2. Моќни зборови

2. Моќни зборови

Библиска заднина:
Дела на апостолите 9, 19-25; 17,1-15; 1. Солуњаните 1-3; 2. Тимотеј 3,15-17

Павле отсекогаш бил човек од акција, а сега имал јасна визија и мисија. Сфатил дека се нашол сред една неверојатна приказна – приказна која има своја цел – и сакал да учествува во нејзиното довршување.

Библијата ја изнесува сторијата за Бога кој создал еден многу добар свет. Кога овој свет паднал во грев и во проклетство, Бог склучил завет со еден човек – со Аврам. Тој и неговото семејство треба да соработуваат со Бога и да му донесат благослов и исцелување на целиот свет. Овој извештај го достигнал својот привремен врв за време на царевите Давид и Соломон, но набргу по тоа, избраниот народ повторно морал да ја напушти Ветената земја, како што Адам и Ева морале да ја напуштат едемската градина (види 1. Мојсеева 3,22-24).

Во времето на Павле тоа сè уште бил извештај кој го содржел големото ветување – ќе дојде Цар кој ќе го избави светот. Народите ќе се свртат кон Бога, а како резултат на тоа, светот ќе биде исцелен а човештвото обновено.

Меѓутоа, долго не добиле никаква вест од Бога. Тишината траела 400 години.

А тогаш дошол Исус! Павле сега знаел дека Тој е ветениот Цар. Го видел прославен по Неговата смрт. Му станало јасно дека, кога Исус станал од мртвите, започнало ново создавање. А знаел дека новото создавање започнало бидејќи доживеал ново заедништво, ново пријателство, кое било толку привлечно што дури и богатите Римјани сакале да му се придружат. Конечно биле создадени условите за исполнување на ветувањето. „нема да ослабне, ниту ќе изнемошти, додека на земјата не воспостави правда, народите ќе се надеваат на Неговиот закон” (Исаија 42,4).

Читајте: Колошаните 1,24-27

Божјата реч била жива и делотворна

Павловата порака = Божја реч?

Една од црквите што ги основал Павле се наоѓала во Солун. Имал само 3-4 седмици да го проповеда евангелието во тој град, пред да мора одново да бега. Секако, бил заинтересиран за иднината на таа црква. Се прашувал колку може да биде сигурен темелот кој е поставен само за еден месец. Како верниците ќе излезат на крај со сето тоа противење? Дали воопшто имаат некаква шанса?

Тој пишува колку му било тешко што морал толку брзо да се оддели од нив. Се обидувал во неколку наврати да се врати во Солун, но без успех (1. Солуњаните 2,18).

За среќа, Тимотеј се враќа со добри вести. Солуњаните се цврсти во верата. Со олеснување и возбуда, Павле извикува: „Зашто ние сега живееме, кога вие стоите во Господ” (1. Солуњаните 3,8). Солуњаните не се оставени без помош. Тие го прифатиле Божјото Слово (во некои преводи „Божјо слово или Божји збор“) – она исто оружје кое Бог го користел кога, од мракот и хаосот, го создавал рајот (Видете 1. Мојсеева 1,1 – 2,4).

Словото било живо и делотворно. Се зголемил бројот на верниците (да се погледне 1. Солуњаните 1,8).

Какво Слово било тоа што тие го проповедале? Во 1. Солуњаните 1,5 и 2,9 Павле го нарекува „евангелие“. Тоа било остварување на старите пророштва за новиот свет и за спасението преку Исуса Месија, новиот владетел на Земјата. Обновувањето започнало. Смртта е победена и на сите луѓе им е овозможено да му се придружат на Божјето семејство во Неговото вечно царство, зашто Исус, царот на Евреите и на целиот свет, ги понел нашите гревови и е подготвен да ни прости.

Павле бил свесен дека, кога говори за Исус, всушност ја изнесува Речта Божја. Кога ја проповедал Речта во околината на Верија, „…тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го проверуваа Писмото, за да се уверат, дали е тоа така“ (Дела 17,11). Тринаесеттиот стих потврдува дека тие ја проповедале „Божјата реч“. Без Светото писмо и Големиот извештај, тоа за Павле не би било евангелие. Токму во контекст на тој Голем извештај, Исусовиот живот, смртта и воскресението имаат смисла. Ова ново поглавје во историјата морало да биде во согласност со Писмото. Дали распнатиот еврејски пророк, Исус, навистина е надежта на светот? Дали е тоа дел од планот за спасение и благослов за целиот свет? Во почетокот тоа изгледало чудно. Но што ако Тој навистина станал од мртвите? Не можела да се негира силата во зборовите што ги изговарал Павле и исцелувањата што следеле, па многумина поверувале. Силата на Речта влијаела во оние кои верувале, давајќи им сила да се соочат со прогонствата и страдањата што морале да ги претрпат поради радоста која ја откриле.

Читајте: 1. Солуњаните 1,5; 2,13
 

Апостол Павле проповедал за воскреснатиот Христос

Ранохристијанското „кредо“

Првите изјави на верата биле едноставни. Една од нив гласела: „Исус Христос“. Многу христијани денес мислат дека Исус е име, а Христос е некој вид презиме. (Небаре татко му се викал Јосиф Христос, а мајка му Марија Христос). Меѓутоа, Христос не е презиме, туку титула, и значи „помазаник“. Христос истовремено е и грчки превод на зборот Месија. Кога Павле кажува „Месија“, тој мислел на „Големата приказна“ и на старите пророштва за ветениот Цар. Кога зборувал за Исуса, тој учел и докажувал дека Царството Божје ќе стане реалност без употреба на насилство и омраза, зашто Тој го дал својот живот, ја победил смртта, повторно станал и ја примил сета власт на небото и на Земјата (Матеј 28,18-20). Првите христијански обратеници од еврејството биле во состојба само во два збора да ја збијат целата „Голема приказна“. Дури и да не дознаеле ништо повеќе од тоа, силата во тие зборови била доволна да создаде вера и нов живот. (Ако веќе сте читале некои од посланијата на Павле, ќе ги доживеете на наполно нов начин ако секојпат кога ќе наидете на името Христос, прочитате Месија. Обидете се и откријте нови длабочини во текстовите што ги читате.)

Еве уште едно признание на верата: „Исус е Господ“. Многу обратеници од незнабоштвото кои го прифатиле Исуса, редовно оделе во синагога, но не сите. Како можело ним да им се објасни дека Исус е новиот Владетел што ќе го обнови светот и ќе донесе вечен мир и правда? Павле тоа го правел употребувајќи старозаветни изрази кои се користеле во секојдневниот говор што бил вообичаен за Римското царство. Императорот користел такви зборови кога говорел за себе и за Римската империја: мир, слобода, правда и спасител. Тоа биле зборовите кои требало да го издигнат царството. Нивната радосна вест објавувала дека сето тоа им го овозможил императорот и паролата што се наоѓала над сè била: „Цезар е Господ“. Цезар Октавијан почнал на својот очув Јулиј Цезар да му припишува божествен статус, додека самиот себеси си ја доделил титулата „Син Божји“ или „Августус“ (што значи почитуван). Поетот Хорациј напишал дека Августус е гласник од небото – богот Хермес во човечки облик.

Би требало да ги имаме на ум тие факти додека читаме како обратениците од незнабоштво изјавувале дека Исус е Син Божји и Господ. Надеж за иднина не претставувало бруталното Римско царство и неговите сурови владетели. Иднината е нешто друго. Иднината е Исус, вистинскиот Божји Син кој им служел на своите ученици, им ги миел нивните нозе, лекувал болни, ги прифаќал слабите, ги презел врз себе сите наши гревови и доброволно умрел за нас. Исус докажал дека е посилен од самата смрт, па, според тоа, посилен и од цезарот.

„Зашто, ако со устата исповедаш дека Исус е Господ и во срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш“ (Римјаните 10,9).
 

Надежта на христијаните бил Господ кој служи

Светото Писмо и новото откровение

Пред крајот на својот живот, Павле му напишал на својот млад помошник, Тимотеј (2. Тимотеј 3,15-17):

„Бидејќи уште од малечок ги познаваш Светите Писанија, што можат да те направат мудар за спасение преку верата во Христос Исус. Целото Писмо е од Бога вдахновено и полезно за поука, за казнување, поправање и поучување во праведност, за да биде Божјиот човек усовршен и совршено подготвен за секое добро дело.“

Од овој краток текст дознаваме многу за односот на Павле спрема она што ние денес го нарекуваме Стар завет, а кое за Павле претставувало „Свето Писмо“.

Секоја книга во Библијата е вдахната од Бога. Запознаени сме со јазикот на извештајот за Создавањето, кој објавува дека Бог го обликувал човековото тело пред да му вдахне здив животен во неговите ноздри и да го направи живо суштество (1. Мојсеева 2,7). На ист начин, вели Павле, Бог вдахнал здив животен во своите зборови, така што тие се живи и моќни. Во извештајот за Создавањето исто така гледаме колку е моќна Божјата Реч. Во почетокот постоел само мрак и хаос, но Божјата Реч била тука и Бог проговорил. Од хаос, Бог создал Рај (1. Мојсеева 1,1 – 2,3).

„Зашто Тој рече и тие настанаа; Тој заповеда и се создадоа“ (Псалм 33,9).

Божјата Реч и Неговиот дух нè спасуваат од темнината и хаосот и нè изнесуваат на светлината, во рајот. Текстот во Посланието до Евреите 4,12 вели: „Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето.“ Павле ја нарекува Речта „мечот на Духот“ (Ефесјаните 6,17). И Петар пишува за истата работа во 2. Петрово 1,21:

„Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух.“

Светиот Дух сè уште ги вдахнува зборовите што ги читаме и, ако обрнеме внимание, ќе забележиме како тие зборови дејствуваат „во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила!“ (Ефесјаните 1,19).

Секоја нејзина книга може да нè направи „мудри за спасението преку верата во Исус Христос“. Целта на Стариот завет е да укаже на Исуса Христа. Кога го читаме Стариот завет со разбирање, тој нè прави „мудри за спасение“. Очигледно е дека Стариот завет мораме да го читаме имајќи на ум дека неговата цел е да укаже на Исуса Христа. Интересно е да се побараат назнаките кои го поддржуваат таквото гледиште. А кога ќе наидеме на работи кои тешко се разбираат, можеме да се утешиме со помислата: „Божјиот народ сè уште се наоѓа на патот кон тоа да разбере каков е Бог во вистинска смисла. Сè уште не стигнал на целта. Сè уште постои збрка во поглед на Божјата природа и дури Исус ќе ја разјасни“.

Смислата на читањето на Стариот завет е иста како и смислата на целата вистина за Бога: да поучи, подготви, води и насочува, за да може читателот да биде „подготвен за секое добро дело“ и за да може да стане дел од решението наместо да биде дел од проблемот. Сторијата за Павле е сторија за човек кого го освоила „Големата приказна“ за Бога.

Христијани се оние кои решиле да ја довршат „приказната“ за Христа. Библијата е довршена и иако содржи повеќе од обични назнаки за тоа каков ќе биде крајот, сепак од нас самите зависи, во меѓувреме, како ќе ја проживееме таа приказна. За да разбереме како да го проживееме последното поглавје, од суштинска важност е да ѝ пристапиме на Библијата на одговорен начин и, според приказната чиј дел сме одлучиле да бидеме, да се однесуваме како спрема наша водилка во животот.

Аргументите се убедливи

Аргументите беа убедливи

Еден од зборовите кои Исус и Павле ги употребувале во своите проповеди бил „kerusso“, што значи да се огласи или да се објави. Павле и неговите соработници обично не расправале со луѓето. Тие едноставно објавувале дека Исус е Господ и продолжувале да ги поучуваат луѓето и да ги лекуваат болните. Тоа е како кога на улица би сретнале некој што промовира распродажба во продавница за спортска опрема. Тој го објавува фактот околу кој не се расправа и ви препушта вие да решите дали ќе ја посетите продавницата или нема да ја посетите. Ако сте заинтересирани, ќе ви даде дополнителни информации, како што е, на пример, местото на кое се наоѓа продавницата.

Или, тоа можете да го споредите и со објавување во весниците за некој нов закон или за тоа дека државата има нов премиер. Нема смисла да се расправа за тоа, но тоа не значи дека нема да посакаме да поставиме многу прашања.

Слично на тоа, Павле и неговите соработници огласувале дека во овој момент од Големиот извештај за Бога и светот е поставен нов владетел: „Исус е Господ“. Тие се надевале во тоа дека Светиот Дух ќе им побуди интерес, надеж и вера поттикнувајќи ги луѓето да донесат одлука. Освен тоа, слушателите од прва рака го доживувале фактот дека Исус е моќен цар, кој на своите следбеници им дава необична способност да ги лекуваат болните во Негово име. Многумина се заинтересирале и посакале да дознаат нешто повеќе за тоа. Тие го гледале и необичното заедништво кое постоело меѓу робовите, сиромашните, жените и мажите, па дури и богатите луѓе кои во новоотворените цркви се однесувале едни спрема други како еднакви меѓу себе и се грижеле едни за други и за својата заедница. Веќе не можеле да го игнорираат фактот дека распродажбата во продавницата за спортска опрема е во тек (лоша споредба, но, сепак…). Значи, христијаните биле во состојба да ја разјаснат „Големата приказна“ за тоа како, при Исусовото воскресение, светот започнал едно ново поглавје и како Светиот Дух дошол на овој свет на еден нов начин.

Каде сме ние во „Големата приказна“?

Големата приказна и ние

На што мислат христијаните кога велат дека Библијата претставува неприкосновен авторитет во нивниот живот и учење? Познатиот теолог Н. Т. Рајт изнел една парабола за да прикаже како оваа прастара книга може да претставува авторитет во нашиот живот денес:

Да претпоставиме дека постои некоја драма од Шекспир чиј петти чин е загубен. Првите четири чина содржат, да претпоставиме, такво богатство на карактери, толку возбудлив заплет што сите се согласуваат дека претставата треба да се изведе. Сепак, се смета дека е неумесно едноставно да се допише петтиот чин еднаш засекогаш: тоа би ја обликувало претставата во една форма и би го направило Шекспир евентуално одговорен за дело кое всушност не е негово.

Можеби подобро би било да им се дадат клучните улоги на добро извежбани, чувствителни и искусни изведувачи на делата од Шекспир, кои би се соживеале во првите четири чина, во јазикот и културата на Шекспир и неговото време и тогаш да го одиграат петтиот чин по сопствено мислење.

Размислете каков би бил исходот. Првите четири чина, во облик каков што постојат, несомнено би претставувале „авторитет“ за задачата во којашто учествуваат. Односно, секој со право би можел да приговори за новата импровизација доколку овој или оној лик би се пронашол несоодветно, или ако оваа или онаа тема, назначена во претходниот дел, не би се разработила на вистински начин. „Авторитетот“ на првите четири чина не подразбира дека актерите мораат одново да ги повторуваат претходните делови од претставата. Тие се однесуваат на фактот дека, како недовршена драма која има свое дејство, свој тек, таа бара да биде завршена на соодветен начин. Тоа би барало од актерите одговорен пристап кон приказната таква каква што е, за да може, на прво место, да разберат како на правилен начин да се поврзат нишките на приказната, а потоа тоа да го изведат на иновативен и доследен начин.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.