14. Откријте го пророштвото за 1260 денови

14. Откријте го пророштвото за 1260 денови

1260 денови

По што се посебни 21 мај 1988 година, 6 септември 1994 година, како и 21 мај и 21 октомври 2011 година? По ништо особено, освен што за тие денови е најавуван крајот на светот. Тврдејќи дека го открил нумеричкиот код на Библијата, радиопроповедникот Харолд Кемпинг тврдел дека на тие датуми вистинските христијани ќе бидат земени на Небото, додека оние што ќе останат на Земјата ќе се соочат со конечното уништување.

Меѓутоа, до тоа не дојде, нели?

Низ целата историја луѓето ја користеле Библијата за да дојдат до датумот кога ќе се случат големите настани кои го обележуваат крајот на времето. Во поголем дел случаи – и секојпат кога го предвиделе крајот на светот – тие очигледно немале право. Сепак, не поминува ни една година а некој да не истапи со смела најава за некое идно случување, заснована на наводниот нумерички код откриен во Библијата.

Ваквите предвидувања ги мамат лековерните, збунуваат некои други, им ја уништуваат верата на многумина, и главно, оставаат лош впечаток за христијаните – иако голем дел од христијаните не веруваат во ваквите предвидувања, ништо повеќе отколку некои атеисти. Исус за своето второ доаѓање рекол: „…А за оној ден и час, никој не знае…“ (Матеј 24,36). Тој рекол дека ќе можеме да знаеме кога е „близу“, а не кога дошол (Матеј 24,33).

Сепак, Бог навистина ја вклучил временската димензија во многу пророштва кои не се однесуваат на времето на неговото второ доаѓање. Ако ѝ веруваме на Божјата реч, треба да ги разгледаме овие пророчки синџири на настаните.

Целта на пророштвата

Неостварените предвидувања покажуваат колку физичарот Нилс Бор бил во право кога се пошегувал: „Многу е тешко да се оствари точно предвидување – особено за иднината“.
Оние кои се занимаваат со вакви предвидувања, како и оние кои на тој начин ги мамат другите, би можеле да си заштедат многу непријатности и повреденост кога би ја сфатиле целта на библиските пророштва и зошто ни ги дал Бог.

„Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека е близу, пред врата!“ (Марко 13,29).
„Отсега ви кажувам, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате дека сум Јас“ (Јован 13,19).
„И сега ви кажав, уште пред да се изврши, та кога ќе се изврши, да поверувате“ (Јован 14,29).

Исус вели дека целта на пророштвата е да ја зацврстат верата на оние кои ќе го доживуваат нивното исполнување. Оние кои ги чуле пророштвата, а потоа виделе како се исполнуваат, зајакнале во верата. Целта на едно пророштво првенствено не е да ни каже што ќе биде, иако тоа е негов дел. Пророштвото е најмоќно кога предвидените случувања ќе се остварат, а тоа се однесува и на настани што се случиле многу одамна.

Во извесна смисла, пророштвото е врзано и за минатото и за иднината.

Целта на пророштвата е да ја зацврстат верата

Книгата на пророкот Даниел, 2. глава

Веќе го проучивме восхитувачкото пророштво од 2. глава на Даниел, кое зборува за историјата на светот, од древниот Вавилон – повеќе од шестотини години пред Христа – сè до денешни дни и подоцна.

Низ царствата во втората глава на книгата на пророк Даниел, кое е претставено со статуа направена од различни метали, одговара следнава низа:

 
 Даниел 2. глава
 Вавилон
 Медо-Персија
 Царството на Александар
 Македонски
 Рим
 Божјото царство

 

Денес, кога ќе се навратиме наназад, можеме да видиме како сите тие предвидувања за земските царства – напишани 600 години пред Христа – прецизно се исполниле. Затоа размислете за предноста што ја имаме ние денес кои знаеме за овие пророштва, во споредба со некој кој живеел, на пример, во времето на Медо-персиското царство. Тој ни одблизу ја немал историската потврда на овие пророштва што ја имаме ние денес. Овие исполнети предвидувања ни помагаат да ја засилиме верата во Божјата Реч.

Даниел 7

Проучувајќи ја замената на саботата со недела, исто така видовме дека 7. глава на Даниел ја прикажува истата низа како и во 2. глава, само подетално. Во тој поглед, пророкот Даниел сонувал сон во кој четири ѕверови излегле од морето.

„Во првата година на Валтазар, вавилонскиот цар, Даниел виде сон пророчки и виденија во главата своја врз своето легло. Тогаш тој го запиша тој сон, откако го забележа главното. Велеше вака: Видов во ноќното свое видение, а таму, четири небесни ветра го брануваа Големото Море, и четири големи ѕвера излегоа од морето, секој поинаков од другиот“ (Даниел 7,1-3).

Понатаму во истата глава, на Даниел му е речено дека овие четири ѕверови претставуваат четири цара (Даниел 7,17) или царства кои ќе се појават во наредните векови – истите оние царства од 2. глава на Даниел – Вавилон, Медо-Персија, царството на Александар Македонски и Рим. Оваа глава завршува со Божјото вечно царство, како и 2. глава.

Седмата глава на Даниел, меѓутоа, подолго се задржува на четвртото царство – Рим – а особено на малечкиот рог кој излегува од него и кој, како што видовме, го претставува папскиот Рим. Оваа глава исто така го опишува небесниот суд кој се случува по Рим, а пред доаѓањето на Божјото царство во текот на Второто доаѓање. По судењето за кое зборува ова пророштво, Бог го воспоставува своето вечно царство. Значи, ако ги споредите 2. и 7. глава, тие би изгледале вака:

„Ги гледав тие рогови, и ете, меѓу нив се појави уште еден мал рог, а три од првите рогови беа од корен истргнати пред него; на тој рог имаше очи, како човечки очи, и уста што горделиво се фали. Видов најпосле дека се поставија престоли и седна Старец; облеклото му беше бело како снег, а косата на главата Негова како чиста волна; престолот Негов личеше на огнен пламен, со тркала како оган што пламти. Река огнена излегуваше и минуваше пред Него; илјада илјади му служеа, и десетина илјади по десет илјади стоеја пред Него; седнаа судиите и книгите се отворија“ (Даниел 7,8-10).

По судењето за кое зборува ова пророштво, Бог го воспоставува своето вечно царство. Значи, ако ги споредите 2. и 7. глава, тие би изгледале вака:

Даниел 2. глава
Даниел 7. глава
Вавилон
Вавилон
Медо-Персија
Медо-Персија
Царството на Александар Македонски

Царството на Александар
Македонски

Рим
Рим (пагански/папски)
 
Судење на небото
Божјото вечно царство
Божјото вечно царство

 

 

Пророчко време

Ако се вратиме на 7. глава на Даниел, и ако обрнеме внимание на посебната сила на малиот рог, кој е дел од четвртиот ѕвер, Рим, ние во Даниел го наоѓаме првото пророштво кое го вклучува пророчкиот период. Ова е од клучна важност бидејќи ни помага да сфатиме, прво, како функционира пророчкиот период, и, второ, како да ги протолкуваме многубројните пророчки синџири на настаните во Библијата.

Да го спомнеме уште еднаш, за да се присетиме, делот од пророштвото што се однесува на четвртата сила од 7. глава на Даниел – Рим – во паганската и во папската фаза:

„Освен тоа тој рече: ’Четвртиот ѕвер го означува четвртото царство што ќе постои на земјата, различно од сите царства и што ќе ја голтне целата земја, ќе ја гази и ќе ја измачува. А десетте рогови значат дека од тоа царство ќе се кренат десет цареви и потоа ќе се појави друг, поинаков од поранешните и ќе ги покори трите цара. И против Севишниот ќе зборува и ќе ги угнетува светиите на Севишниот; дури ќе си помисли да ги измени празниците нивни и закони, па тие ќе бидат предадени во раката негова за време од три и пол години’“ (Даниел 7,23-25).

Кога станува збор за другата фаза на Рим, тука пишува дека „светите“ – што е термин за Божјиот верен народ – ќе ги прогонува оваа сила на малиот рог. Оние кои ја познаваат историјата на Европа, ја знаат тажната приказна за тоа како официјалната Црква со векови ги прогонувала оние кои своите верувања ги засновале на Божјата реч, а не на човечката традиција.

Колку долго?

„Па тие (светите) ќе бидат предадени во раката негова за време од три и пол години“ (Даниел 7,25).
„И Светите ќе бидат предадени во негови раце за едно време и за две времиња и за половина време“ (Исто; според преводот на Константинов).

Што значи за едно време, за две времиња и за половина време?

Како прво, овој израз очигледно се однесува на времето!

Второ, ова е првиот пророчки период кој е воведен во симболиката на 2. и 7. глава на Даниел.

Трето, овој период не укажува на уништување на силата на малиот рог, ниту на второто Исусово доаѓање.

Што значи за време и за две времиња и за половина време? Едноставно, време е една година, времиња се две години, а половина време е половина година. Всушност, ова е пророчкиот израз кој означува три и пол години.

Да го погледнеме доказот за тоа.

Врската меѓу Даниел и Откровението

Тоа значи дека во тој период од три и пол години светите ќе бидат предадени во рацете на силата на малиот рог, што е во врска со стихот во кој се вели дека тој ќе ги сотрува светите на Сeвишниот; и ќе ги угнетува светите на Севишниот (Даниел 7,25). Тоа прогонство ќе се одвива во текот на тој период. Тринаесеттата глава на Откровение опишува (користејќи поинакви симболи) како таа иста сила повторно се јавува на крајот на времето и игра значајна улога во последниот судир. Суштината е во тоа што периодот на Рим не завршува по истекот на овој период, туку само оваа фаза на прогонство. Рим ќе се врати на сцената.

Говорејќи за истата појава – прогонството на црквата – иако користи поинаков симболички јазик, Откровението пишува:

„И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни за едно време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата“ (Откровение 12,14).

Воочете дека „за едно време, две времиња и половина време“, се појавуваат како во Даниел 7,25.

Исто време – Различни изрази

Истата таа слика – жена во пустина во текот на истиот период – е опишана во Откровение уште еднаш, само неколку стихови порано:

„А жената избега во пустината, каде што имаше што Бог и го приготви, за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена“ (Откровение 12,6).

Така Библијата почнува да се толкува самата себеси кога ќе ги споредиме текстовите едни со други. Значи овде истиот временски период се однесува на ист настан, само што е поинаку изразен: за едно време, две времиња и половина време = 1260 денови.

Понатаму, забележете дека јазикот во следниов текст од книгата Откровение е многу сличен со јазикот од 7. глава на Даниел, во текстот за малиот рог. Забележете дека и овој текст дава временска рамка:

„Нему му се даде уста што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеци“ (Откровение 13,5).

Се сеќавате што кажа Даниел за малечкиот рог?

„Тој ќе хули на Сeвишниот, ќе ги сотрува Светите на Сeвишниот; ќе помислува да ги измени времињата и Законот, и Светите ќе бидат предадени во негови раце за едно време и за две времиња и за половина време“ (Даниел 7,25).

Погледнете го сега уште еднаш овој стих:

„И му се даде уста, која зборува големи зборови и богохулства, и му се даде власт да прави така четириесет и два месеца“ (Откровение 13,5).

Колку изнесуваат тие 42 месеци?

 
12 месеци
1 година 
 
24 месеци
2 години
 
6 месеци
половина година
Вкупно:
42 месеци
3,5 години

 

Како што видовме веќе, три и пол години е еднакво на 1260 денови. Така, три и пол години, 42 месеци и 1260 денови во овие пророштва се однесуваат на ист временски период.

3,5 години = 42 месеци = 1260 денови

Затоа со сигурност можеме да заклучиме дека во пророчкото време една година има 360 денови, затоа што 3,5 години одговараат на 1260 денови. Ние не зборуваме за години во нашиот календар, туку за библиски пророчки години, при што секоја таква година има 360 денови.

 
1 година 
360 дена
 
2 години
720 дена 
 
половина година 
180 дена 
Вкупно:
3,5 години
1260 дена

 

Кога овие стихови ќе се согледаат заедно, тие ни даваат цврст темел за разбирање на значењето на пророчкото време што е дадено во овие паралелни текстови.

Ламјата тргнува да ја нападне жената (црквата)

Исус и неговиот народ

ЗАБЕЛЕЖЕТЕ ГО ОВА: Откровение 12,1-4 зборува за змев (ламја или аждер) кој напаѓа машко дете – а тоа е Исус. Овој напад започнал во текот на неговото раѓање, немилосрдно продолжил од времето на неговото крштавање во 27. година, во текот на три и пол години служба, сè до 31. година од нашата ера. Ова се буквалните три и пол години или 42 месеца или 1260 денови. Тоа е интересно!

Потоа текстовите (Откровение 12,6.14) велат дека ламјата (сатаната) тргнува во напад на жената (црква). Колку долго тој тоа го прави? Како што видовме – три и пол години, 42 месеца или 1260 денови.

Начелото „Ден за година“

Ако се земат буквално овие стихови од Даниел и Откровение, кои зборуваат за периодот на прогонствата што ги спроведувала институцијата на Црквата, покажуваат дека имаме голем проблем. Секој кој го знае минатото, знае дека Црквата имала политичка и верска превласт во текот на речиси целата историја на Европа – од воспоставувањето на Римската црква, од половина милениум по Христовото распетие, па сè до, практично, 19. век. Како овој текст може да каже дека прогонството траело само три и пол буквални години?

Бог се послужил со симболичко претставување на времето. Со споредување на текстовите, откривме дека симболичкиот период претставува подолг буквален период. Тоа е познато како начело „ден за година“. Тоа едноставно значи дека, во пророчкото пресметување, еден ден претставува една година.

На пример, да ги погледнеме следниве текстови:

„Според бројот на деновите во кои ја согледувавте земјата – четириесет денови; за секој ден една година – четириесет години ќе ги носите вашите беззаконија, за да знаете што значи да се биде оттуѓен од Мене“ (4. Мојсеева 14,34).

Секој ден претставува година. Еден пророчки ден, една граѓанска година. Четириесет денови, четириесет години. Овде го гледаме клучот „ден за година“ за временското пророштво.

Еве уште едно:

„И кога ќе ги исполниш, повторно легни, но сега на својата десна страна и четириесет денови носи го беззаконието на домот Јудин, ден за година, ден за година ти определив“ (Езекиeл 4,6).

Повторно гледаме дека еден ден е една година; значи, тоа е начелото „ден за година“.

Прогонството на христијаните во Римската империја, Алесандро Гај

Уште едно прашање

Како можеме да бидеме сигурни дека овој принцип може да се примени на пророштвата на пророкот Даниел и книгата Откровение?

Добро прашање.

Како што веќе порано покажавме во оваа лекција, целта на пророштвата е да ја утврдат нашата вера, како и да ни пружат надеж во иднината. Во четвртата лекција на првиот курс видовме дека стотината пророштва укажуваа на Месија – Помазаникот, и дека тие се исполниле во Исуса Христа – Помазаникот.

Едно од тие месијански пророштва го содржи и временскиот синџир кој се наоѓа во Даниел 9. Тоа прецизно укажува на времето на Исусовото крштавање и неговото распнување.

Пророштвото од Даниел 9 покрива 70 седмици. Ако ги сфатиме буквално – тоа е една година и 18 седмици, или 490 буквални денови – што нема никаква смисла. Меѓутоа, ако 70 седмици претставуваат дел од симболички искажано пророштво, има смисла да ги толкуваме пророчки – каде што еден пророчки ден претставува една буквална година. Кога правиме така, тогаш има смисла во целост. Исус го исполнил тоа симболичко пророштво кога ќе сфатиме и ќе го примениме принципот „ден за година“. Тие случувања сега се историја. Исполнувањето на тоа пророштво ја потврдува нашата вера и нè уверува дека сме на сигурен терен во толкувањето на пророчкото време со примената на начелото „ден за година“.

Понатаму, 7. глава, како и 2. глава, покрива неколку илјади години од историјата – од Вавилонското царство, до Христовото време, преку средниот век, па сè до нашето време и иднината пред нас. Со тоа се покриени над 2600 години.

Сфатено како буквални 1260 денови, 42 месеца или 3,5 години – ова пророштво нема смисла. Прогонството и тиранијата од страна на силата на малиот рог траело со векови – повеќе од илјада години! Меѓутоа, кога го користиме библискиот клуч „ден за година“ за симболичкото пророчко време, тогаш историјата го исполнува тоа пророштво.

Не заборавајте дека ова е симболичко пророштво – погледнете ја одново 7. глава на Даниел. Ова пророштво не говори за лавот кој има орелски крилја, ниту за рисот со четири глави, ниту за ѕверот со железни заби, ниту за рогот. Сите тие се симболи, слики кои укажуваат на нешто поголемо од нив самите.

Според тоа, сред сиве овие пророчки симболи, при што ниту еден од нив не треба да се земе буквално, зар не е логично дека ова временско пророштво треба да се сфати симболично, а не буквално?

Истото важи и за пророштвото во Откровение 13. Тука се зборува за истата сила, која во истиот период постапува еднакво. Забележете дека ова во Јовановото време сè уште било иднина!

„А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена“ (Откровение 12,6).
„И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни за едно време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата“ (Откровение 12,14).

Откровението не говори за буквална жена со орловски крилја која се крие од змија. Тоа се симболи за црква, која е прогонета и која бега и се крие. Ако сите тие се симболи, тогаш е во согласност со Библијата и логично е и временското пророштво да е симболичко.

Прогонство

Што сè наоѓаме во ова пророштво?

Што се однесува до малечкиот рог, наоѓаме верска сила, продолжение на Рим, сила која прогонува, сила која изникнува директно од паганскиот Рим, сила која владее низ временски период барем од 1260 години.

Што може да биде тоа освен папскиот Рим? Тој совршено се вклопува. Ако 1260 години започнуваат во 6 век, а тоа е почетокот на папската политичка контрола, тогаш 1260 години завршуваат некаде кон крајот на 18. или почетокот на 19. век, кога папската политичка контрола тукуречи се завршува. Всушност, некои теолози дале точни датуми: 538 г. по Христа– година пресвртница во подемот на папскиот Рим кон политичката моќ, до 1798 г. – кога францускиот генерал Бертие влегол во Рим и го заробил папата.

За нас овде е значајно следново – со примена на принципот „ден за година“, можеме да видиме како ова пророштво се протега низ поголем дел од историјата на Европа, до почетокот на современата доба.

Бог ни го дал пророштвото за подемот на моќта на антихриста и долгиот период на прогонството. Тој ни говори дека ги предводи случувањата во овој епски судир. Сиве овие пророштва завршуваат со воспоставување на Божјото вечно царство и со крајот на бунтот. Тоа нам сега ни дава надеж; тоа е нешто на што можеме да се радуваме!