10. Откријте еден нов живот

10. Откријте еден нов живот

Сурогати

Во 2009 година глумецот Брус Вилис играше во филмот Сурогати. Сместен во иднината, овој филм опишува еден свет во кој луѓето, поврзани со машина, можат директно од своите домови да живеат преку роботи како свои заменици. Сите тие роботи се убави, привлечни, мажествени односно женствени, паметни, сè што може да посака човек. Можете да живеете сосем нов живот, да имате целосно нов идентитет, да бидете некој кој инаку не би можеле да бидете – и сето тоа додека сте поврзани со една машина која се наоѓа во спалната соба.

Во оваа приказна, Вилис, човекот Вилис – несмасен, ќелав и остарен, за разлика од својот млад, влакнест и дотеран сурогат – почнува да негодува дека неговиот робот го живее неговиот живот додека тој го минува времето врзан за некаква машина.

Во една сцена, тој несмасен, ќелав и остарен Вилис планира со својата сурогат жена – млада и преубава – во нивниот реален облик да одат на одмор. Жената сурогат го прашува: „Мислиш да ги оставиме нашите апарати дома? Дали се шегуваш?“ Кога тој се пожалува дека не минуваат доволно време заедно, жената сурогат вели дека тие минуваат време секој ден. Тој вели: „Да, но тоа го прават нашите заменици. Тоа не е исто“. Гледајќи го в очи, неговата жена одговара: „Подобро е така“. Па тогаш си заминува од дома, оставајќи го својот телесен маж – кого роботите го нарекуваат Вреќа месо – сам и несреќен.

Животни промени

Иако претставува уште еден холивудски хит, овој филм поставува интересно прашање со кое се бориме сите ние, вреќи месо, а тоа е: „Дали ние навистина живееме онака како што сакаме?“

Можеби нема баш секој да извика: „Не!“, но многумина, за жал, ќе го сторат тоа. Меѓутоа, повеќето од нас ќе признаат дека постојат некои страни од животот за кои би сакале да се поинакви, нели?

Како што проучувавме низ овие теми, ние сме од гревот оштетени суштества кои живеат во свет оштетен од гревот, среде вистинската борба – големата борба меѓу доброто и злото. Сите ние имаме проблеми – физички, емоционални, духовни, меѓучовечки, финансиски, какви било – проблеми кои повремено во нас можат да произведат желба да бидеме некој друг, а не она што сме.

Исто така, понекогаш, наоѓаме начин да избегаме – или барем се обидуваме. Тие наши бегства најчесто не функционираат.

Брус Вилис во филмот „Сурогати“

Одново родени

Во сево ова сепак постои и нешто добро – радосна вест која говори за сето она што го сторил Исус за нас. Иако веќе видовме дека ни е простено во Христа, дека сè што било погрешно од нашето минато е исчистено, дека можеме да стоиме пред Бога како никогаш да не сме згрешиле – Евангелието е дар кој и понатаму ни се нуди. А еден од најзначајните дарови што ги имаме е новиот живот во Христа.

Размислете за тоа. Како можете да преминете од состојба на осуда и вина пред Бога, соочени со вечната пропаст, во состојба во која сега стоите совршени пред Бога, при што сè ви е простено, вашата осуда е избришана, а вечниот живот ви е ветен – а тоа да не ви го промени секојдневниот живот?

Нужно е да настапи промена, а така и бидува. Кога го прифаќате Христа, вие живеете нов живот.

Замислете затвореник, кој веќе 20 години е осуден на смрт, одеднаш да добие помилување. Сега законски му е простено, а обвиненијата против него се повлечени. Дали тој и понатаму ќе остане в затвор? Секако дека нема! Тој ќе излезе оттаму и ќе започне сосема нов живот.

Токму тоа се случува со нас кога ќе го прифатиме Исуса како Спасител. Оваа промена христијаните понекогаш ја нарекуваат ново раѓање.
Погледнете ги овие текстови:

„Меѓу фарисеите имаше еден човек по име Никодим, началник јудејски. Тој дојде кај Исус ноќно време и Му рече: ’Рави! Знаеме дека си Ти учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чуда што ги правиш Ти, ако Бог не е со него‘. Исус му одговори и рече: ’Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо’‘“ (Јован 3,1-3).

Уочете го овој сликовит приказ – ново раѓање. Раѓањето значи влегување во живот. Да се биде одново роден значи некое друго влегување во живот. Во Библијата се зборува за влез во нов живот, живот во Христа кој е коренито поинаков од стариот.

„И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина, и ете, се создаде новото“ (2. Коринќаните 5,17).
„И така, преку крштавањето во смртта, погребани сме заедно со Него, – та како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Таткото, – така и ние да одиме во нов живот“ (Римјаните 6,4).

Прифаќајќи го Исуса, предавајќи му се себеси, ние се наоѓаме пред нов почеток, почеток на нов живот. Ние сега сме одново родени, прекинуваме со стариот начин на живот и отпочнуваме нов, во кој живееме со вера во ветувањата што ни ги дал Бог, а меѓу тие ветувања е и она дека, преку дејствувањето на Светиот Дух во нас, нашиот живот ќе се промени.

Исус и Никодим

Наследници

Во Новиот завет се користи и сликата на посвојувањето. Во римскиот свет, светот во кој настанал Новиот завет, било вообичаено луѓето да посвојат некој, давајќи му права и предности како навистина да е роден во новото семејство.

Во тој контекст, користејќи сликовит приказ кој ќе го разберат неговите читатели, Павле напишал:

„Зашто вие не примивте дух на ропство, за да бидете во страв, туку Го примивте Духот на посинувањето, преку Кого велиме: ’Ава, Оче!‘ Самиот Дух му сведочи на нашиот дух дека ние сме чеда Божји. А ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници: наследници на Бога и сонаследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме“ (Римјаните 8,15-17).

Кога некого ќе посвојат, тој станува дел од новото семејство, од новиот дом. Тоа е почетокот на промената, често радикална. Помислете на дете кое чмаело во сиропиталиште во некоја сиромашна земја, кое го посвојува некое имашливо семејство полно со љубов од некоја развиена земја. Животот на тоа дете ќе се промени, и тоа значајно.

Истото се случува и со нас кога со целото свое срце, ум, тело и душа го следиме Исуса. Ние стануваме она што Библијата на многу места го вели – наследници на најпрекрасното можно царство – вечниот живот во Христа.

„Та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот“ (Tит 3,7).
„А, ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјаните 3,29).

Стекнувањето наследство над нешто што некогаш не било наше, исто така објаснува колку сме се промениле верувајќи во Христа. Не ни треба преку некаков сурогат-робот да живееме нов живот. Наместо тоа, потребно ни е искуство на целосна промена на животот со Христа.

Силата на Светиот Дух

Библијата многу јасно истакнува дека оваа промена не можеме сами да ја постигнеме, како што не можеме самите себеси да се спасиме од гревот. Библијата постојано говори за тоа како Светиот Дух, во кој е присутен сам Бог, влијае врз нас за да ги поттикне овие промени.

„И така, сега нема осудување за оние, кои се во Христа Исуса, и одат не по телото, а по Духот“ (Римјаните 8,1).
„Бидејќи и ние некогаш бевме неразумни, непокорни, заблудени, бевме робови на желби и на разни сладострастија, живеевме во злоба и завист, бевме одвратни, се мразевме еден со друг. А кога се јави добротата и човекољубието на нашиот Спасител, Бог, Тој нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку бањата на преродување – и обновувањето од Светиот Дух“ (Tит 3,3-5).

Кога ќе му се предадеме на Христa, тогаш Светиот Дух, кој веќе влијаел врз нас – инаку никогаш не би дошло до тоа предавање – продолжува да влијае во нас, обвинувајќи нè за гревот, укажувајќи ни на праведноста и давајќи ни сила да го промениме животот. Видете Коринќаните 12,3.

„Никој да не се мами со празни зборови; зашто поради нив доаѓа гневот Божји врз синовите на непокорноста; затоа, не станувајте нивни соучесници. Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господ: живејте како деца на светлината! Зашто плодот на светлината се состои во сè што е добро, праведно и вистинито“ (Ефесјаните 5,6-9).
„А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. Против такви нема закон. Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите. Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме“ (Галатјаните 5,22-25).

Библија ни сведочи дека сами не можеме да постигнеме промена

Патот пред нас

Без сомнение, личноста која го доживеала искуството на ново раѓање, личноста која себеси му се предала на Христа, која се откажала од своето „јас“, во некоја смисла го погребала својот стар живот, и со тоа отпочнува нов живот во Него.

„Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми благодатта? Никако! Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште? Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот…. знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот; бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот. А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме“ (Римјаните 6,1-4.6-8).

Овде јасно се кажува дека умираме за стариот живот и отпочнуваме нов во Исуса. Ова е стварно, ова е моќно, и тоа значи да се биде обратен христијанин.

Истовремено, овие промени не се случуваат сами од себе. Иако има извештаи за луѓе кои, во мигот кога му го предале срцето на Христа, се ослободиле од некои силни зависности, лоши навики или стил на живот, христијанскиот живот вклучува постојана работа. Тоа е секојдневно искуство, секојдневна борба, секојдневно предавање. Ние мораме да избереме од миг во миг, да го оставиме сето она за кое знаеме дека е погрешно, лошо и грешно и да живееме онака како што Бог очекува од нас. Понекогаш не успеваме во тоа, но не сме отфрлени зашто можеме да најдеме проштавање во Исуса.

Во тоа е суштината на Божјата благодат.

Значајната вест гласи дека ни е дадено ветување дека ако ние ги правиме сиве овие работи, нашиот живот ќе биде променет – и тоа на подобро. Преку молитва, проучување на Библијата, заедница со Бога, новиот живот што го имаме во Исуса ќе станува сè постварен.

Читајќи ја Библијата, ние ќе дознаеме која е Божјата волја за нас, ќе дознаеме што е исправно а што е погрешно, ќе научиме да разбираме што е значајно во животот а што не. Згора на ова, ќе го запознаеме Бога кој направил толку многу за нас.

Преку молитвата, која е како отворање на срцето пред пријател, ние можеме да разговараме со Бога. Тој ги слуша нашите молитви и важни му се нашите проблеми, а ако сме „во молитвата постојани“ (Римјаните 12,12), ние лично можеме да ја спознаеме стварноста, љубовта и близината на нашиот Господ, кој нè менува. Преку молитвата можеме да му се приближиме на Бога и да ја примиме силата која ни е ветена за да го напуштиме старото и да го прифатиме новото.

„Не лажете се еден со друг, зашто веќе го соблековте стариот човек заедно со неговите дела, и се облековте во новиот, кој се обновува во познанието, според образот на својот Создател“ (Колошаните 3,9-10).

Такво е ветувањето што ни го дава Бог, и тоа е ветување за чија вистинитост можат да сведочат милиони христијани затоа што Христос го променил и понатаму им го менува нивниот живот.

Разгледајте ги овие ветувања:

„Уверен во тоа дека Оној, кој го започна во вас доброто дело, ќе го доврши сè до Денот на Исус Христос“ (Филипјаните 1,6).
„Ние, пак, сите со откриено лице, како во огледало гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме во истиот лик, од слава во слава, како од Духот Господов“ (2. Коринќаните 3,18).

Не морате да бидете верник за да го видите ова. Двајца луѓе воделе јавна расправа за вредностите – или недостатоците – на христијанската вера. Христијанинот на соговорникот му го поставил овој предизвик: „Да претпоставиме дека одите низ град доцна навечер и група од петмина момци тргнуваат од некоја зграда право кон вас. Дали би сте се чувствувале посигурно ако знаете дека излегле од некој бар или од библиско проучување?“

Евангелието на просперитет е лажно евангелие

Богати и здрави

Кога ќе го прифатите Исуса и кога одново ќе се родите, тоа не значи дека вашите проблеми ненадејно ќе исчезнат. Постои, за жал, концептот „Евангелие на здравје и богатство“, според кое, ако сте вистински Исусов следбеник, вашата сметка во банка чудесно ќе се зголеми, вашите здравствени проблеми ќе ги снема, сите ваши односи со другите ќе бидат извонредни, а вие ќе изгледате подобро, па дури и попривлечно.

Тоа е лажно евангелие. Несомнено е дека Исус ќе го промени нашиот живот и тоа на подобро, но тоа не значи дека сите наши проблеми ќе исчезнат. Напротив, тоа значи дека имаме темел, надеж, сигурност, која е во самиот Бог; тоа значи дека Тој ќе ни помогне да се бориме со искушенијата кои неизбежно ни се појавуваат на патот.

Во епската библиска приказна за планетата Земја, штом нашите прародители покажале недоверба во Бога и својата доверба ја предале на змијата – сатаната – Бог ја осмислил иднината. Рекол:

„И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Тој ќе ти ја смачкува главата, а ти ќе го каснуваш во петата“ (1. Мојсеева 3,15).

Непријателството едноставно означува омраза или состојба на спротивставеност. Бог рекол дека ќе го стави ова непријателство меѓу сатаната и жената (Божјиот народ); меѓу сатаниното поколение (луѓето кои не доживеале ново раѓање) и поколението на жената (духовно одново родени луѓе). Според тоа, одново родените луѓе треба да очекуваат непријателство.

Историјата, пак, сведочи за точноста и вистинитоста на оваа Божја објава. Непријателството го достигнало својот врв на крстот кога Исус – семето на Жената – се судрил со змијата – сатаната – во смртоносна борба. Оние кои веруваат во Бога, новородените христијани, секогаш се цел на нападите на сатаната. Непријателството постои и понатаму и секогаш ќе постои сè додека повторно не дојде Исус.

Можеби најголемиот пример претставува сторијата за Јов, за која веќе читавме во некоја од претходните лекции. Дури и Бог го сметал Јов за „добар и праведен, кој се плаши од Бог и се трга од злото“ (Книгата за Јов 1,8). Сепак, Јов се соочил со неверојатни налети на страдање и бол, иако е исклучителен и верен Божји човек!

Апостол Павле пишувал за своето сопствено искуство:

„Трипати сум тепан со стапови, еднаш каменуван, трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабоко море; многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од разбојници, во опасност од сонародници, во опасност од незнабошци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа; во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија. А покрај сè друго, тука сe уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви“
(2. Коринќаните 11,25-28).

Каде му биле здравјето и богатството на Павле кога, патем речено, многубројните свои писма не ги напишал во куќа што ја добил следејќи ги принципите на таканареченото „евангелие на просперитетот“, туку во римски затвор?

Сите овие студии покажаа дека Библијата учи оти сите ние се наоѓаме сред една голема борба меѓу доброто и злото, меѓу Христа и сатаната, и дека таа борба беснее. Никој од нас не е имун на тоа, вклучувајќи ги и оние кои му го предале своето срце на Христа, а нивните животи Тој ги променил.

Само изопачено читање на Библијата учи дека новиот живот во Исуса Христа автоматски станува живот полн со здравје, богатство, напредок и световен успех. Напротив, тоа е живот исполнет со искушенија, страдања, разочарувања, тага, губитоци и болка. Сепак, и покрај сето тоа, имаме прекрасна надеж и ветување дека Бог ќе нè сака, ќе се грижи за нас и ќе ни даде мир во душата. Ние сме сигурни дека, низ што и да минуваме, тоа не е бесмислено. Неговото ветување гласи дека никогаш нема да нè остави, ниту ќе нè отфрли (Видете: Исаија 41,10). Покрај тоа, ја имаме оваа надеж, и гаранција за вечен живот во целосно нов свет.

„А знаеме дека на оние што Го љубат Бога и се повикани по Негова волја, сè им содејствува за добро“ (Римјаните 8,28).

Ова не значи дека сè е добро. Бездруго не е сè добро. Овој свет е полн со зло – злото се бори за власт врз светот. Тоа само значи дека, ако го сакаме Бога, ако му се предадеме со вера и послушност, Тој може сè да изведе на добро – дури и она најлошото што ни се случува.

И самото тоа сознание, и начинот на кој реагираме на тоа – со вера – го обликува тој дел од новиот живот што го имаме во Исуса Христа. Нашиот однос со Бога секогаш подразбира доверба, а тој нè повикува да му веруваме. Колку повеќе го познавате, толку повеќе можете да му верувате. Никогаш не е предоцна да го започнете животното патување со доверба во Бога.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.