12. Одмор и обновување

12. Одмор и обновување

Расеаност 

Алберт Ајнштајн бил познат по својата расеаност. Еднаш, возејќи се во воз, кога кондуктерот му се приближил, тој почнал да го бара својот билет. Откако го набљудувал подолго време како се обидува да го најде билетот, кондуктерот му рекол: „Професоре Ајнштајн, знам кој сте. Сигурен сум дека сте купиле билет. Не грижете се за тоа“.

Ајнштајн благодарно му кимнал со главата и кондуктерот продолжил понатаму. Откако ги проверил билетите уште на неколку патници, се свртел и го здогледал Ајнштајнa како на колена го бара билетот под седиштето. Кондуктерот се вратил до него и му рекол: „Професоре Ајнштајн, во ред е. Знам кој сте. Не морате да го барате билетот“.

Ајнштајн го подигнал погледот и рекол: „И јас знам кој сум, но ми треба билетот за да знам каде одам“.

Каде сме се упатиле?

Ова, како своевиден симбол, може да се однесува на многумина. Се раѓате, а тогаш се затекнувате себеси како живеете живот кој зависи од многу фактори кои не сте ги бирале вие, живот исполнет со многу прашања на кои не сте добиле одговор. Меѓу нив е и прашањето „Каде одам?“

„Бидејќи Сам Господ по заповед, на гласот на архангел и при труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господ во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господ“ (1. Солуњаните 4,16-17).
„И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе“ (Откровение 21,1).

Досега во овие лекции видовме дека оние што имаат доверба во Исуса знаат каде одат. Тие тоа го знаат затоа што се потпираат на Божјите ветувања како што е ова.

Ова се само некои од многубројните преубави ветувања кои ни го укажуваат нашето конечно одредиште, што е секако подобар и попосакуван крај од оној што ги очекува многубројните луѓе со секуларни погледи. Еве го славното гледиште на еден атеист, Бертранд Расел:

„Дека човекот е производ на фактори кои не се насочени кон некоја цел, дека неговото потекло, растењето, неговите надежи и стравови, неговите љубови и неговите верувања не се ништо друго освен последица на случаен спој на атоми; дека никаков жар, никаков хероизам, никаква сила на мисли и чувства не може да го зачува поединечниот живот од гроб; дека сиот сјај на човечкиот гениј во неговиот зенит е одреден да изумре во огромната смрт на Сончевиот систем“.

Колку благодарни можеме да бидеме на тоа што не само што имаме надеж во далеку подобра иднина, туку и располагаме со добри, логични и разумни причини за таа надеж.

На патот кон конечната дестинација

Што правиме ние?

Како што проучувавме, ние се наоѓаме среде голема војна, војна што многумина од нас ја чувствуваат и ја гледаат – буквално борба за нашите срца и умови, а дел од самата борба се состои во тоа да не заборавиме која е нашата конечна цел. Лесно е да бидеш вовлечен во секојдневната борба за преживување до таа мера да го изгубиме од вид она што е навистина важно, потиснувајќи ја во заднината на животот свеста за Бога кој нè создал и нè откупил, и кој ни нуди нешто што овој свет никогаш нема да може да го даде. Без оглед на недобројното мноштво конкретни манифестации на големата борба, и во нас и околу нас, сатаната секогаш триумфира кога ќе успее да нè наведе да живееме повеќе за овој свет отколку за оној што доаѓа.

Ние можеме да бидеме толку лесни цели затоа што сме презафатени. Без оглед на брзината на нашите компјутери, интернет-врските, нашите комуникации и пратените и примените информации – кој чувствува дека има доволно време? Кој не е под стрес?

Тоа може да се претвори во формула. S нека биде брзината со која се движиме и ги завршуваме работите, а Q нека биде времето што ни преостанува по движењето со брзината S.

Ова е следната формула: Колку е поголемо S, толку е помало Q.

Тоа може да се опише и вака: колку побрзо се движиме, побрзо ќе ги извршуваме работите, а ќе имаме помалку време. За жал, колку побрзо се движиме, толку ни е попотребен одмор. Сепак, сè додека не се натераме себеси, додека не вложиме напор, ние и понатаму ќе брзаме, и брзаме, сè повеќе и повеќе. Таква е природата на општеството во кое живеат повеќето од нас.

Решението на седмиот ден

Меѓутоа, Бог ни дал моќен противотров. Дури и пред појавата на гревот, Бог ја дал саботата (види 1. Мојсеева 2,1-3). Ја наоѓаме и во неговиот Закон, кој, како што видовме во претходната лекција, сè уште го дефинира гревот, сè уште ни покажува што е правилно а што погрешно, и сè уште е дадено „за да ти биде добро“ (5. Мојсеева 10,13).

Каква е природата на оваа заповед? Таа се однесува на саботата (еврејски „шабат“, што значи „одмор“) и, како и за другите девет заповеди, заповедано ни е да ја почитуваме и оваа. Кој, сред нашата „луда трка“, не може да види колку е добар за нас седмичниот одмор?

Читаме:

„Помни го саботниот ден, за да го празнуваш. Шест дена работи, и врши ги во нив сите свои работи; а седмиот ден е сабота Господова, ден на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката
твоја, ни добитокот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе. зашто за шест дена ги создаде Господ небото и земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети“ (2. Мојсеева 20,8-11).

Да, заедно со другите девет – кои ги вклучуваат заповедите за кражба, идолатрија, убиство, прељуба итн. – се наоѓа и заповедта дека човекот треба да се одмора во седмиот ден.

Потребен ни е седмичен одмор

Спасени со благодатта, зар не?

Но, нели е тоа легализам? Не сме ли ние спасени со благодатта, без делата на законот?

Секако дека сме; на таа тема посветивме и некои лекции: се спасуваме со вера, а не со држењето на заповедите. Сепак, спасението само со вера не значи дека сме спасени за да продолжиме да грешиме; во исто време, како што видовме, законот – Десетте заповеди – го дефинираат гревот.

А што вели Библијата во врска со гревот?

„Што, пак, да речеме? Ќе останеме ли во гревот, за да се наголеми благодатта? Никако Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште?“ (Римјаните 6,1-2)

Со други зборови, дали ние продолжуваме со прељубата, крадењето, убиството – на кои се однесуваат другите од Десетте заповеди – за да се умножи благодатта? Павловиот одговор гласи: „Никако!“

Замислете дека, како Исусов следбеник, се наоѓате во искушение да прекршите некоја заповед – во поглед на кражба, прељуба, што било. Вие, во Исусово име, се опирате на тоа искушение. Некој подоцна ве искушува велејќи: „Слушни ваму, ти легалисту, зар не знаеш дека си спасен со благодатта, и дека нема да го заслужиш небото со чесност и чистота?“

Смешно е, зар не? Речиси ниеден христијанин нема да го каже тоа кога се работи за која било заповед, освен за четвртата – која наложува да се почитува саботата.

Како е можно некои луѓе единствената заповед посветена на одморот, единствена која изрично зборува за тоа и им дава на луѓето посебна можност да се одморат, да ја претворат во општ симбол на оправдување со дела?

Вистински одмор во Христа

Наместо да биде симбол за оправдување со дела, саботата е најстариот симбол на одмор што го наоѓаат Божјите луѓе во него. Почнувајќи од времето кога Адам и Ева живееле во Едем до новозаветниот одмор што го имаат Божјите следбеници благодарение на Христовото дело на откупување, саботата е вистински показател за одмор кој Христос им го нуди за сите.

„Но, за народот Божји сè уште останува саботната починка. Зашто, кој ќе влезе во спокојот Негов, тој ќе се одмора од делата свои, како и Бог од своите. И така, да се погрижиме да влеземе во оној спокој, та да не би некој да падне во слична непослушност“ (Евреите 4,9-11).

Секој може да каже дека се одмора во Христа и секој може да каже дека е спасен со благодатта; но одморањето во сабота, на седмиот ден, претставува видлива пројава на тој одмор; тоа е отелотворување на она што значи да се биде покриен со неговата благодат. Седмичниот одмор од секуларните, световните работи, претставува израз за одмор во кој Христовите следбеници вистински уживаат во севкупното дело коешто Христос го остварил за нив.

Исус исцелува во сабота

Исус и саботата

Но, зар Исус не ја укинал светоста на саботата и ја заменил со недела? (Следната лекција зборува за оваа промена.) Не, Библијата јасно кажува дека на Исуса му било важно да се почитува саботата. Никогаш не се зборувало за нејзиното укинување или за промена на тој ден.

„И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па стана да чита“ (Лука 4,16).

„По обичајот Свој…“ Ако Исус сакал да ја укине или да ја промени саботата, Тој овде секако не дал ни најмало навестување за такво нешто. Исто така, ако планирал да ја укине или да ја промени, требало тоа да го стори пред својата смрт. Злосторство е по нечија смрт да се менува неговата последна волја или тестаментот (да се види: Евреите 9,16-17). Ова ни помага да разбереме зошто целокупниот текст на Новиот завет покажува дека сите апостоли и Црквата по Исусовата смрт ја почитувале само саботата. Промените се воведени дури многу подоцна, но од политички причини, а не од духовни.

Некои тврдат дека Исус, како Евреин, ја почитувал еврејската сабота. Меѓутоа, ова објаснување е проблематично зашто седмиот ден, саботата, не е еврејски. Имено, Исус, нашиот Создател (Јован 1,1-3) го востановил – и почитувал – седмиот ден, сабота, уште во Едем.

„Така се довршија небото и земјата и сето нивно воинство. Седмиот ден Бог ги заврши делата Свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде“ (1. Мојсеева 2,1-3).
„Потоа продолжи: ’Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата“ (Марко 2,27).

Овие стихови го докажуваат следново:

Прво, саботата постоела уште пред гревот, што е значаен аргумент против замислата според која саботата е укината на крстот.

Второ, седмиот ден, саботата, не е еврејска, туку е создадена многу пред создавањето на Евреите. Евреите ја почитувале, тоа е вистина, сепак не ја прави исклучиво еврејска, како што ни славењето Божиќ во Македонија не го прави овој празник само македонски. Божиќ настанал пред Македонците; не го измислиле Македонците, а го слават и многу други народи освен нив. Исто е и со Евреите и саботата. Саботата постои уште од времето кога немало Евреи, кои не ја измислиле; освен тоа, ја одбележуваат и други, а не само Евреите. Значи, саботата не е исклучиво еврејска, исто како што ни Божиќ не е исклучиво македонски.

Исус, почитувач на саботата

Еве уште еден опис на Исусовиот однос спрема саботата:

„И Му се случи во саботен ден да минува преку нивјето, и врвејќи, учениците Негови почнаа да кинат класје. А фарисеите Му рекоа: ’Гледај, зошто го прават учениците во сабота тоа, што не треба да се прави?‘ Но Тој им рече: ’Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога огладне тој и оние, што беа со него? Како влезе во храмот Божји, во времето на првосвештеникот Авијатар, ги изеде приставените лебови од жртвеникот, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, што беа со него!‘ Потоа продолжи: „Саботата е создадена за човекот, а не човекот за саботата. Па така, Синот Човечки е господар и на саботата“ (Марко 2,23-28).

Споменативе текстови допираат многу спорни прашања, но почитувањето на саботата не е едно од нив, напротив. Зошто Исус би нагласувал дека саботата „е создадена за човекот“ ако саботата требало да се укине? Всушност, Исусовите последни зборови во овој пасус – „Синот Човечки е господар и на саботата“ – се многу чудни ако Тој имал намера да ја укине.

Фактот дека Исус поминал повеќе време учејќи ги луѓето како да ја држат четвртата заповед отколку што се занимавал со некоја друга. Зошто тоа би го правел ако саботата морала да биде укината?

Наоѓаме уште еден пример во Лука 13 глава. Еден од водачите бил бесен затоа што Исус исцелил една болна жена во сабота, иако ништо во Библијата не говорело дека е погрешно во сабота да се лекуваат болни. Како одговорил Исус на тоа? Ова на силен начин ни открива дека Исус се борел против човечките поимања за почитувањето на саботата, засновани на човековата традиција, а не против самото почитување на саботата.  

„Но Господ му одговори и рече: ’Лицемере, не го одврзува ли секој својот вол, или магаре, од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? А оваа ќерка Авраамова, што ја врзал сатаната еве веќе осумнаесет години, зарем не требаше да се ослободи од тие ланци во сабота?‘“ (Лука 13,15-16)

Уште еднаш потсетуваме: овде се говори за тоа како се почитува овој ден, а не за тоа дали воопшто треба да се почитува.

Саботата е создадена за човекот

Саботен одмор

Воочете што им рекол Исус на своите следбеници кога зборувал за уништувањето на Ерусалим – кое ќе настапи неколку децении по неговата смрт:

„Затоа молете се да не стане бегањето ваше зиме или во сабота“ (Матеј 24,20).

Зошто им го рекол ова ако Исус имал намера да ја укине саботата?

Уште повеќе докази дека седмиот ден е сабота, се поврзани со Исусовата смрт и настаните кои уследиле подоцна. Библијата јасно вели дека, кога Тој умрел, „Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше“ (Лука 23,54). Библијата оди понатаму велејќи дека, откако жените го подготвиле неговото тело за погреб, „а во саботата одмораа според заповедта“ (Лука 23,56). Тогаш, која заповед би била таа ако не четвртата? Ако Исус навестил дека оваа заповед би била укината или променета, дури по неговата смрт, овие жени не знаеле ништо за тоа. Лука дури и нагласил дека тие ја почитувале саботата „според заповедта“.

Разгледајте ги сега овие текстови:

„Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси. Но ја најдоа плочата иставена на гробот. И кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус“ (Лука 24,1-3).

Така Исус умрел во петок, денот за подготовка за сабота, се одморал во гробот в сабота, а тогаш станал од гробот во првиот ден од седмицата – во работен ден. Кога Исус го довршил своето дело на откупување, Тој на крстот повикал: „Се сврши!“ (Јован 19,30), што нè враќа на почеток, кога Тој го довршил своето дело на создавањето:

„Така се довршија небото и земјата и сето нивно воинство“ (1. Мојсеева 2,1).

И, повторно, што направил Тој по довршувањето на своето прво дело?

„Седмиот ден Бог ги заврши делата свои, што ги направи; и си отпочина во седмиот ден од сите дела свои, што ги создаде“ (1. Мојсеева 2,2).

Неколку илјади години подоцна, по довршувањето на делото на откупување, Исус исто така се одморал седмиот ден, в сабота, но овој пат во гробот.

Кој го смислил ова? Кога ги завршил двете свои дела – создавањето и откупот – нашиот Господ се одморал седмиот ден, в сабота. Според заповедта, и ние така треба да постапуваме. Така, Новиот завет вели:

„Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5,3).

Држењето на саботата е проглас на слободата

Прегорување?

Тешки? Напротив. Тие се сè само не тоа. Особено саботата, која е тука да ни помогне да се ослободиме од товарот на напорниот живот!

Во осумдесеттите години на 19. век, славниот руски писател Лав Толстој напишал куса приказна со наслов „Колку земја му е потребна на човека?“ Во неа, еден селанец по име Пахом мисли: „Ако имам доволно земја, нема да морам да се плашам од ѓаволот“.

Самиот ѓавол, слушајќи го, тивко одговара: „Ќе се бориме. Ќе ти дадам доволно земја, а тогаш со нејзина помош, ќе те покорам“.

Во секој случај, подоцна Пахом дознава за Башкирите, луѓето кои евтино продаваат земја. Пахом оди кај Башкирите, а тие му нудат земја за илјада рубли. Колку ќе може да пропешачи за еден ден, толку ќе може да купи за своите илјада рубли, но под еден услов: „Ако истиот ден не се вратиш таму од каде што си тргнал“, му рекле, „ќе ти пропаднат парите“.

Пахом тргнува возбуден, одејќи и чекорејќи без запирање, означувајќи ги границите на таа богата, необработена земја која наскоро ќе биде негова. Тој продолжува да оди и оди додека може, а тогаш се свртува. Иако преминал доволно земја, тој наскоро сфаќа дека мора да се врати, во спротивно сè ќе загуби. Така снеможен, тој сфаќа дека нема време за губење, дека сонцето е веќе на заоѓање, и ако не се врати веднаш, сè ќе биде загубено. Тој трча колку што може, во паника дека ќе задоцни. А тогаш, додека се приближува до местото од каде што тргнал, Пахом паѓа и умира.

Толстој вака ја завршува оваа приказна: „Неговиот слуга ја зеде дуријата и ископа доволно долг гроб за Пахом и го погреба. Метар и осумдесет и пет од глава до петици, само толку земја му беше потребно.“

Каков впечатлив симбол на опасност за да се вплеткаме во работите на овој свет – и чуму сето тоа? Еден метар и осумдесет и пет сантиметри земја? Не одиме ли таму на крајот?

Тоа е уште една причина зошто ни е дадена четвртата заповед: за да можеме да живееме и да доживееме духовен одмор што го имаме во Исуса, да можеме да одвоиме време да застанеме и да здивнеме, и тогаш да се сетиме не само од каде потекнуваме, туку и каде одиме.

Почитувајќи ја саботата, ние откриваме дека не сме робови на работата, дека не сме робови на заработувањето, дека не сме робови на предметите на овој свет. Ако работиме и прегоруваме, тогаш, го признале ние тоа или не – ние сме робови.

Наспроти тоа, почитувањето на саботата е наш проглас – проглас на слободата, слободата што ја имаме во Христа, кој ни ветил:

„Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11,28).

Ништо повеќе не го покажува тој одмор на конкретен и вистински начин како времето за одморање од овој свет што го добиваме секоја седмица држејќи ја четвртата заповед.

Во една од наредните лекции ќе ја откриеме улогата што ја има седмиот ден, саботата, во завршните појави на овој драматичен судир на планетата Земја.

„Бидејќи љубовта кон Бога се состои во ова: да ги пазиме заповедите Негови, а Неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5,3).
 

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.