16. Откријте ја обновата

16. Откријте ја обновата

Зомбирање

Пред повеќе години, еден биолог од „Харвард“ отишол на Хаити да го истражи, верувале или не, феноменот на зомбите!

Зомби? Мислите на оние од филмовите како што се aмерикански зомби, Зомбите од мочуриштето, Зомбите од Токио, Бесните зомби, Вампирите против зомбијата итн.?

Не баш така, но послично отколку што некој од вас може да помисли.

Иако на Хаити постојат многу митови и народни преданија за зомбите, можеби и има нешто во тоа. Во текот на 1980-тите, етнобиологот Е. Вејд Дејвис истражил многу пријавени случаи на средби со зомби, луѓе кои навидум се мртви, а подоцна се пријавени дека се видени живи. Најпозната ситуација е случајот со г. Клервијус Нарсис, кој во болницата „Алберт Швајцер“ во Дешапел е прогласен за мртов, а потоа, 18 години подоцна, се појавил тврдејќи дека е пребегнат зомби – или нзамби – како што се нарекуваат зомбите таму.

Вејд тврдел оти открил дека на тие луѓе им е давана исклучително јака дрога, екстрахирана од еден вид смртоносна риба, која, во одредено количество – а предозирањето доведува до смрт – може да остави впечаток дека човекот е мртов, уверувајќи ги во тоа дури и лекарите. Овие луѓе ги погребуваат, па брзо ги откопуваат, ги оживуваат и така дрогирани ги држат како робови во големото илегално тајно друштво познато како сектата Бизанго.

За ова постои дури и посебен назив – зомбирање.

Другарот Ленин 

Откако умрел основачот на Советскиот Сојуз, Владимир Ленин, некои раководители – имајќи неограничена верба во моќта на науката – сакале да го балсамираат, верувајќи дека еден ден советската наука ќе го врати во живот. Првото решение за ова можно воскреснување било телото да биде добро зачувано. Меѓутоа, и покрај исклучителните напори телото гниело, така што е зачувано само благодарение на интензивните напори и постојаната грижа. Многумина тврдат дека голем дел од телото е восок.

По падот на Советскиот Сојуз, некои сакале тој да се погреба, додека некои од постарите генерации сакале тој да остане изложен, па сè уште е изложен и сега. Меѓутоа, за зачувувањето на Лениновото тело има многу работа. Неговото тело се реновира на секоја една и пол година. Тогаш неговиот мавзолеј се затвора на два месеци, а телото се потопува во смеса од глицерин и калиум ацетат на 30 дена. Иако се вели дека денес Ленин изгледа помладо отсекогаш, никој за него не вели дека е воскреснат.

Балсамираното тело на Ленин

Било да зборуваме за зомби или за научното воскреснување на другарот Ленин, несомнено е дека нас, луѓето, нè следи сеништето на смртта. Без оглед кои сме, колку пари имаме, на каква положба сме и каква моќ имаме, никој од нас не е имун на смртта, која порано или подоцна победува, и покрај сите наши напори.

Затоа, и дел од нашата приказна, дел од нашето патување, ја вклучува смртта. Не само што ние самите ќе умреме, што и така е доволно лошо, туку и смртта што ја гледаме околу нас, смртта нè вознемирува, смртта нè плаши, ни се заканува – а тоа е тешко да се разбере.

Имено, ние сфаќаме дека сме сред една голема борба, стварна борба меѓу доброто и злото, а видовме дека болестите, страдањата и смртта се нејзин дел.

Во исто време, повеќепати го нагласивме средишното тврдење на христијанството – дека Исус, иако Создател на вселената – дошол на Земјата, ја зел врз себе човечката природа и го понел на свои плеќи сиот товар на сето зло на овој свет за да го оконча злото еднаш и засекогаш.

Едно од основните зла е токму смртта. Оттаму и ветувањето:

„А како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15,26).

Дотогаш мораме да живееме со смртта, најлошото од сите натрапници во светот на суштествата како што сме ние, кои, за почеток, никогаш не сме ни требале да умираме.

Смртта е сон

Како што веќе видовме, наспроти популарните гледишта, смртта за христијаните не значи моментално заминување на Небото. Напротив!

„Не ќе Те слават мртвите, Господи, ниту оние, што слегуваат во местото на молкот“ (Псалм 115,17).
„Живите знаат дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот“ (Проповедник 9,5).
„Излегува духот негов и тој се враќа во земјата: во тој ден исчезнуваат сите негови планови“ (Псалм 146,4).

Ова се само неколку од многубројните текстови кои покажуваат дека мртвите спијат, дека се во бесвесна состојба.
Меѓутоа, не е ли сфаќањето на смртта како за бесвесен сон, слично на она во што веруваат атеистите и секуларните луѓе? Каква е нашата надеж ако е таква судбината на мртвите.

Воскресение 

Во минатиот век, еден човек по име Едмонд Герни ги загубил своите три сестри кои се удавиле додека се возеле со чамец по реката Нил. По тој настан, тој станал опседнат со смртта, сфаќајќи дека, ако смртта претставува крај за сè, тогаш животот сам по себе е безнадежен и дека не вреди да се живее. Тој запишал: „[…] ако во себе и околу себе пронајдам апсолутен доказ дека со смртта на телото престанува животот […] тогаш сакам […] моментално уништување на нашата раса.“

Иако претерал малку, истакнал нешто многу важно, а тоа е бесмисленоста на овој живот ако завршува со вечна смрт, по која не следи ништо. Меѓутоа, Бог вети дека смртта не е крај и дека гробот го нема последниот збор. Како што веќе видовме, Исус дошол да ни даде вечен живот:

„Зашто смртта е плата за грев, но благодатниот Божји дар е – вечен живот во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6,23).

Вечен живот – тоа е нешто сосема поинакво од спиење во гроб. Ако гробот би бил крај на приказната, тогаш Хитлеровиот крај не би бил ништо поинаков од крајот на Мајка Тереза, па тогаш каква правда би била тоа?

Наместо тоа, како што видовме, гробот е само минлива етапа, одмор, сè до Исусовото второ доаѓање, кога оние кои умреле во Него ќе добијат бесмртни тела во целосно нов вид на постоење.

Прочитајте ги овие текстови, но посебно разгледајте што ни ветуваат:

„Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите. А потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1. Солуњаните 4,16-17).

Овие стихови зборуваат за воскресението на оние кои умреле во Христа, што се случува во текот на Исусовото второ доаѓање. Кога се мртвите во прашање, веќе рековме дека, откако ќе склопат очи, првото што ќе го доживеат ќе биде Исусовото враќање и дарот на вечниот живот.

Всушност, што се однесува на мртвите, нема доцнење на второто Христово доаѓање. И за Адам, кој умрел пред неколку илјади години и за некој кој умира непосредно пред Исусовото враќање, сè е исто. Што се однесува на секој од починатите, ветувањето за вечен живот ќе се оствари уште следниот миг!

„И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22,12).
„Зборува оној што го сведочи ова: ’Да, ќе дојдам скоро!’ – Амин! ’Да, дојди, Господи Исусе!’“ Откровение 22,20).

Тоа е така затоа што на второто Христово доаѓање можеме да чекаме само онолку колку што трае нашиот сопствен живот. Второто доаѓање и воскресението на мртвите праведници на некој начин настапуваат само миг по завршувањето на нашето земско постоење. Колку долго и да лежиме во гробот, од наша перспектива Исус ќе дојде веќе следниот момент.

Што се однесува до мртвите, значи, второто доаѓање е само прашање на момент.

Ние живите сме оние кои сè уште чекаат да се случи овој настан. Сепак, дури и тогаш, со оглед на краткотрајноста на човечкиот живот, второто доаѓање не доцни. Тоа е смислата на Исусовата изјава дека набрзо ќе дојде…

Мртвите во Христа ќе воскреснат на звукот на трубата при Христовото доаѓање

Пораката на ѕвездите 

Следниве библиски стихови учат нешто радикално поинаку од она што ни го кажуваат науката, разумот и нашето искуство. Ќе воскреснат оние кои со илјадници години биле мртви „одеднаш, и за еден миг“ – и ќе добијат бесмртни тела.

„Еве, тајна ви кажувам; сите нема да се упокоиме, туку сите ќе се измениме, одеднаш, за еден миг на око, на последната труба: зашто ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливо, а ние ќе се измениме; зашто распадливото треба да се облече во нераспадливост, а смртното – да се облече во бесмртност. А кога ова распадливо ќе се облече во нераспадливост, и она смртното – во бесмртност, тогаш ќе се збидне зборот напишан: ’Победата ја проголта смртта’“ (1. Коринќаните 15,51-54).

Во овој контекст, следниот текст во Посланието до Евреите станува особено значаен:

„А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и убедување за нештата, што не се гледаат“ (Евреите 11,1).

Бездруго, треба да се надеваме на воскресението; тоа ни е единствената надеж. Без него, не се разликуваме од друмските разбојници, барем што се однесува на нашата вечна судбина. Па сепак, во исто време, воскресението е нешто што не сме го ни виделе ни доживеале, и нешто што силно се противи на она што ни го кажува современата наука.

Тоа е точно, но имаме причина во тоа сепак да веруваме.

Прво, Библијата ни вели дека тоа ќе се случи, а, ако ѝ веруваме на Библијата, тогаш можеме да му веруваме и на ова ветување

Еден младич станал новороден христијанин и сфатил дека мртвите спијат сè до првото воскресение, кога ќе станат од мртвите и ќе добијат бесмртност. Меѓутоа, како човек од секуларна средина, се мачел да поверува во нешто толку неверојатно, нешто толку поинакво од она што му го покажале некогаш науката или искуството.

Еден ден отишол до книжарница и купил некаков научен магазин. Во него имало фотографија на галаксија, а под неа пишувало дека постојат стотици милијарди такви галаксии, и дека секоја галаксија содржи стотици милијарди ѕвезди.

Во тој миг престанал да се колеба во врска со воскресението. Постојат милијарди и милијарди ѕвезди – далеку повеќе од вкупниот број луѓе што некогаш живееле на Земјата – навистина, тоа не го докажувало воскреснувањето на мртвите, но барем докажало дека Бог има моќ и способност далеку поголеми од сето она што може да го замисли човечкиот ум. „Ако Бог можел да ги создаде сите тие ѕвезди и да ги одржува“, помислил овој младич, „тогаш секако има моќ да ги воскреснува мртвите!“

Кога ќе затруби последната труба, ќе се оствари Христовото ветување за новиот живот

Исусовото воскресение 

Конечно, тука е и воскресението на Исус Христос. Како што проучувавме, постојат силни докази за неговото воскресение. Всушност, неговото воскресение е навистина единственото логично и разумно објаснување на случувањата што следеле по неговата смрт; а, според Павле, стварноста на неговото воскресение ни дава сигурност дека и ние ќе воскреснеме.

„Ако нема воскресение на мртвите, тогаш ни Христос не воскреснал; А ако Христос не воскреснал, тогаш е празна нашата проповед, празна е и вашата вера. При тоа се наоѓаме и како лажни Божји сведоци, дека сведочиме за Бога, дека Го воскреснал Христа, Кого не Го воскреснал; ако навистина мртвите не воскреснуваат. Зашто, ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал. А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови. Тогаш и оние, кои умреле во Христа, загинале. Ако само во овој живот се надеваме на Христа, ние сме најнесреќни од сите луѓе. Но сега, Христос воскресна од мртвите, како првенец на оние кои умреле“ (1. Коринќаните 15,13-20).

Павле Исус го нарекува „првенец на оние кои умреле“. Тоа значи дека Христос воскреснал пред нас, и оттаму е првенец, т.е. првиот принос од жетвата што се дава на Господа. Извесноста за неговото воскресение го прави сигурно и нашето воскресение.

Второто воскресение 

Бидејќи мртвите спијат, големата надеж за оние кои веруваат во Христа се состои во нивното воскреснување во тело, што се случува за време на второто доаѓање. Тоа е она што Библијата го нарекува прво воскресение.

„Блажен и свет е оној кој има дел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со него илјада години“ (Откровение 20,6).

Меѓутоа, подоцна настапува едно друго воскресение. Го проучувавме милениумот и видовме дека овие илјада години почнуваат со второто доаѓање, кога мртвите праведни ќе воскреснат и ќе одат на Небото, каде што ќе бидат „свештениците на Бога и Христа, и ќе царуваат со нив илјада години“. Исто така видовме дека, во текот на тие илјада години, Земјата ќе остане пуста, без живи луѓе.

Меѓутоа, тоа не е крајот на сè.

„Другите, пак, од умрените не оживеаја додека не се навршија илјада години. Тоа е првото воскресение…. А кога ќе се навршат илјада години, сатаната ќе биде пуштен од затворот свој, и ќе излезе да ги лаже народите по четирите краишта на земјата, Гог и Магог, и да ги собере за војна; нивниот број е колку морскиот песок. Тие излегоа по ширината земна и го заобиколија живеалиштето на светиите и возљубениот град; падна од Бога оган небесен и ги проголта“ (Откровение 20,5.7-9).

Овде најпрвин се вели дека „Другите, пак, од умрените не оживеаја додека не се навршија илјада години“. Кои се тие „други од умрените“? Тоа се оние кои не станале при првото воскресение. Тоа значи дека станува збор за загубени луѓе, оние кои не го прифатиле дарот на вечниот живот во Исуса Христа, оние кои избрале да живеат по своја волја.

Понатаму се вели дека тие „не оживеаја додека не се навршија илјада години.“ Имајќи ја на ум состојбата на мртвите, ова единствено може да значи дека таквите спијат во своите гробови сè до воскресението на крајот на илјада години. Тие не се во оганот на пеколот, ниту во лимбот, ниту каде било на друго место – тие спијат смртен сон сè додека не ги разбуди Животодавецот. Ова е воскресението во денот на судот за кое зборува Исус.

„Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување“ (Јован 5,28-29).

Ова се две различни воскресенија, но на загубените – како и на спасените – ќе им изгледа дека нивното воскреснување настапува миг по смртта, затоа што за време на смртта нема свест за течението на времето.

Божјиот оган ќе го уништи злото

Гог и мамог 

Претходните текстови од Откровение исто така зборуваат дека сатаната ќе биде пуштен од својот затвор – односно од опустошената Земја, како што видовме – по илјада години. Тој потоа се обидува да ги „мами народите“ и ние повторно го гледаме големиот измамник на дело. Овие „народи“ се загубени; тоа се воскреснатите луѓе по завршувањето на илјада години. Така сатаната е пуштен од својот затвор во исто време кога загубените станале од мртвите. Бројноста на овие луѓе е опишана како „песок морски“. Тие се нарекуваат „Гог и Магог“ – што претставува старозаветен симбол на бунтот против Бога (да се види: 38. глава од Книгата на пророкот Езекиел).

Што прават тие? Овие текстови велат дека сатаната, мамејќи ги како што тоа го правел и за време на нивниот поранешен живот, „ги собира на бој против логорот на светите и саканиот град“. Ова мора да се однесува на небесниот Ерусалим, покажан како слегува на Земјата:

„И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе. Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста променета за својот маж. И чув висок глас од небото како зборува: ’Ете го светиот шатор, светилиштето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог’“ (Откровение 21,1-3).

Сатаната го предводи ова мноштво во напад на Бога и неговиот народ во Новиот Ерусалим, а тоа е последниот јуриш во големата борба меѓу Христа и сатаната.

Што се случува тогаш?

„…Падна од Бога оган небесен и ги проголта“ (Откровение 20,9).

Истата содржина ја наоѓаме, со нешто поинаков опис, во следните текстови, само малку понатаму:

„А смртта и пеколот беа фрлени во Огненото Езеро. Тоа е втората смрт. И кој не беше запишан во книгата на животот, беше фрлен во Огненото Езеро“ (Откровение 20,14-15).

Останува да проучиме уште многу работи од оваа тема, и тоа ќе го допреме во следната лекција. Божјата Реч овде ни покажува дека конечниот суд еднаш засекогаш ќе ја оконча оваа голема борба. Навистина, токму по описот на небесниот Ерусалим, кој се спушта на Земјата, а кој потоа го напаѓаат сатаната и загубените луѓе, Библијата ни ги соопштува следниве зборови – зборови кои јасно говорат за конечното решение на сите проблеми низ кои сме минале – зборови исполнети со надеж за суштествата какви што сме ние, кои знаеле само за грев, смрт и солзи.

„И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21,4).

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.