6. Промена на умот

6. Промена на умот

Библиска заднина:
Делата на апостолите 15,1 – 16,40

Павле сфатил дека не е лесно да се прифати Исус. Навистина требал да доживее „гром од ведро небо“ пред самиот тој да биде подготвен целосно да го промени својот живот. И покрај своето огромно знаење, Павле не бил во состојба да ја прифати визијата за променетиот и спасен свет, па дури ни да ја разбере неговата потреба за обратување. Потоа го сретнал Исуса.

Приказната продолжува…

Наместо да подзапре и да се одмори во Антиохија, Павле се нашол среде некои сериозни судири.

Бил известен дека делото во Галатија се наоѓа во опасност поради влијанието на лажните пророци од Ерусалим, но не само тоа, туку дури и некои од апостолите предизвикале немир и проблеми.

Апостол Петар ја посетил Антиохија и едно време сè било во ред. Тој ручал заедно со обратените незнабошци во црквата, како што го сторил тоа и во текот на обратувањето на Корнелиј и неговиот дом. Меѓутоа, кога од Ерусалим стигнала новата делегација која се држела до старите традиции во врска со ритуалите на прочистување, Петар престанал да доаѓа на заедничкиот ручек. Кога Петар, нивниот водач, престанал да им се придружува на оброкот, сите христијани од еврејството почнале да се колебаат.

„А кога дојде Кифа во Антиохија, јас лично му се спротивставив, зашто беше заслужил осудување. Имено, пред да пристигнат некои од Јаков, тој јадеше заедно со незнабошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, бидејќи се плашеше од обрезаните. Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што со нивното лицемерие беше заведен дури и Варнава“ (Галатјаните 2,11-13).

Павле сметал дека е неопходно јавно да му се спротивстави на Петар и тоа се покажало како успешен пристап. Спорното прашање веднаш било решено.

Следното што му го привлекло вниманието на Павле биле неколкуте проблеми што искрснале во црквите во Галатија. Наместо веднаш да ги посети, Павле прво им напишал послание. Тоа е едно од неговите најемотивни посланија, со оглед на тоа дека многу работи биле доведени во опасност.

„О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса (та не се покорувате на вистината) вас, пред чии очи Исус Христос беше јасно насликан распнат меѓу вас?“ (Галатјаните 3,1)

„О, да беа отсечени оние што ве бунеа!“ (Галатјаните 5,12).

„Чеда мои, за кои сум пак во родилни маки, додека не се обликува во вас Исус Христос, сега би сакал да бидам меѓу вас и да ви се обратам со поинаков тон, бидејќи сум во недоумица за вас“ (Галатјаните 4,19-20).

„Се чудам што така брзо се одвратувате од Оној Кој ве повика преку благодатта Христова, и преминувате кон друго Евангелие, зашто и нема друго Евангелие, но има такви кои ве бунат и сакаат да го изопачат Евангелието Христово. Но ако и ние самите, или пак ангел од небото ви проповеда нешто спротивно од она што ви благовестевме ние, нека биде проклет! Како што рековме порано, и сега пак повторувам: оној што ви благовестува некое поинакво Евангелие од она што го примивте – нека биде проклет! “ (Галатјаните 1,6-9).

Соборот во Ерусалим

Соборот во Ерусалим

По праќањето на посланието, луѓето кои ја проповедале лажната наука стигнале и во Антиохија, предизвикувајќи голема промена. Овој пат, Варнава, во судир со нив, застанал на страната на Павле и обајцата отпатувале во Ерусалим за да се позанимаваат со тие проблеми.

„А некои луѓе слегоа од Јудеја, и ги подучуваа браќата: „Ако не се обрезете според обичајот Мојсеев, не може да бидете спасени!“ А бидејќи настана бунт, и Павле и Варнава жестоко се препираа со нив, одлучија Павле и Варнава и некои други од нив да отидат горе кај апостолите и старешините во Ерусалим заради оваа препирка“ (Дела 15,1.2).

Лука информира дека во текот на соборот во Ерусалим дошло до сериозна расправија. Интересно е дека токму Петар ја бранел теологијата на Павле.

Павле во Антиохија: „Затоа и ние поверувавме во Исуса Христа, за да се оправдаме преку верата во Христос, а не преку делата на Законот; зашто преку делата на Законот нема никој да се оправда“ (Галатјаните 2,16).

Петар во Ерусалим: „Но ние веруваме дека ќе се спасиме со благодатта на Исус Христос, исто како и тие“ (Дела 15,11).

Важен дел од соборот било слушањето на сведочењето на Павле и Варнава за тоа како Светиот Дух дејствувал меѓу незнабошците.

На крајот, старешината на црквата во Ерусалим, Јаков, Исусовиот брат, бил тој кој го резимирал и го изнел заклучокот. Тој рекол дека христијаните од незнабоштвото не мораат да се обрежуваат, ниту да го држат целиот церемонијален закон. Водството во Ерусалим ја формулирало таа изјава во облик на официјално послание и ги задолжило Сила и Јуда да ја однесат во Антиохија.

„И со своите раце им го напишаа следново писмо: „Апостолите, свештениците и браќата ги поздравуваат браќата од нееврејските народи што се во Антиохија и Сирија и Киликија. Сме слушнале дека некои од нас, на кои ништо не сме им заповедале со зборови, ве вознемириле, и ги потресле душите ваши, велејќи ви да се обрезувате и да го пазите Законот. Затоа, откако се собравме, еднодушно одлучивме да избереме луѓе и да ги пратиме кај вас заедно со нашите омилени Варнава и Павле, луѓе, кои ги предадоа душите свои за името на нашиот Господ Исус Христос. И така, ние ви ги пративме Јуда и Сила, кои ќе ви го кажат тоа и усмено. Зашто Светиот Дух и ние одлучивме да не ви ставаме на вас никаков друг товар, освен она што е потребно: да се воздржувате од месо принесено како жртва на идоли, од крв, од удавено, и од блудство. Ако внимавате на ова, добро ќе направите. Бидете здрави!“ (Дела 15,23-29).

Лука е доволно одмерен кога ги опишува утехата и радоста што ги донело тоа послание. Нема сомнеж дека тоа претставувало олеснување, со оглед дека обрежувањето во тоа време било многу болно и имајќи ја на ум комплексноста на еврејскиот церемонијален закон.

Не е познато зошто ова послание, кое е упатено од Ерусалимскиот собор (Дела 15,23) ги споменува само „браќата од… Антиохија и Сирија и Киликија“ место црквите во Галатија, со оглед дека тоа најверојатно е напишано откако тамошните проблеми станале општопознати. Некои сметаат дека градовите Дерма, Листра, Икониум и Антиохија Писидиска биле дел од Киликија. Меѓутоа, тоа би укажувало дека Посланието до Галатјаните било напишано многу подоцна на црквите кои се наоѓале во многу посеверни области за кои Лука не споменува дека таму служел Павле. Мистеријата би била уште поголема ако Посланието до Галатјаните е напишано по соборот, со оглед на тоа дека не бил вклучен официјалниот заклучок од страна на водството, и со оглед на тоа дека Павле отишол во Галатија набргу по соборот за да го застапува тоа гледиште.

Исто така, можело да има и други причини. Ерусалим можеби ги сметал тие градови за дел од Киликија, додека Павле ги нарекувал Галатјани. Или можеби тоа било прашање на авторитет/надлежност. Ерусалим ја надгледувал црквата во Антиохија, додека црквите во Галатија потекнувале од неа и претставувале продолжение на делото во Антиохија.

Овие цркви немале директна врска со Ерусалим. За нив била надлежна Антиохија, иако лажните браќа од Ерусалим тврделе дека имаат поголем авторитет со оглед дека потекнуваат од Јудеја. Можеби водството во Ерусалим се обидело да ја избегне борбата за власт обраќајќи им се директно со официјално послание. Можеби сакале да ѝ ја доверат таа одговорност на црквата во Антиохија. Павле можел, ако било потребно, да ги аргументира своите ставови со писмото кое го имал в рака. И тоа е она што тој решил да го стори.

Второто мисионерско патување на Павле

По извесно време Павле му рекол на Варнава:

„Да појдеме пак во сите градови, каде што го проповедавме словото Господово за да ги видиме како живеат“ (Дела 15,36).

Меѓутоа, дошло до уште еден судир. Овој пат, за тоа бил крив Павле. Одбил со себе да го поведе Јован Марко, зашто тој на претходното патување ги напуштил. Меѓутоа, Варнава бил цврсто убеден дека момчето треба да добие втора шанса. Обајцата биле толку тврдоглави што решиле да патуваат одделно. Варнава – „Синот на утехата“ – го повел Јован Марко за да го повтори патувањето кое претходниот пат толку многу го исплашило – и така тие отишле на Кипар. Павле го повел Сила и се решил за патување во Галатија. Тоа му овозможило патем да посети неколку цркви во Сирија и Киликија – цркви за кои придонел при нивното основање уште пред да почне да работи со Варнава.

Забележуваме дека Павле, и кога стигнал во Листра и Дерва, бил зафатен со решавањето на проблемите во Галатија:

„И додека минуваа низ градовите, тие им порачуваа на верните да пазат на одредбите, определени од апостолите и старешините во Ерусалим. И така, црквите се утврдуваа во верата, а и по број се зголемуваа секој ден“ (Дела 16,4-5).

Tимотеј

Лука сега ни претставува нешто необично. Павле и Сила во Листрија сретнале пријатели од претходното патување: Лоида и нејзината ќерка Евника, кои биле познати по својата вера во Исусa. Евника имала син по име Тимотеј, кој добро го познавал Светото писмо, и за кој луѓето во Листра и Икониум можеле да кажат само убави зборови. Неговиот татко бил Грк и не дозволил тој да биде обрежан. Павле му предложил на Тимотејa да им се придружи на патувањето, а тој прифатил. Меѓутоа, во исто време додека се трудел да ги убеди црквите во Галатија дека обрежувањето не е потребно, Павле го обрежал Тимотејa.

„Павле посака да го земе со себе. Затоа откако го зеде, го обреза поради Јудејците, кои живееја по тие места; зашто сите знаеја дека татко му е Елин“ (Дела 16,3).

Зар не можел да понесе копија од посланието од Ерусалим во кое се тврди дека обрежувањето не е неопходно? Сепак, тој не постапил така. Посланието се однесувало само на незнабошците кои поверувале во Исусa. Мајката на Тимотеј била Еврејка, така што и тој, оттаму, бил Евреин. Сепак, Лука изјавува дека Павле не го обрежал заради законот, туку поради Евреите кои живееле во тие области. Павле бил подготвен да поднесе големи жртви за да му успее мисијата, а истото го очекувал и од своите соработници. Со оглед на тоа дека требало да работат меѓу Евреите, се обидел да предупреди на безначајните расправи во синагогата. Според тоа, пораката на Павле не се однесувала првенствено на тоа дека Евреите не мора да се обрежуваат, туку повеќе на тоа дека незнабошците не мора да стануваат Евреи за да го прифатат Исуса.

Подоцна, Павле им пишува на Коринќаните за оваа мисионерска стратегија:

„Зашто, иако сум слободен од сите, станав роб на сите, та повеќето од нив да ги придобијам: за Јудејците станав Јудеец, за да придобијам Јудејци; за оние што се под Закон, станав како да сум под Закон, за да ги придобијам и тие под Закон; за оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос, за да ги придобијам и оние што се без закон. За слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сè, та на каков и да било начин да спасам некои од нив“ (1. Koринќаните 9,19-22).

Тој не видел никаква контрадикција меѓу непоколебливата верност на својот учител, со овој практичен принцип, од друга страна. Впрочем, што навистина значи да се покаеш и да бидеш верен на Господа Исуса Христа?

Апостол Павле пишува послание

Стари зборови, ново значење

Павле подоцна им пишува на црквите во Ефес:

„Сведочејќи им сериозно и на Јудејците и на Елините за покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос“ (Дела 20,21).

Обратување и вера – тоа било составен дел и од Исусовата служба:

„И велеше: ’Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието‘“ (Maрко 1,15).

Таквиот начин на изразување не бил карактеристичен за религиозните говори, иако нам денес така ни звучи.

Еврејскиот војсководец од времето на Павле, Јосиф Флавиј, во својата автобиографија опишува како преговарал со друг еврејски генерал кој ковал заговор да го убие: „Бев свесен дека кова заговор против мене… а сепак му реков дека ќе му простам ако се обрати и верува во мене!“ Со ова, Јосиф Флавиј не барал од тој генерал да го обожава, ниту се обидел да основа нова религија. Зборот обратување означувал, според него, промена на ставот. Да има вера во него се однесувало на лојалност. Еден поинаков превод гласи: „Му реков дека ќе му простам ако го промени својот став и ја докаже својата лојалност спрема мене“.

Зборот евангелие бил набиен со политичко и практично значење. Се користел речиси исклучиво во врска со римскиот император (цезар). Веста од престолнината гласела дека новиот император, Синот Божји и Господарот на светот, им нуди мир, спасение, слобода и оправдување на оние што му се лојални.

И Исус и Павле ги користеле тие општопознати изрази во објавувањето на новиот и поубав живот.

Основните прашања што си ги поставувал Павле биле: Кој е вашиот Господ? Кој е вашиот извор на животот? Надевањето во делата на законот било исто толку безнадежно како и молитвата упатена до идолите или императорот. Но, за оние кои го промениле својот став и ја положиле својата вера во Исус Месија, започнувал новиот живот.

Да се прими Евангелието

Да се прими евангелието значело да се прифати и да се верува дека Исус е вистинскиот Месија и да му се покаже лојалност Нему. Пораката на евангелијата, имено, гласела: „Исус е Господ“.

„Зашто, ако со устата исповедаш дека Исус е Господ и во срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш; бидејќи со срцето се верува за оправдание, а со устата се исповеда за спасение“ (Римјаните 10,9.10).

Ако дошол Месија и ако отпочнала новата ера, тогаш имало многу на што требало да се радува! Зашто – во неговото царство се наоѓаат простувањето и благодатта, надежта, мирот, праведноста, вечниот живот и многу други благослови.

„Благодат со сите што Го сакаат нашиот Господ Исус Христос – во нераспадливост“ (Eфесјаните 6,24).

Исус можел да понуди многу повеќе отколку императорот.

„Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè благослови со секаков духовен благослов од небесата во Христос“ (Eфесјаните 1,3).

Пораката на Евангелието што ја проповедал Павле гласела: „Исус е Господ“.

Плодовите од обратувањето

Која е најзначајната промена до која доаѓа кај оние што ќе прифатат дека Исус е Месија и се крстат? Одговорот е дека тие го примаат Светиот Дух и почнуваат да го држат Божјиот закон.

Тоа е сè уште истата онаа „Голема приказна“ за Бога, кој настојува да го обнови светот – вистинската приказна за Неговиот Закон и за Неговиот Завет. Но сега, преку Евангелието, Духот го прави она што Законот не успеал да го направи преку Црквата.

„Но еве го заветот, што ќе го склучам со домот Израелов по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон внатре во нив, и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (Еремија 31,33; Евреите 8,10).

„Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе ви дадам; ќе го земам од вашето тело каменото срце и ќе ви дадам срце од месо. Ќе го внесам во вас Мојот дух и ќе направам да одите по заповедите Мои и да ги пазите и да ги исполнувате наредбите Мои“ (Езекиел 36,26.27).

Како може да се примени исполнувањето на тоа пророштво на христијаните?

Исус ги укорил Евреите кои ја нагласувале послушноста без љубов (Матеј 23,23). Во текот на нивното богослужение, Бог не се наоѓал во нивното срце (Матеј 15,8). Исус нагласувал дека суштината на Законот е љубовта:

„И еден од нив, познавач на Законот, искушувајќи Го, запраша и рече: ’Учителе, која заповед е најголема во Законот?’ А Исус му одговори: ’Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: возљуби го својот ближен како себеси! На тие две заповеди се држат целиот Закон и Пророците“ (Maтеј 22,35-40).

Многумина сметаат дека тоа е Христов закон. Павле упатува на тоа во 1. Коринќаните 9,21.

„За оние што се без закон, станав како да сум без закон, иако пред Бога не сум без Закон, туку сум под Законот на Христос.“

Подоцна, Павле им пишува на Римјаните:

„И не должете никому ништо освен да се сакате еден со друг; зашто оној што го љуби ближниот, го исполнува Законот. Бидејќи заповедите: ’Не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!’, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: ’Љуби го ближниот како самиот себеси!‘ Љубовта не му прави зло на ближниот; и така, љубовта е исполнување на Законот“ (Римјаните 13,8-10).

А на Галатјаните им пишува:

„Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг. Зашто, целиот Закон се извршува во еден збор, односно: сакај го ближниот како самиот себе“ (Галатјаните 5,13.14).

Симболот на верата – уште еднаш

Практично, Павле ги претвора двете заповеди за љубовта во две христијански доблести:

1) Да имаме вера во Исуса (да му бидеме лојални на Исуса, на Царот избран од Бога), и
2) да се сакаме едни со други.

Уште еднаш, Исус допира до суштината на еврејскиот симбол на верата, не за да го тргне Бога настрана, туку да му даде нова смисла на богослужението:

„Зашто во Христос Исус ниту обрезанието има сила, ниту необрезанието, туку верата, која дејствува преку љубовта“ (Галатјаните 5,6).

„Ете, затоа и јас, кога слушнав за вашата вера во Христос Исус, и за љубовта кон сите светии, постојано Му благодарам на Бога, спомнувајќи ве во молитвите свои“ (Ефесјаните 1,15.16).

„Но заедно со верата и љубовта во Христос Исус изобилуваше и благодатта на нашиот Господ“ (1. Tимотеј 1,14).

„Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, секогаш кога се молиме за вас, бидејќи слушнавме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта ваша, која ја имате кон сите светии“ (Koлошаните 1,3-4).

Вера без љубов е вера со сериозен недостаток.

„И да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори, штом љубов немам, ништо не ми користи“ (1. Koринќаните 13,3).

Две работи кои менуваат сѐ

Сосредоточете се на ова: 1) да му бидеме верни на нашиот Господ и Спасител Исус, и 2) да се сакаме едни со други – тоа се двата предизвика кои ќе нè мотивираат и ќе нè насочат кон растењето и учењето, молитвата и проучувањето, барањето и изградувањето однос кој ќе има во себе мирисот на Небото. Исус ќе ни даде Дух и вистински живот – вечен живот!

„Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали некој. Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив“ (Eфесјаните 2,8-10).

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.