5. Сила

5. Сила

Библиска заднина:
Дела 13,13-14, 28; Галатјаните 5,16-25, 1. Коринќаните 12; Лука 11,9-13

Павле не размислувал само за обновениот свет. Тој имал и реална претстава како тоа може да се оствари – со Божјата обновувачка сила која ги исцелува луѓето и ги исполнува со љубов. Тоа не е можно да се постигне со нашите лични напори, туку само со Божјата сила, преку Светиот Дух.

Приказната продолжува…

Откако се затворила вратата во Антиохија Писидиска, Павле и Варнава ја истресле правта од своите нозе и тргнале во икониумот.

„А учениците се исполнија со радост и Дух Свети“ (Дела 13,52).

Во икониумот повторно влегле во синагога и проповедале со таква сила што голем број Евреи и Елини поверувале.

„А Јудејците, што не поверуваа, ги побунија и раздразнија духовите на незнабошците против браќата. Но тие сепак останаа тука доста време и смело говореа за Господ, Кој сведочеше за словото на Својата благодат, давајќи преку нивните раце да стануваат знаци и чуда. А народот во градот се раздели: едни беа со Јудејците, а други со апостолите. И кога незнабошците и Јудејците, со своите началници се готвеа да ги хулат и да ги каменуваат, тие, штом разбраа, се засолнија во ликаонските градови Листра и Дерва и во нивната околина. Таму почнаа да го проповедаат Евангелието“ (Дела 14,2-7).

Веќе споменавме што се случило во Листра (епизодата со Зевс и Хермес – погледнете ја лекцијата број 3). Иако таму се случиле големи чуда, Евреите решиле да го каменуваат Павле. Тие, всушност, помислиле дека го убиле, но тој преживеал и следниот ден отпатувал во Дерва.

„И, откако го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија за свои ученици, тие се вратија во Листра, Иконија и Антиохија. Тие ги зацврстуваа душите на учениците и, храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14,21.22).

Павле и Варнава едвај извлекле жива глава додека престојувале во тие градови, но сепак се вратиле во нив за да ги зајакнат црквите што ги основале. Тоа биле храбри луѓе, целосно посветени на Бога. Тие верувале во тоа дека Исус ќе ги води и ќе ги заштити новите цркви.

„Па, откако им ракоположија свештеници за секоја црква, се помолија со пост, и ги предадоа на Господ, во Кого беа поверувале. А потоа минаа низ Писидија, и дојдоа во Памфилија; и, откако го проповедаа словото Господово во Перга, слегоа во Аталија, а оттаму отпловија за Антиохија, од каде што беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. По нивното пристигнување тие ја собраа црквата, и соопштија за сè, што направи Бог со нив и како Тој ја отворил вратата на верата и за незнабошците. И таму престојуваа подолго време со учениците“ (Дела 14,23-28).

Нивното мисионерско патување било завршено. Сега можеле да се вратат дома и да останат таму додека Светиот Дух не ги поведе на некое друго место.

Павле и Варнава во Листра

Светиот Дух

Мисионерските патувања се преземале кога Светиот Дух ќе проговорел преку некои од своите „пророци и учители“.

„Еднаш кога Му служеа на Господ и постеа, Духот Свети рече: ’Одвојте ми ги Варнава и Савле за дело, за кое ги повикав!‘ Тогаш тие, откако постеа и се помолија, положија раце над нив и ги пуштија. И така, испратени од Светиот Дух, тие слегоа во Селевкија, и оттаму отпловија за Кипар“ (Дела 13,2-4).

Лука пишува дека Павле, додека престојувал на Кипар, бил „полн со Светиот Дух“ и дека точно знаел што треба да му каже на вражалецот Варисус. Како резултат на тоа, проконзулот се обратил.

Понатаму пишува дека учениците, кога ја напуштиле Антиохија во Писидија, „се исполниле со радост и со Светиот Дух“. Во икониумот, Господ Исус „кој сведочеше за словото на својата благодат, давајќи преку нивните раце да стануваат знаци и чуда“ (Дела 14,3). Подоцна, во своето послание до Галатјаните, во 3. глава, Павле пишува:

„Само ова сакам да го дознаам од вас: преку делата на Законот ли го добивте Духот или преку пораката на верата? Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате? Зар залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо! Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го прави тоа, или преку пораката на верата?“ (Галатјаните 3,2-5).

„А бидејќи вие сте синови, Бог го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, кој вика: Ава, Оче!“ (Галатјаните 4,6).

На крајот од посланието, Павле ја охрабрува црквата секогаш да живее во силата на Светиот Дух.

„Ви велам: живејте по Духот, и нема да им угодувате на телесните страсти. Зашто, телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото; тие се спротивни еден на друг, за да не го правите она што сакате. Ако ве води Духот, вие не сте под Законот…. А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. Против такви нема закон. Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите. Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме“ (Галатјаните 5,16-18; 22-25).

Делата на апостолите се полни со повикување на Светиот Дух, и некои се заложуваат за тоа дека називот на оваа книга треба да биде Делата на Светиот Дух. Низ овие списи на Павле, наоѓаме дека е од клучна важност да се биде крстен со Светиот Дух.

„Зашто преку еден Дух сме крстени сите во едно тело – било Јудејци или Елини, било робови или слободни; и сите сме со еден Дух напоени“ (1. Koринќаните 12,13).

Читајте: Галатјаните 5,16-25.

Бог преку Ананија му го враќа видот на апостол Павле

Павле е крстен со Духот

Павле првпат ја доживеал силата на Светиот Дух, додека бил слеп во Дамаск и се молел на Бога. Тогаш Дошол Ананија, ги положил рацете врз него и видот му се вратил. Потоа се крстил и се исполнил со Светиот Дух.

Кога му се случило тоа, Павле го согледал Стариот завет во нова светлина: сфатил дека сè во него укажува на Исуса. Во исто време, неговата желба да им зборува на другите за Исуса станува толку голема што набрзо отишол во синагога да проповеда. Старата омраза исчезнала. Неговото срце, неговиот глас и неговите очи се исполниле со љубов. Забележал дека зад неговите зборови стои некоја нова сила која не можел да ја објасни. Истата сила ја забележал кога Стефан почнал да зборува за Исуса во Ерусалим… сила на која ни тој, како образовен човек, не бил во состојба да ѝ се спротивстави.

Така Савле сè повеќе раснел во сила и ги збунувал Евреите кои живееле во Дамаск докажувајќи им дека Исус е Месија (Дела 9,22).

Павле во Ефес

Кога почнал да ја основа црквата во Ефес, Павле наишол на некои ученици. Забележал дека им недостасува нешто, па ги прашал:

„И им рече: ’Кога поверувавте, примивте ли Дух Свети?’ А тие му одговорија: ’Ние не сме ни слушнале дека има Дух Свети“ (Дела 19,2). „А како бевте крстени?“ – ги прашал тој (Дела 19,3).

До искуствата на обратување обично доаѓал по овој редослед:

1. Слушање за Исус, воскреснатиот Месија.
2. Верување во Него.
3. Јавно признавање дека Исус е Господ.
4. Крштавање.
5. Примање на Светиот Дух.

Често, тоа се случувало во рок од неколку часа. Значи, што тргнало наопаку во Ефес? Тие дури не ни чуле за Светиот Дух!

„Тие одговорија: ’Со Јовановото крштение.‘ Павле рече: ’Јован крштаваше со покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, кој иде по него, односно во Исус Христос.‘ Кога го слушнаа тоа, тие се крстија во името на Господ Исус“ (Дела 19,3-5).

Павле најверојатно рекол и нешто повеќе од тоа, а резултатот на неговото учење бил чудесен:

„И кога Павле ги положи рацете над нив, слезе Духот Свети на нив. Тогаш тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат“ (Дела 19,6).

Павле во Ефес

Павле и Светиот Дух

Што пишува Павле за Светиот Дух?

1) Духот ќе го води нашиот живот (Галатјаните 5,18.25; Римјаните 8,5-14)

Oние што ги води Божјиот Дух, тие се Божји синови (Римјаните 8,14).

Павле го доживеал водството на Духот во бројни пригоди, на пример, во настаните што се опишани во Дела на апостолите 13,1-3; 16,6-10; 20,22-23; 21,10-11.

2) Духот ќе нè исцели однатре и ќе нè исполни со љубов (Галатјаните 5,22-23, Римјаните 15,13; 5,5; 1. Коринќаните 13).

3) Светиот Дух ќе нè оспособи да им служиме на другите (1. Коринќаните 12).

„Има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сè во сите. А на секого му се дава во него да се пројави Духот за полза“ (1. Koринќаните 12,5-7).

4) Светиот Дух ќе му даде сила на Исусовото сведоштво (1. Солуњаните 1,5; Римјаните 15,18-19; 1. Коринќаните 2,1-5).

Ова е искуството на Павле:

„…Зашто нашето Евангелие не дојде кај вас само со слово, туку и во сила и во Светиот Дух, и во полна увереност: сами знаете какви бевме меѓу вас заради вас“ (1. Солуњаните 1,5).

„И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше од уверливи зборови на човечка мудрост, туку во покажувањето на Духот и силата“ (1. Koринќаните 2,4).

„И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело…“

И Светиот Дух е Бог

Павле дошол во судир со сопственото, еврејско разбирање за Бога не само со тоа што го прифатил Исуса, туку го спомнува и Светиот Дух како соработник кој ја извршува Божјата волја. Павле, во своето послание до Галатјаните, воведува еден изненадувачки елемент:

„Но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот, за да ги откупи оние што се под Закон, та да го примиме посинувањето. А бидејќи вие сте синови, Бог Го испрати Духот на Својот Син во срцата ваши, Кој вика: Ава, Оче!“ (Галатјаните 4, 4-6).

„Но тогаш, бидејќи Бога не Го познававте, им служевте на богови кои по својата природа не се богови; а сега, откако Го познавте Бога, или, подобро, откако Бог ве позна…“ (Галатјаните 4,8.9).

Теологот Н. Т. Рајт го сумира тој исечок тврдејќи дека Бог, кој ги праќа својот Син и Дух, е единствен вистински Бог и дека Галатјаните со нив воспоставиле однос во кој Бог ја презема иницијативата и Тој го одржува.

„…Како сега повторно се враќате кон слабите и бедни стихии, на кои сакате одново да им служите?“ (Галатјаните 4,9).

Павле истакнува колкава вредност има познавањето на единствениот вистински Бог во споредба со племенските богови кои ги обожавале претходно. Еврејскиот единствен вистински Бог се обзнанува себеси како Отецот, Синот и Светиот Дух.

Рајт пишува: „Може да се заклучи дека кога не би постоела доктрината за Тројството, би било неопходно да се воспостави“ (Nicholas Thomas Wright, Paul: Fresh Perspectives, London: Society for Promoting Christian Knowledge, 2005; p. 98). Забележете дека посланието до Галатјаните е еден од најраните документи што ги имаме! Павле изнесува сличен аргумент во 8. глава на Посланието до Римјаните: Она што Бог не можел да го стори преку Законот, го направил праќајќи ги Синот и Духот. Тоа не е прв пат поимот на познавање на Бога Павле да го употреби во врска со Духот и Синот. Во Римјаните 10,13 Павле цитира еден текст од Книгата на пророкот Јоил, кој говори за Богa и вака го применува:

„Бидејќи секој кој ќе го повика името Господово, ќе биде спасен“ (Римјаните 10,13; Joил 2,32).

Овој текст е земен од делот кој опишува како Духот ќе биде излеан на крајот од времето. Павле повторно го поврзува Божјото откровение со неговиот Син и Дух.

„И, ете, потоа ќе излеам од Мојот Дух врз секое тело, и синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. А и врз слугите и слугинките во оние денови ќе излеам од Мојот Дух. И ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим. Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината – во крв, пред да настапи денот ГОСПОДОВ, великиот и страшниот. Тогаш секој, што ќе го призовува името ГОСПОДОВО, ќе се спаси“ (Joил 2,28-32).

Читајте: Римјаните 8,3.4.

Тоа е кристално јасно

Во 1. Коринќаните 12,1-6 Павле ги споредува паганските богови со единствениот вистински Бог кој се манифестира себеси на многу различни начини, преку даровите со кои ја обдарил црквата. Тој го застапува мислењето дека различноста се наоѓа во единството кое се манифестира преку Бога. Оваа мисла им била логична на Евреите зашто нивниот симбол на вера кажува дека Бог е еден.

„Послушај, Израеле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ“ (5. Moјсеева 6,4).

Павле се изразува на радикално поинаков начин:

„Знаете дека, кога бевте незнабошци, се влечевте кај немите идоли, како да ве водеа. Затоа ви давам на знаење дека никој, кој зборува преку Божјиот Дух, не вели: ’Проклет да е Исус!‘, и никој не може да каже: ’Исус е Господ!‘, освен преку Светиот Дух. Постојат разни дарби, но Духот е еден и ист; има разни служби, но Господ е еден и ист; и разни дејства постојат, но Бог е еден и ист, Кој извршува сè во сите“ (1. Koринќаните 12,2-6).

Овде гледаме како единствениот вистински Бог се поврзува со луѓето како Отец, Син и Свети Дух. Во своето послание до Ефесјаните, Павле тврди дека единството на Бога е основа за единството на Црквата и покрај различностите. Тој пишува со убедување:

„…Трудејќи се да го запазите единството на Духот преку врските на мирот. Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање. Еден Господ, една вера и едно крштение, еден е Бог и Отец на сите, Кој е над сè, и преку сите, и во сите нас“ (Eфесјаните 4,3-6).

Во 2. Коринќаните 13,14, Павле изговара трикратен благослов:

„Благодатта на нашиот Господ Исус Христос и љубовта на Бога и Отецот и заедништвото на Светиот Дух нека бидат со сите вас.“

„А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина!“

Светиот Дух е личност

Светиот Дух бил присутен и во Стариот завет. Меѓутоа, во Новиот завет, вклучувајќи ги и списите на Павле, Духот не е опишан само како сила, туку и како независна личност.

„И не оскрбувајте Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето“ (Ефесјаните 4,30).

„Исто така и Духот нè поткрепува во нашата немоќ; бидејќи ние не знаеме како треба да се молиме. Па сепак, Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној Кој ги истражувал срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Тој по волјата на Бога посредува за светиите“ (Римјаните 8,26.27).

Според апостол Јован, Исус рекол:

„А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина; но од Себе нема да зборува, туку ќе говори што чуе, и ќе ви ја најави иднината. Тој Мене ќе Ме прослави, зашто од Моето ќе земе и ќе ви јави. Сè што има Отецот, Мое е; затоа и ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави“ (Joван 16,13-15).

Духот – печат и залог

Веќе читавме во Посланието до Галатјаните дека Духот на Синот Божји ни обзнанува дека сме деца Божји (Галатјаните 4,4-6). А во Посланието до Ефесјаните 1,13-14 читаме:

„Во Него и вие, откако го слушнавте словото на вистината – Евангелието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух. Тој е залог за нашето наследство, за откупување на посвојувањето за пофалба на Неговата слава.“

Треба да се забележи сликата на „печатот“ и „залогот“!

Во новозаветното време, животните и робовите добивале жиг кој означувал кому му припаѓаат. Но, освен што укажувал на припадност, примањето на таквиот жиг пружало и одредена сигурност, зашто сопственикот го штител своето сопствеништво. Во култот Митра, личноста примала таков знак на челото кога ќе се придружела на негово движење. Од друга страна, печатот што се ставал на писмо се сметал како доказ за автентичноста на писмото.

По што христијаните, а и сите други, можеле да знаат кому му припаѓаат Божјите деца? По тоа што тие го примиле Светиот Дух. Исто така, Духот бил и „залог на нашето наследство“ – знак кој гарантирал дека и остатокот ќе биде исплатен.

Бог ни ветил славно наследство во вечноста и веќе сега ни дал еден негов дел. Светиот Дух, неговиот залог во нас, потврдува дека уште повеќе од тоа дури сега треба да дојде.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.

лекција СОДРЖИНА