласување на Божјиот закон и почитувањето на Божјиот закон израз на легализам? Дали тукушто видовме дека сме спасени со благодатта, без делата на законот? Не сме ли спасени со она што Исус го сторил за нас, а што е симболички прикажано уште пред да се појави Христос, со смртта на животните во службата во земското Светилиште? Во една од поранешните лекции веќе видовме:

„Така ние заклучуваме дека човекот се оправдува со верата, без делата на Законот“ (Римјаните 3,28).

Секако дека е така. Ги читавме овие текстови и уште некои, а сите учат дека спасението се добива само со благодатта, а не со законот. Во сите тие текстови, меѓутоа, суштината не беше да се отфрли Законот, туку е претставена намерата на тој закон – да укажува на гревот.

Да го разгледаме внимателно овој текст:

„Зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот се познава гревот“ (Римјаните 3,20).

Воочете ги зборовите на Павле дека „преку законот се познава гревот“. Тој закон, Десетте заповеди, ни покажува што е грев, ни покажува во што е проблемот.

„Што да речеме пак? Зар Законот е грев? Никако! Но јас го разбрав гревот преку Законот, зашто и похотата не би ја познал, ако Законот не велеше: ’Не биди похотлив!‘“ (Римјаните 7,7)

Одново, намерата на законот не е да спасува. Овој закон, наместо тоа, ни ја покажува нашата потреба за спасение бидејќи ни го открива гревот, а гревот ни ја покажува нашата потреба за благодат, за спасение во Исуса.

Веќе истакнавме во една од претходните лекции: законот е како огледало; тоа може да ви ги покаже недостатоците на лицето, но огледалото нема моќ или средство да ги отстрани. Во исто време, кршењето или игнорирањето на тоа огледало нема да ги отстрани тие мани. Едноставно, огледалото ни ги покажува маните; за да се ослободиме од нив, треба нешто сосем поинакво.

На грешницата Исус ѝ рекол: „Оди си и немој повеќе да грешиш.“

Законот и благодатта

Наспроти популарна теологија, Павле никогаш немал намера да им каже на луѓето дека, поради благодатта, сега можеме да го кршиме Божјиот закон, односно – да грешиме! Напротив.

„Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се зголеми благодатта? Никако! Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште?“ (Римјаните 6,1-2)

Во претходната лекција зборувавме за новиот живот во Христа, живот во кој можеме да бидеме ослободени од робувањето на гревот, слободни од своите стари патишта и навики. Понекогаш, колку и да зборуваат луѓето за ослободување од законот, вистината е всушност спротивна. Во послушноста на Божјиот закон ја откриваме вистинската слобода, зашто преку послушноста, која настанува со Божјото дејствување во нас, се ослободуваме од робувањето на гревот.

„Секој што прави грев, прави и беззаконие; и гревот е беззаконие“ (1. Јованово 3,4).
„Исус им одговори: ’Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот‘“ (Јован 8,34)

Евангелието нè ослободува – од осудата на законот, од осудата на гревот и од смртоносната прегратка во која нè држи гревот. Оваа слобода не се добива со отстранување на законот. Таа се стекнува со добивање нов живот во Христа, со постигнување хармонија со законот на слободата.

Аналогија со сообраќајот

За непочитување на сообраќајни закони човек добива казна – овие закони навистина се потребни. Сте минале на црвено светло, загрозувајќи се не само себеси, туку и други со таквото кршење на законот. Ќе ве изведат пред судија и ќе ја утврдат вашата вина. Дури имаат и видеоснимка.

Меѓутоа, судијата ве помилувал и ве ослободил. Вие не се соочувате со никаква казна ниту со некаква осуда; дури е избришан и записот за вашиот прекршок. Вие сте ослободени од казната и од осудата на законот кој тукушто сте го прекршиле.

Што сега? Излегувате низ вратата, влегувате во својот автомобил и – бидејќи сте ослободени од осудата на законот – прво што правите е повторно да минете на црвено светло!?

Секако дека не. Вие сте помилувани и ослободени од осудата на законот. Меѓутоа, тоа помилување, таа благодат, таа слобода не значи дека сте слободни повторно да го кршите законот. Не, наместо тоа, тоа значи дека сте благодарни за помилувањето и слободата што ви е дадена, и сега сакате да го почитувате законот подоследно од порано.

Исто е и со Божјиот закон. Ние сме го прекршиле; гревот е токму тоа – кршење на законот – и сите ние сме грешници. Сепак, со Божјата благодат, откриена во Исусовата смрт на крстот, ние сме помилувани за тој прекршок. Тој закон веќе не нè осудува.

Дали тогаш тоа значи дека ние веќе не мораме да му бидеме послушни на тој закон што нè осудил?

Секако дека не! Треба да го почитуваме законот, но ние, благодарение на Исуса, сме слободни – слободни од осудата на законот, слободни од ропството кое го донесува кршењето на тој закон – од гревот.

„Знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот; бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот“ (Римјаните 6,6-7).

Оние кои се помириле со Бога, законот повеќе не ги осудува

Гревот е укинат?

Дали воопшто сте чуле како некој проповедник жестоко зборува против гревот, а сепак едновремено објавува како Божјиот закон веќе не важи? Тоа нема никаква смисла. Како гревот – кој е престап на законот – може да постои, ако законот – кој го дефинира гревот – е укинат?

Ако Божјиот закон е укинат, тогаш е и гревот. Меѓутоа, кога последен пат размислувавме за тоа, луѓето сè уште крадеа, убиваа, посакуваа туѓо, правеа прељуба, а не ја ни почитуваа заповедта за одмор во седмиот ден. Ако е законот укинат, тогаш сево ова веќе не смее да постои, барем не како грев – а кој сериозен може во тоа да поверува?

Нема сомнение, не само што Божјиот закон и понатаму важи, туку и на оние кои го сакаат им е заповедано да му бидат послушни.

„Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5,3).

Изгледа многу едноставно.

Како што видовме, ние сме среде космички судир, среде големата борба меѓу доброто и злото, меѓу Христа и сатаната – и сите ние, секој од нас, е вклучен во тој судир. Никој не е неутрален, никој не може да стои на страна. Сатаната не сака ништо повеќе од тоа кога луѓето грешат, кога ќе ги наведе да го кршат Божјиот закон, кој, како што видовме, е грев; а гревот е опасен облик на злото бидејќи донесува болка, страдање, штета и грев – сето она што ги поттикнува луѓето да се сомневаат во Бога, во неговата добрина или, во многу случаи, дури и во неговото постоење.

Во овој судир од епски размери, сатаната го мрази Божјиот закон затоа што тој открива дека Бог е праведен, а тој самиот измамник. Судирот токму тука добива лична димензија. Кој е нашиот став спрема Бога и Неговиот закон? Исус нè повикува:

„Ако Ме љубите, пазете ги Моите заповеди“ (Јован 14,15).
 

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.