1. Откријте ја иднината

1. Откријте ја иднината

Зошто сме овде?

„Изгледа како случајно да сме поставени тука“, неодамна ми рече една жена, „а како никој и да не знае зошто.“

Иако невешто искажани, зборовите на оваа жена многу кажуваат. Никој од нас не барал да се роди. Секој од нас, како што кажува таа, „е случајно поставен“, но кој понекогаш не се прашува зошто, а особено кога животот ќе стане тежок?

Чуму толкав пат?

Пишувајќи пред 2400 години за човековата судбина, еден стар Грк рекол дека секому од нас би му било најдобро „никогаш да не се родел“. Писателот Албер Ками напишал во минатиот век: „Постои само еден сериозен филозофски проблем, а тоа е самоубиството“.

Самоубиство?

Да, затоа што, со оглед на сета трагика на човековото постоење, се поставува преважното прашање – дали животот има или нема смисла.

„Плачев кога се родив“, пишува англискиот писател и говорник Џорџ Херберт, „и секој ден гледам зошто.“

Еден младич, кој само што се оженил, ја преживеал атомската експлозија во Хирошима во 1945 година. Меѓутоа, неговата сопруга настрадала. Од неа не останало ништо освен јагленосани коски. Очаен, ги собрал нејзините останки, ги ставил во мала урна и, сред тој хаос, успеал да се пробие до возот и да отпатува во градот каде што живееле нејзините родители. Сакал да им ги предаде нејзините коски, нешто што ќе ги потсетува на неа.

Дали тоа бил крајот на неговата несреќа? Градот во кој пристигнал бил Нагасаки, градот во кој два дена подоцна експлодирала втората атомска бомба. Момчето ја преживеало и таа експлозија, но од силината на експлозијата одлетал капакот од садот со коските, кои се расфрлиле насекаде.

Вџашен и исплашен, тој извикал: „Толкав пат! Толкав пат за да завршат коските којзнае каде – чуму сето тоа?“

Нагасаки

Тешки прашања

Чуму?

Ние брзаме, се бориме, страдаме, одиме: толкав пат, а потоа… на крајот, сепак умираме. Се чини претешко за воопшто да има смисла. Не е ни чудо што се бориме со тешки прашања кои пекаат за одговори кои тешко ги пронаоѓаме.

Зошто постоиме? Од каде сме? На што можеме да се надеваме? Зошто ни се случува сево ова сега? Каде води тоа? Која е целта на нашиот живот ако сме, не по своја волја, „поставени овде“? Зошто толку болки и страдања? Каква е смислата на сè, кога смртта и онака го има последниот збор?

Мудриот Соломон, древен еврејски цар и еден од писателите на Библијата, се согласува со тоа.

„И се обѕрнав, та погледнав на сите мои дела, што ги беа извршиле моите раце, и на трудот, со кој се бев трудел, извршувајќи ги: и ете – сè беше суета и мака за духот, и немаше од нив полза на земјата!“ (Проповедник 2,11)

Царот Соломон имал сè – пари, слава, жени, моќ, сјај – сè што може да понуди овој свет. Тој постигнал повеќе отколку што можат да постигнат повеќето луѓе за пет животи. Сепак, кога му настапиле последните денови, тој сето тоа го сметал за подеднакво бесмислено како трчање по ветер.

Така, остануваме соочени со следнава дилема: ние сме суштества кои копнеат по одговори, а живееме во свет кој не ни ги пружа толку лесно.

Шприцови со морска вода

Затоа луѓето уште од најраните денови на пишуваната историја се бореле со прашањето за целта на своето постоење, а особено со важното прашање за потеклото на човекот. На крајот на краиштата, како можеме да знаеме како да живееме ако, за почеток, не знаеме зошто живееме, и како можеме да знаеме зошто живееме ако не знаеме од каде доаѓаме?

Замислете дека пратка со лекови – на пример, антибиотици – стигнала на крајбрежје на остров полн со нецивилизирани луѓе кои немале контакт со надворешниот свет. Љубопитните островјани ја отвораат кутијата и ги пронаоѓаат сите видови таблети и течности, меѓу кои и чудни, мали цилиндри со остри игли. Можеби ќе ѕвечкаат со шишенцата со лекови за да произведат некакви звуци и со тоа да придонесат за своите ритуални танци. Можеби течните лекарства ќе ги употребат како шминка. Можеби ќе ги пронајдат шприцовите и ќе ги употребат за да се прскаат едни со други со морска вода, чисто од забава. Суштината е во следново, не знаејќи го потеклото на овие резерви лекови, не знаејќи заради која причина се направени и за што служат – на островјаните ќе им биде ускратена вистинската полза што можат да ја имаат од нив.

Каква е сличноста на приказнава со нашиот живот? Ние имаме тело, ум, фантазија, енергија, разум, страст и дух – сите работи кои нè прават она што сме. Сепак, ако не знаеме која е нашата цел, зошто сме овде и како треба да живееме – нема ли, неизбежно, многу да пропуштиме?

Најсилни

Отсекогаш сме слушале приказни за потеклото на човекот. Древните народи верувале во различни приказни за создавањето, како што е онаа приказна за борбата на боговите, во која телото на поразениот е исечено на два дела, па од едната половина настанало небото, а од другата – Земјата.

Денес, ние имаме наши приказни. Многумина, на пример, мислат дека луѓето се производ на чиста случајност и дека нашата вселена е една од појавите кои се случуваат одвреме-навреме. Френсис Крик, еден од најголемите научници на 20-тиот век, верувал дека вонземјани од некоја друга планета го посеале семето на животот на Земјата и дека така сме стигнале овде. Домородните култури во Австралија учат за своето потекло од различни легенди.

Некои шпекулираат дека вселената потекнала од ништо: „Изгледа невозможно нешто да настане од ништо“, забележал еден писател, „но фактот дека некогаш немало ништо а сега постои вселената, очигледно докажува дека тоа е можно“.

Што и да веруваме за потеклото на човекот, секако е многу важно од каде потекнуваме. Нашето сфаќање за потеклото може да има исклучително важно влијание на тоа како ја согледуваме сегашноста. Во текот на поголемиот дел од човечката историја, се верувало дека човекот на некој начин потекнува од Бога или од богови, додека денес многумина во развиените култури наместо тоа веруваат дека потекнуваме од мајмунолик предок.

Оваа промена не се случува без последици. На пример, Дарвиновата теорија учи дека луѓето еволуирале од пониски облици на живот. Доследно на тоа, се создало сфаќање според кое одредени човечки заедници не еволуирале целосно, па така тие не се во целост човечки суштества. Некои тврделе дека овие помалку развиени заедници не треба да имаат свои права и предности што се својствени за напредните човечки суштества. Чарлс Дарвин се согласил со тврдењето дека треба да се истребат австралиските Абориџини затоа што се нижи човечки суштества.

Дарвиновата теорија учи дека луѓето еволуирале од нижи облици на живот.

Една група туристи, во 1990-тите години, била во посета на концентрациониот логор Дахау во Германија. Еден млад германски водич го започнал разгледувањето на логорот споменувајќи ја теоријата на еволуцијата, но направил и директна паралела меѓу неа и холокаустот. „Целата идеја на еволуцијата“, рекол, „идејата за опстанокот на најнапредните, придонела да се пробие патот на обидот да се уништат луѓе за кои се сметало дека не се напредни.“

Една поинаква приказна

Колку е силен контрастот меѓу теоријата на еволуцијата, според која ние постоиме само случајно, и библискиот извештај кој учи дека Бог нè создал со цел, па дури, според својот лик. Тоа е гледиште кое ги става на исто рамниште сите човечки суштества без оглед на етничката припадност, полот, бојата на кожата или вероисповедта. Сепак, светот што Бог го создал и кој бил „добар“ многу се разликува од денешниот. Што тргнало во погрешна насока? Денешниот свет на природата ни праќа две различни пораки – една за љубовта, грижата и заштитата, и, втората, за суровоста и смртта.

„И Бог го создаде човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде; машко и женско ги создаде“ (1. Мојсеева 1,27).

Со векови проучувачите на Библијата расправале за вистинитоста на овој стих. Во него не наоѓаме никаков сложен логичен систем кој би докажал дека Бог постои. Овде не се нудат никакви докази дека Тој ги создал „небото и Земјата“. Едноставно, тоа го тврди, и тоа е сè.

Несомнено е дека библиското учење за Бог како Создател на човекот има смисла, особено во однос на древното гледиште според кое Земјата настанала од здробеното тело на некој бог или, пак, на современото сфаќање дека Земјата ја создало „ништо“.

Библијата учи нешто што, ако се сфати сериозно, му помага на секој од нас да ја согледа неверојатната вредност на човекот.

„Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1,1).

Наспроти вонземјаните, или на ништото или на напредните мајмуни, Библијата дава сосем друга слика за почетокот. Ние постоиме, како што нè учи Библијата, затоа што тоа била Божја замисла.

Создавањето на Адам

Подобра иднина

Сепак, дури и да веруваме дека нè создал Бог, остануваат многу прашања и грижи, а една од најголемите е како да го осмислиме животот и како да се избориме за место под сонцето, особено со оглед на сета болка, страдања и несреќи со кои се соочува секој од нас.

Многу е интересно што, и покрај сите прашања и страдања, Библијата ни нуди причини да не очајуваме. Таа ни дава надеж и буди доверба во нас. Таа го согледува и она што ние сега не го гледаме и постојано ни укажува на восхитувачката иднина.

„Зашто, ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат“ (Исаија 65,17).
 
„И чув висок глас од небото како зборува: ’Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог. И ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина‘“ (Откровение 21,3-4).

Ова се само две од можните прекрасни ветувања за иднината што ги очекува сите оние кои ќе ја прифатат.

Знаци

До тогаш, за жал, сите ние ги биеме своите битки во светот кој станал хаотичен. Сепак, тоа е токму онаков свет во каков Бог прорекол дека ќе живееме. Библијата нè предупредила дека нашиот свет ќе биде токму таков каков што е денес. Бог ни дал дури и знаци, па и предупредувања што сè можеме да очекуваме.

Кои се некои од тие знаци и како да ги препознаеме?

Војни и гласови за војни

Во децениите што му претходеле на 20-тиот век, луѓето навистина верувале дека светот ќе стане подобар и дека луѓето, како ќе им се зголемува знаењето, ќе стануваат сè подобри и подобри. Исто така, многумина на почетокот на 20-тиот век верувале дека влегуваат во ера кога ќе престанат војните.

Но, наспроти тоа, речиси пред две илјади години, самиот Исус зборувал за последното време во кое ние сега живееме. Рекол:

„Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство…“ (Марко 13,8).
 
„Ќе слушате за војни и повици на војни. Гледајте да не се уплашите, зашто сето тоа треба да биде; но тоа уште не е крајот“ (Матеј 24,6).

Кој имал право? Како изгледа денес нашиот свет? Се отсликува ли оптимизмот од 20-тиот век или стварноста што ја насликал Исус?

Во текот на втората деценија од 20-тиот век започнала Првата светска војна. Набргу по неа следела и Втората светска војна, а меѓу овие две и по нив, постојано избувнувале војни, од кои многу сè уште се водат.

Жртви од бојни отрови

Експлозија на знаење

Пред околу 2600 години, пророкот Даниел во Стариот завет пишувал за нашето време:

„А ти, Даниеле, сокри ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време; мнозина ќе истражуваат и знаењето ќе се намножи“ (Даниел 12,4).

Знаењето ќе се намножи? Иако е вистина дека нашето време е обележано од намножено знаење во сите области, ова пророштво се однесува на зголемување на знаењето за пророштвата од книгата на пророкот Даниел – пророштво кое е затворено и запечатено до последното време (Даниел 12,4). Оваа серија ќе ги истражи оние пророштва што Бог ни ги објаснил до сега.

А што е со комуникацијата?

Ние сме во состојба во рок од неколку секунди да воспоставиме комуникација речиси со секој дел од светот, што било непоимливо пред само 150 години, а камоли во библиските времиња. Сево ова станува значајно во светлината на овие Исусови зборови:

„И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24,14).

Замислата за ширењето на Евангелието низ целиот свет, во доба на брза комуникација, повеќе одговара на денешниот момент отколку на времето кога ова го најавувал Исус, речиси пред 2000 години. Денес пораката на Евангелието стигнува со секој крај на планетата благодарение на современите средства за комуникација (радио, ТВ, интернет…).

Богатите против сиромашните

Едно од најголемите проклетства со кои се соочува човештвото е постојаниот и длабок јаз меѓу богатите и сиромашните. И покрај глобализацијата и неверојатно големата трговска размена меѓу народите, лелекот на сиромашните – особено на експлоатираните – одекнува по целата планета.

Богатите се незамисливо побогати од некогаш. Во Токио, на пример, богатите можат да си дозволат во хотелот „Риц Карлтон“ да платат 19.000 долари за едно мартини. Да, 19.000 долари за еден единствен пијалак – зашто толку чини дијамантот на дното од чашата!

Во меѓувреме, милијарди луѓе во целиот свет пијат речна вода во која некој спротиводно излеал фекалии.

И самиот Бог знае колку крв, пот и солзи излеале оние кои го ископале тој дијамант од земјата за да заработат колку за да преживеат!

Не е ни чудно што Библијата за денешното време вели:

„Ајде сега вие, богати, плачете и липајте за страшните маки што идат на вас. Богатството ваше изгни, а алиштата ваши молци ги изгризаа. Златото ваше и среброто ви зарѓаа, и ’рѓата нивна ќе биде сведоштво против вас и ќе го изеде телото ваше како оган! Сте насобрале богатство за последните дни. Ете, платата што сте ја задржале од работниците, кои работеле на вашите ниви, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ Саваот. Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги згоивте срцата ваши како за ден на клање“ (Јаков 5,1-5).

Овој древен текст силно сведочи за ерата на експлоатација на луѓе и деца кои мораат да работат. Не, крајот на експлоатацијата на детскиот труд сè уште не се гледа. Некои проценуваат дека, во целиот свет, принудени да работат се околу 158 милиони деца на возраст од пет до четиринаесет години. Милијарди луѓе денес живеат со помалку од 2,5 долари дневно.

Исус не претерал кога рекол:

„Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе“ (Матеј 26,11).
 

На секои 5 секунди едно дете умира од последици од глад.

Глад и помор

Уште еден предизвик со кој се соочува оваа планета – уште еден знак – претставуваат проблемите предизвикани од пренаселеноста. Пренаселеноста доведува до немаштија, беда и глад – сето она што луѓето од век и веков сакале да го победат, но не успеале во тоа.

Денес, на милиони луѓе им се заканува глад, помор и немаштија. Недоброј луѓе во минатиот век починале од глад и болести. Од 1918 до 1920 година, само од шпански грип умреле околу 50 милиони луѓе!

Речиси 16.000 деца умираат секојдневно од последици на глад. Тоа значи, едно дете на секои пет секунди! Речиси 9 милиони деца умираат пред да навршат пет години. Една третина од овие смртни случаи, на непосреден или посреден начин, е предизвикана од глад или неухранетост.

По долгогодишното напредување во борбата со гладот, се проценува дека повеќе од 900 милиони луѓе сè уште се соочуваат со глад, и тоа секојдневно.

И повторно, ништо од сево ова не треба да нè изненади, со оглед на тоа дека Библијата јасно нè предупредила на тоа.

„А на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има страотни појави и големи знаци на небото“ (Лука 21,11).

Глад, помор, земјотреси? Ако тоа не личи на сегашново време, на што се однесува тогаш?

Знаците на времето

Сево ова, и уште многу други знаци, ние секојдневно ги гледаме во нашите дневни соби – преку медиумите. Што претставуваат овие знаци? Што можеме да заклучиме од нив? Како можат да ни помогнат да ја разбереме стварноста на нашиот свет и какво е нашето место во него?

Прво, едно треба да е совршено јасно – тажната состојба на нашиот свет е проречена во Библијата. Поголем дел од сево ова, колку и да е тажно, колку и да е ужасно, мора да се разбере во поширокиот контекст на она што го учи Библијата за човечкиот род, за злото, за страдањето, за иднината на нашата планета. На тоа се однесува најголемиот дел од оваа серија – на согледувањето на целокупната слика.

Второ, овие знаци би требало да ни помогнат да сфатиме дека трагедиите едноставно се дел од сето она што претставува живеењето во овој свет оштетен од гревот и злото. Но, како сè тргнало наопаку? Одблизу ќе го разгледаме ова клучно прашање.

Трето, овие знаци, проречени одамна, треба да ни покажат дека, како и да ни изгледаат, ништо од сево ова не го изненадило Бога. Наместо да претставуваат доказ дека нема Бог, всушност, токму тие ни покажуваат дека Тој постои затоа што неговата Реч, Библијата, се покажала толку точна. Што друго ни кажува неговата Реч за нашето време и нашата положба во него? Овој курс претставува и трагање по тие одговори.

Четврто, знаците во Библијата често се наведуваат во контекст на крајот на овој свет, што води кон ветувањето за подобар свет. Со други зборови, иако често зборуваат за загрижувачки содржини, знаците укажуваат и на голема надеж во еден нов свет, без сето она што овој сегашниов го прави толку лош.

„А кога ќе почне да се случува тоа, исправете се и подигнете ги главите, зашто се приближи вашето избавување“ (Лука 21,28).

Во текот на овој курс детално ќе ја проучиме надежта која ни е понудена и причините поради кои треба да ја одржуваме таквата надеж.

Сценарио

Иако можеби ни се чини дека сме само така поставени овде, во длабочината на душата чувствуваме дека постои причина, цел на нашиот живот. Вечноста ни е длабоко врежана во душата. Ние сме дел од една голема епска приказна во која секој од нас има своја улога. Колку и да сме безначајни во однос на севкупната слика, ние ја имаме главната улога во историјата на нашиот живот.

Библијата, согледана во целина, всушност е збирка на животни приказни – вистинити приказни.

Овие стотина кратки вистинити животни приказни, кои се слични на вашата и мојата, се собираат во една голема. Тоа е приказната што ни ја раскажува Бог.

Целиов курс зборува токму за тоа сценарио.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.